Замина Леонард Нимој. Тажен ден за сите Star Trek фанови, но уште потажен е фактот дека полека нè напушта една цела генерација актери. Нимој останува легендарен и понатаму, инспирирајќи армија фанови од сите генерации. Но, нема да зборувам за неговото влијание сиве овие години, туку ќе пројдам низ неколку епизоди од оргиналната Star Trek серија кои мене ми имаат оставено посебен впечаток. Епизоди во кои Леонард Нимој блеска како Спок и кои се некако релеватни за целиот Star Trek универзум, а и надвор од него. Глупава случајност, деновиве бев замуабетен баш за Star Trek, па пред некој ден почнав да прегледувам некои Star Trek: The Next Generation епизоди. Вестта за Нимој ме затекна баш во момент кога после пет-шест години, ми се врати желбата за гледање Star Trek. Додека го пишувам постов, ми се симнува уште една тура што планирам да ја изгледам деновиве.
Денов ми дозволи да ѕирнам неколку од ремастеризираните Star Trek: The Original Series. После 50 години, серијата изгледа остарено, меѓутоа духот што го носи е безвременски. И, покрај евтините сетови, сомнителната глума и ужасната кореографија, серијата успева да е добра и денес, и ова никако не го базирам на носталгија.
Со "Amok Time" почнува втората сезона на Star Trek: TOS, која после неколку гледања, си ја имав прогласено за најдобра. Баш од оваа сезона имаат излезено повеќето од епизодите кои денес важат за најквалитетни, а "Amok Time" е од тие без кои таква листа не може да биде комплетна. Епизодата навлегува во Вулканската биологија, односно репродукција и првпат го воведува феноменот познат како "pon farr". На секои седум години, Вулканците добиваат неконтролирана желба за парење која доколку не биде задоволена, може да го убие несреќникот со шилести уши. Алтернативата е ритуална борба до смрт блиска личност, позната како "kal-if-fee". Среќата го напушта Спок во последен момент за друг Вулканец, па е приморан да се бори до смрт со Кирк на позадинска музика која е толку култна што е составен дел од секое пародирање на сцената во други серии и филмови.
"Mirror, Mirror" ми е една од омилените Star Trek епизоди воопшто. Јонска бура ќе предизвика заеб со транспортерот на Ентерпрајз и ќе ги префрли Кирк, Скоти, Ухура и Бонс во паралелен универзум, кој подоцна станува подлога за слични епизоди низ сите пет Star Trek серијали. Екипажот на Ентерпрајз во паралелниот универзум е брутален, злобен и најчесто напредува во кариерата со подли убиства на колегите. Исто така, користи салутирање слично до нацистичкото, што некако му дава уште позлобна димензија. Но, ништо од оваа епизода не го "стандардизира" тоа зло како брадата на Спок. До ден денес, таа брада е останата како културолошки феномен, која дури и пародично да е референцирана, останува присутна.
Една од најбитните Star Trek епизоди. Не само што навлегува подлабоко во историјата на Спок со појавувањето на неговите родители и неговата врска со нив, туку за прв пат се појавуваат и две раси кои понатаму се стандардел дел од универзумот, Андоријанците и Теларитите. Андоријанците подоцна ќе играат огромна улога во Star Trek: Enterprise, каде што Шран (Џефри Комбс) ќе се издвои како еден од најдобрите ликови во сите серијали. Меѓутоа, најбитниот лик кој првпат се појавува во "Journey to Babel" e секако Сарек, таткото на Спок. Сарек подоцна станува многу важен дел од Star Trek универзумот, и неговата приказна ја гледаме низ повеќе епизоди и филмови, па дури и во новиот филм од 2009.