Супер
ми се новиве ретро игри базирани на големи франшизи. Не ми
смета колку и како ја експлоатираат носталгијата на мојата генерација, сѐ додека се квалитетно спакувани. Tribute Games со Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder's Revenge докажаа дека може да бидат многу повеќе од лесни пари, а истото тоа студио неодамна ја скоцка и Marvel Cosmic Invasion за која сакам да муабетам во некоја следна прилика. Излезе дури и The Phantom, ама ја пропушти приликата да се дотера како да е од флиперница, па некако ја заобиколив.
Во меѓувреме, Bitmap Bureau работеа на две игри со старошколска естетика. He-Man and the Masters of the Universe: Dragon Pearl of Destruction сигурно ќе ја почекаме уште некое време, ама на крајот од 2025 конечно излезе Terminator 2D: No Fate на која и најмногу ѝ се стрвев од сите овие. Од самите најави и трејлери беше очигледно колку грижливо е пристапено кон изворниот материјал, а како некој што истиот го смета за најдобриот акционен филм некогаш снимен, едвај чекав да дојде на ред.
Играта практично го зема целиот спектакл од Terminator 2: Judgment Day и го препакува во аркадна пуцачина. Припазува на сите жанровски прописи, со неколку инвентивни излети од стандардното трчање и пукање кои опфаќаат различни ликови и сегменти од филмот, ама и не се стега да ги покаже сеприсутните влијанија од наслови како Metal Slug и Contra. Ако веќе правиш ваков тип на игра, неизбежно да црпнеш нешто од овие гиганти. Омаж е на ерата во која Terminator 2: Judgment Day е тазе, па елементите од кои е изградена се промислени и пасуваат соодветно. Ништо од тоа како е дизајнирана и стилизирана не делува присилено или ко дериват. Пак се осеќа дека е модерна, ама беспрекорно го емулира чувството на ваквите стари игри.
Во ниеден момент не пропушта да е забавна. Како и самиот T2 нели. Цела е полна и разновидна, не е само филмот преправен во игра сцена за сцена. Има и стази што не се директно базирани на постоечки сцени, туку потекнуваат од дешавки што се само спомнати, а имаат голем придонес за целокупната приказна. Некои се развиени од краткиот сегмент со возрасен Џон Конор од иднината, па имаш прилика да здробиш некоја машина и во таа војна. Одлична им е оваа идеја и некако природно си го наоѓа местото.
Мисиите се разликуваат и механички, во зависност од сродната филмска сцена и ликот околу кој се дизајнирани. Пример, кога бегаш со Сара Конор од болницата, имаш само пендрек и треба да се прикрадеш низ чуварите до излезот. Се потскриваш во отворени врати и се пазиш од безбедносни камери, а повремено и од Т-1000 кој за разлика од чуварите е апсолутно имун на ладни оружја. Мисиите во иднината се класично трчање и пукање. Заедно со нападите на Сара Конор врз објектите на Сајбердајн, се носечкиот акционен сегмент. Има и таму по некое ѕидче или врата за да скриеш зашто играта очигледно си ја сака механикава, ама е прикладно имплементирана без да те успори.
Со Т-800 во барот млатиш бајкери со голи раце, па после со мал Џон Конор на мотор бегаш од Т-1000. Варијацијата на мисии е тамански пласирана за да не бидат едното исто, и покрај тоа што се кратки и самиот дизајн не дозволува да ти се смачат. Секако, играта не пропушта да ти го даде миниганот во рака кога ќе играш со Т-800, па меѓу другото, ќе имаш прилика да изрешеташ и еден куп џандари и џандарски коли.
Terminator 2D: No Fate се грижи за секакви детали. Настрана тоа што фантастично е ремиксуван оригиналниот скор од T2 за соодветно да се вклопи овде, лиценцирана е и музиката од барот. Прво влегуваш и свири тоа кантрито, па откако ќе го лупнеш џубоксот почнува "Bad to the Bone" и го тепаш барменот со шатганот како бос. Многу е јако. Има и еден момент кога со Сара Конор се криеш во болницата што е исто таков впечатлив. Доаѓа Т-1000, разгледува наоколу, тргнува ама нагло се враќа назад, подзастанува и ќе те набоде ако махинално излезеш додека му трае анимацијата. Намерно е за да те заебе првиот пат, ама не можеш да замериш. Таква е напната цела мисија, ти се потат раце. Не можеле да одберат подобар пристап за оваа сцена од филмот, феноменално е адаптирана.
Покрај пукањето и акцијата, Terminator 2D: No Fate има и сосема солиден платформинг. Еден од подобрите левел дизјани каде што ова доаѓа до израз е во лабораториите на Сајбердајн, каде што и можеби имаш најголема интеракција со препреки од самата околина. Скокањето и вертикалната навигација ми делуваа малку круто на почетокот и ме спржи оган неколку пати пред да ми станат рефлексни. Можеби малку подолг којоти тајм би го направил движењето пофлуидно, ама не е толку страшно за да ситничариме.
Пиксел артот е еден од подобрите што сум ги видел во последно време. Многу мајсторски ја прилагодува палетата на боите и осветлувањето од филмот. Анимациите се исто врвни, онака со секое следно играње почнав да приметувам нови моменти што ми се промакнале првиот пат. Пазеле и тука на детали, до степен да можеш да ги приметиш истите гестикулации на самите актери од филмот. Го има и она кога Т-1000 паѓа во стопениот челик и се вртат сите фаци што ги има ископирано.
Се проаѓа за релативно кратко време. Секоја стаза трае само неколку минути, ама се околу петнаесетина вкупно. Ќе ја седнеш на стандардната тежина и веројатно малкуте животи нема да ти се доволни да ја претрчаш од прва, ама со секое наредно ќе конташ што и како може да те убие. Не е брутално тешка, само некогаш бара повеќе од еден обид за да ги видиш сите механики и фази на босовите. Освен тоа, кога ќе ти се потрошат животите те враќа на почеток, без опција за да си избереш стаза. Првиот пат ја завршив за помалку од саат, а видов дека има и Стим ачивмент за петнаесетминутно претрчување.
Затоа и цената е можеби малку мрсна ако не ја начекаш на попуст, вака регуларно кошта некои 370 жетони. Изгледа Терминатор лиценца не расте на дрво. Откако еднаш ќе ја свртиш ти отклучува неколку алтернативни наративни правци кои доаѓаат со по некоја нова стаза. Има и неколку различни модови кои практично се одвиваат на истите места, како и различни тежини, ама воопшто и не е битно затоа што е од оној тип на игри што кога и да ги пуштиш ќе ти биде презабавно. Да го имало ова по флиперници на времето, на клоци ќе ме ваделе.
Се гледа дека со љубов е работено на секој аспект Terminator 2D: No Fate. Баш ми се направи ќеф што во краток период изиграв игри базирани на филмови што ми се меѓу омилените. Мислам дека после оваа и Indiana Jones and the Great Circle, редно е некоја и од онака кратките Arc Raiders или Helldivers 2 сесии да ги трампам за RoboCop: Rogue City. Долго време дреме инсталирана, а упорно си наоѓам некои изговори и трошам време на досадни игри како Shadow of the Tomb Raider.





No comments:
Post a Comment