January 31, 2015

Zombeavers (2014)

Покрај сите оскаровски филмови, суперхеројски адаптации и римејци, за малку ќе го пропуштев можеби најпотценетиот за 2014. Океј, веројатно не е потценет, туку повеќе е за специфична публика. Така што или ќе ти се свиѓа или не, во зависност од тоа како гледаш и си расположен за Б-филмови од овој тип. Од оние што се добри од што се лоши? Епа, Zombeavers е некаде во таа категорија, само што пола е добар од што е лош, пола е ненамерно таков, но го вади тоа што во ниту еден момент не пробува да се сфати сериозно. Ако си спремен за љубовно писмо кон хорор комедии од седумдесетите и осумдесетите, ова е тоа. Трејлерот помножен со десет.


Сетингот се темели на стандардното хорор клише, со мала група полу-голи тинејџери во колиба за викенд. Само што наместо мрачна шума, колибата се наоѓа покрај некоја реднечка жабокречина во која има гнасни зомби дабари кои ќе им се навртат на децава. Иако имаш чувство дека си го гледал филмот сто пати, пак нуди ниво повеќе и е страшно забавен до самиот крај. Дури има и храбра идеја во бонус сцена скроз на крај, што исто така мора да случи, колку и да е само ремет дека можат повеќе од зомби дабари. 

Глумата на моменти е очајна, ама некако супер се вклопува во она што филмот се обидува (и му успева) да биде. Не е онака скроз порничарска, ама нема да бидеш нешто посебно воодушевен. Никој од овие деца нема да стане ѕвезда, платиле само актерки што изгледаат фино во шорцеви, додека остатокот од буџетот е фрлен на ефектите. Дабарите не се CGI, туку се кукли, што само додава за старошколскиот шмек на филмот. И, колку и да има некои моменти што се крајно претерани надвор од контрола, дури и да се намерно такви, некако се претопуваат во аспектите од филмот кои вредат и го оправдуваат потрошеното време што си решил да го одвоиш. Не е само добар наслов како Sharknado и сличните од таа дно продукција, туку е стварно изненадувачки солиден за тоа што е.

Самата идеја за зомби дабари e доволно смешна и оргинална за да функционира како таква. Тоа е тоа што ќе го одвои Zombeavers од морето на андерграунд хорори и ќе му обезбеди култен статус во годините што следат. Ако Џордан Рубин е доволно храбар би сакал да видам уште од дабариве. 

Види такоѓе:

January 27, 2015

Крис Прет? Индијана Џонс?

Каков сум со гласиниве денес, ко стерилен македонски портал. Додека го дочиташ постов со овој сензационален наслов, веќе сум објавил уште три нови, два со гифови од Базфид и еден преведен од Мешабл. Енивеј, овој муабет за Крис Прет и Инди не е нов, се појави уште пред неколку месеци заедно со монтажата подоле. Во периодот кога Guardians of the Galaxy му фрли светло на харизмата и талентот. Последниве неколку саати, вестта дека Дизни наводно се заинтересирани за Крис Прет како Индијана Џонс уште на разглас од камионче што ми кружи низ маалово не ја слушнав. Не е потврдено уште ништо, ама е секаде во моментов. Едно е секако сигурно, дека петтиот филм ќе се случува, без оглед на Харисон Форд. Франшизата, која Дизни исто така ја превзема од Џорџ, е доволно профитабилна за да не сопре со Kingdom of the Crystal Skull


Баш тука, во случајов, ми доаѓаат двојните стандарди до израз. Го сакам Инди исто колку и Хан Соло. За Хан Соло не би прифатил никогаш друг актер освен Харисон Форд, додека за Инди, уште кога излезе монтажата со Крис Прет... ако ептен мора, океј. Не се обидувам да го оправдам со муабетот дека Индијана Џонс би можел да има "бондовски" наследници, меѓутоа... некако универзумот не е толку опширен и втемелен во скоро сечиј мозок како Star Wars... бла, бла.. не знам како да го оправдам тоа што би сакал да го видам како Индијана Џонс!

Идејата е добра од повеќе причини. Како прво, колку сме тие што сакаме да го видиме Харисон Форд пак како Индијана Џонс? Многу. Додека го снимат филмот, ќе остари доволно за да го глуми древен артефакт. Дизни не пробува да го продаде филмов на мене и тебе. Ние веќе имаме загризано. Има една цела помлада генерација која појма нема што е Индијана Џонс, или не им е толку битен за да се осеќаат како некој да им го украл детството. Не е дека сме стари, туку ова е некаков природен тек веројатно. Не се откажуваш од ваков бренд само затоа што Харисон Форд е сенилен и упорно на сетот ги прашува пристутните кои се и каде му е коњот. Затоа и викам дека нов Инди подобро би функционирал од нов Хан Соло. Остајте го Соло да си умре, има доволно други работи што може да бидат Star Wars. А, Крис Прет е многу, мноооогу подобар избор од Шаја. Ако воопшто некој, а и самиот Шаја, мислеше дека ќе го носи шеширот некогаш.

Гласини за Боба Фет

Деновиве читам језиви гласини за еден од Star Wars спин-оф филмовите што Дизни планира да ги вади секоја година додека не замрзне Пеколот. Често се од наводно проверени извори (како и сите гласини, да), ама па и често испаѓаат точни. Ако нешто е сигурно, тоа е дека ќе има посебни филмови посветени на посебни ликови, а не ми се верува дека ќе се коцкаат со некои нови. Уште е рано за тоа, па така што гласините за Боба Фет, Хан Соло и Јода филмови се некако реални, колку и да ти доаѓа да се обесиш во купатило со женски хулахопки поради глупавите идеи. 


