March 20, 2015

Почеток на последната сезона на Community

Ах, Community. Немам видено серија што се има толку упорно борено за да остане во етерот. Таман кога помислив дека ќе замине во историја со пет сезони, Yahoo! Screen им излезе во пресрет за да си ја остварат "шест сезони и филм" мантрата. Филмот можеби е далеку од реализација, меѓутоа сезоната веќе е во тек и секој вторник (или среда, за нас со торентите) ќе излегува нова епизода. Шестата сезона почна со две. Уште од самиот почеток, се осеќа дека нешто не е како претходно. И тоа не е само поради дел од ликовите кои тука недостасуваат. Community и Ден Хармон, некако одбиваат да се соочат со крајот и да продолжат понатаму. Претходно, самото тоа беше многу посимпатично. Епа, веќе не е.


Секаде каде што ќе клизнеше нешто околу Community, често се потпираа на мета-заебанции, Абед ќе го пробиеше "четвртиот ѕид", ќе намигнеа на публиката, па некако засмеани ќе прогледавме. Овој пат, секоја комуникација на серијата со тебе како гледач, веќе делува бајато. После шест години, она што е останато од екипата уште е на Гриндејл, иако веќе никој од нив не е студент. Има некои полу-причини зошто се таму, ама тоа е најмалку важно. Хуморот во првите две епизоди е исфорсиран до непријатно чуство во стомак, а мета-финтите на Абед делуваат како некој со сила да го донел Дени Пуди на сет. Дури ни деканот веќе не може да те шокира како претходно. Ченг ми е неподнослив веќе неколку сезони наназад, така што и тука нема промени на ова поле. Другите некако премногу се обидуваат да бидат тоа што биле некогаш, а сепак на моменти изгледаат како да поминале пет години измеѓу ова и претходниот пат кога биле пред камера.

Сепак, давам шанса. Толку гребеа за преживеат, па ете, да видиме што му остана на Ден Хармон да докажува, освен инатот према NBC. И, претходната сезона почна лошо, па како што течеше, некако успеа да се оправи и да испорача неколку незаборавни епизоди. Да, и оваа сезона ќе има пејнтбол епизода. Се надевам дека ова е последната битка на Community и дека достоинствено ќе заминат, па нека прави после Хармон филмови со пластелин колку сака.

March 19, 2015

Alien (1979)

Има некои ретки работи за кои колку и да мислиш дека се совршени, успеваат да те изненадат и да ти го кренат мислењето секој следен пат кога ќе дојдеш во допир со нив. Alien тоа ми го прави со секое гледање. Секогаш го доживувам свежо, секогаш наоѓам некои детали кои ми се нови, нешто што некако ми избегало претходниот пат. На само во СФ жанрот, ова е еден од најдобро изрежираните филмови откако постои филм како ствар. Од првите кадри на Nostromo, до одјавата на крајот, Ридли Скот работи со камерата како наместо папочна врвка да му исеклe 35 милиметарска лента кога се родил. Додај ја мрачната амбиентална музика на Џери Голдсмит тука и безвременскиот гротескен дизајн на Гигер и добиваш еден поинаков стандард за како би требало да се преслика хорор во тивка вселена. Каде што никој нема да те чуе колку и да врискаш, нели. 


Не знам дали кога работеле на филмот знаеле што создаваат. И, тоа рачунај, правен е во време кога индустријата се тепала да го извади следниот Star Wars. Alien е спортивното од тоа. Валкан, мрачен, напнат и безмилосен. Не само што бега од тогашниот "тренд" на шарени клонови, туку изродува еден куп свои, кои никогаш не успеваат да ја достигнат атмосферата и тензијата што ги носи со себе. Буквална редефиниција на жанрот, можеби ненадмината и до денес. Тоа што Ридли Скот го има направено со ликот на Елен Рипли исто така го нема денес. Хероина која е мајка на сите жени на филмско платно кои имаат доволно муда за да се спротистават на било што, со огнено оружје, а и без.

Приказната е крајно едноставна, но егзекуцијата е она што го прави филмот толку голем. Ликовите се од крв и месо (освен тие кои не се), дијалозите и постапките им се реални во секоја ситуација. Им го осеќаш и стравот додека се обидуваат да се соочат со заканата што ги демне низ темните зарѓани метални ходници на Nostromo

Значи, сите причини за статусот на Alien и она што го преставува на сите филмски листи се евидентни.  Единственото нешто кое може да стои во иста линија, е само продолжението на Џејмс Камерон, Aliens. Двата филмови се перфекција, а индивидуално е кој од нив како ти ги предизвикувал морниците по грбот. Не морници од тероризирачкиот хорор, туку самата филмска маестралност што ја презентираат.

Види такоѓе:  

March 18, 2015

Очекувањата за Spectre

Бонд се враќа после три години. Деновиве се појави и слика од Даниел Крег во ролка. Ролка каква што Арчер ја признава како тактичка облека. И, каква што Роџер Мур носи во Live and Let Die. Бондовски детал што не го добива заслуженото внимание. Така ли е, Пирс Броснан од Die Another Day? Не знам, сите сакаме да го заборавиме тој филм, Пирс. Ако воопшто ти е тоа вистинското име. 

Spectre излегува во ноември оваа година. 24-тиот Бонд филм, четвртиот со Даниел Крег. Крег е десет години Бонд, очигледен факт што вака кога ќе го кажеш на глас делува ептен.. чудно. Сериозно поминаа толку години? Тоа е веќе сериозен ангажман, со оглед на тоа што е потврден за најмалку уште еден филм. Првиот Бонд во најинтензивните денови од интернет добата. Веројатно избор со најмалку доверба кај публиката, нешто со кое во последно време може да се пофали и Бен Афлек


Мислењата за Casino Royalе беа поделени. Актер различен од темплејтот, приказна без гаџети, малку помрачен... Дури и кенкања за расата на Феликс од фанови како Крапверк. Мене филмот ми е океј, и покрај тоа што постот напишан тука пред седум години има некој благо накурчен тон. Го имам гледано повеќе пати од тогаш и супер е. За жал, Quantum of Solace уште го сметам за едно од најлошите кино искуства. Тој филм не го допрев никогаш пак. Skyfall го доживеав многу поинаку. Конечно го видов овој Бонд како што сакаат да ми го прикажат, и тотално го прифатив тоа. Не е ова Бонд од 90-ти, ни од претходно. Ова Бонд за ова време. Сите тие работи што функционирале некогаш како Бонд, денес би изгледале како Остин Пауерс или некое нискобуџетно срање. Но, пред Skyfall, недостасуваа тие Бонд елементи кои филмот успеа некако да ги врати, или барем да ги прикаже онака како што треба и сакаме да ги видиме. Крајот на Skyfall убаво ја установи ерата во која се наоѓа овој Бонд, со што одлично ја постави патеката по која би требало да се движат следните филмови.

Spectre би требало да биде баш тоа. Продолжението на Skyfall. Следниот чекор во овој "прероден" Бонд. Филмот се повикува на можеби најголемиот непријател на Бонд, организацијата SPECTRE и Блофелд. Ако ги сметаме претходните филмови на Крег како некаков рибут, ова е тој логичен следен чекор. Адаптирана SPECTRE за денешно време би била многу поефикасна од било кој умоболен негативец со смешни дијаманти на лицето што сака да го освои светот или нешто. Да не го повторувам муабетот од постот за Skyfall, ок? Убеден сум дека ако Spectre го следи темпото на градење на Бонд како претходниот филм, ќе биде квалитетно искуство. 

Кристоф Волц е најавен како негативец. Јас и пола интернет сме убедени дека е Блофелд. Продукцијата изгледа го држи вистинскиот идентитет на ликот, како тоа што го правеа со Кан во Star Trek Into Darkness. Не дека сме ние попаметни, туку сериозно би било глупаво да го потрошиш потенцијалот на Волц на лик што не е Блофелд во филм што се вика Spectre. До филмот има време, сепак. Ова и онака 100% ќе го дознаеме во моментот кога Кристоф Волц ќе се сврти седнат во фотелја со бела мачка во скут. До тогаш, чекам трејлер и песна. Едвај.

March 17, 2015

Alien: Resurrection (1997)

Пет години по Alien 3, следува обидот за воскреснување на серијалот кој ја фрла франшизата во криопрезервација до оние абоминални вкрстувања со Predator. Оргиналната идеја која му била понудена на Џос Видон за пишување, била враќање на Њут како клон, за на крај сепак студиото да одлучи дека сепак не е возможен Alien филм без Рипли. 200 години по смртта на Рипли, воени научници кои се трудат да се докопаат до жив ксеноморф за "истражувачки цели", ја клонираат сосе ксеноморфот во неа за како би можела да го благослови светот со тоа прекрасно суштество. Да речеме дека науката напреднала така за 200 години, да што и покрај клонирање на Сигурни Вивер со ксеноморфска ДНК, некој некаде има потреба од ксеноморф да направи домашно животно. Океј. 


Alien: Resurrection, за разлика од неговиот неславен претходник, се обидува да ја "клонира" и атмосферата од првите два филмови. Режисерската должност му е доверена на Жан-Пјер Жене, режисер кој во тој период успеал да ги навлажни продуцентите со The City of Lost Children. Специјалните ефекти се феноменални за тоа време, филмот е преполн со визуелни елементи што ќе ти останат засекогаш врежани во потсвест, а не се плашеле ни да експериментираат со дизајнот на хибридот меѓу човек и ксеноморф. Иако оргиналната идеја за хибридот била многу пошокантна од таа што завршила во пост-продукција, доволно е да ти предизвика чувство како во секој момент да ќе ти се изроди мало ксеноморфче. Тензијата е многу попристуна за разлика од Alien 3, но сепак не е доволна за те штрекне како тоа што го прават првите два. Споредбите со нив се избежни, така што ќе простиш. Само што на одредени делови, некои кадри од филмот личат како да се снимани за 3D, а колку што знам, не постои таква верзија од ова.

Филмот најмногу потфрла кај сценариото и ликовите. Денес Видон е докажан сценарист, но тогаш кредибилитетот му доаѓал генерално од Buffy. Не знам како некој мислел дека е вистинскиот човек за ангажманот тука, зошто дијалозите на моменти се толку лоши што го прават Prometheus да изгледа како Birdman. Океј, се зезам, ништо не е полошо од Prometheus, само сакав да го дискредитирам Видон зошто неколку пати ми дојде да го исклучам и ја си сврзам приказната со некоја друга сцена од филмот што сум ја фатил на телевизија низ годините. Освен можеби оваа сцена. Речиси сите ликови се однесуваат и зборуваат како во цртан филм, единствено Рипли и Винона Рајдер се нешто поокеј. Не е толку лош кастингот колку што дијалозите се лоши. Го има дури и Туко Саламанка, млад.

Дали е подобар од Alien 3? Па, не знам, ама секако е поподнослив. Во секој случај, завршив со гледање на овие два филмови и веројатно никогаш пак не би губел време на нив. Патем, еден од најубавите спомени со Resurrection ми е PlayStation играта. Тоа беше квалитетно потрошено време тогаш. Многу, многу квалитетно потрошено време.

Види такоѓе:  

March 16, 2015

Dejimon Adobenchā Torai. Подобро звучи на јапонски.

Добро, колку години имаш бе, Бобо? Знам, ама носталгијата околу најавата за јубилејното враќање на оргиналната Digimon постава ми предизвика спонтано запалување. Не ме глеј така. Пред 15 години, Digimon ми беше влезната аниме дрога. Веројатно е првата аниме серија што кај нас се прикажувала оргинално на јапонски и првата што успешно продаваше сè и сешто на деца, од смоки до плишани играчки.

Едно од тие деца беше и малиот Крапверк, кој некаде дома има една огромна кутија со ствари на кои пишува "Digimon". Карти, жетони, сликички, фигури. Дури и VHS од првиот филм и едно оргинално DVD со неколку епизоди. Бев ко излезен од "Chinpokomon" епизодата од South Park. Откако завршија тие 50-тина епизоди со прикажување, најдојдоа уште неколку такви аниме серии наменети за да продаваат глупости на хипнотизирана маса пре-пубертетлии, ама јас и моето тело веќе пројдовме низ промени и станавме способни за репродукција, па Digimon престана да биде интересно. 


Деновиве читам за нешто што се вика Digimon Adventure tri. По повод 15 години од оргиналниот серијал, излегува серија која не само што ќе ги обедини оргиналните DigiDestined (знам и како се викаат...), туку и актерите кои ги позајмуваа гласовите. Единствено приказната нема да биде петнаесет години подоцна, туку продолжува директно после Digimon Adventure 02.

Ова не го даваа кај нас, ама имав пробано да изгледам нешто пред десетина години, и не можев. Тогаш оргиналните ликови беа некоја година постари и го отстапија местото на нова генерација. Сега се исто така постари и се обидуваат да рекламираат и продадат играчки на друга генерација. Тизерот очигледно сака да допре и до мојата генерација, па чим го читаш ова, јасно е дека "Butterfly" од Animetal ме удри право во носталгијата, нели?

Тешко дека ќе го гледам новиов серијал кој ќе почне да се прикажува оваа пролет. Толкаво магаре сум... Ама, сигурен сум дека ќе изгледам барем една епизода. Или првиот долгометражен филм во меѓувреме, кој можеби се симнува или не се симнува баш сега во моментов.

Види такоѓе:

March 15, 2015

Alien³ (1992)

Целиот овој хајп околу новиот Alien на Нил Бломкемп, ме натера да му дадам шанса на Alien 3. Низ годиниве, некако ги имам отпишано последните два дела од франшизата, па штом не се сеќавав дека стариот Ланистер глуми тука, кој знае колку време го немам гледано третиов. Resurrection мислам дека не го ни имам изгледано цел од почеток до крај. И, каков е Alien 3? Па... не многу добар. Не е толку катастрофален како репутацијата што ја има, но сепак не е достојниот наследник на претходните два. Има куп работи кои не се во ред со филмот, но ако е некаква утеха и изговор, причините за тоа се многу подлабоки отколку што изгледаат. Alien 3 е едно од најисфорсираните продолженија во историјата на филмови. Студиото било решено да ја продолжи приказната по секоја цена, и тука некаде работите почнуваат да тркалаат надоле. 


Скоро шест години во продукција, патот до финалниот филм воопшто не бил лесен. Продуцентите биле соочени со многу режисери и сценаристи кои се обиделе да го реализираат филмот и многу од нив се откажале или биле откажани. Недостатокот на јасна визија за текот на продолжението, ги оставило Дејвид Финчер и Винсент Ворд да работат со идеи нафрлани од нивните претходници, биле во трка со време и притисоци од студиото и продуцентите, така што товарот за лошиот квалитет на Alien 3, можеби и не е фер што некогаш целосно паѓа врз нивниот грб. Практично, она што го гледаме во Alien 3 е колаж од идеи на десетина луѓе, менувани, адаптирани и крпени онолку колку што дозволувало времето и финансиите тогаш.

Прво, главниот проблем е со преживеаните од Aliens, односно Рипли. Во одредни фази од продукцијата, воопшто не ни требало да бидат пристуни ликови што ги знаеме, меѓутоа одлуката на студиото била дека филмот мора биде со Елен Рипли. Alien 3 се ослободува од останатите преживеани од Sulaco на дрзок начин, без никаква правда, нешто што очигледно фрла силно светло на крпениците. Целата поента на Aliens буквално паѓа и гори до пепел. Океј, не баш до пепел, ама сериозно наебаа.

Дејвид Финчер направил многу за да го задржи целиот амбиент на претходните, меѓутоа самиот сетинг не дозволува да се постигне мрачната и клаустрофобична атмосфера во која чудовиште како ксеноморф најубаво доаѓа до израз. Металните коридори не сами по себе доволен терен за чувството на тензија и страв да биде прописно ослободено. Заканата е присутна речиси цело време, но не е баш застрашувачка. Дури и перформансот на Сигурни Вивер е некако угушен од религиозните затвореници и сценариото кое е не е баш најперфектното на светот. Единственото нешто што е погодено во целост е добриот саундтрек, тука немам апсолутно никакви замерки.

За жал, сите интересни моменти се гушат во досада и споро темпо со што уште толку целиот впечаток е некако погорчлив. Не ми е јасно како Нил Бломкемп ќе гради нешто околу ова без да го игнорира целосно. Веројатно нешто би можело да се изведе со позајмување на одредени елементи и некаков друг исход на настаните после Aliens, па дури и овие тука.

Види такоѓе:

March 14, 2015

Купче Star Wars стрипови и новости

Периодов што помина беше преполн со ствари за подгревање на Star Wars фанатизам. Најголемата новост е што конечно се фрли светло на првиот самостоен филм, одвоен од трилогијата која доаѓа. Освен насловот, Star Wars: Rogue One (мех), најавена е Фелисити Џонс во, веројатно главна улога. Од она што наводно деновиве се презентирало зад затворени врати пред луѓето со парите, Rogue One не звучел како да има многу врска со гласините за Боба Фет филм. Барем според толкувањата на оние кои некако се докопале до концептот презентиран таму, на кој претежно имало слики од бојно поле. Сепак, уште е рано за детали, така што вратата на Боба Фет можеби и не му е целосно затворена. Муабетите повеќе тежнеат кон тоа дека е филм за мала група бунтовници, затекната во војна против Империјата. Rogue One ќе го режира Гарет Едвардс, па според она што го имам видено од него, може да е океј изборот. Има уште година и пол до филмот, така што новостите и шпекулациите допрва ќе ги слушаме.


Star Wars Episode VIII е закажан за 26 мај 2017. Датумот речиси и да се поклопува со 40 годишнината на Star Wars. Филмот ќе го режира Рајан Џонсон, што е некако посериозен и посигурен избор од Гарет Едвардс. Покрај Looper, потпишан е и на неколку Breaking Bad епизоди, меѓу кои и "Ozymandias", една од најдобрите во цела серија. VIII нормално дека ќе добие повнимателен третман од самостојните, а чим Џонсон веќе е инволвиран и во IX, очигледно е дека ја има довербата кај Дизни. VIII е голем залак уште од сам старт. Тука ќе биде веројатно можноста да се исправаат евентуалните "џар џар бинксови" од The Force Awakens, а доколку се точни гласините за приказната, односно судбината на еден од ликовите тука, Episode VIII ќе мора да понуди многу повеќе од Лендо Калризијан за балансот во Силата да биде правилно воспоставен. И, кога сме кај The Force Awakens, има некоја раскажана верзија на целосниот трејлер која и не мора да е точна. Сепак, прави смисла и се поклопува со она што се знаеше за филмот уште одамна. 

Неделава ги пролистав и новите стрипови на Марвел. Го чекав купчето да се направи со Princess Leia #1. Првиот број од вкупно пет, е малку поразличен од тековните Star Wars и Darth Vader наслови. Приказната продолжува директно од последната сцена од A New Hope и ја следи Леа на некаква мисија, каде се обидува да докаже дека е многу повеќе од пасивна принцеза и е решена директно да учествува во востанието против Империјата. Прилично просечно, со цртежи малку различни од другите наслови. Пет броја ќе се, ќе се стрпам да видам што ќе се случува понатаму, меѓутоа сега за сега, не сум нешто премногу импресиониран.

Star Wars #03 конечно ја заокружи ситуацијата на планетата каде што ликовите првпат се соочија со Вејдер по Јавин. Мислев дека ќе продлабочуваат врската помеѓу Вејдер и Лук, но изгледа дека направија паметен потег да се тргнат од тоа, после она што се случуваше во минатиот број. Крајот најави друга насока, со некаков пакет во куќата на Кеноби, потпишан "За Лук". Едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму. Darth Vader #02 ми беше најдоброто искуство од ова купче. Вејдер е целосно во форма тука, брутален и бесмислосен, за разлика од првиот број каде што меѓу другото, Палпатин стигнa и да го подбере за уништениот Death Star. Во овие два наслови инаку, има некои мали елементи кои потекнуваат од приквел трилогијата. И во Star Wars #03 и Darth Vader #02, се гледа дека борбени возила и дроиди од "тоа време" некако успеале да преживеат. Колку и таа проклета трилогија да е некако во позадина во новиов Star Wars бран, природно се вклопија. Како суптилна референца, одлично функционираат вакви детали.  

За крај, наскоро доаѓа нешто што се вика Journey to The Force Awakens. Дизни планираат да објават 20 книги, стрипови и други продукти во печатена форма кои ќе го спремат теренот за новиот Star Wars. Целиот материјал ќе биде дел од новиот канон и ќе ја пополни дупката во приказната по Return of the Jedi. Каков сум нафуран на The Force Awakens, ништо чудно да ги грабнам и книгите кога ќе излезат. Првиот стрип од "патувањето", се вика Shattered Empire и излегува во септември оваа година.

Нова серија: The Last Man on Earth

Ептен претпазливо пристапувам кон новиве серии, ама некако не можев да одолеам на The Last Man on Earth. Пост-апокалиптични сценарија со еден или малку преживеани, во случаи кога се работи за некој различен од Вил Смит, можат да бидат интересни. А, од тоа што го видов до сега од The Last Man on Earth, загарантирани ми се лабави дваесет минути еднаш неделно додека трае првата сезона. Вил Форте, инспириран од Life After People и филмови како The Omega Man, создава баш таква ситуација, за последниот човек на планетата, опустошена од непознат вирус. Ретко темата да е вака (намерно) хумористично обработена и спакувана, па тоа ја прави некако серијата поуникатна и специјална. Нема зомбија и слични непријатели, нема сурова борба за живот, дури нема ни лешови. Бар до сега. Форте режира, пишува, и го глуми главниот лик - Фил Милер.


Фил Милер не е херој. На прв поглед делува како некоја комбинација од Д Дјуд и Зак Галафинакис. Додека се обидува да најде други преживеани, ги ужива сите бенефеции на "последниот човек" и ги прави работите што веројатно сите би ги правеле на негово место. Се вози низ САД, прибира уметнички дела и предмети вредни за него, како пењоарот на Хју Хефнер, кугла со аквариуми и лукзузни коли, се релаксира во базени со алкохол, му смее на Том Хенкс за Вилсон... До моментот кога сето тоа престанува да биде толку интересно. Кога му треба човек, особено од спротивниот пол. Иронично, во најкритичните моменти на осаменост, опкружен е со група топки со нацртани фаци, полошо и од Том Хенкс. Во моментот кога е решен да стави крај на себе, ја среќава Керол и конта дека е можеби само последниот маж, а не човек.

Меѓутоа, Керол е комплетно спротивна од него. Традиционална, конзервативна и ги почитува сите правила, па и сообраќајни знаци, како никогаш да не се случил крај на светот. Покрај тоа, не му е воопшто привлечна, без разлика на тоа што е веројатно последната жена на светот. Крајно дисфункционални, решаваат да си дадат шанса, но секој со сопствена агенда. Керол сака да ја репопулира Земјата, додека Фил бара женско што е повеќе од пластична кукла во излог. И, таман кога почнав да се помирувам со тоа дека до крајот на сезоната ќе гледам некаква романтична комедија, се случи таков пресврт на крајот од третата епизода што ќе ја однесе серијата во уште позабегана насока.

The Last Man on Earth е супер, ако го прифатиш концептот. Лесна, солидно напишана комедија со супер кастинг и многу пријатен позитивен амбиент, и покрај тоа што се десила ебана апокалипса. До толку е лабава, што стварно немаш ни потреба да се замараш каде се сите, што е со вирусот и што ќе се случи. Ми личи ко да ќе истераат фина сезона пред идејата да стане досадна, па ќе сум тука за тие дваесет минути еднаш неделно.

March 6, 2015

Мајлс Моралес и филмската иднина на Спајдермен

Вестите дека Спајдермен директно од Sony се приклучува во филмскиот универзум на Marvel, веќе некое време не се тазе. Сепак, она што муабетот го предизвика, ќе одекнува со уште поголем интензитет во периодот што следи. Иако деталите моментално не се познати, сосема е извесно дека Спајди наскоро ќе се приклучи на Авенџерс, или барем ќе се најде во исто време и место со некој од нив. Една од најверојатните гласини е дека третиот филмски Спајдермен ќе биде дел од Captain America: Civil War, пред нели, како што е редот, да добие посебен самостоен третман. Еј, да. Civil War, другарче. Не стигнав да пишам пост за ова, ама си ги пројдов тие од пред шест години додека го читав стрипот. Онака, тогаш сум се надевал на серија, не сме ни помислувале дека Marvel ќе стигнат до тука со филмски адаптации, а гледај, сега чекаме филм базиран на веројатно омилената Marvel приказна што ми поминала низ раце. 


Спајдермен супер би можел да се снајде во сето ова. Филмската адаптација на Civil War ивентот ќе биде различна од стриповската, бидејќи нели, нема тајни идентитети во моменталната верзија на универзумот, така што параметрите ќе мора да бидат поинаку поставени. Единствениот кој би можел да биде "проблематичен", веројатно е Спајдермен. Во стриповите неговата улога беше доволно битна за сите овие неофицијални вести да прават смисла. Па, дури и гласините дека Ајрон Мен ќе му биде главниот непријател во самостојниот филм. Но, она што е многу поважно, кој ќе биде Спајдермен? Тоби Мекваер отпаѓа, Ендру Гарфилд исто така. Дали отпаѓа и Питер Паркер заедно со нив или ќе видиме нов Паркер по трет пат? Убав пример е што ти текна на Хулк, меѓутоа ниту Бана, а ни Нортон, не беа толку впечатливи за да го изградат ликот како што тоа го направија Спајдермен филмовите. Без разлика колку и да беа лоши некои делови, не беа толку досадни колку The Incredible Hulk. Без разлика на тоа што тогаш сум го мислел за филмот.

Тука некаде, доаѓамe до Мајлс Моралес. Мајлс Моралес е црниот Спајдермен во Ultimate универзумот, кој случајно го наследува Паркер по неговата трагична смрт. Денес е актуелен во тој универзум, и нема никаква причина зошто Marvel да не го пренесат и во филмскиот. Ги читав стриповите пред некоја недела, прв пат се запознав со Мајлс и ми се свиѓа тоа што го видов. Многу поразлична приказна од онаа на Паркер, но мотивите, способноста за досетливо јадење гомна и односот со останатите суперхерои, се тука некаде. Многу логичен избор за Marvel, ем добиваат расен диверзитет и уште поцрна публика (океј, очаен обид за расистичка шега, Бобо), ем ќе бидеме поштедени од уште еден Питер Паркер кој не само што ќе биде досаден, туку нема да ги избегне ни споредбите со претходните двајца кои се прилично тазе и уште се некако во главите на сите нас. Плус, веќе има гласини дека новиот Спајдермен ќе е средношколец (како Мајлс Моралес), и дека веројатно нема да е белец, така што можеби трошам муабети во празно на темава.

Во секој случај, ене кај е 2016. Civil War е одлична прилика повторно да се запознаеме со Спајдермен. Би бил среќен доколку го заобиколат Питер Паркер. Доволни беа пет филмови, од кои можеби два беа добри, реално. Нема поента да гледаме пак ориџин приказна, сите веќе знаат кој е Спајдермен, а со Мајлс Моралес ликот би добил вистинско освежување. А, со Marvel зад него, многу поубав третман од оној што го добиваше од Sony.

March 4, 2015

Крај на првата сезона на Star Wars Rebels

Она кога зборев дека Rebels има голем потенцијал за созревање? Епа на крајот, во последните три епизоди, конечно успеа да порасне мадиња. Најдоброто изгледа го чуваа за финалето. Таркин, Империјата претставена како најсериозен непријател до сега, и шлагот, гајле ми е за спојлери зошто само тројца гледаме - Вејдер. Вејдер баш и не е некое изненадување, зошто некои сајтови ја најавуваа последната епизода баш со него во преден план. Вистинскиот пресврт, она што ме срипа од кревет, беше враќањето на Асока Тано. Доколку некаде беше спомната претходно, сум го пропуштил тоа. The Clone Wars ја остави нејзината приказната отворена, без никаква завршница и уште тогаш идејата дека ја чуваат за Rebels ми звучеше некако логично. Ете, се случи баш така.


Rebels успеа да ги помести сопствените граници. Ликовите постепено созреваа и се развиваа низ сите 13 (или 14, ако ги рачунаш првите две како една) епизоди, приказните стануваа покохерентни со целиот Star Wars универзум, па крајот е баш оној логичен прогрес кој можеби и не беше толку видлив на почетокот. Никој од ликовите, а особено Езра, не е ист од првата епизода, и никој веќе не е анонимус за кој не се грижиш. Имаше толку добри епизоди, што беше невозможно да не ти прираснат при срце. Како што привршуваше првата сезона, толку помалку ми недостигаа The Clone Wars. Дури и со Асока во следната (или следните) сезона, мислам дека споредбите веќе стануваа излишни. Идентитетот што недостасуваше на Rebels, конечно се оформи во последните три епизоди.

Самото финале мене ми беше крајно драматично. Кејнан и Езра ги вкрстија сејберите со Инквизиторот, повикувајќи се на онаа сцена од Episode I, што за момент помислив дека ќе се толку храбри за да убијат некој од нив двајца. Знаев дека некој лик нема да ја преживее сезоната, но сепак, одлуката падна на, не знам, оној што го планираа да биде главен негативец? Очигледно Инквизиторот не профункционира според планот. Иако има шанси некако да се врати во иднина, мислам дека со "познати фаци" од Империјата заканата за екипажот на Ghost е многу позаебана. На крајот, тоа и треба да е серијата, нели? Група бунтовници кои се борат против злобната Империја? Патот за следните сезони е веќе цврсто поставен. Останува само да видиме колку храбро Дејв Филони и другарчињата се спремни да го изодат.