Showing posts with label Hulk. Show all posts
Showing posts with label Hulk. Show all posts

April 29, 2019

Свршница

Единаесет години, дваесет и кусур долгометражни филмови. Сериите што се во истиот континуитет нема ни да ги бројам. Тоа е солидна бројка. Интересно ми е кога ќе го погледнам целово ова со перспективата што ми ја створи Avengers: Endgame. Не е дека не сум свесен за тоа дека последнава декада бевме соучесници во редефинирање на поп-култура. Само ете, начинот на кој таа се пакува и продава ми е исклучително фасцинантен, можеби затоа што не разбирам во целост што е тоа што им упали на Марвел, а не им успеа на другите.

Ми текнува еве на првиот Iron Man филм и периодот кога излезе. Го имам и "рецензирано" со две реченици, ама многу посимпатичен ми е серијалот муабетчиња со кои сум се "загревал" да го гледам. Ни на крај памет дека почнува ваков глобален културолошки феномен. Не можев да замислам дека ќе дочекам филмска адаптација на Civil War. Ни дека се создава франшиза што ќе израсне генерации, ни тоа дека возрасни луѓе ретроактивно ќе си додаваат суперхерои и стрипови како интерес во нивното минато, ко тоа хоби да симболизира којзнае каков социјален престиж. А, ни дека целото еден ден ќе успее ме презасити до гадење.


Епа, Марвел само што ја круниса оваа филмска етапа и ја заокружи сопствената ера на доминација со мејнстримот. После Avengers: Endgame нема ништо да биде исто - како во овој шаренолик фиктивен универзум, така и на реалниот пазар. Јас имав прилично турбулентно искуство со франшизата. Ја славев кога ми ги исполнуваше соновите за суперхеројска забава, ама и кренав раце кога осетив дека ме гуши. Магијата за мене престана да функционира со Age of Ultron и тогаш престанав активно да се следам што се случува. Тука некаде се сруши тој емотивен мост што го имав со овие ликови. Веќе ми беше сеедно.

Ликови како Стрејнџ и новиот Спајдермен ми беа супер, тоа беа и единствените Марвел филмови што ги гледав во кино после Ultron, ама не ми се губеше време со додворувачката расна и невештата родова "освестена" пропаганда што следуваше после тоа. Доволно Star Trek и Star Wars ме спамираа со тоа. Ги пропуштив последните Ент-мен, Гардијанс, Тор, како и Infinity War. Некои од овие ми извртеа дома позадински, а Infinity War успеав скоро да го повторам зашто сепак сакав да сум таму за Endgame. Сакав да се испратам со оваа екипа со која иако се разотидовме последниве години, имавме супер незаборавни моменти во помладите, поедноставни денови.

Avengers: Endgame има сè за да приреди една достојна проштална журка. Спектакуларна каша од емоции, нескриена носталгија, многу заебанции, по некоја солза, фина музика, пиво за дебели стомаци, мечти за иднината... Сите се целосно внесени и сите се забавуваат. Актерите, публиката, режисерите, сценаристите и сите што вложиле во ова. Марвел добро го познава занатот, па ваквата завршница воопшто не ме изненади. Да беше било која друга франшиза можеби ќе се посомневав. Стварно три саати проаѓаат како да си пукнал со прсти.

Доколку некогаш си бил дел од оваа филмска авантура и успеала некако да те допре, макар и со само еден наслов - Endgame веројатно го има начинот да чепне таму. Како за сам крај, изиграни се сите карти и потрошени се сите средства. Толку ми е мило што ненамерно си направив услуга и останав изолиран од секакви трејлери, муабети, шпекулации, очекувања, предвидувања, спојлери и општо од сè поврзано со овој филм. Освен тоа дека крши срца и рекорди не знаев ништо друго, па оставив спонтано да ме воодушеви. Како што и се случи.

Не можеш да си рамнодушен кога стриповски страници оживуваат пред тебе како никогаш претходно. Неколку пати се потсетив зашто воопшто сакам ваков вид на фикција. Филмов е како некоја награда што ти следува ако си го прател ова. Не знам јас колку ја заслужив, ама сум некако благо окезен што ја добив. 

Не знам ни каква е иднината на франшизата што се однесува до приказната, ама не ми е ни битно. Мислам дека правецот ќе треба да е драстично променет за евентуално некогаш пак да се постигне ефектот што го создава Endgame. А, Endgame допрва ќе се зацврстува како споменик на еден збир филмски искуства што обедини генерации во кино и бескрајни дискусии. Ефекетот е поголем и од Logan и било кој нов Star Wars филм. Фала Марвел што можев и јас малку да се повозам.

May 1, 2015

Avengers: Age of Ultron (2015)

Првпат после долго време да отидам на ваков филм со минимални очекувања и скоро без никаква возбуда. Веќе имам некаква мачнина од суперхерои во ваква филмска форма до степен да ми е сеедно. Затоа и пристапот кон Age of Ultron си го сметам за прилично објективен. Пристраноста некако ми ја снема. Да, забавен е, создаден по проверена формула која му го овозможува тоа. Било кој ќе отседи два саати, и дедо ти и внук ти. Функционираше повеќе пати до сега, па не гледам овојпат како би било различно. Прашањето е до кога суперхеројските филмови ќе се водечките блокбастери, и дали бројот на публиката ќе успее да биде вака голем додека Marvel си го остваруваат планот до 2040-та?


Мене ми е веќе заморно. Прво беше онаа прекрасна фаза кога ги создаваа хероите на филм, па се радуваш на Ајрон Мен, па чекаш со години за нов херој, продолжение. Па во еден момент си горд што, не знам, Тор е богот мејнстримот, наместо нешто што не би го допрел ни со стап од далеку. Додека ете, не ти дојде точката на презаситеност. Ништо нема да го повтори првиот пат кога се собраа дел од овие на сликата горе на едно место. Не го ни барав тоа. Ама, не најдов ни нешто што малку ќе ми го одвлече вниманието од спектакуларните Мајкл Беј експлозии и долги хаотични акциони сцени. Ни финтата со Хокај не запали. Единствениот што не доби посебен филм, ниту некаков асален третман претходниот пат. Џос Видон пробува да надомести за тоа, ама делува крајно исфорсирано ако умот ти е подесен да не ти биде многу гајле. Блек Видоу добива(ше) нешто поелегантен развој на ликот.

Кога сме кај форсирање, што беше со хуморот? Океј беа неколку фори, се насмеавме сите, ама после тоа? И, не само тоа. Туку наместо филмот да се обидува да биде иновативен, исполнува желби и поплаки на фановите. Буквално ги гушка и гали ситничарењата на публиката, со оправдувања за тоа кај им се девојките на Тор и Тони, до "моќите" на Хокај и неговата улога во тимот, притоа создавајќи уште еден куп такви "дупки" чие постоење не секогаш е предизвикано од некаква приказна. Јасно ни е Marvel дека Натали Портман е поскапа од Коби Смолдерс. Нема потреба од такви мрзливи објаснувања за каде е ликот.

Пред да помислиш дека само што комплетно се помочав врз твојот нов омилен филм, еве ќе ги разгледаме деловите што беа интересни. Не доволни за да го пуштам пак во следниве триесет години, ама барем ме одржаа буден. Почетокот беше супер. Борбата во Соковија со трупите на Стракер, сцената кога ќе се обидуваат да го кренат чеканот на Тор, тизот со Ваканда, Хулкбастер оклопот.. Првата акциона сцена и Хулбастерот (или "Вероника") ми беа единствените подносливи од тој тип.

Captain America: Civil War е последното што го чекам со некаков ќеф. После тоа, сајонара...

February 22, 2015

Загревање за Guardians of the Galaxy анимираната серија

Guardians of the Galaxy, во поставата од филмот, наскоро доаѓаат на телевизија, во анимирана варијанта. Сосема логичен потег, со оглед на тоа колку брзо ја освоија и нашава планета, а до летоска пошироката публика не ни знаеше кој е Грут. Додека е уште вруќо, Marvel знаат што може да направи нивниот најмлад коњ на кој така внимателно му ја чешлаа гривата. Новата серија изгледа нема да има поврзаност со филмскиот Marvel универзум, туку ќе функционира во склоп на анимираниот, иако читав некои муабети дека приказната ќе биде сместена измеѓу два филмови. Тоа е најмалку битно, затоа што ликовите би можеле феноменално да функционираат во ваков анимиран сетинг. Деновиве, како што се најавуваше кастингот, изгледав неколку од нивните гостински појавувања во тековните анимирани серии нa Marvel. Фино едночасновно загревање, иако далеку од нивниот вистински потенцијал. Верувам дека ликовите посилно ќе блеснат кога ќе се главни на своите дваесет минути.



Верзијата на Чуварите во Avengers Assemble е веројатно најблиска до нивната филмска инкарнација. Или мене перцепцијата ми е нарушена поради тоа што останатите ликови ми се добро познати и има некаква фина синергија. Двата тимови, се соочени со Галактус во битка и приказна чија примитивна основа прикажана тука би можела одлично да функционира и како филмот од соништата. Нема промашување кога ќе вкрстиш две групи кои засебно знаат често да се дисфункционални, барем до моментот кога ќе се одлучат дека силата им лежи во меѓусебната соработка. Одлична епизода, со фин пресврт на крај, наспроти онаква генеричка нарација за ваков тип цртани. Старлорд и екипата баш вечерва се спојуваат пак со Авенџерс, така што додека ја пишувам реченицава контам дека можеби подранувам еден ден со постов.

Ultimate Spider-Man: "Guardians of the Galaxy" (S02E18 / Јули 2013)

Не знам зошто толку хејт по интернетов за Ultimate Spider-Man. Или мене ми се погоди оваа епизода, и покрај тоа што домаќинот не им дозволи на Чуварите да му го украдат светлото. Епизодата е една година пред филмот, кога уште не мантраа сите "I Am Groot" во занес и со превртени очи, така што веројатно е разбирливо кој и зошто беше главен тука. Малиот тиз сепак некако си го наоѓа местото низ "пајажините", и без разлика на тоа што не се многу впечатливи, целата епизода ми беше крајно забавна. Дури се мислам да дадам шанса на серијата зошто ми изгледа ко да знае да си игра со Марвеловиот универзум.


Ова ми беше првиот контакт со серијата, и веројатно ќе биде последниот. Идејата за тим Хулкови звучи сомнително уште на прв поглед, ама не очекував дека реализацијата е толку лоша. Барем во оваа една епизода. Серијата е концепирана како реално шоу чија поента е да го прикаже Хулк како херој, а не како чудовиште и демек роботски камери постојано го следат S.M.A.S.H. тимот. Чуварите се појавуваат втор пат во серијата со оваа епизода, која ја избрав пред претходната, бидејќи тоа беше некој арк од неколку епизоди што некако немав желба да го гледам. Ова е првото нивно појавување после филмот. Гостувањето ќе беше интересно, доколку гама-зрачењето од главните ликови не им го правеше престојот непријатен. Ако ептен сакаш да ги видиш Guardians of the Galaxy анимирани, тогаш океј, ама на сопствен ризик. Пол Дини инаку стои зад ова. Ебеш логика.

September 9, 2013

Анимиран суперхеројски фикс: Avengers Assemble

Годинава Disney XD ја замени популарната The Avengers: Earth's Mightiest Heroes со нова анимирана серија со наслов Avenger's Assemble. До сега излегоа осум епизоди од првата сезона и по кратка пауза последниве недели, серијата продолжува со прикажување од 15 септември. Причината за нова серија е едноставна. Marvel сака анимирана серија која ќе биде поблиска до филмот. Овие Авенџерс се истите од филмот, појачани со задолжителен црнец (покрај Ник Фјури), Фалкон. За жал, Avengers Assemble моментално добива лош третман од фановите, особено оние заколнатите во оргиналната серија. Донекаде хејтот е оправдан, ама не можам целосно да се сложам, зошто EMH никогаш не догледав. Новата е многу подетска, тоа го потврдувам.

Иако не е најдобрата анимирана серија на светот, доволна е за неделен фикс во ваков формат. Секогаш има простор за подобрување, а како што читав, следуваат и поинтересни негативци сезонава. Приказните се просечни, можат да поминат кај секоја слична серија со било кои ликови. Кога ги гледаш по ред, не обрнуваш внимание на лошите моменти, а тие секако ги има. Можеби во овие осум епизоди повеќе од што треба.

