April 29, 2015

Преглед на Tomb Raider

Еве, после неколку месеци откако почна да фаќа прашина во Steam библиотеката, ја завршив Tomb Raider. Се заиграв тогаш SW: TOR и остана така да дреме, на само неколку саати пред крај. Сега откако е готово со првата авантура на Лара, можам да потврдам дека ова е најдобриот Tomb Raider наслов заедно со тројката и Legend. Можеби е не е фер да ја споредувам со тие две, меѓутоа ми понуди исто такво незаборавно искуство. Приказната, локациите, ликовите... Почнав уште од самиот почеток да се приврзувам за ликовите. Претходните игри не нудеа баш таква можност, зошто нарацијата и фокусот беа на помрднување камења и тегнење јажиња со денови за да отвориш некоја врата. Со огромниот тип во метален оклоп при крај, на бродот, силно се зближивме откако едно дваесетина минути пробувавме да се убиеме. На него му успеваше повеќе пати. 

Почивај во мир голем човеку. Прости ми, исто така. 

Зошто претпоставувам дека сум последниот на светот што ја доиграл Tomb Raider, нема да се воздржувам од спојлери. На крајот, кога Лара зема уште еден пиштол за да го убие Матијас ме удри директно во љубовта кон серијалот. Пукав без врска неколку пати, додека скокав во фотељава. Кадарот додека гомнарот паѓа од карпата и Лара ги држи двата пиштоли во рака? Бесценет. Во тој момент ти е јасно дека веќе е таа Лара Крофт што си ја знаел претходно. Тотално заборавив дека ѝ ги играм почетоците и ова ми дојде како гром од ведро небо. Гром од ведро небо, ти текнуе? Дека Химико? Громови. Ах, нема везе. 

Сега кога играва ме навикна на ваков гејмплеј, не знам колку време ќе ми треба да реадаптирам на Anniversary и Underworld што ме чекаат купени уште зимоска. Впечатокот што ми го остави е толку силен што ќе ми фали овој Tomb Raider

Поздрав из Јаматаи

Следната година излегува продолжението на римејкот. Rise of the Tomb Raider. Кон крајот на оваа година ќе се појави за Xbone, па претпоставувам дека ние од господарската раса ќе ја добиеме некаде на почетокот на 2016. Приказната ќе се надоврзе на настаните што се случија тука. На Лара никој нема да ѝ верува дека некој се обидел да воскресне древно јапонско божество на островот, откако организацијата Trinity ќе се погрижи да ја сокрие секоја трага за такво нешто. Со намера да докаже дека не е нетокму, Лара тргнува да разоткрива митови низ светот. Во продолжението почнува од Сибир. 

Сега сум максимално изхајпан за Rise of the Tomb Raider. Дури и досадниот наслов ќе го простам. Гејмплејот во главно останува ист, со некои подобрувања во делот со преживување и прикрадување. Се надевам само дека нема многу да страда и делот кој го прави насловот есенцијален, ама како што гледам Crystal Dynamic се решени да го тераат патот што го поставија во римејкот.

April 26, 2015

Jupiter Ascending (2015)

Пред два месеци со резервирани карти за Jupiter Ascending, завршив на 50 Shades of Grey во последен момент. Искуството веројатно ќе беше слично, зошто Jupiter Ascending би му дошло нешто како научно-фантастичната варијанта на 50 Shades of Grey. Барем што се однесува до квалитетот на кастингот, нарацијата и сценариото. Што ли си мислеле братот и сестрата Вачовски кога го пишувале ова ѓубре? Делува како целата приказна и сценарио да е смислувана додека се рендерирале специјалните ефекти. Има некаква идеја што можеби носи некаков потенцијал, меѓутоа некаде удриле ѕид во пишувањето, па развојот запрел баш таму. Остатокот е само развлекување, клишеа и повторување на едните исти ствари. И, многу ликови кои изгледаат како да се тука само за да се заокружат два саати. 


Jupiter Ascending оди надолу уште од самиот почеток. Уште во првата сцена ми стана јасно колку е Мила Кунис промашена за улогата, а кога ќе затворев очи задремувајќи и ќе и го слушнев гласот и глупавите муабети, се препотував од болка. Мислам, заќути Мег. Ја сакам Мила Кунис, ама тука не се ни труди. Ама, кој и да беше на нејзино место во улогава, ќе поминеше исто. Чејнинг Тејтум е веројатно избран да оди во прилог на женската публика која ќе се надева дека ќе ужива во филм каде главниот херој е женско. Хемијата меѓу двајцата е непостоечка. Да не е постерот погоре и неколку евтини реплики, никогаш немаше да сфатам дека замислата на Вачовски била ликовите на Мила Кунис и Ченинг Тејтум да се некако романтично инволвирани. Никаде го нема тоа, не можев да го видам. Шон Бин е изгубен во морето глупости до степен да тотално го забораваш дека е тука кога не е во кадар. 

Гледам дека негативните критики за филмот ги балансираат аплаузите за специјалните ефекти и кореографијата на борбите. Освен неколку океј кадри и вонземска архитектура, не видов ништо што друго што ќе ми ги оправдаше овие два саати. Чејнинг Тејтум со вселенски анти-гравитациони ролшуи не ми е некако импресивно. Ако си фан на Мајкл Беј, може ќе ти потече некоја грозна лига, сепак. Не знам како некој може да го споредува ова Star Wars, читав и такви глупости. Со приквел трилогијата, да, веројатно. John Carter беше сто пати повеќе Star Wars, па не ги добиваше споредбите.

За среќа, евентуалните планови на Вачовски за франшиза од ова дно, запираат тука. Никој не го бара следниот The Matrix од нив, ама па никој не заслужува да биде изложен на ваков шунд. И, не. Не е лабавиот филм што мислев дека ќе биде. Има разлика меѓу лабави филмови што ќе ти утепаат некој саат дур си спружен со сите четири во вис, и има вакви на кои што го поместуваш даљинското подалеку од тебе за како не би фрлил кон телевизорот директно во глупостите што ги гледаш.

April 25, 2015

Стиховна гимнастика

Тоа што вчера се случи на Саем влегува во историјата на домашната музика. 15 години јубилеј на едно од најбитните изданија на сцената и сосема возможно, последниот концерт на САФ во следните неколку години. Како некој што не е рапер и многу, многу покасно ја открил големината на САФ, ќе си земам право да зборам за настан што веќе остави длабока трага во градов. САФ во полн состав. Прв таков настап од 2008 на "Фонетика", каде што ја имав таа, денес очигледно привилегија, да бидам присутен, ама едвај го памтам тоа, поради... младост. Битно се сеќавам како на импровизираните шанкови вадеа цени од г'з за топло шкарт пиво, ама тоа е друга тема.


САФ го наполнија Саем. Петтата хала. По сигурно пола саат гужвање и вдишување туѓи мишки пред врата, безбедно влеговме внатре каде што имаше слична атмосфера. Цел град и пошироко, сите генерации на едно место. Тие што растеле пред, со САФ и деца родени после Сафизам. По задоцнување кое не беше баш страшно зошто имаше уште луѓе што чекаа надвор и некултурно исвиркување на гостинските диџеи како тие да се криви што обезбедувањето на врата е полу-способно, САФ ја завземаа сцената. Тапа си некад публико, закон беше Mr. Dirty Hairy, башка отвори со "Silent Flight" од The Four Owls.

САФ почнаа да го пичат цел Сафизам, со енергија што си ја гледал некогаш, дали во живо, дали на видеата од концертите пред петнаесет години, како никогаш микрофоните да не им фатиле прашина. Смилен згрми од фотељата на претседателскиот емси со снага што буквално го поместуваше подот во загушливата хала каде единствената "вентилација" беа перките на дронот што повремено леташе над публиката. Мите имаше перфектна комуникација со присутните и емоции кои ги износталгичарија повозрасните. Дури и Гоце го чувме како рецитира! Оддадоа почит на Уличен Ритам и Чиста Околина, а го предаваа микрофонот и на помладите колеги од Легијата кои своевремено ги инспирирале до степен за да денес се достојни да делат сцена со нив.

Феноменален концерт. Веројатно најдоброто нешто што му се случило на Скопје годинава. Се надевам ова ќе ги инспирира за некаков камбек, иако и самите си кажаа зошто не би можеле да творат на тло на кое не се одамна присутни. И без тоа, остануваат најкултното хип-хоп име на домашната сцена, позиција што вчера докажаа дека ќе ја држат и во годините што следат.

Фала САФ за вчера, и општо за сè. Се надевам само дека за петнаесет години Сафизам нема да звучи како тесктовите да се пишувани од лани навака, туку ќе може асално да си остари. Не дека ќе се промени статусот на самиот албум, туку ќе биде малку тажно.

April 22, 2015

Бесплатна игра на месецот: Strife

Денес, кога веќе никој не се сеќава на Heroes of Newerth, S2 Games повторно се обидуваат да се пробијат на MOBA сцената со нова игра. Strife можеби и не е толку нова, во отворена бета е од август минатата година, меѓутоа ново е тоа што месецов е достапна и на Steam. Обично ретко се залетувам по нови MOBA игри, освен кога се инспирирани од DC Comics или ме асоцираат на Torchlight во период кога сум сериозно навлечен на Torchlight. Ова е плач за помош. Така Strife, со графиката која ужасно потсеќа на Torchlight, ме натера да ја симнам и да ми потроши триесетина саати последниве две недели. И, ова е плач за помош. 

Некаде пред Hearthstone да го донесе новиот тренд на игри со карти кој е моментално актуелен, еден куп компании се тепаа да ја извадат следната League of Legends. Веќе кога обидите почнаа да стануваат смешни со неиновативноста, се појави Dota 2 да ги неутрализира, но во исто време да постои и со гигантот League of Legends. Денес се најголемите MOBA игри, реално без некоја сериозна конкуренција, па дури ни Heroes of the Storm


Чудно е тогаш што бара Strife тука, нели? Ноуп. Strife доаѓа со најдобрите ствари (океј, ова е лична преференца) од двете игри, ја има истата мапа, триесетина херои за секаков начин на играње и неколку детали кои направија ова да ми биде третата опција. Dota 2 никогаш не ме завлече како кецот, веројатно поради новиот начин на играње на кој ме навикна LoL во годините додека конечно излезе, a LoL... LoL веќе не ми го клати чамецот како порано. Strife е баш тоа освежување што малку ми го врати ќефот за жанрот. 

Ги спомнав ситниците што ја прават пријатна. Прво, има петови. Секој пет доаѓа со три спелови, од кои еден може да го активира играчот и е наменет за одредена ситуација (нешто како summoner spells во LoL) , додека другите два се пасивни и нема потреба од интеракција на играчот. Генерално, петовите не прават ништо освен што трчаат по играчите, не можат да бидат таргетирани, ама се убава репрезентација на тој "задолжителен" спел што не доаѓа од херојот што си го избрал. Сите херои се отклучени и не постои ротација и опција за нивно купување, па собирањето на овие десетина петови е со валутата што ја добиваш после секоја партија.


Освен ако не штедиш за крафтање на уникатни ајтеми. Да, Strife има систем со кој секој ајтем достапен во играта може да биде појачан и прилагоден според твоите желби и потреби, достапен за купување со златото кое го делиш со другите играчи во секоја партија. Ќе ти го донесе нешто што личи на верверичка, зошто Strife користи курирче како во Dota 2. Спомнав дека има регенерација на HP/MP додека си надвор од борба? Мапата има и два главни NPC-ја кои тимот може да ги убива за буквално да истури хаос врз противникот. Скоро секогаш многу битни за предност и победа, а многу поинтерактивни од Roshan и Nashor. Слично вакво имаше и во Heroes of the Storm.

Целта на Strife е и да ја намали токсичноста на заедницата. Поради тоа што нема класично фармање и пцуење првородено дете за кој последен удрил крип и чет со непријателскиот тим, значително се намалени активностите на дебелите деца од Полска. Скоро и да не сретнав ништо такво до сега. Има играчки со руски имиња и руски јазик на тимскиот чет, ама не се толку неподносливи идиоти што ќе ти ја заебат партијата. Партијата најчесто се заебува ако некој се исклучи пред време, што беше честа појава првите неколку партии. Сега е океј, тие што само ја пробуваа играта на две минути и се гасеа веќе ги нема. 


Хероите се интересни, скоро сите што на почетокот ги пробував по случаен избор испаднаа добри. Полесни се за играње за разлика од другите игри. Мислам дека и со го најдов страјфскиот Malzahar, се вика Fetterstone. Само што е дебел и со пиштоли и нема никаква врска со Malzahar.

