September 28, 2021

Го гледав Free Guy за ти да не мораш

Не знам како така се прелажав со Free Guy. Видов нов блокбастер што не е римејк, рибут, адаптација или продолжение и загризав. Башка Рајан Рејнолдс, а притоа заборавив дека многу Рајан Рејнолдс и не е секогаш најбрилијантна идеја. Талентиран е, харизматичен, смешен, има капацитет да износи разновиден материјал, дури и филм како Detective Pikachu, меѓутоа понекогаш и не функционира најдобро ако го истрошиш во првите дваесетина минути. Тоа се случува и во Free Guy, ама филмот страда од други проблеми кои и не се баш поврзани со самиот Рајан Рејнолдс.

А, има баш супер концепт, како може да не те подлаже. Рајан Рејнолдс е ситен позадински лик во ултра-насилната онлајн видео игра Free City, кој не е воопшто свесен за сопствената природа и реалноста на светот во кој опстојува. Се буди, ја цепа утринската рутина, заминува на работа во банка која е всушност дел од мисија за играчите и е постојано ограбувана, па потоа се ресетира во истиот кревет и почнува пак со истиот ден. Замисли секое NPC во GTA да има некаков живот вон твојата интеракција со него како играч.

Еден ден низ Free City ќе налета на Мили, девојка која е всушност вистински играч и така замајан постепно ќе почне да ја заобиколува рутината додека сфати дека светот е многу поразличен отколку што изгледа. Мили во Free City e логирана со сопствена агенда, пробува да најде доказ дека дел од кодот е некој нејзин проект што компанијата која ја развива играта ѝ го има украдено. Некое такво срање, што е битно, идејата е да се најдат овие два ликови во самата игра за да може филмот да се случи.

Не е комплетно лош, ама има некој генерациски јаз меѓу мене и Free Guy. Пази, консумирам секакви глупости кои апсолутно не се наменети за возрасни особи, ама тука приметив дека хуморот озбилно ме промаши во повеќе наврати. Филмот изгледа како да е воглавно наменет за Fortnite генерацијата, барем по бројните референци што не ги сконтав од прва, стримерите што се појавуваат повремено, а дури и самиот дизајн на Free City личи како е игра за малку помлади. Сосема е во ред ова да не си таргет публика, само имав некој впечаток дека ќе најдам нешто што ќе ме држи заинтересиран.

Обично можам лесно да ги сркам ваквиве лабавлуци ко Free Guy, ама сега не беше таков случајот. Во еден момент не ни обрнував внимание на филмот. Кога ќе погледнев пак, или имаше некој штос што веќе прошол во некој облик претходно или Таика Ваитити нешто урла и преглумува. Настрана тоа што вакви есцентрични газди како ликот што го глуми се клише, туку и дали воопшто некој го режирал или го оставиле да импровизира како Рајан Рејнолдс? Типот е супер режисер, Jojo Rabbit му е одличен, добар е и како актер таму, ама не можеш секаде да се носиш сам себе и да изводиш. Можеби ќе ми беше смешно пред десет години.

Ценам колку детали има во филмот. Особено тие што референцираат игри од овој тип. Од избагирани позадински ликови што се заглавени на некоја тривијална препрека, до тоа колку ноншалантно се однесуваат кога во позадина тенк им го уништува градот или проаѓа некој mecha робот. Симпатично е, без разлика на тоа колку е досаден целиот филм. А, кога сме кај референци, од некоја причина Free Guy мисли дека е уште кул да референцираш лајтсејбер или штитот на Капетан Америка. Било некогаш можеби, во Mallrats или некој друг филм од пред седумдесет години, ама сега сите овие работи ќе ги сретнеш во првиот супермаркет испринтани на сокче. Не е веќе толку посебно за изнуди којзнае каква реакција од публиката, само е редундантно и глупо.

Што знам, можеш и да го прерипаш Free Guy. Може подобро ќе си пројдеш со Space Jam: New Legacy. Овој не нуди ништо спектакуларно, предвидлив е и функционира воглавно како позадински шум дур си спремаш храна или нешто. Ми стана јасно кога видов дека е од истиот сценарист на Ready Player One што успешно го избегнувам годиниве. Има многу подобри вакви шарени и светкави акциони комедии. Прв што ќе ми текне е Guns Akimbo. Мислам, комплетно различен филм е, ама е совршен за мрзливо легачење со мозокот офлајн. 

Види такоѓе:

September 23, 2021

Филм на неделата: F9 (2021)

Кога беше карантинот лани ги збрмчив сите Fast & Furious филмови. Освен тие првите три на времето кои ги имам изгледано против своја волја, сè што знаев за оваа франшиза беше од трејлери во кино што не сум можел да ги премижам. Презабавни ми беа. Не знам дали во искуството имаше удел тоа што бевме со денови затворени, ама јако ме извозеа. Особено тие каде што франшизата ги трампа сељачките улични трки за високооктански акциони трилери кои се малтене Mission Impossible, ама со коли.

Некаде во Fast Five се случува тој пресврт каде што Торето и Фамилијата се вплеткуваат во интернационална шпиунажа и го спасуваат светот од зло, додека физиката постепено ги напушта законите и од филм во филм си воспоставува свои. Се фрлаат со коли од авион, користат сеф врзан за кола како оружје, скокаат со коли од зграда во зграда низ Абу Даби, преживуваат секакви падови, судари, експлозии, дожд од куршуми. Некогаш мислиш дека гледаш The Avengers. Лудило е. Прекрасно лудило.

Секој од овие филмови е позабеган од претходниот. Луѓето што ги крпат се очигледно добро свесни за градивото и упорно се трудат да се надминат во следното продолжение. Нема црвени светла што ќе ги сопрат. Никој не се сфаќа себе премногу сериозно тука и тоа е сосема во ред. Затоа и функционираат така добро сите овие години. Лесна адреналинска забава се. Не се за оние што изводат дека го разбираат Дејвид Линч и независните црно-бели унгарски филмови.

F9 гради врз истата основа воспоставена во претходните четири-пет филмови. Мали спојлери понатаму, ама битно ли е? Пак станува збор за некоја крајно заебана ризична ситуација каде што единствените кои може да ја решат се група љубители на брзи коли. Не барај логика, едноставно прифати го какво што е. Може да погребаат мала вооружена армија со нивните шоферски вештини, да извозат по дрвен висечки мост додека паѓа, па дури и буквално да отидат во вселената да соборат сателит или нешто. Со кола, се разбира.

Филмот точно знае што е и не се труди да биде ништо поразлично. Дури и повремено се зеза на своја сметка за тоа колку е апсурден. Функционална пародија на сам себе е. Приказната е практично истата како и секогаш, со тоа што овој пат негативецот е брат му на Дон кој никогаш не бил спомнат во ниту еден од претходните филмови. Веројатно им требало некоја причина за да го приберат Џон Сина во франшизата и тоа е тоа.

Сè што се случува во наративен контекст е максимално предвидливо, ама сигурно не го гледаш F9 за интерперсоналната драма. Го гледаш за да ја видиш Хелен Мирен како дрифта Noble M600 низ мокри лондонски улици. Го гледаш заради колите што се вооружени со магнети и превртуваат непријателски коли на кров. Не гледаш за да мрчиш како со нелогични објаснувања враќаат ликови што изгинале во претходните филмови. А, ако побара публиката и Пол Вокер ќе го откопаат. Нема кочници за Fast & Furious, само пун гас.

Наводно ќе имало уште два филмови пред франшизава да си го олади моторот малку. Се сомневам дека ќе е конечен крај, ама ајде да видиме. Јако е како толку години филмовиве се одржуваат како едни од најуспешните блокбастери, па дури и да се одвои во спин-офи. Сè додека има ќе гледам. Многу подобар правец им е овој налудничавиот што граничи со научна-фантастика отколку тие првите два и Tokyo Drift.

September 19, 2021

Селекција од Рики Морти

Значи, не може да се преправаме дека петтава сезона на Rick and Morty беше добра. Не беше. Од тие десет епизоди дали две-три ми беа гледливи. Остатокот или го заспивав или го гасев. Дадов и втора шанса, ама приспивниот ефект беше уште присутен. Види, се случува со многу серии така да забајатат после неколку сезони. Ретки се тие како BoJack Horseman или Breaking Bad што истерале со истиот квалитет до крај.

Не можам да замерам тука. Првите три сезони на Rick and Morty се прејаки, четвртата беше така поразновидна во однос на инвентивност, така што има доволно материјал за серијата уште да биде позиционирана како една од најдобрите анимирани во последниве години. Можеби и општо. Не можам ни да избројам колку пати ги прегледав тие сезони, особено на долгите паузи измеѓу нив. 

Некако ми се виде залудно трошењето енергија на муабетење за петтава сезона. Подобро е да ја баталиме и да се понадеваме дека во иднина ќе фураат како во покреативните денови наместо со досадниве инфантилни глупости. Затоа, составив една кратка листа на омилените што можеби ќе биде наполнета во иднина. Листата нема некој стриктен редослед, ги лупнав така како што ми дојде. Да не ги тегнам сите во еден пост, остатокот од листата ќе го објавам посебно.

The Ricks Must Be Crazy (сезона 2, епизода 6)


Иако листава нема редослед, ете ќе ја почнам со дефинитивно мојата омилена Rick and Morty епизода. Ова е она кога одат внатре во акумулаторот што го напојува бродот на Рик кој всушност е микроверзум со цела цивилизација и општество кое не знае дека суштината на нивното постење е бидување извор на енергија за превозно средство. Епизодата ги излетува стварите од кривина во моментот кога жителите на микроверзумот ќе создадат свој микроверзум со цивилизација која е експлоатирана на ист начин. Па, потоа и тоа ќе се спушти некое ниво подлабоко.

Совршен пример за неограничената креативност на тимот што ја пишува серијата и како елегантно користи хумор за да пласира некои посериозни теми и мрачен егзистенцијален дискурс. Сите главни елементи кои ја сочинуваат суштината на Rick and Morty се беспрекорно потенцирани во оваа епизода. А, паралелната приказна со Самер во бродот што посветено ѝ ја "гарантира" безбедноста е засебно ремек дело и вечен потсетник за тоа колку серијата некогаш одбиваше да искулира. Феноменално.

Pickle Rick (сезона 3, епизода 3)


"Pickle Rick" можеби беше едно краткотрајно иритантно меме, ама истовремено е и една од најмајсторски струтуираните и најдобро напишаните Rick and Morty епизоди. Сè што е серијата тука е појачано за неколку нивоа. Сум приметил дека неправедно се турка настрана поради тоа што некои сегменти малку интрузивно се позиционираа во некои делови од поп културата, ама нема некој издржан аргумент против тоа што стварно е.

Рик преправен во краставичка со мозок од лебарка и прикрпен егзоскелет од стаорец, пробува да избега од руски објект со стегнато вооружено обезбезбедување во нешто што личи на хипер-насилен акционен филм од 80-ти е една од најнепресметливите идеи во целата серија. Предобро функционира и не ја пушта гас педалата од почеток до крај. Русиве во епизодата Пикл Рик го препознаваат како Соленја, некоја таму руска легенда за деца плашење, сфаќаш. Како може да не е пресмешен тој детал сам по себе?

The Vat of Acid Episode (сезона 4, епизода 8)

Рик го сака Морти, тоа ни е јасно. На некој неконвенционален начин можеби, ама присутна е љубовта. Рик е исто така исклучително суетен и осетлив кога некој се сомнева во неговите измишљотини. Така што, од една идеја за буре со лажна киселина, епизодата ќе ескалира во екстремно психофизичко страдање за Морти со кое Рик настојува да му докаже речиси тривијална поента.

Хуморот е одлично темпиран да ги амортизира сите излетувања на конфликтот, ама во некои моменти не успева да ја направи епизодата помалку вознемирувачка. Веројатно не се ни труди, а нема ни потреба. Нема зашто да те штедат Rick and Morty. Во така просечна сезона како четвртата, "The Vat of Acid Episode" е инстантна класика и супер пример за како успешно се одржува динамиката помеѓу ликовите без да ги оштетиш нивните главни својства.

 
Total Rickall (сезона 2, епизода 4)
 

Фамилијата е затекната од паразит што им се насадува во сеќавањата како некој лик што наводно секогаш бил присутен во нивните животи. Иако Рик ја конта манипулацијата со сеќавањата, набргу целата куќа ќе им биде преплавена во паразити маскирани во најапсурдните ликови што некогаш ќе ги сретнеш во било која анимирана серија кои тврдат дека секогаш биле со нив. Паразитите треба да се уништат пред ја освојат планетата, ама проблемот е што никој од нашиве не знае кој е реален, а кој е паразит. Општа калакурница и крвопролиќе.
 
"Total Rickall" е адаптирана во една мала симпатична игра со карти што повремено знам да ја распостелам на маса за некоја партија. Не е ни приближно генијална или забавна како епизодата, ама е супер игриво сувенирче со сите бизарно смешни ликови што сценаристите ги ваделе од газ. Го има и Мистер Пупибатхол, нормално.
 
Rixty Minutes (сезона 1, епизода 8)
 

Рик и Морти дремат пред телевизиор и вртат канали на интердимензионална кабловска. Колку само природно се вклопува ваков концепт во Rick and Morty, нели? Крајно ефективна и забегана клипшоу епизода со реклами, тизери и содржина комплетно надвор од овој свет. Препоставувам дека некои од овие налудничави идеи се остаток од нереализирани целосни епизоди, ама пресмешно е колку далеку им оди паметот на луѓево што ја пишуваат серијата. 

Паралелно на ова, со остатокот од фамилијата пак се одвива некоја егзистенцијална драма кој се разбира, се превртува во екстреми. Баш ми се свиѓаше овој концепт на Rick and Morty во раните сезони, секогаш имаа некоја споредна приказна што ќе затераше во друга крајност. Некако го стишија тоа во последно време, можеби тоа е тоа што ми фали за целосно функционална епизода. "Rixty Minutes" има и продолжение во некоја од следните сезони, ама некако не им се погоди програмата вториот пат.

September 13, 2021

New World ќе ти го упропасти животот

Жалам што немав многу време викендов за отворената бета на New World, ама изиграв доволно за да си ја зајакнам општата слика што ја имам за играта. New World веројатно ќе биде следниот голем MMORPG наслов, секако доколку Amazon некако не ги испуштат стварите од раце по пат. Секој аспект изгледа феноменално. Дизајнот на светот, комбат механиката, крафтањето, истражување, па дури и начинот на кој New World ти го послужува фолклорот и историјата на светот во кој е сместена.

Имав огромни очекувања и секако во бетава влегов пристрасно, ама за само неколку саати сѐ што мислев дека ќе биде, испадна повеќекратно подобро. Дури и самиот перформанс на играта на мојава дрвена конфигурација што веќе почнав да ја обновувам во нешто многу попристојно. Солидно извозе на неочекувано висок сетинг. Ваквите игри треба да бидат оптимизирани да функционираат и на крш хардвер за да не ја излолираат публиката што уште корисни парни машини за да игра игри. RIFT ја направи оваа грешка на времето и никогаш не закрепна.

Островот Етернум каде што се одвива New World е огромен. Не стигнав да видам премногу во тие неколку саати викендов, ама зоните се широки и личат на вистински свет наместо на клаустрофобичен луна парк каква што е денешната World of Warcraft. Упорно те кани да го истражуваш. Имерзивен, жив, секое ќоше во кое залутав е детално скокцано и најбитно од сѐ - успева визуелно да долови дел од историја на местата што ќе ги сретнеш. Далеку е од стандардната генеричка шума со плаво-розеви рогати свињи и џиновски светлечки печурки карактеристична за секоја втора ваква игра.

Иако New World последнава година беше до одредена мера реадаптирана да биде потрадиционална MMORPG, "остатоците" од тие раните идеи за крафтинг игра се уште доминантно присутни. Тоа ми е најинтересниот дел. Можеби да не се навлечев на Valheim зимоска, никогаш немаше да го прифатам ова. Сега концептот на собирање материјали за да си правам стрели, куршуми, храна, кампови и опрема ми е презабавен. Функционира многу подобро од другите игри во жанрот и има огромен удел во општата имерзивност. Буквално можеш само ова да го правиш ако сакаш и пак да ти биде јако.

Ако сакаш квестови од типот на "собери 10 свински чмарови" ги има и тие. Опционални се, се приметува дека веројатно се додавани отпосле дека ги собираш од огласна табла наместо некој засегнат селанец на кои му се исклучително неопходни тие чмарови, ама ете ги има. Не дека другите квестови се нешто поразлични, ама имаат некаква поцврста наративна подлога, особено тие што ти се потребни за да ја јакнеш довербата со избраната фракција. Крајно грајндерски е и тоа, ама јас си сакам грајнд во MMORPG, така што не ми смета воопшто. Со задоволство ќе ти соберам и 20 ако треба, мајсторе.

Сега бета како бета, нормално дека ова не е баш комплетно готовата игра. Не наидов на некои сериозно багови и проблеми како некои други, ама забележав дека играта нема пливање. Кога ќе влезеш во вода, одиш по дното додека не се удавиш. Не знам како ова го чуваат за поправање на две недели од официјалното објавување, ама препоставувам дека некој тим се поти сега за да го среди. Други пријавуваат некои проблеми со звук што исто се минорни, за разлика од проблемите со оптимизација на одреден хардвер кои се надевам дека ќе бидат надминати до 28-ми септември. Мене за среќа ми се погоди нешто помазно искуство, се надевам такво ќе биде и понатаму. Серверите исто беа стабилни, ама срамота ќе беше додека Џеф Бесоз се шеткара над земјината атмосфера, овде да имаш лаг.

Од работите кои не се баш багови, а не ми се баш најсјајни, малку ми смета отсуството на мини-мапа. Има некаков компас горе со кој можеш да навигираш додека играш, ама мини-мапа би била многу позгодна особено кога си во населено место и треба да искористиш нешто таму. Наместо да лутам ко глуп и да барам каде можам да крафтам одреден ресурс, згодно би било да ти е обележано некако појасно. Доколку може, а сум пропуштил - јеби га. Би сакал да видам и малку визуелно поразновидни оружја, ама можеби и рано во играта нема некоја голема разновидност. Ќе претпоставам дека појаките што можеш понатаму да ги крафташ изгледаат попривлечно. 

Настрана од тоа, системот е многу кул. Можеш истовремено да користиш меч и штит и да го замениш со лак и стрела. Или џиновски чекан да искомбинираш со пушка. Секое оружје ти се левелира и отклучува нови спелови колку повеќе го користиш. New World нуди купче различни стилови на играње што веројатно ќе пресретнат сечија преференца. Од тоа што пробав сѐ ми беше интересно, ама најмногу се задржав на лак и стрела. Многу е возможно така и да продолжам кога играта ќе биде официјално објавена. 

New World испадна позаразна од што мислев. Од тие игри е што ќе ти го ишмукаат целото слободно време, а ако дозволиш ќе запоставиш и работа, семејство и социјален живот. Свежа игра е, а ми има многу сличен магнетизам како World of Warcraft на времето. Истите тие чувства шо сум ги имал тогаш, ги приметив и сега, а тоа никако не е на арно. Затоа и планирам многу, многу лабаво да ја играм, без брзање до максималниот левел и со бавно истражување на Етернум. Многу малку ми фали тотално да забегам со ваква игра, а некако не сакам да си го приредам тоа. Не знам дали New World воопшто ќе ме праша дали смеам лабаво.

Ќе играм Guild Wars 2 додека да излезе ова за две недели. Кога ја одложија New World летоска, ги купив Guild Wars 2 експанзиите и предобри се. Веројатно ќе имам шанса пак да им се навратам некогаш, зошто има толку многу содржина што е невозомжно да се изигра за две недели, ни па пола година со моево темпо од саат време дневно. Како и да е, две недели брзо ќе летнат. Веќе сме собрани мала екипа што го чека официјалното отварање на Етернум, па верувам дека ќе биде забавно. Се надевам дека New World нема да разочара на долги стази. Со World of Warcraft годинава на колена, редно време е за следното големо нешто.

September 9, 2021

Ни спотребал нов The Matrix

Знаев дека некогаш наскоро треба да излезе четвртиот The Matrix, ама не очекував дека ќе биде во декември оваа година. Не дека некој побара ново продолжение воопшто. Колку и да не ги сакам The Matrix Reloaded и The Matrix Revolutions, некако си ја имаат заокружено таа беспотребно развлечена приказна. Ете, имав скоро дваесет години да ги прифатам, а со секое гледање ми се подосадни и подосадни. Кецот е толку совршен и доволен што никогаш не осетив потреба да копам подлабоко во тој свет. 

Го пуштив трејлерот за новиов, The Matrix Resurrections. Уште еднаш, па пак. Нула возбуда, ама ме копкаше. The Matrix беше огромна ствар додека растевме и некако не можеш да чмаеш на страна додека се подава нешто ново. Да, разочаран сум од трејлерот, ама не сум баш изненаден. Колку време наназад сè што излегува од Холивуд е базирано на веќе воспоставен бренд? На никој не му се ризикува денес. The Matrix кецот е можеби еден последните големи оригинални блокбастери што се занимавале со научна-фантастика, затоа само си го зајакнува статусот како што старее.
 

Најзабавно ми е што го намирисаа Кијану Ривс како доби малку на популарност изминативе години со John Wick, па почнаа да го пикаат и цедат кај стигнат. Беше грмушка во СпонџБоб филм, сними трет Bill & Ted, стана меме, глумеше во некоја сомнителна серија, се промафта низ Cyberpunk 2077... Затоа и продолжение на The Matrix додека Кијану Ривс е така фино профитабилен звучи како логичен чекор. Мислам, среќен сум за него, стварно супер лик е и си го заслужува успехот, ама уште малку и ќе го потрошиме. 

Од она што може да се види во трејлерот, The Matrix Resurrections не нуди нешто особено ново и свежо. Само референцирање на познати моменти од првиот филм и малку акција во сите правци. Шарени апчиња, мини-Морфеус, Агенти и кунг-фу. Имав чувство како да гледам трејлер за римејк или SNL скеч, што веројатно така и ќе испадне на крај. Таков софт рибут како Star Wars: The Force Awakens, само онака спакуван во поразлична амбалажа за да се излажеш на прво гледање додека си замајан од возбуда. На долги стази нема да функционира и ќе го заборавиме за брзо. 

Сакам да не сум во право, ама трејлеров и не ми дава некои цврсти контра-аргументи. Што е последното добро што излегло од сестрите Вачовски? The Matrix кец, сигурно не се ни сеќаваш на Jupiter Ascending. Освен тоа, за The Matrix Resurrections успеале само Лана Вачовски да ја убедат. Студиото и онака ќе снимало четврт The Matrix со Вачовски или без, а Вачовски како режисер подобро стои на постер од некој друг нов во франшизата. 
 
Ене кај е декември, ќе видиме. Малку сакам да верувам дека само првиот трејлер е ваков, нешто како омаж на франшизата, ама кога ќе ја земеш предвид историјата на кој го крпи ова и како функционира мејнстримот денес, некако тешко дека ќе успееме да се разубедиме со The Matrix Resurrections. Ќе го гледам сигурно, не ми се пропушта ова, па макар била и најголемата катастрофа откако постои филм како медиум. Не ми требаа ни претходните два, па пак ги проверувам од време на време да не случајно станале подобри.

September 2, 2021

Плејлиста за лажни рапери II

Дојде тој период од годината кога треба да свртам некој муабет за новата музика што ми свиреше секојдневно на разни уреди. 2021 донесе еден куп изданија, ама повеќето што ги преслушав не ме испровоцираа доволно за да се најдат во општата музичка плејлиста за тековната година, па затоа мораа вака да бидат жанровски ограничени во уште една "Плејлиста за лажни рапери". Овие неколку албуми подоле не ги обединува квалитет, ниту се најдобрите изданија за 2021, ама ми оставија доволно силен впечаток за бидат собрани вака на едно место.
 
Има и некои што ќе останат за друга прилика и покрај жанровската припадност тука. Годинава пак пробав да го сконтам Tyler the Creator, му го слушав новиот албум Call Me If You Get Lost и упорно не ми лепи како и остатокот од неговата дискографија. Му ја ценам креативноста, ама не можам да најдам нешто што ќе ме закачи за музиката што ја нуди. Го рокав и Culture III од Migos на цел глас во кола за да го зајакнам мојот имиџ на сељак во црно бемве со затемнети стакла. Има неколку ствари на албумот што фино дрмаат, иако никогаш не сум бил љубител на бендот.
 
 
Дадов шанса и на новиот Nas, ама моето непопуларно мислење дека е преценет лик со само два добри албуми во цела кариера останува и понатаму исто. Дури и Eminem е таму досаден со гостувањето. Веројатно на дискографијата на Nas го паѓам тестот, па затоа "лажен рапер". Тврдам и дека It Was Written е класи над Illmatic, иако имам максимална почит кон тој албум како музичко дело и неговото место во историјата. 

Го вртев и The Off-Season, новиот на J. Cole, ама можеби треба да добие засебен поопширен третман наместо да го пикам во вакви листи. Не знам како му успева да е вака свеж цели шест студиски албуми. Со новиов албум дополнително си го зацементира статусот како еден од најдобрите црни рапери на оваа генерација. Ако не и најдобар, ама да почекаме Кендрик што ќе спука до крајот на годинава. 

Излезе и уште едно многу јако албумче од тотално непознат лик за мене кој има огромен потенцијал. Се вика GRIP, на Shady Records е, и потпали огромен пожар со Eminem соработка. Го преслушав албумот, ама ќе ми треба уште некое време за да ми легне, па да можам асално да оформам мислење. Во друга прилика за тоа. Да не обесувам веќе, идеме на плејлистата.

Kanye West - Donda

Кање можеби не е најдобриот рапер на денешницата или кога било, ама е дефинитивно најголемиот артист што е моментално жив, барем во музичкиот свет. Ајде, еве кажи кој друг музичар оставил таква трага како Кање оваа генерација или имал толку големо влијание во повеќе сфери. Колку кариери на мега-ѕвезди немаше да постојат без Кање, колку трачарски медиуми ќе пресушеа без неговите драми и од кај ќе јадеа кинезите што праат фејк копии на неговите патиките и облеката што ги дизајнира? 

Објавувањето на Donda беше театар цел август. Во буквална смисла, со три настани пред публика каде што Кање пушташе различни верзии од албумот кои постојано еволуираа. Кање е непресметлив до некоја мера, тоа ни е јасно со години наназад, ама па веројатно од таму и му доаѓа целата генијалост. Никогаш целосно задоволен, го снимаше и "поправаше" Donda до последен ден во соблекувална од стадион, за на крај наводно Universal да го објават без негова дозвола. Дури и да не е ова вистината, Кање бидува Кање до крај и пак прави медиумска галама. Има ли подобар маркетинг од Кање да биде Кање? 

Албумот го преслушав многу пати неделава. Воглавно ми се свиѓа. Хаотичен е, раштиман на повеќе места, ама имајќи предвид кај е Кање приватно и ментално во моментов, ова е резултатот. Donda трае саат и четириест и три минути. Џабе зборат дека песните се филери, кога не се. Кање сметал дека така треба да биде и толку. Donda e тоа што требало да биде и можело да се случи. Дали ќе ти залепи или не, тоа е друго. Се согласувам дека ако исфрлиш пола од албумот ќе се добие некаква покохерентна слика, ама дали тоа стварно ќе се дрзнаеш да го побараш ваков Кање којшто очигледно не е баш заузадан во реалноста?

Сликата погоре инаку не е официјалниот омот, туку омот што Кање го твитна кога го најави албумот лани летоска. Официјалниот омот е комплетно црна слика, само глупо беше да го шлакнам така на црнава позадина на Crapwerk. Прости, Кање.

Logic - Bobby Tarantino III


Лоџик упорно одбива да одјебе. Ете, ланското помпезно пензионирање не му издржа ни една година. Ни тогаш не мислев дека е готово со него, одамна нема ништо ново да каже, ама сепак. Последен пат ми беше интересен на Bobby Tarantino II микстејпот, па мислев дека и ова ќе е такво лежерно, заебантско и забавно. Лоџик кога рапува така ќефски од љубов кон жанрот ми е најдобар. Си сака рап, сака да спука некоја рима. Албумите каде што настојува да буцне подлабоки теми некако не му функционираат, а неговото неоправдано големо его дополнително работи контра бидувањето паметен. Шефе, не си ни у 20-те најдобри, прекини.

Bobby Tarantino III е уште едно досадно, напорно издание што повеќе потсеќа на албумскиот Лоџик отколку оној од микстепјовите. Не тематски и концептуално, туку повеќе музички. Гласините дека ова е објавено само за да исполни договор кон лејблот некако звучат прилично вистински кога ќе ги пуштиш овие пола саат неинспиратвна музика. Вештината за рецитирање му е уште тука, очигледно паузата не му влијаела многу на формата, ама енергијата што обично знае да ја испука веројатно веќе зема инвалидска пензија. Буквално ништо на овој микстејп не успеа да ме чепне на било каков начин.

Слушни: Ништо не слушај од ова, пушти друго.

Pop Smoke - Faith


Уште не можам да ја прежалам прераната смрт на Пап Смоук. Го носам и на маица, две имам. За неполна година мејнстрим кариера изгалами повеќе од било кои други звучни имиња во хип-хоп и жанровите што гравитираат околу. Рашири дрил рап на секое ќоше во светот, па и после година и кусур откако го нема уште има фаци што го крадат или му оддаваат почит со стил инспириран од неговиот. Од бедни афрички гета до балкански, па и локални сокачиња. Звукот на Пап Смоук живее повеќе од било кога. Којзнае каде ќе беше сега.

Faith е неговиот втор постхумно објавен албум. Меѓутоа, за разлика од ланскиот Shoot for the Stars, Aim for the Moon,  тука апла се гледа дека поголемиот дел се крпеници од кратки студиски сесии, демо снимки и воглавно материјал што додека беше жив не бил објавен со причина. Не дека е лошо, ама има некои неопростливи "соработки" со имиња како Дуа Липа кои звучат премногу некомпатибилно. Претпоставувам дека целта била да се направи некој радио хит, ама едноставно не функционира такво какво што е. 

Дел од Faith стварно вози јако. Доколку албумот би бил покомпактен и без форсирање да му го залепат вокалот на различни жанрови на кои не пасува, тврдам дека би бил инстантна класика како неговите претходни изданија. Ова што е тука е само една предолга компилација, без јасна визија освен да донесе некој брз кеш на лејблот додека светот уште е заинтересиран за дрил музика. А, како и со повеќето вакви трендовски жанрови, јасно е дека има ограничен рок на употреба.

Слушни: "More Time", "30" и "Coupe"

Ed Scissor & Lamplighter - Joysville

Ед Сизор (претходно познат како Едвард Сизортанг) и Лемплајтер се музичкиот еквивалент на кнедла во грло. Мило ми е што се вратија после пет години од она лудилото Tell Them It's Winter. Искрено мислев дека Ед засекогаш батали музика, ама ете карантиниве пак го инспирале да спука некоја од тие криптичните поеми што ги шкрта врз мамурните битови Лемплајтер. Уште кога се најави иронично именуваниот Joysville, си создадов очекување дека ова ќе ми биде омилениото парче музика за 2021 и мило ми е што не сум разочаран, иако албумот уште некако пробува да ми продре под кожа како таков.

И, не е лесно баш. Треба соодветно расположение за да се препуштиш во оваа неотрезнета, меланхолична атмосфера и да го слушаш Ед Сизор како романтизира безнадежност. Секогаш е удобно кога домаќини се двајцава британци, ама треба да вдишеш неколку пати пред да пристапиш. Joysville е ремек-дело што споро гори и сигурен сум дека на долга стаза ќе ми исполни стастите и ќе ми прерасне во еден од најдобрите албуми што некогаш сум ги чул.

Слушни: "Nighttime", "Been a Minute" и "Picture a Day"