Ни на крај памет не ми било во 2006 дека во следните дваесет години ќе постои Crapwerk. Уште помалку дека ќе е редовен, без промашен месец. Тоа ете некако ми остана како мерило за активност, иако времето за "блогирање" ми е секој ден покнап. Среќа уште е жива и платформава на која опстојува блогов, немаше шанси да се селам. Чудо како до сега Гугл го сочува ова покрај толку други сервиси што ги изгаснаа низ годиниве. Толку сум навикнат на едиторот и општо целиот интерфејс на Blogger, што некако потешко склопувам текст во друга околина. Иако од 2006 навака имаше некои подобрувања, исто беa толку одамна што и тие изгледаат некако примитивно во однос на тоа како визуелно еволуираше целиот интернет и корисничките искуства. Blogger одлучи дека нема потреба да држи чекор за да биде функционален сервис.
А за блог не ти ни треба некакво комплексно техничко решение. Интернетот беше многу поразличен во 2006 од денес. Не бевме нонстоп закачени со секој можен уред, уште постоеше некаква анонимност, социјалните медиуми беа во рана фаза, а индивидуалното онлајн присуство не беше толку униформирано. А сега и тие неколку платформи што ги користиме за да сме на интернет се угушени со содржина од вештачка интелигенција. Не мора да одиш подалеку, види го домашниот интернет простор во што е претворен кога станува збор за пишување.
Сè помалку наоѓам добра содржина на македонски за читање. Истата ботска структура на текст е одамна надвор од септичките јами ко Линкдин. Настрана и порталине што и онака ноншалантно крадеа и преведуваа, тапа е кога ќе видиш дека потклекнале и некои што претходно имале некакво авторство. Мислам, кој сум јас да кажувам кој како да ја користи технологијата што и мене ми е дел од секојдневието, само стварно ми е тапа кога ќе видам таков туѓ глас кај некој што знам дека може да се изрази поавтентично. Ама кога ќе налеташ на платформа посветена на пишување чиј анти-ВИ манифест е нашлакан со четџипити или тату артист што нуди слопнати дизајни, јасно ти е дека нема назад. Секој со своето хоби, веројатно.
Јас како и лани, така и оваа година дадов предност на другото хоби, па остануваше уште помалку време за мудрување на блог. Добар дел од тие неколку растеретени саати неделно ги трошев и со намера да ја стокмам следната игра што ќе стои до Shtrek, ама претежно фрлав кратки прототипи во канта. Еден од нив демек беше спремен да види поширока публика, ама кога сфатив дека немам ни идеи ни капацитет да го носам таму каде што веројатно би бил поинтересен за играње, заврши како и претходните.
Добрата работа беше што баш тоа ме увери дека не сакам да правам игри со дремење на itch.io и копирање на механики од актуелни игри. Не беше целосно бескорисно. Научив куп нови ствари што ми се најдоа за друго, ама не е тоа процесот што ми е забавен и ми носи резултати. На крај е нешто што ни сам не би го играл. Затоа и играта што ќе ја објавам наскоро е помалку угушена од туѓи концепти. А богами и од фидбек, кој ако ете прерано го добијам, ме носи во насока од која лесно знам да зацепам во ќорсокак, без разлика дали е позитивен или негативен. Некаде по пат се занесов со размислување околу потенцијална публика и подзаборавив дека воглавно правам игри за да уживам во процесот.
И тоа. Секогаш кога е вака годишнина, листам разни ствари пишувани по Crapwerk и прејако ми е какви временски капсули и верзии на Бобо ископувам секоја година. Сум се изнакењал цели дваесет за све и свашта. Повеќето од тие постарите звучат како скроз друг човек да ги пишувал, ама наоѓам и по некои муабети и ставови што и денес би ги изразил слично. Најбизарно ми е кога ќе налетам на нешто што ми е тазе во глава, а датумот ќе рече 2013. Како летна. Дефинитивно ми е мило што уште не сум го баталил Crapwerk. Баш да видиме за десет години како ќе биде.

No comments:
Post a Comment