Showing posts with label Community. Show all posts
Showing posts with label Community. Show all posts

June 7, 2015

Збогум Community?

Добро, уште колку пати ќе си кажеме "чао" со Community? Таман се качи на возот, си мафнавме со мокри очи и по некој фин збор и ете, трча назад од следната станица. Одбива да си оди и да пушти. Ден Хамор, и покрај сите проблеми со NBC, ја истера шестата сезона. Инат, ќеф или што и да е, ја заокружи со 13 епизоди. Со малку клизав старт и со малку изменета постава на ликови, Community дојде до уште еден крај. Не е битно дали и до кога, битно овој пат, збогувањето беше многу посериозно од минатиот пат. Повеќе Абед-мета отколку емотивно, но Community не е серија кај што се плаче. 


Фина сезона. Малку чуден формат, нови сетови, ликови и начин на режија, меѓутоа духот или барем она што остана од него, беше задржан и искористен онолку колку што дозволуваа условите. Кога ги гледаш сите епизоди за ден-два е многу поинаку. Досадните и лошите моменти потешко ги приметуваш кога откако си изгледал, не правиш разлика што од која епизода било. Истиот начин на гледање го применив и за минатата сезона, па испаѓа дека е поефикасен од соочување со две лоши епизоди по ред во две недели. 

Новите ликови кои ги заменува новите ликови кои ги заменуваа старите ликови како на пример Пирс, беа океј. Мајк има нов ангажман со Better Call Saul, меѓутоа не направи некаква разлика за да недостасува. Не дека Френки и Елрој направија којзнае што во сезонава, ама барем не приметив дека Ширли ја нема. Тие неколку секунди колку што ја имаше ме потсетија дека некогаш била тука. Единствен што фалеше беше Трој. Трој и Абед. Дуото остави таква трага врз серијата, што ниту еден нов лик немаше да ја повтори. Абед сам е само Абед, и никој друг не успева да го избалансира или зајакне како Трој. Толку ли не можеше Ден Хармон да го довлечка на кратко за финалето? Барем уште еднаш да се поздрави со колегите. 

Ченг првпат после почетокот на серијата ми беше пак симпатичен. Од епизодата со театарската адаптација. Најсветлите моменти во последните три сезони ги имаше баш тука. Целата болка во стомак што ми ја предизвикуваше изминативе години некако ми ја снема. Веројатно треба да ѕирнам нешто од претходната сезона во случај да сум пропуштил некој Ченг момент, зошто го гледав со скроз различни очи. Се надевам само дека односот према Ченг не ми е сменет поради тоа што првпат го сожалив. Останатите беа стандард, со истите финти и некое мало освежување тука и таму. Некогаш акцентот беше и на позадинските ликови, што отсекогаш биле тука, чисто колку да потсетат дека Ден Хармон во сезонава пукал со сè што има на располагање. Задолжителната пејнтбол епизодата беше очекувана, но со различниот пристап одлично ја освежи шемата. За деловите кои можеби и не беа толку тазе, се потпреа на стандардните мета финти за кои веќе бев доволно навлезен во сезоната за да би фаќал замерки. 

Не знам што би можело да е следно. Седма сезона не. Од ова, може само надолу, освен ако не се случи филмот. Сами некако си го наметнаа тоа за шест сезони, ете ги, среќни сме, доста е. Не дека актерите ги чека блескава кариера, ама доволно е веќе, Ден Хармон. Ако некако може да функционира филм, океј, за уште едно збогување ќе се најде место. Само до таму би можело Community да стигне, најбезболно за сите.

March 20, 2015

Почеток на последната сезона на Community

Ах, Community. Немам видено серија што се има толку упорно борено за да остане во етерот. Таман кога помислив дека ќе замине во историја со пет сезони, Yahoo! Screen им излезе во пресрет за да си ја остварат "шест сезони и филм" мантрата. Филмот можеби е далеку од реализација, меѓутоа сезоната веќе е во тек и секој вторник (или среда, за нас со торентите) ќе излегува нова епизода. Шестата сезона почна со две. Уште од самиот почеток, се осеќа дека нешто не е како претходно. И тоа не е само поради дел од ликовите кои тука недостасуваат. Community и Ден Хармон, некако одбиваат да се соочат со крајот и да продолжат понатаму. Претходно, самото тоа беше многу посимпатично. Епа, веќе не е.


Секаде каде што ќе клизнеше нешто околу Community, често се потпираа на мета-заебанции, Абед ќе го пробиеше "четвртиот ѕид", ќе намигнеа на публиката, па некако засмеани ќе прогледавме. Овој пат, секоја комуникација на серијата со тебе како гледач, веќе делува бајато. После шест години, она што е останато од екипата уште е на Гриндејл, иако веќе никој од нив не е студент. Има некои полу-причини зошто се таму, ама тоа е најмалку важно. Хуморот во првите две епизоди е исфорсиран до непријатно чуство во стомак, а мета-финтите на Абед делуваат како некој со сила да го донел Дени Пуди на сет. Дури ни деканот веќе не може да те шокира како претходно. Ченг ми е неподнослив веќе неколку сезони наназад, така што и тука нема промени на ова поле. Другите некако премногу се обидуваат да бидат тоа што биле некогаш, а сепак на моменти изгледаат како да поминале пет години измеѓу ова и претходниот пат кога биле пред камера.

Сепак, давам шанса. Толку гребеа за преживеат, па ете, да видиме што му остана на Ден Хармон да докажува, освен инатот према NBC. И, претходната сезона почна лошо, па како што течеше, некако успеа да се оправи и да испорача неколку незаборавни епизоди. Да, и оваа сезона ќе има пејнтбол епизода. Се надевам дека ова е последната битка на Community и дека достоинствено ќе заминат, па нека прави после Хармон филмови со пластелин колку сака.

May 12, 2014

Толку од Community, а?

Community е една од оние серии кои упорно мочаа спроти ветерот. За жал, никогаш не успеа да собере доволно рејтинг за да стабилно да опстојува, и покрај исклучителниот квалитет (особено првите две сезони), меѓутоа некако туркаше од сезона за сезона. Целта која ја поставија, шест сезони и филм, завршува на чекор пред остварувањето. Муабетот на Ден Хармон дека филм ќе има, па макар би го правел и со пластелин кај него во гаража, некако сега ми делува невозможно. 


Петтава сезона на Community ми беше интересна. Почна и заврши лошо, но тоа измеѓу беа епизоди кои слободно може да стојат до класиците од најдобрите денови. Во секој случај, далеку подобра од четвртата. Можеби затоа што Ден Хармон повторно застана зад серијата и не можам да кажам дека не се осеќаше разликата. Чеви Чејс го заменија со Мајк од Breaking Bad,  Доналд Гловер го остави Абед сам некаде на пола, ама некако извадија познат стандард. Ченг остана иритирачки лик каков што стана од втора сезона некаде, ставија некои досадни ликови во преден план, ама и тоа се избалансира со гостувања на фаци како Нејтан Филион, Девид Крос, Винс Гилиган и Левар Бартон. Тие епизоди можеби беа и најдобрите сезонава.

Ќе ми фали Community. Најмногу ќе ми биде криво ако ова финале е дефинитивното, зошто беше досадно до болка, со истите фори секогаш кога ќе се закани укнинување на серијата, па повеќе сум расположен за не толку ироничен крај. Веќе е тренд мртви (океј, Community не ни почна да се лади) серии да се враќаат на онлајн стриминг сервиси како Нетфликс, па не ме зачудило да соберат сили за уште неколку епизоди. Верувам дека актериве ќе се достапни, а и дека има публика за сето тоа да биде финансиски исплатливо.

May 12, 2013

Крај на четвртата сезона на Community

Заврши четвртата сезона на Community, после месеци натегање, одложување и 13 епизоди. За жал, отсуството на создавачот на серијата Ден Хармон, како и неколку сценаристи и продуценти, остави белег на серијата, правејќи ја бледа сенка на она што го гледавме изминатите три сезони. Уште на самиот почеток се осеќаше дека нешто не чини и продолжи така до самиот крај, оставајќи ја иднината на Community неизвесна. За среќа, пред некој ден серијата беше обновена за уште една сезона со 13 епизоди, меѓутоа без Чеви Чејс кој исто така си замина. 


Главниот проблем е веројатно во новите сценаристи кои упорно пробуваа да ја шлепаат сезоната на стари финти што веќе се заморни и истрошени. Особено во првите епизоди каде што серијата доаѓаше до точка на неподносливост. Сепак, добрите приказни и ситуации понатаму успеаа да направат некаков баланс, што и покрај просечноста успеа да ме задржи до самиот крај на сезоната. И повторно со стари штосови, некако добивме задоволително финале кое меѓу другото, го отпиша и Пирс на Чеви Чејс. Покрај несогласувањата со Хармон, Чеви збореше дека Community му била наголемата грешка  иако токму оваа серија го врати назад од мртвите. Сериозно, кариерата му беше сопрена некаде пред дваесетина години и ова му беше некаква втора шанса. Штета, Пирс ќе фали во следната сезона. 

Очигледно Community ќе успее да си ги оствари "шестте сезони и филмот." Иако најпаметно ќе беше да се заврши со оваа сезона пред работите да станат уште полоши.

March 18, 2012

#sixseasonsandamovie

Екипата од колеџот Гриндејл, после "зимскиот распуст" од неколку месеци, повторно е тука со нови епизоди. Иако судбината на Community беше предизвикана, серијата успеа да се избори за продолжување на сезоната и тоа побрзо него што очекував. Една недела пред прикажувањето на новата епизода, враќањето на Community беше соодветно поздравено со неколку кратки анимирани цртани, кои може да се погледнат на ЈуТјуб.

Супер епизода, но видела серијата и подобри моменти. Или јас очекував премногу. Во секој случај, мило ми е што еден од моите омилени ситкоми продолжува понатаму. Community си држи квалитет кој иако варира, сепак се одржува на некое задоволително ниво. Затоа и ме чуди зошто рејтингот не успева да ги исполни стандардите на NBC. За жал, тоа е пресудното за сите серии што ги гледаме, без разлика колку се добри или не. А, јас секако дека би гледал уште три сезони и филм, па и повеќе. Само нека се држи како до сега.

П.С. Пирс е сеуште најдобриот лик.

October 31, 2011

Community владее!

Скроз блесава серија! Првите две сезони ги изгледав за недела дена и моментално ја гледам тековната, трета сезона. Сјајот на серијата најубаво се гледа во втората сезона, каде што сценаристите тотално забегуваат, како на пример епската епизода "Advanced Dungeons and Dragons" или финалето. Community имам гледно и пред две години, првите две епизоди и таа со пејнтболот од прва сезона, мада тогаш не ме привлече толку, па сега сфаќам што сум пропуштил. Од друга страна испадна супер, зошто и онака е серија што комотно може да се изгледа во еден здив.

Чеви Чејс е маестрален тука. Човекот очигледно како што старее, станува се побудала и побудала. Сите ликови се одлични, а особено Абед, кој преку неговата опсесија со филмови и серии, често го крши "четвртиот ѕид".

За Community допрва ќе пишувам, а ќе составам и една листа со најдобрите епизоди. Задолжително гледање, штета што толку време ја потценував серијава. Заедно со Modern Family, се најквалитетните ситкоми што моментално се прикажуваат во САД.