Showing posts with label Deadpool. Show all posts
Showing posts with label Deadpool. Show all posts

May 20, 2018

Дедпул Двa

Deadpool е без дилема најдоброто нешто што последниве години му се случи на издишaниот суперхеројски жанр. Едниве го прават истиот филм дваесет пати, другиве не знаат кај тераат, додека овој си воспостави сопствени правила и не се воздржува да ги превитка и постоечките. Факт е дека добар дел од тоа се должи на изворниот концепт на ликот, меѓутоа на крајот пак вредноста на таквиот продукт ќе зависи од тоа како е обликуван во рамките на медиумот. Само присети се на Logan. Во моментот кога студиото одлучи да престане со безбедните чекори, испорача филм што ќе биде запаметен како еден од најквалитетните во жанрот.

Уште со првиот беше јасно дека овој тип на забава не е за целото семејство. Вториот можеби пробува да се спрдачи со поимот "семеен филм", ама и понатаму останува преполн со работи кои не би можел едноставно да ги оправдаш пред твоите мали деца и внуци. Deadpool 2 e ултра-насилен, вулгарен и без кочници кога ќе одлучи да го однесе хуморот во незгодна крајност. Некогаш шалите се исклучително интелигентни, ама често се и како тие на пијаниот чичко на слава што кажува мрсен виц и сите се кикотат за да нема непријатна тишина. Сепак, и таквите невкусни фори тука некако природно се вклопуваат.


Но, Дедпул не е комичар и покрај неговата голема, претежно погана уста. Главната дејност му е убивање луѓе и упорните обиди да се оствари како херој. Иако првото повеќе му оди, никогаш не се откажува од идејата да биде запамтен по добри дела. Ги прави, ама на сопствен начин и со својствени методи. Некогаш и му успева. Добро е уигран и со новите ликови, особено во делот каде што експлицитно го удира темелот на следната франшиза, па лесно ги наоѓа и фамилијарните вредности по кои толку очајно трага. Пред сè ова е семеен филм, нели?

Акцијата е секако присутна во енормни количини, нецензурирана и безмилосна. Филмот комплетно ја прегрнува R ознаката и во овој оддел. Дедпул не се воздржува креативно да ги испразни шаржерите и покрај четвртиот ѕид, да напукне и неколку коски. Сакам кога во овој тип на филмови постои културен баланс во структурата и адреналинот не се чува само за последната "спектакуларна" пресметка меѓу добрите и лошите. Deadpool 2 супер го диктира темпото, па некогаш и се протегнува во други жанрови поради умерен пародичен ефект.

Рајан Рејнолдс не може да биде покомотен во ликот. Веројатно ова е тоа што се случува кога го работиш проектот од соништата. Очигледно се забавува со секој аспект од Дедпул, активно го носи ликот и надвор од филмот како дел од маркетиншката кампања, а не се стега да се позаебава и на своја сметка. Ова меѓудругото ме води и до заклучокот дека Deadpool 2 е подобро искуство од првиот. Иако вешто ја користи основата, па и го референцира во неколку наврати, има доволно нови детали за да функционира надвор од таа дебела сенка. Многу ретко продолженија ми се подобри од оргиналите воглавно зошто често пати биле направени од рециклирани материјали.

Не знам дали трет пат ќе се повтори магијата, веројатно одговорот на тоа прашање делумно ќе се добие во престојниот X-Force филм чии ликови дебитираа тука. Повеќе сум загреан за трет самостоен филм отколку да го гледам како дел од суперхеројски ансамбл, ама па Кејбл беше толку одличен во Deadpool 2 што можеби ќе го сркнам и ова кога ќе излезе.

February 27, 2016

Dеаdpool (2016)

Мојата презаситеност со филмски суперхерои ми го одложи гледањето на Deadpool, а чувството дека веќе имам видено сè што сакав да видам од жанрот не помогна да пристапам со некои големи очекувања. Верував дека материјалот на кој е базиран нема да дозволи катастрофа со пропорциите на Ant-Man, а и тоа дека е првиот филм со ознака "R" откако трендот со стриповски адаптации зема замав, ми создаде дополнителна верба дека еј, можеби е навистина добар како што кажува интернет јавноста и моите мизантропско-нихилистични пријателчиња кои не се баш наклонети кон овој жанр. Лик како Дедпул не е за "целото семејство и сите генерации", па затоа ќе си земам за право да го означам филмот како вистинскиот свеж здив во овој заморен куп од костимирани херои и анти-херои. 


Покрај експлицитното насилство, поганите усти, референците кон модерната поп култура и повременото директно обраќање кон публиката, Deadpool успева да го размрда досадниот наратив за зачнување на суперхерои со отскокнување од линеарноста, при што на моменти целосно успева да се одвои од толпата "колеги". Суштината на приказната е едноставна, не нуди ништо ново или различно, меѓутоа начинот на кој што е уреден филмот лесно се ослободува од таа комфортна зона. Онаму каде што тоа е невозможно, не се воздржува да ја отвори устата, па и да намигне кон формулата. За сè што ќе сакаш да измрчиш, Вејд Вилсон веќе те претркал и те држи еден чекор поназад. Хуморот функционира одлично, дури и во моментите каде што е очигледно дека "преплатениот" сценарист се трудел премногу. 

Очигледно е дека Рајан Рејнолдс ужива во Дедпул, па се погрижил и ти да се забавуваш. Ликот конечно доби правда после оној безобразен третман во X-Men Origins: Wolverine, но ајде, да го препишеме тоа на лошиот тајминг. Денес публиката е поспремна за консумација на суперхеројски филмови, па отстапувања од тој тип потешко се простуваат. Види го последниот Fantastic Four, тоа е совршениот пример за бришење газ со изворен материјал. Морена Бакарин е другата светла точка на Deadpool. По години владеење со култни телевизиски остварувања, вистинско уживање е да се види тој нејзин уникатен шарм и на ваков медиум. Дали воопшто старее женава? Следното изненадување e Т.Џ. Милер. Иако е актер од кој не можеш да очекуваш друго освен каписла за хумор, одлично се снаоѓа како Визел и го прави пријатен секој момент од неговата дисфункционална врска со Дедпул.

Дали Deadpool е најдобрата стриповска адаптација? Секако дека не, супер е, но мора да се престане со тоа бележење на секој втор ваков филм како "најдобар". Да видиме како ќе остарат на долги патеки, океј? Но, би рекол дека најбитен од овој бран. Доволно е успешен да го ревитализира жанрот со похрабар пристап, и тоа не само суперхеројскиот жанр, туку општо денешните акциони филмови кои ја потиснуваат главната состојка за да бидат допадливи за мејнстримот и публиката помлада од 16 години. Првиот чекор го направи Mad Max, по него зачекори и Deadpool, па доколку R-rated филмовите некогаш се враќаат во блокбастерска форма, нема подобро време од сега. Со малку среќа и ризик од луѓето со пари и контрола, можеби ќе добиеме и нов Dredd филм кој за жал не се случи зошто публиката не беше доволно "подмачкана". Сега мислам дека конечно е. Фала Дедпул.

August 15, 2015

Вовед во Дедпул

Како што моментално изгледаат работите, Дедпул е следниот голем суперхерој. Трејлерот за престојниот филм го сопре возот на станицата, инстантно прибирајќи народ кон новата дестинација за негување на трендовскиот "гиковски" идентитет. Во купеата е општа турканица, некои висат и од прозор, додека наоколу кружат шублери со кои луѓето мерат кој е поголем фан на Дедпул. Па, кој е Дедпул и како таков маргинализиран третокласен лик денес ти овозможува да бидеш уникатната снегулка со најактуелни интереси? Дедпул е херој, или ако повеќе сакаш, анти-херој, создаден практично на заебанција од Фабијан Нисиеза и Роб Лајфелд некаде на почетокот на 90-тите со намера да биде краткотраен негативец во неколку наслови на Мarvel. Подоцна, постепено се развива во тоа што е денес.

Има неколку приказни и легенди како е создаден ликот, а најпопуларната (веројатно и најточната) е дека е само добронамерно ископиран од Детстроук на DC. Дури и вистинското име на Дедпул, Вејд Вилсон е.. инспирирано од Слејд Вилсон, идентиетот зад маската на Детстроук. Самите создавачи на Дедпул се зезаат дека двајцата ликови се далечни роднини. Една друга верзија вели е дека инспирацијата доаѓа од Спајдермен на Мекфарлејн и Вулверин. Оттаму покритието за регенеративните моќи на Дедпул и големата уста што ретко ја затвара. Она што овој платеник го прави поразличен е неговиот карактер и изглед. Иако секој автор нуди различна интерпретација (барем во Deadpool насловите), суштината е таа - Дедпул е психички нестабилен егоцентрик, халуцинира, мрчи и повремено го крши "четвртиот ѕид". Експериментите на Weapon X, успешно му имаат подарено регенеративна моќ како на Вулвеин, меѓутоа поради ракот што го има од претходно и ги комплицира клетките во неговото тело, лицето му е сосема уништено и не може да закрепне. 


Даниел Веј, авторот задолжен за Дедпул од 2008 до 2012, го носи ликот на малку друго ниво, со тоа што имплементира блага шизофренија во таа грозна глава под маската, па Дедпул не само што зборува со читателите, туку зборува и со себе, со меурчињата текст. По релативно успешните претходни серијали на Џо Кели и Cable & Deadpool на Нисиеза, Дедпул пред да падне во рацете на Веј, паѓа и на пазарот. Како што самиот Веј раскажува на последната страница од Deadpool #63, во моментот кога почнал да го пишува стрипот, Дедпул ја имал најмалата забележана публика. Никој не очекувал нов број, насловот бил (повторно) пред укинување, па Веј имал одврзани раце. Можел да прави сè што ќе му текне. Веројатно тоа и ја има разбеснето малата група на фанови што тогаш ја имал стрипот, па до денес овие 63 броеви на Веј важат за најлошото од Deadpool. Мене лично тоа ми е најинтересниот Дедпул, можеби зошто ова ми беше првиот сериозен контакт со ликот. Читав Cable & Deadpool, малку од серијалот на Кели, нешто од последниве што претпоставувам дека сè уште се во тек, ама некако ова успеало да ми се протне како најдобро.

Да, комедија е, Дедпул е карикатуризиран во секоја смисла, едвај функционира кога не е со некој друг познат лик на Марвел, но има доволно акција и хумор да биде забавен до крај. Океј, има исклучоци што лесно се забораваат, меѓутоа поголемиот дел е одличен. Изговорот на Дедпул за да ги прави стварите што тука ги прави е едноставен - сака да го тргне лошото мислење за него и да биде херој. Па, затоа се обидува да стане дел од X-Men, оди да учи од најсаканиот херој на сите времиња (негови зборови, не мои) Спајдермен, се труди да ги добие симпатиите на неговиот херој од детството Стив Роџерс... и никој не го сака. Во тие моменти решен е дека треба да умре еднаш за секогаш, а има ли подобар начин да умреш растргнат од Хулк на делови? Затоа, Дедпул како Дедпул, оди "да побара помош" кај Брус Банер, детонирајќи нуклеарни бомби за да го предизвика Хулк на дуел. Крајот на серијалот е можеби малку поспор, зошто конечно успева да се ослободи од регенеративниот фактор, истовремено враќајќи си го и (пак негови зборови) прекрасното лице. Ама, навикнат е да ја носи маската, така што, јеби га. 

Верувам дека е полесно да го заборавиш Hit-Monkey или аркот кога решава да стане пират и го прибира Боб од Хидра да му биде папагал облечен во папагалски костим, иако се феноменални приказни со оглед на тоа во кој стрип се наоѓаат. Но! Даниел Веј отвара моќно, стартувајќи го целиот погон на кој вози Dark Reign откако тајни фајлови од Secret Invasion ивентот ќе завршат кај Норман Озборн наместо кај Ник Фјури, со што го прави Дедпул многу побитен лик отколку што изгледа дека е. Интернетот упорно му го одзема и тој кредибилитет.

Да не го влечам постов понатаму, нека послужи само како мал вовед и препорака. За малку посозреана варијанта на Дедпул, тука се Џо Кели и Cable & Deadpool. Тие ќе ги оставам за следната прилика, а до тогаш, не верувај на сè што ќе прочиташ на интернет. Даниел Веј е супер писател. 

Види такоѓе: