November 22, 2021

Филм на неделата: The Harder They Fall (2021)

Си сакам кога вестерните ми се италијански. Со Клинт Иствуд. Трилогијата Долари ми е засекогаш омилениот тип на вестерн и ми е наштелувана како репер за жанрот. Еден ден сигурно ќе најдам време за долго и широко да помуабетам тука на темата. Имам љубов и за некои од поозбилните секако, ама сепак повеќе трзам на "шпагети вестерн" и било што инспирирано од тој поджанр. На ист начин ме привлекува и кунг-фу школата на Shaw Brothers Studios. Никогаш не можам да се наситам.

Серџо Леоне има оставено огромен печат на жанрот, па дури и кога нешто значително дивергира, пак некаде може да најдеш некое суптилно влијание. Баш ја играм Red Dead Redemption 2 периодов и иако е далеку од "шпагети вестерн", пак нешто ќе успее да се протне, колку и да е скромно. Некоја сцена, музика или ситуација што макар и индиректно ја референцира таа школа. Во такви моменти шеширот сам ми расте на глава. Прекрасно е.


The Harder They Fall не ја крие инспирацијата од таа италијанска школа, ама истовремено успева да биде модерен и да флертува со blaxploitation поджанрот. Очигледно режисерот Џејмс Сејмуел конечно ја нашол функционалната формула, со оглед на тоа што некоја година претходно имал помалку успешен обид да создаде нешто слично. Типот има љубов кон жанрот, па дури и ситните маани кои ги има The Harder They Fall некако се занемаруваат во неговите амбиции. Стварно уживав и немав сила да се фаќам за ситници. 

Филмот следи неколку ликови, некои од нив базирани на историски личности, ама во центарот е Нат Лав кој се одмаздува за смртта на неговите родители. Додека ги тамани другите инволвирани во тој инцидент од неговото детство, главниот виновник Руфус Бак е конечно надвор од затвор, речиси на тацна. Руфус Бак е последното име на списокот на Нат Лав и единствената препрека меѓу животот посветен на одмазда и зелените пасишта што го чекаат на другата страна. Баш кул, онака вестернски.

Основата е доволна за да те завлече, а сцената со која отвара филмот те уверува дека нема да бидеш поштеден од насилство и акција. Но, иако тонот кој The Harder They Fall го воспоставува е прилично мрачен, остатокот од филмот е прилично лежерен. Да, има акција во изобилство, не се воздржува кога треба да расцепи нечија глава, ама е соодветно избалансиран со воздржан хумор што одлично функционира во склоп на случувањата. Ликовите се привлечни и интересни, па дури и најгенеричните тропи имаат некаков уникатен шмек. 

Кастингот е супер, па лесно успева да го износи филмот и покрај ограниченото присуство на Идрис Елба. Многу од овие актери се дефинитивно на прагот на поголема кариера и лесно можеш да го приметиш тоа. Особено Џонатан Мејџорс и Зази Битс. А, Идрис Елба е секогаш феноменален, не треба да те изненадува неговиот актерски капацитет, ама ретко ќе го сретнеш во улога на негативец и баш е забавен за гледање. Реџина Кинг ја гледав скоро во Watchmen серијата и одлична поддршка за целата екипа тука. 

Приказната можеби и не би била доволна сама по себе. Едноставна е, сме ја виделе многу пати претходно и не е ништо ново. Класична одмазда сместена во шашавиот Див Запад, ама музиката и сетовите цртаат една многу поголема, префинета слика. Влијанијата на Мориконе во саундтрекот се евидентни, можеби и нема вестерн може да пројде без неколку ноти што звучат познато, ама е совршено искомбиниран со повеќе модерни теми што потсетуваат дека е ова посовремена перспектива на една безвременска приказна. 

Дури и самите сетови се стерилно чисти, го дополнуваат тој контраст и го збогатуваат визуелниот јазик присутен во филмот. Затоа The Harder They Fall е многу повеќе од обичен омаж, неговиот стремеж да се обликува во нешто уникатно е јасно видлив. Филмот е свесен за тоа што е, знае кога треба да се доживее себеси сериозно и кога да се заузда и да повика една друга ера да превземе. Затоа е толку симпатичен. Части и еден пресврт на крај што апсолутно не го очекував. 

Ако си љубител на вестерни, било "шпагети" или Unforgiven, не смееш да го прескокнеш The Harder They Fall. Во период кога ја довршувам Red Dead Redemption 2 и ме вози тој фазон, предобро ми легна. Изборот беше овој или Old Henry и испадна дека не згрешив што го одложив вториов за некои други слободни два саати.

Види такоѓе:

No comments: