Мислам дека секое дете родено во осумдести или почетокот на девеести морало да ја прележи таа интензивна Трансформерс и Нинџа Желки фаза. Тоа го имаше насекаде тогаш, во времето кога за да дознаеш во колку саат нештото за гледање ќе оди на телевизија мора да отвориш весник и да прочиташ. Јас имав Трансформерс фаза и во доцните тинејџерски години, кога сè што сум морал да го чекам како дете еднаш неделно или да го барам по видео касети, веќе ми стана достапно со еден клик. Ја прегледував оригиналната анимирана Transformers, се товев со стриповите што беа излезени до тогаш и ми се кршеше мозокот од возбуда што ќе има и филм наскоро.
Ми се свиѓаше тој првиот Transformers на Мајкл Беј во 2007. До тогаш немав видено такво нешто. Имам дури и некои рендом зборови склопени во реченици во раните Crapwerk денови кои се обид да си ги формулирам впечатоците од филмот. Покасно, како тогашниот самопрогласен експерт за кинематографија и Трансформерс - не ги прифатив следните делови, а Мајкл Беј го отпишав како најголемиот непријател на франшизата за роботи кои се претвараат во коли. Некако сум мислел дека е криминал ако не успееш прецизно да адаптираш детски цртан чија главна намена му е да биде само подолга реклама за играчки.
Реално, некои од продолженијата и не беа добри дури и по тие ниски стандарди, ама зимава решив да им дадам на сите по една нова шанса. Така кога почна пандемијата ги изгледав сите Fast & Furious и се изненадив колку се прикладни за кога сè што ти треба е разулавена бука од телевизорот пред спиење. Transformers се баш тоа и се прилично кул ако се наштелуваш да им пристапиш така. Невозоможно е да бараш нешто паметно и сериозно во повраќаница од специјални ефекти, експлозии и џиновски роботи кои меѓудругото дрско рекламираат брендови на познати возила и еден куп други производи. Тотално надградена варијанта на оригиналниот цртан. Најбизарното е што концептот на самите Трансформери функционира од истите причини, а ако тоа те прави среќен, форматот е помалку битен.
Ако сакаш да гледаш како џиновски роботи се трансформираат во коли, си маваат боксови со лошите џиновски роботи што исто се трансформираат во превозни средства и имаат неверојатно слични карактерни и морални особини со луѓе, тоа е тоа. Секогаш ќе мислам дека Pacific Rim е далеку подобар блокбастерски производ, ама и ова не е толку лошо колку што го памтев. Глупаво е, бучно и хаотично, ама не ни се стреми да биде нешто повеќе од тоа што самоуверено знае дека е. Мајкл Беј толку не се замарал со детали освен за визуелниот спектакл, што секој нареден филм наративно прави сè помалку смисла, упорно ги препишува правилата на рамките во кои опстојува и на моменти комплетно заборава на било каков претходно воспоставен континуитет.
Буквално во секој филм приказната е истиот шаблон, само се сменети ликовите и историјатот. Ако сакаш да следиш било каква поврзана приказна, џабе ти е, затоа што едноставно отсуствува. Пример, во еден дел ти кажува дека Трансформерите првпат се на Земјата, за неколку филмови подоцна Ентони Хопкинс да ти објасни дека биле тука претходно и учествувале во секој важен историски момент за човештвото. Гледаш Трансформери низ Египет, темната страна на Месечината, во митот за Кралот Артур, во Втора светска војна - секаде каде што Мајкл Беј сметал дека е интересно да ги вметне. Од тебе како публика се бара само да заборавиш на информациите понудени во претходните филмови и да видиш како Трансформер чиј глас го позајмува Леонард Нимој ќе го предаде Оптимус Прајм.
Бидејќи е скапо да направиш ваков Трансформерс филм што ќе се случува исклучиво на Сајбертрон, компромисот е секако да биде сместен на Земјата каде што два од тие три долги саати ќе биде пополнет со вистински актери. Дури и Шаја Лебаф е прифатлив. Да не беа овие филмови ќе заборавевме дека некогаш имал кариера. Иако е далеку од Мајкл Џ. Фокс на генерацијата, сосема е солиден како појава. Барем во првите три филмови, сите актери имаат некоја фина меѓусебна динамика, ама упорно ми се двои Џон Тортуро. Трансформерс филмовиве се доказ дека Тортуро може буквално секое дело да го направи подобро со неговото присуство. Сериозно, човекот изгледа дека се забавува со било каков материјал и дава максимум за да блесне. Може и најглупавото сценарио да ти го направи интересно со талентот и харизмата. Кај сакаш стави го и филмот ти е автоматски подобар.
Самиот спектакл во Трансформерс филмови е неспоредлив со другите блокбастери што се достапни денес. Мајкл Беј не снима на зелено платно каде што актери како Иан Мекелен треба да си ја замислуваат околината, или Роберт Дауни Џуниор и Крис Еванс да пафтаат во воздух во студио качени на вештачки карпи. Беј снима во Египет, го качува Џон Тортуро на вистински пирамиди, снима во Јордан, рока експлозии блиску вистински актери, а нема да ме чуди и ако стварно се качил на Месечината за да ги снима сцените таму. Затоа филмовите изгледаат толку органски, дури и кога седумесет кадри последователно гледаш компјутерски генериран железен отпад како пробува да се убие меѓусебно. Не дека ова самото по себе е пресудно за општиот квалитет на филмовите, ама барем не изгледаат само како поскап цртан филм. Освен тоа, кој друг режисер успеал да овозможи вистинскиот Баз Олдрин и оргиналниот Оптимус Прајм актер да сврзат неколку реда муабет?
Јако е како овие филмови визуелно не се воопшто остарени. Хуморот е можеби многу полош денес на некои моменти, ама визуелно одбиваат да се дадат. Логично, секој нареден филм изгледа подобро од претходниот, ама од првиот нема да се осетиш дека поминале цели шестнаесет години. На крај на ден, ова го гледаш за самите Трансформери, а помалку за испотена Меган Фокс или жолтото дилерско Камаро, а анимациите се речиси перфектни. Во последните два филмови не ми се свиѓа што движењата им се пофлуидни отколку "роботски" и не сум најсреќен со дизајните, ама па тие два филмови повеќе страдаат од Марк Волберг отколку било што друго.
Волберг знае да биде смешен и забавен, ама овде е како со сила насаден. Како да разбрал дека е само добро платена работа, па дошол да го собере медот. Ентони Хопкинс очигледно не ни знае во кој филм глуми тука, него не се ни осмелувам да го коментирам. Ако Шаја Лебаф е класи подобар од тебе, макар било и Трансформерс филм, значи нешто озбилно не штима. Пак доаѓам на муабетот дека Џон Тортуро магично ги прави нештата поинакви, а неговото минимално присуство во последните два (во едниот комплетно го нема) само ми ја зајакнува поентата.
Неочекувано добро си пројдов со филмовиве, oсобено со првите три. Така неоптеретен од факти за трансформерски фолклор и потреба да сум фокусиран на некаква приказна. Можеш и комплетно да се исклучиш додека ги гледаш, да дремнеш дваесетина минути и пак да ти е јасно што се случува кога ќе се расониш. Ако не знаеш што се случува и кој со кој со тепа, само гледај дали е шарен или сив. Ако е малку пошарен Трансформер тогаш е Автобот, значи од добрите е, па веројатно навиваш за него.
Bumblebee го прескокнав во оваа етапа. Мислев дека го немам гледано воопшто, ама испадна само дека сум го заборавил. Останува за некоја следна прилика, сега морам да си ја смирам главоболката со нешто потивко и попристојно. Како и да е, од денес официјално престанувам да се спрдачам со франшизава и да ја користам како единица мерка за лош акционен блокбастер. Ќе најдеме нешто друго референтно, не е дека нема. Сега многу е возможно да влегувам во нова Трансформерс фаза, па планирам да се истркалам до кино и за новиот Transformers: Rise of the Beasts летово ако ме држи уште ова.