Ако за нешто жалам денес, тоа е смртта на старите флиперници каде што израснаа цели генерации. Ја имав таа чест да бидам последната генерација на деца што секој денар даден од дома, го трошеше на малите сиви метални жетончиња кои пружаа неколку минутна шарена забава. Киснење во флиперница од сабајле до вечер, кога не играш гледаш друг како игра, се радуваш на секој туѓ напредок во некоја игра, а празник ти е кога ќе донесат некоја нова игра. Па фалење кој со колку жетони ја свртел Cadilacs, па кој колку финти знае со Бланка на Street Fighter, па кој е подобар во Pang…Првпат влегов во флиперница како многу мал, сигурно некои четири-пет години, не ни идев во градинка или слично. Првата игра што некогаш ја играв беше Black Tiger, нормално, дознав многу подоцна за насловот. Производител на играта е според мене најдобрата компанија за производство на вакви аркадни игри, Capcom. Речиси сите мои омилени игри од тоа време се дело на Capcom. Значи, во Black Tiger, контролираш варварин, налик на Конан, кој располага со чудни оружја и тепа се пред него, а богами и зад него, бидејќи непријателите буквално доаѓаа од секоја страна. Нешто подоцна, ја сменија играва во флиперницата (имаше само една машина тогаш), и ја донесоа Sly Spy. Тотален rip-off на Џејмс Бонд и страшно забавна игра.
Некаде 1998-1999, со појавата на PlayStation конзоли по истиве флиперници, постепено почна да згаснува сето она што ни го расвеселуваше детството. Флиперите речиси и да се истребија во наредните 3-4 години, во периодот кога се појави Counter Strike. Што се однесува до мене, ова сосема нормална еволуција на видео игрите која ја следам и јас, но жалам за децата денес кои немале прилика да го почуствуваат тоа што го имавме ние. Не дека беше подобро, некако беше поискрено.