July 25, 2018

Скоро совршениот Бетмен на Том Кинг

Некои работи се поубави само ако им ја чепнеш површината. Како кога DC Rebirth суптилно си поигра со Watchmen универзумот. Знаев дека еден ден ќе вдлабат целосно, ама не очекував дека резултатот ќе излезе така непријатен. Секако, ништо нема да го оштети ремек делото на Алан Мур, меѓутоа одлучив дека е подобро да не бидам изложен на материјал што ненамерно ќе го карикатуризира. Другите наслови отидоа во насока која исто не можев да ја следам, дури и оној All-Star Batman на Скот Снајдер. 

Затоа и така лесно се откажав од DC Rebirth. Единственото што остана привлечно беше редовниот Бетмен на Том Кинг, кој некаде на средина решив да го почекам за да се потсобере во купче. Кинг го имаше убедливо најкатастрофалниот почеток во целата оваа "преродба", што беше баш онака тажно за најважниот лик од DC, ама успеа комплетно да ја преврти играта со приказните во I Am Suicide и I Am Bane. Не само што си го исчисти своето име, туку ги гланцна и репутациите на Бетмен и DC. Сите што кенкавме дека Кинг не е добар избор за Бетмен сценарист, сега може да си напикаме по еден трејд пејпербек во газот. Особено после The War of Jokes and Riddles аркот за кој без спојлери можам да кажам само дека е една од најдобрите Џокер приказни воопшто.


Секако, по бројот #50 Кинг денес мора да се движи со обезбедување низ стриповски конвенции дека добива закани по живот, ама ќе стигнам и до таму. Деновиве ги прочитав последниве дваесетина броеви кои ми останаа за да бидам во тек и заклучокот е дека имам ново име на листата со омилени Бетмен автори. Кинг е цар. Го познава Бетмен, ја разбира неговата динамика со другите ликови, ги познава и нив самите, но она што е најбитно за приказните кои ги цепа тука - го знае човекот под лилјачката маска.

За да напишеш добар Бетмен стрип, мораш да навлезеш во комплексната психологија на Брус Вејн за некои работи глатко да функционираат. Тие сиви зони, дуалноста и дилемата за доминантниот идентитет се важни доколку сакаш нешто повеќе од обичен акционен третман. Предизвикот кој Кинг си го дава во серијалот е да го направи Брус Вејн среќен. Откако Кинг сфатил дека Брус не може да биде среќен со она што го прави и има, иако се грижи со сето негово постоење за истото, решава да му пружи љубов. Не љубов од Алфред и Робините, туку романтична љубов, од жена. Од Селина Кајл, поконкретно. Дали ова ќе го направи Брус среќен и што воопшто би значело тоа за Бетмен?


Кинг се обидува да најде некаков одговор веќе 51 број и јас сум комплетно задоволен од тоа како ги обликува стварите. Брус и Селина се конечно заљубени, а Кинг ја пишува историјата на Бетмен стриповите со тоа што нивната љубов одлучува да ја спои и во брак. Целиот третман е емотивен, романтичен и комплетно соодветен за сложени ликови како Бетмен и Кетвоман. Очигледно е дека се работи за професионалец кој перфектно ја познава сржта на проблематиката. Со години наназад сме ја гледале тензијата помеѓу нив двајца, дури и моментите кога ги однеле работите на друго ниво, но ова Кинг што го прави тука е крајно смело и невидено.

Секако, ова не е главното на сите овие броеви, Бетмен стрип е, не е Мег Рајан драма, меѓутоа е тема која речиси постојано се провлекува. Во 50-тиот број кој се случува дента на нивната долгонајавувана свадба, Кинг прави еден потег со кој сега гледам дека ја поделил публиката на две групи. Едните се восхитуваат на неговата храброст да отиде чекор подалеку, другите се бесни и му упатуваат закани поради кои DC му ангажирале телохранители. Јас сум во групата што остана со подотворена уста од концептот и сценариото и не сакам ништо да му се случи на Кинг. Целиот серијал ќе трае 100 броеви, па има доволно време за да го оствари она што го замислил, а кое можеби во оваа фаза го исплаши вториот табор.


Сигурен сум дека ги нема изиграно сите карти и не се потпира на импровизација. Сето ова е плански, меѓусебно поврзано и расцепкано на парчиња кои полека ги склопува. Нешто како "Залогот, пресвртот и престижот" на Нолан во неговата Бетмен трилогија. Уште не сме го виделе крајот на трикот, а баш е возбудлив патот до таму. Кој не сака емоционални ролеркостери? Кинг удри и една неочекувана нота што Knightmare костимот конечно го направи дел од стриповскиот канон. Batman v Superman сцената од сонот на Брус во пустелијата која Зек Снајдер веројатно ја имаше шлакнато зашто визуелно му изгледала кул? Епа, тука е исто ефективна само што конечно е во некаков контекст. Се надевам дека ова ќе стане дел од Бетмен за пустински мисии зошто дизајнот на тој костим е стварно предобар. 

Целиов опус на Том Кинг ќе беше совршен толку не постоеше клизавиот почеток и еден арк некаде понатаму со Ајви кој се потрудив да го разберам, ама не успеав. Дали оваа Ајви тука во DC Rebirth има такви супермоќи или пропуштив некоја страница, не знам, ама повеќе ми изгледаше дека е филер идеја колку да земеш здив. Повеќе сакам филери како онаа приказната со малото милијардерче што е опседнато со смртта на Вејнови и сака да биде Брус Вејн.

Остатокот е феноменален. Кинг е одличен раскажувач, а често нарацијата ја пресликува во нејзината спротивност. Паралелно добиваш две перспективи на една приказна. Тој штос првпат го искористи во еден број во аркот со Бејн, а понатаму со умерената употреба само си го направи препознатлив знак. Секогаш обрнува големо внимание на детали, знае да усогласи различни тонови, а често пати мрачниот универзум на Бетмен ќе го прошара и со порелаксиран соодветно темпиран хумор. Затоа и му верувам. Го прочитав и #51 каде што намерно го трга вниманието од случувањата во претходниот број за да создаде дополнителна тензија, па едвај чекам да видам како ќе го развие целото ова.

Види такоѓе: 

July 5, 2018

Ништо не е исто после Spec Ops: The Line

Ретко се случува некоја игра да успее насилно да те растури на парчиња за да те склопи назад емотивно оштетен. Затоа, пред да продолжам понатаму со животот, мора да го направам муабетот за Spec Ops: The Line. Навидум обичен воен шутер, Spec Ops: The Line од 2012 е едно од најинтензивните гејмерски искуства што било кога сум ги доживеал. Иако бев предупреден дека ме очекува нешто поразлично, не можев ни отприлика да претпоставам на каков начин ќе ми се сервира тематика која претходно другите слични игри некако ја занемарувале.

Oсновата на приказната е прилично едноставна. Дубаи е разрушен од песочни бури и напуштен од политичарите и богатата елита во тајна евакуација, а остатокот од населението е оставено да се удави во песок и жед. Полковникот Џон Конрад и неговиот баталјон кои тогаш се враќаат од Авганистан, одлучуваат да волонтираат за помош во Дубаи спротивно од наредбите на армијата на САД, која ги прогласува за дезертери. Евакуацијата е неуспешна, Дубаи е набргу прогласен за ничија земја, па неколку месеци подоцна капетанот Мартин Вокер е испратен со мал Делта тим да бара преживеани.


Ти играш со капетенот Вокер, кој меѓудругото, се осеќа должен кон Конрад бидејќи му го спасил животот во Кабул, давајќи посебен личен тон на неговата мисија. Кога Делтите пристигнуваат во проклето сончевиот Дубаи, играта не може да изгледа погенерички. Учиш неколку основи за како да се движиш низ песокот и рушевините, пукаш во неколку непријатели, учиш како да ги командаш Адамс и Луго за и тие да го неутрализираат она што пука во вас, собираш муниција и бомби... Класична херојска воена игра, нели? Пау-пау.

Откако кога ќе ги препознаеш сите карактеристики на жанрот, Spec Ops: The Line ќе ти фрли песок во очи и ќе те сопне на земја. Играта има низа пресврти и најбитниот доаѓа на крај кој нуди и неколку различни завршетоци, ама најпаметен избор е да ги заобиколам како не би расипал нечие доживување. Баш поради тоа и маркетинг кампањата на 2K Games била толку воздржана што директно се има одразено на финансискиот успех на играта. Затоа и шест години нема продолжение ниту најава за било што ново во таа насока. Не е лесно да продадеш игра што изгледа како секоја просечна пуцачина и притоа да се обидуваш да сокриеш таква неочекувана моќна приказна.
 

Spec Ops: The Line прво ќе си поигра со твоите очекувања. Потоа ќе почне да се заебава со твоите морални вредности и сè она во кое веруваш, ќе те соочи со избор помеѓу ужасно лошо и катастрофално, присилно ќе те прошета низ последиците од твоите дискутабилни постапки и на крај нема да знаеш дали тонеш во лудило или мрак. Во повеќето игри обично играчот има прилика да се поврзе со ликот кој го игра и практично да ја превземе неговата улога. Овде иако ги гледаш работите од перспектива на Вокер, во повеќе наврати ќе се најдеш во ситуација каде што ќе сакаш да повлечеш линија, ама играта не секогаш ќе ти дозволи. Во моментот кога нема да сакаш да си Вокер, веќе ќе биде предоцна и тука забележуваш само еден од многуте мета-концепти кои се насекаде. 

На второто играње имав прилика да го видам ова. Фасцинантно е. Кога првпат играш, во главно си фокусиран на други работи и не можеш да забележиш некои битни детали или па дури и ако ги приметиш нема ти значат многу. Приказната, симболиката и општо целата тема на играта е распространета низ секој нејзин сегмент, некогаш мајсторски суптилно. Од главното мени, низ билбордите и написите по ѕидовите во Дубаи, па до лоудинг скриновите - играта постојано го рефлектира тоа. Дури и изборот на самиот саундтрек. Иако првото играње засекогаш ќе биде незаборавно, следните нудат уште поголема забава доколку сакаш да анализираш како ти влијае изложувањето на трауматски настани.


Играта црпи инспирација од книгата Heart of Darkness на Џозеф Конрад по која е снимен Apocalypse Now филмот. Освен тоа што ликот на Конрад е именуван според авторот има и други точки каде што се допираат, но воглавно материјалот е доволно различен за цврсто да опстои самостално. Тоа што опкружувањето е воено и не е можеби најпресудно, но секако е ефективно и придонесува кога сакаш да потенцираш свирепи човечки инстинкти.

Во тој контекст има една страшно вознемирувачка сцена која покрај тоа што е наградувана, ја има поделено публиката и критиката околу потребата за нејзиното постоење. Девелоперите решиле тука да не ти дадат вистински избор, туку само да те разгневат. Изборот е всушност дали воопшто ќе продолжиш да играш понатаму и колку далеку си спремен да одиш. Одеднаш воените игри веќе не се толку забавни. Ова е и една од директните критики кон серијалите како Call of Duty кои често ја глорифицираат тематиката. Наградата од оваа сцена е една низа пост-трауматски растројства, се разбира.


А, кога сме кај тоа, приметив дека и оргиналниот саундтрек е исто ефективен во таа насока. Додека трае акцијата едвај го приметуваш, ама кога ќе го слушнеш надвор од играта веднаш ти се враќа целиот хорор. Не ми е јасно како успеале да го постигнат ова, нема шанси да е само до мене. Се разбира, има и песнички како онаа од The Black Angels што ќе ти биде хитче на неделата, ама другото се претежно свирепи слики кои те потат навечер во кревет.

Низ Spec Ops: The Line има и некои ситници кои и на други начини ја предизвикуваат природата на приказната. Поголемиот дел што ќе го искусиш веројатно е ист за повеќето, но сепак ти е оставен доволен простор за сопствена интерпретација на одредени работи. Она што мене ми го приреди направи да се осеќам како најголем мизерник. Не го избирав секогаш свесно полошото, понекогаш мислев дека ја правам вистинската одлука, а за некои трети се осетив добро без да знам дека последиците ќе се вратат да ми се насерат на постоењето. Како кога ќе скршиш некои работи и ниедно извинување нема да ги поправи. Не е секогаш твојата перспектива најважна и најдобра. Не ти ни треба војна за видиш каков гомнар можеш да бидеш. Па, затоа и мислам дека си ги заслужив сите овие грозни чувства.

Не можам доволно да ја препорачам Spec Ops: The Line. Потресна е, ама понекогаш вреди да се изложиш на вакви работи, макар и за тест. Тест на кој што јас очигледно неколку пати паднав. Иако е кратка, она што следува после ќе те демне долго. Можеби е добро што серијалот не успеал да продолжи понатаму. Реално, каде после ова? Има и други Spec Ops игри претходно, ама се само обични воени шутери како и многу слични. Оваа го зема цел жанр и целосно го редефинира. Те редефинира и тебе како играч и личност.

July 3, 2018

Првите впечатоци од Quake Champions

Ни знаев дека има нова Quake сè до пред некоја недела кога промотивно ја делеа бесплатно. Освен во носталгични муабети за тоа кој колку пари спичкал по играчници, Quake ми исчезна од радарот многу одамна. Повремено играв Unreal Tournament последниве години, ама овој серијал го немав вистински допрено од Quake III Arena. Во времето кога тие играчници почнаа засекогаш да ги заклучуваат вратите, некако се фокусирав на други жанрови. Quake секако не сопре тогаш, меѓутоа мислам дека никогаш ништо не успеа да се приближи до она што беше третото продолжение. 

Quake Champions е најновиот наслов во серијалот кој е уште во некоја бета, ама во моментов е достапен за 30 евра. Практично со ова плаќаш пакетче со сите херои и ран влез. Цената можеби звучи превисоко за недовршена игра полна со микротрансакции за козметика, ама па размисли колку саати во играчница биле тоа пред дваесетина години. Играта би требало пак да биде бесплатна ако биде официјално објавена наскоро, со оглед на тоа што хероите се докупуваат со вистински пари или валута што се добива со играње.


Моментално се достапни десетина херои со уникатни способности, десетина мапи и два мода, Team Deathmatch и Instagib. Претежно го играм првото зошто позабавно ми е во тим со други тројца отколку со седум луѓе да се пукам со едно оружје. Се надевам дека наскоро доаѓа и Free For All мод зошто тоа е мојата Quake што ја сакам и памтам. Останатото е отприлика слично. Трчаш низ мрачни мапи, собираш оружја и појачувања и се трудиш бројот на убиства да е 75 или поголем од непријателскиот тим додека да истечат десетте минути. Мапите се слични како во секоја Quake игра - темни, збиени, со средновековни мотиви и крајно непредвидливи. Никогаш не знаеш кој ќе ти излезе од некое од ходничињата.

Низ партиите собираш и различни медали кои немаат друга намена освен за курчење пред другарите. Има медал за првото убиство, медал за неутрализирање на непријателот со специјалниот атрибут на твојот херој, за разнесување нечија глава во воздух, за кога ќе го летнеш противникот надвор од мапата, па дури и за кога ќе му ја прекинеш забавата во собирањето на quad-от. Медал добиваш и кога ќе му ја отсечеш фацата со пила. Има многу. Во една партија можеш да добиеш и дваесетина различни. Некогаш кога ќе ми тргне добро ја терам партијата само за да собирам медали.


Класична старошколска забава, но со мала 'модерна' нишка што доаѓа баш од начинот на кој играта те наградува. Денес изгледа не е доволно само да се пукате за ќеф, мора да ти се падне и некое ковчеже во кое има скин или боја за дел од опремата. Немам ништо против, така функционираат повеќе онлајн игри денес. Повеќе сум загрижен за заедницата и бројот на играчи. Иако во сите мечеви приметувам дека луѓето знаат за каков тип на шутер станува збор, пак ќе налеташ на некој што во десет минути не успева да го навикне стилот на игра. Се обидува да кампира во ќош или со другар му еден до друг ќе налетаат на граната. После оди на форумите и се жали како играта е претешка и нефер.

Ако Quake Champions не успее, веројатно ќе разберам. Помалку сме старци на број отколку децата научени на бетл ројал шутери. Не е ова Fork Knife или било кој од популарните шутери денес. Интензивно рокање во тесна арена е, треба да трчаш, да скокаш и да припазуваш што кога ќе се појави на мапата и дали да го собереш или оставиш на некој од твојот тим. Но, помладата публика која веќе е сигурно поголем дел од пазарот не била ни родена кога Quake III Arena ги полнеше играчниците, па не е виновна што ова не им е толку интересно. Дури тука доаѓа и тој симпатичен момент, што во Quake Champions се вкрстени неколку различни генерации.


Играта е веќе една година во неофицијална состојба, се менува и се надградува. Визуелниот дел е очигледно завршен и Quake Champions изгледа феноменално, меѓутоа недостастуваат уште неколку работи за да ги задржи играчите. Ranked модот не ме занима, чекам Free For All. Тоа е најблиску до тоа што се игра денес нели, не ми е јасно дали е привремено исклучен или воопшто не постои. Дури и онаа публика која е тука поради жанрот и Quake, гледам дека е гласна против монотонијата која наводно доаѓала покасно. Јас со петнаесетина изиграни саати до сега не можам да сум повеќе благодарен за играва, ама не знам како ќе биде понатаму.

Искрено сакам да успее ова. До крајот на годината ако не излезе официјално, не верувам дека ќе опстои уште многу. Во просек има околу 4000 играчи онлајн, што е стварно тажна бројка за воклу добра игра. Веќе ги гледам истите луѓе во секоја трета партија. Сепак, ќе си поседам тука, убаво ми е. Веројатно ќе потонам со бродот како со Loadout, ама тоа е. До тогаш ќе играм и ќе го следам развојот и ќе се обидувам да охрабрам и други да ми се приклучат. Quake Champions е вредна за секоја десетминутна партија. Ми фалеше жанрот во животов.

Види такоѓе:

July 1, 2018

Се возбудив за The Predator

Дел од мене страсно ја презира неивентивноста на Холивуд и потребата сите следни блокбастери да бидат веќе препознатлив бренд. Сепак, има денови кога се подавам кон трејлерот за Bumblebee филмот и се присеќам на фактот дека лани се забавував во кино на Transformers: The Last Knight. Двајца знаевме за ова цела година, еве го сега тука јавно пред десетина луѓе. Буба е Бамблби во новиов филм, океј? Како може некој да каже не на тоа? Исто како што не можеш да кажеш не на нов Предатор филм, иако последните неколку сите филмови во тој универзум кои не се кецот, се мех. 

The Predator на Шејн Блек доаѓа за неколку месеци. Има ли потреба? Секако дека не. Но, потенцијалниот профит што е на располагање е доволно прималив плен за ова да се случува. Трејлерот изгледа океј и покрај тоа што одбивам да се кладам на трејлери. Дури изгледа океј и покрај тоа што веќе пола филм го видов, ама па што може да те изненади во Предатор филм? Приказната е наједноставна на свет. Има вонземска раса што доаѓа на Земјата да лови луѓе за спорт. Идеја што функционира само еднаш беспрекорно, а пак ништо никого нема го да спречи да ја молзи додека некој не се осмели за ново. 


Шејн Блек не е нов во ова. Ја сака франшизата, бил претходно дел од неа, а неговото богато режисерско резиме дополнително ми влева сигурност дека нема да ја заебе. Треба да си ептен сенилен Ридли Скот за да се посереш врз едноставна функцонална идеја, а не ми се верува дека Шејн Блек ќе се стреми кон било каква псевдо-филозофски третман на вонземска митологија. Никој не сака да види од каде доаѓаат опасните мистериозни вонземјани, слушаш ли Ридли Скот? Во The Predator очекувам попримитивен пристап кон материјалот, баш онаков каков што прилега на овој тип на филмови.

Сè што треба да видиме е како група несреќници бидува ловена од помоќно суштество. Тоа треба да е насилно и брутално, а Шејн Блек исто така ветува R ознака на филмот, зошто сè останато вика дека било за пички кога станува збор за Предатор. Корнење р'бети е крвава активност, за детските верзии на двете франшизи постојат два Alien VS Predator филмови. Па, ако дојде септември и филмов ненадејно се претвори во забава за целото семејство, веројатно ќе го сконам и нема да го обвинам Шејн Блек, туку студиото. Ама, ако останат сите ветувања тогаш планирам да се нацртам на премиера. 

Ако биде срање, нема да е првпат. Ќе зборувам за тоа како пак сум испаднал наивен, како воопшто немало потреба од филмов, како студиото е криво што ја искасапило идејата на Шејн Блек, како Шејн Блек сепак не знаел што прави со филмот и сценариото, како ликовите биле глупави и правеле нелогични потези. Па, за дизајнот на новиот Предатор, како со цел да биде "поголем и подобар" се постигнал обратен ефект. Има тука теми, ехее. Но, до тогаш не гледам зошто да не се допирам себе на трејлерот. Еве го тука.

Види такоѓе:

June 12, 2018

Можеби Jurassic World: Fallen Kingdom ќе биде забавен за десет години

Тоа што мислев дека добро сум си прошол на Jurassic World ме однесе во кино нa Jurassic World: Fallen Kingdom. Постот што сум го напишал пред три години баш и не се поклопува со моите сеќавања. Доколку првиот Jurassic World беше филмот што не успеа да ја пркне франшизата, тогаш Fallen Kingdom е дефинитивно астероидот што ја уништи секоја нејзина идна шанса. Сигурен сум дека после ова двочасовно измачување лишено од секаква креативна мисла, логика и кохеретност, патот назад ќе биде многу потежок.

Концептот на Jurassic Park и онака само еднаш функционираше беспрекорно. Следните две директни продолженија можеби и не беа баш најсјани, ама беа далеку од навредливо лоши. Дури и Fallen Kingdom почнува сосема океј. Паркот е уништен и затворен, диносаурусите се уште на островот, ама вулканот што го дели островот со нив баш сега решил да се активира. Секако, има иницијатива да се префрлат диносаурусите на побезедно и секако не е баш така како што изгледа и секако ќе се распукам со спојлери надоле зошто филмот е и онака доволно расипан.


Првите дваесетина минути се сериозно забавни. Приказната за жал го губи моментумот кога Крис Прет ќе почне да бега од лава и од тука некаде Fallen Kingdom почнува да си сере гомна од тираносаурус врз себе. Тоа патем се прилично големи гомна чија величина морав да ја истражам пред да ја искористам референцава. Филмот има досадна одредена траекторија по која се движи без оглед на она што го прават ликовите. Понекогаш и целото дејствие ќе сопре само за се случи некоја сцена за која некој одлучил дека ќе се најде таму. Не е проблем, армија од триста вооружени бараби ќе почека додека скришно се одвива диносауруска трансфузија.

Доколку филмот беше само едноставно префрлање на диносауруси од еден остров на друг, сигурен сум дека ќе имаше постегната целина. Тензијата тогаш би дошла од евентуалните неприлики по пат, нели. Џиновски монстурми се, толку многу може да тргне на лошо. Пред да дознаеме дека има клише злобен негативец филмот воспоставува дека преместувањето ќе биде нелегално зашто државата не се грижи за проблемите на приватна компанија. Сосема доволно, дури и возбудливо. Група ентузијасти преместуваат ебени диносауруси од точка А до точка Б додека бегаат од полиција.

Но, не. Мозокот на операцијата не ги преместува никаде, туку сака да ги продаде нелегално на сомнителни богаташи охрабрувајќи ги да милитаризираат. Буквално има аукција на диносауруси во Fallen Kingdom. Истиот тој злобен негативец нема никаква причина да го прави тоа што го прави. Веќе располага со доволно пари за три животи бидејќи е здружен со безобразно богат лик кој е ретроактивно уфрлена Џон Хамонд фигура, а целата операција која води до аукцијата изгледа како да чинела повеќе од евентуалната негова заработка. Не ми сметаат негативци со глупави мотиви, ама ме нервира кога тие мотиви се комплетно логички непоткрепени.

Филмот не се воздржува ни од стереотипен Русин, додека паралелно приказната има двајца идиоти актери кои се пристуни во филмот само поради диверзитет. Да не беше тажно, ќе беше смешно. Крис Прет изгледа како да му е интересно тоа што го прави, дури и кога пука под вода со пиштол во стакло, ама да речеме дека е професионалец, иако можеби не го прочитал целото сценарио каде што диносаурус влегува од кров на куќа во прозор.

Можеби само треба да помине време. Едно десетина години сигурно. Кога ќе ми проработи носталгијата и мозокот ќе ми биде доволно оштетен од следните лоши филмови за да можам да најдам некаков забавен фактор во Jurassic Park: Fallen Kingdom. Можеби тогаш ќе се покаже шармот на овие апсурдности.

June 10, 2018

Street Fighter и проклетството на филмските адаптации на видео игри

Раните "лоши" филмски адаптации на видео игри од почетокот и средината на деведесеттите имаат создадено концепт на клетва кој е присутен и денес. Секој филм инспириран од игра се третира како дел од тоа "проклетство" што е веќе заморно да слушаш како следниот конечно ќе го скрши. Филмот излегува, не успева да ја задоволи публиката и мнозинството е согласно дека клетвата е уште во ефект. Со ваква глупост, очекувањата за филмовите од овој жанр се од почетокот подесени. Се очекува да бидат "лоши", па една грешка на филмот е доволна за да биде пречекан од вооружена толпа за линчување, без разлика дали се работи за различна визија на режисерот и публиката или едноставно невешто пренесување на идеите од еден медиум во друг. 

Super Mario Bros. (1993) е филмот што ја има создадено репутацијата на жанрот, a подоцна следуваат Street Fighter (1994), Double Dragon (1994) и Mortal Kombat (1995) кои во никој случај не придонеле таа да се подобри. Претпоставувам дека тогаш на студијата не им било грижа за квалитетот на содржината туку повеќе се надевале дека препознатливоста на брендот ќе биде сама по себе доволна за успех. Луѓето што работеле на нив никогаш претходно не адаптирале игри, ниту пак знаеле за каква публика ги прават. Често си земале голема креативна слобода, а некогаш и самите студија инсистирале на трупање ствари кои мислеле дека ќе ја задоволат гејмерската клиентела. Иако повеќето од овие рани филмови остварувале огромен профит, критичарите често ги сместуваат на листите на најлоши на сите времиња.


Street Fighter II играта беше огромна работа и кај нас кога бев дете. Немаше флиперница без некоја од нејзините неколку официјални верзии. Ван Дам исто беше многу популарен, па кога не дремеш во флиперница кај што те чадат осмоодделенци со цигари, го гледаш Street Fighter филмот со него дома на телевизија или пукаш некоја кинеска пиратска верзија од играта на Нинтендо. Да, се вртеа неколку дискети со Street Fighter игри кои изгледаа различно од секоја друга. Како мал секако дека уживав во филмот. Сите го гледавме имало денови кога само тоа била темата на муабет по флиперниците. Како што растев полека сфаќав колку е лош, додека во меѓувреме флиперниците умираа заедно со пиратската содржина на телевизија. Во тинејџерските денови  пробав да го гледам пак и не ми беше толку забавен, ама веројатно имав подобра занимација отколку носталгичарење за нешто што и не било толку одамна.

Деновиве го гледав пак после години и години. Далеку е од најлошиот филм на сите времиња. Опште земено, доволно е лош за да си ја заслужи репутацијата, ама истовремено е толку забавен што лесно можеш да му ги простиш сите проблеми. Толку појма немале што прават со филмов што ми е исклучително симпатично. Capcom како сопственици на Street Fighter се мешале во секој аспект од продукцијата, а најмногу во кастингот. Биле решени Ван Дам да е Гајл (мислам дека првпат го нарекувам ликот Гајл, секогаш го викавме Гиле), па идејата Белгиец да глуми американски патриот е смешна уште од сам старт. Освен тоа, на Вам Дам побитно му било да ја натопорува Кајли Миног додека шмрка бело отколку да се замара со филмот.

Пола буџет од филмот отишол на Вам Дам и Раул Хулија, кој патем е единствениот актер во филмот кој не месечари низ сцените, па Стивен ДеСуза потоа морал да ги исполнува ликовите со евтини полупрофесионалци. Capcom во обид да промовираат серија играчки слична на G.J. Joe, секоја недела инсистирале да се вметне уште еден нов. Затоа и повеќето што се појавуваат во филмот и имаат некаква реплика се ликови од играта. Дури и телевизиската екипа е составена од хавајски Хонда, Чан-Ли и Балрог. На ДеСуза му се посреќила оскудната приказна од играта, па практично можел слободно да ги тера глупостите на Capcom со ликовите.

Колку и да е шкартно сценариото, има еден момент кога можеш да видиш дека го пишувал истиот човек што е потпишан на Die Hard. Бајсон кога ѝ се враќа на Чан-Ли со (парафразирам) "Денот кога ти го запалив селото беше најбитниот ден во твојот живот. Мене ми беше вторник" е фора што зборува за тоа колку е способен ДеСуза доколку не му се мешаш во работата. Верувам дека и на него му било скурчено. Пола продукција веќе се распаѓала на крај, се снимало на различни локации во исто време, додека Џулија се борел со рак и умира месец дена по снимањето. Сите во некоја етапа се заканувале со отказ, додека студиото најмувало тип што требало да го држи Ван Дам настрана од брлавштини, ама и типот за брзо му се придружил на журкањето низ Тајланд.

Кога ќе ги видиш сите овие работи во продукцијата и како испаднал филмот на крај, нема шанси да не ти биде забавно. Capcom пробуваат да го објават филмот до Божиќ, а цела екипа се жали на храната во Тајланд. Општ хаос. Додај ја носталгијата тука и нема подобра адаптација на игра од ова. Бајсон има закачено портет од него инспириран од кловнот Пого на Џон Вејн Гејси психопатон, колку може да е позабеган филмов? Хаос. Ако сакаш да гледаш "вистинска" Street Fighter адаптација, тогаш веројатно побезбеден избор е она Assassin's Fist. Не сум го гледал уште, ама да речеме дека верувам на добрите зборови.

Што се однесува до "клетвата", глупост е да се лепи таа етикета на сите адаптации на игри. Таков е жанрот, веројатно никогаш нема на сите да можеш да им угодиш. Чудно е како секогаш толку голема група на луѓе е разочарана. Озбилно, што треба да се случи за да се прекине со тоа? Знам дека е забавен маркетинг за да си го продадеш и онака лошиот мрзливо направен филм, ама до кога ќе трае? Можеби самото адаптирање на игра во филм е покомплексно поради субјективното искуство, ама ако може да функционира и за стриповски адаптации кои се малку оддалечени од изворниот материјал како е возможно тука толку често да се потфрла? Кога станува подобро? Кој е крив за ова? Уве Бол? Сè некако ми е страв дека оваа стигма е тука да остане, па макар го добиле и Pacific Rim на жанрот.

Види такоѓе:

June 3, 2018

Двата Lady Snowblood филмови

Денес е речиси невозможно да разговараш за Lady Snowblood без да го спомнеш Kill Bill. Благодарение на Тарантино ова јапонско ремек-дело последниве петнаесетина години го зајакнува својот култен статус и кај западната публика. Базиран на истоимениот манга серијал, првиот Lady Snowblood филм од 1973 раскажува приказна за одмазда чиј наративен и визуелен тон подоцна ќе му послужи на Тарантино како една од главните инспирации за Kill Bill. Тарантино толку многу позајмува од концептите на Тошија Фуџита што во некои моменти ќе те натера да ја повториш линијата помеѓу омаж и плагијат. Дури и песна од саундтрекот на Lady Snowblood е искористена во Kill Bill.

Lady Snowblood, како и Kill Bill, има нелинеарна структура и именувани поглавја. Додека гледаме како Јуки Кашима ја спроведува одмаздата, филмот преку флешбеци ги раскажува нејзините мотиви и позадина. Јуки го одмаздува семејството кое всушност никогаш немала ни прилика да го запознае. Нејзиниот татко и брат се брутално убиени неколку криминалци кои подоцна со денови ја силуваат нејзината мајка. Откако мајката на Јуки ќе успее да убие еден од напаѓачите, завршува во доживотен затвор каде што има секс со различни стражари со цел да затрудни со дете кое ќе може подоцна да се одмазди. Мајката умира во затворот на пораѓај, а бебето Јуки е испратено кај учител по боречки вештини кој за дваесетина години ја претвора во машина за убивање.  


Јуки не е Невестата, ниту О-Реш Иши, ликови кои Тарантино делумно ги обликува по неа. Трагедијата на Јуки не е смртта на нејзиното семејство колку тоа што целиот живот од раѓање ѝ е сведен на прецртување неколку имиња од список. Никогаш немала ништо освен наметната загуба и пресудата уште од самото раѓање да биде инструмент за одмазда на нејзината мајка. Речиси и не покажува емоции и ретко зборува, а кога треба да каже нешто остава мечот кој го крие во рачката од чадорот да прозбори за нејзе. Крвта шприца од непријателите на идентичен начин како во Kill Bill, уште еден симпатичен детал што Тарантино одлучил да го позајми.

Насилната природа на филмот е феноменално вклопена во кинематографијата на Фуџита. Контрастот на боите, сетовите, позиционирањето на ликовите во кадар и играњето со агли е генијално. Такво внимание за толку многу детали не може да те спречи да ја цениш љубовта на Фуџита кон тоа што го правел, а ниту пак да се инспирираш и да учиш режисерски штосови. Така ли е, Квентине? Во Lady Snowblood има и еден сегмент кој раскажува претходен настан  со мангести цртежи како што на сличен начин Тарантино користи аниме во Kill Bill. 


Вториот дел од 1974 Lady Snowblood: Love Song of Vengeance ја враќа прекрасната Меико Каџи во улогата на Јуки, меѓутоа одмаздата малку ја заборава во првиот дел, иако е дел од поднасловот. Ми се допаѓа и вториот, ама генерално поради визуелниот третман и режисерските мајстории на Фуџита. Приказната некако не ми функционира, пред сè зашто првиот дел ја заокружува целта на Јуки. Love Song of Vengeance ја сместува во затвор од кој е ослободена за да се справи со политичките противници на актуелната власт. Не само што каратеристичното насилство е со намален интензитет, туку филмот е преполн со политички интриги од тој период од јапонската историја за која не знам доволно за да ми се интересни. Ниту пак Јуки делува како некој што би се замарал со такви ствари за да преживее.

Сепак, за едно гледање вреди. Не е воопшто лош, ама едноставно не е тоа што сакам и очекувам да го видам во овој тип на филмови. Верувам дека и Тарантино само еднаш го има гледано, зошто ништо од тука не успевам да препознаам во Kill Bill. Без првиот Lady Snowblood можеби и немаше да постои Kill Bill, а без Kill Bill којзнае дали воопшто ќе дојдев во допир со филмот, така што ете ти еден глупав полу-парадокс. Мангата ја немам читано, ама има јапонска научно-фантастична адаптација во 2001, се вика The Princess Blade. Може и тоа да се провери некогаш.

May 20, 2018

Дедпул Двa

Deadpool е без дилема најдоброто нешто што последниве години му се случи на издишaниот суперхеројски жанр. Едниве го прават истиот филм дваесет пати, другиве не знаат кај тераат, додека овој си воспостави сопствени правила и не се воздржува да ги превитка и постоечките. Факт е дека добар дел од тоа се должи на изворниот концепт на ликот, меѓутоа на крајот пак вредноста на таквиот продукт ќе зависи од тоа како е обликуван во рамките на медиумот. Само присети се на Logan. Во моментот кога студиото одлучи да престане со безбедните чекори, испорача филм што ќе биде запаметен како еден од најквалитетните во жанрот.

Уште со првиот беше јасно дека овој тип на забава не е за целото семејство. Вториот можеби пробува да се спрдачи со поимот "семеен филм", ама и понатаму останува преполн со работи кои не би можел едноставно да ги оправдаш пред твоите мали деца и внуци. Deadpool 2 e ултра-насилен, вулгарен и без кочници кога ќе одлучи да го однесе хуморот во незгодна крајност. Некогаш шалите се исклучително интелигентни, ама често се и како тие на пијаниот чичко на слава што кажува мрсен виц и сите се кикотат за да нема непријатна тишина. Сепак, и таквите невкусни фори тука некако природно се вклопуваат.


Но, Дедпул не е комичар и покрај неговата голема, претежно погана уста. Главната дејност му е убивање луѓе и упорните обиди да се оствари како херој. Иако првото повеќе му оди, никогаш не се откажува од идејата да биде запамтен по добри дела. Ги прави, ама на сопствен начин и со својствени методи. Некогаш и му успева. Добро е уигран и со новите ликови, особено во делот каде што експлицитно го удира темелот на следната франшиза, па лесно ги наоѓа и фамилијарните вредности по кои толку очајно трага. Пред сè ова е семеен филм, нели?

Акцијата е секако присутна во енормни количини, нецензурирана и безмилосна. Филмот комплетно ја прегрнува R ознаката и во овој оддел. Дедпул не се воздржува креативно да ги испразни шаржерите и покрај четвртиот ѕид, да напукне и неколку коски. Сакам кога во овој тип на филмови постои културен баланс во структурата и адреналинот не се чува само за последната "спектакуларна" пресметка меѓу добрите и лошите. Deadpool 2 супер го диктира темпото, па некогаш и се протегнува во други жанрови поради умерен пародичен ефект.

Рајан Рејнолдс не може да биде покомотен во ликот. Веројатно ова е тоа што се случува кога го работиш проектот од соништата. Очигледно се забавува со секој аспект од Дедпул, активно го носи ликот и надвор од филмот како дел од маркетиншката кампања, а не се стега да се позаебава и на своја сметка. Ова меѓудругото ме води и до заклучокот дека Deadpool 2 е подобро искуство од првиот. Иако вешто ја користи основата, па и го референцира во неколку наврати, има доволно нови детали за да функционира надвор од таа дебела сенка. Многу ретко продолженија ми се подобри од оргиналите воглавно зошто често пати биле направени од рециклирани материјали.

Не знам дали трет пат ќе се повтори магијата, веројатно одговорот на тоа прашање делумно ќе се добие во престојниот X-Force филм чии ликови дебитираа тука. Повеќе сум загреан за трет самостоен филм отколку да го гледам како дел од суперхеројски ансамбл, ама па Кејбл беше толку одличен во Deadpool 2 што можеби ќе го сркнам и ова кога ќе излезе.

May 14, 2018

Како остаре Brainscan?

Осумдесеттите, па и добар дел од следната декада, опфаќаат една ера на крајно симпатичен филмски третман кон тогашната модерна технологија. Сега имаме Black Mirror за да ја подгрева техно-паранојата со хипотетички уреди, но тогаш многумина не биле запознаени ни со основните функции на персоналните компјутери, па фикцијата често ги поместувала границите на имагинацијата. Меѓу сите оние наслови како WarGames, Tron и The Lawnmower Man има едно мало хорор комедија филмче што се обидува да отиде уште подалеку - Brainscan (1994). Деновиве првпат го гледав после повеќе од десет години за да видам како остарел.

Brainscan ретко ќе го сретнеш на глобалните хорор топ-листи, ама прашај некој близок што има околу триесетина години, филмов ни беше религија. Еден од оние што секој втор ден ги имаше на телевизија додека растевме. Денес покојниот Едвард Фарлонг го глуми тинејџерот Мајкл кој е опседнат со видео игри, метал и хорор филмови. Мајкл живее во изолација на поткровјето опружен со сомнителна технологија, има компјутерски асистент што е варијанта на Сири и повремено тајно ја фотографира комшиката од карши, престап што не се сеќавам дека го разбиравме на тие години.


Мајкл скептично ќе почне да игра Brainscan, нова интерактивна хорор игра која практично го хипнотизира играчот и го води низ грозоморно убиство од прво лице. Упорно не успевам да сфатам како точно ја игра и каде го става дискот, ама мислам дека ни самиот режисер не би можел точно да го одговори прашањево. Дали е VCD тоа? Океј, ќе играме по твоите правила Џон Флин. Мајкл следниот ден ќе дознае дека во комшилукот се случило убиство слично на тоа што ќе го искуси во Brainscan и тука филмот директно ти го поставува прашањето - на кој начин е ова повеќе од игра?

Додека Мајкл се обидува да си го одговори истото, од играта се материјализира језивиот Трикстер, заборавеното дете на Фреди Кругер и Битлџус, кој му објаснува дека на првото убиство имало сведоци и мора да продолжи да игра и понатаму и да се ослободи од нив пред полицијата да му навлезе во трага. Трикстер е нешто како туторијалите во игрите што те држат за рака само што е малку пореален за Мајкл и не толку пријателски настроен. Трикстер истовремено е замислен и како лик за комичен ефект, меѓутоа Brainscan ретко успева да го исполни потенцијалот на било кој од жанровите по кои посегнува и тоа е сосема во ред зошто филмот има невиден шарм кој надоместува за пропуштеното.

Многу од овие наслови се хранат со мојата носталгија и често затоа го задржувам доброто мислење и после години. Brainscan не е толку лошо остарен како што очекував. Веројатно ќе ми се свиѓаше и првпат да го гледав денес. Има моменти каде што се лизга и паѓа на земја, некои работи умираат пред да почнат да созревеаат (како кариерата на Едвард Фарлонг), ама воглавно се држи, па дури и визуелно. Сум сретнал понови филмови чии специјални ефекти изгледале смешно после две години. А, концептот за приказна со ваков тип на игра веројатно би преживеал и денес, чудно ми е како нема модерен римејк во најава. Можеби "Playtest" епизодата од третата сезона на Black Mirror е доволно блиску?

May 11, 2018

Лига на Лигуши

Не е секогаш лесно старите навики да си ги тргнеш од курот. Исто така, последниве месеци пак се вратив и на League of Legends. Поминаа три-четири години откако престанав активно да играм, а под активно мислам на секој ден да уклучувам барем една партија со цел да добијам лажно чувство на достигнување. Не беше лесно. Не само што затекнав игра поразлична од последниот пат, туку сфатив и колку ми атрофирале рефлексите. League of Legends е игра што бара брзи реакции, а веќе не сум толку млад за да не кликам панично на погрешни места низ мапата.

Хероите што ги знаев ги начекав малку сменети, а новите со кои првпат се среќавав ме кршеа толку јако што брзо ми се откри дека токсичната заедница на играчи сè уште е доминантна. Не можеш да погинеш три пати по ред без некој од твојот тим да се исклучи или фуриозно да почне да пишува на четот како сака да ти ја ебе фамилијата до трето колено. Престар за да се пцујам со копиљаци што ги бркаат на спиење во 22:00, решив дека за да продолжам со компетитивните мечови ќе мора да изиграм неколку партии со вистински ботови. Морав го вратам осетот во десната рака, а и да си најдам нов соодветен херој.


Во безработните и безгрижни денови кога можев да си дозволам League of Legends по дванaесет саати дневно, многу ретко играв џангл или сапорт од проста причина што не ми беше доволно забавно. Malzahar, Brand, Teemo, Renekton, Varus и Graves беа хероите со кои го потрошив поголемиот дел од тие неколку илјади партии. Овој нов почеток беше совршен за освежување на мојата улога на Summoner's Rift, па решив да спукам неколку партии со Rengar и Janna. Џунглата уште не ми е пријатна, ама па затоа комплетно се насочив кон обезбедување поддршка на моите соиграчи.

Janna e феноменален херој. Фрла штит на соиграчите, а со ветерот и zephyr се грижи за непријателите да си го научат местото на лентата. За групни тепачки е кошмар, зошто може лесно да го обезбеди преживувањето на цел тим. Еден од хероите со кои на добрите денови успевам да воспоставам целосна контрола врз мапата. Добрите денови се сè почести сега, толку ја усовршив Janna што не мора веќе да чекам лигушите да отидат на спиење за да играм со нормални возрасни тимови. Ако Jinx не си ја врши работата како што треба, доаѓа Janna за да ја износи играта до победа.

Сепак, најголемата грешка што можев да ја направам е тоа што почнав да играм ranked мечови можеби еден месец пред да ја разберам снагата на Janna. Изгубив седум од десетте квалификациски и завршив во Silver IV. Таа дивизија е една од послабите секако, меѓутоа искуството е за нијанса подобро од нерангираните мечови. Пак има нежни кретени чиј краток фитил ќе ти го упропасти саатот, ама не се во толку голем број. Повеќето луѓе во дивизиите се трудат да напредуваат, па дури и кога стратегијата излегува од колосек се трудат да играат фокусирано и да не го злоставуваат вербално сопствениот тим.


Пред некој ден успеав да стигнам до Silver III. Кога ќе дојдеш на врвот на табелата во твојата дивизија ти се отвара можност да се докажеш со победени две од три партии за да влезеш кај подобрите. Тепав пет по ред накај Silver III. Стресно е, ама ако му нагласиш на тимот дека следните три-четириесетина минути ти се важни за напредок изненадувачки ќе се упристојат. Silver III е веќе друго, одма се осеќа разликата во искуството и посветеноста на тимовите. Или барем на мене така ми се погодија. Фала ви рендом деца од Западна Европа.

Не верувам дека некогаш ќе ги видам големите дивизии, барем не сезонава, ама интересно ми е. Немам веќе толку време, а ни концентрација за да играм повеќе од партија или две дневно. Кога не играм ranked, играм обични партии со другари со кои и поразите се некогаш забавни, најчесто зошто јас сум тој што експериментира со различни херои кои не ги владее доволно. Како инаку ќе научиш ако прво не му усереш неколку партии на Стефан?  

League of Legends е уште најдобрата игра од овој тип. Ги пробував сите MOBA игри што излегуваа, едно време не можев Dota 2 да ја изгаснам, ама секогаш на крајот се враќам тука. Постои скоро една деценија и константно еволуира и се освежува. А, што е најбитно, Riot Games до сега ниеднаш не се обидоа безобразно да брцнат во џебовите на играчите.