Strife ќе има добра иднина. Барем подобра од другите MOBA игри кои пробаа да застанат пред Dota 2 и League of Legends. Уште е во бета, така што некои работи допрва ќе бидат полирани, бар оние за кои кенкаат во некои рецензии, а јас не сум ги приметил. Секој ден расте заедницата, во подготовка се нови херои, има и сингл плеер кампања (сингл плеер кампања!) и работи на Windows, Linux и Mac OS X. Само за селаните со конзоли нема верзија моментално. Веќе има и лига доминирана од неколку кланови, на која можеш да си ја гледаш статистиката додека си мантраш дека ова е "само игра".

April 18, 2015

Околу Batman v Superman: Dawn of Justice

Откако процури верзија на тизерот за Dawn of Justice снимана со тамагочи, WB касно ноќеска пуштија и официјална верзија каде што брадата на Бен Афлек и сомнителните актерски способности на Хенри Кавил може да се видат во висока дефиниција. Види, овие две минути се океј. И, искрено, многу би сакал да можев да ги проширам зениците во транс и воодушевување. Не можам. На една минута го гледам Бен Афлек наместо Брус Вејн, па го гледам Супермен и се присеќам на разочарувачкиот Man of Steel. Ми текнува дека таму некаде се Вондер Воман и Аквамен


Јасно е дека ќе те допре малку очигледната инспирација од The Dark Knight Returns. Пушката на Бетмен и егзоскелетот, кадарот кога Супермен слетува пред него спремен да му го скрши стариот газ... Самото соочување на овие двајца херои на филм е историско, но не мора да значи дека историјата ќе го запамти како добро. Верувам дека се вложува труд да не биде комплетно хаотично срање и дека овојпат можеби знаат што прават, меѓутоа многу фактори не ми дозволуваат да имам поголеми очекувања од овие. Секако дека ќе се нацртам во кино, се надевам до тогаш со отворен ум, кој ќе чекам Dawn of Justice да ми го разнесе на било каков начин.

Колку и да е ова подлога за Justice League филмот, пак се некако многу ликови кои ќе треба да ги претставиш. Доволно за публиката да ги запознае на филм, а не премногу за да почнеш го гушиш универзумот кој претендира да го "прокрвари" Марвеловиот. Прва работа што очигледно е сомнителна уште на сам старт е кастингот. Некако ќе го преболиш Бен Афлек, може овој пат ќе биде подобар од што беше во противничката банда со Дердевил, Џеси Ајзенберг како Лекс Лутор, ама што правиме со Вил Смит во Suicide Squad? Не значи дека ако еднаш им се посреќи со Хит Леџер дека пак ќе се случи истото, нели?

Batman v Superman: Dawn of Justice излегува во март 2016. Баш кога презаситувањето со суперхеројски филмови може да ми ја достигне критичната точка.

April 16, 2015

Дома сме.

Океј, океј. Бобо, во ред е. Сега кога прекинав да хипервентилирам и ја смирив ерекцијата, мислам дека можам да напишам нешто кохерентно. Новиот тизер за The Force Awakens, а? Ова се тие ствари што те удираат директно во носталгијата. Те поместуваат од место и те маваат кај што си најсреќен. Бришеш семе и солзи, па пушташ пак. Дома си. Во твојот Star Wars. Знаеш дека не смеат да го заебат овој пат. Имаа време да научат како. Барем веруваш во тоа, во фиктивни ликови што пола не ги ни знаеш, и ти е гајле колку изгледало тажно од страна, зошто ти е топло во градите и си налудничаво окезен. 


Мелодрамата настрана, тизеров, трејлеров или како и да милуваш да ги наречеш овие минута и пол, е тоа што чекав да го видам од моментот кога оние 88 секунди направија милиони луѓе да го задржат здивот во исто време. Она што ми е интересно е што гласините околу The Force Awakens за кои пишував повеќе пати, испаднаа точни. Имаше неколку описи на трејлерот, препоставувам целосниот што допрва ќе треба да се појави, меѓутоа во вториов тизер се поклопуваат многу ствари. Една од најраните сцени што се раширија како гласини беа уништениот шлем на Вејдер. Некаде ја имаше и репликата на Соло на крајот, така што, ете. Ако крајот на The Force Awakens се поклопи со еден гнасен спојлер што го знам, филмот ќе добие уште поголема емотивна тежина. 

Визуелно изгледа природно. Природно во однос на тоа што денес можам да го очекувам од Star Wars од технички аспект, и природно во смисла на она што мислам дека треба да биде Star Wars. The Force Awakens полека почнува со маркетингот на овогодинешниот Star Wars Celebration, така што ако сакаш да избегнеш, веројатно единственото решение е пештера. Во планина. Уште сабајле се пуштија во оптег некакви промо материјали, а го има и првиот постер кој моментално е само лого со ѕвездена позадина. Се откриваат и ликовите, веќе сите имаат имиња. Пустинската планета на почетокот? Не е Татуин. Џаку (Jakku) е. Иако изгледа... исто. Мислам, најмалку е битно тоа, веројатно сметале дека нема поента да ја експлоатираат митологијата до тој степен. Хехе, најексплоатираната франшиза во историјата не сака да експлоатира имиња. Слепо го бранам деталов, освен ако пресвртот не е дека шумата и водата се на истата планета.

Да не се замуабетувам, ќе има кога. Сега може да почне да се одбројува до декември.

April 13, 2015

Daredevil, најдобрата серија за 2015

Како совршено се погоди ова за продолжен викенд, еј. 13 епизоди, на неколку пати, без гледање на саат. Доволно маратонски за да осеќам дупка во стомак. Или едноставно, зошто ми се потроши најдобрата серија што ја гледав, и веројатно ќе ја гледам до крајот на годинава. Серија чија големина и квалитет потсеќаат на Breaking Bad, True Detective или The Wire. Не ме гледај така, ни јас не очекував нешто вакво. Се надевав дека барем нема да ме разочара, а добив нешто што интензивно ќе ми го окупира паметот  во следните неколку недели. Реалната споредба и начинот на адаптација на стрип, повеќе оди во контекст со Бетмените на Нолан, меѓутоа квалитетот на самата серија и она што го предизвика кај мене е слична на тие што ги набројав погоре. 


Додека го чекаш Гордон да порасне брк во Gotham или се восхитуваш на шеширот на агентката Картер, Нетфликс собрале храброст да ја направат најсуровата и најмрачната адаптација на Марвелов херој до сега. Нешто што сигурно би ја поместило границата и начинот на правење вакви ствари, да не беше поголемиот дел од публиката заслепен од останатите, веќе шаблонски, суперхеројски шаренила кои ти се сервираат повеќе пати годишно. Но, Daredevil не е добро само затоа што е различно. Низ целиот тој реализам во извалканиот Њујорк, има ликови чиј развој е феноменално изведен, дијалози што не ги пишувалa група ментално предизвикани бабуни (пинг The Flash), и кастинг што ќе го натера Роберт Дауни Џуниор да си ја почеша главата. Колку и да блеска Чарли Кокс како Мет Мудрок тука, Винсент Д'Онофрио упорно успева да го засени на моменти. Доколку има потреба од Кингпин во било што од следните адаптации, мислам дека веќе имаат избор кој нема логика да биде заменет. Одличен е секоја секунда, во секоја сцена. 

Daredevil ми е најдобрата приказна за зачеток на херој од Batman Begins навака. Не само што има црни пижами наместо црвен панцирен костум, туку созрева заедно со грозниот свет кој се обидува да го направи подобар, и покрај тоа што го гледаме директно во акција. Но, упорен е во тоа што го прави, без оглед на тоа колку пари ќе се најде претепан и во животна опасност. Паралелно со него, го гледаме и издигнувањето на Кингпин од сенката од која ги влече конците во цел град. Сите ликови прават моќна целина, опфаќајки различни аспекти од митологијата на Дердевил која ми беше позната претходно. Го има Стик, слепиот експерт за борчеки вештини кој му го пренесува занаетот на Мурдок, го има Бен Јурик, новинарот што ги истражува криминалите во Хелс Кичен, па дури има верзија на Night Nurse која ги крпи раните и исекотините на Човекот без страв. Нарацијата е со прикладни флешбеци кои нема да ти остават ниту една точка неповрзана. 

Во ниту една друга адаптација на Marvel не сум видел толку крв и црева. Ни во The Punisher. Не е Spartacus, меѓутоа тоа што го има тука нема да го видиш со деветгодишното внуче во Guardians of the Galaxy. Кореографијата на акционите сцени те остава со подотворена уста. Уште во првите епизоди, има една таква долга сцена во еден кадар што ќе ја памтиш како брканицата во True Detective

Се надевам дека Нетфликс нема да сопрат тука. Колку и да се овие 13 епизоди фина целина, има уште многу Дердевил што сакам да го видам. Тек почна на крајот, зошто да заврши тука? И, кога сме кај пустиве желби, сега сум сигурен дека сакам да видам ваков Панишер. Во епизоди. Гнасен и без грам милост. Баш како што заслужува господинот Френк. Но, до тогаш, Нетфликс спремаат уште три серии за Marvel ликови кои не се супер-војници од минатото и мултимилионери со научно-фантастична технологија. Бев решен да ги скокнам, ама после ова мислам дека ќе добијат шанса.

April 12, 2015

Првите два броја на Descender

Овој нов одличен СФ наслов на Image Comics скроз случајно ми заврши во раце. За целата галама околу Descender дознав дури откако го завршив вториот број. Критиките се оправдано позитивни, Џеф Лемир ги заслужува сите аплаузи, а потенцијалот на Descender го препознале и Sony, обезбедувајќи ги правата за филмска адаптација. Очигледно е дека и публиката го одобрува, така што верувам дека ќе следуваат уште многу, многу броеви. Првиот број успеа да ми го грабне вниманието со првите неколку страници, па вториот веќе го листав со онаква детска возбуда. Нема поубаво чувство од она кога толку пријатно ќе се изненадиш од нешто вакво што никако не си го очекувал. 


Десет години пред главното дејствие во Descender, секоја од деветте главни планети од Обединетиот Галактички Совет е нападната од огромени роботи (The Harvesters), чие потекло не можат да го откријат ни најдобрите научници. По бруталниот напад, големите машини исчезнуваат, оставајќи ги цивилизараните светови во руини и страв од сопствените роботи на кои претходно удобно се потпирале. Стравот од поврзаноста помеѓу "домашните" роботи и мистериозните метални титани, го прави секој андроид создаден од човечка рака нелегален и предмет на насилно масовно истребување. Десен години по нападот, во некоја далечна вукојебина, се буди TIM-21, андроид со детски лик, оргинално создаден како пријателски придружник на човечки деца. Тим и уште едно мало роботче што би требало да е некакво домашно милениче, Bandit, се затекнати како единствените преживеани на колонијата, опколени со лешови и еден куп прашања. Прашања за кои како читател, имаш многу малку одговори. 

Додека Тим и Бандит се обидуваат да откријат што се случило, веќе се најдени од група ловци на роботи кои воопшто не се пријателски расположени. Пресвртот доаѓа во моментот кога ќе се открие дека уникатниот "роботски отпечаток" на Тим се поклопува со оној на роботите одговорни за незавидната ситуација на познатиот универзум. 

Descender блеснува во вториот број. Додека Тим и Бандит бегаат од групата ловци, паралелно одат флешбеци кои го објаснуваат потклото на Тим, неговата човечка фамилија и природа. Страници на кои не можеш да не се поврзеш со ликот и да навиваш за него, без разлика што група разбеснети платеници се обидуваат да го уништат. Очигледно е дека евентуалната поврзаност со нападите е нешто за кое Тим и не е баш свесен. Или можеби е, меѓутоа за тоа и било какви одговори ќе треба да чекам цел еден месец.

Сценариото на Џеф Лемир е беспрекорно, а акварелните цртежи на Дастин Н.. Нгај.. Ен.. како и да се изговара, го прават целото уживање уште поголемо. Се надевам дека и понатаму Descender ќе го задржи овој визуелен стил, зошто некако почовечки го прави целиот овој свет уништен од машини. Почит за Image Comics и целата екипа зад Descender, си добија верен читател на уште еден наслов.

Види такоѓе:

April 11, 2015

Назад на Torchlight II

Корејците ги имаат најубавите ММО игри. Мислам, освен кога го изразуваат фетишот кон цицлести шаренила со ангелски крилја. Добар дел од нивните продукти се преведени и за западниот пазар. Доаѓаат со закаснување, багови и ужасен гејмплеј, ама бар изгледаат фино. Еден пример што веројатно ќе треба да го почекаме до следната година е Lost Ark Online. Стандарден акционен RPG, кој прави Diablo III да изгледа прилично 8-битно. Рано е да се зборува за Lost Ark Online и дали ќе биде најдобриот акционен RPG до сега, зошто ниту во Кореја не е почната бетата. Не гледам ништо ново што ќе е подобро од ова, па да речеме дека ова е тоа што ќе го однесе жанрот некое ниво погоре. Нека позбори видеото околу тоа. 


Исхајпан од Lost Ark Online, барав нешто слично за кликање. Diablo III ја пропуштам упорно на секој попуст до сега, Path of Exile ми здосади, па се сетив на Torchlight II. Со години одбројував до датумот на издавање, направив приордер, им ги колнев фамилиите секогаш кога ќе ја одложеа, а на крај кога конечно излезе, почна да ми фаќа прашина после неколку изиграни саати. Секогаш кога ќе видев како стои така тажно, ми паѓаше глупо. Пред недела дена ја инсталирав со намера да покликам некој саат колку да не почнам да одбројувам и за Lost Ark Online. Сега сум со петнаесет изиграни саати од тогаш и мраз на отечените прсти. Продолжив да го играм Outlander-от од пред две и пол години. Само што го почнав Act III, што значи сум негде по пола. Навлечен повеќе од било кога и изненаден како сум бил тргнат од играта толку време.

Да сум мислел тогаш што правам со изборот на спелови, немаше да губам толку време на умирање од малку поголема група на непријали, ама така играта ќе ми беше многу полесна. За жал, нема опција ги ресетираш комплетно дрвата со скилови, така што ќе морам да ја завршам сега со целиот голд потрошен на напитоци за преживување. Ако во Act III или понатаму има нешто како The Luminous Arena, ќе ми требаат сигурно уште петнаесет саати.

И, што се случило со Runic Games во меѓувреме, бе? Двајцата од главните фаци си отишле да прават своја компанија за игри. Очигледно ќе помине многу време додека видиме Torchlight III или ММО-то што го ветуваа додека работеа на двојката. Или било што друго што наводно тајно го развиваат во моментов. Path of Exile може пак да е следниот акционен RPG фикс за мене. За неколку денови почнува бета-тестирањето на новиот Act/експанзија, Awakening

April 9, 2015

Daredevil на Френк Милер

Daredevil серијата излегува овој викенд. Имам некаква верба во ова, особено по последните трејлери, така што искрено се надевам дека нема да ме оќори со глупости. Пред да почне да ми ги цеди овие неколку додадни слободни денови, излистав некои стрипови колку да си ја освежам сликата. Кога доаѓа време да држиш Дердевил стрип во раце, веројатно Френк Милер е логичниот избор. Зошто? Па, ништо посебно, освен тоа што го има спасено стрипот од пропаст и неговите ангажмани околу ликот се влезени во историја како најдобрите Daredevil приказни. И, ја има измислено Електра. Го немам читано целиот Daredevil што го има напишано, веројатно треба, ама за сега би предложил двa сериозно квалитетни примероци од опусот што вреди да се грабнат доколку сакаш да навлезеш во ликот.


Daredevil: The Man Without Fear (1993) e можеби најдобриот наслов за зачетоците на било кој херој. Краток мини-серијал, пет броја, надвор од редовниот тек на Daredevil стриповите. Милер оди назад во детството на Мет Мурдок, син на боксерот и самохран татко, Џек Мурдок. Животот во Хелс Кичен не е баш најсјаен. Мет е често малтретиран од децата во школото и околината, додека татко му од мафијата за која работи. Во обид да спаси слеп старец од залетан камион кој превезува радиоактивен отпад, Мет наебува во целата ситуација, ослепувајќи трајно од истурените буриња од камионот. Мафијата подоцна го убива татко му, па Мет Мурдок е поприлично затекнат во незавидна ситуација. The Man Without Fear феноменално го проаѓа целиот тој пат на Мет Мурдок до она што го знаеме денес за адвокатот кој навечер дели правда во црвен костим. Тренирањето со Стик, слепиот сомнителен старец кој му е некаков гуру, факултетските денови и пријателството со Фоги, запознавањето на Електра, желбата да се справи со криминалот и неправдите, како и воведувањето на Кингпин како главен душман. 

Во The Man Without Fear се појавува и оној црн костим, ако воопшто може да се нарече така, каков што може да се види во трејлерот за серијата. Не сум сигурен колку серијата ќе позајмува елементи од ова на Милер, меѓутоа материјалот е одличен како подлога. Мотивите на Мет Мурдок се детално обработени, приказната е крајно емотивна и е школски пример за создавање на ликови. На самиот крај од стрипот, конечно го гледаш црвениот костим на Дердевил кој за жал, самиот тој не е способен да го види и се надева дека изгледа добро. Според продуцентите, во серијата облекувањето на костимот исто така ќе оди постепено. Веројатно нема во последната сцена? 

Неколку години пред The Man Without Fear, како дел од редовниот серијал, Милер, заедно со Дејвид Мазучели го создаваат Born Again аркот, составен од седум броеви. Тука ликот е веќе поставен, Кингпин е исто зацврстен како неговиот најголем непријател, а очигледно на Милер 1986 му се погодила како најдобрата годината во неговата кариера. Да, тоа е годината на The Dark Knight Returns. Во Born Again, Кингпин го дознава идентитетот на Дердевил (го предава бившата девојка) и решава да го уништи на секој можен начин. Да го скрши до степен да изгуби секаква надеж. "Човек без надеж е човек без страв". Една од оние мрачни приказни каде херојот паѓа на тврдото дно пред да се издигне. Милер тука покажува како мајсторски умее да работи со Дердевил. Да навлезе длабоко во она што е под маската, да го сврти наопаку и да го срамни со земја пред да го прероди на крај. Не е Batman R.I.P. на Daredevil, ама има фин завршеток со Авенџерс и Кеп.

Следно за читање ми е Guardian Devil на Кевин Смит. Пробав да ги листам и новите Daredevil стрипови од 2014, ама некако не ми кликнаа баш најубаво.

Види такоѓе:

April 4, 2015

Batman vs. Robin (2015)

Поучен од минатиот пат кога се кладев на Son of Batman и завршив разочаран со наведната глава, очекувањата за Batman vs. Robin ги сведов на минимум. Кога ја листав филмографијата на Џеј Олива, се присетив на Assault on Arkham и умрев уште малку во себе. Океј, колку може да полошо ова? Зар може една од најдобрите Бетмен приказни во поновата историја да добие таков мрзлив неквалитетен третман? Свето лилјачко лајно, Бобо! Изненадување, изненадување. Batman vs. Robin не само што не е лош, туку ми е и најзабавниот анимиран филм со Бетмен во него од The Flashpoint Paradox навака. Не знам дали самиот Џеј Олива се сеќава дека го режирал Assault on Arkham, ама јас дефинитивно пак го заборавам после ова. 


Првото појавување на Court of Owls надвор од стриповите. Колку и да бев со спуштени очекувања, не верувам дека сум целосно објективен за нив тука. Меѓутоа, го следев филмот претпазливо од сенка, спремен да го неутрализирам при првиот неподнослив момент. Приказната е само делумно базирана на ремек-делото на Снајдер и Капуло, но деловите кои се позајмени се доволни за да има мазна нарација, па разликите од изворниот материјал фино се вклопуваат. Или јас потсвесно го пополнував дупките со сеќавањата од стрипот, кои сигурно ги има. И, покрај тоа што делува како некој само да им раскажал на продуцентите за Night of the Owls за да стекнат некаква груба идеја, Batman vs. Robin успеа да ме задржи до самиот крај, скоро без нервози.

Демијан е многу поподнослив од последниот пат кога беше анимиран, дури и односот со Брус и Дик му е многу "понормален". Не верувам дека некогаш ќе го видиме ликот како што Морисон го има замислено, но ова тука е прилично океј варијанта. Можеби не е најсјајно, ама е доволно ако не веруваш во чуда. Гласовите се скоро истите од Son of Batman, со тоа што на кратко се појавува и гласот на Кевин Конрој, колку да те потсети колку Џејсон О'Мара звучи инфериорно како Бетмен во споредба со него. Не знам зошто форсираат нов актер за Бетмен/Брус Вејн? Толку ли е голема разликата во цената или Кевин Конрој има некакви други ангажмани за кои сум чул? Не верувам дека сакаат самo "да освежат", зошто Конрој на никој никогаш нема да му здосади. 

Анимацијата веќе ја навикнав, така што не ми пречи воопшто. Единствено нешто што приметив, односно што не приметив, е музиката. Освен ако не одела на некоја фреквенција што моите човечки уши не успеваат да ја фатат. А, и да. Филмот изобилува со графички, насилни сцени, така што е совршен за деца растени надвор од стаклени ѕвона како што растевме ние.  Се надевам дека ова не е крајот на Court of Owls на ваков медиум. Приказната е доволно богата и комплексна за да може да се обработува и понатаму. Иако Batman vs. Robin успева некако да ја заокружи, верувам дека секогаш има простор за повеќе. 

Види такоѓе: