Showing posts with label Diablo. Show all posts
Showing posts with label Diablo. Show all posts

May 14, 2023

Ништо не се скрши на Diablo IV Server Slam

Викендов Активижн Близард почастија отворено бета-тестирање на Diablo IV, последно пред играта официјално да излезе на 6-ти јуни. Конечно начекав и јас да штрбнам малку. Еве да кажам уште сега, секој аспект од Diablo IV е феноменален. Да не ти се верува дека ваква компанија со одамна нарушена репутација, успева да обезбеди квалитетна игра, стабилно бета-тестирање и желба да им ги дадеш тие седумдесет евра за три недели. Мислам, рано е за конечни заклучоци општо за цела игра нели, ама дваесетте левели од отворенава бета беа доволни барем за да имам волја да го пукам ова од следниот месец.

Не беше така планот, се оштрев да мрчам. Искрено, имав многу ниски очекувања, а се изненадив уште од моментот кога не почекав ни минута за да влезам на серверите. Сите саати играње ми поминаа без прекин на конекција, без лагови и без ниеден баг што ми скрши нешто. Ова е веројатно и конечната игра, поентата на викендов беше да се провери издржливоста на мрежната инфраструктура која ете очигледно ги издржа сите што се нафрлија. Ќе има повеќе играчи во јуни секако, ама можно е Активижн Близард конечно да научиле лекција за помазно лансирање.

Единствено ми е криво што тие дваесет левели ги изиграв со Sorcerer. Пробав малку и Druid и многу повеќе ми легна од генеричниот мејџ што сум го преиграл во секоја можна игра што го нуди. Немам во моментов желба да ги играм истите квестови два пати во еден ден, ама сигурно ќе ми биде првиот избор во јуни доколку останат истиве класи што се сега достапни. Фали Crusader или некоја слична паладинска класа и искрено се надевам дека ќе се појави бесплатно во целосната верзија. Тоа некако најмногу сакав да го играм и ете уште го нема овде.

Пази, Sorcerer е општо забавна класа. Има повеќе варијации и комбинации што можеш да ги користиш за да не ти биде досадно, дрвото со таленти е обемно за секоја класа и верувам дека секој може да си најде склопка по терт, ама повеќе ќе преферирав да имам шанса да млатам демони со голем чекан и штит. Сепак, ми се свиѓа слободата на избор што ја има Diablo IV за експериментирање со класите, иако сигурно на крајот повеќето ќе ја играат истата мета. Барем додека се левелираш имаш повеќе начини да си го направиш карактерот како што тебе ти одговара. 

Визуелно играта многу повеќе потсеќа на Diablo II, таква е со малку полимитирана палета на темни бои за разлика од Diablo III што блештеше и во "најмрачното". Ептен е глупо да ја споредувам визуелно со Path of Exile која е баш онака директно инспирирана од двојката, ама сега озбилно е присутен тој Diablo тон што некако последниве години почесто се среќаваше во клоновите. Ова е амбиентот во кој естетиката од стариот ков на Diablo најсоодветно доаѓа до израз и среќен сум што Diablo IV вака мајсторски го создава и одржува.

Светот е отворен и за други играчи, па со нив ќе можеш да завршуваш групни квестови, настани што се случуваат некаде на мапата и да тепаш џиновски босови. Има некој MMORPG момент што во бетава верувам дека не успеав да го искусам во целост, ама очигледно ова е правецот во кој ќе се движи Diablo IV и засега изгледа интересно. Активижн Близард имаа скоро десет години да посматраат како жанрот еволуира, какви групни активности сакаат играчите и што да соберат од игри како Lost Ark, па и такви како Guild Wars 2 и последнава World of Warcraft експанзија. Некои препознатливи моменти од таму ќе ги сретнеш и тука во прилагодена варијанта.

Немам претстава каков ендгејм ќе има Diablo IV. Се трудам да избегнувам информации за да можам да ги искусам од прва рака кога ќе дојде денот, исто како што се изолирав од приказната викендов. Со тоа ограничено време не сакав да навлегувам премногу во наративните случувања, гледав само што побргу да се излевелирам за да пробувам билдови. Кампањата колку и да е интересна, сигурен сум дека ќе ја изиграм само еднаш на еден карактер и после ќе ја скокам. Никогаш не навлегов нешто премногу во Diablo фолклорот, ама сакам натенаане да седнам на четворкава и без брзање да ја изделкам цела приказна.

Се надевам и дека Активижн Близард нема премногу да се полакомат со микротрансакции за визуелни тракатанци. Сигурно нема денар да потрошам на било каква козметика што ќе ја продаваат, само се надевам дека тоа што ќе се продава со вистински пари нема да изгледа премногу подобро од тоа што бесплатно ќе може да ти се падне во игра што кошта 70 евра. Diablo Immortal им изнаправи пари од секакви глупости и скроз ќе е тапа ако се "инспирираат" од некои такви бизнис зделки. Само тоа ме плаши околу Diablo IV.

Не е далеку јуни, така што ќе се проба саглам. Diablo IV докажа дека уште е тате на жанрот и баш сум возбуден да видам како ќе се снаоѓа во овие модерни времиња. Онака, да ти дојде да провериш која година е на календар, Активижн Близард со најмалку две добри игри во исто време, еве оваа и Dragonflight. Ќе си помислиш дека некој од таму се позамарал да дознае што сака публиката да игра. Буквално пред една година им се потсмевав за Warcraft Arclight Rumble. Мислев да чепнам нешто друго слично додека да излезе Diablo IV, ете ја изиграв Warhammer 40,000: Inquisitor - Martyr и за малку ќе ја купев и Last Epoch периодов, ама ќе почекам да видам дали ова ќе ми стане "главниот" ARPG наслов. Озбилно е добра. Баш како што и треба да биде четвртата Diablo игра. 

Види такоѓе:

November 8, 2018

Драмата со Diablo Immortal

Колку ми е јако ова со Diablo Immortal, еј. Мислам, крајно трагично е, ама успева некако да ме засмејува цела недела. Blizzard на овогодинешниот BlizzCon го имаа најголемото фијаско во историјата на конвенцијата, а мислам дека и општо во постоењето на компанијата дури и пред нивната спојка со Activision. Пресмешно. Замисли, те спремаат за голема Diablo најава, си мислиш конечно Diablo IV или барем ремастер на првите две игри и кога ете ти ги, најавуваат нова Diablo игра наменета само за мобилни уреди.

Реакцијата на публиката која ги исвирка Вајат Ченг и неговите другари самоуверено облечени во Diablo Immortal маички е сосема природна. Интернет олујата од гомна што заедницата деновиве ја насочува кон Blizzard е исто така неизбежна. Diablo е игра создадена за да се игра со тастатура и маус, да седнеш пред компјутер и да кликаш додека докторот не те дијагностицира со карпален тунел. Иако Diablo III заживеа и на конзоли, пак поголемиот дел од играчите ја играат седнати пред монитор. Ваков тип на игра ексклузивна за телефони и таблети стварно изгледа како вонсезонска првоаприлска шала.


Точно е дека сите имаме телефони, ама тие ни се за комуникација, мемиња и слики од мачки со смешни капи. Исто така имаме и скапи компјутери кои ги користиме за гејминг. Немаме сите тенки прстиња за да си ги мрсиме ситните екрани на мобилните уреди со Diablo Immortal. Не ми е јасно кој дел од ова Blizzard успеа да го промаши. Дали и по толку многу години се стварно толку исклучени од тоа што гејмерската клиентела го бара од нив? Или се толку сигурни дека можат да ја продадат нивната интелектуална сопственост во било каков облик?

Најбизарното во целава ситуација е тоа што Diablo Immortal ја прави кинеска компанија која веќе има мобилни клонови на Diablo во сопствениот каталог, па повеќето играчи тврдат дека Immortal е всушност постара игра префарбана како Diablo. Дури и да не е така, веќе има премногу Diablo копии за мобилни уреди од кои некои изгледаат многу подобро од она што Blizzard го прикажа на Blizzcon како нов производ. Публиката дополнително е вознемирена и од најавата дека ова ќе биде игра за "целото семејство", што веројатно значи дека мрачниот тон ќе мора значително да се редуцира.

Ја следам активно ситуацијава деновиве и уживам во цел сеир. Жалам за тие што ја чекаат Diablo IV, јас уште си ја пукам тројката и реално немам потреба од друг наслов, ама можам да го разберам гневот. Сепак, пресмешно ми е што гледам гигантска компанија како Blizzard вака затекната. Не живееме во среден век, сите нивни игри имаат огромни заедници и не е воопшто тешко да дојдеш до нивното мислење и желби. На крајот, тие се тие што одлучуваат дали ќе ти го купат производот.

Ако Diablo Immortal пак е првенствено наменета за кинески и општо азиски пазар и тоа е можеби океј. Не е океј ако стварно планирале да ја најават Diablo IV, па поради некои причини ја откажале и ова е резервната "голема" Diablo најава. Од тоа што го читам деновиве, на луѓето што позагреано чекаат Diablo IV ќе им беше доволно само едно кратко тизерче, па макар и играта да е во рана развојна фаза.

Сепак, правдањето на Blizzard дека Immortal е само еден од неколкуте планирани Diablo проекти е смешно како она кога ја прашаа публиката на Blizzcon дали немаат телефони. Книги и стрипови се исто проекти, а чим самите Blizzard кажуваат дека најдобрите девелопери им се моментално прераспределени на развојот на Immortal не сум баш убеден дека Diablo IV постои на друго место освен на некоја бела табла за идеи.

Додека Blizzard ги губи фановите и вредноста на акциите, ќеф ми е да гледам како Path of Exile се полни со изнервирани Diablo III играчи. Иако одамна активно ја баталив за сметка на Diablo III, знам повремено да ја покликам и да проверам до кај е. Баш играв неколку саати кратко пред да се случи пиздаријава на Blizzcon. Си цути Path of Exile! Сериозно, овие Grinding Gear Games се ептен добар пример за фер компанија која работи вредно и напорно, не замара со микротрансакции и што е најважно - си ја слуша публиката. Path of Exile речиси секој месец има нова бесплатна содржина, додека Diablo III уште се тегне со истите сезони и едно прескапо DLC шо излезе скоро и донесе само една нова класа.

Blizzard наместо да истражуваат какви шарени облеки ќе може да продаваат за доларче во Immortal можеа комотно да кликнат две-три интернет места и да разберат што играчите сакаат од Diablo. Ете, во обид да се стиши галамата од дебаклов, Blizzard денес конечно се огласија со кратка изјава дека ги слушале играчите, како играчите само деновиве да зборуваа за нивните игри. Затоа и никој не им ја купува изјавава и драмава секој ден ми станува сѐ позабавна.

Види, јасно ми е дека Blizzard веројатно ги заболе. Пак ќе си трчаат голи низ брда кеш. Само ќе биде смешно ако ова со Immortal упали и сконтаат дека е исплатлив бизнис. Денес е Diablo Immortal, утре ќе биде Clash of StarCraft. Не ми се верува дека ќе направат радикален чекор и скроз ќе ја откажат глупавава идеја. Сепак, јас сум тука за драмата. Толку многу пати сум ги пцуел на тема World of Warcraft, па и кога во Diablo III се тргуваше со вистински пари и не можам баш да си го скријам ситењето. А, фрлањево со јајца кон Blizzard ќе потрае сигурно уште некоја недела додека не се заташка и заборави. До тогаш насмеано ќе следам со пуканки.

May 11, 2016

Вечерно Diаblо III оргијашење

Сезоните во Diablo III се најдобриот изговор за нов херој и за искликување на слободно време кон карпал тунел синдром. Од перспективата на Blizzard, сезоните се начин на кој што ќе довлечаат назад на играта. Нов гол херој, нов почеток, нов прогрес и по некоја специјална "сезонска" награда за тоа "ново" да добие некоја ситна значајност. Но, дали е ситна? Шестата сезона почна пред десетина денови, па со Бојчо се искомбиниравме со свежите "сезонски" херои. Witch Doctor и Crusader. Не мора да погодуваш кој е кој, зошто се знае кој е лешперот што сака да мава од далеку.


Минатите две сезони играв Wizard и Demon Hunter. Witch Doctor ми беше логичниот избор за оваа. Освен тоа, немам играно Witch Doctor од раните денови, па никогаш не успеав да видам како се однесува на поголеми левели. Супер е. Има зомби кучиња и џиновско створење со него што ќе ги чистат непријателите и Бојчо да мисли дека играме заедно. Всушност, додека он тепа со неговиот Crusader и робовите на мојот вуду еким, јас во еден документ пишувам имиња за Diablo кланот што мора да биде оформен наскоро. До сега го запишав Funky Felchers, ама имам и некои други на ум. Цице е третиот човек што ни се приклучи вчера, така што полека се собира старата WoW екипа.


Супер е Diablo III co-op. Барем не мораш сам да поминуваш низ истото. Ете, лани игравме на PS4, дури влеговме и во Whimsyshire, ама некако ми е поудобно со маус, тастатура и преполна пепељара пред мене. Планот е сезонава да се пукне јако™, макар и со овие сесии од по еден саат што се случуваат секој втор ден. Diablo III, и општо целиот aRPG жанр си бара време кои никој не може да си го дозволи во моментов, ама си ветувам едно целодневно викендашко раскликување. 

Види такоѓе:

May 24, 2012

Мала доза Diablo III

Неколку луѓе го користиме истиот акаунт со guest pass, па и јас стигнав на ред да видам што има Diablo III да каже. Верзијата е лимитирана на 13-ти левел, и задоволството завршува во Act I со Skeleton King. Сосема доволно за да те навлече и да те остави со заклучок дека апсолутно вреди за парите. Иако е крајно без врска што Diablo III бара постојана интернет конекција (глуп потег, Blizzard), единствената опција за играње е (веројатно) најдобрата. Знам дека ќе се појави некој пиратски сервер емулатор наскоро, меѓутоа прашањето е дали ќе ги опфати сите работи кои ги нуди оргиналната игра.

Направив Witch Doctor. Вуду до даска, афрички акцент и одличен дизајн. Плука отровни стрели, пржи повеќе непријатели одеднаш со огнени лилјаци и пушта три кучиња за тенкање. Уште на самиот почеток се гледа моќта на Докторот и во кој правец може да се развива. Испадна дека комплетно одговара на мојот стил на играње. Верувам дека и останатите класи се интересни за тоа што се, затоа и едвај чекам да ги пробам. Макар и на овој акаунт.


Diablo III сосема го има задржано духот на претходните, спакуван во модерна графика, супер voice acting и детално изработен свет. Не е револуција во жанрот (на кој не му е потребна којзнае каква иновативност), но сигурно ќе остави печат во историјата. Не само поради репутацијата и долгото чекање, играта е едноставно добра. И како што кажав, многу, многу заразна. Во принцип, повеќето вакви игри имаат одреден степен на шанса за развивање опсесивно-компулсивно обожување, а кај Diablo III е ненормално висок. Или па јас некако гледав со резерва и ме фати неочекувано.

Додека сериозно размислувам за купување, се ближи и денот кога Torchlight II ќе почне да гази на сцената. Верувам дека во никој случај нема да потфрли, верувам и на рецензиите. А, тие кажуваат дека е подобра од Diablo III.

И уште една битна работа. Со два моќни наслови како овие, очекувам и врнежи од клонови на истите, кои се разбира дека ќе си добијат шанса. Мило ми е што жанров некако пак станува популарен и дека ќе видиме нови вакви игри.

March 15, 2012

Diablo III на 15-ти Мај

Добри вести денес! Конечно датумот кој се чекаше со години! Blizzard најави дека Diablo III ќе биде објавена на 15-ти мај, за два месеци од сега. Играта веќе е достапна за нарачка од официјалниот сајт, а тие што ќе се претплатат на една година World of Warcraft ќе ја добијат бесплатно. Јас ќе ја чекам во кутија, зошто некако ми е подраго од дигитална копија.

Diablo III ќе има пет класи (Witch Doctor, Barbarian, Monk, Wizard и Demon Hunter), PvP арена, бројни сингл-плеер квестови и co-op. Купувањето и продавањето на предмети во играта ќе се одвива со вистински долари, што е можеби единствената негативна страна.

Ја играв бетата пред некој месец, пиратската бета да бидам прецизен, и беше супер, само што интерфејсот делуваше недоправен. Сигурен сум дека ќе има огромни подобрувања во финалната верзија. Позитивното е тоа што играта комплетно ја има задржано атмосферата од претходните и не се обидува да биде нешто ново. Иако освежена, Diablo III е Diablo игра во суштина, баш таква каква што треба да биде.

Во меѓувреме, се надевам дека и Torchlight II ќе добие датум. Ако почекаат уште малку, играта целосно ќе се изгуби во сенката на Diablo III.

June 28, 2011

Кога Torchlight II? Кога Diablo III?

Torchlight II

Годинава очекував барем една од игриве. Runic упорно ја поместуваат датата (беше пролетва, па јули, па крај на годинава), додека Blizzard не ни имаат дата. Се надевав дека летово ќе може да се игра Torchlight II, особено по сите најави за новите додатоци, како на пример co-op преку LAN, зошто од Diablo III нема никаков глас.

Runic од некоја причина ја одложуваат играта и стварно се надевам дека ја прават уште подобра од тоа што треба да е. Верувам дека сфатија за каква игра се гладни играчите и дека нема да промашат. Доколку е базирана на формулата од првата игра, со успешно имплементирани нови работи, гарантирам дека нема да има никаков проблем. Од скриншотите и видеата од разни гејмерски саеми и конвенции, Torchlight II изгледа сосема на место. Се надевам дека и приказната ќе биде на истото ниво.

Blizzard не згрешиле до сега и чекањето знам дека ќе се исплати. Ете, ќе си земам за право да ја приложам StarCraft II како доказ. Мислам, Blizzard се, сериозни се и не си дозволуваат да разочараат. Од Diablo III за среќа има квалитетни видеа, каде што убаво се гледа што може да се очекува овојпат. Преубаво дизајнирана игра, џам графика и детални анимации. Diablo како франшиза веќе си има приказна далеку поопширна од онаа на Torchlight, мислам, многу повеќе од два реда изговор за трчање низ пештери.

Ми се игра dungeon crawler. Единствено овој жанр RPG игри денес би бил добар ако ги оставиме ММОRPG-ата настрана. Баш пред скоро зборев дека денес останатото е тапа, ете и после The Witcher 2 можам да го кажам истото. Јебига, повеќе сакам изометриска камера и хек ен слеш, него конфузни контроли, беспотребни опции и ужасен гејмплеј. И искрено се надевам дека жанров ќе живне малце, ако не после Torchlight II, тогаш после Diablo III...