Цврстата верба во филмовите на Marvel, уште еднаш ми се потврди со Thor: The Dark World. Исто така одењето во кино во вторник зошто е пола кутија цигари поевтино, е прилично лоша идеја ако не си резервираш карти. Не ми е јасен моментот со вторник, киното може одлично да функционира со истата цена и преку цела недела. Вака, за викенд често пати е празно. Океј, бла, бла...
Thor: The Dark World е сместен по настаните во Њујорк. Тор откако ја нареди Земјава, зафатен е со спасување на Асгард и уште неколку светови, Локи е затворен во келија, а Натали Портман истражува некаква гравитациска аномалија во Лондон. Во меѓувреме, Малекит со неговата армија Темни Елфови се обидува да ги фрли сите девет светови во темнина. Отприлика тоа е грубо околу приказната, без спојлери.
Уникатноста на Тор и потеклото на ликот во однос на останатите Авенџери, нуди поопширен простор за маневрирање, нешто со кое што продуцентите на The Dark World одлично се имаат справено. Во вториот дел, дејствието е претежно во Азгард, со мал поглед и кон другите светови. На Земјата, се случува во Лондон што за жал е обид за освежување на франшизата, кој реално не направи некоја разлика. Генерално, филмот е базиран на специјални ефекти кои феноменално се изведени и не штрчат во ниту еден момент. Уште еден фин пример за пристојна употреба на истите.
Сценариото е многу подобро за разлика од првиот дел, и се забележува огромен прогрес во развојот на ликовите. Особено кај Локи, кој често се двои од останатите ликови, генерално поради харизмата на самиот актер. Доколку се одлучат за проширување на франшизата со посветување на заебен филм за споредните ликови, сметам дека баш Локи го заслужува тој третман.
Приказната иако заринкува со некои нелогичности и напумпани случајности, функционира во секој случај. Дури добивме и некое евтино објаснување зошто ја изоставија Натали Портман во буџетот за The Avengers. Малото внимание на Дарси, беше премногу. Никако не успевам да ја сконтам како лик. Доколку ова е обидот за хумор во филмот, јас не ја разбирам шегата. Споредните ликови од Азгард заслужуваат многу поголемо внимание и развој. Кастингот е перфектен, па дури и кај ликовите кои не успеваа да ми се склопат во целата слика.
Marvel наголемо се спремаат за Guardians of the Galaxy, како што може да се види од бонус сцените тука и во The Avengers. Тој дел од Marvel ми е речиси недопрен, па планирам во некоја наредна прилика убаво да видам што е.
No comments:
Post a Comment