November 30, 2013

Преглед на Solstice Arena

Есенскиот попуст на Steam веќе е во тек. Од сите тие игри со безобразно смалени игри, вниманието ми го фати една мала, бесплатна, шарена MOBA. Се вика Solstice Arena и доаѓа од кујната на моите не толку омилени, Zynga. Во период кога жанрот е меѓу најпопуларните, разбирливо е да се штанцаат еден куп вакви кај конкурентните издавачи. Дури и Blizzard скокнаа на возот. Логично, се истакнуваат игрите кои нудат нешто различно од DOTA2 и League of Legends, а Solstice Arena го прави баш тоа. Иако потсеќа на веќе заборавената Bloodline Champions, Solstice Arena нуди нешто многу поубаво спакувано.

Арената на Solstice е мала. Создадена е за три играчи, со само три кули и еден главен објект чие уништување го носи тимот за победа. Низ целата мапа се расфрлани разни појачувања за хероите, кои ја зајакнуваат нивната ефикасност. Секој херој има три магии и мала палета на опрема за купување, додека левелирањето на истите е сосема отстрането. После секоја партија се добива exp кое служи за општо појачување на херојот. 


Уште една работа што ја двои оваа игра од сличните се брзите партии. Претежно сконцентрирани на кратки битки, партиите траат од пет до десет минути. Таман додека стаса кафето. Најдолгото време во една партија ми беше околу петнаесет. Целата е да се остане жив што е можно подолго и да се собере злато за опрема појака од таа на противникот. Умирањето во клучен момент може да биде кобно за целиот тим. 

Моментално, бројот на херои е значително мал. Има стандардна ротација на неколку денови со бесплатни херои. Хероите се купуваат со микротрансакции или поени кои бесплатно се добиваат после секоја партија, врз основа на учинокот на играчот. Цените се за жал високи. Со неколку изиграни саати, не сум ни блиску до купувањето на вториот херој. Првиот се добива бесплатно, по првите воведни партии. До сега, не видов ниту еден уникатен херој, повеќето се веќе познати од другите MOBA игри. Но, тоа воопшто не е никаков проблем, затоа што функционираат супер и вакви какви што се.

Она што е изненадувачки добро за Solstice е тоа што нема никаков чет. Ниту пред почетокот на партијата, ни во самата партија, а ни после тоа. Гејмплејот е прилично интуитивен, стратегијата е едноставна, а координацијата помеѓу играчите е изведена со пингови на мапата со кои се известуваат останатите од тимот што да прават. Недостатокот на чет верувам дека најмногу им претставува проблем на децата навикнати на League of Legends кои тука нема како да ти зборуваат за членовите на твоето потесно семејство. За чудо, овој тип на комуникација со пингови е супер, многу подобар од што мислев на почетокот. Веројатно една од причините за ваквиот концепт е тоа што играта е иста така достапна и за iPad. Од технички причини, пинговите се многу позгодни.

Верувам дека Zynga ќе продолжи да ја развива и понатаму и дека ќе ја збогатува редовно со нови херои. Играта е супер и вака, но има простор да се доведе до нешто многу подобро. Графиката е одлична, треба да се поработи на хероите. Исто, да си го средат и сајтот, бидејќи информациите се прилично оскудни. На викито, за среќа, ги има сите потребни информации за хероите и играта.

November 25, 2013

Денот на Докторот

Doctor Who прослави 50 години од прикажувањето на првата епизода. Со специјална епизода, која ја чекав толку долго. "The Day of the Doctor", не само што ми ги исполни очекувањата, туку уште еднаш докажа дека имагинацијата на Стивен Мофат нема лимит. Доколку не било јасно дека Doctor Who е серија што излегува од сите шаблони, ги поместува сите граници и си игра со невозможното, специјалната епизода фино го истакнува тоа. Не знам уште колку ќе ми треба да убедувам луѓе кои знам дека ќе уживаат во серијава. До пред некое време, и јас имав лошо мислење, додека не сфатив што навистина е.

Иако немам ништо гледано од старите епизоди, универзумот ми е познат. Доволно за да сконтам некои од референците и да се насмеам под брк. "The Day of the Doctor" во неколку наврати се повикува на такви суштински моменти од митологијата на Докторот,  од отварањето со оргиналната шпица. На крајот, дури и има и пријатно изненадување за генерацијата која го следи од поодамна. Сите претходни Доктори добија мало внимание, па дури и идниот, Питер Капалди. За нас, новите симпатизери на плавата кутија, нуди неповторливо спојувања на последните две инкарнации, Дејвид Тенант и Мет Смит. Оставија траен белег на цела една генерација фанови и нивното присуство кулминираше тука, во епизода која ќе се гледа низ децениите кои следат. 

Приказната отиде во минатото на Докторот и Галифреј, испреплетувајќи неколку временски линии за да донесе тројца Доктори на едно место. Мет Смит и Дејвид Тенант тука се одлични заедно. Нивните разлики и сличности силно потенцирани и појачани со уште еден Доктор, John Hurt (како, како да му го напишам името на кирилица?!), кој прв пат се појави во последната епизода од регуларните сезони со Мет Смит. Конечно ја видовме причината за неговото присуство.

Исто така, продукциски, ова беше "најиспегланата" епизода до сега. Вакви визуелни ефекти немам видено во Doctor Who, а не беа воопшто лоши. Лоши се кога се стварно лоши, особено во првите епизоди со Еклстон и Тенант, ама тие ги прифаќам како дел од духот и традицијата на самата серија. Функционираат супер и така, еј. Единствената замерка ми е за Били Пајпер. Фино е што ја вратија и неа, меѓутоа можеше да биде било која друга актерка. Ејми и Рори, колку и да ги сакав, можеа само да создадат непотребна каша. Феноменална е и вака епизодата, без расфрлување со карактери кои немаше да направат разлика околу приказната. 

Мет Смит заминува во божиќната специјална епизода годинава. Тогаш ќе се регенерира во Дванесеттиот Доктор, Питер Капалди.

November 24, 2013

Седум години Crapwerk

Седум години. Некако се осеќам должен за ваков роденски пост, каде што изминатите години ги листав најкликаните постови. Наместо тоа, склопив роденденски редизајн. Мене бар, ми делува свежо во однос на тоа каков беше Crapwerk до сега. 


Седум години, еј. Скоро 700 постови. Опуштено, некако изгурав и до оваа бројка. Фала на сите што случајно или не, завршиле тука и пролистале низ овие ломотења за глупи серии, блокбастери, стрипови и игри што никој не ги игра.

Нова серија: Almost Human

Знам, реков нема веќе нови серии за мене. И, конечно имав време за Louie и The Wire. Одлични серии, меѓутоа во некоја следна прилика за нив. Изгледа ми се изостри сетилото, па така што дадов шанса и на Almost Human, последната нова за оваа година. Доаѓа малку покасно, излезени се само две епизоди, а третата ќе излезе следнава недела. Се надевам не згрешив, барем според пилотов. Иако не е некое мерило само една епизода, потенцијалот е стварно очигледен. 

Almost Human e на FOX, и покрај добрите рецензии, читав дека фановите се загрижени да не ја доживее истата судбина како Firefly. Факт е дека после Battlestar Galactica недостастува квалитетен СФ на телевизија, а ова е фин обид да се пополни таа дупка. Almost Human се двои по уникатната приказна (во однос на останатото што оди моментално на ТВ), извонредните сетови и режија и ликови кои супер функционираат заедно. Сценариото е прилично солидно, ликовите не се комплетно дводимензионално клише и има фин хумор кој одлично се вклопува во моменти мрачната атмосфера. 


Во Лос Анџелес, во 2048, Карл Урбан е онаков старомоден цајкан, кој по акција од која е единствениот преживеан човек, поминува две години во пензија. Во меѓувреме, секој полицаец е обврзан со партнер андроид, MX. Повреден, со синтетичка нога и пост-трауматски стрес е повикан назад на должност и добива MX, за кој има прилично лошо мислење. Откако назначениот MX партнер "случајно" ќе излета од возило во движење, ликот на Карл Урбан завршува со постар модел на таков андроид кој е испрограмиран многу "почовечки" од стандарните модели - Доријан. Хемијата меѓу двата главни ликови е одлична, а тоа е најбитно за ваков тип серии.

Иако приказната е класична buddy cop акција во СФ сетинг, пилотот наговестува дека не е воопшто едноставна како што звучи. Уште на почетокот, се осеќа дека работите не се баш такви какви што изгледаат и дека крие повеќе нивоа на комплексност. Има најави за поголема слика која верувам дека ќе се открива во идните епизоди. Сетингот е исто така феноменален. Денски, Лос Анџелес е блескава метропола, додека навечер е валкан и дождлив, со пригушени неонски светла, со што се осеќа директното визуелно влијание од Blade Runner. Технологијата пак, односно хардверот, што го користат е како излезен од Iron Man.

Еднаш неделно, нема да боли да го гледам ова. Ми фалеше баш ваква серија, па ете, ќе дадам шанса. Има потенцијал, има одлична актерска екипа и се надевам дека ќе се искористи како што треба. Еј, и да. Андроите се секогаш некое малцинство. Црнци и Азијати. Мексиканци нема. Не знам како не се побунил некој таму за ова, обично плачат за расизам.

November 18, 2013

Финалето на Eastbound & Down

По четири сезони, од кои последнава гратис, Eastbound & Down ми заврши со хистерично смеење на финалето. Четвртава сезона успеа уште еднаш да го крене Кени Пауерс на нозе, за сам повторно да тресне од земја, како што прави по обичај. Мислев дека после третата сезона, која имаше супер завршеток, ќе ја заокружат приказната, ама не. Можело уште. Мене бар, никогаш нема да ми биде доста од Кени. Материјал има за уште толку сезони, и тоа без ништо да рециклираат. Кени е дефитивно најуникатниот лик на телевизија. 

Од едноставна приказна за пропаднат безјбол реднек егоцентрик со џигерица и безусловна љубов за цицки и кокаин, направија мајсторија каква што телевизијата нема да доживее уште долго. Не е класичен ситком, ама го брише паркетот со она што денес се етикетира како такво. Кени Пауерс ако го сконташ како лик, не можеш да не го сакаш. А, тек па Стиви. Меѓутоа, дури и кога мислиш дека ти е јасен целиот мајндсет на ликовите, сценаристите ќе ја поместат границата. Сезонава го докажуваше тоа со секоја епизода. Финaлево, го достигнаа врвот. Во комбинација со Саша Барон Коен, башка...

Со минимални спојлери, Кени си го заслужи тоа што го доби на крај. Барем кај мене, успеа да се искупи. Да има уште една сезона, верувам дека ќе заебе уште во првите две минути. Вака е подобро. Славата и парите не му се компатибилни со капацитетот што го поседува.

Не можам да се распишувам асално за Eastbound & Down, за да не ја расипам на некој случајно залутан тука. Многу луѓе ја избегнуваат баш поради Кени и причините кои го прават толку генијален. Штета.

November 14, 2013

Thor: The Dark World (2013)

Цврстата верба во филмовите на Marvel, уште еднаш ми се потврди со Thor: The Dark World. Исто така одењето во кино во вторник зошто е пола кутија цигари поевтино, е прилично лоша идеја ако не си резервираш карти. Не ми е јасен моментот со вторник, киното може одлично да функционира со истата цена и преку цела недела. Вака, за викенд често пати е празно. Океј, бла, бла...

Thor: The Dark World е сместен по настаните во Њујорк. Тор откако ја нареди Земјава, зафатен е со спасување на Асгард и уште неколку светови, Локи е затворен во келија, а Натали Портман истражува некаква гравитациска аномалија во Лондон. Во меѓувреме, Малекит со неговата армија Темни Елфови се обидува да ги фрли сите девет светови во темнина. Отприлика тоа е грубо околу приказната, без спојлери.

Уникатноста на Тор и потеклото на ликот во однос на останатите Авенџери, нуди поопширен простор за маневрирање, нешто со кое што продуцентите на The Dark World одлично се имаат справено. Во вториот дел, дејствието е претежно во Азгард, со мал поглед и кон другите светови. На Земјата, се случува во Лондон што за жал е обид за освежување на франшизата, кој реално не направи некоја разлика. Генерално, филмот е базиран на специјални ефекти кои феноменално се изведени и не штрчат во ниту еден момент. Уште еден фин пример за пристојна употреба на истите.

Сценариото е многу подобро за разлика од првиот дел, и се забележува огромен прогрес во развојот на ликовите. Особено кај Локи, кој често се двои од останатите ликови, генерално поради харизмата на самиот актер. Доколку се одлучат за проширување на франшизата со посветување на заебен филм за споредните ликови, сметам дека баш Локи го заслужува тој третман.

Приказната иако заринкува со некои нелогичности и напумпани случајности, функционира во секој случај. Дури добивме и некое евтино објаснување зошто ја изоставија Натали Портман во буџетот за The Avengers. Малото внимание на Дарси, беше премногу. Никако не успевам да ја сконтам како лик. Доколку ова е обидот за хумор во филмот, јас не ја разбирам шегата. Споредните ликови од Азгард заслужуваат многу поголемо внимание и развој. Кастингот е перфектен, па дури и кај ликовите кои не успеваа да ми се склопат во целата слика.

Marvel наголемо се спремаат за Guardians of the Galaxy, како што може да се види од бонус сцените тука и во The Avengers. Тој дел од Marvel ми е речиси недопрен, па планирам во некоја наредна прилика убаво да видам што е.

November 10, 2013

Околу третиот "Анимакс"

"Анимакс", единствениот фестивал на кратки анимирани филмови кај нас, се одржа по трет пат. Некако 'традиционално' ми се наметна да пишам и овој пат, иако како и лани, бев само еден ден. Единствениот прогрес кој фестивалот го има направено во однос на претходните години е изборот на програмата. А, тоа е најбитно. За разлика од лани кога изгледаа како ЈуТјуб рипови, овој пат сите филмови беа со одличен квалитет на видеото. Како што спомна организаторот, им биле испратени над 250 оваа година.


На последната вечер, пројдоа околу дваесетина филмови, како и оние три-четири кои однесоа награди, а за жал баш тие морав да ги пропуштам. Првонаградениот Feral, беше прикажан некаде на средината од вечерта. Сосема заслужено прво место, иако конкуренцијата беше јака. Покрај Feral, најголем впечаток ми оставија Edmond Was A Donkey, Innisfree, La Ravaudeuse, Dji. Death Fails и Harald. Штета што моментално некои не може да се погледнат онлајн. 

"Фросина" е идеално место за вакво нешто, со оглед на посетеноста. Иако не се наплаќаше карта, немаше воопшто гужва. За таа публика, фестивалот каков што е, е сосема во ред. Мал и интимен. Се надевам на добра селекција и догодина. И, да, овојпат ги немаше размуабетените баби од првата година.

November 9, 2013

MOBA одговорот на Blizzard: Heroes of the Storm

Пред извесно време, Blizzard најавија дека работат на своја MOBA (Multiplay Online Battle Arena) игра чиј работен наслов беше Blizzard All-Stars. Жанрот стартуван со мод за Warcraft III, денес е исклучително популарен во онлајн гејмерската заедница , па така и Blizzard се одлучија за свој коњ за трка. Она што требаше да биде додаток за StarCraft II, сега завзема самостојна форма.


Heroes of the Storm веќе го доби својот облик и се спрема да предизвика гиганти како League of Legends и DOTA2 кои моментално го доминираат жанрот. Heroes of the Storm ќе понуди огромна палета на херои од сите франшизи на Blizzard. Со оглед на тоа колку и какви херои има од приказните на Warcraft, StarCraft и Diablo, воопшто не се сомневам дека изборот ќе биде интересен. Има огромен простор за прогрес и публика која ќе се погрижи за серверите на Heroes of the Storm да останат полни. 


Најавени се четири класи во кои ќе се сместени хероите: Assassin, Warrior, Support и Specialist. Механиката генерално ќе биде таа својствената за жанрот, со некои уникатни моменти со кои ќе се обиде да се извои од другите слични игри. Покрај стандардните кули кои едниот тим треба да ги сруши за да стигне до базата на противникот, Blizzard најавуваат и градови кои ќе треба да се срамнат кон патот на победата. Низ мапите ќе има и кампови со NPC-ја кои тимовите ќе можат да ги искористат за да набават платеници кои ќе се приклучат на битката.

Играта ќе биде бесплатна, со микротрансакции, се разбира. Во тек е регистрација за бета тестирање кое треба да осигура мазен почеток на играта следната година.

Најава за новата World of Warcraft експанзија: Warlords of Draenor

Официјално е. Новата експанзија се вика Warlords of Draenor. Со краток трејлер, Blizzard вчера на Blizzcon, го најавија следниот чекор на World of Wacraft. Шпекулациите се заострија откако пред една недела беше регистрирано и името, кое овој пат, правеше многу повеќе смисла. На бесплатниот стрим од Blizzcon се уклучив неколку минути пред трејлерот, и задоволство беше да се проследи во живо тој мал спектакл. Кога Крис Метсен почна да зборува за славното минато на Warcraft и епските искуства на играчите кои биле со франшизата во најславните денови, веќе беше јасно каде оди муабетот.

Што е Draenor и што би требало да биде Warlords of Draenor?  Освен тоа што е името на серверот на кој веќе една година "престојувам", Draenor е стариот дом на Орките, во модерното WoW време, односно денес, познат како Outland. Токму и тоа е новата територија каде што ќе се одвива приказната. По Illidan, Arthas, Deathwing и Пандарија, World of Warcraft се враќа назад во минатото, во перидот преставен преку првите стратегиски игри. Како што е замислата на Blizzard, новата експанзија ќе се обиде да го понуди тоа минато на франшизата преку Warlords of Draenor. Паралелно, идејата е повеќе од јасна, Blizzard во име на носталгија, се обидува да врати дел од играчите кои одамна ја имаат напуштено играта. 


Наместо пет левели плус, како што беше тренд со претходните две експанзии, Warlords of Draenor ја поместува границата за десет. Максимум левелот е 100, со опција која долго се бараше, инстант 90. Таа опција ќе биде достапна само еднаш (пред веројатно да ја понудат и на виртуалната продавница), на еден карактер. Генерално е наменета за нови играчи, кои веднаш ќе сакаат да се приклучат кон благодетите на експанзијата. 10-те нови левели не се воопшто многу, бидејќи Draenor изгледа масивно. Некои од зоните се комплетно нови, додека другите се оние веќе познати од The Burning Crusade, но онака како што изгледале пред многу години во приказната. Сега ми текнува на еден пост стар неколку месеци на WoW форумот кој го зборуваше токму ова, во детали, кои тогаш изгледаа само како уште една шпекулација и желба. Многу познати ликови од историјата на Warcraft ќе се присутни и тука, но овој пат живи и како елемент кој директно ќе влијае на настаните.

После десетина години од постоењето на WoW, играчите ќе добијат и player housing, опција отфрлена во раната алфа фаза. Далеку пософистицирана варијанта на ова, ќе се вика Garrisons, каде што играчите ќе може да градат сопствени бази и тврдини, зајакнувајќи ги со армија, што всушност ќе преставува мала игра во игра. Гарнизоните ќе можат да содржат мала војска која играчот ќе може да ја испраќа на посебни мисии, зајакнувајќи ја со опрема, професии и уште еден куп ситници за кои допрва ќе слушнеме. Секако опционално, гарнизонот ќе може да се користи и како обична куќа. 


Еден детал што мене лично ме израдува е тоа што конечно ќе се реши проблемот со торбите и просторот за ајтеми. Стакот на ајтеми и зголемен од 20 на 100, додека ајтемите од квестовите ќе се на одделно место, оставајќи огромен простор во торбите на играчите каде што секогаш снемуваше место. RIFT ова го реши на потполно ист начин, уште многу одамна и функционира префектно.

Друга огромна новост е огромниот апдејт на графичкиот енџин. Застарените модели се апдејтувани со нови, но е задржан духот на оргиналните. Како што кажуваат Blizzard, менувале таму каде што е најпотребно. Никој не сака неговиот карактер стар десет години, да изгледа сосема поинаку. Допрва треба да се објави каков хардвер ќе бара Warlords of Draenor, меѓутоа јасно е дека ќе може да се игра и на постари машини и нешто понови тостери.

Покрај ова, доаѓа и нова PvP зона, седум нови данџни и рејдови, римејк на некои класични како Blackrock Spire, и ново ниво на тежина на рејдање - mythic. Сигурно пропуштив уште нешто, ама ќе ги следам вестите секојдневно, па ќе постирам за нови интересни детали. Допрва треба да го објават и синематикот. Експанзијата пристигнува во 2014. Сеуште нема официјален датум, но се надевам дека не е за една година од сега. Во најдобар случај, Warlords of Draenor ќе биде достапна на пролет.