July 23, 2013

Oblivion (2013)

Чекањето на добра снимка дефинитивно се исплатеше, зошто сепак испадна дека Oblivion не е комплетно срање. Што денес за жанрот е вистинска реткост, нели. Ме радува кога ќе налетам на добар СФ, можеби не од рангот на Moon или District 9, но сепак доволно забавен и за второ гледање. Oblivion е таков филм за кој не би можел да расправам на долго, без спојлери, така што ќе гледам само површината да ја чепнам. Филмот има неколку пресврти кои можеби не се којзнае колку изненадни, ама предизвикуваат насмевка под брк, па не би да му расипам нешто на некого. 

Годината е 2077, а Земјата е речиси целосно разрушена како последица на нуклеарна војна со вонземјани, кои за да биде полошо, ја рокнале прво Месечината што предизвикало и прилично заебани природни катастрофи.  Остатокот од човештвото е стациониран на Титан, месечината на Сатурн. Меѓу последни на Земјата се Том Круз и британка со црвена коса кои прибираат ресурси за енергија со која опстојува колонијата на Титан. Во меѓувреме, Том Круз работи и како сервисер на дроновите кои се задолжени да ги ловат и убијат последните преживеани лоши вонземјани. 

Иако Oblivion рециклира еден куп идеи, очигледно е дека не сака да ги шитне како свои. Барем според режисерот Џозеф Косински (истиот шизик што го режираше TRON: Legacy), ова би требало да е омаж на стари СФ филмови, што и се осеќа по амбиентот. Целиот филм има некое олд скул чувство што тешко е да се промаши. Косински е одличен режисер и како за втор голем филм, Oblivion му е топ. Доколку има шанса да работи со подобро сценарио за нешто слично, верувам дека ќе се здобие со многу поголема армија фанови. 

Кога сум веќе кај сценариото, морам да забележам дека Oblivion знае да заринка во клишеа. Можеби и некои неизбежни. Сепак, тоа не го прави филмот толку предвидлив, иако спомнав дека пресвртите не се некое огромно изненадување. За среќа, преубавите визуелни ефекти и фотографија, одлично го пакуваат целиот производ кој без саундтрекот на M38 не би бил комплетен. Да, ако нешто знае типот да погоди, тоа е саундтрекот. Не е како Daft Punk, меѓутоа е впечатлив и се вклопува во секоја сцена. 

Малата актерска екипа си е таман, а особено Морган Фримен. Улогата како да е пишувана специјално за него, а и да не е, ликот го има авторитетот од моментот кога ќе се појави. Том Круз е Том Круз, одбивен како и секогаш, ама некако се вклопува во целата слика. Еј, можеле и Вил Смит да го земат, така да - доста. Женскиот дел од екипата е океј, не прави разлика, никој не се двои, баш си се на место.

Oblivion не е "револуционерен" СФ. Не е филм што ќе ти го смени живот и ќе остави ноќи во размислување. Не е ни претенциозно срање како Prometheus, не се ни обидува да е толку "голем". Дури и со сите дупки во приказната и на моменти, шашаво сценарио, пак успева да задржи внимание и да испорача забава. Мене многу ми фалат вакви лесни филмови во жанрот. Филмови кај што експлозиите не се во преден план и дијалогот не е колку да направи три минути пауза помеѓу такви сцени. Обавезно гледање на филмот и задолжително избегнување на спојлери до тогаш.

Види такоѓе:

July 21, 2013

Justice League: The Flashpoint Paradox, Beware the Batman и Batman/Superman филм

Викендов ми се собра "материјал" што сакам да го споделам тука, па ќе пробам да го стиснам во еден пост. Во ист период се појавија Justice League: The Flashpoint Paradox, новиот долгометражен цртан на DC и новата CGI анимирана серија, Beware the Batman. Како врвот на викендов исполнет со Бетмен, на овогодинешниот Comic Con најавија филм со него и Супермен. 

Да почнам со Justice League: The Flashpoint Paradox. Хајпот и препораките од луѓе на кои им верувам на вкусот, ме натераа да чепнам нешто со Justice League во насловот. А, не сум фан на JL, ќе образложам во некоја друга прилика зошто, иако ми се свиѓа кога некои од ликовите ќе ми се преклопат со нешто што го сакам. Филмот е базиран на Flashpoint, наслов на Џеф Џонс кој игра битна улога во историјата на DC универзумот и бизнисот на самата компанија. Веднаш по завршувањето на настаните во Flashpoint, DC го ресетираа универзумот и започнаа "Новите 52" чии приказни сеуште се во тек (и некои од нив се многу, многу добри).


Flashpoint немам читано. Грешка што планирам да ја исправам чим го објавам текстов. Немам нерви за сите наслови во ивентот, се одлучив само за главниот серијал и Бетмен. Одговорно ќе си кажам дека The Flashpoint Paradox лично ми е најдобриот анимиран на DC до сега, кој нели, нема Бетмен во насловот. Приказната опфаќа теми како патување низ време и алтернативни универзуми, теми од кои никогаш не ми е доста и обично гнетам што и да се сервира. Овде плус има мајсторска реализација, со малку посериозни теми и темен тон за што морам да се сложам со Љубиша дека ова не е цртан филм за деца. Барем не за нежните американски деца денес. 

The Flashpoint Paradox можеби не ми го смени мислењето за одредени ликови, меѓутоа ме поттикна да читнам нешто повеќе. Памтам што се случи со Аквамен, додуша. Приказната во стрипот ми делува многу, многу покомплексна и интересна од овие саат и триесет минути и затоа морам што побрзо да видам за што станува збор. Иако целата приказна е џам, најзаинтересиран сум за Бетмен од тој универзум. Ќе читам, па може и ќе склопам нешто за тука.

Е, сега. Колку што ми беше супер The Flashpoint Paradox, толку сум разочаран од Beware the Batman. Јасно е дека моментално не може да се пропушти профитот од Бетмен серија, а исто така дека и не е возможно да рециклираш едни исти идеи и приказни. Особено ликови. Колку варијанти има на Џокер во анимираните Бетмен серии? Тоа си го помислиле и продуцентите на новава серија, CGI анимирана, со квалитет поблизок до Transformers: Prime и новите Нинџа Желки, отколку до The Clone Wars

Можеби ќе си најде фанови, ама јас ќе морам да го скокнам ова. Има премногу добри серии на истата тема, со негативци кои не се извадени од правливи полици од некоја DC архива, и со Алфред како што го знам. Алфред веројатно е она што најмногу ме одбива тука, без разлика дали е канонски. Од општопозната претстава за батлерот на Брус Вејн, тука има верзија која повеќе личи на Агентот 47 отколку на Алфред. Набилдан бивш MI-6 агент, кој му е бодигард на Брус и му помага на Бетмен директно на терен. Приказната, а богами и анимацијата, не е ништо посебно за да дадам втора шанса.

И за, крај... конечно Бетмен и Супермен во ист филм. Не е првпат ова да се најавува, но овој пат е официјално и мислам дека нема да се откажат. На Comic Con ова било најавено спектакуларно, со нарација од The Dark Knight Returns, меѓутоа филмот нема да биде тоа. Среќен ќе сум со стар Брус Вејн, како и да е. Не се надевам многу, зошто изгубив доверба во Зек Снајдер. Хенри Кавил останува Супермен, додека за Бетмен моментално нема никакви вести. Ова допрва ќе почне да се отплектува и ќе следам зошто ме занима каде ќе ја тераат работата.

July 20, 2013

Додека чекам покана за WildStar...

Се радувам како дете на секоја нова вест и видео. Можно ли е да е ова следната ММО болест што ќе ја прележувам? Нешто пишав лани, уште кога многу малку се знаеше за WildStar. Уште тогаш некако ми се двоеше од купот нови игри, а сега уште повеќе. Моментално во тек е третата затворена бета (за која немам покана, иако се регистрирав од 5-6 различни мејлови) и сеуште нема датум кога ќе биде широко достапна за тестирање. Ден што го чекам со нетрпение, исто како оној пат кога чекав RIFT.

WildStar полека добива некако финален облик. Вчера ги објавија последните две раси од вкупно осум. Останува уште двете последни класи и отприлика ќе се знае што да се очекува. Лани беше малку нејасно со класите и "патеките", баш сега го читав постот што го имав пишано. "Патеките" ќе се нешто како професиите по сличните игри, со тоа што ќе може да се одберат независно од класата или расата. Класите ќе бидат лимитирани по раса, нешто слично како во World of Warcraft порано, пред да направат хаос каде што можам да играм Tauren Paladin. Што е во секој случај фино, зошто се дава некаква уникатност на самата раса. 


Она што е фасцинатно за светот во кој е сместена WildStar, покрај нели самиот дизајн кој е можеби клучен за мојот интерес, е бројот на зони. Моментално на официјалниот сајт се излистани нешто повеќе од 20 зони што е огромна бројка и ретко која нова ММО игра прави таков чекор. Доколку имам толкав виртуелен свет на располагање, ќе играм само за да го видам. Друг свеж елемент е движењето и борбите. Мило ми е што новиве игри полека се дистанцираа од стандардот кој го постави WoW и се осврнаа кон малку подинамичен начин на справување со непријатели. WildStar ќе нуди дупли скокови, спринт, залет и општо поголема слобода во движењето и нападите. Куќите достапни за секој играч, иако ништо не ми значат, си привлекуваат своја публика и сигурен сум дека ако ги направат како Димензиите во RIFT, ќе добијат играчи само поради нив. 

Најбитниот елемент за мене е PvP борби во отворен свет кои ќе ги има, зошто планетата Нексус е поделена на две спротиставени фракции. За жал RIFT не успеа во ова, меѓутоа доколку WildStar успее да ги "закрви" играчите како што тоа го направи WoW, има простор за епско PvP. Покрај тоа, ќе има стандардни арени и инстанци за PvP, зошто се неизбежен дел од секоја ваква игра. 

Ако добро ме служи осетот за MMO-a, WildStar има потенцијал комплетно да го освежи жанрот. Има супер дизајн, не делува претенциозно, содржи елементи од проверена формула и ветува рејдови за 40 играчи. Во време кога славните денови од ММО-а се прераскажуваат со носталгија, треба да се појави игра која ќе ги освежи тие сеќавања. Не ни требаат ствари дадени на тацна, не треба секој да е херој, туку секој треба да се искуси своја авантура. Мислам дека WildStar ќе успее колку-толку да го долови тоа.

Сеуште нема датум, но се шпекулира за крај на оваа година или почетокот на следната. Моментално не ме интересира системот на плаќање (ќе ја пробам без разлика дали се купува, плаќа или не), но со оглед на тоа што NCSoft ќе ја објави, очекувам еднократно плаќање. И, онака моделот на месечна претплата е исплатлив само кај WoW. Во меѓувреме, ќе го оставам видеово тука.

Првата сезона на Hannibal

Kога разбрав дека ќе има  Hannibal серија, бев крајно скептичен. Добро, зарем и ова ќе го рециклираат? И, нема да е според книгите, туку само "базирано на"? За чудо, не е воопшто лошо и е многу подобро отколку што мислев. И не, не е воопшто како Dexter. Далеку помрачно и понапнато, но и со малку послаб квалитет што во никој случај не значи дека е лошо. Напротив, Hannibal е супер серија, баш каква што ми фалеше. Одлично ми дојдоа овие 13 епизоди по ред. Таква е што не верувам дека би имал нерви да ја чекам недела за недела. Пред да ја почнам, ги изгледав трите филмови со Ентони Хопкинс, чисто да се потсетам на детали и да ги фаќам референците кои знаев дека серијата ќе ги има во изобилие. 


Hannibal ги прикажува (по)младите години на Ханибал Лектер каде што уште работи како психијатар помеѓу паузи за ручек. И вечера. Мадс Микелсен е феноменален како доктор Лектер. Да, различен е од Ентони Хопкинс и навистина не заслужува споредби, зошто нели, сепак се работи за (делумна) адаптација на пишано дело. Ако не го земеш Хопкинс како репер, Микелсен е тука со полн сјај. Брилијантен, шармантен, ладен и постојано сериозен, одлично ја пренесува суштината на ликот. На моменти, серијата дури и се обидува да го оправда она што го прави, со тоа што ликот е онака, допадлив. 

Сепак, во центарот на настаните е младиот агент Вил Грам (ликот на Едвард Нортон во Red Dragon) кој тука работи како профајлер на сериски убијци. Хју Денси тука првпат ми го привлече вниманието и баш е погоден за улогата. Кај него, за разлика од Микелсен, се осеќа влијанието од претходникот во улогата, што не значи дека е лоша работа. Во секој случај, поголемиот дел од времето е уникатен, зошто и самиот лик е малку поинаков тука. Лоренс Фишбурн е исто добар како Џек Крафорд, со тоа што е нешто помалку серко од оргиналниот Крафорд (мислам на Скот Глен). Исто така, низ сезоната има изненадувачки специјални гости како Еди Изард (не го познав без шминка) и Гилиан Андерсон, ама нема да откривам кои се и што се.

Серијата се занимава со различни сериски убијци, неколку кои добиваат по една или повеќе епизоди. Иако зад голем дел од жртвите стои Ханибал, ФБИ си има работа и со слични на него. Докторот е тука нели, да помага во истрагите како личен психијатар на Вил Грам на кој се обидува да му го сочува разумот. Барем на почетокот. Она што можеби е мала негативна страна, е тоа што серијата често се занимава со случаи кои некако фрлаат сенка на ликот и делото на Ханибал. Оној Ханибал што во The Silence of the Lambs е претставен како најголемиот психопат на сите времиња. Во првава сезона си имаа работа со убијци кои се далеку погрозоморни од него, единствено што не ги јадеа жртвите. Доколку тоа е тоа што го прави Ханибал најлошиот, океј, терајте така.

Ми се свиѓа тоа што се позајмени многу елементи од филмовите. Сцени кои намерно потсеќаат на тој материјал, реплики, дури и ситуации. И што е најинтересно, малата Абигејл, која ќе се спријатели со Ханибал, страшно многу потсеќа на млада Џоди Фостер што мене ми изгледа како објаснување зошто докторот ја прифати Кларис Стерлинг толку лесно. Ако е намерно, признавам дека е јака финта. 

Како што читав, планот е шест сезони. Оптимистички зафат, меѓутоа ако продолжат со истиов квалитет, ќе успеат. Само да ја задржат тензијата и дијалозите како до сега и тоа е тоа. Втората и третата сезона ќе ги отплеткуваат стварите од првава, додека од четврта во план е да се адаптираат книгите, една по една. И, во меѓувреме да ги обезбедат правата за сите ликови зошто ги поседува друго студио кое не им ги дало за првата сезона. Крајот на првата сезона беше интересен, можеби не толку колку што очекував, но сигурно ќе ја следам серијава од следната година.

July 9, 2013

Futurama го допре дното

Пробував да се убедам дека вториов дел од седмата сезона на Futurama не е толку ужасна. Пробував. Никогаш до сега не сум изгасил две епизоди по ред, на пола. Откако серијата се врати по години пауза, ја бранев од сите негативни критики, ги правдав просечните епизоди, давав време да блесне како во најдобрите денови, и ете - падна на дно.


Во последните сезони има епизоди кои може комотно да се носат со тие пред прекинот. Дури и кога ќе понудеа нешто што не беше баш најдобро, пак се осеќаше онаа стара Futurama. Овие од вторава половина се катастрофа. Никаков хумор, потполно без шарм и со неинвентивни и заморни приказни. Дијалозите ми се како на друг јазик, ништо не доаѓа до мене. Како да гледам на некој неразбирлив јазик. Гледаш дека визуелно нешто интересно се случува, ама не успеваш да разбереш што. Не е до мене сигурно, зошто Futurama секогаш ми се забавни. Треба да е сериозно лошо да не догледам епизода.

Веројатно откако луѓето од Comedy Central што ги влечат конците виделе каква е состојбата на Futurama (и рејтинзите секако), решиле дека ова срање мора да сопре. И, искрено, подобро така отколку да ги гледам како се влечат по под. Срамота е Futurama вака да замине повторно во историјата. Првиот пат имаше по што да се сеќаваме, за жал овој пат ќе остават горчлив вкус.

Ќе продолжам да гледам и понатаму. Чим изгасив две епизоди, ќе изгасам уште неколку додека ја чекам добрата што можеби малку ќе ме убеди дека серијата заслужува иднина.

July 6, 2013

Четвртата сезона на Arrested Development

Јас сум еден од оние што се нахајпаа на Arrested Development откако излезе четвртата сезона. По неколку изгледани епизоди од првата сезона пред некоја година, овие две недели успеав да ја спукам цела серија по ред. И да, ќе потврдам дека заедно со Archer, ова е најдобрата серија што ја гледав годинава. До сега барем.

Arrested Development до некаде ја дели судбината со Firefly. Квалитетна содржина, потврдена со награди, посветена публика и прерано прекината поради рејтинзи. Шест години по прикажувањето на последната епизода, Netflix решава да ја собере целата екипа за уште една сезона. 15 епизоди, сите пуштени во промет на ист ден во мај годинава, го означија враќањето на богатата дисфункционална фамилија Блут која има изгубено сѐ. Следуваат спојлери. подоле.

Иако новата сезона е шест сезони подоцна, екипата е толку добро уиграна што воопшто не се осеќа. Последната од трета и првата од четврта ги гледав една по друга, мене ми делуваше како серијата да имала "природен" тек. Да, актерите се подостарени, Линдзи има катастрофални пластични операции и морав да гуглам да потврдам дека е истата, меѓутоа ликовите се комплетно истите. Бројните референци кон претходните приказни и финти, уште толку го зајакнуваат тој впечаток. Дури и во приказната се поминати години, ама успешно е задржана нивната суштина. И за среќа, успеале да ги соберат сите до еден, заедно со огромен дел од споредните ликови.

За разлика од претходните три сезони, тука форматот е малку сменет. Низ сезоната има една поголема приказна, која низ петнаесет епизоди е обработена од различни аспекти. Секоја епизода е сконцентрирана на посебен лик, низ чии очи гледаме дел од приказната. На исто место, во исто време, меѓутоа вниманието е кон други ликови. Толку е генијално смислено што на крајот се поврзуваат сите точки. Претпоставувам морале да одат со овој формат од продукциски причини и достапноста на одредени актери, ама тотално е мајсторски изведено. До тој степен што оваа сезона заслужува второ гледање повеќе од било која друга претходна. 

Со оглед на успехот (особено финансискиот, секогаш има пари во банана штандот) на четвртата сезона, Netflix не планира да сопре тука.  Има гласини за петта сезона, па дури и филм кој знам дека се најавуваше и откако серијата беше прекината. Netflix уште со House of Cards докажаа дека им се исплатат сериите во сопствена продукција, па во совршен свет би гледале нешто со Firefly во насловот. Не е дека е неизводливо.

July 5, 2013

World of Warcraft: Епски крај на Midsummer Fire Festival

Секоја година во Азерот се одржува Midsummer Fire фестивалот кој го означува почетокот на летото. Синоќа беше последната шанса да се комплетираат ачивменти и награди. Некако успеав да комплетирам скоро сѐ, барем тоа што сакав, а останатото нека остане за следното лето. Најинтересното од цел фестивал е King of the Fire Festival, каде што треба да го украдеш огнот од секој главен град на противничката фракција. 


Веројатно немаше воопшто ни да пишам за фестивалот, да не се случеше она што се случи претходната ноќ. После долго време, WoW ми приреди спектакуларна забава, во духот на она што беше играта пред неколку години. Со дешавки од типот на држење противнички кампови со саати под опсада, или бркање на непријателски играчи низ цели зони. Такви ствари, што го ставаат RPG во MMORPG, наместо ботското грајндање квестови и гледање само бројки во рејд. Додека сум тука, Марк Керн, поранашен тим лидер на WoW, пред некој ден плесна неколку ствари на оваа тема во лице на целата гејмерска популација. Генерално ствари што ги знаевме сите, и јас сум го дрвел повеќе пати тука, ама друго е кога ќе излезе од прстите на човек како Керн.

Како и да е, со Бојчо (еден од другариве што останаа во WoW), решивме да ги собереме последните огнови од непријателската територија. Ќе беше лесно било кој друг ден, зошто денес ретко кој се замара ако му го крадат огнот или му го напаѓаат градот... Синоќа, поголема група во Goldshire реши да го брани последниот оган. Слушалици, микрофон - и одиме да ја разбиеме групата. 


Планот е јас да направам диверзија, носејќи на групата на друга страна, додека Бојчо го гаси огнот во Goldshire, па летаме кон Stormwind - главниот град каде што се наоѓа огнот за квестот. Самото гаснење на едниот оган и крадењето на другиот беше лесно, меѓутоа планирањето на тактиката и урлањето и смеењето направија како да ја играме играта во 2008. Факт е дека WoW може да биде интересна како порано, само треба сам да си ја направиш, да се тргнеш од тркалото на Blizzard каде што трчаме како хрчаци. Иако е тешко атмосферата да ја доловам во пост и скриншоти, ова ќе ми остане како еден од најдобрите моменти во поновата WoW историја. Моментите каде што се обидував да преживеам, не се баш овековечени.


Откако заврши ова, се упативме кон Ironforge и Exodar, каде што освен стражарите и мојот катастрофален интернет немавме некои поголеми проблеми. Доколку најдеме асален софтвер за снимање гејмплеј кое нема да спржи ничија графичка, ќе има видеа во иднина од слични дешавки. Постот нека остане тука како успомен, зошто дури и вакви работи се денес реткост.

Што се однесува до рејдови, Throne of Thunder ми е комплетиран конечно, за жал без ниеден дроп, зошто ете - нече среча поштеног ворлока. Следно ми е да пишам за LFR и како едната страна од тоа е уште една шајка во ковчегот на WoW.

June 22, 2013

Man of Steel (2013)

Не ми се верува што гледав. Уште помалку не ми се верува што ќе мора да си ги изедам сите ствари што ги кажав за Нолан и Снајдер. За среќа, иако очекувањата ми беа големи, не се исхајпав како за Prometheus, така што разочарувањето не е толку страшно. Во секој случај, Man of Steel го држи местото на најлош филм што го изгледав годинава. Тоа е тоа, без спојлери, а подолу се деталите.

Да почнеме отпочеток. Man of Steel почнува на Криптон, каде што крајот на планетата се осеќа насекаде. Во непотребно долг сегмент, гледаме што се случува таму низ CGI со телевизиски квалитет и како Кал Ел завршува на Земјата. Основната приказна за тоа како и зошто е он пратен тука, е "збогатена" со навидум сериозна политичка нишка за општеството кое Џор Ел го остава навечер без сон. Тука некаде е и првата дупка во приказната, каде што технолошки напредна раса која испраќа криминалци буквално у курац, е способна да спаси само еден човек. Имаат факинг технологија за тераформирање, зошто целата надеж за опстанок ја праќаат во една единствена капсула? Доколку некаде го објаснија тоа, веројатно сум зевал од досада и сум го пропуштил. 

Океј, одиме понатаму каде што приказната се сели на Земјата каде што филмот се претвара во хаотичен колаж од флешбеци, лоши дијалози и бесмисленост. Тука следува уште еден шок од неверување. Како може такви имиња со челична репутација да не знаат да раскажат приказна. Приказна која е со години раскажувана и веќе има некаков темплејт. Овој дел од Man of Steel, се труди да го претстави детството на Кларк Кент повлекувајќи некои безвезни паралели со тоа што му се случува денес. Дури имаше и еден крајно, крајно кретенски момент каде што се обидуваат да шитнат некоја религиска аналогија споредувајќи го Супермен со Исус. Сериозно, чија идеја било ова? Тоа што ќе вметнеш религија каде што дефинитивно не припаѓа, не ти го прави филмот ништо посериозен, туку смешен и дебилен. 

Не знам дали некој примети, ама ја имаше и Лојс Лејн. Барем лик што се викаше така. Од итрата самоуверена новинарка која поместува планини за да си ја истера работата, тука има некоја неталентирана актерка чија минутажа во филмот е таму колку да ја има. Нејзиното присуство во филмот не правеше никаква смисла и форсирањето во сцени и ситуации каде што не и беше местото, е катастрофално. Зошто воопшто Зод и останатите Криптонци ја земаа и нејзе на бродот?! Тој што го пишувал сценариото веројатно некаде на пола од листот (на кој го собира цел филм), сфатил дека нема Лојс и на следното одење во ќенеф решил да ја допише. Алал.

Не само што немаше природна интеракција помеѓу Кларк и Лојс туку немаше апсолутно ништо, ниту трошка од тоа што целиот ебан свет го знае за ликовите. Летање десет минути низ пченки и карпи не те прави Супермен. Ниту еден од ликовите не се издвои, зошто сценариото беше напишано како за евтина СФ серија или сцена од глупава игра. Жалосно беше да ги гледаш актерите како го изустуваат тоа дно од сценарио. Башка, таква збирштина на неталент немам видено од ... од ... немам видено! Секоја чест за Расел Кроу и Мајкл Шенон, барем се трудеа, и покрај тоа што појавувањето на Расел Кроу после Криптон беше како во лош цртан филм. Хенри Кавил е одличен Супермен, но за жал само на слики. Секоја секунда од него во филмов ми ги печеше очите. 

Крајот на филмот и кретените што ја гасеа климата во Синеплекс ми предизвикаа главоболка. Последниот саат од филмот имаше три, напорно долги CGI сцени, ужасно изведени и режирани сцени каде што Супермен се бореше со роботи и Зод. Таман мислиш дека завршило, почнува нова зграда да се руши, заедно со луѓе кои Супермен не успеа да ги спаси. Мислам, кого воопшто спаси? Лојс и Лоренс Фишбурн? Од сето она што претставува Супермен за стрип сцената и Америка, видовме само добро дизајниран костим. 

За жал, Man of Steel остава чувство на очајна бљувоштина која го прави Superman Returns симпатичен. Од пренесувањето на ликот во денешно време, останаа само ветувачки трејлери, што ме тера да мислам дека прво го снимиле трејлерот, па решиле да прават два и пол саати филм базиран на тоа. Во иднина, секој филм на Нолан ќе го гледам со резерва. Секоја чест за Бетмен и претходните, ама ова е лошо, бе брат. Дно. Си ги сакам парите и времето назад.

June 9, 2013

Преглед на Marvel Heroes

Веќе неколку дена, серверите на Marvel Heroes се отворени за сите. Иако дента кога излезе, работите не беа воопшто мазни, имаше лаг, проблеми со логирање, што и не е нешто ново за исхајпана игра каква што е оваа. Ги завршив првите квестови кои служат како туторијал и исклучив. Првиот коментар ми беше дека е игра што сакам да ја сакам. Го сакам жанрот, ги сакам Marvel, но нешто фали и уште не ми е јасно што. Дали е веќе видена? Да, како и сите останати aRPG игри. Ама, нели се секогаш интересни? Па, да. Скоро секогаш.


Факт е дека Marvel Heroes има повеќе позитивни страни отколку негативни. Графиката е мазна, нивоата се детално дизајнарни, не се комплетно статични, пример, можеш да грабнеш буре и да го фрлиш кон група противници. Анимациите на хероите се исто солидни. Мислам, го замори мојот хардвер, кој иако некоја година постар, супер ги вози новиве наслови.

До сега, играта изобилува со синематици, онакви стриповски, кои го водат херојот низ приказната. Сепак, самата приказна некако и не ме завлече, меѓутоа верувам дека ова е максимумот што можеле. Моментот кога ќе треба да ставиш суперхерои со различна моќ да се борат против обични улични криминалци во име на мултиплеер, некако се губи суштината. Позитивната страна на ова е што универзумот е комплетно запазен, со милион детали кои би го задоволиле секој Marvel фан. Веројатно ова е и причината зошто суперхеројските ММО-а не доживуваат некој голем успех. Океј, можеби има исклучоци, но Marvel Heroes не ми делува така. 


За играчите кои не плаќаат, понудени се пет херои со кои може да ја почнат играта: Daredevil, The Thing, Hawkeye, Storm и Scarlet Witch. Потег кој на прв поглед делува безобразно, ама па ако сме Iron Man и Wolverine без пари, со што компанијата ќе го тера развојот на играта? Океј, за почеток дај шта даш, го избрав Daredevil. Од понудените пет, ми е веројатно омилен. Почетните квестови се супер, си тепаш бројни непријатели и на крај имаш пресметка со Green Goblin, по што ти дава уште еден херој по случаен избор (веројатно од почетните пет). Мене ми се падна The Thing. Инаку, "популарните" херои се купуваат со вистински пари, но ако си доволно среќен, може да ти се падне рендом, веројатно после некој бос. Како што читав на форумот, многу играчи се усреќиле до сега - комплетно бесплатно. 

Покрај херои, може да се купат различни костими за истите. Цената не е голема, меѓутоа сеуште не ме завлекла играта за да го купам, пример Punisher. Она што ја прави Marvel Heroes уникатна во однос на сличните вакви игри, што за разлика од 5-6 класи со исти способности е токму големиот број на достапни херои. Секој од нив е различен и има доволен број на "спелови" кои се згодни за секакви ситуации. 


Во моментот кога заврши почетната мисија, се најдов во The Avengers Tower што е всушност и главниот хаб од каде патуваш на другите локации низ универзумот на Marvel и добиваш квестови. Тука и сретнав други играчи од кои добар дел беа Daredevil и The Thing. Тоа е веројатно најосетливиот дел од цела игра кој или ќе го прифатиш или не. Јебига, како поинаку би се извело тоа? Не знам дали е дозоволено групирање во инстанци со исти херои, веројатно е. До сега правев квестови во отворен свет, со голема група херои млатевме криминалци низ Hell's Kitchen.

Ќе и дадам уште една шанса на играта. Има еден куп подобри за играње, ама ете, да видиме што друго има да понуди. Интересна е, меѓутоа дефинитивно има ограничена публика.

June 2, 2013

Doctor Who без Мет Смит

Наместо да пишувам колку беше добра последната сезона, ќе треба да дискутирам лоши вести. Од денес е официјално - Мет Смит ја напушта серијата по Божиќната епизода на крајот на годинава. Имаше шпекулации изминативе месеци, ама некако не ми се веруваше дека ќе го пуштат туку така да си замине. Овие три сезони Мет Смит ме освои комплетно што знам дека ќе ми биде тешко да ја прифатам следната инкарнација. Веројатно зошто го претстави Докторот баш како што го замислував пред да изгледам било што од серијата. Летово останува да видиме кој е следниот што ќе стапне во плавиот TARDIS. 


Мет Смит успешно се снаоѓаше во улогата. Беше исклучитилно шармантен и понуди брилијатен спој на детинест Доктор кој сепак во себе носи 900 годишна мудрост и искуство. Во овие сезони Стивен Мофат истражи некои нивоа од Доктор кои претходно ги немавме видено така потенцирани кај Дејвид Тенант. Сезоните се занимаваа и со поемотивната страна на Докторот, како и со неговите корени. Референците кон претходните инкарнации беа повеќе пати пристуни, да не потсетат за легендарната историја на Doctor Who, а воедно и да направат пат за спектакуларната 50 годишина во која првпат ќе видиме двајца Доктори. Дејвид Тенант, заедно со Били Пајпер веќе го имаат снимено својот дел. 

Менувањето на Докторот е составен дел од серијата, колку и да е тешка разделбата со актер кој ти оставил толку силен впечаток. Серијата еволуира и секој Доктор нуди нешто различно и специфично. Додека е Стивен Мофат движечка сила на Doctor Who, не се сомневам дека квалитетот ќе се промени, меѓутоа празнината ќе се осеќа.  Сепак, мислам дека сезоните со Мет Смит засекогаш ќе ми останат омилени.

Ако најдам време периодов, ќе составам листа од епизоди кои задолжително мора да се гледаат. Без разлика дали си фан на Doctor Who или не.