Неколку луѓе го користиме истиот акаунт со guest pass, па и јас стигнав на ред да видам што има Diablo III да каже. Верзијата е лимитирана на 13-ти левел, и задоволството завршува во Act I со Skeleton King. Сосема доволно за да те навлече и да те остави со заклучок дека апсолутно вреди за парите. Иако е крајно без врска што Diablo III
бара постојана интернет конекција (глуп потег, Blizzard), единствената опција за играње е (веројатно) најдобрата. Знам дека ќе се појави некој пиратски сервер
емулатор наскоро, меѓутоа прашањето е дали ќе ги опфати сите работи кои
ги нуди оргиналната игра.
Направив Witch Doctor. Вуду до даска, афрички акцент и одличен дизајн.
Плука отровни стрели, пржи повеќе непријатели одеднаш со огнени лилјаци и
пушта три кучиња за тенкање. Уште на самиот почеток се гледа моќта на
Докторот и во кој правец може да се развива. Испадна дека комплетно
одговара на мојот стил на играње. Верувам дека и останатите класи се
интересни за тоа што се, затоа и едвај чекам да ги пробам. Макар и на
овој акаунт.
Diablo III сосема го има задржано духот на претходните, спакуван во модерна графика, супер voice acting и детално изработен свет. Не е револуција во жанрот (на кој не му е потребна којзнае каква иновативност), но сигурно ќе остави печат во историјата. Не само поради репутацијата и долгото чекање, играта е едноставно добра. И како што кажав, многу, многу заразна. Во принцип, повеќето вакви игри имаат одреден степен на шанса за развивање опсесивно-компулсивно обожување, а кај Diablo III е ненормално висок. Или па јас некако гледав со резерва и ме фати неочекувано.
Додека сериозно размислувам за купување, се ближи и денот кога Torchlight II ќе почне да гази на сцената. Верувам дека во никој случај нема да потфрли, верувам и на рецензиите. А, тие кажуваат дека е подобра од Diablo III.
И уште една битна работа. Со два моќни наслови како овие, очекувам и врнежи од клонови на истите, кои се разбира дека ќе си добијат шанса. Мило ми е што жанров некако пак станува популарен и дека ќе видиме нови вакви игри.