По седумнаесет години од римејкот, цела деценија низ правни лавиринти, пропадната онлајн игра и еден масивен документарец некаде измеѓу, Џејсон Ворхис конечно се врати во нешто што не е скин за Call of Duty. Во оваа бериќетна година за хорор жанрот, особено кога станува збор за серии, излезе и првата сезона на Crystal Lake, која се занимава со настаните сместени пред првиот Friday the 13th филм. Малку бев скептичен кога првпат разбрав за концептот, ама толку долго ми кркорат цревата за нешто ново во франшизата што едвај чекав да дојде на ред за гледање.
Вакви приквели обично знаат да одговараат прашања чиј одговор можеби и не си сакал да го знаеш, меѓутоа од серија каде што централен лик е Памела Ворхис и не можеш да очекуваш дека митологијата воспоставена во филмовите ќе биде целосно поштедена. Иако добар дел од материјалот обработен во Crystal Lake се темели на претходно познати ствари, серијата си дава голема креативна слобода кога треба да се надополни со нешто свежо. И воглавно одлично функционира, макар што некои креативни одлуки морав да ги отспијам за да спаднат.
Како фан на Friday the 13th серијалот, задоволен сум. Ептен ми направи ќеф. Очигледно е дека во продукцијата на Crystal Lake имало екипа што знае што прави и се однесува со почит кон изворното. Серијата се осеќа како автентичен дел од Friday the 13th, а добар дел е сниман во гратчето и локацијата на кампот од кецот за и да изгледа така. Амбиентот е соодветно надополнет со куп референци што се баш пристојно убацени, без да делуваат исфорсирано и евтино. Немав впечаток дека пробува да се шлепа на носталгија, а и кога несуптилно се повикува на директни елементи од филмовите, обично има некаква поголема причина за тоа. Дури и музиката ја потпишува композиторот од оригиналниот филм. Пазено е на многу детали и затоа сега откако убаво ми легна сè и се препуштив на тоа што сака да биде, некако ми ги снема тие малку замерки што ги имав и за самата приказна што на крајот реши да ја раскаже.
Ќе фрлам по некој спојлер понатаму, не ми оди муабетот за ова без. Прво, огромна пофалба за кастингот на Пам. Линда Карделини блеска на секое поле во улога што е малку позахтевна во споредба со претходната итерација. Затоа и во никој случај не би се осмелил да ја споредувам со легендарната Бетси Палмер, двете се врвни, но во различен контекст. Имаме многу повеќе време со оваа госпоѓа Ворхис во Crystal Lake и ја гледаме во најразлични ситуации и изданија. Од грижлива и пожртвувана мајка, преку жена скршена од загубата, до брутален убиец, Линда Карделини феноменално се снаоѓа со сè што серијата има спремно за ликот.
Ме убеди уште во првата сцена пред воопшто да почне трансформацијата во онаа Памела Ворхис што ја знаеме. Серијата во повеќе наврати те занесува да сочувствуваш со неа и малиот Џејсон, а голем дел од заслугата оди баш кај Карделини која успева да ја одржи Памела човечна дури и кога е невозможно да ги оправдаш нејзините постапки. Споредните ликови се исто добри, ама најмногу ми се издвои Ралф. На Crystal Lake им успеа да извлечат интересна приказна од таква тропа, со тоа што му дадоа цела историја и јасна причина за зашто е "лудак" во првите два филма. Толку е само наративно средство на некој начин, што никогаш не би го ни помислил вон тоа што е и јако е што му најдоа нешто повеќе. Искрено, не ми текна тука на него додека не се појави, а сепак е составен дел од историјата на Кристал Лејк. Мило ми е што е инволвиран во приказната на ваков начин.
Бидејќи пред сè ова е слешерска серија, не се воздржува да распали со крвопролевање на кое би му подзинале и ефектите на Том Савини, иако мислам дека овде не беа сите практични. Ама со сигурност практични ефекти има во една од највпечатливите сцени, убиството во ресторанот, што е можеби едно од најкреативните што ги видов во хорор оваа година. Може да парира само сцената во колата од Evil Dead Burn. Успеаа дури да вметнат и целосен сегмент како од стандарден слешер филм сред цела серија, сосе финална девојка комплет. Не можеш да не им ја цениш посветеноста кон вакви моменти.
Чудно е како покрај толку експлицитно насилство во Crystal Lake не му дозволиле на Бред Кејн да убаци голотија што е уште еден составен дел од Friday the 13th, ама проаѓа и без тоа. Не ми сметаше ни што во епизодата каде што практично е преснимена воведната сцена од првиот филм имаше таков пресврт. Ова си е засебно дело и супер е какво такво и немав потреба да се оптеретувам дали се држи до некаков си наративен континуитет.
Сепак, целата таа приказна со "супермоќите" на Џејсон малку потешко ја сварив, ама кога ќе видиш баш е во духот на целиот Friday the 13th серијал. Не е првпат да му се препише нешто натприродно на Џејсон. Можеби ќе бев уште позадоволен доколку Џејсон беше само обичен психопат што едноставно е посилен од жртвите што ги совладува, ама океј сум и со тоа силата да му потекнува од научни експерименти. Серијата си гради сопствена верзија на митологијата и нема потреба да се стега од истражување различни идеи. Секако нема да ни ги одземе поприземјените филмови со Џејсон каде што е условно кажано нормален човек.
Во секој случај, се надевам дека приказната не завршува со овие осум епизоди и дека набргу пак ќе се вратиме во зафрлениот Кристал Лејк. После години чекање за нешто ново, ова испадна баш деликатесно Friday the 13th искуство и мислам дека супер ќе ме држи до следниот филм. Со оглед на тоа што запнале за Џејсонверзум може и нема да пројде долго до тоа. Crystal Lake и Widow's Bay ми се двете омилени хорор серии за годинава. Следни на мени се Carrie и Below, а паралелно имам некој амбициозен план да удрам еден комплетен Friday the 13th маратон.
