Поради првиот, да речеме преран, лош впечаток што ми го остави
Batman Begins, имав изгубено надеж дека во скоро време ќе видам добар Бетмен филм. Нешто што прво ме стави во мисла и ме натера повторно да се заинтересирам за Бетмен, беа
првите слики од Хит Леџер како Џокер што се појавија некаде во декември минатата година. Кога излезе трејлерот, бев веќе сигурен дека може да се очекува солиден филм.
До денес, нетрпеливо го чекав денот кога ќе можам да дадам одговор на прашањето кое го поставив и тука на блогов:
Дали ќе биде добар The Dark Knight? На кратко, да. Филмот е феноменален! Се радувам што ги оправда моите очекувања и ме изненади вака позитивно. Да, најреално гледано, филмот е одличен, и покрај што агресивната кампања и сите пропратни работи (The Dark Knight се искачи на
првото место на листата на топ филмови на IMDB), вклучувајќи ја и
смртта на Леџер, можеа да предизвикаат сомнеж за квалитетот.
Значи, по 15 години добивме Бетмен филм кој може да се носи со оние на Тим Бартон. Кристофер Нолан успеа да создаде ремек дело кое дефинитивно ги помести стандардите за филм базиран на стрип, дури и избега од маргините во кои најчесто се заробени ваквите филмови. Нолан направи Бетмен да изгледа реално. Тука нема комичари со портокалова коса во зелено трико, нема бивши билдери кои го замрзнуваат градот, нема пингвини што живеат во канализацијата... Во Готам сега владеат вистински криминалци, вистинска мафија, заедно со двајца изопачени лудаци во костими и маски кои се на различна страна од законот.
За жал, ова беше последното (има уште едно, ама е недовршено) што можевме да го видиме од генијалниот Хит Леџер. Никогаш нема да го видиме Џокер толку совршено одглумен. Кристијан Бејл исто така ме изненади како Бетмен. Беше сè она што не беше во Begins, но со напредокот и созревањето на ликот, некако е и логична ваквата изведба. На моменти не знаев кој е појезив, дали Џокер или Бетмен.
Не очекував да видам толку многу од Арон Екарт како Two-Face, повеќе го гледав како негативец за следниот филм (ако воопшто го има), но одлично се вклопи. Е, ваков Two-Face сакав да видам, а не клон на Џокер како оној на Томи Ли Џонс во Batman Forever. Можеби мал минус за филмов би било отсуството на Кејти Холмс како Рејџел, новава глумица не ме импресионираше воопшто. Од друга страна, останатите актери се одлични, особено Гери Олдмен.
Годинава добивме уште еден одличен филм покрај
Iron Man и
Indiana Jones новиот. Сите ми оставија силен, но различен впечаток, така што и да сакам, не би можел да кажам кој ми е омилен филм за годинава. Излезе скоро се што чекав, остана уште новиот
Бонд до крај на годинава, и добрата снимка на
The Incredible Hulk (овој решив да си го почекам).
Да резимирам, страшно добар филм, сигурно најдобриот правен според стрип и сигурен сум дека кога ќе спласне хајпот, нема да остане запамтен како
обичен летен блокбастер. Ова е филм што ќе се гледа со генерации. Овој пат сум сигурен. :)
P.S. Утре излегува
The X-Files: I Want To Believe.