Showing posts with label Guardians of the Galaxy. Show all posts
Showing posts with label Guardians of the Galaxy. Show all posts

February 22, 2015

Загревање за Guardians of the Galaxy анимираната серија

Guardians of the Galaxy, во поставата од филмот, наскоро доаѓаат на телевизија, во анимирана варијанта. Сосема логичен потег, со оглед на тоа колку брзо ја освоија и нашава планета, а до летоска пошироката публика не ни знаеше кој е Грут. Додека е уште вруќо, Marvel знаат што може да направи нивниот најмлад коњ на кој така внимателно му ја чешлаа гривата. Новата серија изгледа нема да има поврзаност со филмскиот Marvel универзум, туку ќе функционира во склоп на анимираниот, иако читав некои муабети дека приказната ќе биде сместена измеѓу два филмови. Тоа е најмалку битно, затоа што ликовите би можеле феноменално да функционираат во ваков анимиран сетинг. Деновиве, како што се најавуваше кастингот, изгледав неколку од нивните гостински појавувања во тековните анимирани серии нa Marvel. Фино едночасновно загревање, иако далеку од нивниот вистински потенцијал. Верувам дека ликовите посилно ќе блеснат кога ќе се главни на своите дваесет минути.



Верзијата на Чуварите во Avengers Assemble е веројатно најблиска до нивната филмска инкарнација. Или мене перцепцијата ми е нарушена поради тоа што останатите ликови ми се добро познати и има некаква фина синергија. Двата тимови, се соочени со Галактус во битка и приказна чија примитивна основа прикажана тука би можела одлично да функционира и како филмот од соништата. Нема промашување кога ќе вкрстиш две групи кои засебно знаат често да се дисфункционални, барем до моментот кога ќе се одлучат дека силата им лежи во меѓусебната соработка. Одлична епизода, со фин пресврт на крај, наспроти онаква генеричка нарација за ваков тип цртани. Старлорд и екипата баш вечерва се спојуваат пак со Авенџерс, така што додека ја пишувам реченицава контам дека можеби подранувам еден ден со постов.

Ultimate Spider-Man: "Guardians of the Galaxy" (S02E18 / Јули 2013)

Не знам зошто толку хејт по интернетов за Ultimate Spider-Man. Или мене ми се погоди оваа епизода, и покрај тоа што домаќинот не им дозволи на Чуварите да му го украдат светлото. Епизодата е една година пред филмот, кога уште не мантраа сите "I Am Groot" во занес и со превртени очи, така што веројатно е разбирливо кој и зошто беше главен тука. Малиот тиз сепак некако си го наоѓа местото низ "пајажините", и без разлика на тоа што не се многу впечатливи, целата епизода ми беше крајно забавна. Дури се мислам да дадам шанса на серијата зошто ми изгледа ко да знае да си игра со Марвеловиот универзум.


Ова ми беше првиот контакт со серијата, и веројатно ќе биде последниот. Идејата за тим Хулкови звучи сомнително уште на прв поглед, ама не очекував дека реализацијата е толку лоша. Барем во оваа една епизода. Серијата е концепирана како реално шоу чија поента е да го прикаже Хулк како херој, а не како чудовиште и демек роботски камери постојано го следат S.M.A.S.H. тимот. Чуварите се појавуваат втор пат во серијата со оваа епизода, која ја избрав пред претходната, бидејќи тоа беше некој арк од неколку епизоди што некако немав желба да го гледам. Ова е првото нивно појавување после филмот. Гостувањето ќе беше интересно, доколку гама-зрачењето од главните ликови не им го правеше престојот непријатен. Ако ептен сакаш да ги видиш Guardians of the Galaxy анимирани, тогаш океј, ама на сопствен ризик. Пол Дини инаку стои зад ова. Ебеш логика.

August 6, 2014

Guardians of the Galaxy (2014)

Кога веќе доминацијата на Marvel со блокбастерите стана сериозна и објавија план за фази на филмови што и моите внуци ќе ги дочекаат, ретко кој веруваше дека ќе ископаат нешто како Guardians of the Galaxy од нивната палета на (супер)херојски тимови. Мислам, кои се Guardians of the Galaxy воопшто? Колку пошироката публика, која да бидеме реални, е цел на овие филмови, знаеше кои се Чуварите пред да биде најавен филмот? 

Но, репутацијата што Marvel ја стекна со претходните екранизации, го намали ризикот за нешто што во поинакви околности можеше да биде класично коцкање. Со неизвесен исход. Иако е глуп аргумент, повеќето екранизации на детски книги кои се своевремено обидоа да се шлепаат на популарноста на Хари Потер, завршија толку неславно што не би можел да дадам повеќе од два примери, а имаше многу повеќе. Поентата ми е, дека самодовербата на Marvel е толку силна, што можат да продадат ракун што зборува, и тоа со многу повеќе од агресивен маркетинг и промоција. 

Guardians of the Galaxy не е ништо ново. Присутно е уште од 1969, кога хартијата за принтање стрипови трпела сешто, но останало маргинализирано некаде до 2008 каде што тимот полека ја завзема структурата како во филмот. Мојот прв контакт со овие ликови на хартија, беше пред неколку месеци, со Marvel NOW рестартот на насловот од 2013. Таа постава на Чуварите од филмот, плус Ајрон Мен за да се привлече полесно вниманието. Дури и во филмот било планирано камео на Роберт Дауни Џуниор, меѓутоа поради неизвесноста за продолжување на договорот или нешто, не било возможно да се случи. Како и да е, сакав да ги запознаам ликовите пред филмот, чисто да имам претстава што ме очекува. За изненадување, од филмот добив многу, многу повеќе. И, иако се случува далеку, далеку од Земјата, пак природно се вклопи во филмскиот универзум на Marvel!

Чуварите не се секојдневните Марвелови херои кои се навикнавме на да ги гледаме. Воопшто не се ни херои на почетокот, туку криминалци и преверанти кои претежно работат за сопствени интереси. Еј, ама толку се харизматични што не можеш да ги обвиниш. Можеш нешто лошо да кажеш за Хан Соло или екипажот на Серенити? Мора да јадат од негде, ок? Ок. Самиот сетинг и ваквите ликови, тука овозможија да дојде до израз хумор кој никогаш не бил до овој степен застапен во филмскиот универзум на Marvel. Не можеш да имаш напнат ракун што мрчи цело време и хуманоидно свесно дрво за кое Вин Дизел 1000 пати снимил три збора (на повеќе јазици, да не го синхронизира друг), и да го продаваш како сериозно. Дури и кечер од WWE протнаа со изведба која ја брише секоја секунда од Д Рок воопшто. До сега, Marvel во ниту еден случај не потфрлија со кастингот. Зборам за филмовите врз кои нивното студио има тотална контрола и се дел од истиот универзум, не за новиот Спајдермен. 

Уште еднаш, средниот прст е вперен во генералната насока на нивниот најголем ривал, кој патем што туку го помести датумот на Batman v Superman, кој храбро беше закажан во ист ден со третото продолжение на Captain America. Не се плашат од ништо, веќе знаат како, и верувам додека има публика што ќе гризе, можат да си дозволат да фрлат било што. Еј, прават Ant-Man, филм. Си играат со Хауард Д Дак. Што сакаат прават. Guardians of the Galaxy е сигурно најдостапниот филм што Marvel го понудија до сега. Обилниот хумор, веселиот саундтрек, шарените ликови и локации и неприкнатата забава што ја нуди се баш за сите генерации. Барем за оној дел од публиката што не е со стап во газот и верува во двочасовно лабаво кино-искуство.