Нешто ме зачеша периодов за платформери. Ми се играше нешто такво да сум подзалежан со контролер во рака. А, имам еден куп такви што времето ги заборавило во мојата Стим библиотека. Ќе ги "пробам" пиратски неколку дена, ќе ги купам, па ги оставам да дремат така неинсталирани. Баш разгледував што имам во купчето пред да испазарам нешто што никогаш не сум го пуштил и налетав на Broforce. Играна пред шест-седум години некој саат и така баталена да чмае.
Имав некои позитивни сеќавања од Broforce од тоа време, ама не очекував дека денес ќе ме заглави со саати. Broforce е сатирично насилен омаж на старошколските американските акциони филмови, нивните ликови и тропи и тоа е всушност главниот штос на кој се заснова и гејмплејот. Почнуваш со лик кој е очигледна карикатура на некој филмски акционен херој, а кога неизбежно ќе умреш или спасиш воен заробеник се преродуваш како друг таков лик доделен по случаен избор. Може да почнеш како Rambro, a да ја завршиш мисијата како Broniversal Soldier или Brobocop.
Постојат триесетина такви ликови кои постепено ги отклучуваш спасувајќи заложници низ мисиите и секој од нив има различен тип на оружје и специјална способност базирана на неговата филмска инспирација. Пример, Brodator може да стане невидлив и да експлодира кога ќе умре, Indiana Brones има само камшик и еден пиштол што може да рокне повеќе непријатели истовремено, додека Time Bro го успорува времето околу себе, итн. Некои од ликовите се стандардот и првата асоцијација за жанрот, ама некои апсолутно ме изненадија. Не очекував дека ќе се родам како некој од Kill Bill, The Boondock Saints, Braveheart, а најмалку од неправедно подзаборавениот The Rocketeer.
Баш овој штос ми е најзабавен во Broforce. Никогаш не знаеш што е следно, ниту пак што ново ќе отклучиш. А, со оглед на тоа што секој лик може да биде значително различен за играње од другиот, тоа може малку и да ти ја промени стратегијата со која ќе ја завршиш мисијата. На почетокот е лесно, веројатно затоа и сум ја баталил играта тогаш. Трчаш и пукаш, доаѓаш до крајот каде што буквално пукаш во ѓаволот облечен во костум, се качуваш на хеликоптер и одиш на следната мисија.
Понатаму станува многу потешко и комплицирано. Бидејќи нивоата се целосно кршливи, можеш да уништиш буквално сè што гледаш на нив, како што прогресира играта треба да си претпазлив да не се дигнеш во воздух сам себе или да не ослободиш некој непријател што ќе ти направи непријатна ситуација. Некогаш се случува и да си ја уништиш платформата на која стоиш и да погинеш. Стандардните мисии се најчесто кратки и јасни. Добиваш задача да отидеш во некоја земја која "ја мрази слободата" и пукаш низ неколку нивоа додека да дојдеш до главниот бос, кој нормално е повторно пародија на некоја мегаломанска идеја што е присутна во филмовите од кои играта црпи инспирација.
Има и такви мисии кои се дизајнирани за конкретни ликови, односно "bros", кои се различни и отклучуваат дополнителни ситници кои понатаму ќе ти бидат од корист. Најчесто се многу побрутални од "обичните", па некои од нив уште се гњавам да ги завршам за кампањата да ми биде 100% штиклирана. Има една таква каде што буквално секоја милисекунда е важна, ама и после кофа пот и крв на контролерот и сменети два пара батерии, уште не успевам да ја пројдам.
Broforce нуди и ко-оп, каде што може да собереш офлајн или онлајн пријателчиња за да уништувате џунгли, згради и подземни објекти заедно. Можеш дури и свои нивоа да си градиш, ама тоа е уште во некоја алфа верзија и го немам пробано. Не ни знам од кога е така, многу е возможно да останато такво уште пред години. Не сум сигурен ни дали студиото уште работи на играва, а баш е погодна за штанцање секаква содржина околу основната верзија. До сега имаат направено варијанта со The Expendables која секако дека се вика The Expendabros, ама ја немам пробано. Таа е бесплатна на Стим.
Играта е родена на Ludum Dare гејмџемот во 2012. Добива прва награда и понатаму се развива во оваа целосна верзија која е далеку "викендашко" проектче. Иако главниот мотив е можеби на посветла нота, барем во контекстот во кој опстојува, самиот гејмплеј знае да биде исклучително предизвикувачки и може да те заебе ако го потцениш додека си се смееш на имиња како Snake Broskin и Double Bro Seven. Некои од нивоата ќе те напнат до степен и на сон да ти доаѓа гласот што најавува "Mission Failed", па ќе се запрашаш кој навистина е главниот негативец тука. Дизајнот на некои од нивота и босовите е некогаш немилосрден и ќе ти докаже дека Broforce е многу повеќе од обичен штос каде што можеш да играш пародични верзии на твоите омилени акциони херои.
Како љубител на Metal Slug серијалот и старите тестостеронски акциони спектакли, Broforce ми легна многу повеќе отколку да ја преигрувам Ori and the Blind Forest пак или да се губам во Hollow Knight. Различни игри се секако, ама дефинитивно ми требаа овие неколку саати со ваква игра пред да преминам на нешто "посериозно" од платформериве или конечно да ја јавнам метлата во Hogwarts Legacy. Препорака за Broforce, озбилно. Многу е потценета, ни името го немав слушнато со години, а е супер забавна кратка игра.
Инаку, на крај од овој месец истото студио треба да ја пушти Terra Nil, игра што ја чекам уште од периодот кога се навлеков на Against the Storm и е наслов за кој имам големи очекувања. Free Lives се мало студио, ама очигледна е нивната љубов кон создавање на игри, па баш ме занима како ќе се снајдат со тотално различен жанр.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment