November 24, 2013

Нова серија: Almost Human

Знам, реков нема веќе нови серии за мене. И, конечно имав време за Louie и The Wire. Одлични серии, меѓутоа во некоја следна прилика за нив. Изгледа ми се изостри сетилото, па така што дадов шанса и на Almost Human, последната нова за оваа година. Доаѓа малку покасно, излезени се само две епизоди, а третата ќе излезе следнава недела. Се надевам не згрешив, барем според пилотов. Иако не е некое мерило само една епизода, потенцијалот е стварно очигледен. 

Almost Human e на FOX, и покрај добрите рецензии, читав дека фановите се загрижени да не ја доживее истата судбина како Firefly. Факт е дека после Battlestar Galactica недостастува квалитетен СФ на телевизија, а ова е фин обид да се пополни таа дупка. Almost Human се двои по уникатната приказна (во однос на останатото што оди моментално на ТВ), извонредните сетови и режија и ликови кои супер функционираат заедно. Сценариото е прилично солидно, ликовите не се комплетно дводимензионално клише и има фин хумор кој одлично се вклопува во моменти мрачната атмосфера. 


Во Лос Анџелес, во 2048, Карл Урбан е онаков старомоден цајкан, кој по акција од која е единствениот преживеан човек, поминува две години во пензија. Во меѓувреме, секој полицаец е обврзан со партнер андроид, MX. Повреден, со синтетичка нога и пост-трауматски стрес е повикан назад на должност и добива MX, за кој има прилично лошо мислење. Откако назначениот MX партнер "случајно" ќе излета од возило во движење, ликот на Карл Урбан завршува со постар модел на таков андроид кој е испрограмиран многу "почовечки" од стандарните модели - Доријан. Хемијата меѓу двата главни ликови е одлична, а тоа е најбитно за ваков тип серии.

Иако приказната е класична buddy cop акција во СФ сетинг, пилотот наговестува дека не е воопшто едноставна како што звучи. Уште на почетокот, се осеќа дека работите не се баш такви какви што изгледаат и дека крие повеќе нивоа на комплексност. Има најави за поголема слика која верувам дека ќе се открива во идните епизоди. Сетингот е исто така феноменален. Денски, Лос Анџелес е блескава метропола, додека навечер е валкан и дождлив, со пригушени неонски светла, со што се осеќа директното визуелно влијание од Blade Runner. Технологијата пак, односно хардверот, што го користат е како излезен од Iron Man.

Еднаш неделно, нема да боли да го гледам ова. Ми фалеше баш ваква серија, па ете, ќе дадам шанса. Има потенцијал, има одлична актерска екипа и се надевам дека ќе се искористи како што треба. Еј, и да. Андроите се секогаш некое малцинство. Црнци и Азијати. Мексиканци нема. Не знам како не се побунил некој таму за ова, обично плачат за расизам.

No comments: