October 23, 2020

Ashes of Creation е последната надеж за MMORPG жанрот

Се токмам со месеци наназад да свртам некој муабет за Ashes of Creation и сѐ некоја глупост ќе излезеше со играта или студиото. Со оглед на тоа што неодамна пропадна Chronicles of Elyria, една од малкуте најавени поамбициозни MMORPG игри во последниве години, некако ќе беше глупо да се распишувам за нешто што ќе е непостоечко следниот месец. Сличноста е тоа што двете игри се создавани под слични услови, односно Кикстартер кампања, чиј буџет некако испадна пократок во однос на развојниот распон. Ретко кој денес ќе ти инвестира големи пари во жанр кој во живот го одржуваат три-четири игри, а некогаш не се добројуваа. Можеби само New World во моментов е исклучокот за гигантска инвестиција, ама не сум воопшто заинтересиран за таа игра.

Ashes of Creation беше неколку пати на раб на пропаст во досегашниот нејзин век. Парите што ги собраа некако испаднаа кнап, па направија battle royale игра за да дособерат буџет, со изговор дека тестираат механики. Не само што тој експеримент наречен Ashes of Creation: Apocalypse беше финансиско фијаско, туку дополнително ја оштети репутацијата на Intrepid Studios. Голем дел од убликата која имаше фрлено пари на Кикстартер за Ashes of Creation MMORPG игра се осеќаше намагарчено од ваквите battle royale трошки, почна да ја разгорува и онака негативната атмосфера околу играта создадена од неможноста на Intrepid да испорачаат нешто поопипливо и после години. 


Со никаквиот прогрес на уште еден сличен Кикстартер наслов, Pantheon: Rise of the Fallen, а и пропаста на Chronicles of Elyria, Ashes of Creation никако не придонесе за заедницата да си ја врати довербата во овој тип на финансирање MMORPG игри. Иако ризикот е апсолутно јасен кога станува збор за краудфандинг, не се многу тие што после неколку вакви неуспеси ќе се потрчаат да фрлат пари на нешто што нема да го дочекаат ни после пет години. Ashes of Creation во еден момент најде и издавач, ама и со него се баталија за сега Intrepid да се потпрат на самите себе. 

На мое огромно изненадување, студиото некако успеа да ја врати играта на оригиналната траекторија и тоа сред пандемија. Сериозно, не можам да се начудам и нарадувам на храброста и посветеноста на тимот на Intrepid што наместо да го батали целото ова, седна, засука ракави и се фати да работи. Од буквално никаков материјал од самата игра или информации за состојбата на развојот, почнаа конечно да покажуваат видеа и стримови со функционален гејмплеј и се спремни за првото алфа тестирање во декември 2020. Види, можеби работеле со истиот интензитет и изминативе години, ама никогаш не покажуваа доволно за играчите да се убедени дека навистина постои нешто повеќе од прототип и демо концепти. Кога ќе пропаднат игри на студија што исто биле така затворени и таинствени, сомнежот е сосема оправдан. 

Конечно, што е всушност Ashes of Creation, зошто да си возбуден како мене и кои беа амбициите чиј капацитет за малку ќе ја пропаднеа компанијата? Значи, Ashes of Creation е MMORPG со огромен отворен свет и разни фантастични раси, магии, чуда - прилично стандардна формула видена многу пати, ама! Светот во Ashes of Creation е можеби најдинамичниот до сега. Не е постојан и статичен како во другите слични игри од жанрот. Имено, секоја територија има нешто што се вика 'nodes'. Да ги викаме ноудови или јазли? Ајде нека се ноудови тогаш. Пази сега.

Секој таков еден ноуд преставува некакво населено место во таа територија. Пример, примитивен камп со шаторчиња каде што ти како играш одиш да земеш некакви си квестови кои ќе те испратат на следната авантура. Со секоја активност што ја правиш во територијата каде што се наоѓа тој ноуд, придонесуваш за неговиот развој. Ти, јас, сите играчи што сме таму - сѐ што правиме околу го левелира тој одреден камп. Кампот прераснува во мало село, кое нуди нови активности. Колку повеќе играме, толку побрзо нашите активности го развиваат во нешто поголемо. Прераснува во гратче, па тоа градче во огромна метропола. Секоја фаза на тој ноуд отклучува нови нешта и активности, како рејд инстанци и слично. 

Бидејќи играта вклучува повеќе различни раси, архитектурата на развиениот ноуд припаѓа на расата која најмногу придонела со активности. Премногу е јако ова, нели? Знам. Е, сега што се случува кога нешто ќе биде развиено до конечната форма? Па, ќе може да биде уништено во опсада од други играчи или трети сили. Тоа што си го изградил ќе мора да го браниш ако сакаш да ти трае. Концептот е предобар и затоа разбирам зошто на Intrepid им требаше толку време за технички да го изведат. А, не е ни единствениот штос во Ashes of Creation. Има и други работи што се динамични и можат да бидат придвижувани под влијание на играчите. Економија, трговија, целиот свет e планиран да овозможи огромна слобода која пример игри како World of Warcraft можеби никогаш нема да ја дочекаат.

Искрено стискам палци да успее ова. Системот на ноудови е комплексен и звучи зависен од бројот на играчи, а тоа пак е зависно од ефикасноста на системот и колку ќе успее да е интересен и разнолик. Ми доаѓа RIFT на памет со огромниот број на рифтови, инвазии и што уште не, ама пак таа механика беше значително помала од оваа што Ashes ја ветува. Се надевам дека Intrepid не штеделе на арт тимот за да не мора секогаш фазите на развој на еден ноуд да се идентични. Ете, замисли сме Орки што почнале да развиваат мали колиби во некаков џиновски град и ни го срушиле некои Гноми гнасни. После месеци го градиме пак и изгледа идентично како претходниот. Колку пати ќе биде ова интересно? Сакам да верувам дека ова нема да е проблем. Не очекувам процедурално да се генерира, ама барем да не се истите асети секој пат.

Што ќе се случи ако играта падне на 300 играчи еден ден или па некој сервер не успее да собере доволно играчи? Дали развојот на ноудовите ќе биде поспор или ќе биде некако оптимизирано во однос на учесниците? Не сум сигурен дека има одговор на овие прашања моментално, ама ќе почекаме до декември ако нешто успее да излезе на површина од затворената алфа. Возбуден сум. Немало ништо слично на ова, барем не волку големо. MMORPG свет кој секојдневно се менува во зависност од постапки на играчите ми е вечниот гејмерски сон. Никогаш претходно го немам видено волку блиску до реализација.

Ако Ashes of Creation успее да стане прибежиште на доволен број играчи, сигурен сум дека има шанси да го ревитализира жанрот и да поттикне нови наслови што ќе се трудат да се иновативни. Ова е последната надеж за жанрот. Не ни треба нов World of Warcraft клон, ни треба нешто ново, свежо и со проникливи идеи. Нешто што можеби и Blizzard ќе ги инспирира да се исчекорат од удобната неинвентивност каде што се заглавени експанзии наназад. Се надевам дека неочекуваниот камбек на Intrepid стварно го има капацитетот што го презентира последниве месеци. 

Она што може да се види сега од Ashes of Creation е преубаво. Дизјанот и опсегот на териториите, пејзажите, гејмплејот на разните класи и општата естетика е супер-привлечна. Ги гледам стримовите на Intrepid, почнаа да си го полнат нивниот ЈуТјуб канал со содржина. Сето она што не може да се долови со текст, го има таму. Сега кога веќе објавувањето на Ashes of Creation личи повозможно од било кога, може да почнеме со хајпот. Во најдобар случај, ќе има некоја отворена бета некаде во 2021. Моментално пристапот до алфата е прескап, а и местата за првата фаза се веќе пополнети. До тогаш, се надевам дека ќе имаме прилика да ја испукаме барем Corepunk, уште една MMORPG игра што изгледа исклучително забавно, а би требало да се појави бета до крај на 2020.

October 17, 2020

Зараза на месецот: Hades

Не очекував дека мала инди игра може да застане измеѓу мене и актуелниот pre-patch на Shadowlands. Повеќе очекував да ме спречат серверите на Blizzard кои прекинуваат со функција секогаш кога има нова содржина, како што е баш случај и во моментов. Иако игрите на Supergiant се нешто помалечки во однос на оние произведени од гореспоменатите господа, упорно се истакнуваат како џиновски ремек дела. Таков случај е и новиот акционен RPG наслов Hades. Излезе минатиот месец и еве не можам да прекинам да играм.

Сместена во Подземјето од грчката митологија, Hades те става во улога на Загреј, синот на Хад. Загреј упорно се обидува да избега од Подземјето, а и од самиот Хад, со цел да стигне на врвот од планината Олимп. Практично, го играш патот до таму кој е составен од компактни стази чија содржина од типот на присутните непријатели и награди е процедурално генерирана. При секој следен обид да му ја здуваш од задгробјето и напорниот Хад, патот до Олимп е различен од претходниот. 


Што значи тоа нов обид? Значи дека ќе умреш многу, многу пати додека пробуваш да избегаш и дека секогаш играта ќе те враќа на почеток, а и ќе ти земе речиси сѐ што си успеал да прибереш. Во техничка смисла, Hades многу удобно се потпира на елементи од rogue-like жанрот, меѓутоа дебатата завршува со заклучокот дека е сепак rogue-lite, диеталната варијанта на жанрот. Иако знае да ти намести и похардкор сопки, постепено ги балансира предизвиците со моторните вештини кои ги учиш како играч и моќите што Загреј ги стекнува. 

Не е некоја лесна игра, ама никогаш не е ни "ќе го шутнам телевизорот, ќе ти ебам и игра и све" тешка. Не сум љубител на Dark Souls за да го искористам серијалот како бенчмарк, ама еве полесна ми е од Cuphead ако ти значи нешто, на пример. Некогаш непријателите се многубројни, а полабави, некогаш се еден-двајца што ќе ти зададат незаборавна болка во газ, а некогаш ќе успееш да пројдеш стаза и нема ни да приметиш кого сѐ си распукал со штитот како некојси древен грчки супер-војник. Како ќе ти се погоди. Повремено ќе гинеш и во ситуации за кои си сигурен дека имаш вистинска стратегија.

Но, награден си кога ќе умреш. При секој пропаднат обид да избегаш од Подземјето, вратен си на почеток, во Ќуќата на Хад, каде што те пречекуваат разни ликови од грчка митологија и низ дијалози ти ја движат приказната нанапред. Секогаш кога ќе умреш се случува нешто ново и различно, па така што си на некој начин Hades ќе ти надомести за неуспехот и евентуалните фрустрации. Тепачките и контролата на Загреј е мазна, флуидна и со бројните комбинации на оружја и моќи, никогаш нема да ти се смачи.

Откако ќе се промафташ низ Ќуќата на Хад, ќе збориш со сите со кои можеш да збориш - спремен си за следниот обид. Ако си имал среќа да присобереш некоја валута што не ти се губи после умирање или подарок од некој од боговите и божествата кои ги среќаваш по пат, можеш и малку да се зајакнеш. Играта нуди шест оружја кои постепено ги отклучуваш и надоградуваш, го бираш тоа што највеќе ти одговара и цепаш. 


Најинтересен момент од целата игра ми е механиката со која стекнуваш моќи и подобрувања. Ти траат само за тој обид и ти се губат откако ќе те утепаат секако, ама комбинациите се толку многу што ретко ќе можеш да налеташ на иста или прилика да склопиш иста. Имено, во секоја "одаја", како што Hades си ги нарекува стазичките, може да сретнеш неколку видови на награди кои те прават подобар и ти ја дефинираат стратегијата за тој обид. Немаш класичен "билд". Што и да склопиш ти трае привремено и мора да се трудиш да си максимално ефикасен со тоа што ти е на располагање.

Некогаш тие награди се некакви валути кои може да ги трошиш назад во Куќата на Хад или ако во следната одаја налеташ на Харон кој може да ти продаде нешто корисно. Но, некогаш можеш да налеташ и на божество чиј благодет е избор на една од три понудени моќи. Повеќето од тие богови и божества кои ги среќаваш ти нудат и трајна награда во замена за реткиот нектар, а дополнително и нов дијалог кој ја обогатува приказната. 


Покрај тоа што Hades има супер-заразен гејмплеј, изгледа и преубаво. Сите игри на Supergiant имаат феноменален арт, ама додека не ја играм Pyre, мислам дека оваa ми е врвот. Дизајнот, стилот, цртежите.. Hades на моменти личи како Hercules на Дизни да поминува низ некаков Генди Тартаковски кошмар. Ми се свиѓа и што пристапот им е поуникатен. Многу е лесно во игра инспирирана од грчка митологија да се потпреш на древен грчки стил и играта да ти изгледа како вазна. Apotheon веќе го направи тоа за сите игри и доволно беше.

Прекрасно е да се биде во играва, во секој случај. Амбиентот е неповторлив, приказната е забавна, едноставна, има еден куп хумор и е одлично презентирана. Ќе умреш, ќе си помуабетиш со ликови и ќе си дознаеш нешто ново. Не знам колку од ова е прецизно плански ти се сервира, ама е генијално. Супер е дозирано за и после дваесет и кусур саати приказната уште да не ти ја раскаже. Некогаш не мораш ни да умреш, ќе го сретнеш Сизиф или некој друг случајно по пат и ќе ти дополнат некој детал. Музиката е врвна исто, баш додека го пишувам ова ми свири саундтрекот и вака надвор од игра ми звучи уште подобро. Тука е можно да чув и бузуки во повеќе наврати, не знам. Постои ли дисторзирано електрично бузуки? Сигурно постои.

Supergiant ептен другарски ја тераат Hades. Внимателно ја слушаат заедницата и прават промени предложени баш од публиката кои дополнително ја дотеруваат играта. Штета што не е планирана некоја поголема нова содржина, ама којзнае. Сепак, дури и ако успееш да избегаш до Олимп, играта не ти завршува. Има многу, многу обемна содржина. А, и да ти заврши, следното играње сум сигурен дека ќе е различно искуство. Уште не можам асално да се прешалтам на друга игра. Сигурно е прашање на денови кога Азерот пак ќе ме прибере, ама еве до тогаш ќе се обидувам да киднам од Подземјето.

October 10, 2020

Двете сезони на The Boys

Ах, серии. Да си досркаме што остана годинава зашто во 2021 тешко да има било што ново. Не дека последниве години се претргнав од занимавање со серии, ама оваа изгледав неколку од поновиве со кои сум крајно задоволен. Можеби нема во брзо време да се окуражам тука да ја дискутирам брилијантната Dark без спојлери или емотивниот финиш на BoJack Horseman, ама ете решив дека The Boys нема да ми се слизне како лани без да ѝ ја искажам љубовта. Океј, реално првата сезона тогаш и не ме допре нешто премногу, ама вторава ме извозе толку добро што пак успеав да ја изгледам и првата. Многу подобра на второ гледање, ете ти.

The Boys го адаптира истоимениот стрип на Гарт Енис, жива легенда, автор на култниот Preacher, најдобриот The Punisher воопшто печатен во историјата на светот и еден тон други наслови што како и The Boys не ми стигнале на ред за читање. Можеби сега после серијата и не е така лоша идеја да се фати нешто од неговата пропуштена библиографија во рака. Во The Boys Енис создава свет каде што суперхероите се најголемите ѕвезди, со огромна приватна корпорација зад нив која се грижи за нивниот менаџмент, имиџ, односи со јавност, па и начинот на кој си вршат работата. 

Седумчлениот внимателно брендиран суперхеројски тим се главна атракција која е речиси постојано присутна во медиумите. Гостуваат во ток-шоуа, црвени теписи, билборди, имаат сопствени филмови, играчки, реклами... Паралелно со живеењето на овој "холивудски сон" прават и некакви херојски дела, но позади целиот гламур што ја заслепува јавноста се крие злоупотреба на моќ, корупција, местенки, повременото намерно и ненамерно убивање на недолжни граѓани и низа глупости кои не би требало да се својствени за таков суперхеројски архетип.

Во срцето на приказната е една мала група обични луѓе која живее со последиците од таквите немарни постапки на овие суперхеројски шупаци и бара одмазда. А, кога се паралелно ќе решиш да војуваш против натчовечки битија и моќна злобна корпорација, секое средство во твоја полза е добредојдено без оглед на неговата природа. Дечките се силно мотивирани и спремни на работи кои неретко се на слична морална линија со онаа на нивните суперхеројски непријатели, ама е невозможно да престанеш да навиваш за нив.

Серијата не се воздржува од ништо, а најмалку од експлицитно насилство и приликата на сатиричен начин да закачне и деконструира неколку холивудски, па и глобални трендови. Некогаш дури третира и актуелни светски случувања на сопствен шармантен начин, правејќи ги дел од универзумот во кој опстојува. Па така, не ги одминува ни суперхероите на Marvel и DC, кон чија доминација на стриповскиот пазар и самиот Гарт Енис последниве години изразува негативни чувства, ни движењата како #MeToo и "исфорсираниот" диверзитет во поп културата. 

Секако, некои почуствителни теми имаат повоздржан третман за како не би било погрешно протолкувано дека серијата завзема "погрешната" страна, ама еве втората сезона истражува некои концепти дури и поризично од што може да се очекува во 2020. Одлично успева да се балансира на линијата помеѓу критика и умилкување.

Иако можеби некогаш така знае да заличи, The Boys е далеку од комедија или пародија. Често знае гадно да замрачи, да те изненади, шокира и вознемири. Материјалот е таков, завзема и посериозни правци, не знам дали и изворниот е до овој степен, ама ова оди на места кои не сум ги сретнал претходно во ваков контекст ни кај автори како Марк Милар и Алан Мур. Без оглед на тоа што вклучува супермоќи, серијата е воглавно поприземјена од многу остварувања кои се занимаваат со "поалтернативни" интерпретации на суперхеројски концепти.

Карл Урбан е еден од најпотценетите актери на денешницата. Очигледно ако му легне ликот може максимално да ги исцрпи неговите општирни актерски капацитети, за чиј доказ е финалето на втората сезона. Дајте му го пак Dredd, аман, никогаш не сум видел актер да е толку ентузијаст за таква улога. Низ целите две сезони има неверојатна хемија помеѓу него и останатите актери, особено оние кои ги глумат ликовите на неговите непријатели. Ентони Стар е со исто врвен перформанс. Често се во клинч со Карл Урбан за чие присуство ќе ја украде цела сцена. Милина за гледање.

Остатокот од екипата иако не ми е познат од никаде е исто феноменален. Не знам кои се луѓево, ама се супер уиграни и постојано се надополнуваат. Младиов дечко Џек Квејд е одличен како Хјуи. Интересно е што тоа е лик од стрипот физички базиран на Сајмон Пег, па серијата оддава почит кон него со мала улога - го глуми татко му на Хјуи. Единствено Аја Кеш ја знаев сега во втора сезона од You're the Worst, серија што скроз сум заборавил дека постои, а сум гледал сезона-две.

The Boys ќе има и трета сезона кога ќе се стабилизира светот, барем така е планот зашто завршува со малку подотворен крај. Се надевам дека нема да поминат повеќе од две-три години до тогаш. Во време кога класичните суперхерои го напуштаат центарот на поп културата, The Boys прави логичен чекор кон ваков свеж и уникатен третман на жанрот. Сигурен сум дека има и други добри серии последниве години, ама оваа не е од тие што треба да се пропуштат.

Види такоѓе:

September 10, 2020

Gundala, првиот голем индонезиски суперхеројски филм

Појма си немам од индонезиски филмови. Ги имам гледано само двата The Raid и со нив завршува моето познавање од тамошната кинематографија и продукција. Ланскиот Gundala ми беше уште едно ново искуство што пред сè ме привлече со неговата симпатична амбиција да се наметне како индонезиски одговор на холивудските суперхеројски блокбастери. Намерата е толку сериозна, што студиото кое го продуцира Gundala, со овој филм го означува и почетокот на нов филмски универзум, BumiLangit Cinematic Universe - сочинет од адаптации на разни индонезиски суперхеројски стрипови за кои не сум знаел дека воопшто постојат.

Откако западниот суперхеројски бран го достигна зенитот со Avengers: Endgame и веројатно никогаш нема да се повтори со ист интензитет, бев љубопитен да видам колку спектакуларно би можело да изгледа нешто како Gundala и дали индонезијците имаат потенцијал да си создадат нешто слично. Сепак, Gundala, иако е шармантно филмче, има еден куп проблеми кои некако упорно го сопнуваат кон приближувањето до квалитетот на холивудски пандани. Не зборувам за продукцијата, филмот е сосема пристоен во таа насока, туку за бројните утки во самиот начин на раскажување и реализација на приказната. 

Филмот почнува добро и успева за многу кратко да те вметне инвестиран во случувањата. Санчака е едно мало дете кои ги губи родителите во непријатни околности и е приморан да преживува по улици. До некаде стандардна суперхеројска приказна, баш по терк на многу од хероите карактеристични за DC и Marvel. Санчака има и некоја тромаво објаснета супермоќ што ја добива од молњи, па може да испукува некое слично електростатично празнење, а и опширна палета на борбени вештини кои ги учи на улицата. Иако влезните параметри на филмот се релативно стандардни, како што тече сè повеќе му паѓаат на земја идеите со кои се обидува да жонглира.

Никогаш не е јасно кога и каде се случува филмот бидејќи преставената околина и тон се упорно неконзистентни. Некогаш личи на мизерна дистопија, па потоа сервира нешто што изгледа модерно и е слично со денешниот свет, барем пред пандемијава. Филмот ретко успева да се одлучи за едно нешто и да го истера до крај. Еден од најголемите проблеми му е тоа што приказната, особено делот со главниот негативец, ја билда етапно во различни насоки и никогаш не утврдува едно нешто како закана. А, кога ќе го открие големиот главен злобен план против кој Гундала треба да застане, веќе си изгубен. 

На моменти мислам дека премногу се труди да биде Batman Begins. Слично темпо, повремено и тон, ама со едвај некаков емоционален мост помеѓу главниот херој и публиката. Малку како да заборава дека сите знаеме кој е Бетмен, адека никој не знае кој е Гундала, и притоа не се ни труди да те спои со ликот што е во центарот на приказната. Сакав да видам многу повеќе од овој лик, да видам подлабока поврзаност помеѓу неговото минато, денешната борба и мотивите, а не случајно херојствување во ситуации кои му се појавиле по пат. Никогаш јасно не ја видов таа точка кога возрасниот Санчака станува Гундала.

Желбата и стремежот на филмот се пристуни за баш таков третман, меѓутоа аматерската изведба го прави сето тоа излишно. Експозицијата, која е најчесто една реченица што изгледа како додадена во последен момент по некое финално препрочитување на сценариото - воопшто не помага да се зајакне интегритетот на раскажувањето. Можеби луѓе кои се запознаени со ликот целото ова го доживуваат многу поразлично.

Често пати некои од работите се избрзано објаснети, како цели фрагменти од приказната да се препрека од која филмот брза да се ослободи. Ни дијалозите некогаш немаат природен тек, туку ликовите само нарираат информации кои би биле многу поефективни доколку се раскажани со малку повешт филмски јазик. Помалку зборување, повеќе кажување. Не знам каква е индонезиската публика, ама Gundala ја третира како да се група дебили што тотално не е кул. Филмот не е цртан филм, има прилично насилна акција да е насочен кон деца, па некако ќе очекуваш дека и сценариото ќе е малку посозреано. 

Жалам што добар дел од овој кул концепт за ваков херој претежно функционира толку тромаво. Не знам дали се должи на поинаква филмска школа која се труди да имитира нешто странско или едноставно толку бил капацитетот. Што е штета, бидејќи филмот има стварно супер осет за акција и фина кореографија на тепачки, повеќе сетови одошто зелено платно, одлични актери и пристојна режија и фотографија. Не е Iron Man, ама па не е ни Justice League. Проблемот е што материјалот за многу подобар филм веќе е во филмот, само да се исечат некои сцени и малку да се преуреди.

Сепак, ако сакаш да видиш како изгледа вакво нешто, препорачувам. Не среќаваш секој ден суперхерои од Индонезија. А, кога не изводи, знае да биде супер забавен филм. Како да гледаш нешто од 90-ти е. Што знам, ко Steel со Шек или The Phantom со Били Зејн, тоа ниво на забава е. Проблематично ми е тоа што продукциски изгледа како класи над нив и има далеку поголем, за жал, неискористен потенцијал. 

Баш ме интересира иднината на овој BumiLangit Cinematic Universe и дали ќе успее да се оформи. Би гледал уште едно вакво. Не знам ни колку се популарни овие ликови таму денес, ама со оглед на тоа што има некаков нискобуџетен Gundala филм од пред неколку децении кога истоимениот стрип бил многу популарен, ама ќе претпоставам дека уште имаат барем локална голема публика која ги цени и им се радува.

