May 13, 2012

The Avengers (2012)

Дали е чудно што The Avengers испадна дека е најдобрата адаптација на Марвелов стрип? Не. Ќе беше чудно доколку не беше така. Не претерувам, успехот и парите што ги намлати се сосема оправдани. Кога ќе го земеш најдоброто од претходните остварувања и ќе го помножиш со два (во случајот на Hulk се множи со четири), ќе добиеш ваков резултат. Зад равенката, стои Џос Видон, кој заслужено си го ужива тронот минатава недела. Акција, забава, хумор и супер-херои за чиста десетка. Еве нешто на кратко, со ситни спојлери.

Сè она што го видовме во претходните филмови, кулминираше тука, во овие извонредни два и кусур саата. И тоа 3Д, во кино во кое едвај имаше кислород. Џос Видон успеа да го извади максимумот од секој лик и актер и да обезбеди доволно време, за сечија приказна совршено да се вклопи во големата сложувалка. За секој од нив има и соодветен вовед, во случај некој да ги пропуштил нивните стории во минатите филмови. 

Буквално сите блескаат, особено кога се соочени меѓу себе, со нивните маани и доблести. Особено сум изненаден од Семјуел Мадафакин Џексон како Ник Фјури и "новајлијата" Марк Рафало како Хулк. Повлекувам сè што мрчев за Рафало, дечкото е феноменален и си ја заврши работата подеднакво добро како и неговите колеги. Далеку подобар и од едниот и другиот пред него. Време е Хулк да добие трета шанса, па еве го и вистинскиот човек кој ја заслужува и успешно би можел да ја реализира. Останатите веќе се докажаа, особено Роберт Дауни Џуниор. Тврдам дека после него, не е возможно да се одигра Тони Старк толку добро. Сепак, мене најпозитивното изненадување ми беше Хулк. Браво.

На ваков супер-тим му е потребна и соодветна закана. Во потрага по коцката (Тесерактот) што ја видовме во Captain America, Локи, полу-братот на Тор, доаѓа на Земјата со не толку добри намери. Ник Фјури во Авенџерс го гледа единствениот спас, бидејќи само тие би можеле да се спротистават на она што доаѓа да предизвика општ хаос, почнувајќи од Њујорк, каде што и кулминира дејството. Меѓутоа, собирањето на ваков тим воопшто не е лесно, бидејќи членовите додека почнат да соработуваат, прво си ја мерат големината на сопственото его. Нивните конфликти се и најсимпатичниот дел од филмот, а кој не би сакал да види што ќе се случи кога Мјолнирот ќе удри во штитот на Капетан Америка или оклопот на Ајрон Мен. 

The Avengers е навистина квалитетно остварување, филм што ќе остане и за следните генерации. И, мило ми е што ни се пружи шанса оваа историја да гледаме во "реално време". Едвај чекам да видам што ќе донесат следните продолженија, како и продолженијата на Iron Man, Captain America и Thor. Ова е и најсериозниот кандидат за филм на годината, покрај Prometheus.

May 7, 2012

Новите DC: Batman #7

Мојата сè поомилена двојка, Капуло и Снајдер, со новиот број на Batman. Приказната за Court of Owls продолжува понатаму и открива нови шокантни детали. Снајдер и понатаму храбро си игра со историјата на Готам и Вејнови, а овој пат не го поштеди ни Дик Грејсон. Тоа што го читав претходно ми отвори еден куп прашања, најмногу за Talon, зошто ми беше очигледно дека тој што се крие зад неговата маска е потрошлив материјал

Одговорите што овој број ги нуди, маваат изненадни шамари. И, создаваат една низа нови прашања. Предок на Грејсон зад маската на Talon, денес?  Објаснувањето крие уште прогрозоморни тајни и покажува каде сè се имаат инфилтрирано овие сомнителни душмани на Бетмен кои се нaрeкуваат Court of Owls.

Со следниот број, започнува арк кој ќе се прошири и до другите изданија на DC, Night of the Owls, и ако судиме според крајот на Batman #7 ќе биде занимливо. Досега, се покажаа како адекватни негативци што заслужуваат поопширна приказна и поголемо внимание. Баш поради тоа и овој наслов ми е најпривлечен. Психички истрошен Бетмен и сериозна закана за Готам? Нека потрае, ме занима колку може да се развива ова.

Уште една работа што е сериозно симпатична, е тоа што овој број отвара со директен омаж и сцена од Batman: Year One! Браво за тимот, супер го возат Бетмен до сега.

Види такоѓе:

May 6, 2012

Лоши вести околу The Elder Scrolls Online

Има ли похрабар обид да се освежи MMORPG жанрот од The Elder Scrolls Online? Додека светот го чека доаѓањето на Guild Wars 2, во студијата на Zenimax се развива онлајн варијанта на една од најдобрите сингл-плеер игри во историјата.

Тоа е главната добра вест (дали?), а има и лоша што успеа да ми ја расипе радоста. Играта ќе биде во трето лице и спеловите ќе се активираат од тулбар. Кога чув The Elder Scrolls Online, прво нешто што замислив е онлајн Skyrim, во таков сетинг, со таков гејмплер. Која е поентата да правиш The Elder Scrolls игра, а да не е таква. Или, да искешираме на насловот дур е вруќо?
Втората лоша вест е тоа дека борбите нема да бидат како во TES игрите, со што комплетно сè почнува некако грозно да мириса. Затоа и не верувам дека ова ќе биде (очигледно не е тоа замислата) да биде следниот чекор во MMO гејмингот. Има и повеќе од доволно MMORPG игри кои се слични една друга, ја користат истата механика и се сведуваат на бесконечен грајд по максималниот левел. 

Единствено нешто заедничко, секако е приказната. Ќе биде сместена 1000 години пред настаните во Skyrim, меѓутоа на иста локација. Покрај Skyrim, како локација ќе бидат достапни Cyrodiil и Elsweyr. The Elder Scrolls Online ќе има три фракции, секоја со по неколку познати раси.

Штета. Изгледа ќе почекаме уште некое време за MMORPG во прво лице. Еве го тизер трејлерот, а на IGN има фина статија со сите познати работи за играта моментално.

Три препораки за серии

Има неколку добри серии за кои не сум стигнал да им посветам посебен пост, а заслужиле. Денес сакам да препорачам три, се одлучив за некои малку полабави, опуштени.

Со епизодата во живо, минатата недела 30 Rock може да се издвои како најквалитетниот ситком моментално. Последнава сезона ја следам редовно, додека другите ги гледав успат покрај Ивана, па имам пропуштено повеќе епизоди. Сепак, со добар дел изгледан, одговорно тврдам дека ова е серија што не смее да се пропушти. 30 Rock се концентрира на Лиз Лемон (Тина Феј, жена со муда), главен сценарист на "лајв шоу" од типот на SNL. Лиз има тим од сценаристи и актери кои (можеби ќе) се однесуваат примерно доколку самата за погрижи за тоа. За да и биде уште позабавно на работа, тука е еден од најодлепените шефови во било која серија на американска телевизија. Џек Донахи, конзервативен републиканец, капиталист, бизнисмен, со сфаќања кои кога ќе се судрат со оние на Лиз Лемон, настанува општ хаос. Исто така, најдобрата улога на Алек Болдвин до сега. Со другите ликови ако почнам, ќе ми треба уште цел пост, а не ми е тоа идејата сега.


Иако многумина ќе речат дека Рики Џејверс преминува морални граници со Life's Too Short, ја ќе кажам дека е феноменална. Можеби некому ќе му делува бизарно тоа што главниот актер е џуџе во ситуации кои делуваат деградирачки, но еј, хумор е хумор. Има разлика од хумор и исмејување/понижување, а серијата не го прави тоа. Има ситуации од кои може да ти е незгодно, но во исто време е факинг смешно. Главна "ѕвезда" е Ворик Дејвис (евоксот од Return of the Jedi) и глуми некаква верзија на себе, актер кој никој не го препознава иако бил (мал, no pun intended) дел од големи филмови. Исто како во Extras, се појавуваат еден куп познати фаци, како Лијам Нисон, Џони Деп, Хелена Бонам Картер, Стив Карел и се глумат самите себе. Тука ќе скратам и ќе го оставам линков.

Кени Пауерс. Кени факинг Пауерс. Најголемата бејзбол ѕвезда, чија слава и его-трип му ја уништуваат кариерата и го враќаат таму од каде што е дојден. Додека се надева дека некогаш повторно ќе биде на врвот, Кени се обидува да се вклопи во "нормалниот свет". Кени е реднек кој збори во трето лице и гордо носи џигерица. Кени сака алкохол, лесни дроги и цицки. Мислам, еве пример за класичен Кени Пауерс момент. Серијата е на HBO (имаат ли неквалитетно нешто?) и извршен продуцент е Вил Ферел. Има две сезони со по 6-7 епизоди и трета која се прикажува моментално.

Има место и за Torchlight II

И покрај сите напори на малиот тим кој ја работи, Torchlight II пристигнува ова лето, после Diablo III. Гигантот ја доби трката, па додека излезе оваа мала симпатична игра, рацете на играчите веќе ќе бидат зафатени.  


Сепак, сметам дека има место и за Torchlight II. Првиот дел веќе ужива култен статус, си има своја публика. Играта има значително помала цена од Diablo III (а и од многу други нови игри), па полесно ќе си го најде патот до оние "кежуал" муштерии. Плус, темата е многу повесела од темниците на Diablo и доаѓа како сладолед после лесковачка.Токму тоа и ја издвојува од сите клонови излезени од Diablo II, до денес.

Веќе има неколку видеа од бетата кои укажуваат на тоа дека и не е баш некоја конкуренција на Diablo III, туку дека си е различна игра од истиот жанр. Еве ги првите пет минути, заедно со интрото во приказната, и три часа играње со Engineer класата, тоа што јас ќе го играм кога ќе излезе. Плус, опцијата за LAN играње е милион пати подобра од кретенската идеја на Blizzard за аукциите со вистински пари во Diablo III.

Инаку, деновиве асално ќе ја пробам бетата на Path of Exile, па ќе пишам. Поиграв малку колку што ми дозволи времето, не е лоша, дури изгледа и подобро отколку што очекував.

Star Wars: Blood Ties - Boba Fett Is Dead #1

Не постои перманентна смрт во фикција, а да не зборувам за проширениот универзум на Star Wars. Исто така, ништо не останува недопрено во тој Star Wars свет, па така што и еден од најмистериозните ликови имавме прилика да го видиме што правел како мал. Како некој сериозно да го занима потеклото и детството на Боба Фет.

Blood Ties е стрип серијал посветен на Боба и Џанго Фет. Поминати се неколку аркови во кои појма немам што се случувало, а и не би можел да се грижам помалку. Целата таа идеја дека Труперите се клонови на Џанго Фет ми предизикува мачнина во стомак, така што не ме интересира ништо за него. 

Минатиот месец започна нов арк од Blood Ties приказната, Boba Fett Is Dead. Иако природната реакција на ова е "По кој пат?", мене насловната страна ме убеди да го симнам и да видам како тоа Боба Фет е мртов. И, очигледно е. Уште на првите страни, Боба лежи оптегнат  на сува земја, со прострелна рана во шлемот кој авторот на овој текст потајно го посакува како дел од неговата гардероба. Не се знае кој е одговорен за неговата смрт, ниту пак кој е тој мрачен лик што се решил да го одмазди и зошто. Зар некој се грижи за Боба Фет?

Приказната заврши супер, доволно за да го читнам и следниот број кој излегува дури на крај на месецов. Ете, интересен Star Wars стрип. Се надевам нема да ме акне од земја со вториот број како тоа што беше случај со Dawn of the Jedi. Баш чекам да заврши аркот со следните два, па да пишам нешто повеќе. Вака на кратко, Dawn of the Jedi после феноменално интро и ветувачки прв број, забега со истите глупости кои ги среќавам во повеќето Star Wars стрипови. Мал хинт: Пак истите униформи на Империјата и илјадници години пред да постои!? Сериозно? До кога стриповите ќе ја користат истата (визуелна) формула од филмовите? Тоа ли кажува истражувањето на пазарот, тоа ли сакаат луѓево да читаат? Или никој воопшто не се замара и упорно штанца Star Wars лого на сè што ќе се продаде? За жал, така е.  

Да се вратам на Boba Fett Is Dead пред муабетот да ми отиде во друга насока... Приказната ќе има четири броја,  кои ги пишува Том Тејлор, авторот на Star Wars: Invasion. Стрипот го црта Крис Скалф, сосема непознато име за мене, сè додека не видов каква добра работа завршил тука. Дечкото е одличен, еве на линков може да се погледне неговото портфолио.

May 4, 2012

Огромна листа на работи што не си ги знаел за World of Warcraft

Успехот кој и денес го ужива World of Warcraft е оправдан, без разлика на тоа што играта одамна не е истата од порано. Барем не таква каква што беше кога јас почнав да играм. Пред пет години, WoW понуди нешто што претходно го немав видено. Ме купи со огромната виртуелна околина на располагање, приказната која претходно ми беше (делумно) позната од Warcraft III и сите оние работи кои можев да ги правам тука. а не биле возможни во други игри. Воопшто не беше трка за поголем левел и опрема, мерење бројки, туку истражување на еден масивен свет каде што беа потребни часови за да стигнеш од точката А до точката Б. Попатно, извршуваш квестови и се радуваш што помагаш на жителите и си дел од целата таа историја. 

Мило ми е што WoW ја фатив во период кога играта буквално цветаше и беше токму тоа што и треба да биде еднa MMORPG игра. И денес со носталгија се прават муабетите во друштво кога сме го држеле Гаџезан со саати под опсада, или борбата со упорниот нуб од Алијанса што се бркаше со мене и Дамјан ("Brohm, best mage tank!") низ Зул'Драк. Па, и ова! И до денес, можам некои од зоните да ги познаам по музиката. Приказни има премногу, а оваа генерација ќе ги раскажува како дедовците на истата со нивните муабети за тоа како бегале од Германци. Ете, тоа е тоа што ја прави играта толку посебна, само тие што никогаш не играле, нема да ме разберат.


Пред тој клучен период, WoW била уште поразлична игра, особено во раната фаза, пред The Burning Crusade (јас кога почнав да играм, сеуште немаше TBC на пиратските сервери). Алфата и бетата нуделе сосема друго искуство, па дури и интерфејсот не бил таков каков што го знаеме повеќето. Начекав една обемна листа на работи за кои биле дел од WoW во тие стари денови. Некој се потрудил да ги собере во еден пост, кој кога го ископирав за да го зачувам, ми испадна цели 19 страници во Ворд. Бидејќи немам намера да го преведувам, еве го оргиналниот линк.

Многу од промените се однесуваат на самите спелови, што нормално дека претрпеле промени поради балансирање на класите, но има некои што се толку интересни, што ете, ќе ги издвојам.

* Ashenvale, мојата омилена зона, била обична шума, со пореална графика. Нешто слично како во Warcraft III. Еве скриншот од таа верзија, и како изгледа денес. 

* Во Алфата, постоела Survival професија со која играчите можеле да прават факели. Факелите биле користени за осветлување на патот низ темните зони. Темните зони биле навистина темни и не се гледало ништо без запален факел.

* Goldshire, местото каде што првпат стапнав, било огромно село, десет пати поголемо од што е сега.  

* Scarlet Monastery била една огромна инстанца, подоцна поделена на четири.

* Blizzard тестирале куќи, кои играчите можеле сами да си ги градат. Опцијата која тогаш била во тест-фаза, била злоупотребувана со тоа што куќите се граделе за да блокираат патишта. Скриншот.

* Стариот интерфејс, еве скриншот.

* Таурените немале маунтови за јавање, туку имале Plainsrunning со кој се постигнувала истата брзина. Подоцна се воведени Кодоата како главен нивни маунт. Исто така, Таурените поради нивната големина, неможеле да пројдат сегде, некогаш и низ обични врати.
Како што реков, листата е огромна, има многу, многу за читање. WoW за жал, денес е само убав спомен од тоа време. Излегоа игри кои научија директно од тука, додадоа нови работи на таа успешна формула. Сепак, Mists of Pandaria некако ми изгледа привлечно. Ќе видиме.

April 19, 2012

Кој Молдер?

Кој би рекол дека Духовни ќе може да се ослободи од ФБИ агентот кој верува во вонземјани и паранормални појави преку ваков лик? Сериозно, мислев дека кариерата му е одамна завршена и баш поради тоа ја заобиколував Californication со години наназад. Моментот кога епизодите ќе почнеш да ги делкаш една по една, сезона по сезона, Молдер некако останува да ти бледее во детството заедно со ружната Скали. 


Хенк Муди е писател со неколку успешни новели зад него и филмска адаптација која ја мрази како што сите го мразиме Том Круз. Лошите одлуки на Хенк во минатото го имаат одвоено од неговата шанса за семејство, вечната муза и бивша девојка Карен и ќеркичата која се обидува да ја израсне. На почетокот на првата сезона, Хенк го запознаваме како лик кој е тотално осврнат кон хедонизам, пие, ужива разни дроги и ја проаѓа секоја девојка што ќе ја сретне низ Лос Анџелес. Скроз рокенрол лик, кој вози правливо црно Порше 911 кабриолет со скршен фар. Хенк живее на стара слава и нема напишано ниту една реченица со години.

Шармот и харизмата му се непроценливи, а и често се причина за непријатните ситуации во кои упорно завршува. Сепак, единствената желба му е да биде со семејстовто, без разлика што и да прави. А, прави многу, затоа што е шизик и му се може и сака.

Серијата е феноменално напишана, сите ликови можеш да ги засакаш, со сите нивни маани и доблести. Дури и Миа, причината за еден куп глупости што му го згорчуваа животот на Хенк, некако успева да се искупи. Californication има храброст да ги прикаже сите последици од погрешни потези, притоа кршејќи разни морални барикади и сепак да не потсети дека на крајот од денот, сè е поради неа. Имав сосема погрешна претстава за серијава, мислев дека е некој глуп ситком, а ме изненади со одличниот склоп на хумор, драма и секс до дупка, што би рекле комшиите од истокот.

Моментално ја гледам четвртата сезона, додека се симнува петта. И, мило ми е што ја почнав и ми испаднаа пет сезони за гледање во еден здив. Браво за Духовни, скроз се оттргнал од тајпкестот. 

А, и да. Задолжително да се обрне внимание на Чарли Ранкл. Тоа е еден опасен лик со сериозно лоша среќа на моменти. Баш таа негова баксузна ѕвезда успева да ме насмее до солзи и кашлање.

April 4, 2012

Заврши Spartacus, почна Game of Thrones

...а јас, каснам малку со муабетот. Викендов заврши втората сезона на Spartacus. Замислата ми беше пост во кој ќе се жалам како не ме бендиса новиот актер во улогата на Спартак(ус) и колку ми е криво за Енди Витфилд. Бидејќи во еден здив ги изледав и првата сезона и приквелот Gods of the Arena, имав проблем со замената во вторава сезона што ја фатив негде при крај. Лијам Мекентајр ми изгледаше како сосема друг лик, па едвај продолжив да гледам. После неколку епизоди, успеав да го навикнам. За среќа, и покрај малкуте ликови што останаа живи од првата сезона, серијата се држи до стилот и атмосферата. Отуството на Батијатус веќе не се ни приметува кога Глабер ќе дојде во фокус. 


Gods of the Arena е приквел од шест епизоди, додека продуцентите чекале да се подобри здравјето на Енди. Ганикус, како носечки лик тука, си обезбеди и место во втората сезона. Се осеќа дека продуцентите правеле многу за да се пополни дупката што ја остави Енди. Што со споредни ликови, што со приказна. Крајот на сезонава буквално ме разнесе. Лијам Мекентајр Е Спартакус и ќе ме има мене како публика и во следната сезона. Не е Енди, но докажа дека може да се носи со ликот и да ги води робовите кон ослободување. 

Серијата е супер. Пример за како може да се спакуваат помалку познати историски факти во епска приказна со крв, песок и цицки. Што вика Миле, шпанска серија за машки. 

Ја гледав и новата Game of Thrones. Каков почеток на сезона, а? Втората епизода веќе е "протечена", само што не стигнав уште да ја гледам. Првата беше таман, баш колку да ги постави темелите на она што ќе го гледаме сезонава. Џофри е уште жив и уште тероризира луѓе околу. Денерис со змејовите и остатокот од народот на Кал Дрого, се обидува да преживее низ некоја (очигледно) заебана пустелија, без храна и вода. Зимата уште не е почната, а веќе се осеќа дека работите нема да бидат убави за никого. Знам по некој спојлер за сезонава, за жал не по моја волја. 

HBO си се држат до квалитет, си имаат успешни серии и затоа не си сомневам во тоа што ќе направат со Game of Thrones. Чекаме нови епизоди.

April 3, 2012

Музиката од трејлерот на Prometheus

После новиот трејлер, убеден сум дека Prometheus е филмот за оваа година. Без разлика што очигледно приказната е многу слична на онаа од Alien, ова е филмот што со нетрпение го чекам. Она што е највпечатливо од трејлерот, освен суштеството што изгледа како втор братучед на Ксеноморфите, е музиката. Феноменално се вклопува во кадрите што може да се видат и го прави трејлерот подобар него што е. 


Саундтрекот на Prometheus го работи Марк Страјтенфелд, но не е автор на она парче од трејлерот. Музиката што може да се чуе во трејлерот е излезена од продукциската куќа audiomachine, која се занимава баш со создавање на музика за трејлери и рекламни кампањи. Тимот на audiomachine од 2006 до денес, во своето портфолио има огромна бројка на наслови на познати филмови и игри. Неверојатно е на што сè се имаат потпишано. Значи, луѓето снимаат музика која филмските продуценти може да ја лиценцираат за потребите на нивните трејлери. Така некако е и најдена "Judge & Jury" од компилацијата Deus Ex Machina. Со ситни измени е дојдено до она што може да се чуе во трејлерот на Prometheus. Еве ја таа верзија, на овој линк. Плус, таман е и за аларм сабајлечки.

Бонус трака, бонус трака 2.

Премиерата на Prometheus е на 8-ми јуни. Донесете го во кино кај нас, аман!