Ликовите ги знаеме сите. Последниве години се толку популарни и препознатливи што не е тешко да ги продаваш на млада публика. Меѓутоа, тој што е задолжен за пишување на серијава, очигледно мисли дека децата ги распознаваат ликовите по облеката и боите. Како резултат на овие, има ситуации каде само и по тоа се разликуваат. Ова е можеби најслабиот дел од Avengers Assemble, а е многу, многу битен. Без разлика на таргет групата, срамота е такво мрзливо пишување. Патем, вакви серии не гледаат само мали деца, туку и големи деца. Тие големи деца ќе ти ја посерат серијата на интернет. Тоа и го прават. Не знам дали на Marvel им се исплати да вложуваат во нешто што евентуално ќе згасне поради лоши рејтинзи. И, онака само бројот на гледачите ги занима. Зошто да немаме асална Авенџерс серија? Нешто што ќе биде повеќе од "океј е, онака"?

Анимацијата им е супер. Гласовите се погодени кај сите освен кај Тони Старк. Не го барам Роберт Дауни Џуниор и таа ненадминлива харизма, ама типов тука е на погрешно место. Старк треба да има поавторитетен глас, не да звучи ко копиљ што им носи пица у Stark Tower. Друга замерка ми е тоа што Хулк е постојано Хулк. До сега не се сеќавам дека го видов Брус Банер некаде. Баш тоа ќе ги мрдне стварите што ги спомнував горе. Малку развој на ликови, бре. Не е 18 минути пукање и бркање ко првата сезона The Clone Wars, ама може и повеќе од ова.

Ќе дадам шанса уште некоја епизода. Секогаш може да ги сменам со Earth's Mighties Heroes. Она новото со Хулк изгледа е почнато. Не знам какво е, некако сомнително ми делува...

П.С. Agents of S.H.I.E.L.D. премиера  за две недели!

October 28, 2008

The Incredible Hulk (2008)

Конечно дојде The Incredible Hulk на ред за гледање. Еден од добрите филмови годинава што решив да си ги почекам на ДВД со добра снимка. Да кажам уште на почеток - филмов е океј, не е воопшто лош. Немав некои очекувања, можеби и затоа позитивно ме изненади.

Ако треба да го споредам со оној од 2003, да, новиов е подобар. Зошто? Трае кратко, има јасна приказна, доволно акција, фино одбран кастинг и неверојатно добра режија и музика. Успеа да го надмине во секој поглед. Едвард Нортон е одличен како Брус Банер, дефинитвно најголемото изненадување во филмов. За него бев малку скептичен, а баш одлично се вклопи во улогата и ме убеди дека е Брус Банер. Совршена комбинација со прекрасната Лив Тајлер.

Hulk од 2003 патеше од асален негативец, додека тука го имаме Abomination. Некако премалку видовме, иако и тоа беше доволно. Како што претпоставував, GCI борбата на крај е курчење со ефектите, веќе сме виделе во Transformers, Spiderman 3 и што и да беше друго. Сфаќам дека е финта да се направи, ама дајте нешто поинтересно. За анимацијата на Хулк немам замерки, совршена е.

Ми се допадна тоа што немаше беспотребни забегувања со приказната како во претходниот. Тука има стриповска приказна, едноставна и концизна, филмот си тече по една линија и тоа е тоа. Ах, да. Се појавува и Тони Старк. Иако повеќе би сакал да видам два дела Iron Man, отколку втор дел на ова, мислам дека со добра приказна би можело да се склопи солидно продолжение.

May 7, 2008

Загревање за The Incredible Hulk

2008 е година на на филмови базирани на стрип. The Dark Knight, The Punisher, Iron Man...

Иако не сум нешто многу возбуден, сепак се радувам на новиот Hulk. По оној од 2003, Marvel Studios решава да направи нов филм за Hulk, многу поблизок до стрипот и старата телевизиска серија. Собрана е нова екипа, а овојпат Bruce Banner/Hulk е Едвард Нортон, кој се појавува и како ко-сценарист на филмов. Во Америка, премиерата е закажана за 13-ти јуни (да, знам дека звучам како Грајфер).

Од тоа што може да се види од трејлерот, Hulk изгледа многу подобро од филмот од 2003. Ептен ми е интересира како ќе се покаже Едвард Нортон. Одличен актер е, ама некако неможам да го замислам во оваа улога. Ерик Бејна беше супер во минатиот филм, незнам зошто воопшто го сменија. А, сега и Лив Тајлер во главна женска улога... Многу ме интересира како ќе излезе.

Hulk од 2003 ми е еден од омилените comic book филмови, се надевам дека овој нема да ме разочара.