June 30, 2021

Ќе се игра New World

Пролетоска збеснав за ново MMORPG. Ги извртев и сите стари што некогаш сум ги играл барем по еден саат. Поиграв и некои како TERA што никогаш немав шанса да ги играм кога беа актуелни, ја играв малку и бетата на Bless Unleashed за PC, а минатата недела пробав да пукнам неколку саати и во Aion Classic. Скроз тажно. Ashes of Creation е толку далеку од објавување што се сомневам дека ќе ја дочекам во овој живот. Shadowlands ми остави толку гаден вкус што и World of Warcraft во било која форма не ми е во никаков план. Останатото од жанрот што е достапно ми е малку смачено.

За чудо, 2021 носи неколку нови MMORPG наслови. Барем нови за западњачкиот пазар, некои од игрите веќе си газат низ Азија. Swords of Legends Online излегува на почетокот на јули, Elyon и Lost Ark некаде на есен, Bless Unleashed за PC веројатно исто така за некој месец, а крајот на летово конечно и New World. Не верував дека Lost Ark некогаш ќе се појави и за овој пазар, ама ете ја. Остаревме додека се довлечка, ама тој муабет нека остане за некоја друга прилика.
 

New World првично не ме привлече. Требаше да излезе уште лани во мај, ама Amazon Games ја одложија за да ја испеглаат и надополнат со содржина откако тест-публиката не беше нешто особено задоволна со сервираното. Чудо како скроз не ја откажаа како другите пет наслови што ги најавија. Веројатно целиот фокус го насочија тука и ја наштимаа поблиску до актуелните MMORPG игри. Не го следев активно развојот на New World за да можам да ја споредам денешната состојба на играта со ланската, ама тоа што сега наводно е жанровски "потрадиционална" ми беше доволно за да се заинтересирам.
 
Официјалниот датум за New World е 31-ви август со затворена бета некаде во јули за тие што ќе ја нарачаат порано. Што значи, може и за помалку од два месеци да стапнеш во New World со тоа што прогресот од бетата нормално нема да ти се пренесе во официјалната верзија. Јас иако сум превозбуден за играва, веројатно ќе почекам до крај на август или барем некој ден по објавување. До сега повеќето впечатоци се исклучително позитивни, особено од последните неколку затворени тестирања, ама не сакам да ризикувам да наседнам на некоја Cyberpunk 2077 или Warcraft III: Reforged дубара. Мали се шансите, ама сепак. Чисто од принцип.
 


Загризав на естетиката и фоклорот што можам да го видам во New World. Ѕирни трејлеров колку е кул. Играта е сместена е во 1600 и некоја година, а приказната после доживеан бродолом те носи на мистериозен неоктриен остров којшто го нарекуваат Етернум. Тоа е и всушност светот каде што ќе се одвива играта, полн со магија и разни елементи од секоја генеричка фантастика. Но, естетиката инспирирана од колонијализмот му дава некој фин уникатен шмек што верувам дека убаво ќе го одвои од другите игри кои се или ќе бидат достапни на пазарот.
 
New World ќе има три фракции на кои ќе можеш да се приклучиш и да пристапиш кон постојаната битка за територии. Играта има изразен PvP момент кој искрено се надевам дека ќе успее да се одржи во баланс и во иднина кога одреден сервер ќе остане со помалку популација односно играчи. Отсустуваат и стандардните класи, практично секој играч ќе може сам да си го одреди патот и моќите во зависност од оружјето кое го користи во моментот и ќе може да го зајакнува по пат. Ова е супер, бидејќи не си ограничен на класа и лесно ќе можеш да го смениш стилот на играње без да креираш нов карактер. Сакаш лак и стрела? Нема проблем. Кога ќе се предомислиш, само земи меч и штит и развивај ја таа вештина. 
 

Акционата борба што ја инкорпорира New World е исто така освежување во однос на досадното таб-таргетирање и штракање по тастатура карактеристичен за игри како WoW. Тука за да погодиш нешто ќе мора прво рачно да го нанишаниш. Како што можев да видам од тоа што е познато до сега, имплементацијата на овој систем била супер. Друга супер работа е тоа што не си ограничен ни на професии. Ќе можеш да користиш сè што е достапно како професија. Да си правиш оружја, опрема, храна, напитоци, да копаш руда, да береш цвеќиња и слично. Ваква слобода е добра идеја за да им се овозоможи на играчите полесно да се внесат во светот на Етернум.  
 
Етернум изгледа преубаво. Баш овие недели пуштаат некои видеа со тура низ зоните и сум воодушевен од дизајнот. Гледај ги видеава од Edengrove, Windsward или Reekwater колку добро изгледа светот. Се надевам дека учеле од постарите MMORPG игри, а не од денешен Blizzard и дека сите зони ќе се големи и ќе се осеќаат како жив отворен свет, а не како клаустрофобични Shadowlands луна паркови. За почеток ќе се дванаесет зони, ама гледам дека е дизајнирано и за да се шири во иднина. Ми се свиѓа што секоја од нив ќе биде за одреден левел (од вкупно 60), наместо да скалира. Ми фали тоа чувство во MMORPG игра, кога е опасно да стапнеш во некоја зона затоа што си премал левел и слабо опремен. Многу слични игри одамна се простија од таков предизвик и сега сегде си најјак.

 
New World ќе има и разни настани што ќе се случуваат во отворен свет, па се надевам дека битките ќе се одвиваат на широки пространства и дека кога ќе браниме територија ќе се осеќаме како нешто навистина да виси. Нормално, ќе има и инстанцирани данџни, ама јас повеќе сум заинтересиран за содржината што е "надвор". Тоа ми е најинтересниот дел од MMORPG игри, кога треба да соработуваш со други во отворен свет за да се справите со некаква опасност.

RIFT одлично го правеше тоа. Уште го прави додуша, ама нема толку играчи како порано. Некогаш мораш да патуваш подолго за да стигнеш да отворената битка, а по пат ти се случуваат низа инциденти, дали со светот, дали со други играчи, што целото тоа искуство го правеа многу поепско и грандиозно. Не сакаш да играш игра каде што само зјапаш во бројка која ти кажува уште колку останало од џиновското чудовиште што го тепаш со други триесет луѓе. Сакаш да ги осетиш сите благодети на акцијата. New World личи како да ветува нешто вакво, да се надеваме дека ќе го исполни во целост.
 

Мислам дека New World има потенцијал сериозно да го освежи задреманиот MMORPG жанр. Не очекувам некаков си револуционерен настап, меѓутоа сакам да верувам дека барем тематски ќе успее да се издвои од другите кои се моментално популарни. Да здивнеме малку од елфови и џуџиња во различни форми. New World нема ни претплата Се купува еднаш за 40 евра и си пичиш. Имаше некои најави пред некој месец за безобразни микротрансакции со кои ќе можеш да плаќаш за побрзо левелирање и некои такви ствари што можеби ќе ти дадат предност во однос на другите играчи, ама Amazon се вразумија сега за сега, па сите работи што ќе може да се купат со вистински пари се исклучиво козметички.

Ќе видиме за два месеци. Едвај чекам да го играм ова. Се надевам дека Amazon ги искористиле нивните бесконечни ресурси правилно и дека конечно ќе добиеме нова саглам MMORPG игра што ќе потрае, и дека има доволно гладна публика за нешто вакво да одржи во живот. Пазарот не е толку преплавенсо вакви игри како порано и сега е супер шанса да се грабне голем дел, па треба да си стварно глуп да ја заебеш. Ќе пишам може уште следен месец повеќе за New World ако се премислам и ја испазарам за затворената бета.

June 28, 2021

Има ли пилот во Титанот?

Зошто никој не ми кажа дека е толку добра Titanfall 2? Океј, еден куп луѓе ми кажуваа низ овие години ама секогаш бев глув глуп за нивната препорака. Имав впечаток дека е некоја досадна генерична пуцачина со mecha роботи. Баш и оној пат кога ја играв Star Wars Jedi: The Fallen Order што е истото студио, добив купче добри зборови за Titanfall 2 од другари и нормално пак ги изигнорирав. Немав некоја рационална причина да бидам толку скептичен околу играта, едноставно така си живеев. 

Викендов конечно послушав некого. Titanfall 2 е моментално на безобразно голем попуст на летната распродажба на Стим и решив да дадам шанса која уште една ми докажа колку можам да бидам тврдоглав. Така што, ако не ти е играна Titanfall 2 и некој некогаш ти ја препорача, послушај го. Не мора мене, еве. Ако ја прескокнеш ќе се лишиш од феноменална сингл-плеер кампања и приказна што засекогаш ќе ти остане како едно од највозбудливите гејмерски искуства. 


Два дена по ред сонувам како се возакам во наоружан џиновски робот. Ги викаат Титани. Не се само обични воени машини, туку имаат и напредна вештачка интелигенција. Како пилот, воспоставуваш неурална врска со Титанот и си газите. Не цело време, ама твојот другар Титан е постојано некогаш во близина да си се најдете кога ќе затреба. Не секој може да управува со било кој Титан. Концептот до некаде потсеќа на Pacific Rim или некоја слична mecha аниме генерика, ама толку е извонредно изведено што не ми дава душава да ситничарам. 

Titanfall 2 е сместена во далечна иднина каде што очигледно човештвото има колонизирано повеќе системи и планети. Кампањата ја играш со Џек Купер (гласот го позајмува легендарниот Метју Мерсер), обичен војник во некаква си армија кој го наследува Титанот BT-7274 од неговиот ментор пилот, убиен во акција. Купер не е пилот, ама нема друг избор - мора да се спречи супероружје со кое противничката армија сака да уништи планета. Искрено, не ја разбрав најдобро политиката во приказната и кој за што војува, ама доволно е да знаеш дека треба да возвратиш соодветно кога некој пука во тебе. А, такви ги има многу. Некои имаат и Титани, ама па и ти имаш.

Ми се свиѓа колку е разновидна играта. Или барем вешто ја менува динамиката пред да стане досадна. Со краткото времетраење од четири-пет саати баш е соодветно дозиран целиот гејмплеј, темпото и стварите што ги инкорпорира. Низ цела кампања собираш разни оружја, надградби за Титанот и механики со кои се движиш низ една исклучително убаво дизајнирана околина. Некогаш си пешки, некогаш качен во Титанот, ама дали е некоја шума од вонземски екосистем или импозантна фабрика со комплексна машинерија - предобро е. Кога не пробував да убијам нешто или нешто не пробуваше да ме убие мене, се ѕверев околу и се восхитував колку е сè фантастично пицнато. Штета што некогаш играта пребрзо се движи и немаш многу време да обрнеш внимание на детали. 

Она што најмногу пали во Titanfall 2 е мазното движење и пукање. Добра пуцачина во прво лице треба да е флуидна, да се осеќаш добро кога ќе пукнеш во нечиј шлем и ќе го одвоиш од раменици. Тука секое оружје лежи добро, без разлика дали пукаш со твоите раце или вршиш воени злосторства со оружјата со кои ти е опремен Титанот. Трчањето по ѕидови кое е голем дел од гејмплејот е исто супер механика. Respawn Entertainment го користат и во Star Wars Jedi: Fallen Order ама тука е многу поефикасно, особено кога е искомбинирано со некои други механики кои не би ги спомнал поради спојлери. 


Приказната, барем таа големата, некако како споредна ја доживеав. Не знам дали намерно фокусот беше на друго место, или едноставно јас не успеав да се закачам. Titanfall 2 не ти фрла некоја значајна количина на детали за светот во кој се случува. Сепак, тоа во никој случај не одзема од фактот дека ова е една од најспектакуларните кампањи што сум ги искусил во ваква игра. Некои од работите се тука да останат засекогаш, како мостот во Half-Life 2 или мисијата во Куба од Call of Duty: Black Ops.

Убавото го најдов во врската помеѓу Купер и BT-7274. Си видел сто пати пријателство помеѓу човек и робот во фикција и одлично знае да го носи наративот ако е добро напишано. Titanfall 2 одлично се справува со овој елемент од наративот и иако знаев дека ми спрема емоционална замка, јако се извозев до крај. Баш е срцето на целиот наратив, остај ти таму планети уништување и платенички армии. 

Чепнав малку и од мултиплеерот. Одличен е. Баш планирам посериозно да пуцнам деновиве. Има еден куп различни мапи и модови, сакам сите да ги измлатам. Фино ми легна играва и ми треба уште од овој исполиран гејмплеј. Мултиплеерот функционира многу добро за игра што е стара пет години. Има активна заедница и гужва. Влегуваш во партија за неколку секунди. Гледам дека ради попустот на Стим има и други како мене што тек сега откриле колку е добра и ја прават атмосферата. Видов дека првата Titanfall која има само мултиплеер веќе нема онлајн сервери, се надевам дека двојкава ќе потрае.

Може да ја пробам и Apex Legends некој ден. Бидејќи нема Titanfall тројка ниту пак ќе има во блиска иднина, овој battle royale спин-оф е очигледно главниот фокус на Respawn Entertainment во моментов. Во меѓувреме, грабај ја од Стим ако ја немаш играно. Мене ми е криво што вака ми се промакнала низ годиниве, а успеа за само неколку саати да се позиционира високо на мојата листа со најдобри пуцачини во прво лице. 

Види такоѓе:

June 18, 2021

League of Legends е сѐ уште најмизерната игра на светот

Не е баш некоја новост во 2021 дека League of Legends ја има најтоксичната гејмерска публика откако се измислени видео игри. Најголемиот гамад на интернет е собран тука. Не знам како е возможно. Ќе се запрашаш некогаш што мајка раѓа ваков олош, ама мислам дека всушност самата игра е таа што го создава отровот или барем овозможува да испука од дебилциве што веќе го имаат во себе. Некое од овие две го видов и од сопствена перспектива, веројатно и не за првпат. Чим сум седнал да го пишувам ова, значи нешто ме чешнало ко што не треба. 

Години се во прашање, League of Legends постои повеќе од декада. Мизеријата имала простор да порасне и да се развие како составен дел од играта. Средината е исклучително компетитивна и до некаде можам да разберам како тоа може да извади разни гнасотилаци на површина. Со вербалните и немам проблем. Играта е дизајнирана да спротистави два тима по пет играчи. За да имаат еднаква шанса, треба да се сите на број. Ако има еден помалку, толку е од тој тим. Сѐ е сведено на тимска соработка која мора да е присутна. Проблемот што го среќавам во речиси секој ranked меч е тоа што од било кој тим има играч на кој што главна цел дента му е намерно да ја упропасти секоја прилика на сопствениот.

"Тилтање" е терминот што се користи во компетитивни игри. Потекнува од покер. Обично се случува по низа порази, односно лоши мечови, и таков истилтан играч е најлошото нешто што може да те стрефи во League of Legends. Скоро секогаш има некоја агресивна будала во еден од тимовите. Среќен си ако не се погоди во твојот, или па ако извадите победа и покрај него. Некој доаѓа во мечот полн со фрустрации и само гледа прилика да ги истури насекаде. Некогаш не ни мора да е истилтан од League of Legends. Moже е нервозен од нешто трето, сите сме имале лоши денови. На таков ден е можеби подобро да одмориш. Оваа игра не е за лабавање. Бара внимание, фокус и сталоженост. Треба да мислиш со тоа главата малку. Освен ако не играш ARAM, извини.

Пак ќе речам, вербалното насилие не е инстантно нерешлив проблем. Ќе го мјутнеш на чет и нека се гони. Проблемот е кога намерно не ја следи стратегијата, демонстративно го напушта мечот или па одбива да игра доколку загине рано или другите не ги следат неговите нелогични сугестии. Некогаш е доволна и некоја тривијална ситница, без потенцијал за било какво влијание врз мечот. Си избрал шампион за кој мисли дека не е доволно ефикасен. Дечкото е едноставно изнервиран од тоа и ќе се потруди сите да ги повлече на неговото ниво. Секогаш друг му е виновен за нешто. Егото не му дозволува да размислува поинаку.

Дел од тие што учествувале во мечот, после тоа ќе го пренесат во следниот. Ќе "заразат" други и така во бескрај. Не знам како е за обичните мечови, играм строго ranked оваа сезона и баш вакви ситуации се причината што два пати ми пропаѓа унапредувањето во следната дивизија. Паднат сум во бронза I како некој глуп и после 80 изиграни мечови оваа сезона не можам да пркнам. Кога ќе ти дојде таква прилика за унапредување, треба да тепаш 3 од 5. Во еден од тие мечови и спомнав дека ми е шанса за следна дивизија и од сопствениот тим се потрудија намерно да ми ја помочаат. Мислеа дека е смешно.

Неколку сезони наназад сум во овие дивизии и искуството е одвратно. Сакам да верувам дека во погорните дивизии ситуацијата малку порелаксирана. Види, грешки се прават. Некогаш еден тим е подобар, има фер игра и почит - тоа е сосема супер кога функционира. Затоа и ја обожавам играта и се моткам тука повеќе од десет години. Поради партии каде што има добра стратегија, тимски настап и желба за победа. За жал, ваквите се многу ретки или можеби јас имам таква среќа да се погодам со комплетно непресметливи сурати.

Riot Games немаат решение за ова, а не ми изгледа како да се трудат да најдат. Ги заболе. Порано имаше еден систем што го викаа Трибунал. Можеше ти лично и анонимно да рецензираш други анонимни играчи кои биле пријавени за лошо однесување. Ти дава неколку извадоци од чет кои довеле до пријавата и одлучуваш како ќе гласаш. Со доволно гласови од други играчи, тој што бил пријавен ќе биде санкциониран. Иако и тоа можеби некогаш ќе зависи од нечиј лош ден, пак мислам дека беше океј систем за филтрирање и спроведување на казни. Сега го нема тоа и стварно не знам како компанијата се справува со оваа чума. Секоја година е сѐ полошо. Жалам што сум сведок на ова непрекинато тонење во отпад.

Види, некогаш едноставно си сркаш пораз. Еден тим мора да е подобар од другиот. При фер меч играта е препуштена на вештините на играчите. Не е секогаш поради нечие кловнување. Се прават грешки и не можеш секогаш да се справиш со тензијата што доаѓа од самиот гејмплеј. Една од вештините е и да не се обесхрабриш при такви грешки. Да не бидеш плачкото што ќе се исклучи или намерно ќе гине откако се разбира ќе почне да се пцуе со сите присутни. Озбилно, како може да си дозволиш да утепаш четириесетина минути да дремеш во база и да јадеш гомна на четот дека си подобар од сите?

Мислам дека тилтнав и јас конечно. Го приметив тоа последниве неколку пропаднати мечови. Оттаму и инспирацијата за вака да се распишувам. Неспортски изреагирав на туѓи грешки во последните мечови. Не се изгасив, не се пцуев со други, ама продолжив да играм шашаво и нефокусирано. Нервозата што ме спопадна беше... несвојствена. Иако сметам дека имам прилично челични живци и ретко нешто успева да ме извади од такт, а најмалку вакви игри - се приметив како попуштам и станувам дел од проблемот кој го гледам во League of Legends. Очигледно ова е моментот за кочницата сезонава. Време е да се поигра нешто друго. Немам толку слободно време за да си дозволам вакви глупости. Да ти се мочам во играта, да ти се мочам.

June 6, 2021

Умрев од досада на Spiral

Колку години тера Saw франшизата? Повеќе од петнаесет, така? Затоа и Spiral (познат и како Spiral: From the Book of Saw) ми изгледаше како супер прилика да се освежат некои концепти и шаблони што го дефинирале серијалот. Да се пренесат идеите во модерно време, за нова публика, а притоа постоечката да не се осети запоставено. Хорор серијали знаат да заверглаат на неколку штосови во бескрај. Честа појава е кај вакви жанровско-дефинирачки филмови, ама и покрај тоа секогаш постоела посветена публика што ќе ги поддржи да опстојат. Saw не само што не е исклучок, туку своевремено со продолженијата стана и годишна традиција.

Сепак, неизбежна е таа крајна точка каде што веќе е заморно да се гази по истиот пат. Saw можеби сопре кога му дојде денот, ама поминаа неколку години, па се појави уште еден - Jigsaw. Првпат го гледав лани во тој каратинскиот Saw маратон и искрено денес не го ни памтам. Единствено што ми е така останато како впечаток е истото тоа што го зборам после Saw III. Франшизата прерано се ослободи од жив Џон Крејмер и кога се соочи со толку многу продолженија, веројатно неочекувано, постојатно настојуваше да го вметне дури и онаму каде што можеби е вишок. 

Од една страна, ја разбирам и нивната перспектива. Не можеш Halloween филм без Мајкл Маерс, ниту Friday the 13th без Џејсон. Пробале и не им успеало баш. Меѓутоа, мислам дека распонот на Saw секогаш бил многу поголем од таквите слешер хорори за да биде толку лимитиран на главниот антагонист. Некои од продолженијата супер се справуваат со отсуството на Крејмер. Градат врз неговите мотиви и влијанија, ама никогаш не прават некаков значаен исчекор од неговата сенка. Тоа е сосема океј кога функционира, за чудо е почесто отколку што можеш да очекуваш, ама сакав да дочекам ден кога барем форматот ќе биде поразличен.

Од друга страна, па и не можеш туку така да ги исечеш супстанцијалните елементи на Saw без да го трансформираш во нешто друго. Но, сигурен сум дека има повеќе различни начини на кои можеш да го наштелуваш пристапот кон таков материјал. Затоа и бев заинтересиран за Spiral. Тоа што се оддалечи во самиот наслов ме наведе да мислам дека е конечното скршнување во некоја друга насока. Дека ќе биде поприземјен, посериозен. Дека наместо да земе страница од "книгата на Saw", ќе искине лист од белешките на Дејвид Финчер. Повеќе беа желби одошто очекувања, затоа и не сум нешто особено разочаран. Само сум изненаден од тоа каква пропуштена прилика имаме тука, другари.

Ќе си помислиш прошле толку години се појавил некој мангуп со поиновативни идеи да ја оправи работата. Нешто што прописно ќе го испочитува оригиналот, а ќе се одвои како засебен, самоодржлив ентитет. До некоја мера и можеш да приметиш дека има некои обиди да фати некој поразличен тон, меѓутоа апсолутно ништо не успева да профукнционира како што треба. На некои моменти можеш да приметиш дека и премногу сериозно си се сфаќа себе за нешто што е во суштина уште едно невешто, досадно Saw продолжение.

Со тоа што дури и најглупавите Saw продолженија се стремат да се вклопат во една единствена сложувалка. Spiral има само пуста желба да припаѓа во истиот универзум, а не прави никаков напор за да го заслужи тоа. Цел е прост и предвидлив. Работите што се случуваат во Spiral се без никаква тежина и мотив што може да ги оправда. Едноставно се случуваат. Како да требало да биде сосема друго нешто и некој некаде во рана фаза на продукција одлучил дека може да шлапне неколку стапици и да продаде полу-Saw филм. Терај, мајсторе.

Новиот негативец нема никаква разумна причина да ја позајмува методологијата на Џигсо, освен за ова да може да се продаде како Saw филм. Никако не функционира во рамките на филмот, жалам. Не се пишуваат вака квалитетни негативци. Освен тоа, филмот не се ни труди да го истакне како различна закана од тоа што сме го виделе претходно, ниту пак да се осмели да прекрши некое правило или скраја да е - да се позеза со сопствените тропи и да го разлабави товарот од претходните продолженија. Spiral е лишен и од секаква тензија, ништо нема. Само се влече од сцена во сцена.

Уредувањето исто така не оди во прилог на приказната. Низ цел Spiral има флешбеци што пробуваат да го надополнат наративот, некогаш дури и флешбеци од претходни сцени. Како да си ја смета публиката за глупава. Изгледа како да си замислува дека е поинтелигентен филм одошто стварно е. До толку е невешто што можеш апла да забележиш како му пропаѓаат обидите да сервира пресврт или да создаде тензични моменти. А, ти веќе си го предвидел пресвртот саат време порано. Понекогаш дури и самата режија се труди да биде во духот на претходните Saw филм, со убрзани кадри и интензивна музика. Ова упорно ме вадеше од такт. Дури и да не беше вака смешно, немаше шанси да функционира.

Крис Рок ми е океј овде, само што неговиот лик е многу, многу тенко напишан. Филмот во ниеден момент не знае каков лик сака да создаде, или можеби само не знае како, па ритамот никогаш не му е конзистентен. Само трупа различни слоеви, а ништо нема некаква значајна целина. Во ниту еден момент не ми беше гајле за ликот на Крис Рок и што ќе се случи со него. Spiral не создава услови да се внесеш во неговата ситуација и да се грижиш за него. Како да ги пукнале сите пари на Сем Џексон и излитените Pulp Fiction референци, па со кусурот некако успеале да скрпат сценарио колку да има саат време материјал измеѓу задолжителните стапици. Сем Џексон има многу поголем актерски капацитет од тоа да го форсираат да приглумува Тарантино ликови.

Spiral за жал нема никаков придонес кон франшизата. Не ја надополнува големата приказна со ништо, а не е доволно различен и храбар за да отпочне нова и помотивирана. Досаден, глуп Б-филм е, без никакви значајни квалитети. Прашање е дали воопшто и го имал потенцијалот кој јас од некоја причина си го замислував дека постои. Можеш било кој друг Saw филм да го гледаш наместо ова и ќе си пројдеш далеку подобро. За жал, франшизата нема никогаш да пркне додека не се најде некој нов агол што ќе го подмачка зарѓаното. До тогаш, некако сум убеден дека сè што ќе гледаме на оваа тема ќе биде на ова ниво ако не и полошо.