Но, во нечии ануси има длабоко закопани идеи кои ако ги извадиш ќе бидеш крунисан Крал Артур. Последниот муабет за Боба Фет филмот во кој би се појавил и Хан Соло е дека Боба Фет воопшто не е Боба Фет! Дека името, оклопот и Slave I се нешто што се пренесува на наследник откако ќе те проголта сарлак. Дури и да успееш да замижиш цврсто, да заборавиш на Џанго Фет, малиот Боба и целата демистификација на ликот во приквел трилогијата и The Clone Wars, пак нема да успееш да ја тргнеш гримасата од фаца. 

Боба Фет го сакам од дете. Од истите причини поради кои го сакаат сите, веројатно уште тогаш сум скокнал на љубовниот Боба Фет воз. Гледај го и хедерот на Крапверк, кој е таму десно? Нема потреба да навлегувам колку се моќни тие неколку минути колку што се појавува, колку е закон целата негова мистериозност и тие две реченици што ги промрчува. И, тука некаде, во исто краток момент, дознаваш дека има историја со Хан Соло. Дали е тоа доволна причина за да се заплетка и Хан Соло во нешто што нема никаква врска со Харисон Форд? Боба Фет го сметам за трајно оштетен уште од Камино, ама некако не сум расположен за млад Хан Соло. За било каков не-Харисон Форд Хан Соло. Особено ако е некој како Арон Пол ко што викаат гласините моментално. Боба Фет може да е било кој, зошто веројатно претежно ќе биде во оклоп, така што океј сум со муабетот за Мајкл Фасбендер.

Има време додека ова добие некаков пореален облик. До тогаш може и Питер Динклиџ да го натаманат за Јода или Лил Вејн за Џар Џар. Инаку, сериозно ме занима како новиот тек на Star Wars ќе се однесува кон приквелите и дали воопшто нешто од тоа ќе биде вметнато на било каков начин кој нема да е самиот дух на Episode I-III.

January 25, 2015

Силата е јака со Star Wars Rebels...

...но, не и со насловот на овој пост. Ова беше сè што имав во моментот. После десет или девет епизоди (зависи како ја броиш првата), Star Wars Rebels полека завзема некоја постабилна форма. Барем поинаку ми изгледа сега, по мало маратонско гледање. Веќе ликовите почнуваат да се претопуваат во познатиот свет, а сценаристите настојуваат да ги зближат со публиката уште повеќе. Се продлабочуваат и нивните карактеристиките, барем онолку колку што дозволува форматот и концептот на серијата. Задачата воопшто не е лесна, бидејќи овој пат Дејв Филони и екипата треба да работат со сосема нови имиња, измислени специјално на Rebels. Самиот овој предизивик е интересен баш поради тоа што нешто слично ќе се случува и со The Force Awakens. На крајот изгледа сè е до навика, зошто ете, името веќе и не звучи толку дебилно како таа недела кога стана познато. 


Ми требаше да изгледам пет-шест епизоди по ред од Rebels за да ми легне како што треба. Се погодија скоро сите да се добри, а веќе со "Empire Day"/"Gathering Forces", сфатив дека сум сериозно навлечен. Уште е некако пластична, уште се неизбежни споредбите со The Clone Wars, но продуцентите очигледно се трудат да испорачаат квалитетен производ. Во последните епиозоди, почнаа да кокетираат и со добро познати ликови од Светата трилогија како Јода и Лендо, со што целиот екосистем на серијата стана некако побогат. Плановите за главните ликови стануваат појасни, и иако има некои детали кои ги немам прифатено во целост, веќе почнува поинтензивно да се осеќа специфичниот Star Wars шмек кој на почетокот изгледаше малку трапаво изведен. Да не се разбереме погрешно, првите епизоди се исто добри, меѓутоа ова што е сега е веќе класи над. 

Лендо беше одлично вметнат, со позадинската приказна која иако само кратко е референцирана во The Empire Strikes Back, е доволна за да се создаде сликата за него која е прикажана во Rebels. Били Ди Вилијамс го позајмува гласот на Лендо. Можеби звучи малку тажно како и неговата кариера на која толку се надевал, ама па Били не е Харисон Форд, колку и да мислел дека неговото време ќе се девеесетите со Харви Дент улогата. Јеби га, Лендо Калризијан ќе си до крајот на животот и ќе прифаќаш улоги во цртани филмови и пародии на сам себе. 

Јода исто успеа да си најде место во Rebels, барем како глас и една многу јака референца. Конечно тука решија да ја побараат смислата на познатата "Do or do not. There is no try" реплика која во младоста му беше мантра и на авторот на овој пост. На крајот, ликовите се согласија дека не можеш да направиш нешто без да пробаш, со тоа што кредибилитетот на мудростите на Јода беше буквално сведен на "Па, океј, Јода некогаш чисто онака кажуваше ствари...". Мал, храбар ремет на сопствена сметка што добро ме изнасмеа.

Има уште шест епизоди до крај. Rebels има потенцијал за созревање. Се надевам дека во следната сезона анимацијата ќе ја доведат до нивото на The Clone Wars, зошто на моменти изгледа многу поевтино. Како да фалат текстури некогаш. Исто така, чекам и повеќе поврзани епизоди, поголема приказна и конечно Вејдер да биде прописно искористен. За последново, можеби ќе треба да почекаме епизодите да се поклопат со The Force Awakens, каде неговото присуство е исто така најавено, барем според гласините што кружат моментално. Не дека е лош новиот негативец во Rebels, ама некој добро познат душман би ја кренал цената на серијата уште повеќе.

January 22, 2015

Хемискиот дисбаланс на Крис Веби

Периодов сум сериозно навлечен на Еминем. Онака, тинејџерски сериозно. Баш во тој контекст, во некој муабет за добри бели рапери, налетав на Крис Веби. Минатата година, во октомври, после десетина микстејпови, го вади првиот албум, Chemically Imbalanced. Го пуштам и не ми се верува што слушам. Дали од сите тие милион бели рапери што никнаа после Еминем на овој свет, има некој што сериозно се двои? Уште од почетокот на албумот, вештините се Крис Веби се очигледни и остро ти прскаат од звучник. Кога ќе видиш колку години и снимки има зад себе, некако и ќе си ја тргнеш збунетата гримаса од лицето, но никако нема да го оспориш квалитетот. Како на текстовите, така и на рецитирањето и природниот флоу. Во тој еден саат колку што трае албумот, Крис Веби "официјално" покажува сè што го научило искуството. Ако сакаш додатно да бидеш запрепастен, чуј го првиот микстејп од 2009 и ќе ти стане јасно дека талентот го имал отсекогаш. Само што тука е измазнет и многу попрецизен. А, бел е како мене и тебе. Океј, ја и не сум многу бел. Kако тебе е повеќе.


Chemically Imbalanced е инстант класика. Барем ќе биде во моментот кога ќе исплива на површината, ќе допре до доволен број луѓе. Моментално е уште некаде на маргините и се обидува да се пробие низ подземјето. Некако не ми е јасно како му требале толку многу години за да најде издавач. Албумот е ремек-дело. Сите 17 ствари на него, вклучувајќи ги и задолжителните скитови. Веби умешно жонглира различни теми, од заебантски рап до посериозни вистински ситуации. На Chemically Imbalanced собрал и гости како B-Real, Dizzy Wright (опасен црн копиљ кој го чув летоска првпат) и Tech N9ne, кои му даваат дополнителен печат на целиот албум. Моментално рецензиите се повеќето 5/5, на Amazon дури не ни има друга оценка освен 5 ѕвездички. Момент што малку ти е нејасен додека не ти се пикне албумот под кожа. 

Римите му се поткрепени со подлоги од еден куп продуценти, дури и Скот Сторч е потпишан на две. Целиот е албум е фина прошетка низ различни периоди од хип-хопот што го прави уште поинтересен за слушање. Сè е убаво склопено, да звучи свежо, разновидно и крајно уникатно на моменти. Влијание има од секое раперско доџо, а не ја негира ни мајсторијата на самиот Еминем ("I was always rollin with an ounce or two, everytime I'm bouncin through. Flippin everybody off like Shady taught me how to do"). Дури и албумов добива некакви споредби со големината на The Marshall Mathers LP.

Се надевам дека не грешам дека допрва доаѓа времето на Крис Веби и дека ќе се вратам на постов кога ќе биде насекаде. Chemically Imbalanced е еден од најдобрите албуми за минатата година, кои ете, не стигнав да ги сместам во соодветен пост.

January 21, 2015

Birdman (2014)

Која е разликата помеѓу популарност и престиж? Познато лице и талентиран актер? Шунд и вистинска уметност? Кој е подобар актер од Мајкл Китон за улога на истрошена ѕвезда чиј успех е стекнат по неколку суперхеројски блокбастери каде го толкувал главниот лик? Birdman си игра со еден куп прашања, за она "зад завесите" и гламурот, додека на симпатичен и хумористичен начин ти одмотува една тажна приказна човек кој не се наоѓа на некое завидно ниво во животот. Риган Томпсон, пред повеќе од две децении бил Birdman, и единственото нешто по кое е познат, е тоа. Бродвеј е местото каде што се обидува повторно да го сврти светлото кон себе, режирајќи претстава во која вложува сè што има. Риган сака да е пак релевантен. Битен и сфатен сериозно. 


Како што се наближува премиерата на неговата претстава во која и самиот глуми, односите со актерите, ќерка му и товарот од пропаднатиот брак, го прават текот на работите малку деликатен. Но, ништо како сопствената совест и его, манифестирани преку Birdman, граничејќи со шизофренија и самоуништување. Китон е брилијатен, веројатно никогаш подобар, а мета-референците кон Бетмен и делумно неговата кариера во последниве години, му даваат една многу фина боја на целиот филм. Па, дури и ликот на Едвард Нортон е "во духот" на неговото функционирање на сет. Не верувам дека филмот би бил ваков каков што е без овие двајца. Перформансите им се феноменални, па иако не е некое мерило за квалитет, би си го заслужиле добиениот Оскар. Ема Стон и Зак Галафинакис се одлично искористени и тука, барем за онаа поведрата страна на филмот. Изнендувачки добро е како Ињариту успеал и нив да ги вметне во целиов овој спектакл. 

Визуелно, Birdman е "наштелуван" да изгледа како да е цел снимен во еден здив, со една камера. Скоро цел филм е таков, камерата ги следи ликовите, кадрите се влеваат еден во друг, со што те држи фокусиран до последната минута. Самиот овој потег, иако не е уникатен, е доволно моќен за директно да ја погоди целта. Можеби не е најдобриот филм на сите времиња, но e дефинитвно еден од најдобрите минатата година. А, одамна немало толку добра година на ова поле. Провокативен, човечки, со храбри идеи, успева да биде полн, а во исто време да ја долови празнината и заебот на главниот лик. Ињариту има муда и да удри кај што му пречи и воопшто да не се сврти назад. Ги расклоца и критичарите и жолтиот селебрити печат, блокбастерите, дури и ефектите со кои ја хранат занесената публика, а и една цела аномалија за како можеш да направиш име за себе денес.

За крај, сакам пак да му се изначудам на Китон. Каде беше човеков до сега? Дали го живееше сопствениот Birdman некаде? Има ли некакви шанси да е пак релевантен со некоја главна улога? Секоја чест ако блесне повторно на овие години. Зошто после улогава само тоа го и заслужува.

January 20, 2015

Први впечатоци од Tomb Raider

Како и еден куп други игри што ги пропуштам поради World of Warcraft, така и Tomb Raider (рибутот од 2013), дури сега стигна на ред. Да не беше цената толку смешна на празничниот попуст на Steam минатиот месец, можеби и ќе ја прескокнев. Покрај тоа, бев некако загреан за Tomb Raider после Lara Croft and the Guardian of Light. Играта е комплетно различна од претходните. Оддалечена е од гејмплејот карактеристичен за серијалот, а нуди и свежа приказната за созревањето на Лара каква што ја знаеме сите. Физичките атрибути со кои го проби насловот се присутни и тука, ти манијаку еден, и покрај тоа што не е спретна со еден куп други ствари битни за преживување на некоја локација со древна историја, замки и мистерии. 

Tomb Raider ја раскажува трансформацијата на Лара Крофт од збунето исплашено девојче во воин каков што е познат, откако нејзиниот екипаж археолози ќе се слупа со брод на локација која треба да ја истражат. Поради спојлери, и поради тоа што сум уште до пола од играта, нема да навлегувам во детали по што точно тргаат, ама ќе пробам да доловам колку е мајсторски склопено, иако бев крајно скептичен кога почнав да играм. 


Уште на самиот почетокот, сфаќаш дека ќе играш различен Tomb Raider, и покрај тоа што играта ќе проба да те подлаже со лесна препрека која делува како да излегла од старите наслови. Она што следи понатаму е сосема различна игра која практично се игра самата. Повеќе се фокусира на преживување отколку на правење јамка од кабел од џојстик со која планираш да се обесиш зошто не можеш да најдеш начин како да се качиш на статуата кај што е рачката за вратата. Единствените предизвици каде што можеш да добиеш вистински Tomb Raider момент се таканаречените "гробници" (погоди зошто се таканаречените), за кои си известен ако има такво во близина. Таму има некоја загатка која бара малку повеќе од кликање и скокање за дојдеш до Х небитна награда. Вистинската награда е веројатно тоа што си добил класично Tomb Raider искуство, наспроти долги синематици каде што Лара плаче, ја боли стомакот, пали оган, плаче, убива елен за да јаде додека плаче, си ги чисти раните со вжештена стрела и слично.

За среќа, играта изгледа феноменално, дури и на мојава веќе застарена машина. Сценариото и приказната се одлично напишани, забавна е, гејмплејот е интересен, па така што можеш да ги игнорираш сите елементи позајмени од жанрови што не ти си баш занимливи. Левелирањето на вештини, оружја и слично и го мразиш додека не ти стане рутина. После тоа, копањето по кутии за поени за апгрејд ти станува нормално, исто како калта и крвта по лицето и телото на Лара. 


Оружјата се интересни, со оглед на тоа што лакот и стрелата на пример, покрај за забодување во главата на бројните непријатели, се користат и за проаѓање некои едноставни (и не толку едноставни) препреки. Ти треба мост? Испукај стрела со јаже од карши и ете ти. Патот ти е попречен од даски и бодликава жица? Нема проблем, тука е шатганот. Некое гнасно запотено копиле се обидува да те силува? Пукај му во глава.

Колку и пробував да мрчам за гејмплејот, успеав да се навлечам. Нема ете ништо тешко, достапна и за сите, веројатно е добар потег наменет за тие што сакале да играат Tomb Raider, a биле спречени од сопственото трпение и интелект. Играта те води за рака цело време, па дури и ако мислиш дека си заглавил, има нешто што се вика "survival instinct" кое ти ја анализира околината и ти ги бележи стварите кои дозволуваат интерaкција. Како "detective mode" во Arkham игрите.

Главната мисија не завршува и откако ќе стигнеш до крај. Играта има "fast travel", кој покрај тоа што ќе те натера да се фатиш збунет за глава, ти овозможува да се отидеш на некоја друга локација што веќе си ја посетил и да ја завршиш наоѓајќи ги сите предмети и артефакти. Нуди и мултиплеер кој верувам дека е смешен баш како што звучи, така што сега за сега планирам да го скокнам. Останатото е стварно добро, вреди за тие три евра колку што беше, па дури и за редовната цена. Веројатно треба да кажам "браво за играта" сега? Океј тогаш, браво за играта Crystal Dynamics. Ми го посравте и "модернизиравте" серијалот каков што го сакав, ама простено e. Браво.

January 15, 2015

Star Wars #1, нова надеж за ...Star Wars стриповите

Пробував некако поинаку да го формулирам насловот на постов и морав да го искористам најдобриот од листата со глупи наслови што ми текнаа. Значи, тоа со насловот сега е расчистено исто како што Marvel расчистија со Dark Horse и си ги земаа правата за Star Wars стриповите во нивниот скут. Star Wars #1 е првото јајце од оваа златна кокошка, првото од многуте кои Marvel ќе ги снесуваат до крајот на светот. 

Првиот број е одличен, како и повеќето први броеви на Star Wars стриповите, со тоа што во овој случај мислам дека ќе го задржат квалитетот и понатаму. Сакам да верувам дека новите газди на Star Wars се свесни дека заработката ќе им биде уште поголема доколку продуктот е добар. Барем на почетокот, предвидувам квалитетни наслови, зошто и онака ќе репринтаат фин дел од ѓубрето од Dark Horse што го купуваат оние што купуваат сè што е Star Wars. Новиот серијал е сместен измеѓу A New Hope и The Empire Strikes Back, период кој би го заинтересирал секој фан, освен ако не си некој мрачен лик што мисли дека само Attack of the Clones е добар. Еј, мора да има и некој таков на планетава. Многу е можно некој втор братучед на Хајден Кристенсен тоа да го мисли.

Периодот е интересен. Не дека стварно те занима што се случувало измеѓу, мислам добар дел од тоа се осеќа како фан-фикшн, ама ако си доволно љубопитен, првиот број ветува фино потрошени десет-петнаесет минути еднаш месечно. Без спојлери, ќе кажам само дека приказната е комплетно во духот на Star Wars. Уште на првата страница веќе ти свири музиката од Џон Вилијамс, текстот го читаш во гласот на ликовите и си го планираш следниот маратон (хехе, секогаш го линка истово, изглеа ептен е горд на постот). Тоа ми беше ептен јако тука, зошто во други Star Wars стрипови со оргиналните ликови, често се случува да бидат одвоени од изворот, до степен да ги осеќаш како сосема други. Што нели, доведува до тоа да го читаш стрипот во глава со еден глас, како полски синхронизатор. 

Сценариото е во духот на светата трилогија, иако понекогаш (умерено) се базира на реплики и референци кон истата. Има многу добри моменти со Хан Соло каде што е доловен баш како што го знаеш, едно не толку големо изненадување што го прави првиот број комплетен и цртање кое ќе те потсети дека овие ликови ќе живеат долго откако Марк Хамил, а и твоите правправнуци навлечени на Star Wars, ќе се мртви. 

Најавени се Princess Leia #1 и Darth Vader #1 кои едвај ги чекам. Ќе ги следам новиве наслови колку што можам. Имам добро претчуство за нив, нешто од ова што видов, а нешто базирано на претходните Star Wars стрипови што ги имам читано. За дел веќе сум пишувал, па "види такоѓе"-то подоле испадна поголемо од што мислев.

Види такоѓе:

January 11, 2015

Муабетот за Фолтин

Мислам дека е време оваа трансплантирана тастатура да исчука еден љубовен пост за Фолтин. А, секогаш кога ќе треба да пишувам за нешто толку големо колку нив, ништо не сака да излезе преку прстиве. Дури и непријатно ми доаѓа. Сакам да пишувам за веројатно најдобриот активен македонски бенд во моментов, бенд за кој ми беа потребни години за да го разберам. Не знам како претходно на свирките на кои бев случајно затекнат не успеав да остварам конекција со музиката што ја свират. Дури и студиските ствари што исто така случајно ми улетуваа, не ме допираа посебно. 


Летово, конечно магијата што ја создаваат Фолтин успеа го најде патот до мене. Во најубавиот можен сетинг, после полноќ, на мала плажа со фин народ, факели, перници за одмарање на пијаните газови, бранови... Совршена прилика и комбинација за бенд како Фолтин да почне да ти зборува на начин на кој што не можеш да не си спремен да чуеш. Дури и прекинот на струјата кратко пред настапот, не успеа да ја сруши атмосферата за тоа што следеше. Од моментот кога почнаа со свирење, се затрескував во секоја следна песна. Да продолжеа да свират без престан цел тој викенд, ќе останев пред бина и ќе продолжев со несмасното мрдање.

За дочекот на 2015, ги гледав пак. Иако атмосферата не беше толку интимна како летото во Охрид, пак ми ги предизвикаа истите чувства, хипнозата и трансот. Сега веќе бев спремен, со дискографија преслушувана изминатите месеци. Можев да ги урлам стиховите кои им се на јазици што ги разбирам, да се радувам на "мојата" песна. Тогаш и ми се потврди дека го имаме најуникатниот бенд на домашната сцена. Бенд што звучи толку многу светски.

Музиката не би се обидел да ја дефинирам, па затоа ќе одам со нивниот "званичен" опис - псевдо-емигрантско кабаре. Среќен сум што воопшто ги "открив", дури и вака покасно. Постојат од 1997, имаат шест албуми и еден заеднички проект со Никола Коџабашија и Гоце Стефковски. И, секој албум успева да звучи оргинално и различно, а да биде "фолтински". Баш тука е мајсторијата на бендот. Криво ми е што уште не успевам да го најдам "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" и мора да се задоволам со пиратски даунлоуд. Ги пребарав сите можни места низ градов кај што би можело да го има и упорно не го наоѓам. Знам дека тиражот не е распродаден, знам кој е издавач и штета е што дистрибуцијата некаде заринкала.

Не можам доволно да го препорачам бендот на тие што уште не успеале да чујат што има да каже. Веројатно најдобрата идеја е да се искуси енергијата што зрачи од Фолтин во живо. Јас само знам дека со нетрпение го чекам следниот концерт.

Може сепак една селекција за крај? Океј, ајде: "To Whom Do You Belong Now?", "Lo-Lee-Ta-Too", "120", "Аманаман", "128", "Muriel Mule" и "Двојка".

January 10, 2015

Почеток на шестата сезона на Archer

Откако претходната сезона, Archer малку се дистанцираше од концептот за да експериментира со дилање цел тон кокаин, кантри кариери, банана републики и диктатори, работите во новава полека се враќаат на нормала. Барем онаа што одговара на серија како Archer. Продукцијата, поради очигледната осетливост на името, реши да се дистанцира од ISIS, така што од оваа сезона агентите ќе оперираат како дел од CIA. Малку е иронично што премиерата на шестата сезона се поклопи со немилите настани во Париз, ама јеби га. 


Арчер, пијан и тврдоглав, но функционален и ефективен како и секогаш (има некоја чудна среќа да му успеваат работите), е назад на шпионирање, Пем пак е дебела, дури и новата канцеларија им изгледа скоро идентично. Дури и дамката крв на тепихот е иста крвна група како старата. После петтата сезона, малку подзаборавив на овој формат на Archer, и иако можеби ќе делува како чекор наназад, воопшто не е така. Хуморот е стандардниот Archer хумор, а ситуацијата со изгубен јапонски војник во џунгла на некој зафрлен остров кој мисли дека војната не е завршена и дека Америка му е најголем непријател, е баш класичен Archer момент.

Битен нов детал е бебето на Арчер и Лана, доволно за ситуациите да стануваат уште поделикатни. Веројатно и роботот што прави тостови. Има доволно свежи моменти за да не се почуствува дека серијата се вади на стари финти, така што апсолутно нема место за паника дека ќе гледаме нешто "застарено". Бројката на сезоната кај многу серии може да претставува замор и рециклирање, но и еден куп други примери докажале дека баш овие години може да се златните. Не дека споредувам, ама мислам дека со Archer случајот ќе биде ова второво.

Заедно со South Park и Rick and Morty, верувам дека ова ќе биде една од најдобрите аниминирани серии годинава, исто како лани.

Новите DC: Batman Endgame (#35-#37) и Batman Annual #03

Бев решен да оставам време пред да допрам било што Бетмен од Снајдер и Капуло после Zero Year. Некако не ми кликна како што треба уште од самиот почетокот. Приказната беше досадна, цртањето од просечно кон лошо (барем според мојот вкус и она на кое ме навикнаа), а потенцијалот на Ридел некако сомнително искористен. Пред некој ден за роденден ги добив The Court of Owls и The City of Owls, колекции собрани од една од најдобрите Бетмен приказни кои некогаш сум ги прочитал и за која пишував претходно, во неколку наврати. Она што Снајдер и Капуло го направија со Night of the Owls ќе ми остане запамтено како едно од најдобрите Бетмен искуства до сега. Тоа и ми ја врати желбата да видам што се случува моментално со овој наслов и со ова дуо. 


Три прочитани броеви од Endgame аркот, заедно со Batman Annual #03 и еве ме назад, чекам ново. Имав скроз заборавено сè што знаев за Endgame од претходните најави, така што неколку пати бев прилично изненаден од она што се случува. Првиот број, Batman #35, отвара со накурчени Justice League кои се решени да го убијат Брус Вејн. Ни самиот Бетмен не знае зошто, ама може да примети дека тоа е целта на секој JL член. Мислиш дека ти си имал лош ден? Епа, замисли како е да си приморан да се браниш од Аквамен! За среќа, има дизајнирано борбен оклоп наменет за да се справи баш со цело ова разбеснето друштво. Бетмен е. Секогаш планира чекор понапред. 

Тука некаде почнува да ми се раѓа некој сомнеж, нешто не ми е како што треба. За кратко сфаќам дека читам Џокер приказна, и со секоја наредна страница од тие три броја, ми станува јасно дека Снајдер и Капуло полека се враќаа на она на кое ме навикнаа. Не само што буљашите го вратија Џокер, туку го планирале уште одамна, после Death of the Family и оној досадниот Batman Annual #02 од пред година и пол. Џокер бил присутен и пред очите на Бетмен цело време. Откритието не беше толку шокирачко колку мотивот на Џокер овој пат. Смета дека неговата "негувана" врска со Бетмен не е како претходно и не е баш задоволен. Можеби не е толку физички одвратен како претходно, ама стварите што ги прави се прилично гнасни. Се расфрла со психолошки терор, методите му се побрутални и некако не му до заебанција како претходно.

За да биде целосно јасна сликата за оваа верзија на Џокер, да бидеме убедени е дека многу, многу повеќе од умоболно копиле, тука е Batman Annual #03. Наменет да делува како Endgame tie-in, раскажува за она што би се случило ако Џокер ти се наметне како "другар". Опсесивно, манијакално и на моменти крајно одвратно и тажно. Онака, ќефски е кога гледам како Тајнон успева да ги надмине ветераниве како Снајдер некогаш, баш оние од кои учел. Дечкото има невиден талент и мило ми е што гледам дека станува сè подобар и подобар со ствариве што ги пишува. Единствено цртањето на Џокер тука ми беше малку чудно, но со самото тоа што приказната скока низ различни временски периоди, овој "потрадиционален" изглед некако успева да се вклопи. 

Остануваат уште три броја од Endgame. Не верувам дека ќе има некаков историски крај, знаеме сите дека нема шанси било кој од овие двајца вечни непријатели да се тргне од сликата. Но, ме занима како ќе се развие овој најнов конфликт, до каде ќе тераат со гневот на Џокер, со психопатската страна на Брус Вејн и дали воопшто ќе се случи нешто големо. Последен пат кога тоа "големо" требаше да се случи, а не се случи, беше во Death of the Family, па затоа не би избрзувал со претерани очекувања како тогаш. Сега за сега е супер. Второто полувреме ќе реши дали Endgame ќе влезе во друштвото со Night of the Owls.

January 7, 2015

Скокање кон заклучоци: Agent Carter

Мислев дека хиперпродукцијата на суперхеројски и стриповски измет го удри вентилаторот со Gotham. Marvel веќе молзат сè што можат, DC се обидуваат да нè убедат дека Arrow тотално не е за тинејџерки, дека нивните филмови во следните 20 години ќе бидат мрачни, реални и сурови. Во оваа општа калакурница каде што секаков шунд се обидува да ти се пикне во секој отвор на телото, од далеку ти мавта агентката Картер. Marvel решиле да ја понудат и нејзе, зошто милионите одговорни за рејтингот на Agents of S.H.I.E.L.D. се фатени за раце во транс со пена на устата и чекаат уште. Уште од просечниот разреден ејакулат што ќе го прифатат само затоа што тоа е возот на кој се сите качени, еј. 

Шеширот е океј. Сериозно ми се свиѓа. Посакувам и јас да имав ист.

Со евтини референци кон Captain America: The First Avenger, обиди за noir, најклишеизираното сценарио во Сончевиот систем и експлоатација на Хејли Атвел, Agent Carter успева да биде полошо од првите неколку епизоди од Gotham и S.H.I.E.L.D. заедно. Пилотот го изгасив во моментот кога ликовите (кои се како излезени од досаден цртан филм, полудимензионални) станаа неподносливи со глумата и репликите. Кон кого го упатува Marvel овој стомачен грч? Недоволно еманципирани латентни феминистки? 40 годишни невработени осамени дркаџии што живеат со родителите и собираат аниме фигури? Како е можно после толку квалитетни стрипови и неколку веќе култни филмови да се обидуваш да протнеш нешто вакво? Кој ќе го гледа ова срање?

Пеги Картер беше супер во Captain America. Веројатно најинтересниот женски лик што го дополнуваше главениот херој од сите Авенџери. Нејзината појава беше баш онака јаготката на шлагот (аааа, ради шеширот јаготка, а брат аааа? Хехе...), а тука е во толку огромна количина што протекува од секаде. Некои поспоредни ликови не функционираат кога ќе им дадеш толку големо внимание и третман. Гледај како е уништен Колсон после неколку епизоди. Овде уште од самиот почеток вештачки се обидуваат да ја продлабочат, а се вртат околу неколку очигледни точки кои се доволни само еднаш да бидат спомнати. Океј, тажна е за Кеп, нема војна за водење, храбра е, но светот доминиран од мажи се обидува да ја спречи да полета. Баш трогателно. Дали ти девојко веќе почна да се идентификуваш со оваа самостојна жена-херој со влакнести тестиси? 

Јеби га, Marvel. Филмовите ќе ги следам додека не ми прекурчат, ама ова со серииве е дното. Такво е ко турско-бугарска сапуница, новелизација на филм или игра, Коелјо. Ми иде очите да си ги искорнам.

January 6, 2015

The Grand Budapest Hotel (2014)

Кој е последен филм што те држел окезен од почеток до крај на прво гледање? И, тоа не окезен од ладното или дека нешто ти е упорно смешно саат и пол, туку дека ти предизвикува такво пријатно чувство? Такво, наивно детско, ко да го гледаш Кралот Лав прв пат. До моментот со стампедото. Освен ако не си шутирал мачки како дете, ти проклет социопату. Во The Grand Budapest Hotel нема "стампедо" што ја нарушува хармонијата на филмот, или јас сум премногу расположен, па издржав насмеан под мустаќ до самиот крај.  Еден од тие филмови што некако ми киднаа минатата година, па сега се обидувам да ги стигнам. Да правев некаква листа на најдобри за 2014, ќе биде меѓу првите пет, меѓу сите шаблонски штанцани блокбастери што ги гледав. Или во скромното купче со Her, подобро.


Вес Андерсон, со внимателно избрана актерска екипа, инспириран од пишуванките на Штефан Цвајг, успеал да создаде филм кој во иднина ќе ми биде изборот за кога ќе не знам што да пуштам за гледање. Приказната... Веројатно додека барав дали има македонски термин за консиерж, ќе го изгледав до пола. Сериозно, немаме соодветен превод или не сум доволно писмен, па ќе се вадам дека не ми текнало кога ќе ми го каже некој. Епа, приказната е фокусирана на Волдеморт кој го работи баш тоа во грандиозниот и шарен Grand Budapest хотел, во фиктивната земја Зубровка. Филмот успева да сатирично да ја искриви реалноста, како визуелно, така и со достеливиот хумор кој не сопира и во моментите кои на друго место би изгледале депресивно.

Секој лик што се појавува е толку добро напишан, што можеш да му ја сконташ поентата дури и за тие неколку минути колку што добил време во филмот. Како што тераше филмот, така се изненадував од кој сè се појави и како беше совршено искористен. Бара малку поголем фокус, бидејќи од почеток до крај шиба интензивно без престан, со брзи дијалози и случувања, па така што ако воопшто успееш да трепнеш, веќе си пропуштил нешто. Музиката совршено одговара на целиот тој топол сонлив амбиент (Елтон Џон лајкс дис), а на моменти се преклопува и со звуците од околината во сцената, што е онака ептен фин, мајсторски скроен детал. Баш такви впечатливи детали, кои ги има насекаде, во сетовите, репликите, па ете и во музичката подлога, успеваат да му ја зголемат вредноста на The Grand Budapest Hotel. Импресивен е од секој аспект. Те мава по сите сетила. 

Не можам доволно да го препорачам или да опишам колку е добар. Можеби и еден од најзанимливите филмови во последните неколку години, барем од оние филмови што секогаш тешко сум ги фаќал на радар, а се вистинско богатство.

January 4, 2015

Mimic маратон

Mimic трилогијата доаѓа директно од купот со потценети СФ хорори. Дури и како за филмови од Б категорија, каде што се често на дното на таквите листи. На ден во кој само дефибрилатор за време на земјотрес би те извадил од кревет, звучат како добра идеја за маратонско гледање. Не е дека немав подобар избор од ова, ама сакав да си го освежам сеќавањето на она што го памтев како добро. За првиот бев во право, за вториот не баш, а третиот го гледав првпат и сигурен сум дека тоа ќе биде и последното гледање. 

Првиот Mimic е од 1997, еден од раните обиди на Гилермо Дел Торо, филм кој го оставил без спокој следните четири години, кога му било конечно дозволено да го направи последниот рез. Баш тој и го гледав, Director's Cut верзијата. Не го памтам детално претходниот за сподерба, меѓутоа не верувам дека бил толку лош, колку што не се поклопувал со визијата на Дел Торо. Mimic има одлична режија, богати, детални кадри кои и покрај мрачната атмосфера успеваат да бидат шарени и живописни. За жал, предоцна било да го поправа сценариото или талентот на актерите. 


Наспорти популарното мислење, Mimic е баш оргинален филм. Мислам, базиран е на кратка приказна, но разликата од изворниот материјал е доволно голема за да пројде како оргинален концепт на платно. Три години пред главното дејствие на филмот, лебарки низ Њу Јорк се носители на смртоноста болест која главно ги напаѓа децата. Тим ентомолози со генетски инжинеринг и наука излезена од Џурасик Парк, создаваат нов инсект кој со ензимот што го ослободува им го забрзува метаболизмот на злобните лебарки, убивајќи ги ефикасно. Но, госпоѓата Мира Сорвино и нејзиниот сопруг научник чие име не беше битно за памтење, не се свесни дека нивниот нов вид на бубачки, "Judas", успева да преживее и после холокаустното требење на лебарките и покрај тоа што е дизајниран да умре после неколку месеци. Не само што има преживеани примероци, туку и еволуираат со огромна брзина и се ослонуваат на мимикрија, имитирајќи го и својот најголем предатор - човекот. Јас сум сосема океј со овој изговор за хуманоидна лебарка што напаѓа и лови во темни метроа. 

Mimic можеби не е Alien, но е доволно напнат, визуелно убав и ги има сите елементи од жанрот. Крајниот продукт не е најдоброто нешто што ќе го гледаш, меѓутоа ќе биде едно од најдобрите што ќе ги пропуштиш ако не се решиш. Mimic 2, инаку direct-to-video продолжение од некој небитен режисер,се обидува премногу да биде кецот, само што сега наместо метро, групата несреќни Ш класа актери се заглавени во некое школо. Нема приказна што се развива, туку се фрла директно во акцијата, со претпоставка дека гледачот знае од каде е дојдена гнасната џиновска мутирана лебарка што (пази го пресвртов!) се обидува да се пари со главната актерка. И таа, и остатокот од актерската екипа се тотални анонимуси кои верувам дека се "режирале" самите себе, импровизирајќи го и сценариото. Не изгледаше волку очајно филмот пред неколку години кога првпат го гледав, или е сериозно многу лоша копија на кецот. Еј, кецот дури има и млад Џош Бролин. Тука имаш детектив кој решил да позајми нешто од Молдер, и "да убаци нешто свое". Толку е смешен што веќе почнав да се надевам дека третиот дел ќе биде подобар. 

Дваесетина минути откако го пуштив третиот, Mimic: Sentinel веќе почнав да се сомневам во мојот избор за провод попладнево. Претпоставувам дека сите актери, заедно со режисерот и целата екипа, волонтерски работеле на филмот, чии вкупно два сета биле покриени со пари од продажбата на видео касетите од двојката. Можеби единствениот на платен список бил Ленс Хенриксен, кој во периодот кога е сниман филмот, веќе беше етаблиран како главна ѕвезда на вакви лоши продолженија. Некој решил дека ќе биде добра идеја да направат Mimic филм од перспектива на лик преживеан од болеста од првиот дел, кој перверзно го набљудува и слика комшилукот како во Rear Window, бидејќи не може да го напушти домот. И, нели, неговиот објектив никако да ги фати убиствата на лигавата монструозна човеколика лебарка кои се случуваат пред неговите очи (не и пред нашите), па никој не му верува (дури ни јас), па се тегнат (јас се тегнам и зевам), бла бла... додека дојде моментот кога сите ќе бидат загрозени, нели. Можеби битниот момент се случил во оние петнаесетина минути што ги дремнав, ама пак се разбудив на сцена на исто место. Станот на дечкото со лошата глума. Немаше ни обид за тензија или хорор, освен сомнеж дека сум пуштил некој сосема трет филм. 

Mimic: Sentinel за жал ја има фрлено последната лопата земја на франшизата која некогаш можеби имала потенцијал. Иако покрај кецот верувам дека тоа е тоа од приказната, цврсто верувам дека ако некогаш ова падне во вистински раце, може да испадне уште нешто ново интересно. Исто како што верувам дека еден ден, кога Холивуд ќе ги изрециклира сите познати ствари со култен статус, ќе погледне и кон Mimic, па ќе ги нашили антените како ебана лебарка.