March 29, 2014

Околу новите Нинџа Желки

Имам измешани чувства за новиот Нинџа Желки филм. Очекував да го мразам како да е новиот оклоп на Робокап, а сега се трудам некако да си го оправдам трејлерот што излезе пред некој ден. Уште претходно имаше лоша клима околу филмов. Од самиот момент кога Мајкл Беј најави инволвираност (како продуцент, ако е некаква утеха), па до гласините дека потеклото на Желките ќе биде вонземско. Вонземско, иако во насловот стои дека се мутанти, така? Мутанти од вселената само ќе ги искомплицираа стварите, така што гледам дека го отфрлиле тој дел.

Затоа што не може ништо да пројде без изворниот материјал да биде изменет, течноста која ги мутира Желките, нема да е со сомнително потекло. Ниту пак улогата на Ејприл во животите на Желките ќе е случајна. Од тоа што сега е познато, Шредер, кој делува поприлично американски, работел на течноста заедно со таткото на Ејприл. Тотално непотребно врзување на точки на приказна која со децении функционирала добро. Доколку сево ова е некаде веќе обработено во друг медиум, настрана од цртаните серии, го имам пропуштено. Но, ако ги земеме тие Нинџа Желки со кои растеше мојата генерација, таму ќе видиме малку поинаква приказна. И, поедноставна. 


До сега, Teenage Mutant Ninja Turtles ми биле забавни во секој формат со кој сум имал контакт. Ги сакам сите серии што ми прошле низ раце, оргиналните филмови, па дури и оној од 2007. Љубовта кон овие ликови ми е толку интензивна, што дури и она што било лошо не било толку добро, ми било забавно. Баш поради ова, сакам да го сакам новиот филм. Во никој случај нема да го пропуштам. Дизајнот на Желките и не е толку лош. Освен оргиналните стрипови и оргиналната цртана серија, скоро секаде Желките се разликуваат меѓусебе по нешто што не е бојата маските. Мене, ми се свиѓаат вакви какви што се. А, од ова што можам да видам, карактеристиките на ликовите се изразени и преку нивниот физички изглед. Пример, Донатело има некаква механичка направа на грбот, а Микеланџело има дуксер врзан на половина. Без разлика дали воопшто тој дуксер може да го собере! :) За кастингот нема да коментирам, не ми се битни кои се актерите врз кои ќе бидат излепени компјутерски генерирани желки, а и Меган Фокс што е само онака... визуелен бонус. Сакам да видам како изгледа Нинџа Желки да прават растур низ Њујорк со огромен буџет!

Секоја генерација заслужува да си има свои Нинџа Желки, па макар биле и овие што изгледаат како Шрек. Мислам дека чим еднаш сум прифатил антропоморфни желки што се нинџи (и мутанти, а не од друга планета), ќе ја прифатам секоја нивна инкарнација. За ова, не можам да ситничарам. Затоа и некако сум позитивен и околу новиов филм. Чим на овие години ми се интересни и оргиналните филмови (не само поради носталгија!), немам гајле за овој. Океј, освен ако не е некое колосално промашување што ќе ме натера да го голтнам постов... Ваљда, не?

March 23, 2014

WildStar бета викенд

После година и пол чекање, викендов ми стигна бета клучот за WildStar. Како што траеше чекањето, така си ги спуштав очекувањата. Сега откако видов за што се работи, баш фино што влегов така со отворен ум и без некој хајп. На кратко, WildStar не е добра игра. Барем не доволно добра за да платам за играње. И не, нема врска што е бета. Играта излегува за помалку од три месеци, и не верувам дека финалната верзија ќе биде нешто многу поразлична. Освен мало шминкање на очајната графика, не можат многу да направат. 

Да почнеме отпочеток. WildStar ја работи екипа девелопери кои искуството го стекнале во најславните денови на World of Warcraft. Откако си заминале од Blizzard, пет години работеле на енџинот на кој денес вози WildStar. Очигледно не следеле што се случува на ММО сцената последниве години, зошто не знам како поинаку може да се оправда примитивниот концепт на играта. За денешни стандарди, механиката на WildStar е застарена. Не само што изгледа како корејско бесплатно MMO, туку и самиот гејмплеј и квестови се такви. Осумте левели кои успеав да ги постигнам, воопшто не беа забавни. 


Она што упорно ми пречи во добар дел ММО што сум ги пробал, е почетната зона. Кога играм ММОRPG, очекувам инстантно да бидам фрлен во светот, препуштен сам на себе. Без туторијали, без инстанцирани зони кои ќе ме воведат - ништо. Ретко кој успева да создаде таква почетна зона, која покрај тоа што те учи на основната механика на играта, ти нуди отворен свет и слобода. WildStar ме држеше за рака некаде до третиот левел. Откако ме пушти во отворениот свет, пак се осеќав како ми виси над глава и ми шета низ очајно дизајниран свет со квестови од типот на "Убиј 10 ____", "Собери 10 ____"... Има буквално три типови на квестови, претерано лесни и без никаков предизвик. Од време на време, ќе се пушти тајмер од неколку минути за ист таков свет, кој ти дава бонус награда ако убиеш уште пет од суштествата кои се само така ставени таму каде што се. 

Светот, планетата Нексус е најдосадниот свет што сум го видел во ММО. Не е ни свет, туку површина каде што има суштества со катастрофален дизајн за квестови, и некакви бази на фракцијата на која припаѓаш кои исто така не се вклопуваат. Единствената причина поради која што се таму, е да земеш нови квестови, додека дојдеш до сличната таква база со потполни исти такви квестови. Како некој што игра вакви игри за да се внесе во виртуелната околина, нема ништо тука за мене. Пробав да шетам, само за да видам дека секој камен е копи-пејст, секое дрво.. Протрчав низ три зони, секаде е присутен истиот проблем. Тоа што наводно играта станувала подобра на 15 левел, не ми значи ништо. Ако не ме завлечеш на почеток - немаме договор. Почетната зона на бродот, пред да ме фрлат на планетата, едвај ја издржав.


Приказната не ме завлече. Текстот од квестовите е сведен на минимум, а ако нешто сакаш повеќе да дознаеш, има посебен Lore таб каде што ќе ти фрлат нешто конфузно напишано. Ниту едно место што го посетив нема сопствена приказна. Чисто за (неизбежната) споредба, да се потсетиме на WoW. Од почетната зона на Орките, пример, до првото поголемо населено место, Razor Hill, приказната е секаде околу тебе. И, без да прочиташ нешто, само што ќе го згогледаш Razor Hill и околината, можеш да ја осетиш неговата историја. Приказна во MMORPG, не се раскажува само со опционален текст. Многу е битно да знаеш и визуелно да раскажеш нешто. Нормално е дека WoW ќе биде репер за вакви игри, а глупости како WildStar само ми го докажуваат тоа. Затоа муабетите во глобалниот чет на играта се исти како во сите нови вакви игри.

Покрај стандардните класи, WildStar нуди path систем. Нешто како занимање, со некаква глупава цел. Избрав Scientist и единствено што правев, скенирав камења со мало роботче. Исто како и квестовите, треба да искенираш 10 такви исти. Инвентивно, нели? Борбите за среќа не се како во другите игри, ама не се ни нешто ново. Нема auto-attack, мораш да нишаниш кон противникот, ама во никој случај ова не е пресудно за квалитетот на истите. 


Пред да одам и да си ослободам 15 гига на хард-диск, да кажам и за графиката и дизајнот. На првите скиншоти и видеа (дури и на скиншотиве во постов), изгледаше фино. Ја играм на high сетинг, и пак е лошо. Премногу е шарено, а и фонтот е лошо избран. Ова не верувам дека ќе го средат, единствено што може да направат е да ја оптимизираат да вози на секаков посилен хардвер. Гледам дека многу луѓе со подобра конфигурација од мојата се приморани да играат на слаб сетинг поради лош фрејм-рејт. Малку ги намалив скриншотиве тука, зошто беа по неколку мегабајти.

WildStar пропаѓа до крајот на годинава. Под тоа мислам, дека ќе отиде free-to-play. Гарантирам. И, тоа не поради големата конкуренција и Warlords of Draenor, туку зошто е едноставно досадна, лоша игра. Не вреди ни долар од тие 60, а камоли за месечната претплата.

March 22, 2014

Уште еднаш, збогум The Clone Wars

Пред две недели излезе и последната сезона од The Clone Wars. Од планираното маратонско гледање во еден ден, не ми испадна ништо и ми се развлече до денес. Со овие 13 епизоди, полека завршуваат и сите Star Wars мултимедијални кои не се под капата на Дизни. Тоа што наскоро ќе следува, не се само добри вести, меѓутоа ќе го оставам за некој нареден пат. 

Шест сезони The Clone Wars. Пет од нив исклучително добри. Првата може комотно да се прескокне, освен ако не си помлад од осум години. Низ овие години, серијата правеше невиден прогрес. Од наивно детско шаренило и пиу-пиу звуци, стигна до мракови и сериозност кои за жал, новата трилогија не успеа да ги понуди. Освен ако нечиј комфорт бил изреметен поради Џар Џар Бинкс. Е, сега. Како ми е The Clone Wars толку добро, кога не сум фан на приквелите? Ако нешто серијата ме научи, е да ги раздвојам периодите на оргинална трилогија и беснеењето на Џорџ Лукас, каде што баш The Clone Wars ги има своите корени. Во моментот кога почнав да ги гледам како два универзуми кои едвај се допираат, тука работите почнаа да ми имаат повеќе смисла. Сите работи во митологијата на The Clone Wars, ми се логични баш поради тоа. Ако успеат да поврзат некоја точка, како што во неколку наврати одлично го изведоа тоа, тогаш сум океј. Ако не, никому ништо, функционира надвор од рамките на оргиналната трилогија, не влијае, не го сметам за канонско - фала многу.


Најдоброто во ова е што серијата успеа да го обели образот на Анакин. Ако веќе е тој истиот што некогаш во иднина станува Дарт Вејдер, тогаш не треба да е постојано таков плачко, Џорџ. Оргиналната трилогија го преставува како воин, одличен пилот и добар пријател. Приквел филмовите го прикажаа во поинакво светло. Сите работи на кои се сеќаваше Кеноби за него, беа или исфорсирани, или комплетно отсуствуваа. The Clone Wars ме убеди дека баш овој Анакин тука, би можело да го снајде таква судбина каква што доживеа. За тоа сум крајно благодарен. 

Материјалот со кој сценаристите на серијата мораа да работат е катастрофален. Повеќе пати спомнувам дека го извадија најдоброто. Низ цела серија, а и во последнава сезона. Првиот арк од неколку епизоди, се позанимава со мистериозниот Order 66 (линк до пост со кој денес не се согласувам целосно). Првите експерименти на Клонтруперите кои подоцна ќе се погрижат за истребувањето на Џедаите. Понатаму низ сезоната, разрешија уште една мистерија која долго се дискутираше, Џедајот Сајфо-Дијас кој и го нарачал создавањето на армија клонови. Со ова, фрлија светло на некои работи кои матни до сега, баш поради непромислените глупости на Џорџ Лукас. Вакви работи низ The Clone Wars, беа доказ дека сепак има некој таму што се грижи за интегритетот на Star Wars. Финалниот арк, ја покажа спиритуалната страна на Јода, наспроти она што приквелите го понудија. Со мала асистенција од Квај-Гон Џин, видовме зошто Јода е толку моќен Џедај и дека е многу повеќе од CGI анимација која скока по Кристофер Ли со мал лајтсејбер. Веројатно ова е една од најдобрите приказни во The Clone Wars. Ситните референци кон оргиналната трилогија ја направија уште подобра од што е. 

Со исклучок на две приказни, сезонава беше одлична. За нијанса послаба од претходно, баш поради тие две. Кога се повеќе епизоди, потешко се приметуваат, но тука некако штрчеа. Можеби за едната не сум во право, меѓутоа никогаш не ми се свиѓале епизоди каде што Амидала е централен лик. Премногу се концентрирани кон глупавиот политички систем на фракциите, нешто што никој доволно не го разви за да биде интересно. Другата приказна е со Џар Џар и Мејс Винду. Едниот е најужасниот лик на сите времиња, а другиот е тука колку да има расна застапеност. Никогаш не стана битен лик, жалам. Единствено него не успеаа да го оправдаат во серијата.

Никаде не беше спомната Асока исто така. Освен во една од визиите на Јода, но во никој случај не го заокружија овој лик. Доколку ова беше тоа, мене ми е неприфатливо. Се надевам дека ја чуваат за Rebels. Ако успеала да го преживее истребувањето, ќе биде фино да ја видиме пак. Дизни ги имаат авторските права и ќе биде супер да ја видиме како епизоден лик. Ова ми е дефинитивно последниот пост за The Clone Wars. Додека излезе Rebels, може ќе ги ѕирнам пак епизодите што ми оставија најголем впечаток.

March 17, 2014

Зараза на месецот: Loadout

Пред еден месец се заиграв Loadout. Пуцачина, фер бесплатен модел, супер графика и хумор... На почетокот делува наивно, додека не го сконташ материјалот, финтите и како да си го направиш оружјето кое ги одговара. Додека репетираш, веќе си навлечен и спремен да ги разнезеш во воздух гениталиите на противникот. Буквално. 

Како што напредуваш со левелирање, така се отклучуваат слотовите за нови лоудаути, односно две оружја, и бомба или штит по избор (и, плус уште некои други ситници). Дури и бомбите може да се прилагодат на потребите на играчот, ако ја отклучиш потребната технологија. Исто така, скилот на играчите со поголем левел е посериозен, тимот често знае фино да се организира и без многу муабет, со што предизвикот е поинтересен. 


Начинот на бирање мапа е комплетно транспарентен. Се гласа за две понудени (по случаен избор) мапи/модови. Моментално најинтересен мод ми е Death Snatch каде што откако ќе го разнезеш противникот низ мапата, ја собираш неговата епрувета со Блутониум за поени, клучниот минерал во цела игра околку кој се врти малата приказна. Стратегијата е да се собираат и епруветите од играчите од својот тим, за да се спречат поените на противникот. Блутониумот игра улога и во Extraction модот, каде што рендом играч е назначен да го собира во мали вагони. Во тој мод, Блутониумот е расфрлан низ мапата. Секогаш кога Собирачот ќе умре, друг играч ја превзема неговата улога.

Blitz ми е вториот омилен мод. Поените се добиваат со освојување и контрола на одредени делови на мапата и веројатно мод кој најмногу бара тимска соработка. Многу партии се губат баш поради тоа што тимот е некаде растрчан низ мапата и гине безврска. Jackhammer е класичниот capture-the-flag мод, каде што наместо знаме, има огромен чекан со кој можеш да го згмечиш противникот додека трчаш кон својата база. Има и посебен, компетитивен мод кој ги комбинира сите четири, меѓутоа се уште не се осеќам доволно спремно за да го пробам. 

 Нека стои ова тука, додека не ги овозможат ачивментите.

Она што многу ми се свиѓа кај Loadout е што партиите се брзи и нема време за некој да биде комплетен серко. Ако некој играч се исклучи среде партија, веднаш е заменет со нов. Четот ретко се користи, а до сега не сум налетал на вербална расправија помеѓу тимовите или внатре во тимот. Се надевам дека ова ќе остане вака и во иднина.

Секако, многу битен момент е што играчите кои се решени да платат немаат никаква предност во однос на оние кои сакаат сосема бесплатно да ја уживаат играта. Освен козметичка. Ама, и тоа може да се добие бесплатно, со бонусот од првата изиграна партија во денот. Штета што многу компании го заобиколуваат овој принцип на работа, а речиси секогаш се покажува како попрофитабилен. Ми доаѓаат три примери на ум, League of Legends, DOTA2 и Path of Exile. И, еден куп други со погрешниот модел. Деновиве пак почнав да играм Path of Exile, и имам многу да муабетам на темата, ама ќе оставам за некој друг ден.

March 11, 2014

Првата сезона на True Detective

Посведочивме една од најквалитетните серии во историјата на американската телевизија. Пак. Серија, што покрај другото, убаво го потенцираше талентот што го поседувал Метју МекКонахи. Ете, потврден и со Оскар (за филм што уште не го гледав), ако тоа на некој му е некакво мерило. Во True Detective е маестрален.

Финалето ја затвори истрагата за мистериозното убиство со кое почна серијата. Осум епизоди. Сосема доволно ако знаеш вака мајсторски да раскажеш приказна. Крајот за мене беше совршен. Гледам дека оние кои се занимавале со "мистериите" не се баш највоодушевени. Нормално дека некои прашања нема да се одговорени, но дали воопшто и биле прашања, а не преголемо обрнување внимание на незначајни детали? Фокусот уште од самиот старт беше на ликовите. Приказната, иако крајно занимлива и интригантна, никогаш не (ми) беше во преден план. Како што спомнав и во претходниот пост на истава тема, професијата на ликовите на моменти воопшто не е битна, туку врската меѓу нив и нивниот прогрес. Да, ситуацијата во која беа, е можеби специфична, но не и пресудна.  


Оној дел од приказната, со детективскиот случај, се заврши баш фино. Барем оној дел кој беше важен за Раст и Марти. Навидум премногу едноставно, но воопшто не е. Патот до таму, не беше така мазен како што можеби изгледаше. Погледни во животот на главните ликови. Изброј. Не знам какво откровение очекуваше интернетов што е толку разочаран? Возење, од првата до последната епизода е толку феноменално, што исходот на крај немаше ни да ми биде толку битен.

Не сум сигурен што да очекувам понатаму. Втората сезона доаѓа со нови ликови и комплетно нова приказна. Како се надминува нешто вакво? Додека дочекаме втора сезона, ликовите и целата симболика и мит околу True Detective ќе се врежува сè подлабоко во поп-културата. Се надевам дека нема да се обидат да ја ископираат истата формула. Ова функционира само еднаш. Доколку имаат нешто различно, моето тело е спремно! Додека го држи нивото на квалитет, тука ќе сум како публика.

March 6, 2014

Првата Transformers: Age of Extinction рецензија

НАПОМЕНА: Transformers: Age of Extinction излегува во јули 2014. Трејлерот, исто како и претходниот,  доволно ги открива сите сегменти на филмот така што немам причина да потрошам два саата за да го гледам. Овој пат, нема потреба ни да гледам семпл.

Мајкл Беј е незапирлив. Некој во Холивуд одлучил дека ова е вистинскиот човек за Transformers филмови и тоа очигледно е длабоко врежано во камен. Покрај ова четврто сквернавење на детството на милиони, ќе следуваат уште две во следните неколку години. Само вистински Десептикони би го спречиле Мајкл Беј да го прави ова што го прави...

Приказната, како и во претходните делови е тотално во заден план. На крајот и на краиштата, битни се тие 40 минути ефекти од целиот двочасовен филм. 40 минути Трансформери кои едвај се разликуваат еден од друг, и натрупани сцени каде што единствено што гледаш се комјутерско-генерирани парчиња обоен метал расфрлани низ досадни кадри. Овој пат, за среќа, го нема Шаја во комбинација со вруќа неталентирана актерка. Местото го завзема Марк Волберг, со друга вруќа неталентирана придружничка која е некако премногу возрасна за да му биде ќерка. Како што е во сценариото. Не го измислувам ова, сериозно.

Самохраниот (претпоставувам, додава некаква емотивна страна, нели) татко, генијалец заборавен од државата, и неговата ќерка го наоѓаат деактивираниот Оптимус Прајм, кој завршил така откако луѓето удриле по Автоботите. И, тоа не било како, туку со сопствени Трансформери, чија технологија и развој е продукт на обратен инженеринг (вака ли се вика на македонски?). Но, како што е прашање на време, машините еден ден ќе се свртат против нас. Токму ова оргинално сценарио се одвива и тука, каде што човечки создадените Трансформери удираат по својот создавател. Типично за Трансформерс приказна, Десептиконите ја користат и оваа прилика за да го истребат човештвото. Па, така, преживеаните Автоботи мора да соработуваат со Диноботите зошто нели, они се човекољубци.

За љубителите на лоши компјутерски експлозии, ова е вистинскиот трејлер филм. Загарантирана двочасовна екстаза, по можност во некое слабо климатизирано 3D кино и омилените грицки шверцувани во истото. Сценариото кое ќе го пополни времето измеѓу скапите сцени, е од истиот тип што ги пишуваше и претходните два, така што плитките дијалози се доволно застапени и во трејлерот на филмот. За разлика од претходните, Age of Extinction се обидува уште посериозно да протне приказна за ебани џиновски роботи од друга планета. Изгледа Мајкл Беј не стигнал да го гледа единствениот фин пример за ваков жанр последниве години, зошто бил презафатен режирајќи ги новите сцени седнат на ВЦ шоља со две играчи Трансформерс. 

Музиката е истиот шаблон како и до сега. Напнат оркестар, смискан координирано со експлозиите, натпреварувајќи се на моменти кој може да биде побучен. Мојата оценка е 3/10, бидејќи Диноботите не изгледаат толку лошо. Исто како и главната женска улога. Ете, ме таргетиравте со изборот.

March 5, 2014

Три години RIFT

RIFT го дочека третиот роденден. Не можев, а да не се логирам и да ја испоштувам играта, барем за тоа што некогаш (ми) беше. Драго ми е што се уште е во добра состојба, исто како и последниот пат кога проверив. Најголемиот мерак ми е што гилдот е се уште активен, и по муабетите со некои луѓе од старата екипа, одлично им оди. Имаат нови членови, добар дел од старите се тука и функционирале супер. 


Иако нема шанси активно да се посветам пак, фино ми е кога ќе се логирам вака од време на време. За чудо, RIFT ми предизвикува некаква носталгија што не ја очекувам. Обично WoW ме влече така. Океј, WoW има и нова содржина што е многу поинтересна. RIFT гледам дека тераат со некои ствари кои ми се не толку занимливи во моментов. Сè уште развојот на новата содржина  е брз, не толку колку што беше некогаш, меѓутоа доволно остро цепаат што тотално сум изгубил тек. Некогаш ги знаев сите можни ситници околу играта, сега затекнав малку поинаква ситуација. Покрај новините кои го збогатуваат гејмплејот, гледам дека додаделе еден куп нови, фини маунтови и петови.

Нека тера. За жал, доцна го доби вниманието и заедницата што ја заслужуваше. За жал, некои работи им текнаа кога веќе играчите беа разотидени по други игри. Иако популацијата е доказ дека не е премногу касно, можеби доколку се сетеа порано, играта ќе ја задржеше месечната претплата уште некое време. Се надевам дека следната година, роденденот ќе се слави во новиот свет, од новата експанзија. И, со уште повеќе играчи, се разбира.

Инаку, RIFT е веќе некое време бесплатно достапна и преку Стим.

March 3, 2014

Има ли простор за нов Терминатор?

Додека го пишувам постов, петти Terminator филм се спрема за снимање овој април. Шварценегер се враќа, Емилија Кларк е Сара Конор, а првите неофицијални детали за сценариото деновиве се актуелни низ интернетов. Колку воопшто е потребен нов Терминатор? Колку овој концепт на акционен СФ може да е денес интересен како што бил некогаш? Веќе го иступев на темава, па би го скокнал мрчењето за рециклирањето на идеи, ама стварно ме занима. Шварценегер, кого последен пат го гледав во Escape Plan, не ми изгледа како да е во најдобра форма за да биде киборг од иднината. Освен ако машините или отпорот немаат некоја логична причина да испратат збрчкан Терминатор во минатото да ја "оправи" фамилијата Конор. Надоле има можни спојлери.


Она што е крајно сомнително е приказната. Барем оваа сега познатата, која се уште не е официјално потврдена. Во кратки црти, Terminator: Genesis (имево бавно ме убива), е римејк. Не само римејк на оргиналниот филм, туку општо на целата приказна и вториот, кој патем ми е во топ пет омилени филмови. Според ова, филмот почнува во 1984, кога првиот Терминатор е испратен во минатото да ја збрише Сара Конор. Доаѓа и Кајл Рис да ја спаси, бла бла, парадокс, бла бла, позната приказна... Се спомнува дека ќе ја рекреираат и сцената од Judgement Day каде што T-1000 ги убива луѓено што ќе го чуваат Џон Конор откако Сара Конор ќе заврши во психијатриска болница. Понатаму, Genesis ќе скока во други временски периоди, како детството на Сара Конор. Знам, општа калкурница!

Ако бараме олеснителни околности, има. Никаде не се спомнува ужасот Rise of the Machines или скраја да е, Salvation. Попрво би го гледал ова отколку планираната трилогија со Кристијан Бејл што некако успеа да отиде у курац поради авторски права и банкрот на некоја од компаниите кои беа инволвирани. Salvation можеби изгледа симпатично првиот пат, додека вториот не срипаш испомочан од неверување што срање гледаш. Единствено што ми дава малку надеж, дека можеби нема да е филмов колосален промашај е Шварценегер. Каков-таков, го сакаме секаде. Океј, освен во Junior. Со поинаква приказна, можеби ќе бев позагреан. Вака...

Terminator: Genesis ќе се снима четири-пет месеци. Шминкањето на Шварценегер и трупањето со претерани специјални ефекти ќе потрае до 2015. Премиерата е закажана за јуни.

Ali G: Rezurection не е тоа што мислев...

Океј, не знам како мислев дека Саша Барон Коен се маскирал пак во три различни ликови и успеал да најде луѓе што не би го препознале, за нов материјал. Не се крена галама, претпоставив дека е намерно. Изгледа не сум ги дочитал делот со објаснување за што всушност е Rezurection. Сега кога изгледав ми стана јасно. Новиот дел се интроата пред секоја епизода, која е составена од стари парчиња од оргиналната серија која се нема прикажувано во САД. Во првава епизода има и дел од славното интервју со Дејвид и Викторија Бекам.


Изгледан ми е цел материјал повеќе пати, така што освен компилација од најдобрите, Ali G: Rezurection, не ми нуди ништо ново. Овие два-тринаесет епизоди, колку и да се, што ќе се прикажуваат секоја недела, веќе се достапни како Bling Bling и Aiii со години наназад. 

March 1, 2014

Закаснетиот пост за Neverwinter

За Neverwinter се токмам да пишам од лани. Во период од пауза од WoW, обично кликам по разни ММО-а колку да ја примам дозата. Видов дека Neverwinter е достапна на Steam, па викам, зошто да не. Пројде долго време од бетата, редно е да се види како еволуирала играта од тогаш. Ги следев новостите изминативе месеци, ама онака грубо, без комплетно јасна слика што е ново. А, има многу нови ствари кои покажуваат дека потенцијалот што го имаше е фино искористен. 

Neverwinter е бесплатно ММО, со микротрансакции, кои според она што го видов, знаеле да го нарушат гејмплејот на играчите кои не плаќаат на повисоките левели. Меѓутоа, далеку сум од тоа, не планирам сериозно да играм, а уште помалку да плаќам. Другите викаат дека може да се игра и така, а реално и она бесплатно го нуди играта ми е сосема доволно. Сум видел и побезобразни модели на микротрансакции. 


Што се случило во меѓувреме? Прво, Perfect World, компанијата која стои зад Neverwinter се има продадено на некаква грозна платформа, па моментално официјалниот сајт и не е баш најдостапен. Барем таму каде што имаше основни информации за она што го нуди играта. Другата голема промена се однесува на самата игра нели, и пријатно ме изненади. Ако добро памтам, тогаш имаше три сервери, две класи и две раси и многу помалку квестови од сега. Моментално, сите сервери се мерџирани во еден голем, каде што функционираат сите акаунти, дури и мојот. Бесплатно, има можност за креирање на два карактери, па бев принуден да избришам еден што веројатно никогаш пак немаше да го играм. Направив Dwarf Hunter Ranger, класа која тогаш ја немаше како и останатите 3, од вкупно 6. Исто така има и нови раси кои допрва планирам да ги пробам со некоја друга класа.

Во суштина, Neverwinter е dungeon crawler спакуван како RPG во трето лице. Нема отворен свет, туку хабови кои се разгрануваат и го носат играчот во други делови од светот, Forgotten Realms, директно излезен од Dungeons & Dragons. Преубаво дизајниран, полн со детали, а и играчи, за среќа. Доколку ова беше отворен свет, веројатно искуството ќе беше уште подобро. Функционира и вака, баш затоа што е свежа во однос на клоновите на WoW. Спеловите и самите борби се интересни, имаат фин систем за левелирање и механика, па играчот не е преоптоварен со невозможен избор или небитни глупости. Иако е едноставно, направено е да биде практично и забавно. 

Она што мене најмногу ми се допаѓа е што заедницата е кул. Играчите си помагаат меѓусебно и нема екстремен елитизам. Кога ќе поставиш прашање на глобалниот чет, добиваш дваесетина нормални одговори за една минута. А, она што е друго клучно тука, е алатката нарачена The Foundry. Преку ова, секој играч може да се создаде сопствен квест и да им го понуди на другите да го изиграат. Има рангирање за да се избегнат лошите, а тие што котираат највисоко се стварно вредни. Достапни се преку локации во самата игра, огласни табли или сомнителни NPC-ја кои ти ги нудат во некое забутано ќоше. 

Neverwinter нуди и PvP. Не успеав да видам каков прогрес имаат направено на тоа поле сега, тогаш со тие две класи беше некако досадно. Би требало сега да е поинтересно со овие класи, кога ќе пробам, ќе пишам.