September 6, 2020

Филм на неделата: The Ballad of Buster Scruggs (2018)

За некој што тврди дека е голем фан на браќата Коен, некако многу лабаво го игнорирав The Ballad of Buster Scruggs речиси две години. До тој степен што некогаш кога ќе налетав на насловот бев изненадно затекнат од неговото постоење. Неделава The Ballad of Buster Scruggs конечно се осигура никогаш да не го заборавам, па и два пати да го изгледам во рок од неколку денови за поубаво да си ги утврдам впечатоците. Сега ме намести и пред комплицирана мисија - да пробам респективно да го доловувам без спојлери.

The Ballad of Buster Scruggs е антологиска збирка од шест кратки вестерн приказни кои немаат баш допирни точки, но на сличен начин романтизираат некои автентични аспекти на Дивиот Запад. Некои од нив се занимаваат со неодоливо карикатуризирање на каубојски преданија и тропи, други истражуваат некои помрачни и посериозни слоеви од тој свет, па можеби ќе те изнесат на кратка пауза за да ги испроцесираш. Уште од првата приказна за распеаниот весел пиштолџија Бастер Скрагс, ти станува јасно дека оваа збирка има неконвенционални наративни правила, а и дека не се воздржува да те испука неспремен. 

Втората приказна "Near Algodones" следи слична формула, со малку порелаксиран тон и солидно време потрошено на оддавање почит кон разни вестерн тропи и школи. Веројатно кога правиш вестерн антологија некако природно ти доаѓа на почеток да си поиграш со најпрепознатливите елементи на жанрот, особено оние што се најкарактеристични за шпагети вестерни од кои еден куп клишеа се засекогаш втемелени во поп културата. Така "Near Algodones" раскажува една забегана приказна за грабеж на банка при кој работите стануваат упорно полоши и полоши за главниот харизматичен јунак. И, таман ќе се опуштиш, ќе те зашиба со нешто неочекувано на следниот свиок.

Некогаш пак некои пресврти ќе успееш да ги насетиш, ама до тогаш ќе се надеваш дека не си право. Често немилосрдната природа на приказните и тогаш ќе најде начин да ти покаже среден прст. Ептен кул. Ми се свиѓа тоа што како што течат сите овие шест приказни, тонот постепено ја губи ведрината и почнува да цапа во поматни вирчиња. Дури и кога ветува одмор на една раскошна ливада со Том Вејтс во феноменалниот "All Gold Canyon" сегмент, базиран на приказната од Џек Лондон, пак некако не успеваш да си раат. 

Секој од овие шест делови е преубаво режиран и очигледно е дека браќата Коен внимавале на најситни детали. Има феноменална кинематографија и локации кои се сомневам дека се вистински, ама одлично се вклопуваат со наративите кои суптилно флертуваат со надреалното и фантастичното. The Ballad of Buster Scruggs никогаш не се наметнува како дело кое се сфаќа себеси пресериозно и си дозволува полежерни аватури, без оглед што тонот не им е секогаш највесел. Не е True Grit, ама одлично е. Има и ветерански актерски имиња чие присуство ме изненади во неколку наврати. Некои не очекував дека ќе ги затекнам баш тука.

Морав да го гледам пак цело ова. Последната приказна "The Mortal Remains" можеби најмногу заслужува второ гледање, а претпоставувам дека е и така замислена и конципирана. Лесна е за превидување и разбирање, ама многу симпатично се обидува да ти го одвлече вниманието за да си го спроведе трикот што мораше да биде испочитувано со прегледување. Некои детали од целото тоа можеби и ќе ги пропуштиш на првото, особено ако уште ти се натежнати импресиите од претходната, исклучително емотивна "The Gal Who Got Rattled". Ќе си помислиш дека "The Moral Remains" намерно те пречекува расеан после таква дистракција.

Омилен дел од The Ballad of Busters Scruggs ми е "Meal Ticket" со Лиам Нисон и Хари Мелинг. Парче кое е можеби најмногу независно од сетингот, речиси безвременско. Сите приказни овде за релативно кратко време успеваат да ја воспостават таа емотивна конекција помеѓу ликовите и публиката и исходот е секогаш ефективен. Но, "Meal Ticket" се труди да создаде една покомплексна, нијасирана врска каде што е најмногу евидентен тој сензибилитет карактеристичен за браќата Коен. Во моментот кога ќе почнеш да сочуствуваш со ликовите и да бараш смисла во нивното платонско другарување, едноставната приказна е претворена во зашибан ролеркостер кој застанува во моментот кога е речиси целосно распаднат.

Тој неповторливив разорен тон на "Meal Ticket" некако ми го двои ова од целината како сегмент што долго ќе ми се врти во глава и повремено ќе ме вознемирува. Тука ми стана јасно дека оваа антологија е ништо помалку од ремек дело, дури и ако не котира којзнае колку високо во однос на традиционално долгометражните остварувања на Итан и Џоел Коен. Иако форматот на The Ballad of Buster Scruggs е различен, раскажувачката моќ и вештини за создавање на подвижни слики на браќата се присутни во целост. Уште не ми е јасно како сум успеал да го пропуштам ова.

Види такоѓе:

August 27, 2020

Бетинсон

Додека постепено забораваме како изгледаа кино салите, DC деновиве распука со најави кои ветуваат возбудлив помин во некојa евентуална пост-пандемиска реалност. Меѓу купот вести изминатава недела се појави и првиот трејлер за The Batman, кој се надевам дека ќе имаме прилика да го дочекаме лабаво натопорени во кино со кофа пуканки. Филмот е далеку од готов, снимањето е прекинато и би требало да продолжи следниот месец, ама материјалот во трејлерот е очигледно сосема доволен за да го долови општиот амбиент и изгледот на новиот Бетмен. 

Мет Ривс, режисерот на The Batman, иако има квантитативно скромна кариера, филмовите на кои е потпишан воглавно се успешни. Некои прераснаа во франшизи, а War for the Planet of the Apes ми беше еден од омилените во 2017, па имам каква-таква доверба дека е доволно кадарен за пристојно да го 'рестартира' Бетмен. Можеби дополнителна сигурност влева и тоа што Мет Ривс во новиов филм наводно се стреми да го потенцира детективскиот аспект на Бетмен и да го вклопи во некакво neo-noir опкружување. Нема подобро место од Готам за таква приказна.

Трејлерот не открива премногу, ама може да се насетат некои моменти што се поклопуваат со оваа визија. Последниот Бетмен што го видовме на големо платно беше малку постриповски обликуван и покрај обидите на Зек Снајдер да го прицврсти во реалност. Бетмен на Мет Ривс изгледа многу поблизок до оној на Нолан. Не само што Роберт Петинсон глуми помлада верзија на Брус Вејн кој е во втората година од бетменувањето, туку и предизвиците со кои изгледа дека ќе биде соочен не доаѓаат од страни светови и димензии. Веројатно не можеш да имаш детективски Бетмен што шамара магични парадемони.

Интересен е пристапот за Ридлер, највозбуден сум за него тука. Години наназад се надевав дека ќе го видам како негативец во нов Бетмен филм. Во филм што повеќе личи како да е навален кон  реалниот свет, ваков Ридлер би можел супер да се вклопи. Не му треба зелен спандекс со прашалничиња за да биде психопатот кој што е, задоволен сум како The Batman ја создава таа дистанца со покласичната стриповска естетика на ликот и намерно или не, позајмува модни методи карактеристични за Daredevil серијата каде што повеќето ликови не беа преоптеретени за тоа како се облекуваат. Сигурен сум дека во некоја точка од филмот ќе го видиме како 'целосен' Ридлер, ама ваков како сега делува позаканувачки од било кога и покрај тоа што малку потсеќа на Хаш.

Покрај Ридлер, The Batman најавува и неколку други негативци како Кетвоман и Пингвин (не го познав Колин Фарел), ама препоставувам дека нивната улога е помала и веројатно примарната цел е да најави потенцијални продолженија. Три негативци би можеле лесно да го дефокусираат целиот наратив, па се надевам дека нема да е толку гужва во крајниот продукт. Има некои гласини и за мистериозните Court of Owls како негативци во некое следно продожение, па некако повеќе навивам за тоа. Таман да се врзе и тоа со тазе најавената игра Gotham Knights
 
Кога првпат го најавија Петинсон како Бетмен и Брус Вејн, имаше една шака публика што за него знаат само од Twilight, па се надевам дека трејлеров малку ќе им ги успокои неупатените душички. Петинсон денес е докажана актерска величина, далеку од сенката на тинејџерските вампирски романси. Гледај го ланскиот The Lighthouse и ќе ти стане јасно дека има огромен капацитет за да износи помлад Бетмен и Брус Вејн. Ако Мет Ривс стварно сака да го воспостави тој баланс меѓу акција, детективски трилер и приказна за млад истрауматизиран дечко што се труди да се вклопи во Готам облечен како џиновски лилјак, ова е актерот што изгледа соодветно. Одлично доловува мотивиран Брус Вејн, ако може да се суди по тие неколку секунди во трејлерот.
 
Ми се свиѓа и новиот бет-костим. Изгледа рачно прикрпен, со попримитивна технологија, баш како што би носел млад Бетмен. Многу погруб од оној во Batman Begins. Дури и новиот Бетмобил е таков, скрпен доволно за да биде ефикасна алатка. Само не сум најголем фан на симболот што го носи на гради кој е направен од пиштолот со кој се убиени неговите родители. Не знам колку ова е инспирирано од приказна на Кевин Смит, ама пак има некоја слична детска наивност во обидот за дополнителен симболизам. Знам дека е само детал што можеби нема ни да се гледа, ама упорно го боцка моето модно око.

Вистински чуден кастинг ми е Гордон. Знам дека филмската индустрија неприкинато форсира диверзитет и Џефри Рајт е феноменален актер, меѓутоа изгледа како подобар избор за Лушс Фокс отколку за Гордон. Сигурен сум дека одлично ќе се снајде во улогата, ама причината за кастингот е повеќе исполнување на политички инспирирана квота отколку соодветен талент. Па, уште кога ќе ја превземе комесарската функција од бел корумпиран маж на крај на филмот, расизмот во светот инстантно ќе биде искоренет..

Се радувам за The Batman. Сакам да гледам нов Бетмен и да си фрлам пуканки во фаца во кино. Штета што Бен Афлек никогаш не дочека самостоен филм. Возбудата околу трејлерот ме потсети на добрите стари денови пред 2020 кога ваквата мејнстрим забава ја земавме здраво за готово. Се надевам дека светот нема да стане уште полош, па интересот за поп култура да се претвори во подзаборавен луксуз. The Batman е најавен за октомври 2021, а во меѓувреме конечно ќе излезе четиричасовната верзија на Justice League народски позната како "The Snyder Cut". Не верувам дека ќе успее да го поправи тоа лајно од филм, ама да сме здрави и живи, па ќе видиме.

Види такоѓе:

August 5, 2020

Недела-две со Star Wars: The Old Republic

Баш во деновите кога си барав некаква MMORPG занимација додека ја чекам Shadowlands, Star Wars: The Old Republic совршено темпирано се појави бесплатно и на Стим. Никогаш не успеав да ја заиграм асално. Првпат ја пуштив пред некои пет години и брзо ја баталив за World of Warcraft на некој пиратски сервер. Зимоска напален после фантастичните The Mandalorian и Star Wars Jedi: Fallen Order ѝ дадов нова шанса, ама набргу пак World of Warcraft ни се испречи измеѓу. Сега кога ми е малку порастеретен гејмерскиот распоред, конечно се создаде прилика за прописно да загазам во Star Wars: The Old Republic и да проверам што има да понуди.

Пред да продолжам со впечатоците од овие недела-две, да отвориме еден историски холокрон. Star Wars: The Old Republic беше објавена во 2011 од EA и развивана од BioWare. Играта се појави во златното доба на MMORPG жанрот со намера да ја пополни празнината по мртвата Star Wars: Galaxies и да понуди на играчите нешто посовремено Star Wars мултиплеер искуство, наративно сместено во Старата Република. Но, покрај безобразно големиот буџет од околу 200 милиони долари, мега-познатиот бренд и широката гејмерска публика, SWTOR слета млитаво и проблематично, па од игра со месечна претплата неславно заврши со озогласен free-to-play модел уште во првата година од постоењето.


Неколкуте експанзии во следните години никогаш не успеаа да ја ревитализираат како сериозен кандидат за MMORPG тронот, па од тогаш наваму SWTOR опстојува некако скромно со мала посветена публика чии специфични потреби сега се главниот фокус на BioWare. Играта иако е MMORPG, нуди исклучително квалитетни сингл-плеер кампањи скроени за секоја класа и акцентот е ставен на фино разработени приказни наместо групната содржина. Сите квестови во SWTOR се комплетно одглумени сцени наместо текст како во сличните игри, имаш избор за како да ја движиш приказната и овозможуваат удобно да се внесеш во она што се случува во светот.

Играм bounty hunter на страна на Империјата. Ја завршив главната приказна за класата која без да навлегувам во спојлери, се состои од мисии околу Големиот Лов кој ќе ти овозможи да станеш Мандалоријанец и моментално играм низ приказната на една од експанзиите. Како bounty hunter претежно се занимаваш со валкани платенички работи, матни бизниси, саботажи, атентати, тајно подгревање на политички конфликти... Знаеш, ствари што обично се надвор од доменот на Џедаите или Ситовите. Бидејќи си на другата страна од законот, често си мета на повеќе фракции, па скоро на секој чекор те демне некаков потенцијален заеб и заседа. Сепак, си капат кредитчиња за секоја завршена работа, па ретко поставуваш прашања затоа што си нели професионалец. Феноменално раскажана приказна, баш е како да си во The Mandalorian или нешто.


Изненаден сум од тоа колку е обемен и вибрантен светот на SWTOR. Има еден куп планети и населени месечини кои можеш да ги посетиш, прекрасно дизајнирани, детални, со одлична музика и амбиент, преполни со работи за правење и истражување. Секое местенце има некаква приказна, култура и митологија во која можеш да се внесеш и изгубиш, прераскажана како визуелно така и преку детални главни и споредни квестови. Дали низ песоците на Татуин, снежниот Хот, неонската Нар Шада, метрополисот на Корелија или гнасотиите низ Хата, SWTOR одлично го одржува тоа уникатно чувство на бидување дел од жив Star Wars.

SWTOR има и инстанцирана групна содржина како flashpoints и operations кои се стандардните данџни и рејдови како кај другите игри, и нормално PvP инстанци каде што можеш да се млатиш со други играчи. Флешпоинтите ми се омилени во моментов, можеби затоа што имав прилика да бидам таму со други тазе играчи кои како и мене немаат врска како функционираат некои работи, па гиневме како да сме во некогашната World of Warcraft. Мора да настапиш плански и тимски ако сте решени да го истерате флешпоинтот до крај. Дури и таму има приказна каде што секој од играчите може да направи избор. Тематски се исто супер, па така што ќе пројдеш и таму низ мноштво разни незаборавни Star Wars авантури - од древни храмови до превземање на републички бродови.


За тие што сакаат да летаат и да се пукаат со разни вселенски летала, SWTOR го нуди и тоа, против други играчи секако. Не сум фан на овој дел од играта баш. Пробав и апсолутно не е за мене, ама не бива комплетно Star Wars MMO нели ако немаш прилика за такви пиу-пиу блиски борби во вселена. Гледам дека има и разни надоградби за бродовите и опции што комплетно го прават овој аспект на SWTOR игра-во-игра и сигурен сум дека си има своја голема активна публика.

Моментално ми е презабавно да сум тука. Супер прибежиште е од моменталниот Азерот и одлична инфузија на квалитетно напишани Star Wars авантури кои заедно со The Mandalorian ми ја враќаат таа детската љубов кон франишзата што новава Дизни трилогија успеа да ми ја испогани. Star Wars универзумот може да биде многу функционален доколку е во вешти раце, а за тоа како SWTOR се справува со некои негови аспекти, ете нека посведочи еден од трејлерите за Knights of the Fallen Empire експанзијата. "Sacrifice" трае четири-пет минути, а ми е поефективен од целиот глупав The Last Jedi филм.


Има тон работи за правење во играта, некогаш нема да знаеш што попрво. Дали да ја следиш главната приказна, дали да ловиш Таунтан маунтови на Хот или да го истражуваш фолклорот на некоја нова планета. Ете на пример, се акав со саати низ Татуин за на крај да се фрлам во Sarlacc pit. Знам дека ова е стандардно чувство на секој нов MMORPG свет, ама ретко што успеало на ваков начин да ме фасцинира и да ми го задржи вниманието. Освен WoW, само RIFT ме има вака освоено. Сериозно жалам што не ја играв Star Wars: The Old Republic многу порано во животот. Не дека е касно, играта е уште жива-здрава и визуелно супер се држи и за денешни стандарди, ама гледам дека сум пропуштил неколку интересни експанзии додека биле актуелни.

Е, сега. Колку е ова навистина бесплатно? Кога SWTOR првпат отиде free-to-play пред неколку години, памтам дека тогашниот бесплатен модел беше прилично рестриктивен. На секој чекор играта пробуваше да ти брцне во џеб. Сега гледам дека малку е полабаво. Значи, како free-to-play играч, можеш да ги играш сите приказни на сите класи, без никакви ограничувања. Ако те занима буквално само тоа, а одлично е - тогаш не треба да платиш ништо. До 60 левел можеш да ја тегнеш и таа главна приказна и воопшто сите други посебни за секоја планета, да изиграш, изгасиш и си продолжиш со животот. Супер Star Wars искуство е.


Сепак, за оној дел од Star Wars: The Old Republic, од 60 до максималниот 75 левел, играта бара да одвоиш најмалку $15 долари за месечна претплата која меѓудругото, вклучува и пет експанзии и тоа е единствениот начин да ги добиеш. Откако ќе ти заврши тој месец ќе си ги имаш и понатаму, со тоа што статусот од subscriber ќе ти се смени во preferred и како таков повторно ќе имаш многу, многу бенефиции во однос на оние кои се free-to-play. Preffered можеш да станеш и ако потрошиш само $5 на козметички ајтеми, меѓутоа нема да ги добиеш експанзиите. Со оглед на тоа колку саати утепав до сега, оваа еднократна месечна претплата џабе ми се фати. Не планирам да рејдам нешто сериозно, единствено поради тоа и ти треба месечна претплата во SWTOR. Рејдовите, како и лимитот на кредити (главната валута во играта), се заклучени зад месечна претплата.

Откако се претплатив, играта ми даде и referral link, па ако сакаш да лапаме маунтови и слично - можеш да го искористиш за регистрација на акаунт. Моментално немам друга MMORPG игра што ми е волку забавна, па додека не излезе Shadowlands некаде кој крајот на годинава веројатно ќе сум тука. The Elder Scolls Online колку и да добра, има некаков посув свет кој често знае да биде монотон и празен во однос на ова што го затекнав во Галаксијата, далеку, далеку. Star Wars е, и тоа оној опширен Star Wars што копа длабоко во свет кој е многу повеќе од лајтсејбери, стормтрупери и мистични енергии. Оди многу подалеку од тоа, како во најдобрите денови на The Clone Wars. Деновиве ја стримам Star Wars: The Old Republic на Твич, па бујрум некогаш да се позезаме.

July 13, 2020

Опсесијата со Astroworld

Веќе цела година нема ден без да преслушам нешто од Astroworld, третиот албум на Тревис Скот. Дури и да не ми отсвири цел, задолжително свири некоја избрана група на траки. Албумот излезе летото 2018, ама не успеа да ми кликне на првите слушања. Изостана и од тогашната моја "плејлиста за лажни рапери". Околу година покасно додека ја средував музичката колекција решив да му дадам уште една шанса пред да го снема и од таму. Наместо тоа, Astroworld ми се всади засекогаш меѓу омилените воопшто, па од "неразбирање на трап жанрот" завршив со некоја речиси морбидна фасцинација со таков албумски примерок.

Иако основата на Astroworld е траперска, Тревис Скот никогаш не го држи звукот стрикно лимитиран на едно место. Целиот албум е шарен, вибрантен и неприкинато разигран. Постојано се случува нешто што го движи и анимира општиот амбиент, било тоа да се интензивните психоделични мелодии или аутотјунираните вокали кои некогаш смело извршуваат функција на засебен инструмент.


Всушност, целиот овој музички рингишпил ја пакува главната движечка инспирација на Astroworld. Албумот е инспириран од истоимениот забавен парк кој постоел во Хјустон додека Тревис Скот бил дете. "АстроВорлд" е срушен во 2005, а Тревис Скот кој никогаш не го преболел тоа што му го одземале на градот, со неговиот Astroworld се обидува да го оживее и преслика цело тоа искуство во музички концепт. Тематски, албумот секако не е за убавите спомени од светкави ролеркостери, ама можеш да  осетиш како си поигрува со одредени аудио мотиви и прави јасна паралела.

Возењето е феноменално и покрај тоа што можеби никогаш нема да си кликнеш со текстовите и темите со кои се занимава. А, не се ни труди нешто особено да ги доближи на начин на кој ќе ги разбереш. Тревис Скот веќе не е малото скромно дете од Хјустон што се обидува да се пробие на сцената што дави со лични теми за идентификација. Лирички, Astroworld обликува гламурозен рокенрол свет претежно несфатлив за обичниот човек, ама во еден удобен гостопримлив амбиент каде што не може да не ти е пријатно доколку ќе ја прифатиш општата идеја. Ако го пуштиш албумот, веќе си се качил на реквизитите што ги нуди овој забавен аудио парк.

Само што ќе почне "Stargazing" веќе знаеш дека нема симнување додека не сопре. Знаеш и дека не е секогаш за тематиката, туку и за расположението кое го создава. Дури и тоa спротиставување на музиката и текстовите ми е крајно симпатично. Кога ќе чујам вакви психоделични инструментали обично очекувам некој како Onoe Caponoe да рипне со поеднакво забегани теми, но Тревис Скот вешто ги проработува звучните подлоги без премногу да отстапи од сопствената реалност.

"Stargazing" иако е една од позанимливите ствари, не е ни отприлика пример за каков е Astroworld како целина. Ама, тука започнува и тоа носталгично трагање по загубениот "АстроВорлд" парк кое како суптилен мотив вибрира до крајот на албумот, коегзистирајќи со дрски парчиња како "Who? What!", на пример. Има некоја чудна меланхолија што се мотка околу и повремено отцепува друга димензија од Тревис Скот. Како некој друг пулс од неговото детство што дошол на албумот со копнежот по "АстроВорлд", можеби непокането и ненамерно.

Има еден таков момент на крајот на "5% Tint" каде што албумот за конечно ми прозборе и сфатив дека е многу повеќе од тоа што е видливо на површина, само што не го фатив тоа ептен првото слушање. Не знам како. Кратката мелодија со која завршува таа песна почна да ми предизвикува еуфорија и ежење по врат, онака секое слушање, а кога нешто такво ќе ти се случи со музика мора да копаш подлабоко и да пробаш да најдеш како и зошто.

Astroworld има повеќе такви "паузи" за интроспектива, спознавање и можеби потрага по сопствен "Луна парк". Знаеш, како кога на непознатo место ќе се сретнеш со познат. Усната хармоника на Стиви Вондер со која се одјавува "Stop Trying to be God" или хипнотичките сајзери на крајот од "Astrothunder" се убав пример за како Astroworld остава простор за едноставно да земеш длабок здив од панаѓурската гужва и бука. Фајронтската "Coffee Bean" има сличен ефект, но со сосема поинаков пристап.

Неограничениот пристап до продуценти и разни музички гости овозможил беспрекорен звук, дури и кога се чини дека има моменти каде се комплетно препуштени на експериментирање и импровизација. Секое парче од Astroworld е дело на десетина различни луѓе, нешто што ме тера да мислам дека создавањето на албумот било многу слично My Beautiful Dark Twisted Fantasy од Кање. Complex имаат една многу убава репортажа за снимањето на тој албум што милион пати сум ја читал и не престанува да ме фасцинира. Штета што документарецот за Тревис Скот, Look Mom I Can Fly едвај нуди поглед позади завесата на Astroworld, ама се надевам дека еден ден ќе добиеме фино склопена приказна за како настанало ова бескрајно шармантно ремек-дело.

Уште не сум убеден Тревис Скот е таков музички гениј како неговиот ментор и баџанак Кање, чии пак влијанија се очигледни на албумот и можеш да чуеш каде точно го дал својот благослов. Но сепак, очигледно е дека одлично ги има изрежирано сите учесници на Astroworld за да си ја овековечи визијата. Некогаш и такво спроведување на креативен импулс е клучно за успех. Како домаќин е исто феноменален. Astroworld прибира куп гости ко на куќна слава, ама онакви како Drake, The Weeknd, James Blake, Kid Cudi, Frank Ocean, Swae Lee, Tame Impala, Migos, 21 Savage, Don Toliver и други чија задача е вокално да ги оплеменат инструменталите и во ниеден момент не се чувствува дека некој е вишок.

Мислам дека нема песна што The Weeknd не ја направил поубава. Сериозно, залепи го на било што и чуда прави, растура и склопува одново. Затоа "Wake Up" се двои како една од повпечатливите на цел албум и веројатно е една од најприземјените. Истовремено е и The Weeknd песна и песна од Astroworld. Има и супер спотче режирано од Џона Хил лично, замисли. Но, од сите гости мислам дека во моментов најмногу сум навлечен на Дон Толивер во "Can't Say".  Штета што дечкото до сега функционира најдобро како гостин. Супер беше и кај Еминем на Murder, ама едвај до пола му го издржав соло албумот.

А, пази. Astroworld денес не е само албум. Во 2019 се случи и како фестивал, естетски спастрен да потсеќа на непрежалениот забавен парк. А, на промотивната турнеја Тревис Скот користеше и различни реквизити на сцена, ролеркостери и слично, што ирелевантниот Томи Ли проба да го наклевети за плагијат, како некој да се сеќава дека некое старо глам рок прдало некогаш лупал бубњеви на сличен ролеркостер. Темата е преглупа, онака ја спомнувам попатно во контекстов, испадна дека иста фирма ги правела сценографиите и на двајцата. Повеќе на линков ако те фура жолт печат.

Веројатно секој артист во кариерата достигнува една точка од која не може понатаму. Astroworld е тој магнум опус на Тревис Скот и албум со кој ќе бидат мерени сите други негови. Тргни од тоа што сам го кажува за албумот и како лично го доживува, до енергијата што неприканто пршти од секое ќоше во овие седумнаесет песни. Знам дека многумина се крстат во Rodeo, ама сметам дека Astroworld е најзрелото и најамбициозно дело на Тревис Скот каде што очигледно го вложил секој свој атом. Цел албум е слој врз слој врз слој и упорно секое преслушување изненадува со нешто ново. Не звучи како ништо друго претходно, особено не во жанр што знае да биде хомоген, а сигурен сум дека влијанијата од овој звук допрва ќе се чувствуваат.

July 6, 2020

Музичка плејлиста: Албуми од 2020 година

Таман сме околу средината на ова дно од година и тоа е супер време да ја стокмам мојата карантинска музичка плејлиста со овогодинешни изданија. Додека повеќето забавни индустрии се моментално во коматозна состојба, музиката воопшто не ни престана да свири, а и најмалку смее. 2020 година до сега донесе извонредни музички парчиња од сите страни на светот и за среќа имав време да асално преслушам добар дел од тоа што иницијално ми ги нашили ушите.

Во оваа прилика ќе ги одвојам изданијата што најмногу ме задржаа и инспирираа да чкртнам нешто за нив. Листата подолу не е по никаков редослед, ниту пак сум се одлучил за вториот омилениет албум од 2020 до сега. На прво место уште ми е Music to be Murdered By и знаејќи колку сум пристрасен, веројатно така и ќе остане. Во случај да не се читнеме пак на темава до крај на годинава, ги преслушав и новите изданија на The Weeknd, Dom & Roland, Pop Smoke, Metrik, Shabaka and the Ancestors, Denzel Curry, Mac Miller, Freddie Gibbs & The Alchemist, Joyner Lucas, InMost, Future, G-Eazy, Childish Gambino, Bohren & Der Club of Gorе.. не знам што друго? Има и од овие неколку јаки што за жал не ги собра во листата подоле сега, ама нека излезе уште нешто, па здравје може ќе стојат заедно со тоа.

Emancipator - Mountain of Memory


Кариерата на Emancipator ја следам речиси исто толку долго како онаа на Bonobo. Интересно беше да се посматра како Даг Еплинг постепено дивергираше од раните Bonobo влијанија за денес да е комплетно автономна сонична моќ. Не дека некогаш Emancipator беше во нечија сенка, ама често можеше да ги сретнеш во ист контекст бидејќи и двајцата музичари гравитираат околу сличен жанровски спектар. Но, изминативе години Emancipator фати еден правец кој многу повеќе ми пасува од последните изданија на неговиот постар колега.

Mountain of Memory е поглавје снимено во изолирано студио среде длабока шума во Орегон. Не знам што е со тие шуми таму, ама на таква локација е создаден и брилијатниот The Impossible Kid на Aesop Rock. Шумата избила нова енергија од Emancipator на овој албум, да создаде свет што е див, интимен и растеретен од секави допирни точки со нашата бетонска реалност. Mountain of Memory е речиси спиритуално прибежиште за аудиофили и за секој што трага по некаков музички спокој.


The Four Owls - Nocturnal Instinct


The Four Owls и целата таа High Focus екипа ми се врвот на сировиот британски подземен рап. Си владеат цел неграјмерски оддел таму и никој не успева да им се доближи. Nocturnal Instinct го чекав некои четири-пет години. Бувовите маваат дрско како и последниот пат на Natural Order, не ни очекував послаб технички перформанс. Но, во периодот измеѓу овој и претходниот нивен албум, скоро кај секој член посебно имаше некаква еволуција на звукот и стилот, па се понадевав дека ќе донесат дел од тоа и тука.

Сепак, Nocturnal Instinct воглавно опстојува некаде на истата линија како и претходните нивни ствари, со минимални звучни новитети. Баш поради тоа, дел од албумот е лимитиран од сопствениот стандардизиран шаблон, а најсвежата енергија се соработките со имиња како Masta Killa, R.A. The Rugged Man, Roc Marciano и секако Примо како гостин-продуцент. Иако и во оваа прилика The Four Owls формулата е функционална, мислам дека е последниот пат што ќе се извлечат без некоја значителна иновација.


Tom Misch ft. Yussef Dayes - What Kinda Music


По забавниот Geography од 2018, Том Миш се враќа со ново издание, овој пат соработка со британскиот џез тапанар Јусеф Дејс. What Kinda Music е колоритна фузија на жанрови која упорно бега од јасна дефиниција. Двајцата доаѓаат од различни музички школи и прецизно се надополнуваат во непостојана и разиграна целина. Расположенито кое преовладува на албумот е единствено, но творечката слобода кои двајцата ја користат им овозможува да го пренесат низ повеќе тематско различни парчиња и секогаш да звучи супер.

Албумот е еден од оние за кои ми требаше време да му ја најдам точната намена. Ако ти треба саундтрек за лабави ноќни возења во полу-празен град, ова е тоа. A, кога убаво ќе ти легне, ќе почнеш да се фокусираш исклучиво на перкусијата и на тоа како Дејс владее со тапаните. Тоa значи дека е време да ти отсвири цел Black Focus.


Muffler - Thousand Planets


Мислев ќе отиде летово без добар драм ен бејс. Во последно време ретко налетувам на издание што континуирано ќе ми свири и ќе ме убеди да му се навратам месеци покасно. Не знам дали жанрот е проаѓа низ некоја тапа фаза или малку јас сум се одвоил, ама со оглед на тоа што уште често ми свират некои постари изданија - веројатно ќе е првото. Muffler е еден од оние неколку ликови што го имаат совладано ликвидфанк звукот до перфекција и упорно удржуваат некаков златен стандард. Уште во првите минути ми беше јасно дека ова тој албум што ќе го преставува жанрот во мојата плејлиста со музики од 2020.

Thousand Planets е компактно парче од само триесетина минути, ама е доволно згуснат за времетраењето да му е занемарливо. Секоја трака е зрело формирана, препознатлива и соодветно позиционирана во звучниот колаж и нема ништо вишок што би фаќало простор. Албумот пршти со емоции, свежа енергија и создава еден чудно пријатен носталгичен амбиент каде слободно можеш да си тагуваш што оваа година концептот на изгрејсонце после журка е укинат.


Tycho - Simulcast


Неспорно е дека Скот Хансен e исклучително талентиран музичар, креативен и посветен. Секој Tycho албум сведочи за тоа колку може да си иновативен во жанр каде ако малку се опуштиш и клизнеш може да завршиш како музика за лифт или позадински звуци за мали огласи на локална телевизија. Хансен низ годиниве успеа да се дотурка и до некоја пост-рок територија, внимателно комбинираќи ги електронските амбиентални апстракции со поогрански звук. Да речеме дека функционираше до оној момент кога лани на Weather шлапна и вокали. Албумот доби и Греми номинација, а јас после неколку неуспешни обиди да го заслушам го исклучив засекогаш.

Simulcast е некој вид продолжение на Weather, меѓутоа без вокалите што ја гушат карактеристичната опуштена, сонлива атмосфера и го прават Tycho да звучи како средношколски The XX кавер-бенд. Ваквата музика сакам да ми раскажува без вокали, а Tycho секогаш бил мајстор за тоа. Simulcast е точката каде што го судира звукот од Weather, па и Epoch, со постарите изданија. Резултатот е сосема слушлив, баш поради тоа што таа колизија на повеќе тонални пејзажи доаѓа некако природно и без да звучи дека Хансен направил чекор наназад за да задоволи некаква си публика.


Bishop Nehru - Nehruvia: My Disregarded Thoughts


Не сакам да кажам дека Bishop Nehru е име за кое светот допрва ќе слушне. Неколку пати така пророкував за Dillon Cooper, K.A.A.N, Chris Webby и неколку други млади рапери и промашив. Некои ги снема од секаков радар, други се посраа, некои уште не можат да најдат издавач... Мислам дека само Denzel Curry има некаков значителен успех денес од тие на кои некогаш сум се кладел. За Bishop Nehru нема мнгоу да паламудам. Ќе кажам само дека не знам многу тинејџери што за многу кратко време оствариле соработки со Примо, Madlib и MF Doom, или па отварале за Wu-Tang на европска турнеја.

Nehruvia: My My Disregarded Thoughts е сертификатот на кој пишува дека овој млад дечко е роден да го прави ова. Има вештина да спои неколку хип-хоп школи и притоа да цврсто да си го одржи сопствениот идентитет и печат, што е можеби ретка дарба. Не звучи како да е оптеретен е тековните трендови во индустријата, а пак без проблем може да навигира низ нив. Хиперпродуктивен е, а пак грото од тоа што ќе го чуеш е со исклучително висок квалитет. Не дека е некое мерило, ама ако допрел вака и до лажни рапери како мене, можеби треба да му дадеш шанса.

June 26, 2020

Evoland, љубовно писмо кон старошколските игри

Прва недела без World of Warcraft по неколку месеци континуирано играње и инстантно посегнувам кон некои правливи наслови во мојата Стим библиотека. Не се ни сеќавам како сум ги купил Evoland игрите, ама ете - дремеле така долго недопрени. За Evoland не знаев многу, освен тоа дека е еден вид омаж на игри како раните Zelda или Final Fantasy, кој те шета низ неколку историски периоди на RPG жанрот, ама не бев спремен за тоа колку уникатно и симпатично го прави тоа.

Првата  верзија на Evoland започнува на Ludum Dare гејм џемот во 2012, каде што учесниците имале 48 часа да создадат игра на тема 'еволуција'. Тим од двајца млади ентузијасти прави мала RPG игра која еволуира во различни варијанти на жанрот како што играчот напредува низ неа. Играта освојува прво место на тој Ludum Dare, па дечките ја основаат компанијата Shiro Games и почнуваат со работа на проширување на победничкиот концепт.


Кецот Evoland од 2013 година е практично играта од гејм џејмот, но значитено надоградена за да функционира како целосно засебно дело. Играта почнува многу едноставно, со примитивна графика која изгледа како игра од оригиналниот GameBoy, па постепено ја надградуваш со елементи за да прерасне во пософистициран жанровски примерок од друга генерација на конзоли. Како што играш, отклучуваш ковчежиња кои ја осовременуваат графиката, добиваш музика и соодветни звуци, контроли, нови гејмплеј механики, разни варијации на RPG жанрот и слично. Практично, проаѓаш низ неколку генерации на игри додека да стигнеш до нешто што личи на 3Д игра за првиот PlayStation.

Иако 'еволуцијата' која те води низ таа ера старошколски RPG наслови е главниот штос во Evoland, играта нуди доволно предизвици и игривост за да се сврзе во презабавно викенд попладне. Приказната е претежно во спореден план, присутна е во најгенеричка варијанта - ти си херојот кој е единствениот спас за фрката во светот, меѓутоа и тоа е на некој начин дел од мета- хуморот со кој Evoland постојано се стреми да се позеза со себе и игрите од кои црпи инспирација. Evoland трае само неколку саати и се завршува во едно-две седнувања, ама без оглед на времетраењето, искуството што го нуди е стварно интензивно.


Баш фино спакувана носталгија што не знаев дека ми била потребна. Ако си живеел во тој период и си ги играл игрите кои ги референцира, ќе ти ја наполни душата. Не дека денес нема и други нови игри со ваков визуелен и жанровски стил кои задираат во одредени детски спомени, меѓутоа ништо вака инвентивно не си игра со тие традиционални тропи. Во преплавениот пазар со нови пиксел-арт игри, Evoland е далеку од било чиј клон. Окупира сопствен простор и е единствена во тоа што го прави.

По големиот успех на играта, во 2015 година Shiro Games го објавуваат продолжението Evoland II: A Slight Case of Spacetime Continuum Disorder. Двојката е феноменална. Иако гради врз еволутивните концепти од првата, комплетно стои како различна засебна игра. Трае значително подолго, а жонглирањето со жанровски стилови наместо да е двигателна сила е искористено како наративна поткрепа на приказната која тука е многу пообемна. Повторно си некој анонимен херој, овој пат без сеќавања и фрлен среде конфликт помеѓу луѓето и демоните. Иако приказната не може да се пофали со некоја особена комплексност, сепак фино функционира така рашарана со повремени пресврти и мета-хуморот што е пренесен од првата Evoland. Секако, референците кон други игри и општо поп култура се присутни и тука.


Менувањето на гејмплеј стилот е вметнато во оној дел од приказната кој се занимава со патување низ времето напред и назад. Опфатени се неколку временски периоди од светот каде што се одвива и играта го менува визуелниот стил во зависност од моменталната ера. Па, така некои локации изгледаат како на Nintendo NES, други се посовремени и тродимензионални. Времето кое Evoland II го троши на одреден жанр или стил е супер оптимизирано и вешто прави промена баш во моментот кога ќе се осетиш заситено.

Со таа еволуција како спореден штос сега, Evoland II има прилика да биде иновативна со инкорпорирање на сосема други жанрови, наместо да биде удобно позиционирана во рамките на неколку RPG влијанија. Така што ќе поминеш часови низ нивоа кои се класичен акционен платформер, други каде што играта ти се претвора во вертикален шутер инспириран од 1942, цело Bomberman ниво, стелт ниво каде што се криеш во кутии, па дури си втурнат и во тепачка во стилот на Street Fighter и Mortal Kombat. Не сопира тука, има и други, а имаш прилика да играш и примитивна верзија на Hearthstone и да собираш карти. Постојано изненадува и задоволително успева да го воспостави балансот помеѓу ваквите финти и приказната, без да се осетиш како да играш неколку различни игри.


Evoland II ме изненади и со тоа какви предизвици нуди и колку не те штеди. Реално, тие рани варијанти на жанровите често знаеа да бидат немилосрдни и да те казнуваат за ситни грешки. На некои нивоа можеш долго да заглавиш и да ти требаат повеќе обиди за да ги пројдеш, особено оние каде што преживувањето ти зависи од сопствените рефлекси. Не е Cuphead, ама знае да биде многу фрустрирачка некогаш. Освен тоа има бројни пазлови, некои се толку сложени што можеби ќе се случи да го решиш на среќа, па отпосле да размислуваш како функционира. Играта во ниеден момент не те држи за рака и не ти нуди никаква помош околу било што. Некогаш талкаш и низ градчиња за да најдеш насока за следната авантура. Благодарение на таквиот пристап, сигурен сум дека некои моменти од Evoland II засекогаш ќе останат со мене.

Не знам дали можам доволно да ја препорачам Evoland, особено двојката. Различни игри се, кецот е можеби повеќе како демо во споредба со обемноста на Evoland II, па најубаво е да се играат топтан. Спакувани се заедно во Evoland Legendary Edition, штета што гејм џем верзијата е изоставена од пакетчето, ама достапна e на сајтот на Shiro Games како Evoland Classic. Гледам дека додека терале годиниве без да ја играм, излегла за сите модерни платформи, мобилни, конзоли - речиси сегде ја има, па не е тешко да ја најдеш.

Види такоѓе: