November 9, 2013

Најава за новата World of Warcraft експанзија: Warlords of Draenor

Официјално е. Новата експанзија се вика Warlords of Draenor. Со краток трејлер, Blizzard вчера на Blizzcon, го најавија следниот чекор на World of Wacraft. Шпекулациите се заострија откако пред една недела беше регистрирано и името, кое овој пат, правеше многу повеќе смисла. На бесплатниот стрим од Blizzcon се уклучив неколку минути пред трејлерот, и задоволство беше да се проследи во живо тој мал спектакл. Кога Крис Метсен почна да зборува за славното минато на Warcraft и епските искуства на играчите кои биле со франшизата во најславните денови, веќе беше јасно каде оди муабетот.

Што е Draenor и што би требало да биде Warlords of Draenor?  Освен тоа што е името на серверот на кој веќе една година "престојувам", Draenor е стариот дом на Орките, во модерното WoW време, односно денес, познат како Outland. Токму и тоа е новата територија каде што ќе се одвива приказната. По Illidan, Arthas, Deathwing и Пандарија, World of Warcraft се враќа назад во минатото, во перидот преставен преку првите стратегиски игри. Како што е замислата на Blizzard, новата експанзија ќе се обиде да го понуди тоа минато на франшизата преку Warlords of Draenor. Паралелно, идејата е повеќе од јасна, Blizzard во име на носталгија, се обидува да врати дел од играчите кои одамна ја имаат напуштено играта. 


Наместо пет левели плус, како што беше тренд со претходните две експанзии, Warlords of Draenor ја поместува границата за десет. Максимум левелот е 100, со опција која долго се бараше, инстант 90. Таа опција ќе биде достапна само еднаш (пред веројатно да ја понудат и на виртуалната продавница), на еден карактер. Генерално е наменета за нови играчи, кои веднаш ќе сакаат да се приклучат кон благодетите на експанзијата. 10-те нови левели не се воопшто многу, бидејќи Draenor изгледа масивно. Некои од зоните се комплетно нови, додека другите се оние веќе познати од The Burning Crusade, но онака како што изгледале пред многу години во приказната. Сега ми текнува на еден пост стар неколку месеци на WoW форумот кој го зборуваше токму ова, во детали, кои тогаш изгледаа само како уште една шпекулација и желба. Многу познати ликови од историјата на Warcraft ќе се присутни и тука, но овој пат живи и како елемент кој директно ќе влијае на настаните.

После десетина години од постоењето на WoW, играчите ќе добијат и player housing, опција отфрлена во раната алфа фаза. Далеку пософистицирана варијанта на ова, ќе се вика Garrisons, каде што играчите ќе може да градат сопствени бази и тврдини, зајакнувајќи ги со армија, што всушност ќе преставува мала игра во игра. Гарнизоните ќе можат да содржат мала војска која играчот ќе може да ја испраќа на посебни мисии, зајакнувајќи ја со опрема, професии и уште еден куп ситници за кои допрва ќе слушнеме. Секако опционално, гарнизонот ќе може да се користи и како обична куќа. 


Еден детал што мене лично ме израдува е тоа што конечно ќе се реши проблемот со торбите и просторот за ајтеми. Стакот на ајтеми и зголемен од 20 на 100, додека ајтемите од квестовите ќе се на одделно место, оставајќи огромен простор во торбите на играчите каде што секогаш снемуваше место. RIFT ова го реши на потполно ист начин, уште многу одамна и функционира префектно.

Друга огромна новост е огромниот апдејт на графичкиот енџин. Застарените модели се апдејтувани со нови, но е задржан духот на оргиналните. Како што кажуваат Blizzard, менувале таму каде што е најпотребно. Никој не сака неговиот карактер стар десет години, да изгледа сосема поинаку. Допрва треба да се објави каков хардвер ќе бара Warlords of Draenor, меѓутоа јасно е дека ќе може да се игра и на постари машини и нешто понови тостери.

Покрај ова, доаѓа и нова PvP зона, седум нови данџни и рејдови, римејк на некои класични како Blackrock Spire, и ново ниво на тежина на рејдање - mythic. Сигурно пропуштив уште нешто, ама ќе ги следам вестите секојдневно, па ќе постирам за нови интересни детали. Допрва треба да го објават и синематикот. Експанзијата пристигнува во 2014. Сеуште нема официјален датум, но се надевам дека не е за една година од сега. Во најдобар случај, Warlords of Draenor ќе биде достапна на пролет.

No comments: