Showing posts with label WildStar. Show all posts
Showing posts with label WildStar. Show all posts

April 21, 2019

Залезот на MMORPG жанрот

Ми текнува на една статија во некое компјутерско списание од крајот на деведесеттите во која беше опишана некаква игра во која играчите заедно опстојуваат во огромен виртуелен свет и ги здружуваат силите против разни страшни закани. Концептот ми ги светна очите. До тој момент мојата претстава за мултиплеер беше седење на тепих пред телевизор со другарче и пукање Contra на Нинтендо. Не се сеќавам со која игра точно се занимаваше таа статија, веројатно со Ultima Online, ама затоа никогаш нема да го заборавам првиот момент кога конечно и јас стапнав во таков навидум неограничен свет на фантастични прилики.

Азерот ме зема и ме прифати многу брзо. Првата недела немав појма што правам. Бев запрепасен од тоа колку е широк светот и едвај чекав да го прошетам, да видам што има под секое дрво и камен. Трчав околу и мавав во секое суштество што ќе се најдеше на патот на мојата експедиција, се радував на секој играч што ќе го сретнам, а дури еднаш мислев и дека Братството Дефајас во Елвин се играчи од противничката фракција кои ете ми се намерачиле и упорно ме убиваат. Што ли им имав згрешено?  


Прејако чувство и восхит каде што мојот најголем сојузник беше непознавањето на тој свет и неговиот начин на функционирање. Додека да сконтам дека освен стап или меч имам магии и дека преку квестови можам да "наплатам" за десетте собрани чмарови од убиени свињи, мојот Ворлок веќе имаше мноштво незаборавни авантури позади него. Кој можеше да ми замери? Си играв по свој терк, зарем не е тоа целата идеја на MMORPG жанрот?

Со години бев вљубен во World of Warcraft и веројатно уште сум, само што сега се гледаме поретко. Не е тоа мојата игра одамна, ама засекогаш ќе биде симболот на моите безгрижни млади денови и средството со кое повремено безуспешно се обидувам да искусам нешто што повеќе не постои. Доаѓа пролет и јас си барам нов MMORPG наслов кој ќе ме "изгаси" на неколку саати, луксуз кој денес едвај може да си го дозволам. Некогаш дури се логирам и во RIFT, моето прибежиште за деновите кога бев накурчен на WoW, ама и тоа стана наслов кој денес повеќе има шанси да го дочека чичкото што ќе го отштека последниот сервер отколку нова група MMORPG ентузијасти.   

WildStar замина пред неколку месеци, заминаа и многу други, а сигурен сум дека дури и оние кои се базирани на големи франшизи ќе се приклучат за некоја година. Нема нови AAA наслови од жанрот кои наскоро доаѓаат, тие во најава се некои преамбициозни игри финансирани преку Кикстартер. WoW има рекордно најмалку играчи - се шпекулираат околу три милиони. Некогаш најпопуларниот и најексплоатиран жанр, сега е сведен на неколку активни игри. Подостарени како и нивната публика. Иронично, најголемиот MMORPG наслов кој се очекува за 2019 е World of Warcraft Classic. Toa би било сосема поетско затворање на кругот. 

Можеби MMORPG жанрот не е стварно мртов и само така мириса, ама сепак златната ера е завршена. Ги нема веќе ни "убијците" на WoW и компаниите кои сакаат залак од тој профит. Сега битката е фокусирана на battle royale жанрот. A, Blizzard веројатно се ранија сами кога решија да го подарат херојството на новата генерација и да направат секој играч во World of Warcraft да биде "најдобриот". Тогаш и ја одземаа потребата да се комуницира со други играчи во амбиент каде главниот штос треба да е социјализација и соработување.

Искрено, не сум ни сигурен што се случи прво. Дали разгалените деца дојдоа сами и игрите се адаптираа на нивните потреби или обновените механики на игрите создадоа таква шупачка генерација? Дали ние бевме разгалените во однос на тие што биле активни во MUD игри? Во секој случај, денес e многу поисплатливо да направиш една мапа и да фрлиш 100 деца да се пукаат меѓусебно. Сигурно поисплатливо отколку да создадеш широк свет кој може да вдоми многу повеќе играчи без инстантно да ги наградува и валидира туку да им овозможи самите да се потрудат.

Веројатно е природен процес, па ова се соодветните еволутивни деривати на некои MMORPG елементи. Mожеби тоа е главната идеја. Зошто да левелираме со недели за да играме PvP во ендгејм кога можеме да играме battle royale или да се групираме за PvE во игри како Warframe? И, онака повеќето квестови во традиционалните MMORPG-а се досадни и репетитивни. А, и цело време сме вмрежени, па не ни е дојдено до уште една дигитална интеракција со други луѓе и во игри. Можеби е полесно да се испукаме и испцуеме во League of Legends и Fortnite. Не знам, а може сум само стар и старомоден и не признавам целосно некои ствари.

Играм The Elder Scrolls Online oд пред недела дена. Не е Skyrim, не е ни WoW, ама во моментов ми задоволува дел од тој нагон за масивна мултиплеер онлајн фантастика. Знам дека никогаш ниедна ваква игра нема да ми го овозможи чувството на неупатен почетник, ама сакам барем за кратко да поглумам лудило. Да си играм по свој терк, зарем не е тоа целата идеја на MMORPG жанрот? 

Освен World of Warcraft Classic, има уште неколку наслови околу кои MMORPG заедницата се обидува да гравитира. Иако се сомневам во толку скора ренесанса, би бил среќен ако барем Pantheon се појави набргу. Секој ден се менуваат стварите кај некои други игри што се моментално во изработка, а за Pantheon имам малку надеж само поради Бред МекКвејд. Ако некој го разбира овој жанр, тоа е еден од најбитните луѓе зад EverQuest без која  немаше да има MMORPG-а како што ги знаеме денес, а веројатно ни World of Warcraft.

Види такоѓе: 

October 7, 2015

Втора шанса за WildStar

Откако година и кусур се обидуваа да ја одржат играта со модел на месечна претплата, NCSoft се одлучија за последниот "давенички" чекор. WildStar е бесплатна од пред некој ден. Го следев развојот на играта од раните најави, па до бетата, кога очекувањата и не ми беа баш исполнети. Колку и да беше бета, во никој случај не изгледаше на нешто за кое што би дал пари, а очигледно и публиката во изминативе месеци го делеше моето мислење. Но, од тогаш е поминато доволно време, па со надеж дека е подобрена, се решив да пружам втора шанса.


Играм Exile (на Luminal PVP серверот), па почетните квестови се на истиот оној неподносливо шарен брод кој би требало да те научи на основната механика. Те фрла збунет директно во акција каде што хаотичното UI на почеток може да биде дефокусирачко. Не знам зошто секогаш туторијал мисиите мора да се вакви, наместо да те фрлат директно во отворен свет како Азерот каде што си оставен сам на себе, но океј. Среќа, трае кратко (мислам дека може и да се прескокне?) па набргу си соочен со избор помеѓу две зони. Бидејќи зоната која што ја избрав во бетата беше еден од причинителите за горчливото искуство, овој пат отидов во другата понудена. Тука некаде WildStar конечно почна да ме навлекува и да личи на онаа игра што ја чекав со години. Како што ги завршував квестовите, така се чудев што толку ми имаше згрешено бетата.

По неколку саати интензивно играње, петнаесет левели и детално чешлање на една цела зона, можам да заклучам дека сега искуството е далеку поквалитетно. Дизајнот е пријатен. Кога WoW и Torchlight би имале дете, би изгледало некако вака. Барем со графичкиот сетинг што може да го поднесе хардверов, изгледа солидно. Може има повеќе анимирана трева, меѓутоа не можам да си дозволам пожар во соба. Најбитното ми е што карактерот не ми изгледа како стап, и фино трча. Не би сакал да трошам саати гледајќи во неколку укочени полигони што се движат како да [и деца те читаат волу, тргај ова]. На крајот, играта ме привлече баш со изгледот, така што кога ќе сакам реализам ќе играм RIFT или ќе собирам вистински пердуви. 


Да, WildStar е стандардното MMORPG. Класите се воглавно тие, како во другите слични игри, со по некоја фора и ситна механика што ќе ти даде илузија дека играш нешто различно. Истите професии со истата намена, данџни, маунтови, репутации... вообичаениот пакет. Има и некои ситни ивенти во зоните, не се толку динамични како во RIFT, некако чудно се тригеруваат, но ете, барем не е статично како WoW. Зошто би играл тогаш WildStar ако го нуди истото? Па, веројатно ако веќе ти е здосадено од текстурите во другите игри, а го сакаш жанрот. Нема некој голем избор ако ти се игра ова додека излезе Legion. Бесплатна е, до сега не ми бркна безобразно во џеб, има супер заедница, сите се фини и секогаш расположени да помогнат, а ако ти се игра со полокален круг, добредојден си во гилдот на GG.mk. Покрај RIFT, ова е најдоброто за 0 пари.


Приказната е некако штура и тешка за следење, веројатно поради начинот на кој е презентирана. Не дека ја нема, туку сфатиле NCSoft дека повеќето само читаат колку кози треба да заколат, а не и зошто. Има приказна, само што не ти ја фрла во фаца, со претпоставка дека нема ни да ја погледнеш. Да, ни јас не загледав натаму, освен неколкуте синематици. 

Ако овој бесплатен модел ја крене играта на нозе, а според она што го читам и го гледам баш тоа се случува, може да се очекува посветла иднина. Не знам каква е натаму, уште не сум ни до пола, ама имам желба да откријам. Но, со оглед на тоа што сме натопорени цела стара маалска WoW багра и матичниот доктор, верувам дека ќе ме задржи подолго од The Old Republic.

March 23, 2014

WildStar бета викенд

После година и пол чекање, викендов ми стигна бета клучот за WildStar. Како што траеше чекањето, така си ги спуштав очекувањата. Сега откако видов за што се работи, баш фино што влегов така со отворен ум и без некој хајп. На кратко, WildStar не е добра игра. Барем не доволно добра за да платам за играње. И не, нема врска што е бета. Играта излегува за помалку од три месеци, и не верувам дека финалната верзија ќе биде нешто многу поразлична. Освен мало шминкање на очајната графика, не можат многу да направат. 

Да почнеме отпочеток. WildStar ја работи екипа девелопери кои искуството го стекнале во најславните денови на World of Warcraft. Откако си заминале од Blizzard, пет години работеле на енџинот на кој денес вози WildStar. Очигледно не следеле што се случува на ММО сцената последниве години, зошто не знам како поинаку може да се оправда примитивниот концепт на играта. За денешни стандарди, механиката на WildStar е застарена. Не само што изгледа како корејско бесплатно MMO, туку и самиот гејмплеј и квестови се такви. Осумте левели кои успеав да ги постигнам, воопшто не беа забавни. 


Она што упорно ми пречи во добар дел ММО што сум ги пробал, е почетната зона. Кога играм ММОRPG, очекувам инстантно да бидам фрлен во светот, препуштен сам на себе. Без туторијали, без инстанцирани зони кои ќе ме воведат - ништо. Ретко кој успева да создаде таква почетна зона, која покрај тоа што те учи на основната механика на играта, ти нуди отворен свет и слобода. WildStar ме држеше за рака некаде до третиот левел. Откако ме пушти во отворениот свет, пак се осеќав како ми виси над глава и ми шета низ очајно дизајниран свет со квестови од типот на "Убиј 10 ____", "Собери 10 ____"... Има буквално три типови на квестови, претерано лесни и без никаков предизвик. Од време на време, ќе се пушти тајмер од неколку минути за ист таков свет, кој ти дава бонус награда ако убиеш уште пет од суштествата кои се само така ставени таму каде што се. 

Светот, планетата Нексус е најдосадниот свет што сум го видел во ММО. Не е ни свет, туку површина каде што има суштества со катастрофален дизајн за квестови, и некакви бази на фракцијата на која припаѓаш кои исто така не се вклопуваат. Единствената причина поради која што се таму, е да земеш нови квестови, додека дојдеш до сличната таква база со потполни исти такви квестови. Како некој што игра вакви игри за да се внесе во виртуелната околина, нема ништо тука за мене. Пробав да шетам, само за да видам дека секој камен е копи-пејст, секое дрво.. Протрчав низ три зони, секаде е присутен истиот проблем. Тоа што наводно играта станувала подобра на 15 левел, не ми значи ништо. Ако не ме завлечеш на почеток - немаме договор. Почетната зона на бродот, пред да ме фрлат на планетата, едвај ја издржав.


Приказната не ме завлече. Текстот од квестовите е сведен на минимум, а ако нешто сакаш повеќе да дознаеш, има посебен Lore таб каде што ќе ти фрлат нешто конфузно напишано. Ниту едно место што го посетив нема сопствена приказна. Чисто за (неизбежната) споредба, да се потсетиме на WoW. Од почетната зона на Орките, пример, до првото поголемо населено место, Razor Hill, приказната е секаде околу тебе. И, без да прочиташ нешто, само што ќе го згогледаш Razor Hill и околината, можеш да ја осетиш неговата историја. Приказна во MMORPG, не се раскажува само со опционален текст. Многу е битно да знаеш и визуелно да раскажеш нешто. Нормално е дека WoW ќе биде репер за вакви игри, а глупости како WildStar само ми го докажуваат тоа. Затоа муабетите во глобалниот чет на играта се исти како во сите нови вакви игри.

Покрај стандардните класи, WildStar нуди path систем. Нешто како занимање, со некаква глупава цел. Избрав Scientist и единствено што правев, скенирав камења со мало роботче. Исто како и квестовите, треба да искенираш 10 такви исти. Инвентивно, нели? Борбите за среќа не се како во другите игри, ама не се ни нешто ново. Нема auto-attack, мораш да нишаниш кон противникот, ама во никој случај ова не е пресудно за квалитетот на истите. 


Пред да одам и да си ослободам 15 гига на хард-диск, да кажам и за графиката и дизајнот. На првите скиншоти и видеа (дури и на скиншотиве во постов), изгледаше фино. Ја играм на high сетинг, и пак е лошо. Премногу е шарено, а и фонтот е лошо избран. Ова не верувам дека ќе го средат, единствено што може да направат е да ја оптимизираат да вози на секаков посилен хардвер. Гледам дека многу луѓе со подобра конфигурација од мојата се приморани да играат на слаб сетинг поради лош фрејм-рејт. Малку ги намалив скриншотиве тука, зошто беа по неколку мегабајти.

WildStar пропаѓа до крајот на годинава. Под тоа мислам, дека ќе отиде free-to-play. Гарантирам. И, тоа не поради големата конкуренција и Warlords of Draenor, туку зошто е едноставно досадна, лоша игра. Не вреди ни долар од тие 60, а камоли за месечната претплата.

August 22, 2013

Три големи MMORPG наслови во 2014

Додека чекаме Blizzard да го објават името на следната World of Warcraft експанзија, за следната година се спремаат три нови MMO игри кои секојдневно билдаат армија фанови. Не само што си се конкуренција меѓусебно, туку се и сериозен кандидат за второто место до WoW. Да бидеме реални, WoW ќе го држи првото место по претплатници уште долго, долго. Не верувам дека нешто ќе се промени во следниве три години, без оглед на тоа уште колку играчи ќе изгубат. Во секој случај, со следната експанзија нема да изгубат повеќе.


The Elder Scrolls Online веќе го добива обликот на игра која одговара на насловот. Пред една година, она што се знаеше за играта е дека ќе биде како сите други во жанрот. Како изгледа TESO сега? Има first-person камера и гејмплеј сличен како претходните The Elder Scrolls игри! Ако тоа функционира така како што изгледа на видеата и така како што знаеме дека функционира, ете ти инстант профит. Само Skyrim има продадено околу седум милиони копии првиот месец, да не ги рачунаме претходните игри. Колку од тие што играле, еве Skyrim, би играле ММО во истиот свет? Колку хајпот што веќе го создава TESO ќе донесе барем половина од тие? После видеава што се појавуваат низ последниве конвенции, некако почнувам да верувам дека ова е "следното големо нешто". И да, играта ќе има месечна претплата.  

EverQuest Next го означува враќањето на наслов кој владеел на сцената пред да се појави WoW. Кога се појавувале првите трејлери за WoW, играта била нарекувана EverQuest клон. Добар дел од играчите и критичарите верувале дека ќе згасне за неколку месеци. Тоа била EverQuest, не се плашела ни од WoW, бидејќи служела како инспирација, нели. Денес иако има тон експанзии, продолжениe со сопствени експанзии, играта е веќе уморна и застарена. EverQuest Next е обид да се врати сјајот на насловот. Планот е да биде најголемото sandbox MMO во историјата. Паралелно, доаѓа и  EverQuest Next Landmark , алатката со која девелоперите го развивале светот на EverQuest Next. Landmark ќе е достапен за сите играчи кои слободно ќе може да градат што и да посакаат, во отворен виртуелен свет. Новава EverQuest звучи толку примамливо што може комплетно да го редифинира жанрот. Нешто како што оргиналот направил своевремено. Инаку, најавена е како бесплатна, ама претпоставувам дека ќе има еден куп ситници кои ќе се плаќаат. Ќе склопам посебен пост за ова, нека се потсоберат бар ствариве од тековниот Gamescom.

WildStar веќе ја зборев. Oчигледно NCSoft веруваат толку многу во WildStar, што последните вести се за нивниот бизнис модел. Она што го нуди WildStar, веќе е достапно во еден куп бесплатни игри кои гураат со микротрансакции. Искрено, очекував еднократно плаќање како Guild Wars 2, со ситни козметички тракантанци за купување. Реално, игра која е прилично блиска до WoW, тешко е да опстои со месечна претплата. Не ја гледајте The Elder Scrolls Online, самиот first-person e на некој начин храбра и свежа идеја во жанрот. Не е дека нема, ама со таков сетинг, нема многу. Затоа кај нив претплатата ми е некако пооправдана. Сигурен сум дека WildStar многу бргу ќе се префрли на F2P модел. И, некако изгледа инфериорно сега во споредба со EverQuest Next и TESO, нели?

July 20, 2013

Додека чекам покана за WildStar...

Се радувам како дете на секоја нова вест и видео. Можно ли е да е ова следната ММО болест што ќе ја прележувам? Нешто пишав лани, уште кога многу малку се знаеше за WildStar. Уште тогаш некако ми се двоеше од купот нови игри, а сега уште повеќе. Моментално во тек е третата затворена бета (за која немам покана, иако се регистрирав од 5-6 различни мејлови) и сеуште нема датум кога ќе биде широко достапна за тестирање. Ден што го чекам со нетрпение, исто како оној пат кога чекав RIFT.

WildStar полека добива некако финален облик. Вчера ги објавија последните две раси од вкупно осум. Останува уште двете последни класи и отприлика ќе се знае што да се очекува. Лани беше малку нејасно со класите и "патеките", баш сега го читав постот што го имав пишано. "Патеките" ќе се нешто како професиите по сличните игри, со тоа што ќе може да се одберат независно од класата или расата. Класите ќе бидат лимитирани по раса, нешто слично како во World of Warcraft порано, пред да направат хаос каде што можам да играм Tauren Paladin. Што е во секој случај фино, зошто се дава некаква уникатност на самата раса. 


Она што е фасцинатно за светот во кој е сместена WildStar, покрај нели самиот дизајн кој е можеби клучен за мојот интерес, е бројот на зони. Моментално на официјалниот сајт се излистани нешто повеќе од 20 зони што е огромна бројка и ретко која нова ММО игра прави таков чекор. Доколку имам толкав виртуелен свет на располагање, ќе играм само за да го видам. Друг свеж елемент е движењето и борбите. Мило ми е што новиве игри полека се дистанцираа од стандардот кој го постави WoW и се осврнаа кон малку подинамичен начин на справување со непријатели. WildStar ќе нуди дупли скокови, спринт, залет и општо поголема слобода во движењето и нападите. Куќите достапни за секој играч, иако ништо не ми значат, си привлекуваат своја публика и сигурен сум дека ако ги направат како Димензиите во RIFT, ќе добијат играчи само поради нив. 

Најбитниот елемент за мене е PvP борби во отворен свет кои ќе ги има, зошто планетата Нексус е поделена на две спротиставени фракции. За жал RIFT не успеа во ова, меѓутоа доколку WildStar успее да ги "закрви" играчите како што тоа го направи WoW, има простор за епско PvP. Покрај тоа, ќе има стандардни арени и инстанци за PvP, зошто се неизбежен дел од секоја ваква игра. 

Ако добро ме служи осетот за MMO-a, WildStar има потенцијал комплетно да го освежи жанрот. Има супер дизајн, не делува претенциозно, содржи елементи од проверена формула и ветува рејдови за 40 играчи. Во време кога славните денови од ММО-а се прераскажуваат со носталгија, треба да се појави игра која ќе ги освежи тие сеќавања. Не ни требаат ствари дадени на тацна, не треба секој да е херој, туку секој треба да се искуси своја авантура. Мислам дека WildStar ќе успее колку-толку да го долови тоа.

Сеуште нема датум, но се шпекулира за крај на оваа година или почетокот на следната. Моментално не ме интересира системот на плаќање (ќе ја пробам без разлика дали се купува, плаќа или не), но со оглед на тоа што NCSoft ќе ја објави, очекувам еднократно плаќање. И, онака моделот на месечна претплата е исплатлив само кај WoW. Во меѓувреме, ќе го оставам видеово тука.

October 17, 2012

Најава: WildStar, уште една нова MMO игра

Многу пати сум дрвел на тема ММО пазар, дури сум си и сам себе досаден. Публиката е таа, генерално прифаќа модел обликуван уште 2004 со WoW. Но, компаниите упорно се обидуваат да се постават како конкуренти на Blizzard и често пати тоа не завршува баш како што треба. Ниту TERA, ниту RIFT, а ни The Secret World не успеаа да грабнат доволно публика. TSW дури и клоца за живот, и покрај тоа што имаше одличен старт.


Тогаш, по што се разликува WildStar? Свеж наслов, иновативни идеи (или барем завиткани така добро да делуваат иновативно), нов огромен свет... што нуди толку посебно од насловите погоре? Океј, да се накашлам и ќе кажам. Графика и амбиент! Колку и да е самиот гејмплеј примарен, многу е битно, барем на мене, каде е сместено сето тоа. А, WildStar ќе се одвива на планета наречена Nexus, полна со истрипано шаренило и технологија. Значи, нешто како Torchlight, со повеќе СФ и нешто повеќе cartoonie од WoW.

За почеток, планирани се четири класи (ги викаат "paths", ќе функционирале малку поинаку од стандардите), Explorer, Soldier, Scientist и Settler. И, нешто што се вика Momentum Mechanics. Веројатно нешто што го има во сите други игри, само спакувано во фенси хартија. Еј, се додека можам да трчам низ планетата од видеата и скриншотите, како сака нека вика.

WildStar нема датум, ни отворена бета. Веројатно следната година. А, јас сеуште немам клуч за било каква бета. До тогаш, играва ќе ми биде во фокус, а ќе гледам да прокоментирам и некои поголеми вести. За крај, ќе кажам само дека NCsoft стои зад играва, а моментално имаат јак играч на терен.