Showing posts with label anime. Show all posts
Showing posts with label anime. Show all posts

December 21, 2021

Ретроспектива на The Animatrix

Пак се наканив да ги изгледам The Matrix Reloaded и The Matrix Revolutions деновиве. Тоа ми е таа традиционалната годишна проверка на тие два филмови. Случајно да не станале подобри низ годиниве или мене да не ми се наштелувал вкусот за конечно да ги прифатам. Епа, уште не. Ќе мора да пробам пак догодина. Знам дека скоро се испомочав врз The Matrix Resurrections, ама планирам да го гледам деновиве и ми требаше загревање. Видов некои рецензии без спојлери баш денес и уште толку ми ги намалија очекувањата за филмот, ама ете ќе му седнам на сопствен ризик.

Го гледав и The Animatrix (2003) пак, после којзнае колку години. Некако го заобиколував можеби за да не си оштетам некои фини спомени што сега испадна дека само ми ја одржувале илузијата дека има нешто друго озбилно добро покрај оригиналниот The Matrix. Иако оваа аниме колекција на девет кратки филмови не му штети на првиот филм како двете (или трите) продолженија, пак некако не успевам да видам дека пристојно го надополнува и збогатува. Идејата е супер, меѓутоа најголемиот проблем со приказните во овој универзум ми е тоа што ми ја нарушуваат мистеријата што го обвива кецот.

The Animatrix е воглавно склопен од сценарија на Вачовски појачани со еминентни имиња од аниме светот. Озбилно, ако некогаш си гледал аниме, големи се шансите авторот на тоа аниме и на ова да работел. Колекцијата нуди некои идеи и перспективи што се или попатно спомнати низ филмовите или комплетно нови, ама пак се темелат на главниот мотив. Освен првиот што е 3Д анимација, другите визуелно се држат и денес. Убави се, шарени, анимацијата е различна кај повеќето, некои дури и се осмелуваат и за поекспериментален стил, меѓутоа пак е присутен главниот проблем што јас го имам. Kомплетно субјективен агол е. Ништо тука не е апсолутно лошо, само што ми лупи некои слоеви што мислам дека ми се поубави такви недопрени.

Всушност, добрите спомени од The Animatrix колекцијата ми биле само две цртанчиња. Првиот е The Second Renaissance, од некоја причина поделен на два дела. Ја објаснува војната помеѓу машините и луѓето и како точно дошло до тоа човештвото да биде така поробено. Она што ми е најинтересно за The Second Renaissance е начинот на кој успева да создаде свој свет, а пак да гравитира околу главните постулати на првиот The Matrix. Приказната што ја раскажува би можела да функционира исклучиво како аниме, па веројатно од таму доаѓа таа симпатична привлечност. 

Вештачка интелигенција што настојува да преговара некаква рамноправност со луѓето и притоа се труди да им се допадне имитирајќи ги, е многу поефективна кога е стилски вака склопена. Не знам дали идејата на Вачовски била да завземеме страна, ама некако полесно можеш да разбереш зошто ситуацијата изгубила контрола и како човештвото можеби и заслужено се удрило со свој робот по глава. Од друга страна The Second Renaissance не се обидува да понуди алтернатива за соживот, така што ако успееш да ги разбереш постапките на луѓето можеш и за нив да навиваш. 
 
Не знам дали Вачовски имале намера да протнат некој реален политички дискурс тука, веројатно не е толку сериозно, ама е забавно за гледање. Има толку многу ситници што се кул, такво е полно целото. Гледаш како машините постепено се одвојуваат од нивните хуманоидни облици со што се дистанцираат од создавачот и како го претвораат во извор на енергија откако ќе им биде помрачено сонцето. Што знам, можеби ми лепи ова затоа што огромен дел од оваа идеја е познат од првиот филм, само без ситните детали кои во склоп на форматот успеваат некако добро да ја реализираат. Да го видиш истово на филм, ќе го нема истото влијание.

The Second Renaissance ќе ти изнуди и некоја емоција. Прави некое непријатно чувство кога машините ќе одлучат дека луѓето ќе им бидат новиот извор на енергија. Целата таа сцена е таква морбидна, гледаш дека човештвото е конечно поразено и без друг избор освен да биде батерии за некој робот таму да може да си светка. Стварно не знам што прават машините со покоренето човештво во The Matrix. Што би можеле да прават автономни роботи? Си седат, си кулираат? Се размножуваат? Се шетаат низ вселената? Ако продолжам да терам во оваа насока, цел The Matrix ќе ми изгуби смисла. Во некоја следена прилика можеби.

Второто парче од The Animatrix е A Detective Story. Noir приказна за детектив најмен да го најде хакерот познат под името Тринити. Такво е мангупско, со старошколски Хемфри Богарт шмек и сите можни клишеа од жанрот по кое е обликувано. Отсечено од The Matrix трилогијата можеби повеќе од сите други во аниме колекцијава, ама баш и затоа е толку добро. Сопствено си е некако во свој фазон, а баш вешто ги користи својствата на изворниот материјал. Не се труди да врзе никаква приказна со ништо, барем не премногу, туку е само перспектива што судира два жанрови онака најелегантно што може.
 
Многу подобро од остатокот во колекцијата. Зевав на оние со дечкото што сам се отштека од Матриксот или децата што експлоатираат глич додека не дојдат Агенти да го закрпат. Можеби едно од тие што се така позначајни за спомнување е Program. Да, се потпира многу на акција што не мислам дека е главната струја на The Matrix како концепт, ама има јак штос на крај што го имав заборавено и така фино ме окези. Остатокот е онака. За аниме и Матрикс ентузијасти што сакаат да црпат сè и сешто од универзумот. Би сакал и јас да можев така, ама чим не успеав скоро дваесет години...

Со ова мислам дека сум сега спремен за The Matrix Resurrections. Може уште еднаш да го пуштам првиот за да ме испере од продолженијава и да ме спреми за новото што е исто така беспотребно и вишок. Или можеби ќе се изненадам, не знам. Со нула очекувања и горки чувства од сè што не ми е оригиналниот филм, може и ќе паднам на кондиција и ќе ми се отвори мозокот за нешто ново. Ако воопшто има нешто ново филмот, а не само истото од кецот, секако.

Види такоѓе:

August 24, 2021

The Witcher: Nightmare of the Wolf вреди барем за едно гледање

The Witcher аниме секако звучи привлечно. Исто така, кога станува збор за Нетфликс и нивната шашава продукција звучи и малку сомнително. Не дека не успеваат да погодат нешто, ама изминатиов период се намочаа на еден куп ствари меѓу кои и Pacific Rim: Black, a ексклузивно ја објавија и онаа гнасна стравотија Masters of the Universe: Revelation. Освен тоа 2021 сме, сè ново што излегува мора да штиклира неколку точки кои најчесто ја трампаат забавата за нешто друго. Да не одам натаму и во овој пост, изморен сум веќе.

The Witcher: Nightmare of the Wolf беше долго најавувано. Долго и не знаевме што ќе биде, па се запрепастив кога скоро дознав дека е приказна за млад Весeмир. Ако отсекогаш била достапна оваа информација, веројатно сум ја преспал. Така што не е приказна за Гералт, туку неговиот ментор, што можеби е и супер идеја затоа што втората сезона од The Witcher серијата ќе пристигне за неколку месеци. Таман да се одмориме од него. Иако е централен лик во Вичер приказните, светот постои и без него, па Nightmare of the Wolf е фина прилика да отидеме на некое малку поразлично место.

И, на мое големо изненадување - не е воопшто лошо. Имав минимални очекувања, мислев дека ќе гњави саат и кусур со родови студии и социјална правда, а баш е онака умерено и воглавно се фокусира на некои многу позабавни теми. Вичери, магија, сребрени мечови, чудовишта, пресврти - има сè за да функционира во полза на светот од кој доаѓа. Весемир е супер кул лик, претпоставувам како и повеќето вичери од Кер Морен. Го знаеме и од претходните материјали, ама првпат да го начекаш вака младо мангупче. 

Приказната воглавно се врти околу некои нови сомнителни чудовишта кои се необични дури и за светот од кој потекнуваат. Личат дека се некаков спој на различни видови веројатно создадени по неприроден пат. Нема да навлезам од каде се и како се - тоа е веќе спојлерска територија, ама ќе ја пофалам креативната енергија. Многу добра едноставна идеја што супер функционира во ваков компактен филм. Не се сеќавам дека сум сретнал слична приказна во The Witcher книгите и игрите. Ако имало, сум ја заборавил.

Ме држеше заинтересиран, тоа е важно. Ете, и со тоа ќе се задоволиме овој пат. Не заспав и не добив нагон да фрлам со нешто во телевизорот. Вичери како концепт се исклучително интригантни, имаат богата и комплексна историја, а Nightmare of the Wolf успева внимателно да се прошета низ таа митологија и да извади некои моменти што не пркнале на медиум различен од игрите и книгите.

Филмот повремено скока и наназад во детството на Весемир кое директно го врзува со моменталните настани. Таму чепка малку за регрутацијата на вичерите како неговиот мотив да загази по тој пат. Некои моменти не се којзнае колку непознати за тие упатените во изворниот материјал, ама пак е фино да се види истото од друга перспектива. Понекогаш се чудев колку функционална структура има Nightmare of the Wolf, до толку сум изгубил доверба во новиве ствари.

Анимацијата е исто така задоволителна. Можеби не е најпрекрасна на цел свет, ама не изгледа евтино како што често знаат да бидат обидите за американско аниме, особено оние на стриповските адаптации. А, овде и тепачките имаат аниме стил и физика, без разлика дали се работи за еден на еден или масовно крвопролиќе. Океј, сега не е Dragon Ball Z ама пак важат некои различни правила за гравитација.

Сепак, колку и да е забавен Nightmare of the Wolf пак си игра играчки со некои елементи од изворниот материјал и историјата на Кер Морен, па можеби дел од публиката што посветено го следи ќе биде малку растревожена. Мене не ми сметаше, гледам да ги одвојам сите адаптации на книгите како посебно дело, ама пак не ми е јасно која била потребата да се чепне нешто што функционира такво какво што е баш поради што е замислено и напишано на таков начин. Не би сакал да спојлам сега, ќе видиш на крај. 

Крајот малку се разстегнува и го омалакса наративот, ама онака скоро безболно, без да го наруши општиот впечаток. Вреди за еднаш да се изгледа. Не е лошо, ама не е ни некое ремек-дело што заслужува второ гледање. Веројатно и ќе го заборавам за недела-две. Во секој случај, ми се свиѓа овој концепт на аниме адаптации на The Witcher приказни, па се надевам дека ќе скрпат уште некое вакво. 

Види такоѓе:

March 7, 2021

Можевме и без Pacific Rim: The Black

Првиот Pacific Rim ми беше еден од најпривлечните блокбастери минатата декада. Како може да не сакаш филм каде што човештвото војува против џиновски чудовишта од друга димензија користејќи mecha роботи со сличен таков џиновски габарит? Концепт што можеби е посвојствен за аниме, профункционира одлично на филм. Вториот дел, Pacific Rim: Uprising, не беше ни малку лош, ама некако не го достигна ефектот на првиот од 2013, па не успеа да ја отпочне мултимедијалната франшиза на која толку се надевав. 

Баш поради Uprising нема да видиме трет филм во скоро време. Самиот Дел Торо пред некој месец изјави дека нема никакви планови да го гура ова понатаму, а ниту приметив дека некој друг има волја или доверба да инвестира во ново продолжение. Штета. Сепак, Pacific Rim конечно реши да пркне малку и на друг медиум. Викендов излезе аниме серија со седум епизоди - Pacific Rim: The Black. Пукнат за нов материјал сместен во овој универзум, ја сркнав во две седнувања. Два и кусур саати, отприлика колку еден долгометражен филм.

Но, за разлика од првите два филма, Pacific Rim: The Black малку неефикасно се справува со концептот. Pacific Rim аниме звучи како супер идеја, тематски таму и припаѓа приказната. Меѓутоа, филмовите функционираа баш поради тоа што успешно го извлекоа тој специфичен аниме шарм надвор од неговиот матичен медиум. За сега тие ствари да се добри и како аниме, треба приказната да е малку повешто склопена. Pacific Rim: The Black има океј основа за интересна приказна, само што неуспешно трупа глупости една врз друга со надеж дека нема да се занишаат и распаднат насекаде. Што и се случува неколку пати, за жал. 

Две генерични аниме деца на Јегер пилоти се оставени од родителите во некоја австралиска вукојебина, навидум во безбедно засолниште. Еден ден децата туку-така наоѓаат неактивен Јегер наменет за тренирање пилоти и откако ќе го активираат, нив ги наоѓа каиџу кое сака да ги дигне на клоци и нив, и Јегерот и сè што преживеало тие пет години во пустината откако Јегерите заминале на друг фронт. Па, така децата некако ќе успеат да куртулат од разбеснетото каиџу и го фаќаат патот накај Сиднеј каде што се надеваат дека ќе ги најдат нивните родители. 

Премисата не е толку лоша, ама Pacific Rim: The Black прави многу малку со неа, што ме тера да помислам дека можеби ова требало да биде долгометражен аниме филм што некој решил да го искасапи и развлече во седум епизоди. Отсуствува чувството на опасност и очај од каиџу заканата карактеристично за филмовите, а човечките негативци имаат глупави и неиздржани мотиви кои никако не може да се порамнат со ситуацијата во која се наоѓаат. Оттаму, никогаш не можеш да осетиш дека протагонистите се навистина загрозени. 

Не бев стигнат ни до пола кога почна да станува напорно. Седум епизоди се премал простор за ваква нефокусирана приказна. Упорно се стреми и да ја надополни митологијата со некои нови фазони, ама времето за убаво да ги испегла и вклопи во веќе постоечкиот наратив е прекратко, a придонесот кон Pacific Rim универзумот е едвај забележлив и безначаен. Можеби замислувале и втора сезона за да градат врз овие концепти, можеби и ќе ја има во иднина, меѓутоа како да заборавиле дека и ова што го имаат тука треба да опстане самостојно. 

Не знам дали би можел да го препорачам ова. Ако си фан на Pacific Rim, веројатно е океј за едно гледање. Како аниме е едноставно досадно. Не се ни труди да те воведе во големата слика, па така што ако немаш предзнаење од филмовите, веројатно е уште подосадно. Pacific Rim гледаш за тепачките пред сè, не за драматичната фамилијарна динамика. Има еден куп подобри mecha аниме серијали кои може да ти ги задоволат потребите и за едното и за другото. Единственото стварно позитивно за Pacfic Rim: The Black е анимацијата, ама тоа е далеку од доволно за прелазна оценка.

Види такоѓе:

June 17, 2019

Аниме на месецот: Erased

Вонсезонски седнав и изгледав аниме серија. Претежно ми треба поесенска клима за прописно уживање во вакво аниме со посериозен тон, ама стварно останав без серии. Erased (oригиналниот наслов му е Boku dake ga Inai Machi) од 2016 е еден од оние наслови што ми дремат во беклог и ете знаат да ми се најдат кога ќе пресуши останата серијализирана забава. Баш ми е мило што конечно дојде денот, дека му се токмев уште откако завршив со Kabaneri of the Iron Fortress.

Erased е супер-компактен мистериозен трилер врз чија основа е подигнат мојот засекогаш омилен научно-фантастичен концепт - патување низ време. Јадрото на заплетот е дваесет и девет годишниот Сатору и неговата чудна судбина. Животот не само што го напикал во едно кариерно ќоше кое баш и не се поклопува со неговите амбиции, туку има и необјаснета неконтролирана дарба да се враќа назад низ време, неколку минути пред некоја несреќа со животни последици каде што воглавно помага истата да не се случи. 


Сатору нема одговор зошто и како ја поседува оваа моќ, ама сосема природно се носи со неа што дури изгледа крајно рутински и секојдневно. Ова негово удопство зема нова насока откако ќе ја убијат мајка му и наместо стандарните неколку минути, ќе се врати осумнаесет години во минатото. Сатору тогаш почнува да изведува една нова форма на она "да го имав овој памет на тие години" со тоа што е соочен со неколку заебани предизвици меѓу кои и решавање серија убиства кои завршуваат со она на неговата мајка.

Има многу причини за да го сакаш Erased. Иницијалната идеја со враќањето низ времето ја ракува со неколку финти што му даваат фина свежа шара на механизам тука присутен во својата најсирова парадоксална форма. А, како таков е и најадекватен со оглед на тоа што серијата целата таа проблематика воглавно ја користи за да опслужи местоположба на ликови. Откако ќе ги позиционира според замислата, тек тогаш фаќа да жонглира со идеи и жанрови кои се вон научно-фантастичниот спектрум.

Претежно е вешто и ритмички тоа жонглирање. Erased нема проблем да те одведе низ мрачни места и да ти изрипува изненадно од зад грб откако ќе те остави сам таму без да приметиш. Темите што ги шалта некогаш се стварно мачни за гледање, ама созревањето на ликовите и нивната борба со секоја гомно ситуација под твојата гледачка лупа вреди за секое урлање во телевизор. Моментите кога ќе успее да го воспостави тој емотивен контраст ми се омилените.

Мала е цената за она што го нуди за возврат, неколку живци се во прашање. Ваква трампа е веќе реткост кај сериите од англиско говорно подрачјe, па можеби затоа сум толку позитивно расположен од целото искуство. Често пати и ќе те насмее и ќе ти направи топло во стомак. Да, изгледа како да си игра со многу работи одеднаш, ама повеќето од нив добиваат задоволителен третман. Мистеријата е добро заташкана, а тензијата која произлегува од неа успешно се испумпува за да се слее од една епизода во друга.

Erased можеби не е најдоброто аниме на светот, ама ми беше потребната културна инјекција после сите лајна од серии што имав прилика да ги исркам. Забележувам дека самиот крај е предмет на жестоки интернет дискусии, за тоа како бил незадоволителен и (намерно) различен од изворната манга, ама јас немав проблем иако разбирам што штрчи. Веројатно само епизода повеќе би била доволна за полесно приземјување, ама и без тоа Erased вреди за сите дванаесeт.

January 31, 2017

Аниме на месецот: Kabaneri of the Iron Fortress

Најјако ми е ова 'Аниме на месецот' на Crapwerk. Како секој месец да се претргнувам од гледање аниме серии, па сега ја издвојувам најдобрата. Можеби е крајно време да почнам да ги формулирам насловите посоодветно, пример, 'Аниме на последните две-три години' или нештo, зошто во последно време ретко доаѓам до аниме што ќе ми го задржи вниманието повеќе од неколку епизоди. Kabaneri of the Iron Fortress (Kōtetsujō no Kabaneri) успеа. Ми сервираше дванаесет епизоди што ги сркнав на два пати.

Има неколку работи што ги барам кај моето аниме, покрај очигледната нели, да има оргинална приказна. Не мора да се секогаш во ист пакет, ама сакам кога ќе ме затекне со помрачна нијанса и некаков сив морален контекст. Малку да ме растревожи. Другата опција е да е само чиста лесна забава, бонус ако има џиновски роботи, ама да се повеќе од реклама за играчки. Некогаш потребите и ќе ми се искомбинираат како со Neon Genesis Evangelion или Bokurano. Третото се секако филмовите на Ghibli студиото, кога покрај другото, сакам да си ја стоплам душата или да ми пораснат јајници. 


Kabaneri го исполнува оној критериум на забавно, акционо аниме. Нема големи идеи што ќе ти натежнат врз следните денови откако ќе завршиш со гледање, не индуцира егзистенцијални тегоби. Едноставно успева да биде кул. Зомби приказна сместена за време на индустриската револуција, каде што група преживеани од вирусот што ги претвора луѓето во чудовишта наречени Кабане, се обидува да најде раат во тврдини поврзани со железница. Практично, целото дејствие е сместено на oгромен воз кој се обидува да стигне до една таква тврдина. 

За да биде приказната нешто повеќе од класична зомби инвазија, постојат и ликови што серијата ги нарекува Кабанери, кои се имуни на вирусот и се еден од главните адути во борбата против тие со чија крв се извалкани армираните возови. Некои работи како режијата, преубавата анимација, кореографијата на битките и општо целиот стимпанк амбиент се толку добро изведени, што пристојно компензираат за главните ликови на кои пак им фали по некој слој за да се попривлечни. Океј сум и со финалето, кое приметив дека безобразно се плука во кружните отаку мастурбации. 

Си кликнавме со Kabaneri. Не знаев за што точно да се спремам, ама сум презадоволен од тоа што го добив. Темпото на почетокот е толку брзо, што од возбуда нема ни да приметиш дека си веќе до пола. А, тимот зад серијата веќе има изградено име и репутација, верувам дека точно знаеле што сакаат да постигнат, без разлика што многумина се разочарани. Тетсуро Араки позади себе ги има мојата засекогаш омилена Death Note, Highschool of the Dead, Attack on Titan и еден куп други од кои барем една епизода имам изгледано.

Со оглед на тоа што е неферски споредувано со Attack on Titan и публиката некако е поделена, па и негативно расположена, не знам каква е иднината на Kabaneri. Дванаесетте епизоди ми летнаа пребргу, сакав да видам повеќе од светот што го создава. Најавено е нешто ново за 2018, но во моментов нема информација дали ќе биде втора сезона или само долгометражен филм. Што и да прават, сакам да е со нови ликови, фино би било да се понуди ситуацијата во Kabaneri од друга перспектива.

March 25, 2015

Совршеното аниме

Пролет и есен ми е периодот за аниме серии. Тоа е тој Павлов рефлекс во моментот кога месеците ќе се појават на календарот. Веројатно уште од времето на Death Note и лошиот пост напишан на таа тема пред некои осум години. Не гледам аниме како порано, ама секогаш бирам внимателно. Овој пат се одлучив за нешто поново, од 2015, по можност да не е во тек, како не би чекал со недели за превод на нова епизода. Разгледував неколку листи, гледав оценки и ѕирнав отприлика што е приказната на тие што ги избрав за проба. 


Загледав Death Parade, базирано на краткиот филм Death Billiards . Пробав и Parasyte: The Maxim, ама некако ми беше пребизарно на начин за кој не сум баш расположен. А, и веќе има доволно нормален tentacle porn што е сигурно позабавен од ова. Death Parade е кратко, има само дванаесет епизоди, така што веројатноста да го догледам до крај пред да ми опадне интересот беше помала отколку кога гледав Attack on Titan и Steins;Gate. Финалето би требало да се прикаже додека го објавам постов. Изгледав шест епизоди до сега и сум сериозно навлечен. 

Под едноставната, и на прв поглед, сомнителна приказна, се крие длабока комплексност, емотивен ролеркостер и потенцијал за предизвикување егзистенцијална криза каква што последен пат те снашла со  Neon Genesis Evangelion. Кога двајца ќе починат во исто време, заминуваат во Quindecim (или "Queen Decim" според Википедија). Без никакво, или со минимално сеќавање за тоа кои биле претходно, ги пречекува Деким, мистериозниот и шармантен бармен. Без да им објаснува многу, им нуди игра по случаен избор која ќе одлучи дали ќе бидат реинкарнирани или душата ќе им замине во бесконечен мрак. Додека трае играта, несреќните натпреварувачи постепено ги добиваат сеќавањата назад, чисто колку она човечкото да им дојде до израз. А тоа, често пати е пресудно за начинот на кој ги играат игрите и се борат, без разлика дали се работи за двајца странци или млад брачен пар кој загинал на свадбеното патување. Соочени со страв и инстинктот за преживување, некој пат се решени да победат, дури и по цена на животот, односно душата на присилно наметнатиот противник.

Конфузно е уште од првата епизода. Сите прашања што ги отвара и ти се битни за големата слика, се отплеткуваат како што тече понатаму. Шансата која треба да ја добие се барем првите две. Концептот е лесен за прифаќање, меѓутоа треба да си спремен дека ќе те остава со блага болка во стомак и грутка во грло после секоја посета на барот. Нема тука ништо среќно и весело. Ќе пишам повеќе кога ќе догледам до крај. 

March 16, 2015

Dejimon Adobenchā Torai. Подобро звучи на јапонски.

Добро, колку години имаш бе, Бобо? Знам, ама носталгијата околу најавата за јубилејното враќање на оргиналната Digimon постава ми предизвика спонтано запалување. Не ме глеј така. Пред 15 години, Digimon ми беше влезната аниме дрога. Веројатно е првата аниме серија што кај нас се прикажувала оргинално на јапонски и првата што успешно продаваше сè и сешто на деца, од смоки до плишани играчки.

Едно од тие деца беше и малиот Крапверк, кој некаде дома има една огромна кутија со ствари на кои пишува "Digimon". Карти, жетони, сликички, фигури. Дури и VHS од првиот филм и едно оргинално DVD со неколку епизоди. Бев ко излезен од "Chinpokomon" епизодата од South Park. Откако завршија тие 50-тина епизоди со прикажување, најдојдоа уште неколку такви аниме серии наменети за да продаваат глупости на хипнотизирана маса пре-пубертетлии, ама јас и моето тело веќе пројдовме низ промени и станавме способни за репродукција, па Digimon престана да биде интересно. 


Деновиве читам за нешто што се вика Digimon Adventure tri. По повод 15 години од оргиналниот серијал, излегува серија која не само што ќе ги обедини оргиналните DigiDestined (знам и како се викаат...), туку и актерите кои ги позајмуваа гласовите. Единствено приказната нема да биде петнаесет години подоцна, туку продолжува директно после Digimon Adventure 02.

Ова не го даваа кај нас, ама имав пробано да изгледам нешто пред десетина години, и не можев. Тогаш оргиналните ликови беа некоја година постари и го отстапија местото на нова генерација. Сега се исто така постари и се обидуваат да рекламираат и продадат играчки на друга генерација. Тизерот очигледно сака да допре и до мојата генерација, па чим го читаш ова, јасно е дека "Butterfly" од Animetal ме удри право во носталгијата, нели?

Тешко дека ќе го гледам новиов серијал кој ќе почне да се прикажува оваа пролет. Толкаво магаре сум... Ама, сигурен сум дека ќе изгледам барем една епизода. Или првиот долгометражен филм во меѓувреме, кој можеби се симнува или не се симнува баш сега во моментов.

Види такоѓе:

April 7, 2013

Аниме на месецот: Neon Genesis Evangelion

Изминативе година-две, не успеав да си најдам аниме што ќе ме задржи повеќе од неколку епизоди. Сите ме губеа некаде на средина, најчесто поради погрешните очекувања што ги имав, или темата ќе забегаше во некој правец за кој едноставно немав расположение. Трагањето по квалитет, ме донесе, или подобро кажано, ме врати на Neon Genesis Evangelion. Според мнозинството аниме фанови, ова е најдоброто нешто од жанрот. Низ годиниве, неколку пати сум пробал да го гледам и секогаш сум се откажувал на почеток. Овој пат, се заинатив и решив да почекам уште некоја епизода, да видам дали хајпот навистина е точен. 


И, да. Neon Genesis Evangelion е сериозно добро аниме. Не е најдоброто што сум го гледал, но секако е меѓу најдобрите. Ако ништо друго, мајндфакот што ми го приреди, ќе ме прогонува уште некое време. Почетокот е стварно тежок да се свари. Особено затоа што од комплексната приказна за која сите зборуваат, нема ни трага. Почнува прилично наивно. Неколку деца во џиновски био-механички роботи (Евангелиони), се борат против други џиновски (роботски?) суштества, Ангели, кои ја напаѓаат Земјата и едно од последните упоришта на човештвото, Токио-3. 

Една многу битна работа што треба да се знае за Neon Genesis Evangelion е тоа дека режисерот и сценарист, Хидеки Ано, за време на создавањето на серијата страдал од тешка депресија, што се има значително многу одразено врз приказната и ликовите. Како што течат епизодите, буквално сè станува помрачно и кулминира со потресен крај. Крајот, поточно последните две епизоди се нешто што до сега го немав видено никаде. Барем не на ваков начин. Токму поради финалето, Ано е подоцна приморан да сними филм како алтернативен крај, под името The End of Evangelion за да ги задоволни разбеснетите фанови. Ова допрва ќе го гледам, прво нека легне ова што го изгледав сега. 

Neon Genesis Evangelion е задожително аниме за фанови на врвен СФ, појачан со тешки психолошки теми. Ано успеал да ја пренесе неговата психичка состојба на начин кој нема шанси да те остави рамнодушен и без морници. Кажува дека ова е неговото животно дело и уфрлил сè што научил за животот претходно. Како што реков, Evangelion е многу, многу повеќе од тоа што може да се види на почетокот. Исто како Bokurano, кое патем очигледно ја црпи инспирацијата од тука, и ова е такво безвременско ремек-дело. Воопшто не е лесно за гледање, затоа и бара малку повеќе внимание. Некогаш е толку напнато, што мора да стопираш, да ја испроцесираш идејата, па да продолжиш. Заслужува и многу подетална анализа, меѓутоа невозможно е без спојлери. А, верувам и дека секој би си го доживеал на различен начин.

Тешко е да се најде нешто слично. Најблиското нешто со кое можам да го споредам (барем дел темите кои ги обработува) е Serial Experiments Lain.

March 13, 2010

Аниме на месецот: Bleach

Bleach ме купи уште со првите епизоди. Ветувачка приказна, интересни ликови, јапонски хумор што им е смешен само на јапонците (посмешно е кога ги замислуваш како се смеат на тие финти) и фина анимација. Приказната почнува со Ичиго Куросаки, млад дечко што откако знае за себе, може да гледа духови. Еден сосема нормален ден, се сретнува со Рукиа, Шинигами (death god), која доаѓа од Soul Society, каде што живеат останатите од нејзиниот вид и се борат против злите духови, познати како Hollow. Силата на Шинигамите е поврзана со нивните мечови (Soulslayers) кои имаат сопствен идентитет и моќ. Инцидентно, моќтта на Рукиа е пренесена на Ичиго и самиот тој се здобива со силата и целите на Шинигамите.

Првите дваесетина епизоди приказната се развива во градот на Ичиго кој е под постојани напади на лоши духови кои можат да ги видат само оние со некакви спиритуални моќи. Паралелно со борбите, се развива и силната пријателска врска помеѓу Рукиа и Ичиго, дознаваме повеќе за ликовите, и тука веќе се убедив дека се работи за многу поквалитетно аниме од што мислев. Борбите на почетокот ми делуваа како да се излезени од глупостине правени за реклама на играчки, грицки и подлажување деца, но развојот на приказната и ликовите некако ми го докажуваа спротивното.Околу 20-та епизода, се случува голем пресврт, откако Рукиа е уапсена од нејзините претпоставени од Soul Society, бидејќи пренесувањето на моќи на човек, се смета за најголем криминал казнив со смрт.

Оттука, приказната се сели во тој свет таму, и во наредните 20 епизоди, Bleach станува подосадно и од Dragon Ball Z. Никаков развој на приказна, комплетна трансформација на ликовите и идиотски борби од кои една трае по неколку епизоди. Нормално, пропратени со лош дијалог меѓу ликовите кои учествуваат во борбата, односно вербално мерење на.. хм.. мечови. Од аниме што навистина го засакав и ми стана навика да го гледам пред спиење, се претвори во катастрофална бљувоштина од која не можам една епизода до догледам до крај. Прекинав со гледање на 40-та епизода, Рукиа не успеаа да ја спасат од затворот, зошто нешто што можеше да се разреши за 10 минути, го влечат 15 епизоди.

Тука веќе ми стана јасно зошто Bleach до сега има повеќе од 250 епизоди и сеуште се снимаат нови. Незнам во кој правец се движи понатаму, ниту кога завршува приказната што не стигнав да ја догледам, а и не ме интересира сега за сега. Штета, почнува супер, а понатака е толку многу напорно за гледање. Од што е досадно, да...

January 25, 2010

Спор интернет и зима

Под сомнителни околности ми е потрошен месечниот интернет сообраќај и последните неколку дена сум отсечен од триста ствари, зошто неможам еден мочан сајт да отворам (64/64 kbps конекција за три компјутери). Среќа што барем WoW можам да играм, оптимизирана е за слаби брзини, така да 90% од играњето ми се одвива нормално. Си ја купив играта, трае до 27 февруари, таман кога ќе треба да полагам.

Се левелирам брзо, играм инстанци, battlegrounds... Првпат да видам што се дешава у инстанците на оргинален сервер. Roleplaying-oт е одличен, има NPC-ја што ја откриваат приказната, има интеракција со нив и прават смисла. И, конечно ми е ќеиф да играм инстанци. Добра опрема, XP и никогаш нема да се случи да падне серверот и да потрошиш време за џабе. Злато се прави лесно, продавам ствари цело време. Значи, неспоредливо подобро од пиратски сервери. Крај на муабетот. Се што зборев за ритејл, паѓа у вода. Плус, додека шибам квестови, ми иде у позадина The Hobbit аудио-книга. :) Еве моментална состојба од armory.

Гледам Bleach. Пред да легнам, ставам епизода да се симне со дајал-апов спор и си имам по една нова секое сабајле. Ми требаше вакво лајт аниме после Serial Experiments Lain (одлично аниме, треба нешто повеќе да пишам). Bleach е супер. Едноставна приказна, милион епизоди, добро за освестување сабајле и за пред заспивање.

Ах, да. Пробувам и да твитам, пошто Фејсбук скинав пред некое време.

Последната сезона Lost за недела дена, а?

December 27, 2009

Аниме саундтрек плејлиста

Музиката има огромен удел во обликувањето на квалитетно аниме. Почнувајќи од главната тема со која отвaра, преку музиката која се провлекува низ сцените.... Ќе правам од време на време колеции на добри ствари од саунтреци, а ако не ме мрзи, ќе склопам некоја mp3 колекција и ќе ја закачам тука. До тогаш, ЈуТјуб...

Eве што има денес на плејлиста:

September 28, 2009

Аниме на месецот: Bokurano

Кога го открив Bokurano, сосема случајно, и видов за што станува збор, се замислив само за количината на квалитетно аниме кое лежи закопано, неоткриено и натрупано со шунд од типот на Dragon Ball Z. Станува збор за генијална серија, речиси совршена и не ми е јасно како со години успеала да привлече внимание на толку малобројна публика. Не ме чуди како претходно немав чуено за Bokurano, а оргинално се има прикажувано во 2007.

Приказната на прв поглед делува наивно и детски. Група од 15 деца, скучуваат договор со сомнителен програмер, за учество во игра каде што ја бранат Земјата од напади на mecha роботи управувајќи со нивниот робот Zearth. Е, сега Bokurano е борба со роботи, колку што Lost е авионска несреќа на пуст остров. Bokurano е приказна за животот, пожртвуваноста, личните приоритети, завиена во чудовишниот Zearth. Уникатна СФ приказна, на моменти дури потресна и сурова. Цената која се плаќа за да се одбрани сопствената планета и животите на блиските не е воопшто мала, а е уште полошо кога се нема избор.

Малку ме разочара крајот, не очекував така да заврши, но доколку завршеше поинаку, ќе се изгубеше поентата. Сепак, крај со малку поинтензивни настани, не е лоша идеја. Bokurano има 24 епизоди, брзо се гледа, само бара малку повеќе внимание и трпение на почетокот. Пак ќе повторам, анимето не е борба меѓу mecha роботи, иако првите неколку епизоди делуваат така.

За крај, линк до најавната шпица. Песнава ми е хит откако ја слушнав првиот пат.

October 3, 2008

Аниме на месецот: Fullmetal Alchemist [Hagane no Renkinjutsushi]

Fullmetal Alchemist е аниме базирано на истоимената манга (нормално), дело на Хирому Аракава, авторка која доаѓа од јапонскиот остров, Хокаидо. Анимето почнува да се прикажува во октомври 2003 и вкупно има 51 епизода.

Почнав да гледам пред три недели и конечно денес завршив со последната епизода. Иако грото од работите што имам да ги кажам за Fullmetal Alchemist се позитивни, не е тоа што очекував. А, очекував многу, после еден куп прочитани рецензии, фалења и препораки.

Приказната е оргинална, досега немам видено нешто вакво. Се работи за свет во кој алхемијата е нормална наука, речиси секаде прифатена и нејзиното изучување е достапно за секого. Така и за две братчиња, Едвард и Алфонс Елрик, кои со помош на алхемија се обидуваат да ја вратат во живот нивната почината мајка. Притоа, забораваат на главното правило во алхемијата, а тоа е дека за да добиеш, треба и да дадеш нешто со еднаква вредност. По неуспешниот експеримент, Едвард ја губи раката и ногата, а Ал го губи целото тело и неговата душа е заробена во голем метален оклоп.

Соочувајќи се со последиците, почнува и нивната потрага по начин со кој ќе ги вратат работите во нормала. Дознаваат дека за камен (The Philosopher's Stone) кој наводно ќе им ја зголеми нивнат алхемиска моќ и ќе им помогне да ги поправат работите. Потрагата по црвениот камен е на некој начин и базата на анимето, но има и еден куп други споредни приказни кои успеваа да ми го задржат вниманието, а и да ја направат и целата серија подобра. Иако очекував многу пообемна обработка на некои елементи од приказната, неможам да кажам дека тоа што го добив е лошо. Да не бидам погрешно сфатен, серијава е феноменална, ова сум само јас и моите големи очекувања.

Анимето напредува со секоја нова епизода, се откриваат нови работи, некои од старите се објаснуваат, но незнам зошто е толку стегнато. Има тука огромен простор за шарање и за експериментирање и потенцијал кој некако не е доволно искористен. Поголемиот дел од ликовите кои играат главна улога се некако површно развиени и не оставаат простор за читателот да се поврзе со нив. Веројатно ова е најголемиот проблем што го има Fullmetal Alchemist.

Крајот беше изненадувачки, предвидував што ќе се случи, но не бев ни блиску до тоа што го добив. Приказната иако може да заврши така како што заврши, мангата си продожува понатаму (се збори за втора серија), а има и филм кој го дополнува анимето, Fullmetal Alchemist the Movie: Conqueror of Shamballa. Во план ми е да го гледам деновиве...

September 22, 2008

Аниме на месецот: Sen to Chihiro no kamikakushi [Spirited Away]

Можеби и најдоброто аниме од 2000 па навака. Прекрасно, магично и шарено, а на моменти дури и тажно. Едноставна приказна, но толку убаво склопена во форма на психоделично патување кое трае цели два часа. Алиса во Земјата на Чудата на LSD.

Фасцинантна анимација, преполна со детали и живи бои кои прават и најгрдите суштества во анимето да изгледаат убаво и мазно. Немам видено подобра 2D анимација до сега. Атмосферата е надополнета со звуците на Џо Хисаиши, композитор кој е одговорен за музичкиот дел на повеќето филмови на творецот на Spirited Away, Хајао Мијазаки.

За жал, не успеав да ја најдам оргиналната јапонска верзија на филмов (во формат што ми е корисен), па го гледав синхронизиран на англиски. Доволно голем впечаток ми остави и вака, актерите што ги позајмуваат гласовите се одлични за разлика од синхронизациите на други филмови што сум ги гледал. Штом успеам да си најдам добра верзија со јапонско аудио, ќе го гледам.

Ако на некого му значи, во 2001 доби Оскар за најдобар анимиран филм.

September 13, 2008

Demonbane, Akira и пост-Dragon Ball Z стрес...

Иако Death Note е многу подобар начин за исфрлање на Dragon Ball Z од организмот, некако не ми се поклопува со слободното време кое сакам да го потрошам на други работи. Akira го има речиси истиот ефект, а и трае пократко. Го немав и онака одамна гледано, а веќе некое време го имам и на ДВД, ре-мастеризирана верзија, плус некои други додатоци кои не успеав уште да видам што се (читај: ме мрзи). Akira е одлично аниме, но сепак првото место кај мене е резервирано за Ghost In The Shell. И двата филма обработуваат интересни теми, но GitS многу повеќе ми лежи. Akira за жал во 2009 година станува дел од магичниот круг на холивудските римејци, сиквели, приквели и уништување на оргинални идеи и концепти. Иш.

Demonbane го планирав долго време. Кратко е, 12 епизоди, се гледа за два-три дена. Само што ја изгледав првата сезона и не успеа да ме импресионира ни малку. Се работи за детектив е најмен од сомнителна група на луѓе да најде стара мистична книга. Имињата на ликовите и некои други ситници се позајмени од дела на Лавкрафт. Мене не успеа да ме купи со финтава, иако сум фан на писателот. Но, дури и ми се чинеше малку интересно, а потоа епизодата почна да се развива во правец од кој лесно може да се види дека целна група на Demonbane се goth/emo тинејџери. Барем му дадов шанса.

После Death Note, критериумите за аниме ми се комплетно поместени и убеден сум дека нема да гледам подобро аниме во наредниве пет години. Таму уште првата епизода предизвикува зависност поголема и од Lost. Следно на листа е Reideen.

September 12, 2008

Dragon Ball Z sucks dragon balls

Океј, мислев ако Dragon Ball е океј, Dragon Ball Z е добро. Ебати паметот. Не, озбилно, критиките беа многу попозитивно настроени према Dragon Ball Z него обичново. Од обичното изгледав три саги (не се баш сезони, зошто одат без прекин) и сеуште си стојам на тоа што го кажав пред некоја недела. И покрај сите маани што штрчат, дејствува исто ко Нинџа Желки или Трансформерс. Пред да ме фати некој за врат, нека се сети дека сите три серии се наменети за деца и треба да се споредуваат баш како такви. Друго е убавото сеќавање за TMNT или Оптимус Прајм, денес и тие делуваат просто и излитено. И Dragon Ball ќе ни беше закон денес да го гледавме ко деца...

Како и да е, немам проблем со детски серии, напротив, уживам да ги гледам. Dragon Ball Z никако! Му дадов шанса, изгледав скоро цела сага од 30-тина епизоди и сега можам опуштено да почнам да мрчам. Што е поентата на Dragon Ball Z? Oргиналното Dragon Ball барем има концизна приказна што ја следи и тоа е. А што е Dragon Ball Z? Во првите 5 епизоди, лоши вонземјанини слетуваат на Земјата, во следните 15 пораснатиот Гоку трча по патека долга неколку (стотици?) километри и во следните 10 се спремаат да се тепаат. Толку. Сериозно, толку. Јас никаде, па ни во Lost, немам видено нешто толку развлечено. Сфаќам дека поентата им било да направат повеќе епизоди, ergo повеќе пари, ама чекај малку, кој го гледа ова? Сериозно, кој? Што деца гледаат Dragon Ball Z? Зошто е ова толку популарно? Дури и да бев дете немаше да го гледам ова. Првата половина од епизодите што ги изгледав чекав да се почне да се случува нешто, како ај, билдаат приказна, интересното тек треба да почне... Не. Од насловите на епизодите, видов дека борбата што почна пред 10 епизоди, завршува тек за 15. Најдов и видео на YouTube од тип што ја читал мангата и убаво, со исечоци од анимето и мангата, објаснува зошто Dragon Ball Z е тапа. Еден цртеж од мангата е две епизоди во анимето. И тоа баш исечокот е од епизодата кај што јас прекинав да гледам.

Океј. Можеби и јас сум во заблуда. Можеби после доаѓа интересното, кога приказната се движи побрзо и подинамично, но не фала. Има доволно добри, вистински, аниме серии кои што вредат многу повеќе. Одамна им се спремам на Demonbane и на REIDEEN.

August 25, 2008

Дрогабол

Не знам како се случи, ама се навлеков на Dragon Ball. Ко дете мало, гледам по неколку епизоди дневно и веќе стигнав некаде до третата сага (изгледав околу 40 епизоди до сега). Детско аниме од осумдести, оскудно нацртано и анимирано, плитко сценарио и интересна приказна како основа.

Приказната почнува со малиот Гоку, чудно дете со опашка и неверојатна физичка моќ и потрагата по седумте змејски топки расфрлани по целата планета, кои кога ќе се спојат го повикуваат змејот кој исполнува една желба на тој што ги собрал. Потоа, се расфрлаат повторно на седум различни страни.
 

Оргиналнава серија што моментално ја гледам има вкупно 153 епизоди, поделени во девет саги. Немам намера да ги гледам сите, сакам да ѕирнам нешто и од втората серија, Dragon Ball Z.

Инаку порано ужасно ме нервираше цртанов, мислев е од оној калибар на Pokemon, такво комерцијално аниме што е повеќе реклама за играчки отколку цртан филм за деца. Не е. Не е најдоброто аниме на цел свет (Death Note е), ама не е ни најлошото. Проблемот е што е заразно, што веројатно се должи на сублиминални пораки што ми го перат мозокот...

May 31, 2008

Аниме на месецот: Ekusu Makina [Appleseed Ex Machina]

Долго време го подесував расположението за Ex Machina, зошто сакав вистински да уживам и комплетно да се посветам на тоа што ќе го гледам. Поради првиот дел, добро знаев што да очекувам и поради тоа чекав погоден момент кога ќе можам да бидам доволно сконцентриран. Океј, не е којзнае колку комплексно, но сепак треба одредено внимание.

Ex Machina ги следи истите главни ликови од првиот дел, но не е негово директно продолжение. Deunan, и нејзиниот партнер/љубовник, киборгот кој некогаш бил човек, Briareos, членови на воената организација E.S.W.A.T. (Extra Special Weapons And Tactics) се соочени со терористички напади кои го дестабилизираат мирот во Олимпус каде што луѓето, киборзите и биороидите се обидуваат да опстојат заедно. Биородите се всушност клонирани луѓе, чија што ДНК е вештачки изменета, да неможат да чувстуваат силни емоции. Откако Briareos е повреден, Deunan мора да се здружи со биороидот Tereus кој изгледа исто како Briareos кога бил човек. Додека се обидуваат да го одржат мирот во Олимпус, соочени се и со нивните лични проблеми.

Приказната е далеку од уникатна, но е презентирана на мошне симпатичен начин, и одлично се провлекува низ обилната акција и растурање роботски газови. Зад ова стои создавачот на Ghost In The Shell мангата, Masamune Shirow, така што целото GitS чувство додека се гледа Ex Machina е сосема нормално. Колку и да е различни, имаат јака допирна точка, интеракцијата помеѓу човекот и напредната вештачка интелегенција и нивното коегзистирање во едно утописко општество.

Следствено на ова, за Ex Machina би важеле горе-доле истите работи што ги имам кажано за Ghost In The Shell, со тоа што ќе признаам дека Ghost In The Shell сепак повеќе успеа да допре до мене.

Е, сега, анимацијата. Најдоброто нешто што го имам видено после Final Fantasy VII: Advent Children. Ете, ако за ништо друго, вреди да се гледа поради визуелното искуство кое и не се среќава баш често, и покрај големиот број на 3D анимирани филмови како оние што Pixar редовно ни ги сервира.

Неможам да најдам ниту една маана или нешто што не ми се допаѓаше, така што е веќе на мојот список на омилени аниме филмови и серии. Би го препорачал на секого, без разлика дали сака и нејќе аниме, а особено би им одговарало на фановите на The Matrix, Blade Runner и слично. За Star Trek фановите, има очигледен омаж на Borg, ако кажам повеќе би било спојлер. Мојата оценка за Appleseed Ex Machina без размислување е 10/10.

* Аниме за месец април: Ghost Hound

April 29, 2008

Аниме на месецот: Shinreigari [Ghost Hound]

Мислам дека после Death Note, секоја аниме серија ќе ми изгледа инфериорно, без разлика колку е добра (Ergo Proxy е супер, серизоно). Дури и по неколку месеци откако завршив со гледање, сеуште го чувствувам влијанието, а саунтрекот го пуштам барем еднаш во два дена.

Причината поради која сакам аниме, е тоа што знае максимално да се оддалечи од конвенционалноста што често ја среќавам по другите серии. Едноставно, неспоредливо е со било што не-јапонско, така што залудно е да објаснувам понатаму, нели?

Потрагата по "посебно" аниме ме доведе до Ghost Hound. Завршуваше некаде на почетокот на месецов, или крајот на март, не памтам добро. Ghost Hound е дело на творците на Ghost In The Shell, има вкупно 22 и никаква допирна точка со приказната од GitS. Се работи за сосема друг жанр на аниме.

Ghost Hound обработува теми од психологијата, парапсихологијата, па дури и митологијата и окултизмот. Во центарот на приказната се три деца, секое со различна психичка траума од детсвото, чиишто животи се испреплетуваат во друг свет, астрално ниво, каде што случјано откриваат дека можат да пристапат. Како што се одвива приказната, се дознава се повеќе, така што нема да откривам многу сега.

Единствената маана, ако може така да се нарече, на Ghost Hound е тоа што серијата е некако спора, на моменти дури и напорна за гледање. Од мене бараше посебно расположение и внимание, така што не можев повеќе од една епизода дневно.

Доколку некој сака, еве линк со торенти од Shinsen-Subs. Аудиото е јапонско (нормално!), и има англиски превод.

November 28, 2007

Desu nôto [Death Note]

За мангата дознав неколку месеци пред да почне серијата. Приказната ми беше интересна, ама некако не дојдов до мангата. Излезе серијата, заврши со прикажување во Јапонија уште летоска. Ја симнав пред десетина дена и синоќа конечно ја изгледав. 37 епизоди. Сигурно ми е најекспресното гледање на серија, заедно со Lost, лани...


Death Note (2006) ми се допадна поради уникатната приказна, длабочината на ликовите, музиката, анимацијата и пораките што ги упатува. Глупо би било да се знае приказната пред ова да се гледа или чита.

На кратко, што е приказната. Шинигамите имаат тетратка, во која доколку се напише нечие име, личноста чие име е напишано, умира. Една таква тетратка завршува во рацете на Јагами Рајто. Млад, интелегентен дечко, на кој му е малку досадно. Тоа е сé што би требало да се знае пред гледањето/читањето. Сè друго може да го расипе уживањето во Death Note.

Серијата се гледа во еден здив, неизвесноста и напнатоста што ја има, ме натераа да гледам епизода по епизода, сè до крајот, кога останав со подотворена уста. Генијална серија, можеби најдоброто нешто од поновово аниме. Скорз забегав по ова, сè уште средувам впечатоци, почнав да ја читам мангата, а нека помине некое време, ќе седнам и пак ќе ја изгледам. Инаку, има и два филма, излезени исто така во 2006, а наредната година ќе има нов филм.