March 28, 2022

Последната сезона на Lost

Неколку пати низ годиниве имам пишувано за последната Lost сезона на блогов. Дури и за секоја епизода посебно кога се прикажуваа недела за недела. Баш ги читав деновиве додека ја прегледував пак. Лошо ми се напишани, ама симпатично е каков ролеркостер ми било првото гледање на сезонава тогаш. Серијата успевала да ми го менува мислењето со секоја епизода. Моите очекувања беа едни, а приказната тука се тркала во комплетно друг правец. 
 
Науката е речиси целосно фрлена низ прозор во последната сезона. Повеќето објаснувања за долгогодишните мистерии се основаат на "магичните" својства на Островот, што еве и денес ми изгледа како лесен и неинвентивен обид за сценаристите да се спасат од отсуството на вистинскиот план за расплет. Воглавно целиот Остров би можел да се објасни и од некаков псевдонаучен агол, меѓутоа тоа некаде го одморија по пат и го заменија со помалку привлечни алтернативни одговори. Проблемот е што двете толкувања не успеваат целосно да се вклопат едно со друго, а се осеќа дека фали многу малку.
 

Серијата постепено ги замени физичарите и другите научници со луѓе со натприродни моќи. Од мистериозни комплексни научни равенки спадна на магично светло во пештера. Можеш да си замислиш дека се работи се едната иста проблематика посматрана од различни перспективи, ама нешто упорно надостасува за цврсто да го установи тоа. На крај сам ќе си го избереш конечниот одговор зашто не е директно сервиран. Навистина е штета за пропуштениот раскажувачки потенцијал на Lost. Не дека ми е нарушен впечатокот, ама знам дека можевме да добиеме многу повеќе.

Последната сезона воведува нешто што е познато како "флеш-сајдвејс". Таквите паралелни приказни фокусирани на еден лик во моментот се дел од самиот почеток на Lost. Прво како "флешбеци", потоа "флешфорварди", а сега концептот е комплетно нов. До самиот крај на сезоната те наведува да мислиш дека бомбата што експлодира на крајот од петта сезона создала алтернативна реалност каде што Oceanic 815 безбедно слетува во Лос Анџелес. Ликовите таму водат различен живот, а постепено низ сезоната дел од нив почнуваат да се "присетуваат" дека некогаш биле на некаков остров.

Концептот како таков е одличен, свеж и возбудлив, меѓутоа објаснувањето на крај дека во таа реалност се сите всушност мртви, беше моето најголемо разочарување кога за првпат го гледав финалето на серијата. Од самиот почеток на серијата беше присутна теоријата дека ликовите се наоѓаат во некакво "чистилиште", па одлуката на сценаристите сепак да го понудат тоа во некаков облик ми изгледаше прилично глупава. Значи, Островот е технички изворот на "животот, смртта и преродбата", па оттаму алтернативната реалност е визуелната репрезентација на моќта на изворот? Ако светлината во изворот е изградена од фотони, а фотони не искусуваат време, дали тоа доволно ја поткрепува таа теорија?
 
Баш преку тоа "патување низ време" Островот успеваше да лечи рани, да враќа мртви во живот и да им дава вечност на ликовите? Пак е само теорија на крај што публиката сама си ја прифати. Ја прифатив и јас некако низ годиниве, ама на последново прегледување пак до некаде ми личи на евтин штос. Разбирам дека е во духот на серијата да раскажува паралелни приказни надвор од Островот, ама сезоната веројатно ќе беше многу ефективна доколку бевме поштедени од ова или барем ако беше нешто поинаку истретирано, наместо на архаичниот начин кој го добивме.

Секако, интересен е погледот во животите на ликовите на ликовите доколку не завршеле на Островот, меѓутоа објаснувањето беше дочекано со потсмев, па веројатно функционира за многу помал дел од публиката. Од денешна перспектива сум некаде на средина. Ја ценев неизвесноста на таа алтернативна реалност првиот пат, ама кога сега го знам штосот некако е помалку функционално, на моменти дури и вишок. Тоа време можеше да биде искористено за многу повозбудливи и долготрајни работи што ќе ја збогатеа целата приказна. Како на пример, повеќе работи од типот на тие во мини-епизодата The New Man In Charge.

Многу од долгогодишните мистерии се разрешени тука, ама некои од одговорите создаваат нови прашања и нови прашања. Сигурно ако почнеш да ги одговараш нема крајот да им го фатиш. Веројатно најголемиот пропуст на сценаристите е што ја имаат баталено оригиналната идеја за вулканот на Островот. Уште во трета сезона се обидуваат да го позиционираат како клучна локација и средство за изворот, меѓутоа буџетот не дозволил вулканска ерупција, па е заменет со магичната светлечка пештера. Вулкан би бил поефективен во контекст на сите случувања до тогаш.

Црниот чад има поголема смисла да потекнува од вулкан. Пепелта која го држи Човекот во Црно во заробеништво би потекнувала од истиот тој вулкан, а сигурно би делувал и како поголема, барем визуелно, закана за уништувањето на целиот Остров. Наводно тој дел од буџетот бил потрошен за да изгради сетот за Храмот на Доген, а не сакале да штедат за нешто што веројатно би изгледало полошо од крајната сцена на Мустафар во Revenge of the Sith.

Мелодрамата на крајот од Lost е исто така помалку функционална од првиот пат кога го гледаш финалето. Врската што ја имаш со ликовите потекнува од години активно следење на серијата, па грижата за нив само еднаш може да ја достигне таа точка за да го има истиот емотивен ефект. Десет години подоцна се сведува повеќе на носталгија и има многу помала тежина. Не успева да те разнежни како некогаш. Тогаш не беше само крај на серијата туку привршија и едни фини дружби што ги теравме со години по кафиња после секоја нова епизода.

Lost ми останува и понатаму омилената серија, заедно со Breaking Bad и BoJack Horseman. Зависи на кој ден го одговарам прашањето, ама пак е тука во овие три. Мило ми е што пак се решив да ја прегледам и покрај тоа што ме спречи цел март да гледам или читам било што друго. Уште се држи и вреди да се прегледа пак. За десет години, сигурно ќе ја изгледам уште еднаш. Сега еве конечно може да продолжам кон следната ствар. Се надевам дека веќе нема да сонувам палми и поларни мечки секоја вечер.

Види такоѓе:

March 24, 2022

Четвртата и петтата сезона на Lost

Така слеано ги изгледав четвртата и петтата сезона изминативе денови што додека седнам да го пишувам ова почна да ми бледее разликата меѓу двете. Факт е дека петтата сезона малку побрзо ги движи работите кон финалето на серијата, па повеќето клучни случувања кои ги отплектуваат мистериите се таму фокусирани, меѓутоа четвртата е она каде што серијата прави значителен пресврт. Како што кажуваат и самите ликови, тука е моментот каде што науката е оставена позади.

Четвртата сезона воглавно се занимава со шесте ликови што го напуштаат Островот. Нивното враќање за јавноста е вистинско чудо, бидејќи надвор од Островот авионот е "најден" и сите патници се наводно мртви. Lost тогаш воведува уште поголеми заговори за Островот и страните кои водат долгогодишна војна за него, но повеќето прашања од претходните сезони уште остануваат во сенка. Се открива многу малку, а се купот со мистерии продолжува да расте во обем. Иако сезоната е пократка од првите три поради тогашниот штрајк на сценаристите во САД, повторно знае да завлече и си потапка во место.
 

Најважното во четвртата сезона е тоа што Lost ги утврдува научно-фантастичните нишки и патувањето низ време врз кое подоцна ја гради петтата сезона. Целата механика за како тоа функционира ја гледаме во епизодата "The Constant", веројатно најсветлата точка во тие 16. Не дека не беше ефективно, меѓутоа создаде некој помалку очекуван шок. Тогаш не ми беше јасно за таквото нагло свртување, ама претпоставувам дека до тој момент Кјуз и Линделоф биле толку закопани во отпишување на секоја "логична" теорија од публиката што морале да се потпрат на нешто вакво за да си го ископаат патот назад. 

Првиот пат кога ќе го видиш тоа, некако e тешко за прифаќање. Не дека три сезони наназад случувањата беа во доменот на рационалното и реалното, ама секако дека очекувавме нешто повеќе од псевдонаука. Сепак, Островот мораше да биде нешто повеќе од обичен остров, па ако настојуваш подетално да му ја истражиш историјата, можеби патување низ време и не е така лошо наративно средство. Прекршувањето беше најавено уште во третата сезона, ама во следниве две е каде што новата насока успева асално да созреее.

Четвртата сезона има неколку големи моменти што уште добро сум ги памтел. Не бев изненаден како претходно, веројатно поради тоа што остатокот е некако млак во споредба со сите останати. Се гледа дека имаат само трошки од идеите понатаму, па повеќе звучи како вовед што некако успева да игнорира многу од веќе воспоставениот тон. Петтата сезона веќе постепено почнува да ги расплеткува работите.

Иако почнува бавно, има најконзистентен квалитет и темпо. Крајот веќе се чувствува, па не губи време на ништо. Секоја епизода е важна и нуди некакви одговори на долгогодишните прашања. Многу од претходните мистерии се некако турнати настрана, некои и ден денес не се прецизно одговорени, ама паралелно успева да си игра со патување низ време и објаснување на митологијата на Островот. Жалам што никогаш серијата не воспостави појасна врска меѓу египетските мотиви и како успеале да стасаат до моменталните случувања, ама воглавно има доволно информации да си извлечеш некаков заклучок. Доколку некогаш серијата се врати пак на телевизија, некои недоразработени идеи од овој тип би биле совршена подлога за спиноф.

Петтата сезона е тонално отцепена од сите претходни. Ако ја пропуштиш четвртата ќе ти изгледа како сосема друга серија. Патувањето низ време поправа некои работи, меѓутоа отвара и други парадоксални дупки, како што наложува и самиот концепт, за жал. Во еден момент дури и самите ликови делумно го кршат четвртиот ѕид обидувајќи се да најдат одговор на прашањата што и ти ги имаш. Но, колку и да е добра, не ми беше толку возбудлива на ова прегледување како првите две. Баш тогаш зборував дека ги знам одговорите, ама не ги памтам точните прашања. Епа, баш во петтата почнуваат да доаѓаат тие одговори и не можеш да ги заборавиш.

Најинтересното е како големиот пресврт што има најголема улога во последната сезона е наместен тука. Цела сезона те наведува дека Лок е Лок, а не црниот чад што му го превземал обликот и се обидува да ги изманипулира сите за да стигне до Џејкоб. Ова во ниеден момент не можеше да се предвиди на првото гледање, а сега приметив дека сезоната во повеќе наврати остава трошки и ти навестува што навистина се случува. Ако некогаш продуцентите имале идеја како ја завршат серијата, тоа е очигледно петтата сезона. Дури и најбаналните објаснувања супер функционираат ретроактивно.

Финалето на петта сезона успева да заокружи многу работи. DHARMA е речиси целосно демистифицирана, ги знаеме клучните играчи на Островот и нивните мотиви сега се многу појасни. Доколку сезоната имаше толку епизоди колку првите три, воопшто би немало потреба уште една цела за да ги спои сите делови од сложувалката. Затоа и мислам, или барем така памтам, дека последната сезона растегнува работи и дополнително комплицира само за да остане доследна на репутацијата на серијата. Возбуден сум што наскоро ќе почнам да ја гледам, како и да е. Ја имам најмалку три пати прегледано до сега, ама некако деталите ми се матни за разлика од тие во четврта и петта.

March 18, 2022

Третата сезона на Lost

Мислам дека ова актуелново маратонско прегледување Lost нема да ми сопре додека не ја изгледам цела серија. Не можам да седнам ни филм да изгледам измеѓу. Ете, ја спукав и третата сезона. Ја памтев уште помалку од првите две. Единствено што се сеќавав е дека некаде во третата сезона на повеќето ни почнаа фрустрациите со Lost. До таму серијата уште поставуваше прашања без да ги одговори, а некои од објаснувањата што ги понуди само дополнително ги потхранија постоечките мистерии. 
 
Ете, тука дознаваме дека имало кафези за поларните мечки, ама без објаснување зошто воопшто биле потребни тие мечки. Иако содржински сезоната до тогаш е можеби најдобрата и најпровокативна Lost сезона, често се завлекува бавно колку да пополни време. Сметај дека ова e во времето на телевизија кога стандардната сезона е 23-24 епизоди и не сите од нив се нешто особено значајни. Пример, има цела епизода со флешбек за тетоважите на Џек каде што баш ништо важно не се случува, освен можеби дополнително да го наштима и подгрее изненадувањето во финалето на сезоната.
 

Сличен случај е епизодата со несреќницине Ники и Пауло. Два нови ликови од преживеаните што публиката не успева никако да ги прифати, па сценаристите се приморани да потрошат една цела епизода на нив каде што прилично морбидно ќе бидат откачени. Кога гледаш недела за недела, а серијата е структуирана да завршува со клифхенгер, беше ептен фрустрирачки кога после некој шокантен крај на епизода ќе те дочека нешто што нема никаква врска со тоа. Секоја втора недела "се откажувавме" од Lost во третата сезона. Некои никогаш не ни продолжија да гледаат.

Од друга страна е преполна со неопходната митологија што ја турка приказната напред. Фрла малку повеќе светло врз Другите и DHARMA и нивното присуство на Островот. Иако не зборува многу за точната цел на DHARMA, гледаме дека си имале проблем со "мештаните" кои биле долго време на Островот пред нивната истражувачка мисија. Конечно имаме повеќе информации за тоа што се случило со DHARMA и судбината на членовите. 
 
Другите веќе се испреплеткани со преживеаните од авионот, се формираат разни табори од мешан состав, секој со сопствени мотиви и тука практично почнува конфликтот и тегавањето за кој сака да си оди од Островот, а кој е одлучен да остане. Причините за второто уште се непознати, секако.

Во третата сезона Lost го прави оној пресврт кон научно-фантастичното, воведувајќи концепт што е некакво патување низ време. Можеби иницијално нестандардно обликуван, меѓутоа е првиот јасен елемент дека серијата почнува постепено да се подава кон други жанровски тон. Или, со други зборови - моментот кога Lost комплетно почнува да забегува. Не се сеќавав ни на визиите за иднината на Дезмонд во целост, барем не дека се толку важни за Чарли и големото емотивно финале. 

Има многу такви моменти низ цела сезона каде што си затекнат од случувањата. Во епизодата со флешбекот на Бен, кога доаѓа на Островот како дете, серијата пак прави пресврт со Ричард Алперт. Кога го среќаваш Ричард во таа епизода изгледа исто како и во "денешно време". Тогаш теориите по блоговите и форумите за кој е Ричард Алперт и зошто не остарел ни ден за триесет години беа уживање да ги читаш. Едно време бевме убедени дека во позадина на целата приказна лежи некаква египетска митологија и дека Ричард е всушност Амон Ра. Теоријата за тоа се зајакнуваше и во следните сезони, особено кога Lost почна да уфрла многу повеќе визуелни египетски мотиви.

Првпат почна да се врти и името на Џејкоб. До тогаш си мислиш дека Бен ги движи работите на Островот, а испаѓа дека има некој што е многу поважен од него, некој кој е многу повеќе во сенка. Тука некаде пак мислам дека серијата се обидува да намести некои идни дејствија кои не се одвиваат според моменталниот план. Ова веројатно пак се должи на попатната импровизација на сценаристите, иако последната сезона нуди објаснувања за случувањата поврзани со Ричард и Џејкоб што ги започна оваа. Сезоната првпат го спомнува и вулканот на Островот, кој првично бил замислен да послужи во последната сцена од целата серија, ама и тоа подоцна е изменето во финалето што го добивме пред десетина години.

Џејкоб беше една од најдискутираните теми на тие Lost собиранките што ги правевме секоја недела. Особено измеѓу сезони. Која е всушност улогата на Џејкоб во целото ова? Дали е можеби Џејкоб е Лок? Дали е црниот чад, дали воопшто постои? Можеби Ричард е Џејкоб? Возрасен Арон што испатувал низ времето или нешто? Ниедна друга серија нема да ти го овозможи ова пак.

Сепак, ништо никогаш ни во Lost ни на било кое друго место не успева да го надмине ефектот од финалето на трета сезона. До тогаш сите флешбеци на ликовите беа сместени во минатото. Тука епизодата почнува со забраден пијан Џек како едвај се држи на нозе, се труди да не му се распадне животот и те наведува да мислиш дека случката е измеѓу Хаваи епизодата и пред да умре татко му. На самиот крај оди да се сретне со некој и од сенката се појавува Кејт. Знаеш дека првпат се запознаваат после авионската несреќа на Островот, од каде сега се знаат?!

Тогаш серијата го прави најголемиот пресврт - тоа не е флешбек од минатото, туку е иднината. Џек и Кејт го напуштиле Островот и Џек не може да се помири со тоа. Сака да се врати. Тоа ме преврте на глава. Цел свет го преврте на глава. Маси гризевме. Памтам како буквално срипав и урлав пола минута во монитор тогаш, вртев и пишував по луѓе што гледаа за да вриштиме заедно. Овој момент засекогаш ќе ми остане како омилен од серија. Lost веќе беше на врвот, а со ова се искачи за уште неколку скали погоре. Апсолутно генијално.

Малку се сомневав во третава сезона пред да почнам да ја прегледувам и успеа многу позитивно да ме изненади. Повеќе се сеќавав како се чувствував додека ја гледав отколку како стварно била. Прејака. Ги нема тие фрустрациите од чекањето недела за недела за разврска и одлично си тече. Да, има филер епизоди, меѓутоа можеш да си правиш храна додека во позадина оди некој флешбек со Џин и Сан. Четвртата е каде што сè ова чепнато тука добива поголеми пропорции на лудило, па едвај чекам да видам што сè сум заборавил и како ќе ме дочека. Следните три сезони се многу пократки, по 15-16 епизоди се, така што гледањето ќе оди многу побрзо.

March 15, 2022

Првите две сезони на Lost

Островот пак ме повлече назад пред некоја недела. Коинцидентно (или судбински?) налетав на неколку Lost ствари во рок од два-три дена и тоа го сфатив како знак дека треба пак да ја изгледам цела серија. Пробав тогаш кога пишував за петнаесетгодишнината, меѓутоа повеќето детали од приказната ми беа доволно свежи за да не се закачам и да догледам до крај. Ни прва сезона не успеав да ја пројдам. Очигледно сега дошол денот, особено кога ништо од новиве и актуелни серии не ме убедува да седнам маратонски.

Сега ги спукав првите две сезони. Lost годинава ќе достигне полнолетство, а серијата некако уште успева да биде свежа како на времето. Можеби форматот малку е застарен, стриминг сервисите засекогаш го изменија начинот на кој се прават серии, ама остатокот уште се држи и за денешните раскажувачки стандарди.

Lost беше првата серија од овој вид. Начинот на кој ги сервираше мистериите и си играше со публиката е неповторлив и до ден денес. Барем десетина серии во тоа време што имаа обид да понудат нешто слично, само што никој не се сеќава ни како се викаа, а камоли да памти што сакале да кажат. Озбилно, еве памтиш нешто од FlashForward или The Event? Нормално дека не. Формулата на Lost очигледно само еднаш функционираше. Денес веќе никој не се ни обидува да ја искористи или барем надгради, а реално нема ни потреба.

Првите две сезони се предобри. Исто како ликовите, и ти си фрлен на непознат тропски остров каде што има поларни мечки, мистериозни гласови меѓу дрвјата, шест броеви кои се појавуваат насекаде, а халуцинациите се граничат со реалноста. Lost сето ова го дозираше умерено и бавно, речиси како спореден дел додека преживеаните од авионската несреќа се бореа против "нормалната" природа за да го дочекаат следниот ден. 

Меѓутоа, во секоја епизода има барем некоја ситница што наговестува дека се случува нешто поголемо, доволно за да гризеш прсти до следната епизода. Или да читаш теории до следната сезона додека со другарите правите неделни Lost собиранки за да си ги споделувате сопствените. Ќе спомнам неколку спојлери подолу, така што ако не си гледал или "си ја фатил тогаш на А1", можеби и паметно да престанеш со читање. Оди изгледај. Не, не се мртви сите цело време и Островот не е чистилиште.

Факт е дека продуцентите тогаш настојувале секое од тие мистериозни случувања на Островот да имаат научно објаснување или барем нешто во рамките на некоја постоечка научна теорија. Многу од работите се импровизирани, недоработени и оставени да се разрешат некогаш во иднина. Бидејќи публика уште тогаш развиваше сопствени теории и објаснувања, Lost секогаш одеше контра нив, па тоа што остана непотрошено моравме да го сркнеме во некаков облик. Прва, а можеби и единствена серија каде што публиката имала повеќе од пасивен удел во нејзиниот тек. Баш ова никогаш нема да се повтори или надмине.

На ова прегледување се трудев да ги фаќам тие детали. Очигледно е дека некогаш во првите две сезони продуцентите создавале основа за малку поинаква разрешница од таа што ја добивме понатаму, или па не ја добивме воопшто. Никогаш не се разјаснија некои работи во целост, особени тие раните за "моќите" на Волт, за како бројките стигнуваат до Харли или колку Другите биле оригинално замислени како натприродно присуство на Островот. Сети се на првиот пат кога се појавува Итан и колку физички супериорно делува во однос на главните ликови од преживеаните. 

Втората сезона оди малку подлабоко. Дознаваме за DHARMA, за научните станица, па нашиве цела сезона стискаат копче на 108 минути за да не "заврши светот". Присуството на Другите е поголемо, ама од некоја причина се прикажани како племе што живее скромно во импровизирани колиби. Нема некој одговор зошто се баш такви и различни од како понатаму серијата ќе ги третира, па претпоставувам дека и ова е импровизирано по пат. Втората е баш и потензична поради овие работи. Преживеаните имаат многу повеќе необјасниви закани, не се сами на Островот, а луѓето кои го делат со нив не се баш пријателски расположени, гостопримливи и достапни за одговори.

Она што Lost го прави особено добро е начинот на кој ти ги доближува ликовите. Секој од нив добива флешбек епизода од животот пред несреќата каде што се поткрепени неговите мотиви за однесувањето на Островот и комуникацијата со другите преживеани. Серијата понекогаш го користи концептот за купување време додека ти фрли некоја друга мистерија за џвакање, меѓутоа воглавно функционира како совршено наративно средство. Често го користи и да сврзе неколку други мистерии, некогаш оди и предалеку колку само за дополнително да ги исплетка нештата, ама е исклучтелно ефективно. Понатаму смислија друга финта, ама за тоа ќе зборувам кога ќе дојде на ред муабетот за трета и четврта сезона. Да, планот е сите да ги пројдам.

Многу работи имав подзаборавено. Никогаш пак нема да ги искусам мистериите како првиот пат, ама еве не се сеќавав на многу детали што ми го направија прегледувањево уште попријатно. Не можев да се сетам како и каде ќе се роди бебето на Клер, имав комплетно заборавено на The Pearl станицата или дека ако го оставиш тајмерот во The Swan да дојде до нула ќе се појават египетски хиероглифи. Многу суптилен детал што се врзува со ногата од срушената статуата на брегот кон крајот на втора сезона. Буквално бев затекнат од некои мистерии чиј одговорот секако денес го знам, ама не можев да се сетам од каде потекнува прашањето. Не се сеќавав дури ни Мајкл дека ќе испотепа неколку луѓе за да го ослободи Бен. Ете, затоа не го сакавме Мајкл тогаш.

Втора сезона го има и Еко, него не можеш да го заборавиш. Еден од најдобрите ликови во цела серија и засекогаш непрежален. Наводно имале големи планови за него понатаму, меѓутоа актерот веќе не можел да поднесе да живее на Хаваи каде што се снимала серијата. На крајот од втора сезона баш се осеќа некаква насока во неговиот однос со Островот. Очигледно е дека го доживува поспиритуално и го "разбира" различно од останатите, нешто што подоцна било препишано и адаптирано за улогата на Лок.

Сепак, ситните маани на страна, двете сезони совршено докажуваат зошто Lost беше таква импактна серија во тоа време. Немавме видено таков начин на раскажување или поместување на границите на медиумот. Јасно е дека повеќе прашува отколку што одговара, ама баш тоа е јадицата на која се испофаќавме. Оттаму и комуникацијата со публиката која си дојде природно и спонтано. Не верувам дека и самите продуценти го очекувале тоа слизнување на контрола. Можеби на крајот сценаристите се најдоа опколени во ќош од сопствените полусмислени теми и идеи, ама до тогаш серијата веќе имаше оставено многу луѓе без сон и раат. Едвај чекам да ги догледам и останатите четири сезони. 

Види такоѓе:

March 4, 2022

Неизбрусениот Бетмен

Бев на премиерата на The Batman. Без многу возбуда што сум пак назад во кино, си ги отседовме трите саати. Со непотребна пауза од петнаесет минути додуша, да не му се примочка случајно на некој тиктокер. Разбирам дека е малку над стандардното времетраење, ама одлуката на киното да воведе ваква пауза сред филм е најглупавото нешто што можеше да се случи. Сериозно, дури помалку ми пречеше што невоспитан гамад пафкаше смрдливи електронски цигари во салата. Или пуши вистински цигари ако веќе ти треба никотин или губи се со тоа. Срамно е било каде да лигавиш такво апаратче.

Филмот е супер. Имам некои замерки секако, малку му фалеше да се запише како совршениот Бетмен филм, ама пак општиот впечаток ми е позитивен. Нема да навлегувам во спојлери во оваа прилика, така што муабетот подолу е претежно безбеден за читање. Баш ме интересираше каков Бетмен филм е возможен во време кога уште циркулираат впечатоците од трилогијата на Нолан. Тие филмови не само што го сменија пристапот кон ликот, туку наметнаа цел сноп стандарди за каде може да отиде жанрот. Неизбежно е да создаваш нов Бетмен без да цапнеш барем малку на таа територија.
 

Режисерот Мет Ривс е свесен за ова. Неговиот Бетмен е приземјен во многу слична реалност како таа на Нолан, со тоа што инспирацијата за тонот и наративната структура на филмот претежно ја наоѓа во делата на Дејвид Финчер. А, ако веќе се стремиш кон повалкан тон што отскокнува од мазно исполираните текстури на Нолан и истовремено гази низ мракови, тоа дефинитивно се наслови како Se7en или Zodiac. Особено кога идејата е да раскажеш детективска приказна каква што е оваа во The Batman. Баш затоа овој амбиент е еден од најфункционалните елементи на филмот.
 
Детективскиот аспект на Бетмен е многу ретко застапен во филм. Мет Ривс ја користи  приликата да го заобиколи секој претходен калап и успева да му пристапи на материјалот од друг агол. Ова е трета филмска итерација на ликот во последниве десетина години, никој не сака да го гледа истиот филм пак. Тука гледаме млад Бетмен, во својата втора година, кој уште е недоволно искусен во спроведувањето на правда и одмазда низ валканите готамски сокаци, меѓутоа е исто ефективен. Го има оној сиров несозреан момент што го прави уште позастрашувачки инструмент за секој кој исплашено погледнува позади да не му се појави возрасен маж облечен како џиновски лилјак што ќе му ги пререди коските.

The Batman е повеќе мистериозен трилер отколку што е стандардниот суперхеројски филм. Целата приказна ја следиш од перспективата на самиот Бетмен, знаеш онолку колку што и тој знае, па затоа е лесно уште од самиот почеток да се инвестираш во тоа што се случува и таа постојана неизвесност да биде толку ефикасна. Филмот е бавен, тензичен, непредвидлив и лупи слој по слој. Не сме виделе ваков Бетмен до сега, приказни од ваква природа функционирале исклучиво во стриповите. Океј, до некоја мера и во Arkham игрите.

Не бев изненаден што Роберт Петинсон толку добро се снаоѓа во улогата. Ликот на Брус Вејн е уште млад, ентузијаст за неговиот Бетмен индентитет до степен да ја нема таа јасна линија помеѓу двајцата што доаѓа подоцна. Затоа и отсуството на Брус Вејн ми е некако оправдано. Петинсон е Бетмен и кога не ја носи маската од причина што и самиот лик има потешкотии да ја установи разликата и удобно да се справи со двајцата. Перформансот е врвен. Тие што уште се сомневаа во неговиот актерски капацитет сега би можеле конечно да си поќутат малце.

Најголемото изненадување ми е Ридлер на Пол Дано. Ова не е Ејс Вентура облечен во зелен спандекс, туку е исклучително паметен психопат чие делување ја леди крвта на секој жител во Готам, па дури и самиот Бетмен ќе се најде затекнат во неколку наврати. Дел од неговата методологија е очигледно инспирирана од вистинскиот Зодијак и одлично се вклопува во концептот за филмот. Со оглед на тоа каков достоен предизвик е овој Рилдер за Бетмен тука и како овие двајца актери ја градат таа цврста врска, нема да згрешам ако заклучам дека ова е најдобриот филмски Бетмен негативец од Џокерот на Хит Леџер навака.

Веројатно нема од прва да го препознаеш Колин Фарел како Пингвин. Можеби нема ни од втора. Да не знаев кој актер е така нашминкан, немаше шанси да ми текне. Не знам од каде го извади ова што ме затекна во The Batman, ама е феноменално. Ова е Освалд Коблпот што е поблизок до стрипови од било кој претходен до сега. Ситен клошар што газел кај стигнел за да стигне таму каде што е сега. Доколку има некакво продолжение би сакал повторно да го видам. Функционален е кога не е премногу во фокус, меѓутоа филмот наоѓа начин за прописно да го искористи како неопходен дел во големата слика.

За жал, не би можел истото да го кажам и за Селина Кајл. Баш бев возбуден за Зои Кравиц во улогата, барем до трејлерите беше максимално уверлива како Кетвоман, меѓутоа филмот не овозможува некој значителен простор за целосно да пркне тој потенцијал. Некогаш се гледа како намерно гребеле за да ја вметнат и кај што можеби не одговара, ама како перформанс и колку ликот е близок до изворниот материјал, ова е дефинитивно најдобрата нејзина адаптација. Само што со многу малку штимање нејзиното присуство во филмот би имал многу подобар резултат.

Истото важи и за Алфред. Секако дека мора Алфред да биде присутен во Бетмен филм, тоа е тој што умее да биде единствениот потребен баланс за Бетмен, меѓутоа филмот не само што не знае што точно да направи со ликот, туку и попатно го исфрла и заборава. Не знам дали е до уредувањето на филмот, ама сигурен сум дека барем со Алфред можело да се направи многу повеќе. Сакам да верувам дека можеби овој млад Бетмен ја нема истата "професионална" динамика со Алфред во тие години, ама веројатно причината е само несмасно истретиран дел од сценариото и идејата за филмот. 

Единствено Гордон од сите сојузници на Бетмен успева да блесне и да си го достигне потенцијалот. Начинот на кој е конципиран филмот создава прилика за такви "buddy cop" моменти, па Мет Ривс го држи Гордон во игра без ни малку да го одмори. Џефри Рајт е одличен актер и добро се снаоѓа со улогата, можеби единствената ситничарска замерка за Гордон ми е тоа што ми прифали некоја етапа во развојот на ликот. Да, знаеме дека Гордон е добриот полицаец, ама зошто и како се решил тука да му помага на Бетмен и што е неговиот залог е нејасно освен ако не се обратиш на друг материјал.

Многу малку му фали на The Batman да биде совршениот Бетмен филм. Барем вака на прво гледање го имам тој впечаток. Три саати и не се многу, особено не за петнаесет минути пауза, ама мислам дека барем едно пола саат е вишок. Филмот си вози супер фино темпо што на крај буквално ќе го поплави за да ја има задолжителната голема и бучна акциона сцена, нешто што е комплетно надвор од тактот на првите два саати. Повеќе сакав филмот да си остане компактен како претходно. Имам уште некои забелешки, особено за наглата промена на мотивот на Ридлер, меѓутоа тоа е попаметно да го дискутирам во некоја прилика каде што ќе можам слободно да се расфрлам со спојлери.

Во секој случај, ова испадна добар Бетмен филм. Задоволен сум со тоа што го сервира Мет Ривс. Нема поента да го споредувам со другите, ама успева да се задржи себе и да си го најде гласот. Не знам колку Петинсон ќе успее да се одвои целосно како Бетмен, малку е сатуриран пазарот со разни Бетмени. Уште некако се чувствува присуството на Бејл и Афлек за кај повеќето овој нов Бетмен да "запали" од прва, ама се надевам дека времето ќе му овозможи некоја посилна позиција. Баш би сакал да видам каде би можел да отиде овој лик. Ете, веќе има шпекулации за Court of Owls во некое следно продолжение, а таа приказна би можела совршено да се раскомоти во овој свет што Мет Ривс го обликува тука.

Види такоѓе: