Showing posts with label Transformers. Show all posts
Showing posts with label Transformers. Show all posts

January 29, 2023

Петте Transformers филмови

Мислам дека секое дете родено во осумдести или почетокот на девеести морало да ја прележи таа интензивна Трансформерс и Нинџа Желки фаза. Тоа го имаше насекаде тогаш, во времето кога за да дознаеш во колку саат нештото за гледање ќе оди на телевизија мора да отвориш весник и да прочиташ. Јас имав Трансформерс фаза и во доцните тинејџерски години, кога сè што сум морал да го чекам како дете еднаш неделно или да го барам по видео касети, веќе ми стана достапно со еден клик. Ја прегледував оригиналната анимирана Transformers, се товев со стриповите што беа излезени до тогаш и ми се кршеше мозокот од возбуда што ќе има и филм наскоро. 

Ми се свиѓаше тој првиот Transformers на Мајкл Беј во 2007. До тогаш немав видено такво нешто. Имам дури и некои рендом зборови склопени во реченици во раните Crapwerk денови кои се обид да си ги формулирам впечатоците од филмот. Покасно, како тогашниот самопрогласен експерт за кинематографија и Трансформерс - не ги прифатив следните делови, а Мајкл Беј го отпишав како најголемиот непријател на франшизата за роботи кои се претвараат во коли. Некако сум мислел дека е криминал ако не успееш прецизно да адаптираш детски цртан чија главна намена му е да биде само подолга реклама за играчки.

Реално, некои од продолженијата и не беа добри дури и по тие ниски стандарди, ама зимава решив да им дадам на сите по една нова шанса. Така кога почна пандемијата ги изгледав сите Fast & Furious и се изненадив колку се прикладни за кога сè што ти треба е разулавена бука од телевизорот пред спиење. Transformers се баш тоа и се прилично кул ако се наштелуваш да им пристапиш така. Невозоможно е да бараш нешто паметно и сериозно во повраќаница од специјални ефекти, експлозии и џиновски роботи кои меѓудругото дрско рекламираат брендови на познати возила и еден куп други производи. Тотално надградена варијанта на оригиналниот цртан. Најбизарното е што концептот на самите Трансформери функционира од истите причини, а ако тоа те прави среќен, форматот е помалку битен. 

Ако сакаш да гледаш како џиновски роботи се трансформираат во коли, си маваат боксови со лошите џиновски роботи што исто се трансформираат во превозни средства и имаат неверојатно слични карактерни и морални особини со луѓе, тоа е тоа. Секогаш ќе мислам дека Pacific Rim е далеку подобар блокбастерски производ, ама и ова не е толку лошо колку што го памтев. Глупаво е, бучно и хаотично, ама не ни се стреми да биде нешто повеќе од тоа што самоуверено знае дека е. Мајкл Беј толку не се замарал со детали освен за визуелниот спектакл, што секој нареден филм наративно прави сè помалку смисла, упорно ги препишува правилата на рамките во кои опстојува и на моменти комплетно заборава на било каков претходно воспоставен континуитет. 

Буквално во секој филм приказната е истиот шаблон, само се сменети ликовите и историјатот. Ако сакаш да следиш било каква поврзана приказна, џабе ти е, затоа што едноставно отсуствува. Пример, во еден дел ти кажува дека Трансформерите првпат се на Земјата, за неколку филмови подоцна Ентони Хопкинс да ти објасни дека биле тука претходно и учествувале во секој важен историски момент за човештвото. Гледаш Трансформери низ Египет, темната страна на Месечината, во митот за Кралот Артур, во Втора светска војна. Секаде каде што Мајкл Беј сметал дека е интересно да ги вметне. Од тебе како публика се бара само да заборавиш на информациите понудени во претходните филмови и да видиш како Трансформер чиј глас го позајмува Леонард Нимој ќе го предаде Оптимус Прајм.

Бидејќи е скапо да направиш ваков Трансформерс филм што ќе се случува исклучиво на Сајбертрон, компромисот е секако да биде сместен на Земјата каде што два од тие три долги саати ќе биде пополнет со вистински актери. Дури и Шаја Лебаф е прифатлив. Да не беа овие филмови ќе заборавевме дека некогаш имал кариера. Иако е далеку од Мајкл Џ. Фокс на генерацијата, сосема е солиден како појава. Барем во првите три филмови, сите актери имаат некоја фина меѓусебна динамика, ама упорно ми се двои Џон Тортуро. Трансформерс филмовиве се доказ дека Тортуро може буквално секое дело да го направи подобро со неговото присуство. Сериозно, човекот изгледа дека се забавува со било каков материјал и дава максимум за да блесне. Може и најглупавото сценарио да ти го направи интересно со талентот и харизмата. Кај сакаш стави го и филмот ти е автоматски подобар.

Самиот спектакл во Трансформерс филмови е неспоредлив со другите блокбастери што се достапни денес. Мајкл Беј не снима на зелено платно каде што актери како Иан Мекелен треба да си ја замислуваат околината, или Роберт Дауни Џуниор и Крис Еванс да пафтаат во воздух во студио качени на вештачки карпи. Беј снима во Египет, го качува Џон Тортуро на вистински пирамиди, снима во Јордан, рока експлозии блиску вистински актери, а нема да ме чуди и ако стварно се качил на Месечината за да ги снима сцените таму. Затоа филмовите изгледаат толку органски, дури и кога седумесет кадри последователно гледаш компјутерски генериран железен отпад како пробува да се убие меѓусебно. Не дека ова самото по себе е пресудно за општиот квалитет на филмовите, ама барем не изгледаат само како поскап цртан филм. Освен тоа, кој друг режисер успеал да овозможи вистинскиот Баз Олдрин и оргиналниот Оптимус Прајм актер да сврзат неколку реда муабет? 

Јако е како овие филмови визуелно не се воопшто остарени. Хуморот е можеби многу полош денес на некои моменти, ама визуелно одбиваат да се дадат. Логично, секој нареден филм изгледа подобро од претходниот, ама од првиот нема да се осетиш дека поминале цели шестнаесет години. На крај на ден, ова го гледаш за самите Трансформери, а помалку за испотена Меган Фокс или жолтото дилерско Камаро, а анимациите се речиси перфектни. Во последните два филмови не ми се свиѓа што движењата им се пофлуидни отколку "роботски" и не сум најсреќен со дизајните, ама па тие два филмови повеќе страдаат од Марк Волберг отколку било што друго. 

Волберг знае да биде смешен и забавен, ама овде е како со сила насаден. Како да разбрал дека е само добро платена работа, па дошол да го собере медот. Ентони Хопкинс очигледно не ни знае во кој филм глуми тука, него не се ни осмелувам да го коментирам. Ако Шаја Лебаф е класи подобар од тебе, макар било и Трансформерс филм, значи нешто озбилно не штима. Пак доаѓам на муабетот дека Џон Тортуро магично ги прави нештата поинакви, а неговото минимално присуство во последните два (во едниот комплетно го нема) само ми ја зајакнува поентата. 

Неочекувано добро си пројдов со филмовиве, oсобено со првите три. Така неоптеретен од факти за трансформерски фолклор и потреба да сум фокусиран на некаква приказна. Можеш и комплетно да се исклучиш додека ги гледаш, да дремнеш дваесетина минути и пак да ти е јасно што се случува кога ќе се расониш. Ако не знаеш што се случува и кој со кој со тепа, само гледај дали е шарен или сив. Ако е малку пошарен Трансформер тогаш е Автобот, значи од добрите е, па веројатно навиваш за него. 

Bumblebee го прескокнав во оваа етапа. Мислев дека го немам гледано воопшто, ама испадна само дека сум го заборавил. Останува за некоја следна прилика, сега морам да си ја смирам главоболката со нешто потивко и попристојно. Како и да е, од денес официјално престанувам да се спрдачам со франшизава и да ја користам како единица мерка за лош акционен блокбастер. Ќе најдеме нешто друго референтно, не е дека нема. Сега многу е возможно да влегувам во нова Трансформерс фаза, па планирам да се истркалам до кино и за новиот Transformers: Rise of the Beasts летово ако ме држи уште ова.

March 6, 2014

Првата Transformers: Age of Extinction рецензија

НАПОМЕНА: Transformers: Age of Extinction излегува во јули 2014. Трејлерот, исто како и претходниот,  доволно ги открива сите сегменти на филмот така што немам причина да потрошам два саата за да го гледам. Овој пат, нема потреба ни да гледам семпл.

Мајкл Беј е незапирлив. Некој во Холивуд одлучил дека ова е вистинскиот човек за Transformers филмови и тоа очигледно е длабоко врежано во камен. Покрај ова четврто сквернавење на детството на милиони, ќе следуваат уште две во следните неколку години. Само вистински Десептикони би го спречиле Мајкл Беј да го прави ова што го прави...

Приказната, како и во претходните делови е тотално во заден план. На крајот и на краиштата, битни се тие 40 минути ефекти од целиот двочасовен филм. 40 минути Трансформери кои едвај се разликуваат еден од друг, и натрупани сцени каде што единствено што гледаш се комјутерско-генерирани парчиња обоен метал расфрлани низ досадни кадри. Овој пат, за среќа, го нема Шаја во комбинација со вруќа неталентирана актерка. Местото го завзема Марк Волберг, со друга вруќа неталентирана придружничка која е некако премногу возрасна за да му биде ќерка. Како што е во сценариото. Не го измислувам ова, сериозно.

Самохраниот (претпоставувам, додава некаква емотивна страна, нели) татко, генијалец заборавен од државата, и неговата ќерка го наоѓаат деактивираниот Оптимус Прајм, кој завршил така откако луѓето удриле по Автоботите. И, тоа не било како, туку со сопствени Трансформери, чија технологија и развој е продукт на обратен инженеринг (вака ли се вика на македонски?). Но, како што е прашање на време, машините еден ден ќе се свртат против нас. Токму ова оргинално сценарио се одвива и тука, каде што човечки создадените Трансформери удираат по својот создавател. Типично за Трансформерс приказна, Десептиконите ја користат и оваа прилика за да го истребат човештвото. Па, така, преживеаните Автоботи мора да соработуваат со Диноботите зошто нели, они се човекољубци.

За љубителите на лоши компјутерски експлозии, ова е вистинскиот трејлер филм. Загарантирана двочасовна екстаза, по можност во некое слабо климатизирано 3D кино и омилените грицки шверцувани во истото. Сценариото кое ќе го пополни времето измеѓу скапите сцени, е од истиот тип што ги пишуваше и претходните два, така што плитките дијалози се доволно застапени и во трејлерот на филмот. За разлика од претходните, Age of Extinction се обидува уште посериозно да протне приказна за ебани џиновски роботи од друга планета. Изгледа Мајкл Беј не стигнал да го гледа единствениот фин пример за ваков жанр последниве години, зошто бил презафатен режирајќи ги новите сцени седнат на ВЦ шоља со две играчи Трансформерс. 

Музиката е истиот шаблон како и до сега. Напнат оркестар, смискан координирано со експлозиите, натпреварувајќи се на моменти кој може да биде побучен. Мојата оценка е 3/10, бидејќи Диноботите не изгледаат толку лошо. Исто како и главната женска улога. Ете, ме таргетиравте со изборот.

October 6, 2011

Пет работи за Transformers: Dark of the Moon

Излезе филмов на добра снимка. Симнав семпл од неколку минути, да видам како изгледа. Во тие две-три минути мислам дека видов доволно. Исто како да сум го гледал филмот, само во многу пократка, безболна верзија.


1. Ефекти
Мајкл Беј мора да си го оправда стилот, нели? За љубителите на CGI, ова е правиот избор. Сцената е толку детална, што само детали се гледаат и тоа натрупани до степен да не се распознава што е Трансформер, експлозија или сметот од истите. За да биде уште подетално, има и чад. Покрај визуелните специјални ефекти, има и звучни ("џџџџззззџџ - бааам - џннгггг - бууухџџџ - ѕииииујјј").

2. Трансформери
Бидејќи е ова филм за Трансформери, нормално дека има и тоа. Во семплов, луѓето се борат со џиновски змијовиден Трансформер. Го има и Оптимус со меч, и птица-трансформер што колва шофершајбна. Генијално, не знам како им текнало. Оптимус пред да се појави во сцената, мислам дека го видов во ефектите, го познав по тоа што дел од парчињата ефекти што летаа низ мониторов беа плаво-црвени.

3. Актери и слично
Како и во претходните два дела, има и тука платени луѓе, да кажуваат по некоја реплика, за да се пополни минутажата измеѓу деталните ефекти.Меган Фокс ја нема, а во семплов ја немаше ни таа другата што ја заменува. Битно, ги имаше Црнецот и Џош Духамел, за да и семплов биде привлечен за женската публика. Незнам само која таргет група е Шаја ЛаБлџксуф. Веројатно на деца што се декларираат ко гикови. А, можда и не, пошто семплов завршува со сцена у која се вози во кола и му идат флешбеци од интервју за работа на кои бил. Јас бев на интервју за работа неделава, па ете, се пронајдов во неговиот маестрално одигран лик кој никако не е еднодимензионален. Не.

4. Приказна
Нема.

5. Заклучок (зошто нема друго за да бидат пет)

Се надевам дека ова е последниот филм каде што вака се валка оваа убава реклама за играчки од 80-тите со која растевме среќно. Или нека продолжи некој што знае и може подобро, или нека се помират со фактот дека вакви џиновски роботи не функционираат најдобро на филм.

May 14, 2011

Transformers 3: Темната страна на Мајкл Беј

Од Transformers филмовите решив да се откажам откако Revenge of the Fallen ме остави ко претепан со метален вентил, па прегазен од голем црвено-плав камион. Доколку тој одвратен склоп на CGI повраќаница би можел да се нарече филм, сигурно ќе го ставев на мојата листа на најлоши филмови што некогаш сум ги гледал.

Е, сега. Како заколнат скептик и најголем мразач на Мајкл Беј, трејлерот за третиов филм ми ја зачеша брадата. Дали тоа господинот Беј решил да си го испере образот после двојкана? Дали? Transformers: Dark of the Moon (не, нема да го коментирам ужасно смешниот наслов) сака да каже дека Трансформерите биле пристуни на Месечината уште во 1960-тите. Некакво летало од Сајбертрон се наоѓа таму, па Автоботите и Десептиконите овојпат ќе се борат баш за тоа. Идејата е некако голем залак, на момент делува апсурдно, меѓутоа ако се земе во предвид дека ова е сепак Трансформерс филм, можеби и не е толку лоша. Прашањето е дали Мајкл Беј научил нешто од минатото сквернавење на оваа франшиза.

Меган Фокс ја нема, сменета е со некое друго девојче слично на неа. Штета што Шаја е уште тука, заедно со пар досадни актери. Трејлерот освен тоа што изгледа многу подобро од цел Revenge of the Fallen, не навестува дека ќе видиме нешто различно во однос на самите Трансформери и експлозиите кои ги предизвикуваат. Јас типувам на подобра приказна. Или да речам, било каква приказна. Ова со Месечината може да испадне кул, па да видам океј филм каков што очекував после првиот дел.

Ако заебат и овој пат, се надевам дека ќе се најде некој што ќе го линчува Мајкл Беј и ќе уништи се што имаат допрено неговите алчни раце.

Филмот излегува на 1-ви јули годинава.

September 27, 2009

Transformers: Revenge of the Fallen (2009)

Да го гледав Transmorphers: Fall of Men, можеби вториов Трансформерс немаше да биде најлошиот филм за 2009. Не дека имав големи очекувања, но сигурно не се надевав на толку глупости во еден филм што трае неиздржливи 150 минути. Ефтин хумор како во Американска Пита 9, цел саат непотребни сцени, олигофренични Трансформери и никаква конзистентност во приказната, го спречуваат Transformers: Revenge of the Fall да добие и прелазна оценка. Последните 30 минути прекинав и да следам што се случува.

Ајде по ред. Има еден куп тинејџерски комедии каде што главниот лик заминува на колеџ, родителите му се со незавиден коефициент на интелегенција, па целиот хумор се базира на комбинација од овие елементи. Нема никаква поента да го гледаме истово и во Трансформерс филм. Голем дел од непотребните сцени што ги спомнав, се баш со овие очајни обиди за хумор. На другата страна се двата Автоботи што зборат на црнечки сленг, што голем број фанови, а и медиуми, ги искритикуваа дека поттикнувале расна дискриминација. Искрено, ме здоболе за тоа. Јас ќе ги искритикувам продуцентите за дебилниот потег, што го преполниле филмот со вакви идиотизми, далеку од било каков хумор. Не верувам дека за наменети за помладата публика, освен ако филмов нема некоја едитирана верзија каде што се тргнати бројните вулгарни реплики.

Кога Transformers: Revenge of the Fallen не се обидува да биде комедија, има "сериозни" сцени со Трансформери кои изгледаат како биолошки да остареле, имаат метална брада, бастун и се сенилни. Иако можат да изразуваат и силни емоции, ова не престана да ми биде чудно.

Шаја и Меган Фокс ми станаа најодвратните фаци во Холивуд, така да нема да потрошам ни збор повеќе за нив од оваа реченица. Филмов нема никаква приказна, туку е колаж од случајно нафрлани сцени, така да на секои 10 минути скока во друг хаотичен правец. Бидејќи сите ликови имаа по вкупно 8 минути време, не видовме никаков развој, а камоли Трансформери. Освен ако немало Трансформери во неколку сцени со експлозии кај што има само чад, оган и метал и едвај може да се забележи било што. Елементот за забава е сведен под нулата, не ми се верува дека нешто што е базирано на искучително забавна серија/линија играчки може да има ваков исход. За жал, ни специјалните ефекти не го вадат, денес и А1 Метео има исти такви...

Првиот беше подобар. Сега е време конечно Transmorphers да добие шанса.

November 16, 2008

The Transformers: Infiltration

Деновиве по втор пат ја изгледав првата сезона на The Transformers G1 и моментално ја гледам втората. Серијава денес веројатно ми е поднослива само поради тоа што ја обожавав како дете и ме врзуваат убави спомени. Колку и да е реклама за играчки со оскудно сценарио и ефтина анимација - владее. Пробав да гледам нешто од поновиве серијали и воопшто не ми се допаѓаат.

Некое време се токмам да седнам и да прочитам некој Трансформерс стрип. Ги има доволно, изборот е голем, па решив да почнам со Infiltration. Мини-серијал на IDW Publishing, прв од неколкуте кои се сместени во reboot-ираниот G1 универзум. На пример, тука Автоботите користат холограмски возачи за да се прикријат во сообраќајот, додека нивните вистински форми и нивното присуство на Земјата се дел од теории на заговор.

Се води војна помеѓу Десептиконите и Автоботите во која ќе бидат инволвирани тројца луѓе кои покрај Трансформерите се главните ликови во Infiltration. Има само шест броја, кои служат како основа за следните мини-серијали низ кои се продолжува приказната. Ова доволно ме навлече, па веќе набавив дел од нив, па почнувам да ги читам. Infiltration го ставив во РепидШер фолдер за даунлоуд, па можете да си го симнете од тука.

Цртањето е одлично, знаеме како изгледаат денешните стрипови. Дизајнот на Трансформерите е тој од G1, со ситни измени кои воопшто не пречат.

July 14, 2007

Transformers конечно!

Конечно го дочекав, и конечно успеав да го глеам. Кино-снимка, ама доста солидна. Се мислев да пишувам рецензија како за Casino Royale, ама ме мрзеше за се посебно да пишувам, освен тоа, и нема што повеќе да кажам од ова подолу.

Филмот ептен ми се допадна, бев со подотворена уста тие два саата. Готово, си викам, ова иде во најомилени филмови. Сега, кога ќе подрасмислам со ладна глава, не иде баш во најомилени филмови, ама тука е некаде. :)

Е, сега. Мислењата за филмов се поделени, како кај фановите, така и кај оние што првпат се среќаваат со Трансформерс. Некои се разочарани, други задоволи и го гледаат по четврт пат...

Мене лично, ми е прилично океј. Како и повеќето, ќе се фатам за ефектите, ама тоа е она што го вади филмот. Добро де, и Меган Фокс.

Точно е тоа дека во филмов многу работи се изменети во врска со самите Трансформери, како на пример Бамблби, или чудниот изглед на Мегатрон и неговата трансформација. Штознам, освен за Бамблби, другово донекаде е и оправдано. Ај, замислете колку е глупаво таков џиновски робот, да се претвара во пиштол. :) Баш од овие причини го немало Саундвејв во филмот (се трансформира во мала аудио касета). На цртан би успеало, ама не знам колку на филм.

Уште една голема маана, е тоа што повеќе се застапени луѓето во филмов, отколку Трансформерите. Друг недостаток на филмов е неконзистентната приказна и празното сценарио, кое донекаде го вади хуморот на Трансформерите. Ама, ху гивс а фак абаут сценарио/приказна во Трансформерс. :)

Ако треба да го опишам филмов со еден збор, ќе кажам дека е интересен. Очекував лош филм, а добив интересни два саата. Тоа е тоа.

За крај, ќе кажам дека филмов или ќе стане класика или ќе биде заборавен летен хит.

July 3, 2007

Излезе Transformers!

Конечно почна да се прикажува во САД. Transformers филмот го чекам уште откако беше најавен. Трејлерите скроз ме мрднаа. Штета што ќе мора да чекам долго да дојде и тука во кино, или па за подобра снимка, пошто сакам феноменалната анимација на Трансформерите да ја гледам на убава снимка.

Побарав на Mininova, повеќето од фајловите се фејк, па еден тип во коментарите го прати овој линк. Го симнав видео семплот, стандарна кино-снимка, со лош звук, малце се тресе... Ако не издржам (а нема), ќе го симнам.

Иначе, си ги имам оние старине Трансформерс цртани, што ги даваа на МРТВ на времето, и си гледам повремено.

Што се однесува до филмот, се изначитав еден куп негативни коментари за сценариото и приказната, ама сепак ќе се уверам сам. За анимацијата на Трансформерите, никој не смее ништо лошо да каже, затоа што е веројатно најдобрата 3D анимација било кога направена.
Останува да чекаме да дојде во кино, или за копија со подобар квалитет. А кога ќе го гледам, ќе пишам на блогов.