September 23, 2021

Филм на неделата: F9 (2021)

Кога беше карантинот лани ги збрмчив сите Fast & Furious филмови. Освен тие првите три на времето кои ги имам изгледано против своја волја, сè што знаев за оваа франшиза беше од трејлери во кино што не сум можел да ги премижам. Презабавни ми беа. Не знам дали во искуството имаше удел тоа што бевме со денови затворени, ама јако ме извозеа. Особено тие каде што франшизата ги трампа сељачките улични трки за високооктански акциони трилери кои се малтене Mission Impossible, ама со коли.

Некаде во Fast Five се случува тој пресврт каде што Торето и Фамилијата се вплеткуваат во интернационална шпиунажа и го спасуваат светот од зло, додека физиката постепено ги напушта законите и од филм во филм си воспоставува свои. Се фрлаат со коли од авион, користат сеф врзан за кола како оружје, скокаат со коли од зграда во зграда низ Абу Даби, преживуваат секакви падови, судари, експлозии, дожд од куршуми. Некогаш мислиш дека гледаш The Avengers. Лудило е. Прекрасно лудило.

Секој од овие филмови е позабеган од претходниот. Луѓето што ги крпат се очигледно добро свесни за градивото и упорно се трудат да се надминат во следното продолжение. Нема црвени светла што ќе ги сопрат. Никој не се сфаќа себе премногу сериозно тука и тоа е сосема во ред. Затоа и функционираат така добро сите овие години. Лесна адреналинска забава се. Не се за оние што изводат дека го разбираат Дејвид Линч и независните црно-бели унгарски филмови.

F9 гради врз истата основа воспоставена во претходните четири-пет филмови. Мали спојлери понатаму, ама битно ли е? Пак станува збор за некоја крајно заебана ризична ситуација каде што единствените кои може да ја решат се група љубители на брзи коли. Не барај логика, едноставно прифати го какво што е. Може да погребаат мала вооружена армија со нивните шоферски вештини, да извозат по дрвен висечки мост додека паѓа, па дури и буквално да отидат во вселената да соборат сателит или нешто. Со кола, се разбира.

Филмот точно знае што е и не се труди да биде ништо поразлично. Дури и повремено се зеза на своја сметка за тоа колку е апсурден. Функционална пародија на сам себе е. Приказната е практично истата како и секогаш, со тоа што овој пат негативецот е брат му на Дон кој никогаш не бил спомнат во ниту еден од претходните филмови. Веројатно им требало некоја причина за да го приберат Џон Сина во франшизата и тоа е тоа.

Сè што се случува во наративен контекст е максимално предвидливо, ама сигурно не го гледаш F9 за интерперсоналната драма. Го гледаш за да ја видиш Хелен Мирен како дрифта Noble M600 низ мокри лондонски улици. Го гледаш заради колите што се вооружени со магнети и превртуваат непријателски коли на кров. Не гледаш за да мрчиш како со нелогични објаснувања враќаат ликови што изгинале во претходните филмови. А, ако побара публиката и Пол Вокер ќе го откопаат. Нема кочници за Fast & Furious, само пун гас.

Наводно ќе имало уште два филмови пред франшизава да си го олади моторот малку. Се сомневам дека ќе е конечен крај, ама ајде да видиме. Јако е како толку години филмовиве се одржуваат како едни од најуспешните блокбастери, па дури и да се одвои во спин-офи. Сè додека има ќе гледам. Многу подобар правец им е овој налудничавиот што граничи со научна-фантастика отколку тие првите два и Tokyo Drift.

No comments: