Легендарната Return to Castle Wolfenstein прослави точно дваесет години пред некој ден. Не се ни сеќавам кога последен пат асално сум ја изиграл, а уште имам силни впечатоци и засекогаш има високо место на мојата топ листа со омилени пуцачини. Сигурен сум и дека денес добро се држи, иако е визуелно малку подостарена. Јубилејот беше повод за конечно да седнам и да ги изиграм пропуштените од серијалот, а тоа очигледно се сите други наслови. Тоа ми е гејмерската мисија за оваа зима. Не знам како, ама ете сум успеал да ги одложувам со години.
Ја изиграв Wolfenstein: The New Order од 2014. Малку поразлична од Return to Castle Wolfenstein, најмногу поради приказната, ама стварно сум презадоволен од целокупното искуство. Многу ми се пукаше нешто вакво. Wolfenstein: The New Order е сместена во алтернативна верзија на 1960-ти каде што Нацистичкиот режим завладеал со планетата. Главниот протагонист Б.Џ. Блажкович се буди од кома затекнат во оваа ситуација која му наметнува предизвик многу посериозен од претходните во серијалот. Отпорот против Нацистите едвај постои, а нивната технологија е толку напредната што борбата против нив се чини невозможна.
The New Order повеќе се фокусира на научно-фантастични аспекти отколку на натприродните мистични мотиви присутни кај претходните игри. Ги нема ни класичните оружја од Втората светска војна, повеќето се сосема фиктивни и базирани на технологијата која е актуелна во светот во кој се случува. Сепак и без тоа играта успева да го задржи сентиментот за ја утврди припадноста во серијалот и да биде супер-забавна пуцачина.
Примарниот момент на Wolfenstein игра е тоа што ти е овозможено да разнесуваш смрдливи нацистички глави со разновиден арсенал и The New Order одлично го разбира тоа. Имаш разни оружја на располагање и еден куп непријатели. Нацисти, роботи, роботи-нацисти, џиновски роботи-нацисти. Можеш комотно да да ги распукуваш како сакаш, со два шатгана во раце, со тесла-гранати, па и со едно многу кул експериментално ласерско оружје што се вика Laserkraftwerk. Играта дури ги посетува и нејзините stealth корени, па имаш опција и да се прикрадуваш со нож, да пресекуваш грклани, колена или и двете во истата акција.
Локациите и дизајнот на нивоата се одлични. Имаш доволно простор за прописно да се справиш со ордата непријатели, тактички да се позиционираш, да се криеш позади ѕидови, кутии или низ вентилации и тунели. Иако Wolfenstein: The New Order е прилично станарден шутер, има доволно варијации за секоја средба со нешто што пука кон тебе да биде забавна и уникатна. Пример, има команданти кои ако те забележат повикуваат засилување што доста ќе ти ја отежни мисијата. Против нив мораш со нож отпозади или пригушувач на пиштолот.
Тука ќе морам со малку спојлери, ама па муабетам за седум години стара игра. Wolfenstein: The New Order те носи на различни места. Те инфилтрира во концентрационен логор, те носи на Нацистичка база на Месечината, подводни лаборатории, ментални институции, Нацистички Лондон и каде уште не. Секако, има и "постандардни" локации како замоци и тврдини, меѓутоа повеќе е сконцентрирана на разновидност што комплетно помага да не се осеќа репетитивно. Има дури и еден дел каде што Б.Џ. има кошмар каде што го играш првото ниво од старана Wolfenstein 3-D игра.
Приказната е исто една од појаките страни на Wolfenstein: The New Order. Раскажана е многу пофилмски за разлика од претходните игри, има интересни ликови што одлично ја носат и те приврзуваат за сите случувања, па така што секоја емотивна разврска има многу поголема тежина и интензитет. Некаде на почетокот, играта те тера да направиш избор кој малку ја движи приказната во друга насока со што обезбедува барем уште едно преигрување. Кога ќе ги изиграм и останатите ќе се навратам да ја дознаам разликата.
Ако сакаш да комплетираш игри, овде имаш одлична прилика за тоа. Собираш разни скапоцени предмети, отклучуваш различни вештини според стилот на играње, а има и Енигма кодови кои ако ги решиш ти отвараат дополнителни модови на игра. Бев повеќе фокусиран само да ја завршам, па сите овие работи ги оставив за следен пат. Но, тука се за да ги комплетираш со што сигурно ќе ти се удвојат тие десетина саати колку што трае главната кампања.
Не знам дали има уште некој што како мене ја пропуштил Wolfenstein: The New Order, ама еве би сакал топло да ја препорачам. Баш е онаква удобна старошколска пуцачина. Мислев дека треба во школо да идам следниот ден откако ја изиграв. Не е само трчај и пукај. Имаш големи предизвици дури и на средно ниво на тежина. Некогаш самата игра може да биде пребрутална, некогаш само те сејвнала со малку муниција и оружја, а треба да се справиш со закана за која ти треба малку побогат арсенал. Често се наоѓав во ваква ситуација. Не знам дали играта е така дизајнирана или јас не знам да пукам прецизно и трошам куршуми во празно. Веројатно е некоја комбинација од двете.
Следна за играње ми е Wolfenstein: Old Blood. Пократка експанзија е со истиот енџин, ама сместена во 1946 и многу поблиска до Return to Castle Wolfenstein. Таа од 2009 веројатно ќе ја прескокнам зимава, а на крај после Wolfenstein: Youngblood сакам да ја испукам Return уште еднаш. Плаче таа игра за модерен ремастер, не знам зошто уште чекаат.
Види такоѓе: