Showing posts with label Game of Thrones. Show all posts
Showing posts with label Game of Thrones. Show all posts

August 18, 2021

Се сеќава ли некој на Game of Thrones?

Не многу одамна Game of Thrones владееше со телевизијата. Сите гледаа, дури и луѓе што никогаш активно не следеле серии пред тоа, а им стави книга во рака и на некои што уште подвлекуваат со прст под зборовите додека читаат. Game of Thrones во еден момент од деценијата беше најнеизбежното нешто на цела планета. Денес е бизарно отсутна од поп културата. Не е заборавена во целост секако, ама разочарувачкат последната сезона воглавно остави непријатни спомени и успеа да се помоча на општиот впечаток. Баш деновиве оваа тема ми се моташе во глава.

Сега тешко е да ја препорачаш серијата на тие три-четворци што никогаш не гледале, а се сомневам дека има било каква вредност и за прегледување. Никој веќе не би требало да губи време на ова. Што отприлика се случи со Game of Thrones, вака ретроспективно? Серијата си тераше одлично некои пет-шест сезони. Интересни ликови, возбудлива приказна, дозирана фантастика, драма, интриги, тензија, предавства, луѓе умираат неочекувано на сите страни... Ги следеше книгите на Џорџ Р.Р. Мартин колку што можеше, па потоа почна да го цеди и последниот изворен материјал. 


Паралелно со секнувањето на приказната од книгите, двајцата сценаристи Дејвид Бениоф Д.Б. Вајс добија некоја примамлива понуда за нова Star Wars трилогија. Не само што требаше да смислуваат сами како да си ја завршат серијата, туку решија и да го преполоват бројот на епизоди, наводно за што побрзо да се фатат за работа на Star Wars. Резултатот беше една од најголемите телевизиски катастрофи во историјата. Серијата ја плати со оштетена репутација, а двајцава мајмуни ја изгубија Star Wars тезгата. Публиката беше толку гневна што веројатно и Дизни сконтаа дека никој не би платил за Star Wars создаден од тогашните најомразени курајбери во индустријата.

За пропаста на Game of Thrones се веројатно виновни повеќе луѓе од Бениоф и Вајс, ама што фајде ако сега го најдеме кривецот. Следел ли некој друг таму во продукцијата Game of Thrones воопшто за да ги буцне малку или овие двајца имале комплетна слобода врз сите случувања? Или, колку треба да си прост за така да си ја потцениш публиката и да мислиш дека ќе ти пројде било што?

Осмата сезона немаше никаква смисла. Ликовите беа драстично различни од тоа како беа развивани со години наназад, темпото на дејствието што веќе и онака веќе беше забрзано последните сезони достигна критична точка, а сценарионо нашкрабано во моментот пред да се уклучат камерите. Ко да го пишувал некој што баш дента првпат слушнал за Game of Thrones. Многу мрзливо, аматерски и глупо избразано. Замисли седум години да градиш куќа со сипорекс блокови и на крај монтираш сламен кров. Сред бура, онака.

Оттаму и денешниот срамен статус на серијата. Сметај колку треба да е горчлив вкусот останат за во Game of Thrones дискусија денес прво ова да го спомнеме пред тоа кланицата на свадбата во трета сезона. Среќа таквите дискусии се многу ретки, зашто никој веќе го интересира Game of Thrones. Само онака уморно ќе си воздивнете.

Веќе бев емотивно дистанциран од серијата некои две сезони наназад дека веќе почна да тупи малку, па целата таа последна сезона и финалето не ме растрои толку како некои други. Да бев нешто повеќе инвестиран ќе кенкав и јас кај ќе стигнам уште тогаш. Ми беше само комично со каков интензитет се скурца толку фин производ што за малку можеше да се впише во историја како телевизискиот еквивалент на Lord of the Rings. Еве, и после повеќе од година серијата се памти претежно по лошо. А, се сомневам дека времето ќе успее да ја поправи сликата.

Секако, ХБО инсистираат на нови Game of Thrones серии, ама мислам дека попрво Џорџ Р.Р. Мартин ќе ја доврши The Winds of Winter пред да излезе нешто што ќе е прифатливо како оригиналната. Сигурен сум дека брендот уште има посветени фанови што би сркнале било што и покрај тоа што крајот на серијата испадна таков каков што испадна, меѓутоа ми се чини дека пошироката публика е веќе изгубена.

June 15, 2015

Петтата сезона на Gаmе оf Thrоnеs

И, покрај тоа што ми се фатија пет-шест епизоди за гледање по ред, успеав да се засолнам од спојлери. Се уклучив со редовно гледање на сезонава баш некаде пред најдобрите последни епизоди. Стандардно, како и за секоја сезона, климаксот беше во деветтата епизода, за финалето да послужи како подготовка за тоа што следува догодина. Со по некој исклучок за одредени приказни. Но, тука е интересниот момент, зошто некако серијата успеа да го потроши материјалот од книгите. Уште нема нова книга, така што продуцентите ќе бидат приморани да склопуваат нивни идеи со сугестии од Џ.Р.Р. Мартин за каде евентуално би се движеле стварите. Новата сезона почнува со продукција летово, така што и нема многу време да се чека за The Winds of Winter. Под сликата, има спојлери, веројатно најзаебаните од Нед Старк навака. 


Одлична сезона. На ниво на претходната и славните денови од почетокот на серијата. Барем им ги затна устите на тие што упорно гледаа и се жалеа како ништо не се случува. Сакаше акција? Ете ти бесна армија бели зомбија што ќе направат цела екипа на The Walking Dead да се заклучи во амбар. Тензична, епска акциона сцена која ја направи "Hardhome" епизодата да биде една од најдобрите, ако не е и најдобра, во целата серија. И, таман помислив дека се оддалечија од "правилото" за деветтата епизода, Калиси јавна змеј баш таму. Скап, грандиозен компјутерски-генериран змеј. Момент што го чекав откако првото бебе-змеј ѝ застана на рамо. 

Финалето донесе исто така пошокантни ствари. Самото тоа дека спојлерите се идната сезона се минимални, додаваат на нивната сериозност. Арја успеа да добие уште еден дел од нејзината одмазда, на вистинско место, но по цена на што? Таман помислив дека на нејзината улога ќе се намали интензитетот, ова само уште повеќе ја искомплицира. Требаше да знам дека нема да седи мирна во моментот кога го скри мечот кај карпите. Другата преживеана Старк дама изгледа конечно доби некаква предност. Барем доколку скокот кон слободата пројде со не толку страшни последици. Станис исто така си го доби заслуженото, исто како и ние што ја добивме Лина Хиди гола, цели пет минути. Некој тука одамна го чекаше тоа, океј? Но, потресноста на сцената го тргна фокусот од нејзините ројални женски делови. Не сум толку бесчуствителен тинејџер.

За крај, спојлерот над сите спојлери. Џон Сноу. Го избодеа. Повеќе луѓе, повеќе пати. Дури и тој копиљот. Многу сакам да кажам дека беше "поради некаков часовник", ама преглупа фора е. Не знам што ќе се случи со Џон Сноу, ми изгледаше прилично мртов мене. Но, според некои теории што ги читав, наводно има шанси за него.  Наводно ќе може умот да го пренесе во волкот. Волкот му остана жив. Башка, помагичен е Џон Сноу од тоа гамадот на ѕидот, мора да преживее некако, нели Мартин? Размени напнати погледи со некромансерот горе на сликата, мора да се сретнат пак некако. Не можеш туку така да убиеш лик што едвај до пола го видовме за овие пет години. Секогаш мислев дека Џон Сноу ќе има некоја многу поголема улога во Седумте Кралства, штета ако вака ненадејно отиде.

June 16, 2014

Најдобрата Game of Thrones сезона до сега

Никогаш до сега не сум изгледал сезона на Game of Thrones со чекање измеѓу епизоди. Колку и да ми била добра серијата, секогаш сум ги гледал првите две-три епизоди и сум чекал да се соберат останатите за да ги здрвам во еден здив. Е, сезонава, секој понеделник трчав од работа до дома за да гледам. Настрана Нед Старк и свежиот здив што го понуди првата сезона пред неколку години, четвртава ми е најдобра до сега. Надолу има спојлери, безобразни како неправдата што го стрефи Тирион.

Мислев дека ќе се простам од Game of Thrones некаде во трета сезона. Почна ужасно споро, не ми беше интересно тоа што се случува и некако осетив дека приказната се претвора во досадна сапуница. Да не беа епизодите на South Park кон крајот на минатата година да ми ја вратат љубопитноста, можеби немаше да гледам пак. Знаев и доволно спојлери, за среќа некои не сосема точни. Што беше супер, зошто немаше толку многу да ме изненади Red Wedding.

Питер Динклиџ, некоја минута пред да добие Emmy.

Сезонава не само што ме закова за серијата како првите епизоди, туку и ме натера да ја спремам A Feast of Crows за читање. Така да, конечно ќе можам да им се одмаздам на буљашите што ми направија спојлери за Џофри пред да стигнам дома. А, финалето ме остави со толку прашања кои не би да ги чекам до следната пролет. Заедно со финалето, четвртата сезона е феноменална од секој аспект. Приказната конечно малку се забрза, настаните никогаш не биле поинтересни и напнати, па дури и продукцијата ја стегнаа како никогаш до сега. Многу беше разбирливо што видовме епска, скапа за продуцирање, битка на Ѕидот, зошто нема поента да се штеди на серија што остварува најголем профит во историјата на HBO.

Ликовите, тие што ги преживеаа претходните сезони, тука ја достигнаа својата критична точка. За Џофри ми е малку криво. Колку и да беше катиљ, беше еден од најдобрите антагонисти што сум ги видел на телевизија и уживав да го гледам дури и кога ги правеше најголемите срања. Не дека не си заслужи таква смрт... Општ хаос почна да се случува кај Ланистерс, сигурен сум дека нема да се спастрат во следната сезона. Ако воопшто преживее некој доволно долго за да ја оправа ситуацијата, нели.  Џон Сноу е најпосле битен, можеби побитен од било кога, а како што разбрав еден ситен спојлер за идните сезони, неговото време допрва доаѓа. Калиси со армијата што ја собра, си го добива тоа што го заслужува, само не знам колку долго ќе успее да го задржи. Веќе губи контрола над змејовите со малку поскапи ефекти, пробува да владее со многу народ, а не сум баш сигурен дека знае како. Сепак нејзината приказна ми е најинтересна и најмногу поради тоа сакам да ја читам следната книга. 

Што е со Брендон Старк, еј? Знаев дека и он оди некаде, ама не дека натака. Што ќе биде сега, ќе го смени скроз стариот во дрвото? Има нешто крајно сомнително околу Старкс и гавранот, верувам дека ќе е битно и клучно. Ако се поклопи со спојлерот што го знам за Џон Сноу и се деси во следната сезона, партали ќе биде тоа. Дури и сестриве Старк може ќе се сретнат. Не знам дали и во книгите е така, ама нивните срања, особено Арја Старк, тотално не беа битни освен во првата сезона. Санса колку толку успеа да мрдне од место, ама Арја.. ништо интересно со Арја до финалево.

Сезонава имаше и некои ликови што, за жал, прерано завршија. Оберин, на пример. Нема и јас да почнам да фрлам со камења кон Џ.Р.Р. Мартин, ама е стварно цар за ликови што умираат кога доволно ќе ги засакаш. Баш ќе видиме кои ликови ќе умрат во петта сезона, сега кога ја грабнам A Feast of Crows. Почнува Играта на Спојлери, и завршува оваа глупава фора што ја прочита во истава реченица.

April 4, 2012

Заврши Spartacus, почна Game of Thrones

...а јас, каснам малку со муабетот. Викендов заврши втората сезона на Spartacus. Замислата ми беше пост во кој ќе се жалам како не ме бендиса новиот актер во улогата на Спартак(ус) и колку ми е криво за Енди Витфилд. Бидејќи во еден здив ги изледав и првата сезона и приквелот Gods of the Arena, имав проблем со замената во вторава сезона што ја фатив негде при крај. Лијам Мекентајр ми изгледаше како сосема друг лик, па едвај продолжив да гледам. После неколку епизоди, успеав да го навикнам. За среќа, и покрај малкуте ликови што останаа живи од првата сезона, серијата се држи до стилот и атмосферата. Отуството на Батијатус веќе не се ни приметува кога Глабер ќе дојде во фокус. 


Gods of the Arena е приквел од шест епизоди, додека продуцентите чекале да се подобри здравјето на Енди. Ганикус, како носечки лик тука, си обезбеди и место во втората сезона. Се осеќа дека продуцентите правеле многу за да се пополни дупката што ја остави Енди. Што со споредни ликови, што со приказна. Крајот на сезонава буквално ме разнесе. Лијам Мекентајр Е Спартакус и ќе ме има мене како публика и во следната сезона. Не е Енди, но докажа дека може да се носи со ликот и да ги води робовите кон ослободување. 

Серијата е супер. Пример за како може да се спакуваат помалку познати историски факти во епска приказна со крв, песок и цицки. Што вика Миле, шпанска серија за машки. 

Ја гледав и новата Game of Thrones. Каков почеток на сезона, а? Втората епизода веќе е "протечена", само што не стигнав уште да ја гледам. Првата беше таман, баш колку да ги постави темелите на она што ќе го гледаме сезонава. Џофри е уште жив и уште тероризира луѓе околу. Денерис со змејовите и остатокот од народот на Кал Дрого, се обидува да преживее низ некоја (очигледно) заебана пустелија, без храна и вода. Зимата уште не е почната, а веќе се осеќа дека работите нема да бидат убави за никого. Знам по некој спојлер за сезонава, за жал не по моја волја. 

HBO си се држат до квалитет, си имаат успешни серии и затоа не си сомневам во тоа што ќе направат со Game of Thrones. Чекаме нови епизоди.

March 9, 2012

Game of Thrones: Трејлер за втора сезона и најава за MMORPG игра

За три недели, почнува втората сезона на Game of Thrones. Серијата базирана на книгите на Џорџ Р.Р. Мартин лани успеа да се наметне како една од најквалитетните прикажни во изминативе неколку години. Џам продукција, одличен кастинг и приказна, со пресврти кои ја натераа публиката (која ги нема читано книгите) да одбројува до следната епизода.

Трејлерот е втората сезона е тука и ветува многу. Измеѓу двеве сезони, планот ми беше да ги прочитам книгите, ама некако ми е поинтересно да гледам од епизода во епизода што ќе се случува. Веќе ми направија доволно спојлери за втората сезона, и онака. Значи, Зимата Доаѓа на први април. И, се надевам дека Џофри ќе биде растрнат од коњи.

Друга новост во врска со Game of Thrones е најавата за ММОRPG. Уште во прва сезона, се виде дека светот во кој е сместена приказната има огромен потенцијал да биде претворен во игра. За среќа, ова им текна и на BigPoint (компанијата која стои зад Battlestar Galactica Online). За несреќа, ќе биде browser-based. Играта ќе понуди три фракции и области кои се протегаат од Wall in the North, па до King's Landing. Куќи, гилдови, PvP, и разни скилови (за почеток, 60) кои ќе му овозможат на играчот сам да си ја изгради класата и улогата. Целиот дизајн на играта ќе биде директно инспириран од серијата. Според BigPoint, играта ќе биде објавена некаде кон крајот на оваа година. Ќе биде интересно да се види, само што она browser-based не ми звучи баш најдобро.

June 21, 2011

Game of Thrones: Крај на прва сезона

Вчера ја гледав последната епизода од првата сезона на Game of Thrones и сеуште неможам да се приберам. Прво, да кажам дека уште пред месец дена, ми направија спојлер за тоа што се случи во претпоследната епизода и баш ми е жал што не ми беше некое изненадување. Сепак, не знаев за настаните во финалево и ми е мило што тоа остана неиспојлерирано (ако ова е збор уопште).

Како и да е, сите десет епизоди од Game of Thrones беа феноменални. Приказна, сценарио, костимографија и најбитното, кастингот - апсолутно совршено и без ниту една маана. Ретко кога нешто ќе си го оправда хајпот, па дури и ќе постави нови граници. Токму тоа и се случи со серијата. Ги надмина сите мои очекувања и сега ме тера летово да ги прочитам и книгите, зошто втората сезона доаѓа дури следната година.

Постов и нема смисла понатаму без спојлери, кои во никој случај не планирам да ги споделам, затоа ќе завршам тука зошто онака сакав само да ја изразам мојата љубов и почит према Game of Thrones и хејтот за Џофри. Браво HBO за серијава, одамна се чекаше нешто волку квалитетно.

И за крај нели, Winter is coming! :)

April 20, 2011

Зимата дојде

И тоа во април. И тоа како.

Ја гледав првата епизода ("Winter is Coming") на Game of Thrones, серијата базирана на серијалот книги на Џорџ Р.Р. Мартин, A Song of Ice and Fire. После сите фини најави изминативе месеци и хајпот што се створи, можам да кажам дека засега, ги исполни моите очекувања. Баш се погоди во период во кој сум расположен за било што со fantasy тематика.

Ветувачки почеток, иако приказната допрва ќе почне да се развива како што треба. Со ова што можев да го видам во првата епизода, сум задоволен. Книгите уште не стигнаа до мене, а веројатно нема да ги пипнам до крај на сезонава. Зошто ако епизодиве имаат ваков завршеток како пилотов, повеќе ќе сакам да си чекам нова секоја недела, без да знам што ќе се случи. Веќе е најавена и втора сезона, што значи дека и самите продуценти имаат верба во серијава. А, јас сум сигурен дека интересното допрва следува.

Game of Thrones е сместена во Вестерос, свет во кој покрај тоа што со децении се мрзнат од студ, туку и неколку благородни фамилии се борат за Тронот, притоа не бирајќи средства и начин. Продукциски е на завидно ниво, со неколку интересни имиња како Шон Бин (Боромир од Lord of the Rings), Лина Хедеј (The Sarah Connor Chronicles), новиот Конан (Stargate: Atlantis) и гарант уште некои други познати, скриени зад долгите коси и бради.

Серијата има грч ладна атмосфера, некоја отмена сериозност што и дава посебен шмек. Незнам до колку забегуваат со змејови и чуда во книгите, ама ќе сум пресреќен ако има малку по-хардкор fantasy елементи. Кога сме кај хардкор, нема хардкор, ама има софткор како во Boardwalk Empire. Умерено сега за сега, веројатно нема да претеруваат.

Како што кажав, мене супер ми е серијата. Незнам каква е како адаптација, ама ваква каква што е, е одлична. Еве тука трејлер.