Не сум отворил нов суперхеројски стрип со години. Некогаш знам дека седнам и да прелистам ствари од колекцијата што ми е на хартија, ама откако почнаа да облекуваат некои други ликови во костимите на "познатите" и да почнуваат од #1 секоја година, некако изгубив и желба и тек. Еве, сега имаш десет тековни Бетмен наслови и во ниеден го нема Брус Вејн, на пример. Нит знам од кај да почнам да читам, нит ме интересира. Нормално дека почитувам прогрес во приказните, ама кога ќе отидат до степен на непрепознатливост, со тоа оди и мојата желба да одвојам време за нив.
А, ми се читаше ново од жанрот. Затоа и се одлучив за House of X / Powers of X од 2019, мини-серијал на Хикмен како сценарист, кој се стреми пак да ги ресетира X-Men во некаков статус кво и да почне нова свежа приказна. Со довербата што ја имам во ваков докажан автор и добрата репутација на овој наслов, видов добра прилика да почнам пак да читам нешто вакво и апсолутно не згрешив. House of X / Powers of X е еден од најзабавните X-Men стрипови до сега, можеби и наслов што најмногу се двои од тоа што е моментално достапно.
Двете приказни се со по шест броеви. Ги имаш посебно достапни, ги имаш и собрано во колекција каде што се хронолошки наредени, па веројатно второво е форматот најпогоден за читање. Бев малку скептичен за колку предзнаење ќе ми биде потребно, ама House of X / Powers of X доволно добро се справува со материјалот да едвај ти треба нешто повеќе од тоа да знаеш кои се мутантите и каков е нивниот однос со останатата немутантска популација во светот. Единствено што ме збуни е како Професорот сега може да се движи без количка, ама тоа е веројатно една од малкуте работи што доаѓаат од некоја претходна приказна која и нема некој голем удел во она што се случува тука.
Самиот почеток на House of X / Powers of X е општо збунувачки и поради други причини, ама кога ќе го затвориш последниот број ќе ти бидат одговорени сите важни прашања. Приказната почнува со нова коалиција помеѓу мутантите која вечната мака со немутантскиот свет ќе ја претвори во сопствена мутанска нација со амбиции да биде признаена од меѓународната заедница како автономна. Мутантите се конечно обединети со една идеја и ресурси кои ги нудат за возврат со намера овој пат да си најдат мир и раат. Нормално, ова не е воопшто лесно и без отпор, па постоечкиот конфликт не само што се продлабочува, туку оди и во некои нови екстреми.
Хикмен ја раскажува приказната нелинеарно, скока низ различни временски периоди и воведува толку многу детали и разновидни идеи што мислам дека било кој друг да би го правел, би било премногу ризично за да биде успешно. Но, Хикмен е мајстор на занаетот, па овие наративни нишки се така добро исплетени да е неверојатно колку функционален може да биде ваков сериозен тон во материјал чија редундантност последниве години го направи мета на потсмев. Затоа и сум запрепастен од ова, мислев дека времето за вакви стрипови одамна е поминато.
Ја има целата акција што можеш да ја очекуваш од X-Men стрип, меѓутоа мотивите што ги воведува во односите меѓу мутантското општество на Кракоа и тие кои се засегнати од идејата за неговото постоење во тој облик е нешто што ретко ќе го видиш раскажано на ваков начин. Идеолошката територија помеѓу двете страни никогаш не била посива од ова, а ликовите што ти се познати од претходно се трансформирани на начин на кој ретко кој автор би се осмелил.
House of X / Powers of X ровари низ еден куп идеи кои не познаваат жанровски граници, а пак суштински е X-Men приказна која не би можела да функционира надвор од сопствените рамки. Затоа е и толку добро. А, илустрациите на Пепе Лараз феноменално го следат епскиот раскажувачки стил на Хикмен, па секоја страница е визуелен спектакл, комплетно соодветен да оживее и крепи приказна каква што е оваа. Кога House of X / Powers of X дополнително ќе се установи како класика во X-Men издаваштвото, многу од овие дизајнерски одлуки ќе бидат пристуни да послужат како референтна точка.
Мислам дека во моментов нема подобар наслов за да се вратиш на читање X-Men или конечно да почнеш. Иако интимно редефинирани, мутантите се пак тие што ги познаваш и се во можеби најдобрата стриповска форма во последниве години. Приказната која ја етаблира краткиот серијал House of X / Powers of X продолжува со нешто што се вика Dawn of X, составено од повеќе тековни X наслови, ама собрано во културни колекции полесни за читање и следење. Тоа ми е следно за читање. Баш ме интересира каде Хикман ја носи приказната после ова. Мило ми е што после години пак ќефски седнав со нов суперхеројски стрип. Камо среќа и DC Comics да го оправат Бетмен вака и да му обезбедат некој правец што ќе можеш да го следиш без да ти експлодираат очите.
Види такоѓе: