August 28, 2013

Моменталната состојба на RIFT

Последното нешто што го пишав за RIFT, беше дека играта од почетокот на летово е бесплатна. Се држеа добро две години. Извадија експанзија која не ги исполни очекувањата (барем не моите), и по промени во менаџментот, играта се приклучи на f2p караванот. Деновиве подигрував поради моменталниот ивент и сум позитивно изненаден од тоа каде е RIFT сега.


Деновите откако Trion ги отворија серверите за сите, беше преполно. Имаше повеќе луѓе отколку во бетата. Во почетните зони буквално немаше место каде да се помине. Рифтовите беа затварани во моментот кога ќе тргнеш кон нив. Инвазиите не успеаа да стигнат до ниедно село и град. Целиот свет беше раздвижен. Trion беа приморани да отворат уште неколку сервери за да ги собере сите. 

Во моментов, се случува истото. Можеби не со тој интензитет, но играта е во одлично состојба. Веројатно тоа се должи на фер моделот што го нуди компанијата, за разлика од другите слични f2p игри кои генерално љуштат со глупости за кои треба да платиш. Налетав на неколку луѓе кои ми кажаа дека стигнале до крајниот левел без да платат било што. А, и тоа што се плаќа е онака, симболично. Бидејќи мене ми остана уште еден месец од годишната претплата, сите пари ми беа рефундирани во валутата која RIFT сега ја користи. И, откако ќе ми заврши претплатата ќе можам да си дозволам било што. 


Светот е збогатен со уште една, ооогромна зона, The Dendrome. Претходно можеше да се стапне таму доколку се победи Volan, но сега е малку редизајнирана и отворена за сите. Има и некои нови механики како Strongholds кои уште не стигнав да ги пробам. Преполно е и таму, баш пред некој ден завршував zone event со така поголема група играчи. 

Другите добри вести се тоа што Скот Хартсман се враќа во Trion и тоа како CEO. Но, за да има баланс, компанијата ја напушти на сите омилениот комјунити менаџер, Елрар кој беше постојано на форумите и во играта за да комуницира со играчите. Јебига, не може само добри вести. Мада, мене и не ми е толку битно ова со Елрар зошто и онака не играм како порано. 

Мило ми е што RIFT конечно успеа и го добива вниманието што го заслужуваше. Можеби одлуката дојде доцна, но се во име на промени кон подобро, нели? Веќе ветуваат експанзија за следната годишнина која се паѓа некаде во март. Во меѓувреме, останувам во WoW, ама ќе следам што се случува и тука.

August 23, 2013

Како е Бен Афлек новиот Бетмен?

Озбилно? Бен Афлек новиот Бетмен? Озбилно некој мисли дека е ова добра идеја? Некој седнал и одлучил дека Бен Афлек ќе биде Бетмен. 


Некој го гледал Argo и рекол, "Еј, абе добар е сега, не е ко порано. Ете ти Бетмен кој може да биде"? Веќе го замислувам Кевин Смит со ерекција како плеска со рачињата. Дали денес се разбудив во универзум каде што никој не се сеќава на Daredevil? Дали не е доволно лош Man of Steel за да го убациш Бен Афлек во равенката? Бен Афлек е Бен Афлек, аман. Како ќе биде Брус Вејн? Од толку актери кои имаат далеку подобри физички (и актерски) предизпозиции, некој одлучил дека Бен Афлек може да биде Бетмен. 

Иако е официјално, се надевам дека во текот на денов ќе испадне дека е добар трол ова.

August 22, 2013

Три големи MMORPG наслови во 2014

Додека чекаме Blizzard да го објават името на следната World of Warcraft експанзија, за следната година се спремаат три нови MMO игри кои секојдневно билдаат армија фанови. Не само што си се конкуренција меѓусебно, туку се и сериозен кандидат за второто место до WoW. Да бидеме реални, WoW ќе го држи првото место по претплатници уште долго, долго. Не верувам дека нешто ќе се промени во следниве три години, без оглед на тоа уште колку играчи ќе изгубат. Во секој случај, со следната експанзија нема да изгубат повеќе.


The Elder Scrolls Online веќе го добива обликот на игра која одговара на насловот. Пред една година, она што се знаеше за играта е дека ќе биде како сите други во жанрот. Како изгледа TESO сега? Има first-person камера и гејмплеј сличен како претходните The Elder Scrolls игри! Ако тоа функционира така како што изгледа на видеата и така како што знаеме дека функционира, ете ти инстант профит. Само Skyrim има продадено околу седум милиони копии првиот месец, да не ги рачунаме претходните игри. Колку од тие што играле, еве Skyrim, би играле ММО во истиот свет? Колку хајпот што веќе го создава TESO ќе донесе барем половина од тие? После видеава што се појавуваат низ последниве конвенции, некако почнувам да верувам дека ова е "следното големо нешто". И да, играта ќе има месечна претплата.  

EverQuest Next го означува враќањето на наслов кој владеел на сцената пред да се појави WoW. Кога се појавувале првите трејлери за WoW, играта била нарекувана EverQuest клон. Добар дел од играчите и критичарите верувале дека ќе згасне за неколку месеци. Тоа била EverQuest, не се плашела ни од WoW, бидејќи служела како инспирација, нели. Денес иако има тон експанзии, продолжениe со сопствени експанзии, играта е веќе уморна и застарена. EverQuest Next е обид да се врати сјајот на насловот. Планот е да биде најголемото sandbox MMO во историјата. Паралелно, доаѓа и  EverQuest Next Landmark , алатката со која девелоперите го развивале светот на EverQuest Next. Landmark ќе е достапен за сите играчи кои слободно ќе може да градат што и да посакаат, во отворен виртуелен свет. Новава EverQuest звучи толку примамливо што може комплетно да го редифинира жанрот. Нешто како што оргиналот направил своевремено. Инаку, најавена е како бесплатна, ама претпоставувам дека ќе има еден куп ситници кои ќе се плаќаат. Ќе склопам посебен пост за ова, нека се потсоберат бар ствариве од тековниот Gamescom.

WildStar веќе ја зборев. Oчигледно NCSoft веруваат толку многу во WildStar, што последните вести се за нивниот бизнис модел. Она што го нуди WildStar, веќе е достапно во еден куп бесплатни игри кои гураат со микротрансакции. Искрено, очекував еднократно плаќање како Guild Wars 2, со ситни козметички тракантанци за купување. Реално, игра која е прилично блиска до WoW, тешко е да опстои со месечна претплата. Не ја гледајте The Elder Scrolls Online, самиот first-person e на некој начин храбра и свежа идеја во жанрот. Не е дека нема, ама со таков сетинг, нема многу. Затоа кај нив претплатата ми е некако пооправдана. Сигурен сум дека WildStar многу бргу ќе се префрли на F2P модел. И, некако изгледа инфериорно сега во споредба со EverQuest Next и TESO, нели?

August 18, 2013

The Wolverine (2013)

Од сите стриповски адаптации оваа година, најмалку бев возбуден за The Wolverine. Има нешто во серијалот што ми е крајно труло. Колку и да се трудат, резултатот никогаш не ми е комплетно добар. Не зборувам за верноста кон оргиналниот материјал, туку како посебни филмови не ми се некако целосни. За разлика од другите адаптации на Marvel стрипови, кај овие се осеќа времето. Особено кај првиот X-Men. Вториот е веројатно најдобар, третиот не се ни догледува. First Class, без оглед на тоа колку е плукан, има фина приказна и е забавен. Актерите таму се супер. Origins, како што спомнав еднаш, со секое наредно гледање сфаќаш дека е лош. 

The Wolverine се наоѓа некаде на средина. Не знам колку е близок до изворниот материјал, ама како посебно дело е просечен. Приказната и идејата се феноменални што првиот саат од филмот бев убеден дека ова е најдобрата адаптација на ликот. Потоа се претвори во аркадна игра каде што веќе беше предвиливо со кого Вулверин ќе ги вкрстува адамантиумските канџи. Не барам длабочина таму каде што ја нема, ама приметувам кога некој се обидува да ми продаде нешто што не е како на сликата. После погребот на Јашида, The Wolverine се претвори во досаден акционен филм со сцени кои ми беа крајно неубедливи. Не се жалам за акцијата, освен кога е волку вештачка и отскокнува од природниот тек на филмот. Да, Вулверин филм е и не може без тоа, ама кога Punisher: War Zone делува како лекција за акциони сцени во споредба со ова, што уште да зборам. 

Хју Џекмен, каков таков, создаде општа слика дека е Вулверин. Тука се гледа дека комплетно го прифатил ликот и дека ова му најдобро претставување на филм. Реално, не ми текнува кој друг би можел да е Вулверин, затоа и сум рекол океј е, одиме со Хју Џекмен. За разлика од првиот X-Men, овде се гледа дека му е удобно во ликот. 

Појавување на Џин Греј беше ефективно на почетокот. Добра финта која некако стануваше заморна со секое наредно појавување. На моменти делуваше како Фамке Јансен дома сама да се снимала и им ги праќала сцените да ги убацат. Или можеби горчливото чувство што го остави X-Men: The Last Stand не допушти да ги сфатам овие сцени сериозно.

Филмот едноставно трае предолго. Трендов со два-три саата лимонада филм, очигледно нема намера да сопре. Секогаш овие филмови имаат 30-40 минути вишок. Скрати бе на акција, не го трупај филмот со филери. Од истото страда и Man of Steel. Таман ќе почне добро, си има некаков тек (дури и со лошо сценарио), и ајде ќе убацат пола саат непотребни акциони сцени. Можеш и без тоа да раскажеш приказна. Или прави ги културни. Зошто не ми смета акцијата во The Avengers, на пример?

Сцената на крај беше врвот, во секој случај. Фина најава за Days of Future Past. Е, ова можеби има некаква шанса. Доколку ги земат сите добри елементи од претходните шест, може ќе испадне фино. Плус, Брајан Сингер имаше време да види што чини, а што не.

August 17, 2013

Околу DuckTales: Remastered

Малку е чуден моментот кога ќе ти стане јасно дека пред дваесет години си играл DuckTales активно. Дваесет години, еј. Заедно со носталгијата, ми има останато дискета со двојката што дреме некаде по фиокиве. Еве, после дваесет и кусур години, го вадат кецот за ПЦ и модерни конзоли. Комплетен римејк, со HD графика. Заедно со текстот, гласовите ги позајмуваат актери меѓу кои и 93 годишниот Алан Јанг, оргиналниот Скруџ од цртаните. 


Се израдував на DuckTales: Remastered. Иако двојката беше причината за пропуштените жмурки, кецот е тој наслов кој стои со останатите Нинтендо класици и логично, има предност за римејк. Во суштина, двете игри се идентични, разликата е меѓу нивота. Барем тогаш не правев друга разлика. Remastered го има комплетно задржано духот на оргиналот. Гејмплејот е ист, музиката е иста... Има некои нови ситници, ама ситници се, не ги памтиш освен ако не си ја играл минатата недела. Другото е исто, собираш дијаманти, скокаш на батунот, бараш тајни премини и го тепаш босот на крај.

Дали имаше потреба од римејк на DuckTales? Не. Дали е добар? Зависи како гледаш на тоа. Во споредба со модерните платформери кои се нормално инспирирани од "тоа време", заостанува. Не можеш да го споредиш римејкот со Dust: An Elysian Tail, на пример. Не е ни поентата да е компетитвна. За жал, добар дел од повозрасните гејмери лошо ја имаат сконтано играва. Разбирам да ги критуваш баговите и респонзивноста на контролите (што верувам ќе се среди со некој печ, а се случува, ептен, ептен ретко), ама не можеш да бараш од DuckTales повеќе од тоа што е. Играта денес, и пред дваесет години, е сосема поинакво искуство, без разлика дали го играш римејкот или оргиналот. Тогаш беше стварно тешка, една од позезнатите такви игри, ама и ти си имал пет години и си ги немал истите рефлекси. Остајте го римејков на раат, нека успее, да си ја видам и двојката во вакво издание. Новиве генерации разбирливо е да го критикуваат, зошто не ни знаат што е DuckTales.

Единствено нешто за кое ќе оправдам кењање е цената. Мислам, 14 евра е на steam, што е прилично безобразно. За 14 евра ќе купиш 3 игри што реално имаат поголема вредност од оваа. Затоа, си ја симнав од Замунда за 14 минути и тоа е тоа. Разбирам дека е култен наслов, ама за саат и пол играње, некако не, фала.

Capcom доколку продолжат со вакви римејци на стари наслови, лиги ми течат од помислата што може да следи. Ги имаат најдобрите аркадни игри на сите времиња. Имаат и добри наслови за Нинтендо. И, онака веќе свикнавме на стари идеи, па фрлајте ремастеризирани игрици од времето навака. Чекам.

August 14, 2013

Шпекулации за новата World of Warcraft експанзија

Прво, сликата од лево е тотално фејк. Ја собрав од редит. Второ, месецов се погоди секој втор пост да ми е за WoW. Тоа е, се дешаваат некои интересни ствари кои морам да ги прокоментирам. Последниов ден беше ептен, ептен интересно на оваа тема. Уште сабајле, еден куп сајтови објавија вест дека Blizzard регистрирале две имиња за игри - The Dark Below и Reaper of Soul. Второво е очигледно Diablo III експанзија, барем според овој тизер што е официјален. Останува името The Dark Below и безбројните шпекулации за темата која ја крие. Дали е The Burning Legion експанзија? N'Zoth? Нешто сосема друго што се крие под Азерот? 

Blizzard малку ги пригушија сите гласини, откако се појави нов регистриран трејдмарк - Corgies Unleashed. Очигледна заебанција по која добар дел од заедницата се замисли дали воопшто The Dark Below е следната експанзија. Не е првпат Blizzard да се "обидува" да прикрие "случајно" протечена информација. Слично нешто се случи со гоблинските и воргенските маски за Cataclysm. А, информацијата за двата наслови погоре излегува во јавност само една недела пред Gamescom каде што Blizzard ќе имаат презентација. Освен Hearthstone, ќе мора да презентираат и нешто друго, а муабетот што го пуштија со The Dark Below и Reaper of Souls е одличен маркетинг за експанзии на нивните најголеми наслови. Башка, време е веќе. Некако е рано за StarCraft експанзија, и ретко кој го помисли тоа.

Што и да е следната експанзија, време е World of Warcraft да се врати на помрачните теми. Ете, поигравме со панди малку во шарен свет, дајте сега нешто посериозно. Мислам дека би сварил било што, освен ако The Dark Below (не е чудо некое сосема трето име да испадне на крај) не се случува баш под земја. Веќе видов две такви зони во Cataclysm и доволно беше. Има толку многу што да се прави и со приказната и со Азерот, не мора да одиме буквално надолу. Ќе бидам задоволен со нови зони, нови раси, пет-десет левели и нешто така посвежо, ако може. Во 5.4 ќе пуштаат остров со динамични ивенти, па не е лошо во следната експанзија да ги видиме насекаде. И треба големо освежување на играта доколку планира да остане на врвот. Во 2014 има опасни наслови кои се јака конкуренција. Можеби не на долга стаза, ама ќе лапнат дел од играчите кои Blizzard секојдневно ги губат.

Верувам дека ќе има повеќе вести на темава следната недела. Мајстори се Blizzard за хајп, ете ти сега недела дена хајпај се. И да не излезе ништо специјално од вестта на крај, како што може да се види по коментарите на луѓево по интернетов, пак се побуди некој интерес за WoW кај тие што се откажале.

August 12, 2013

Повратак Хајзенберга

Пројде скоро година откако Breaking Bad замина на пауза. Ете, дочекавме. Продолжуваат последните епизоди. Не можам ништо за новава без спојлери, така што трк на гледање. 

Breaking Bad продолжува на истата WC шоља каде што заврши првиот дел од сезонава. Во истиот ќенеф кај што Хенк сконта кој друг има иницијали В.В. И, сосема е разбирливо зошто се потресе толку. Хајзенберг му беше цело време пред очи. Крајот на епизодата ми е еден од најдобрите моменти во цела серија. Конечно Хенк се соочи со неговиот најголем случај, кој можеби и нема да дочека правда. Барем не онаква каква што Хенк сака. Затоа и верувам дека ќе тргне по него на своја рака. Она на почетокот кога Волт се враќа во опустешената куќа, забраден, наоружан и со коса? Сигурен сум дека во блиска иднина ќе почнат да се "ловат" со Хенк. Реално, освен Хенк и ракот, сега и нема некој друг непријател. Тие што ги имаше, ги збриша уште лани летото, ееееј.


Додека Џеси упорно се обидува да се искупи, мислам дека Волт нема да успее. Не дека и Џеси ќе преживее, меѓутоа за Волт сум сигурен дека ќе наебе на крај. Не зборам за затвор, тоа е најглупата можна опција. Хенк мислам дека ќе го снема многу пред Волт, така што ми останува Џеси. Ако некој заслужува да му свирне куршум на Хајзенберг у шешриче - тоа е Џеси. Од сите животи што ги упропасти Волт, најмногу ми е жал за Џеси. Тоа е тој крај со кој што би бил крајно задоволен, иако навивам за Волт. Во тој случај, Хајзенберг може да остане легенда, без никој друг да знае кој е човекот позади. Имаше многу повеќе шанси како рендом џаначе, него вака. Има дечкото невиден товар сега. Веќе ни парите не му требаат. 

Волт, иако се откажа од неовластено производство и пуштање во промет кристал мет, ужива во сопствената моќ и не ми личи како да се кае за било што. Откако комплетно Хајзенберг завладеа со мирниот професор по хемија, Волт е негативецот во Breaking Bad веќе некое време. Без разлика што сите го сакаме, и покрај тоа што не е толку симпатичен како што е на пример Којотот. 

Мислев дека осум епизоди Хенк ќе се брка со Волт. Не очекував вака директно да му пристапи и буквално да му плесне некои ствари во лице. Премногу ми се осум епизоди за таа брканица. Знаејќи го Волт, ќе проба побрзо да ја расчисти работата. Ќе видиме.

Breaking Bad ќе тера до крајот на септември. Нова епизода секој понеделник сабајле, без паузи. Е, тоа ќе бидат долги работни понеделници.

August 11, 2013

The Burdens of Shaohao, кратка анимирана WoW приказна

Како што спомнав пред некој ден, Blizzard оваа недела почна и заврши со кратки анимирани филмови базирани на историјата на Пандарија. Сите шест дела на The Burdens of Shaohao се достапни на нивниот YouTube канал.
 

The Burdens of Shaohao нè носи во далечното минато на Пандарија, пред земјата да биде обвиткана во магла и сокриена од останатиот свет. Низ петминутните анимации раскажана е пожртвуваноста на последниот император на Пандарија, Шаохао, и што всушност прави за да го заштити својот народ. Иако приказната е генерално позната од експанзијата, не би да се расфрлам со спојлери. Тие што играле знаат дека Mists of Pandaria е преполна со убави приказни. Феноменално е изведено и не трае долго и го препорачувам на сите, дури и оние што никогаш не играле WoW

Браво за потегов на Blizzard. Ова дефинитивно требаше да се случи порано. Ете, успешно е - сакаме уште. Било која друга приказна од универзумот на WoW. Форматот на анимацијата и нарацијата најмногу одговара на Mists of Pandaria, да, меѓутоа лесно може да се прилагоди за раскажување на нешто друго. Има толку многу приказни кои заслужуваат да бидат раскажани надвор од играта. Ајде, редно време е за Warcraft: The Animated Series или нешто слично, таман да се подмачкаме за филмот.

Пет филмови до крајот на 2013

2013 беше година која ја обележеа суперхеројските блокбастери. Веќе престанав да ги бројам. Што воопшто не е лоша работа, со оглед на тоа дека во изминативе десет години добар дел од Холивуд држат лоши римејци и рибути. Златното доба на суперхеројските филмови е со години наназад присутно, а голем дел од насловите го потврдуваат тој факт. Годинава изгледав речиси сè што сакав, а тоа што не стигнав ќе биде наскоро изгледано. Кога ќе се појави добра снимка, нели. До крајот на 2013 чекам уште пет филмови што ми се во план за гледање. З

Riddick излегува на почетокот на септември. Продолжение на страшно потценетиот Pitch Black, кој инспирацијата ја црпи баш од таму. Различен од вториот дел, кој иако не е лош има многу маани во споредба со првиот. Ридик пак е запустен на некоја вукојебина од планета, каде што меѓу другото, се обидуваат да го убијат монструозни вонземјани. Формулата е позната, ама сум сигурен дека ќе успее по втор пат. Еден од ретките филмови каде што Вин Дизел е поднослив накај добар, со амбиент кој вришти СФ. Во новиов башка ќе ја има и Старбак. 



Gravity ме купи уште со тизерот. После излезе стандардниот трејлер и сега не можам да го дочекам октомври. И покрај тоа што филмот ќе биде 90 минути Џорџ Клуни и Сандра Булок како плутаат во скафандери над Земјата и муабетат, имам некое добро претчуство. Алфонсо Куарон е режисер и сценарист (заедно со брат му), и ако се потпреме на Children of Men, може да се очекува повеќе. Gravity треба да го извади добар дијалог, кој се надевам ќе биде присутен и ќе помогне да заборавам дека главниот женски лик е Сандра Булок. Сериозно, језива ми е Сандра Булок зошто сум убеден дека е уствари машко.

Machete Kills излегува некоја недела после Gravity. Мислам дека два пати годишно да штанцаат Machete филмови, ќе ги гледам. Не дека нема еден куп вакви излезени пред 30-40 години, ама ми се свиѓа како Родригез си игра со жанрот. Овој пат, ги прибрал Софија Вергара, Мел Гибсон и Чарли Шин, односно Карлос Естевез. Истурив кафе од смеење на introducing. Без оглед на хејтот што го добива филмот, Дени Трехо е уште шизик и му се можат вакви улоги. Подобри од сличните мали што ги имаше последениве дваесет години.

Thor: The Dark World во ноември. Претпоставувам дека ќе има премиера и тука во провалијава. Ако размислам, вторите делови на филмовиве на Марвел секогаш ми биле подобри. Истото го очекувам и од овој, а од трејлерот некако така и ми мириса. 

The Hobbit: The Desolation of Smaug ја затвора годината во декември. Колку и да кењав за првиот, знам дека прв ќе се нацртам во кино. Приказната прави значителен прогрес од она што веќе го видовме и дефинитивно е поинтересна. Се надевам дека фино ќе се надополни на првиот дел и ќе му фрли малку повеќе светлина. Како што кажав и за An Unexpected Journey, не е лесно да влечеш толку мала книга девет саати. Смауг е најинтересниот дел од приказната, па сакам да верувам дека филмот ќе успее убаво да го пренесе. 

Покрај овие пет, од есен доаѓаат и Ender's Game, Kick-Ass 2, The World's End и Anchorman 2, ама не знам нешто возбуден околу нив. Еј, да. И, Escape Plan со Сталоне и Шварценегер.

August 8, 2013

Внимателно со Warcraft филмот. Внимателно.

Пред неколку недели официјално беше потврден и најавен Warcraft филмот што го одложуваа со години. Подобро покасно отколку никогаш, нели? Најславните денови на World of Warcraft се минато и играта одамна не е на врвот на популарноста, меѓутоа Blizzard сметаат дека баш сега е време за филм. Хистеријата ќе беше поголема во времето кога имаа над 10 милиони играчи, а не сега кога бројката падна на околу 7. Иако не верувам дека причината за филмот е опаднатата популарност на играта, туку екстра профит, сепак е добар маркетинг за што и да планираат Blizzard околу 2015 на тема Warcraft. Доколку најават експанзија на овогодинешниот Blizzcon., во 2014 ќе имаат силна конкуренција. Ама, ова е друга тема што ќе ја оставам за деновиве. 


Warcraft филм е осетлива работа. Се надевам дека Данкан Џонс (режисерот на Moon, син на Дејвид Боуви, носител на плава крв) добро ќе го запознаат со материјалот и ќе има одврзани раце. Ако по некоја случајност испадне катаклизма, ова не е човекот по кој треба да се фрлаат камења. На изворниот материјал, граден речиси 20 години, треба да му се пристапи внимателно. Има најмалку 20 милиони играчи кои ги играле стратегиите, играле WoW на официјални и приватни сервери и добар дел од нив се запознаени со универзумот. Нив не смееш да ги налутиш и разочараш. Колку и да е сигурен профит, ако заебеш, нема продолженија (The Last Airbender, некој?). А, јас сум сигурен дека доколку ова чудо успее, ќе донесе уште повеќе профит таму каде што треба. Данкан Џонс ветува дека нема да заебе. Јас му верувам.

Значи, приказните се веќе напишани. Има многу, многу теми, ликови, настани... цела ебана историја има тој универзум. Без разлика дали има позајмувано од некаде или не, обемно е. Финтата тука е да знаеш што да искористиш. Фановите веќе имаат омилени ликови и настани и зошто да не го видат тоа? Несмасното прилагодување на филмот за оние кои не се запознаени со лорот, може да е катастрофално. Особено ако се избега од оргиналниот материјал и антагонизираат една од фракциите.

Гласините до сега, ги спомнуваат Khadgar, Medivh и Lothar како главни ликови, што доколку е точно, приказната ќе биде сместена многу пред World of Warcraft. Тоа веројатно ќе им послужи како вовед во некаква трилогија, не знам што е планот. Додека нема официјална информација, се надевам на Burning Legion, на Illidan, на Arthas... Сакам да видам Dark Portal, Ogrimmar, Thrall како ја води Хордата. Нешто што е од поновата историја, од најдобриот период на WoW. Многу е битно што ќе биде темата, се надевам го истражуваат пазарот моментално. 

Ајде, не го заебувајте. Ова има потенцијал да е најдобриот филм направен според игра и тоа не било која. Не е ова Tomb Raider, Silent Hill, факинг Warcraft e! Не ме занимаат актери, кој сака нека биде, само нека е приказната добро адаптирана. Ако успее ова, и Episode VII, 2015 ќе е добра година.

Патем, деновиве си тера The Burdens of Shaohao, кратки анимирани цртани базирани на Mists of Pandaria. Ќе има неколку епизоди, ги следам, ама нека довршат па ќе пишам нешто повеќе.

August 4, 2013

Новиот Доктор

BBC го објавија новиот Доктор, наследникот на Мет Смит. Питер Капалди е следната инкарнација, дванаесета по ред,  и ќе го превземе Тардисот во специјалната божиќна епизода кон крајот на годинава. Кој е Питер Капалди? Искрено, поим немам. И да сум гледал нешто со него, не сум го приметил, па дури ни во епизодата на Doctor Who со Тенант каде што се појавува како сосема друг, спореден лик.


Фановите се поделени како и претходно. Некои се среќни со изборот, другите мрчат. Лично мене, ми изгледа супер. Постар е, различен од претходните три, а доколку серијата продолжи мрачно како што заврши последната епизода, ова е фацата што мислам дека ќе се вклопи. Кога во неколку секунди видео можеш да приметиш дека го има потребното за Докторот, јасно е. Стивен Мофат знае што прави и не се сомневам во неговиот избор.

Doctor Who пред божиќната епизода, ќе ја прослави 50 годишната заедно со Мет Смит и Дејвид Тенант. И, изненадувањето од финалето на претходната сезона, секако. Осмиот серијал почнува да се снима во септември, датум за почеток на прикажување се уште нема, ама фак оф ако е стварно во август 2014.

August 2, 2013

Нова серија: Under the Dome

Некако бев убеден дека ова почнува од есен, а тоа веќе стигнато до пола сезона. Овие шест епизоди од тринаесет, ми дојдоа таман, иако се работи за сосема просечна серија. Измеѓу Hannibal и Breaking Bad, може и нешто лабаво да се проба, нели. 

Under the Dome е базирана на истоимената книга на Стивен Кинг. Стивен Кинг го почитувам како автор и неколку негови дела имаат добиено одлични адаптации. Ваквите како Under the Dome, најчесто добиваат мини-серии, како The Tommyknockers или The Langoliers, па некако ова ми изгледаше како голем залак. Океј, ја немам читано книгата, зборам на памет ваљда, ама се гледа дека е од "поефтините". За среќа, продуцентите решиле да го изменат крајот во книгата за да се задржи мистеријата и тензијата. Поточно, изменето е потеклото на куполата, која го обвива малиот град Честерс Мил. Дури и самиот Кинг, кажа дека подобро што направиле така зошто читателите не го бендисале неговиот крај.


Приказната е едноставна. Еден нормален дел, Честерс Мил ќе биде обвиткан со проѕирна, непробојна купола каде што неговите жители остануваат заробени. Никој не знае од каде е, зошто е таму и зошто баш овој град. Жителите се стандардни ликови за ваква непогодна ситуација, карактери кои веќе сме ги гледале во еден куп слични серии. Овде, има прилично аматерска актерска екипа. Главен лик што се вика Барби, парови што имаат хемија на ниво на Хајден Кристенсен и Натали Портман, специјално гостување на актер кој би можел да ја извади серијата и Хенк од Breaking Bad. Хенк ми е најјак тука, зошто делува како на сетот карши, да снима Breaking Bad и тука доаѓа на пауза. Дури и истата облека ја носи.

Дури и со огромните недостатоци, серијава успева да задржи над 10 милиони гледачи секоја епизода. Што за споредба, не е случај со слични серии како Revolution. Тоа имаше по седум милиони во просек, а ете ќе има втора сезона. Да, и Under the Dome ќе има втора сезона што искрено се сомневав дека ќе се случи. Дури и Стивен Кинг ќе ја пишува првата епизода. Не знам што ќе се случува понатаму, зошто како што разбрав, првата сезона ќе ја опфати цела книга. Веројатно со изменетиот крај, се отвара простор за уште една шанса. Искрено се надевам дека ќе се сменат стварите на подобро, и покрај тоа што серијата нема капацитет за нешто повеќе од ова. Тој е потенцијалот и искористен е максимално. 

Ќе ја догледам првава сезона. Интересно е, лабаво е и ме занима во кој правец ќе ја носат приказната со куполата (у живо викам "доумот", ама шубе ми е така да го пишам тука). Жителите веќе снемуваат ресурси, почнуваат дури и за вода да се тепаат. Никој не може ни да влезе, ни да излезе. Доколку не фрлат нешто повеќе од ова, малце да се забрзаат настаните, осеќам дека втората сезона ќе е кобна. Обично ваквите серии кои сакаат да возат на мистерии, не ни добиваат завршеток каде што нешто ќе се разјасни. 

Види такоѓе: