February 26, 2012

Star Wars: The Phantom Menace во 3D

Конечно и ние жителите на земја од третиот свет, имаме можност да гледаме 3D филмови во кино. Подобро покасно, него никогаш, така? Океј, имаме услови засега, па дури и Star Wars: The Phantom Menace како дел од репертоарот.

Се собравме фина екипа, расположени една недела претходно со спремни карти, а очигледно заборавивме што одиме да гледаме. Вчера се докажа дека и седум димензии не би го испрале The Phantom Menace. 3D ефектите и не беа толку лоши. Барем не делуваа исфорсирано, него онака културно и на место. Имаше некои сцени кои очекував да бидат многу подобро изведени, меѓутоа филмот не е ни сниман со цел да биде 3D. Затоа најизразени се оние делови од филмот каде што преовладува CGI, односно поголемиот дел од тие два саата, иако ги немаше секаде каде што би одговарале. Пример, во подводниот град на Набу не ни приметив. Јасно е дека Лукас работел со веќе снимени сцени, ама кога може да додава глупости во Return of the Jedi, зошто не склопиле некој кадар плус што ќе може да се прикаже во 3D? И, експлозијата на бродот на крај? 3D? Не? Без гајле, за неколку години филмот ќе биде прикажан пак откако Лукас ќе се реши да го дошминка пак.

Приказната е смешна. Колку повеќе го гледам The Phantom Menace, толку повеќе лошите страни доаѓаат до израз. И не, не е само Џар Џар проблемот. Што е со целата блокада на Набу? Која е причината, што е Trade Federation? Зошто Џедаи се испратени да решаваат политички проблеми? Зошто ако филмот е наменет за деца, има толку труење со конфузни општествени мастурбации? Зошто Квај-Гон го носи Џар Џар иако и сам знае дека им создава само проблеми? Која е улогата на Оби-Ван во филмот? Зошто Вејдер го има направено C-3PO? Зошто воопшто постои филмов? Зошто Силата има "научно објаснување"? И на крај, зошто ако филмот е толку катастрофален, единствените добри ликови умираат на крај?

The Phantom Menace е пропуштена шанса и пример за нереализиран потенцијал. Дури и најдобрата сцена во филмот е неколку пати прекината со ТРИ досадни сцени. Не дека битките со лајт-сејбери во оргиналната трилогија одат неприкинато, меѓутоа таква сцена да упропастиш со Гунгани? Или со копиљ што никого не може да убеди дека е Дарт Вејдер? Ајде, бе. И, покрај тоа, имаш уште два филма кои се доказ дека дебелиот врат на Лукас не учи од сопствените грешки. Проблемот е што човекот мислел дека што и да направи ќе биде успешно, судејќи според бројот на оргазми во минута на фановите низ годините пред новата трилогија, нели. Ужас.

Како кино искуство е супер, да. Се додека не се појави Џар Џар и не сфатиш дека некои сцени се болно долги и напорни. Приказната и онака е премногу рендом за да ја следиш. Ако ништо друго, стискаш заби и чекаш да дојде дуелот на крај, секако под услов да не си мртов или заспан претходно.

February 17, 2012

Бесплатни MMORPG игри во 2012 (втор дел)

Пред да ја претставам следната тројка на бесплатни MMORPG игри во 2012, на кратко ќе ја искоментирам последната одлука на Trion Worlds. Компанијата од последниот patch на RIFT, одлучи да понуди "lite" верзија на играта, каде што играчите ќе можат бесплатно да играат до 20 левел. Нешто слично како што направија Blizzard лани со World of Warcraft. Во RIFT Lite, играчите не се временски ограничени, меѓутоа ограничувањето на 20-тиот левел доаѓа и со ограничување на зоните, освен почетната. Како и да е, многу е подобро од класичниот trial кој трае една недела. Значи сега, оној што ќе сака да ја проба RIFT, ќе може да ги ужива сите работи кои ги нуди играта до 20-ти левел. Добар потег на Trion, зошто гледам дека привлекоа многу играчи, а и оние кои заминаа за The Old Republic веќе се вратија со лошо искуство од таа игра.

Океј, одиме со бесплатните игри.

Mythos се врати! Неколку месеци откако ги затворија европските сервери, а ако не грешам и корејските, играта се враќа во полн ек. Овој пат има една глобална верзија, чија отворена бета започна пред две недели и веќе е во тек. Гледам дека има нови класи и раси, кои се само дел од новостите кои се воведени. Заедницата која ја напушти играта, полека се враќа на форумите. Ќе ми биде мило доколку Mythos навистина заживее. Засега, нема друга онлајн акциона RPG игра која е толку блиску до Diablo, па ете што може да се игра додека се чека третото продолжение.

Eligium: The Chosen One е исто така во отворена бета, од пред некој ден. Иако се потрчав да грабнам клуч за затворената бета, никогаш не го искористив. На првите видеа, играта изгледаше супер, се формираше и фина заедница уште пред првото тестирање за на крај да не исполни ниту едно очекување. Интересното е тоа што Eligium има панди како раса, многу слични на оние кои ги најавија Blizzard, па имаше препукување на кој прв му текнало. Во секој случај, играва изгледа како повеќето корејски клонови на WoW, така што доколку на некој сака да игра панда пред Mists of Pandaria, ова ќе заврши работа до некаде.

EverQuest II е бесплатна, во рамките на оној поган модел за кој зборував во минатиот пост. И продолжението и првиот дел кој го испирираше денешниот MMORPG жанр, си имаат традиција и верни играчи. Единствено графиката која малку е застарена може да одбие некого, но гејмплејот е тој. EverQuest II нуди огромна содржина и вреди да се проба. Од март оваа година, и првиот дел на EverQuest ќе биде free-to-play.

За првиот дел на Бесплатни MMORPG игри во 2012, клик тука.

February 9, 2012

Нов Star Wars стрип: Dawn of the Jedi

За една недела, на рафтовите низ стрипарниците во нормалните земји, ќе се појави првиот број на Dawn of the Jedi (Dark Horse Comics). Пред некоја недела излезе бројот #0 во кој беше најавено она што ќе може да се прочита во новиот Star Wars стрип. Не пропуштам да кажам колку е тешко да ме привлече нешто од проширениот универзум на Star Wars, а стрипот веќе ме придоби со листање на само неколку страници од нулта бројот.

Dawn of the Jedi нè носи назад во времето, 36 илјади години пред Лук Скајвокер, период кој колку што знам, до сега никогаш не бил раскажан. Во ерата на Dawn of the Jedi не постои Република, ниту 'модерна' технологија и Силата сеуште не е поделена на две спротиставени страни. Приказната ќе започне на планетата Tython, во срцето на Галаксијата. Оние со кои Силата е јака, се доведени таму со пирамидални бродови за кои сум сигурен дека ги имам видено во The Clone Wars, или барем слични на нив.

Џедаите како што ги знаеме не постојат тука. Нивните предци, кои ја користат и разбираат Силата се наречени Je'daii. Иако е слично напишано, се изговара со поинаков акцент, како што сум приметил дека тоа го прават одредени ликови во приквел трилогијата и The Clone Wars. Претпоставувам дека влече корени од тука и ако ништо друго, го објаснува различниот изговор. Тие имаат и посебен Кодекс, кој потсеќа на денешниот Кодекс на Џедаите, со некои стихови плус кои говорат за тогашниот мистериозен статус на Силата.

Нулта бројот на Dawn of the Jedi е една фина мала енциклопедија која е задолжена да го запознае читателот со она што следи. Освен ликовите, прикажни се различни локации, храмови, па и некоја примитивна (во однос на Старата Република, ете) технологија, бродови, а и оружја кои се викаат "forcesaber". Сè изгледа онака митолошки, некои делови потсеќаат дури и на Magic: The Gathering сет, што беше доволно да ме привлече повеќе од купот други досадни Star Wars стрипови. На крајот е претставен и еден опасен лик, Xesh, на кој дефитивно ќе му се пружи внимание.

Едвај го чекам првиот број. Во меѓувреме, нулта бројот како препорака до сите Star Wars фанови кои бараат нешто различно. Се наоѓа лесно за даунлоуд. И, за крај, интервју со авторите на Dawn of the Jedi, клик тука.

February 3, 2012

Преглед на Star Trek Online

Како што кажав во еден претходен пост, една од бесплатните MMORPG игри кои се достапни од оваа година. Star Trek Online пред да биде објавена на почетокот на 2010, помина низ неколку години исполнети со проблеми кои упорно го одложуваа отварењето на серверите со што се зголемуваше нетрпението кај оние кои ја чекаа. После толку долго одложување, играта беше пречекана со еден куп негативни коментари бидејќи ретко чие очекување беше исполнето.

Деновиве дадов шанса. И покрај тоа што на прв поглед играта изгледа одлично, како што напредував, недостатоците излегуваа на површина. После краткото интро нарирано од Леонард Нимој, играчот се наоѓа на брод нападнат од Борги. Годината е 2409 и Федерацијата е во некаква војна со Клингонците. Се почнува од најмал чин, и до крајот на почетната мисија, веќе командуваш со сопствен брод. Тука негде играта ме изгуби, а верувам и армија други играчи...

На почетокот е фино. Има огромен избор на раси чиј изглед може да се прилагоди за сечиј вкус, а доколку ни тоа не е доволно, играта нуди и креирање на сопствена раса од повеќе понудени урнеци. Има три класи, соодветни на тие од Star Trek универзумот, но сепак слични до оние стандарните за MMORPG жанрот. Избрав Вулкански science officer и тргнав да видам што нуди играта. Прво што ми падна во очи, дека самиот гејмплеј отскокнува од оној на кој сум навикнат кај ваков тип игри, зошто повеќе потсетува на Mass Effect, отколку било што друго. Нема стандардни спелови, па голем дел од играњето е базирано на трчање со трикодер во рака и пукање со фејзер. За Star Trek фан звучи сосема доволно, со оглед на тоа што голем акцент е удрен на самиот role-playing. Освен тоа, во она кратко време што играв, не видов ништо повеќе.

Потоа следуваше еден дел кој тотално го руши целиот впечаток од играта. Како што кажав, играчот добива сопствен брод, кој има посебни оружја и може различно да се подеси, во овој случај, кој колку пари е спремен да даде. За бродот, низ играта се собира екипаж, мене од еден квест ми доделија некако офицер кој уште не стигнав да видам како може да го користам. Што е проблемот тогаш? Управувањето на бродот е мачно и тотално непривлечно. Има квестови кои се завршуваат во вселена, а навигацијата е толку очајна и одбивна, што е по сама себе доволна причина за Star Trek Online да одврати играчи. Иако бродот има клучна намена, со него се патува на различни локации, немав нерви да пробувам да се прилагодам на лошите контроли. Може на некој ќе му се допадне, за мене дефинитивно не е океј.

Сакам Star Trek и сакам добри Star Trek игри. Ова колку што е добро, толку е и неподносливо. Затоа и е сосема оправдан моменталниот статус на играта. Ме зачуди и што има само еден, претпоставувам глобален сервер кој нема да опстои уште долго. Штета, се потрудиле да направат нешто различно што и донекаде им успеало, меѓутоа некои делови од играта уште изгледаат како недоправени. Целата слика е натрупана и не е баш најсјајна. Можеби понатаму е подобро, поголем дел од работите кои може да се прават во играва не ги ни пробав, ама ете, немам желба за да стигнам до таму.

February 1, 2012

Видео на неделата: Breaking Bad RPG

Додека да се појави долгиот пост во кој раскажувам колку e Breaking Bad ненормално добра серија, со екипа која си ги има заслужено сите награди до сега и каква тензија има низ четирите сезони - еве го видеото на неделата.

Четирите сезони на Breaking Bad раскажани низ олдскул 8-бит RPG игра. Генијално склопено, едно од најдобрите авторски видеа на CollegeHumor. Има многу спојлери во видеото, така да внимателно.

Врвот на The Clone Wars

Последниве две епизоди на The Clone Wars потврдија дека серијата и те како може да биде сериозна. Сезонава го достигнаа врвот и се прашувам до кога ќе можат да се држат до ваков квалитет. Анимацијата е беспрекорна, а приказните добиваат малку покомплексен облик. Како што The Clone Wars оди кон крајот на четвртава сезона, така се зацврстува мостот помеѓу вториот и третиот дел од приквел трилогијата. Палпатин ја губи довербата кај Џедаите, а Анакин покажува особини кои го пресликуваат неговиот размрдан карактер кој ќе го одведе до Темната Страна. Сите знаеме како ќе заврши приказната на крај, меѓутоа тука во The Clone Wars е многу подобро раскажано, отколку во филмовите. За поздрав е и тоа што сите дупки кои ги има приквел трилогијата веќе се пополнуваат тука. Жалното е што самата трилогија не беше ни приближно интересна како ова.

Прво, задоволен сум од тоа како е претставен ликот на Кеноби. Во A New Hope го запознавме како ветеран од Војната, искусен Џедај и сомнителен лик кој во дупките од кантини низ Галаксијата може да направи фрка и да избега со некој како Хан Соло. Значи, Кеноби, иако стар, претставен е како заебан мајкоебач кој правел р'шум во некое поцивилизирано време. Во последниве епизоди, е баш таков, како што многумина би си го преставиле, нешто што јас лично не можев да го увидам во ниту еден од приквелите.

Кеноби, откако ќе си ја исценира смртта, заминува на тајна мисија и се маскира во опасен криминалец кој треба да извади друг заебан тип од затвор со цел да открие заговор против Палпатин. За работите да бидат уште покомплицирани, Морело Еван дели ќелија со Кед Бејн, мојот омилен лик и платеник од The Clone Wars. Не би претерувал со спојлери, но има еден момент откако ќе избегаат и ќе отидат да набават облека и останати потребни ствари што неможам, а да не го спомнам. Бидејќи на Кед Бејн му недостасува шеширот, бара нов и додека разгледува низ продавницата низ раце ќе му пројде шеширот на Индијана Џонс! Имало и претходно вакви моменти кога е референциран Инди, како на примел кристалниот череп, ама ова беше најдиректно и најдобро до сега.

Приказната изгледа дека ќе заврши во следната епизода, освен ако таа со Набу не е исто поврзана. Ме занима каде ќе отиде серијава после ова. До сега, после секоја добра приказна, имаше нешто што ќе ја надминеше. Се надевам дека нема да дозволат да им опадне квалитетот, зошто моментално ова е анимирана серија со најголем рејтинг. За жал, првата сезона на The Clone Wars одврати многу луѓе кои поради тоа пропуштаат сериозно добри Star Wars приказни. Не е касно да се почне, макар и од втора сезона.

January 29, 2012

Најава за Prometheus

Годинава сакам да видам добар СФ. Високобуџетен добар СФ, значи муабетите за ептен добри инди филмови што тепале на фестивал во Андора и колку Холивуд е поган, не ме занимаат нешто посебно во моментов, иако со второво често се согласувам. Prometheus изгледа како Ридли Скот да е решен да му даде малку живот на жанрот.

Филмот кој требаше да биде сместен во Alien универзумот, во раните фази на продукција се оформи како засебен ентитет. Екипажот на бродот Prometheus трага по потеклото на човечката раса, и успат се соочува со напредна вонземска цивилизација во некоја вселенска вукојебина. Иако далеку од иновативно, мојата верба во Ридли Скот веќе ме осигура дека ќе гледам добар филм. Тизер трејлерот кој и не кажува баш многу, сепак има неколку сцени кои ако ништо друго, ветуваат културно искористени компјутерски ефекти и амбиент кој овој режисер знае како да го прикаже. За сценариото е задолжен Дејмон Линделоф, па една уште една причина која може да гарантира за квалитетот на Prometheus. Кастингот е фино одбран, без многу звучни имиња, што мене лично ми е сосема океј.

И да се надоврзам на муабетот за Alien од погоре... Мило ми е што филмот ќе биде независен од тоа. Изминативе години, толку се извалка таа франшиза што некако е ризик да се прави било што поврзано со тоа. Ако ништо друго, има гневна топла на фанови што ќе собира плунка два месеци пред излегувањето на филмот. Prometheus премиерно ќе биде прикажан на почетокот на Јуни. За сите новости поврзани со филмот, обратете се на овој линк.

January 22, 2012

Бесплатни MMORPG игри во 2012 (прв дел)

Многу пати сум кажал дека кога некоја MMORPG игра која нуди месечна претплата и се префрла на f2p (free-2-play) модел, е прв знак за, грубо кажано, пропаѓањето на истата. Не пропаѓање во смисла за затворање на последниот сервер со седум луѓе, туку значително намалување на претплатници. Кога месечната претплата не функционира профитабилно, голем број компании наоѓаат прибежиште кај микротрансакциите. Тие па, најчесто се бессрамен грабеж на играчите, кои доколку би ги користеле за комплетно искуство со одредена игра, би чинело многу повеќе од месечната претплата. Пример, LOTRO (колку е да е добра играта), откако стана "бесплатна" бараше од мене пари за секакви работи, од торбици до квестови. Секако, постои и опција за месечна претплата каде што е вклучен комплетниот "пакет", но повторно, страдаат играчите кои не сфаќаат дека не постои нешто како "бесплатно". League of Legends е исклучок, но веќе го дискутирав тоа и не би се задржувал многу.

Изминативе месеци и следниве што доаѓаат, сме сведоци на "падот" на некои звучни имиња на MMORPG сцената кои последниот здив ќе го земат со f2p етикета. Листата на причини за тоа е навистина долга. Жанрот ретко нуди нешто ново, па играчите се заситени. Покрај гигантите како World of Warcraft, се појавија еден куп други слични игри со кои пазарот се прошири и понуди повеќе опции. Меѓутоа, ретко кој нуди нешто различно и иновативно, така што секоја компанија која доби шанса да претстави игра, после одредено време почнуваше да згаснува. Друга работа се огромниот број на корејски игри, нормално адаптирани за американски и европски пазар, кои иако имаат f2p модел, си наоѓаат место кај кежуал играчите. Игри кои изгледаат одвратно, имаат ужасен гејмплеј, а сепак имаат повеќе играчи од оние кои подолу ќе ги спомнам.

Очигледно ќе причекаме за револуција во жанрот, додека не излезе Guild Wars 2. Дури и да повлече армија клонови, сепак ќе е огромно освежување на жанрот кој упорно тапка во место. Приметувам дека бројот на играчи кои веруваат во Guild Wars 2 е секој ден се поголем и поголем.

Еве што ќе може да се игра "бесплатно" оваа година:

DC Universe Online, барем PC верзијата. Иако најавата за оваа игра стави насмевка на лицата на стрипаџиите, нескромно ќе кажам дека лесно можеше да се превиди судбината. Како концепт, ваква игра неможе да успее во жанрот во кој се обидува. Звучи примамливо, но е предизвик кој бара многу повеќе од "Убиј 10 ______" квестови. Каква и да ја направиш приказната, пак неможе да оправда што бараат толку многу суперхерои и вилани на едно место. Претпоставувам дека ќе тера вака уште барем една година, пред серверите да им отидат офлајн. Се сеќава некој на The Matrix Online? Секако дека не.

Star Trek Online лично мене ме израдува како концепт, но реализацијата беше оцената како катастрофална само неколку дена по издавањето на играта. Има материјал во Star Trek, тоа е неоспорно, само што ете, очигледно не успева како игра од овој жарн, нешто слично како DC Universe Online. Дури Star Trek Online нуди и поплодна почва за развој на MMORPG од претходно спомнатата. Страшното е тоа што сега во играта меша прсти и Perfect World, компанија која лично сметам дека далеку повеќе се грижи за микротрансакциите и нивно претворање во макро, отколку за самиот квалитет на игрите.

Aion ми го привлече вниманието уште кога излезе и кога слушав само позитивни работи. За жал, играта почна да згаснува по само неколку месеци, но успеа со години да опстои со месечна претплата како модел. Во периодот кога се откажував од WoW а RIFT беше далеку и од алфа верзија, оваа игра неколку пати ја размислував како опција. Исто така, доколку направиме споредба помеѓу овие три игри кои ги спомнав, мислам дека Aion најмногу ќе добие како "бесплатна".

Верувам дека ова не се единствените игри кои ќe станат "бесплатни". Дури и RIFT е сериозен играч доколку не им тргне на порано. Иако се јавија со броја од 100 милиони долари заработка, многу од серверите се празни. Сепак, утешително е тоа што голем дел од празните сервери, воопшто не ни биле планирани, но навалата на играчи (лично сум сведок за ова), си го направи своето. И другo нешто за крај. Ако оваа година Star Wars: The Old Republic не почне да го применува f2p моделот, сигурен сум дека веќе во следната ќе може да се игра со микротрансакции.

January 20, 2012

Подалеку од Alcatraz

Наместо да се посветам на пишување за квалитетни ствари како Breaking Bad, решив да потрошам муабет на Alcatraz. Не ми е поентата да бидам зол и да мрчам, туку само сакам да предупредам и да објавам дека од денес па натаму, секој продукт на кој е потпишан Џ.Џ. Абрамс ќе го избегнувам како мене техничката поддршка на Телекабел.

Невиден и креативен промо материјал?

Alcatraz
е уште еден од оние обиди за серии чиј коњ пробува да јава со самар обележан со DHARMA симбол. Не знам уште колку серии треба да пропаднат пред некој да се сети дека сеуште е рано (и така ќе остане уште долги години) за нешто како Lost? Мислам, единственоста и големината на Lost уште се осеќа во воздухот и навистина нема потреба од пополнување на дупки кои не постојат. "Квалитетот" на Alcatraz беше најавен уште со онаа одлука со која серијата доби mid-season replacement третман, но некако пак бев заинтересиран. Фин кастинг, интересен сетинг и 'звучно' име некако ветуваа барем океј реализација. И јас, будала, пак поверував на Џ.Џ. Абрамс, за среќа, последен пат.

На кратко, што е приказната? Најпознатиот затвор во светот е затворен и сите 'жители' се пренесени во други затвори. Само што не се случува тоа, туку мистериозно исчезнуваат. Флешфорвард во денешно време, еден по еден почнуваат да се враќаат. Делува занимливо, зар не? Само што не е. Воопшто не е. Има катастрофална нарација, крајно аматерско сценарио и ликови интересни како македонска хумористична серија од крај на 90-ти.

Очигледно ова е единственото што може Сем Нил да го работи во моментов, а се гледа дека не се труди. Харли од Lost е тука, со сличен лик, само што е тотално неуверлив. Буквално се што се случува во првата епизода на Alcatraz е комплетно исфорсирано и без душа. Уште на крајот кога сфатив дека секоја епизода ќе се занимава со различен затвореник, ми стана јасно за каква глупост потрошив време. Слично ми се деси со The 4400 пред неколку години, со тоа што разликата беше меѓу пилот-епизодите на двете серии. The 4400 имаше барем добар почеток.

Лоша серија. Не вреди да се троши време зошто ќе пропадне како The Event.

January 11, 2012

Мала дискусија за The Hobbit

Крајот на минатата година го донесе трејлерот на The Hobbit, адаптација на истоимената книга на Толкин. Лично, трејлерот успеа да ме убеди дека оваа година ќе видиме уште еден квалитетен филм, кој ќе остави значителна трага во историјата. Покрај сите проблеми со кои филмот се соочи во раната фаза на продукција, сепак на крај проектот доби зелено светло. Ако некој памти, The Hobbit (поделен на два дела, првиот се вика An Unexpected Journey), требаше да го режира Гилермо Дел Торо. Радоста беше преголема, особено за тогаш тазе фан на Дел Торо, како мене. Доколку некој се сомнева во режисерските способности на типот, слободно нека го погледне Pan's Labyrinth. Дел Торо има осет за жанрот, иако нема некое такво комплетно остварување.

Како што почетокот на продукцијата се одложуваше поради финанскиски проблеми, така трпението на Дел Торо го доведе до напуштање на проектот, по што луѓето со парите успеаа да го вратат Питер Џексон на веќе докажаната позиција. Со Питер Џексон како режисер, веќе не би требало да има сомневање во квалитетот на адаптацијата. Ќе видиме филмови кои соодветно би ја надополниле Lord of the Rings трилогијата, во истиот дух, и се надевам барем сличен начин на реализација и стил. Друга работа што ми се допаѓа е тоа што филмот има посериозен тон, ако судиме по трејлерот, нели. The Hobbit е многу подетски раскажана приказна од трилогијата, а трејлерот воопшто не изгледа како Хари Потер.

Кастингот е комплетно погоден. Мартин Фримен е можеби најдобриот избор за младиот Билбо и докажан актер. За Гандалф, треба да сме среќни што МекКелен уште е способен да снима. Искрено, друг актер неможам да замислам во таа улога. Нека си поживее човекот дур не го снимат и вториот дел. Иан Холм, Елајџа Вуд, Кристофер Ли (очигледно е бессмртен), Енди Серкис. Хуго Вивинг, Орландо Блум и уште некои што сигурно ги испуштив, се враќаат во старите улоги, а ја како фин додаток, тука е и Еванџелин Лили. Повеќето актери во улогите на Џуџињата не ги знам, но изгледаат одлично во костимите.

Значи, комплетно му верувам на Питер Џексон. Одлуката да се снимат два (долги) филмови е исто за поздрав, зошто очекувам подетален пристап и раскажување. Единствен проблем тука е тоа што треба да чекам една година за првиот дел, и уште една за вториот. Како и да е, промашување нема да има.