Doctor Who прослави 50 години од прикажувањето на првата епизода. Со специјална епизода, која ја чекав толку долго. "The Day of the Doctor", не само што ми ги исполни очекувањата, туку уште еднаш докажа дека имагинацијата на Стивен Мофат нема лимит. Доколку не било јасно дека Doctor Who е серија што излегува од сите шаблони, ги поместува сите граници и си игра со невозможното, специјалната епизода фино го истакнува тоа. Не знам уште колку ќе ми треба да убедувам луѓе кои знам дека ќе уживаат во серијава. До пред некое време, и јас имав лошо мислење, додека не сфатив што навистина е.
Иако немам ништо гледано од старите епизоди, универзумот ми е познат. Доволно за да сконтам некои од референците и да се насмеам под брк. "The Day of the Doctor" во неколку наврати се повикува на такви суштински моменти од митологијата на Докторот, од отварањето со оргиналната шпица. На крајот, дури и има и пријатно изненадување за генерацијата која го следи од поодамна. Сите претходни Доктори добија мало внимание, па дури и идниот, Питер Капалди. За нас, новите симпатизери на плавата кутија, нуди неповторливо спојувања на последните две инкарнации, Дејвид Тенант и Мет Смит. Оставија траен белег на цела една генерација фанови и нивното присуство кулминираше тука, во епизода која ќе се гледа низ децениите кои следат.
Приказната отиде во минатото на Докторот и Галифреј, испреплетувајќи неколку временски линии за да донесе тројца Доктори на едно место. Мет Смит и Дејвид Тенант тука се одлични заедно. Нивните разлики и сличности силно потенцирани и појачани со уште еден Доктор, John Hurt (како, како да му го напишам името на кирилица?!), кој прв пат се појави во последната епизода од регуларните сезони со Мет Смит. Конечно ја видовме причината за неговото присуство.
Исто така, продукциски, ова беше "најиспегланата" епизода до сега. Вакви визуелни ефекти немам видено во Doctor Who, а не беа воопшто лоши. Лоши се кога се стварно лоши, особено во првите епизоди со Еклстон и Тенант, ама тие ги прифаќам како дел од духот и традицијата на самата серија. Функционираат супер и така, еј. Единствената замерка ми е за Били Пајпер. Фино е што ја вратија и неа, меѓутоа можеше да биде било која друга актерка. Ејми и Рори, колку и да ги сакав, можеа само да создадат непотребна каша. Феноменална е и вака епизодата, без расфрлување со карактери кои немаше да направат разлика околу приказната.
Мет Смит заминува во божиќната специјална епизода годинава. Тогаш ќе се регенерира во Дванесеттиот Доктор, Питер Капалди.
No comments:
Post a Comment