Showing posts with label Breaking Bad. Show all posts
Showing posts with label Breaking Bad. Show all posts

October 19, 2019

El Camino, (не)потребниот шлаг на Breaking Bad финалето

Крајот на Breaking Bad е еден од најдобрите завршетоци на серија што сум ги видел. Можеби и најдобриот. Ретко што успева да удри со таков емотивен интензитет и чиста телевизиска беспрекорност. "Felina" останува со тебе долго откако ќе завршиш со гледање. За некои од работите е потребно време да ти поминат низ систем, да сопреш малку и да рефлектираш. Breaking Bad често овозможува такви возења, но ова е тоа конечното каде што сите доаѓаат до некаква финална точка. Затоа и ми беше чудно што сепак се реализираше овој Breaking Bad долгометражен филм El Camino кој намерава да доврши нешто кое изгледаше како да е веќе готово.

Судбината на Џеси Пинкман во "Felina" ја сметав за разрешена. Имајќи ја предвид неговата ситуација до самото финале на серијата, она што се случи со него на крајот беше доволно за ја му ја заокружи приказната. Слободата, буквална и фигуративна, беше најважното за Џеси во тој момент, а Винс Гилиган му овозможи најпосле да ја добие. Можеби за првпат во целата серија, Џеси Пинкман не беше ничиј заложник. Го видовме ослободен од секакви дроги, нео-нацисти, Волтер Вајт и сомнителните бизниси. Не беше важно кај спичи со колата, изгледаше среќно и насмеано со новата прилика.


Мотивот на El Camino е да понуди одговор на тие кои ги копкало што всушност се случува со Џеси одма после таа сцена. Ова и најмногу ме имаше исплашено пред да го гледам затоа што сметам дека тој исход што го понуди последната епизода на Breaking Bad е апсолутно задоволителен и е во полза општо на целиот наратив. Но сепак, постоењето на овој филм е доказ дека Винс Гилиган не мисли така. После неколку денови инат, седнав го изгледав и наспроти мојот "голем страв", филмот не е лош. Дури е и безопасен кон изворниот материјал. Нема баш многу што да додаде, а за цела среќа, ниту пак одзема нешто од Breaking Bad. Никако не го нарушува тој впечаток. Си се држи настрана од тоа и е фокусиран исклучиво на судбината на Џеси. 

Па така, El Camino e сосема безболен и слободно би го препорачал на тие што ја изгледале серијата до крај. Океј е за тоа што е. Не функционира како засебно дело, за жал. Мора да имаш гледано Breaking Bad, да ги познаваш ликовите и нивната судбина. Филмот има едноставна приказна која комотно може да се збие и во дваесетина минути,  нешто како она "The New Man In Charge" што излезе по финалето на Lost. Но ете, Гилиган одлучил дека треба да трае цели два часа и многу од наративните контролни точки да бидат проследени со флешбеци кои треба да одат во прилог на моменталната ситуација. Некои од нив се така конструирани како засебни парчиња, па дури и кога не ја крепат тековната приказна со мотиви и контрасти, изгледаат целосно.

Сите тие идеи личат како да тлееле во умот на Винс Гилиган сите овие години, па сега конечно испукале на површина. Општиот сензибилитет и темпото се секако различни од Breaking Bad, но не ни треба да очекуваш нешто такво. Она што најмногу ми недостасува во El Camino се кинематографските детали што правеа Breaking Bad да е така визуелно атрактивна серија, со ситни финти што може ќе ги пропуштиш на прво гледање. Начинот на кој е режиран El Camino некогаш повеќе личи како имитација на таа постоечкa рамка. Претежно можеш да осетиш дека е граден од истата материја, ама некогаш изгледа толку многу туѓо и чудно. Или можеби само отсуството на визуелната симболика која се движи паралелно со приказната ми го прави ова, не знам.

Што се однесува до приказната, ова изгледа како најбезбедната опција за едно вакво продолжение. Ќе ценев малку повеќе тензија и неочекувани прсврти. Сега не Волтер од гробот да стане, ама ретко кога се чувствуваше некоја преголема напнатост. Дури и во сцените каде што Џеси е очигледно во опасност не бев целосно убеден. Единствената сцена што беше јако ефективна, онака баш својствено за материјал потпишан од автор на Breaking Bad, е оној флешбекот во пустината со Џеси и Тод. Иако го знаев исходот на ликовите, ми сопре дишењето на неколку секунди. Другото е многу помлако. Значи види, немам проблем ни со оваа траекторија, ама некако ми е нетипична во однос на ситуациите во кои сум се навикнал да ги гледам овие ликови.

Другата приказна за El Camino што Гилиган ја имал како идеја била Џеси да е веќе некаде далеку пребеган и пак инволвиран во некаков криминал. Можеби пак таква приказна ќе била поадекватна за "осамостојување" на филмот, меѓутоа не ја гледам потребата. Ако веќе правиш филм исклучиво за Breaking Bad фанови, фер е да ги опслужиш прописно. Во овој контекст, секоја чест за тоа како успеале да го прошверцаат Брајан Кренстон на сетот во Албакерки без да протече некоја слика во јавност. Во 2019, замисли. Но, Волт е само еден дел од она што е на располагање за посветената Breaking Bad публика. El Camino има уште многу, многу референци.

Еден од најзабавните моменти во El Camino ми е Тод. Тод е еден од најјезивите ликови што некогаш се појавиле на телевизија, а така презентиран да никогаш не си точно сигурен со кој си имаш работа. Таков е незгодно непредвидлив, со постапки што некогаш тешко можеш да ги сместиш во оној социопатски архетип често користен во фикција. Тод упорно делува кротко и пријателски, а спремен е на секакви ужасности кои ги прави онака лежерно и рутински, што не си баш сигурен дали воопшто е свесен за природата на неговите постапки. Никогаш не би сакал да сум близина на Тод. Толку ми е станат одвратен што имам лоши чувства кон Џеси Племонс, а човекот само си ја работи работата. 

А, кога сме кај работа, морам да ги пофалам сите актери што се дел од El Camino. Стари ликови или нови, секој максимално се труди да го направи сопствениот најуверлив што може. Арон Пол иако го достигна врвот со Џеси во Breaking Bad, има и тука многу прилики кои му овозможуваат да блесне пак со ликот. Одличен актер е, не знам уште колку време ќе му биде потребно да закачи некој проект што ќе му го однесе талентот во нови предизвици. Супер е и во BoJack Horseman, дај да го видиме во нешто поживо. Ете, се приклучува во третата сезона на Westworld, ама после катастрофалната втора, немам желба да ја гледам таа серија пак.

Искрено, се надевам дека со ова завршува гранењето на Breaking Bad приказната. Ново Better Call Saul или El Camino би било премногу. Знам дека може уште да се цеди од ова, ама кога е доволно? Талентот на Винс Гилиган е евидентен и сигурен сум дека е способен да осмисли нова свежа приказна. Можеби и не е лесно да излезеш од таа сенка на Breaking Bad и да градиш над тие стандарди, меѓутоа автор од овој крој нема шанси да го има само ова на располагање или па латино верзијата на истото. Мора да може повеќе. Ајде, време е.

February 21, 2018

Breaking Bad е врвот на телевизијата

Откако се простив со сите тековни серии, од кои повеќето не успеаа да ми докажат дека се исплатливи за времето што ми го трошат, сфатив дека дошол оној момент за второ гледање на Breaking Bad во животот. Наскоро ќе се заокружат петте години откако ја гледав последната епизода, а десетте од почетокот на серијата веќе се навршија минатиот месец. Се закачив покасно на Breaking Bad, кога веќе беше во тек, ама за последната сезона станував саат време порано за да ја гледам новата епизода пред работа. Имаше спојлери насекаде, па ова беше единствениот начин да се заштитиш од нив.

Breaking Bad по свежото прегледување ми докажа дека е најдоброто нешто што ми било понудено на телевизија до тогаш и отпосле. Да, секако има и други добри серии, ама ова е тоа што на мојата топ листа е забетонирано на врвот. Breaking Bad има ретко конзистентен квалитет кој никогаш не дозволи серијата да го заринка моментумот. Дури и Lost, серија чие гледање ми беше неповторливо искуство и надвор од екранот, имаше моменти каде што неславно се распаѓаше при некои маневри.


Овде таквите осцилации се непостоечки и покрај тоа што приказната е турбулентнa од почеток до крај. Пилот епизодата нè запознава со преквалификуваниот професор Волтер Вајт кој страствено објаснува за хемиска трансформација на полузаинтересираните средношколци од неговиот клас. Суптилна експозиција која всушност ја наговестува и неговата сопствена промена за чија крајна форма ништо не може да те спреми како публика. Волтер живее скромно. Има жена и син, второ дете на пат и го прославува својот 50-ти роденден. Дијагностициран е и со рак во напреден стадиум за кој не само што нема средства за да го третира, туку и неговата фамилија ќе остане финансиски необезбедна откако ќе умре.

Но, пред болеста да го онеспособи комплетно, Волтер решава да се обиде да обезбеди пари со неговите вештини како хемичар, и со Џеси Пинкмен, негов поранешен ученик, да почне да произведува кристал мет. Мирниот Волтер Вајт, чиј глас едвај некогаш се слушал некаде, човек кој е мета на потсмев и понижувања наоколу, сега почнува да го исполнува својот професионален потенцијал. Генијалноста на Волтер за кратко време ќе го закити со легендарна репутација во криминалното подземје, а по брзото богатство ќе се стекне и со цврста самодоверба која се манифестира преку неговото ново алтер-его - Хајзенберг.


Волтер паралелно со двојниот живот, мора да го одржи балансот и во семејството кое не е запознаено со неговото фриленсерско занимање, а тоа што полицијата и други криминални групи почнуваат да трагаат по Хајзенберг само дополнително му го отежнува одржувањето на растечката моќ. Иако премисата звучи прилично едноставно, непревидливоста на приказната и тензијата од епизода до епизода засекогаш ми го смени начинот на кој гледам серии. Со второво гледање мислам дека си ги уништив следните неколку месеци. Што и да гледам сега ќе ми изгледа млако.

Ликовите во Breaking Bad се еден од најмоќните аспекти на серијата. Не само Волтер и Џеси, туку и оние кои само попатно никнуваат во големата слика. Секој од нив има повеќеслојни карактеристики, мотиви кои лесно можеш да ги разбереш и да застанеш зад нив, па така што често пати ќе се најдеш во ситуација да навиваш и за ликови кои во друго опкружување би биле само обични негативци. Вистински човечки карактери кои изгледаат реално, а внимателно избраниот кастинг е само уште еден елемент кој ти ги носи поблиску.


Со Волтер сепак серијата отскокнува и од ова. На почетокот неговите акции се логични, ги правдаш неговите постапки и начин на делување. Сочуствуваш со она што му се случува. Меѓутоа како што прогресира приказната и неговата трансформација во мрачиот Хајзенберг, целосно заслепен од сопственото его и моќ, почнуваш да се сомневаш во сопственото морално расудување. Серијата постепено почнува да го антагонизира Волтер до степен кога навиваш да попие куршум во глава зашто ги уништува сите околу, а особено Џеси. Страната е сменета и тоа толку бавно и мајсторски што воопшто не се осеќаш изманипулирано, туку си едноставно воодушевен.

Фасцинатно е колку некои моменти од серијата повторно ми го нарушуваа спокојот со неизвесноста и покрај тоа што го знаев нивниот исход. Пак го задржував здивот на сцените со нестабилниот Туко или кога Хенк ќе тропа по мобилната лабораторија каде што се кријат Волт и Џеси. Дури бев запрепастен и кога некој ладнокрвно ќе убиеше дете, без разлика на тоа што Breaking Bad уште пред години докажа дека нема морални граници пред кои ќе сопре. И, пак шмукав цигара за цигара додека се тресев на "Ozymandias" епизодата. Која друга серија може да ти го приреди ова на второ гледање?


Боите се уште еден феноменален детал од Breaking Bad кој го зајакнува и онака беспрекорниот визуелен аспект на раскажување. Сега со веќе позната приказна, имав повеќе време да ги забележувам вакви ствари. Во секој кадар има нијанса на сино, боја која коинцидира со продуктот на Хајзенберг, без разлика дали е некаков предмет или се наоѓа на облеката на некој од ликовите. А, бојата на самата нивна облека е толку опширна што дури и заслужува цела посебна анализа. Затоа само кратко ќе приметам дека нијансите се речиси секогаш во контекст на општата или ментална состојба на тој што ја носи.

На пример, кога Волтер го има легендарниот "I am the danger!" монолог, кратко пред тоа ја соблекува кошулата под која ја има најтемната варијанта на црвено, симболизирајќи дел од неговиот мрачен спектар. Често и осветлувањето во некои сцени е искористено за сличен ефект, а Винс Гилиган не се воздржува да си поигра и со рефлексијата на лицата на ликовите во разни предмети и огледала. Некогаш ова служи како предвесник за правецот на нечија судбина, некогаш како заклучок, или па кога ќе реши да ја изрази нивната дуалност. Сите овие елементи се брилијатно искористени во последните неколку кадри од финалето.


Breaking Bad е дело на напорна работа, љубов и максимална посветеност. Ако добро се сеќавам, причината поради која што петтата сезона беше со речиси една година пауза на средина е тоа што Винс Гилиган одлчил дополнително да го усоврши крајот. Затоа и последните епизоди се толку ефективни. Засекогаш ќе те прогонува тој краток телефонски разговор меѓу Волтер и Скајлер. Никогаш нема да ја заборавиш ни "Baby Blue". Серијата не остави отворени прашања, дури и најбаналните приказни кои се гранеа од главната, беа задоволително заокружени.

Единствената за која можам да кажам дека ми станувала подобра од епизода во епизода. Знам дека има пет-шест други кои публиката често обожава да ги става на листата пред Breaking Bad, веројатно има оправдани причини, меѓутоа ниту една од нив не успеа да ми приреди ваков спектакл и да допре до мене како трагедијата за Волтер Вајт. Ништо друго не ми е вака добро структуирано и тонално прецизно. Ако постои совршенство на светов, еве собирам храброст и изјавувам дека ова е тоа.

February 10, 2015

Првите две епизоди на Better Call Saul

Првата реакција кога ја најавија серијата ми беше една длабока воздишка проследена со зевање. Зошто Сол? Мислам, да, повеќето го сакаме ликот, согласни сме дека беше еден од најдобрите во Breaking Bad, ама зошто? Дали навистина неговата приказна заслужува да биде вака раскажана, и дали сме воопшто спремни да ја прифатиме? Мене главниот сомнеж за Better Call Saul ми доаѓаше баш поради ова. Дали е само лесен начин да се искешира нешто додека Breaking Bad громот сè уште одекнува низ етерот, или Винс Гилиган има потешкотии да пушти и да продолжи понтаму? 

Една работа е повеќе од очигледна, серијата успева да се потпре на цврстите темели на Breaking Bad. Генералниот осет е задржан, и тоа не само продукциски. Стварите со кои се занимава Better Call Saul ја потврдуваат кохезијата со светот кој е одамна поставен. И, уште едно прашање во воздух пред да почнам да се расфрлам со (мали) спојлери. Како ќе функционира серијата за оние кои никогаш не биле во допир со оргиналното дело? Не можам да сум објективен и да ја одвојам од целиот тој универзум, па затоа ме занима. 

"Што узнемираваш на овај број?"

Better Call Saul е воглавно приквел на Breaking Bad. Да, го гледаме Сол како живее во некакво бегство после Волтер Вајт, меѓутоа серијата е фокусирана на годините претходно. Кога Сол уште е сиромашен адвокат без глупави реклами на телевизија, се обидува да се држи настрана од криминал и не "познава луѓе". Едвај се познава и со Мајк, кој моментално работи на паркингот на судот. Еј, дури и не е ни познат како Сол Гудман, туку го користи вистинското име, Џејмс МекГил. Но, адвокатските вештини и големата уста (не е исто тоа?), му се доволно добри за да може да ја оправдаме состојбата на оној лик кој го запознавме во Breaking Bad. Уште во втората епизода, успеа да спаси двајца копиљаци од социопатот Туко, кој и тука е отприлика истата бараба што ја знаеме. Сол веќе успеа да се вплетка со него и неговите луѓе, што значи дека трансформацијата од Џими во човекот што може да те "испрати во Белизе" ќе ја видиме многу побргу. 

Покрај познати ликови од Breaking Bad, има еден куп други референци. Уште на самиот старт, Сол е вработен во Синабон, баш како што му спомна на Волтер што би се случило со него, ако воопшто има среќа да се извлече. Но, она што е најочигледно, а го протнуваат суптило се визуелните референци. Во неколку сцени, околината како скејтпаркот кај што се среќава со близнаците е обоен во кристално сина боја со мотиви што изгледаат како испукана земја во пустина. Во друга сцена, мебелот во канцеларијата за состаноци во адвокатската канцеларија има слични бои, карактеристични за Breaking Bad митологијата. Деталите се ситни, но се доволно впечатливи за дадат некаков фин шмек на самата серија. 

Better Call Saul комотно може да скока во различни временски периоди, така што нема да биде чудно ако некогаш ги видиме Џеси и Волт во некоја кратка сцена. За останатите, веќе е јасно дека е изводливо и одлично функционира. Колку и да не ме интересираше содржината, веќе успеав да се навлечам и да ја чекам следната епизода. Не е замена за тоа што беше Breaking Bad, ниту ќе ја пополни празнината, но додека вака мајсторски ѕирка во тој свет, јас сум океј. Екипата е веќе уиграна, потребно е само да се задржи квалитетот и умереното користење на референци. Никој не би сакал да види постојано кокетирање со "старата слава", нели? А, па и онака нема ништо друго интересно за гледање од серииве моментално.

September 30, 2013

Финалето на Breaking Bad

Дојде и тој ден кога треба да пишувам пост за финалето на Breaking Bad. Избегнував да пишам било што до овој момент, скоро цела сезона. Крајот ме остави нем, иако има доволно причини за дискусија. Во кратко црти, задоволен сум како испаднаа работите и покрај тоа што кругот веќе се затвораше две епиозди наназад. Одличен завршеток, некои работи ги очекував, некои ме фатија сосема неспремен. Една работа е битна, дека уникатноста и брилијатноста на Breaking Bad ќе одекнуваат низ годините кои следат, оставајќи ни избор да се гушиме во неквалитетот кој во последно време ја окупира американската телевизија. Лично мене, ми ги крена стандардите и сум сигурен дека во следниот период нема да гледам ништо ново.


Финалето успеа да ги израмни сметките и да ја заокружи трагичната приказна за Волтер Вајт. Правдата беше сервирана речиси секаде каде неговите постапки донесоа лоши последици. Барем знаеме дека Хенк ќе добие достоинствен погреб. Тие што требаше да бидат казнети, си го добија своето, а Џеси конечно успеа да се ослободи. И, од ланците на чичко Џек и од сенката на Волт. Џеси низ цела сезона беше лик кој упорно губи и искрено очекував лично да му пресуди на Волт. Причините зошто не испадна така се јасни ако погледнеш низ претходните сезони. И, покрај се, таа врска не можеше да биде туку така прекината. 

За Волт веќе беше јасно. Нема простор за дискусија на тема што ќе се случеше доколку не беше така смртно ранет. Верувам дека Винс Гилиган во ниту еден момент не помислил да го остави жив, затоа што едноставно тоа не оди така, нели? Како ќе беше приказната толку трагична доколку Волт одјаваше кон зајдисонцето? Барем успеа да се искупи донекаде со неговата одмазда. Најголемата казна и онака му беше тоа што ја изгуби фамилијата. Се надевам дека парите ќе стигнат на вистинското место. Во еден момент од последните епизоди, за Волтер Џуниор ми беше повеќе жал отколку за било кој друг лик. Штета што не успеа да си ја врати вербата во неговиот најголем херој. За жал, немаше ни како. Некои работи остануваат така скршени.

Сцена која ме стави во мисла беше баш муабетот со Скајлер. Дека ова не го прави за фамилијата, туку првенствено за себе. Со оглед на неговата ситуација која ја увидовме во првата епизода, некако ми е разбирливо што тука го најде својот мир. Единственото нешто каде што неговиот потенцијал дојде до израз. Моќта што ја имаше не можеше да ја батали туку така. Гилиган ја плеска симболиката во лице баш со местото каде што заврши Волт.

Читнав некоја рецензија за финалето. Публиката е делумно поларизирана, што е и очекувано. Оние кои ја следеле серијата за возењето, се презадоволни. Другите се фаќаат за ситници и науката зад машинката од багажникот. Јас сум во првиов табор. Пресреќен што серија успеа да ме измести на ваков начин, после Lost. Знам дека ќе поминат години до следното вакво искуство.

August 12, 2013

Повратак Хајзенберга

Пројде скоро година откако Breaking Bad замина на пауза. Ете, дочекавме. Продолжуваат последните епизоди. Не можам ништо за новава без спојлери, така што трк на гледање. 

Breaking Bad продолжува на истата WC шоља каде што заврши првиот дел од сезонава. Во истиот ќенеф кај што Хенк сконта кој друг има иницијали В.В. И, сосема е разбирливо зошто се потресе толку. Хајзенберг му беше цело време пред очи. Крајот на епизодата ми е еден од најдобрите моменти во цела серија. Конечно Хенк се соочи со неговиот најголем случај, кој можеби и нема да дочека правда. Барем не онаква каква што Хенк сака. Затоа и верувам дека ќе тргне по него на своја рака. Она на почетокот кога Волт се враќа во опустешената куќа, забраден, наоружан и со коса? Сигурен сум дека во блиска иднина ќе почнат да се "ловат" со Хенк. Реално, освен Хенк и ракот, сега и нема некој друг непријател. Тие што ги имаше, ги збриша уште лани летото, ееееј.


Додека Џеси упорно се обидува да се искупи, мислам дека Волт нема да успее. Не дека и Џеси ќе преживее, меѓутоа за Волт сум сигурен дека ќе наебе на крај. Не зборам за затвор, тоа е најглупата можна опција. Хенк мислам дека ќе го снема многу пред Волт, така што ми останува Џеси. Ако некој заслужува да му свирне куршум на Хајзенберг у шешриче - тоа е Џеси. Од сите животи што ги упропасти Волт, најмногу ми е жал за Џеси. Тоа е тој крај со кој што би бил крајно задоволен, иако навивам за Волт. Во тој случај, Хајзенберг може да остане легенда, без никој друг да знае кој е човекот позади. Имаше многу повеќе шанси како рендом џаначе, него вака. Има дечкото невиден товар сега. Веќе ни парите не му требаат. 

Волт, иако се откажа од неовластено производство и пуштање во промет кристал мет, ужива во сопствената моќ и не ми личи како да се кае за било што. Откако комплетно Хајзенберг завладеа со мирниот професор по хемија, Волт е негативецот во Breaking Bad веќе некое време. Без разлика што сите го сакаме, и покрај тоа што не е толку симпатичен како што е на пример Којотот. 

Мислев дека осум епизоди Хенк ќе се брка со Волт. Не очекував вака директно да му пристапи и буквално да му плесне некои ствари во лице. Премногу ми се осум епизоди за таа брканица. Знаејќи го Волт, ќе проба побрзо да ја расчисти работата. Ќе видиме.

Breaking Bad ќе тера до крајот на септември. Нова епизода секој понеделник сабајле, без паузи. Е, тоа ќе бидат долги работни понеделници.

September 5, 2012

Breaking Bad: И, сега што до следното лето?

Мислам дека вака не сум се осетил од времето на Lost. Знаев дека живи ќе се јадеме уште од моментот кога разбрав за делењето на сезонава на два дела. Другиот дел, следното лето. Фак оф. Идат спојлери. Многу спојлери. 


Кога заврши четврата сезона, муабетот беше "И, сега што?". Каде ќе оди серијата после ова? Што повеќе може? Очигледно дека може, и може многу. Комотно можам да кажам дека вистинскиот 'breaking bad' момент на Волт беше токму во оваа сезона. Останатото беше само успат. Тука е вистинскиот бесмилосен нарко бос, кој може да да стиши девет луѓе сместени во различни затвори. Тука е моментот кога не му ни треба шеширот за да биде Хајзенберг. Комплетно забега, а веќе не му требаа ни пари. 

Мислев дека врвот на сезоната е епизодата со возот. Седев и ќутев неколку минути откако заврши. И, после што? Го скинаа Мајк. Мајк, крив, ама не и дужен. Еден од најдобрите ликови во цела серија. Крајот на сезонава барем не ме изненади. Четири сезони чекав Хенк конечно да се посомнева во Волт. А, како последна етапа од серијата што друго би можело да биде? Да заврши среќно, сигурно нема. Америчка серија е, правдата ќе се истера до крај (мада, убија дете бе, шо знаеш). Знаеме каков ќе е исходот, ме занима само како ќе извозат до таму. Понапнато ќе биде од било кога. Ја навивам за Волт, серко е Хенк. Серко со добра душа, ама ипак.

July 17, 2012

Кратко за Breaking Bad

Не стигнав да напишам ништо за претходните сезони. А, за петтава и не би пишувал многу, како не би им направил спојлер на случајните посетители. Без многу објаснување, ова е една од најдобрите серии кои имаме прилика да ги гледаме во "наше време". Генијална приказна, развој на ликови и актерска екипа која си ги има заслужено сите светкави статуетки. 


После крајот на четвртата сезона, ова беше логичниот правец кој можеше да го фати Breaking Bad и очигледно ќе тераат остро, цело лето. И тоа во понеделник, да го направи денот малку поднослив. Лошата страна на целата ствар е тоа што сезоната ќе биде поделена на два дела. Вториот дел, дури следното лето. Не знам кој ја дал оваа идеја и кои се тие што ја поддржале. Каква е таа петта сезона поделена на два? 

Како и да е, одличен почеток. Не ми се верува како успеваат вака да го одржуваат квалитетот. Браво. Не е баш лесно да опстоиш толку сезони и пак да ги оставиш гледачите со отворена уста, забрзан пулс и полна пепељара. 

А, тоа дека трошам муабет на глупи серии, точно е. Седумнаесет постови за глупи серии кои не би ги ни памтел да не си го читав блогот, а ништо за втората сезона на Game of Thrones

February 1, 2012

Видео на неделата: Breaking Bad RPG

Додека да се појави долгиот пост во кој раскажувам колку e Breaking Bad ненормално добра серија, со екипа која си ги има заслужено сите награди до сега и каква тензија има низ четирите сезони - еве го видеото на неделата.

Четирите сезони на Breaking Bad раскажани низ олдскул 8-бит RPG игра. Генијално склопено, едно од најдобрите авторски видеа на CollegeHumor. Има многу спојлери во видеото, така да внимателно.