Showing posts with label The Witcher. Show all posts
Showing posts with label The Witcher. Show all posts

December 20, 2021

Втората сезона на The Witcher

Ја спукав втората The Witcher сезона викендов што пројде. Топтан, одеднаш. Толку чудно се движи времето во последниве две години што бев сигурен дека лани ја гледавме првата. Некако многу брзо ми дојде вторава сезона, не ни осетив дека серијата прескокнала цела година. Ете тоа објаснува зошто некои од актерите изгледаат малку повозрасно. Освен Хенри Кавил, секако. Хенри Кавил одбива да си ги покаже годините.

Баш добро доаѓа серија како The Witcher во тмурни зимски денови. Некако совршено ми се израмни со расположението. Скоро секогаш се местело да е зима кога опсесивно сркам The Witcher материјал - било игра или книга, па ми овозможува таква фина идилична удобност во тие сивилата што ги носи. Се надевам дека годиниве ќе престанат да се однесуваат како еден долг месец, па третата сезона пристојно ќе си ја дочекаме уште следната година ова време.
 

Втората сезона е одлична и многу пофокусирано склопена од првата. Приказната не скока ќутливо во различни временски периоди со цел да ти приреди полусмислени изненадувања, туку си тече природно и хронолошки, па е нешто попрактична за следење барем во таа насока. Од друга страна, пак некако успева да пламне небалансирано на повеќе страни и да успее некои работи да не ги дозбори до крај. Тоа ми е можеби и главната замерка за втората сезона. Дали намерно настојува да одржи некаква мистерија или само невешто пишување, не би можел да погодам - ама иако поправа некои проблеми од минатиот пат, успева да создаде нови. За среќа, поситни.

Сезоната има главен негативец што може и да го промашиш дека е таму до самиот крај, бидејќи некако скржаво го прикрива, доволно за само да те збуни, а недоволно за да те задржи заинтригиран или на било кој начин засегнат од заканата. Многу поинтересни ми беа ситуациите каде што Герлат стандардно си "вичерува", убива разновидни чудовишта и го истакнува лежерниот тон на самото дело. The Witcher поубаво личи кога не се сфаќа себеси премногу сериозно и кога држи некоја дистанца од посовремениот наративен третман типичен за денешните серии.

Серијата е пофункционална кога личи на нешто телевизиско од пред дваесетина години, ама можам до некаде да разберам зошто не целосно одбива да згазне во таа територија. Форматот на Нетфликс е веројатно таков, се трудат да ги скрпат сериите да имаат поголем арк и секоја од епизодите да создава дел од поголема приказна. Затоа и повеќе ми се свиѓа The Mandalorian, тоа поретко пати од стремежот да биде едно големо нешто. Сакам да кажам, пре би избрал засебни епизоди со сопствена мала приказна отколку ова што The Witcher претежно се труди да биде. Не го личи цело време. Има доволно материјал од книгите за да биде поинаку спакувано, притоа да не си го оштети сопствениот фолклор.

Сепак, супер е вака како финален производ. Задоволен сум. Мило ми е што приказната конечно отиде во Кер Морен и овозможи одблиску да го видиме светот на Вичерите и целата таа митологија. Сосема прикладно за втора сезона. Откако се запознавме со Гералт, ова беше логичниот чекор. Убава прилика да разбереш некои работи околу Вичерите што првата сезона некако ги прескокна, а можеби не ти се познати од друго место. Сите дешавки таму ми се омилениот дел од сезоната. Весемир е одлично погоден и вклопен, и како кастинг и како лик.

Со Сири во фокусот оваа сезона, бев малку скептичен како ќе пристапат кон нејзиниот лик и мило ми е што доби соодветен човечки третман. Со таков моќен лик како Сири можеа да отидат во многу погрешна насока и да заврши како "Mary Sue" женските ликови од Star Trek: Discovery или Star Wars: The Last Jedi. Сири е ранлива, со маани и мотиви за да се подобри и да ја оствари нејзината моќ и потенцијал. Ништо не ѝ е подарено, па публиката може полесно да се идентификува со нејзиниот пат и да навива без однапред да биде јасен исходот. Ќе има ден кога ќе ја видиме Сири супер-моќна и среќен сум што вака постепено ја создаваат.

Ми се свиѓаа и локациите што се одбрани за сезонава. Преубави богати пејсажи, онака да се изнагледаш. Иако The Witcher е сместен во свет многу близок до овој, некои од локациите изгледаат комплетно магични и страни. Сетовите се исто така многу подобрени, па поретко ќе наидеш на нешто што личи како да е снимено во студијата на МРТВ. Некој го одврзал ќесето оваа сезона и очигледно е. Целата продукција изгледа врвно, дури и бушавата перика на Хенри Кавил.

За жал, уште не можам да го прифатам кастингот за Јен и Трис. Иако Јен е создадена како допадлив лик, сметам дека актерката го нема капацитетот да ја овековечи онаа Јен што ја знам од игрите. Разбирам дека ова е адаптација на пишано дело, меѓутоа игрите засекогаш ми врежаа една поинаква визија за неа што тука не можам да ја видам. Истото е со Трис, со тоа што нејзиниот лик уште не е доволно наштиман според изворниот материјал за да ја прифатам. Споредбата со Трис од игрите ми е уште поневозможна и далечна. Не знам кој е мотивот зад ова, ама едноставно не функционира. 

Хенри Кавил е супер. Можеби никогаш не научи да глуми саглам, ама како Гералт е воглавно одличен. Не можеш да му фаќаш многу замерки на најубавиот жив маж на планетава, ама па не знам како уште успева да преглумува некои работи и некој упорно да му кажува дека е океј така. Некогаш неговата неприродност ме вади од имерзија и не го гледам Гералт, туку го гледам Хенри Кавил како работи со талентот што нема некои сериозни пропорции. Не е често, ама се случува. Се гледа дека е приврзан со ликот и максимално се забавува, па ако ова е максимумот тогаш јеби га. Толку се можело.

Но, и покрај ситните недостатоци, втората сезона на The Witcher е забавна акциона авантура. Многу ми фали ваква фантастика на медиум што не е книга или игра и серијата иако не е најдобрата на светот, супер го пополнува тој простор. Со ова темпо и популарноста што ја има не гледам дека ќе сопре набргу, а вторава сезона на крајот вети многу работи што едвај чекам да видам како ќе се одвиваат во иднина. Сега е време конечно да се дочитаат книгите до следната, па и да се изигра The Witcher 3: The Wild Hunt уште еднаш.

Види такоѓе:

August 24, 2021

The Witcher: Nightmare of the Wolf вреди барем за едно гледање

The Witcher аниме секако звучи привлечно. Исто така, кога станува збор за Нетфликс и нивната шашава продукција звучи и малку сомнително. Не дека не успеваат да погодат нешто, ама изминатиов период се намочаа на еден куп ствари меѓу кои и Pacific Rim: Black, a ексклузивно ја објавија и онаа гнасна стравотија Masters of the Universe: Revelation. Освен тоа 2021 сме, сè ново што излегува мора да штиклира неколку точки кои најчесто ја трампаат забавата за нешто друго. Да не одам натаму и во овој пост, изморен сум веќе.

The Witcher: Nightmare of the Wolf беше долго најавувано. Долго и не знаевме што ќе биде, па се запрепастив кога скоро дознав дека е приказна за млад Весeмир. Ако отсекогаш била достапна оваа информација, веројатно сум ја преспал. Така што не е приказна за Гералт, туку неговиот ментор, што можеби е и супер идеја затоа што втората сезона од The Witcher серијата ќе пристигне за неколку месеци. Таман да се одмориме од него. Иако е централен лик во Вичер приказните, светот постои и без него, па Nightmare of the Wolf е фина прилика да отидеме на некое малку поразлично место.

И, на мое големо изненадување - не е воопшто лошо. Имав минимални очекувања, мислев дека ќе гњави саат и кусур со родови студии и социјална правда, а баш е онака умерено и воглавно се фокусира на некои многу позабавни теми. Вичери, магија, сребрени мечови, чудовишта, пресврти - има сè за да функционира во полза на светот од кој доаѓа. Весемир е супер кул лик, претпоставувам како и повеќето вичери од Кер Морен. Го знаеме и од претходните материјали, ама првпат да го начекаш вака младо мангупче. 

Приказната воглавно се врти околу некои нови сомнителни чудовишта кои се необични дури и за светот од кој потекнуваат. Личат дека се некаков спој на различни видови веројатно создадени по неприроден пат. Нема да навлезам од каде се и како се - тоа е веќе спојлерска територија, ама ќе ја пофалам креативната енергија. Многу добра едноставна идеја што супер функционира во ваков компактен филм. Не се сеќавам дека сум сретнал слична приказна во The Witcher книгите и игрите. Ако имало, сум ја заборавил.

Ме држеше заинтересиран, тоа е важно. Ете, и со тоа ќе се задоволиме овој пат. Не заспав и не добив нагон да фрлам со нешто во телевизорот. Вичери како концепт се исклучително интригантни, имаат богата и комплексна историја, а Nightmare of the Wolf успева внимателно да се прошета низ таа митологија и да извади некои моменти што не пркнале на медиум различен од игрите и книгите.

Филмот повремено скока и наназад во детството на Весемир кое директно го врзува со моменталните настани. Таму чепка малку за регрутацијата на вичерите како неговиот мотив да загази по тој пат. Некои моменти не се којзнае колку непознати за тие упатените во изворниот материјал, ама пак е фино да се види истото од друга перспектива. Понекогаш се чудев колку функционална структура има Nightmare of the Wolf, до толку сум изгубил доверба во новиве ствари.

Анимацијата е исто така задоволителна. Можеби не е најпрекрасна на цел свет, ама не изгледа евтино како што често знаат да бидат обидите за американско аниме, особено оние на стриповските адаптации. А, овде и тепачките имаат аниме стил и физика, без разлика дали се работи за еден на еден или масовно крвопролиќе. Океј, сега не е Dragon Ball Z ама пак важат некои различни правила за гравитација.

Сепак, колку и да е забавен Nightmare of the Wolf пак си игра играчки со некои елементи од изворниот материјал и историјата на Кер Морен, па можеби дел од публиката што посветено го следи ќе биде малку растревожена. Мене не ми сметаше, гледам да ги одвојам сите адаптации на книгите како посебно дело, ама пак не ми е јасно која била потребата да се чепне нешто што функционира такво какво што е баш поради што е замислено и напишано на таков начин. Не би сакал да спојлам сега, ќе видиш на крај. 

Крајот малку се разстегнува и го омалакса наративот, ама онака скоро безболно, без да го наруши општиот впечаток. Вреди за еднаш да се изгледа. Не е лошо, ама не е ни некое ремек-дело што заслужува второ гледање. Веројатно и ќе го заборавам за недела-две. Во секој случај, ми се свиѓа овој концепт на аниме адаптации на The Witcher приказни, па се надевам дека ќе скрпат уште некое вакво. 

Види такоѓе:

December 21, 2019

Хенри Кавил од Ривија

Како претпазливо ѝ влегов на The Witcher серијава, ко да ќе колам стрига со сребрен меч. А, како не би. Секој следен трејлер за ова ми ја ронеше и онака слабата доверба во Нетфликс серии, па првата епизода ја кликнав со онакви минимални очекувања. За среќа, серијата е многу, многу подобра отколку што рекламниот материјал успева да ја продаде, ама има и некои работи што не се толку функционални колку што можеби мислат дека се. Едно нешто да расчистиме уште на старт - Хенри Кавил е одличен како Гералт. Дури и се наштелувал да звучи како Даг Кокл, актерот кој го позајмува гласот на Герлат во игрите.

Најпозитивното изненадување за серијата ми е тоа што воглавно ги адаптира расказите од единствената The Witcher книга што сум ја читал, The Last Wish. Иако последен пат ја имам читано пред некои три години, ете некои од приказните биле толку впечатливи што останале до денес со мене за лесно да ги препознаам. Меѓутоа, серијата не е само збир од кратки раскази засебно адаптирани, туку со нив се труди да оформира целина која позајмува и други делови од фолклорот на The Witcher. Е, сега тие делови не се баш во линија со хронологијата на изворниот материјал, но нивната основа е искористена со цел неколку ликови да се допрат во една заедничка точка.


Првата епизода ме стави малку во дилема баш поради тоа. Адаптира една крајно интересна приказна која е многу важна за ликот на Гералт и општо митологијата која овој универзум ја содржи, но истовремено се обидува да отпочне и неколку други. Разбирам дека сезоната располага со само осум епизоди, ама повеќе ќе ценев доколку почетокот беше фокусиран исклучиво на Блавикен. Не дека епизодата не се справува добро со тој дел од резимето на Гералт, само мислам дека ефектот ќе беше многу поголем доколку целата приказна се воздржеше од расплинување на триста страни.

Сепак, серијата се осеќа и изгледа како The Witcher материјал и тоа ми е најважно. Мислев дека ќе биде малку порезервирана со користење на сопствениот фолклор и мило ми е што воопшто не испадна така. Гералт нема само една мисија која ја тегне низ цела сезона, туку неколку кои ефективно ги завршува, баш онака вичерски. Супер функционира дури и кога повремено си зема одредени слободи при интерпратација на оригиналните приказни. Барем јас не сум толку заколнат на изворниот материјал за да ми смета.
 
Исто ќе налеташ и на феноменална музика која се залага целото ова и да звучи како The Witcher. Еве, цел ден го вртам саундтрекот и знам дека ќе го изљуштам од слушање периодов. Не е Percival, ама е поеднакво ефективен кога треба да се поткрепи атмосферата.

Е сега, има еден проблем што е некако виснат врз целиот наратив. Приказните за некои од ликовите што серијата се труди да ги изгради не се случуваат паралелно, туку во друг временски период. На почетокот не си баш запознаен со овој "штос", а ни изненаден кога ќе сконташ. Килаво е склопено, на моменти дури и напорно за следење. Многу работи се случуваат одеднаш и ако им ја разместиш хронологијата ќе испаднат малку покомплицирани отколку што треба. Не знам која е точната цел на ова, ама не бев шокиран на начин на кој можеби серијата се надеваше дека ќе сум. Westworld на пример, многу поелгантно изведе ваков штос во единствената добра прва сезона.

Ова ми е можеби најголемата замерка за серијата, што некогаш непотребно жонглира со работи кои не дозволуваат да видиш дали има или нема една единствена кохерентна приказна во која ќе се слеат сите други. Верувам дека целото ова би изгледало далеку попристојно со соодветно уредување на сцените. Може ете, следниот пат кога ќе ја прегледуваш сезоната ќе знаеш на што да обрнеш повеќе внимание. Да, апсолутно вреди за второ гледање. 

Да кажам пак, Хенри Кавил е одличен избор за улогата. Како што сам тврди, фан е на игрите, ги читал и книгите, па дури и ова да е само дел од маркетингот за серијата, јас сум убеден дека го дава максимумот за Гералт и улогата ја игра со вистински ќеф. Не е тешко да ги приметиш резултатите и посветеноста, а и од каде е инспириран. Некогаш е толку сличен на Гералт од игрите што изгледа како да е баш лик од игра уфрлен во жива средина. Претежно е добро ова, особено ако сакаш да задоволиш и играчи и читатели, ама има една друга ствар што Кавил ја прави секаде каде што глуми и секогаш ме вади од фокус.

Примети го како вештачки се мршти. Прави некоја ствар со веѓите што личи како да е многу неприродна глума. Може едноставно е роден со тоа, не знам, ама знам дека истото ми беше иритантно и кога беше Супермен. Можеби и до мене е ова, не знам дали друг успева да го фати истово. Значи, знае да одглуми лик што е лут и бесен и да ти го продаде тоа, дали било Гералт или Супермен, ама секогаш кога ќе ги крене веѓите да се начуди на нешто, има некоја пластична гримаса. 

Остатокот од кастингот е исто добар, особено Данделион, или како што серијата се труди да го испочитува изворниот материјал - Јаскиер. Барем надоместува за секоја непростена секунда од комплетно промашениот кастинг за Трис. Ништо против актерката, меѓутоа кој и да ја режирал очигледно намерно решил да го уништи она што е специфично за Трис, барем според игрите. Разбирам дека уште сме 2019 и дека исфорсиран диверзитет е задолжителна состојка, затоа и серијата има повеќе црнци него The Wire, ама тврдам дека публиката има тотално различна претстава за Трис.

Јен од друга страна, ме изненади позитивно. Актерката солидно го доловува ликот и хемијата која ја делат со Гералт, суперхаризматична е, шармантна, дури и во сцените каде што глуми таква грбавка и ружна како женски Реми Малек. Сири е исто океј, иако на почетокот не можев да се одлучам за крајно мислење. Не знам што планира серијата со нејзе во следните сезони и колку оваа актерка ќе трае во улогата, ама ете, барем не превртував очи како за Трис.

Сѐ на сѐ, серијата испадна достојна адаптација што супер го носи тој магичен свет на ваков медиум. Ете му и шанса на Хенри Кавил да биде заборавен како Супермен заедно со лошите одлуки на Скот Снајдер. Потенцијалот на The Witcher е огромен и се надевам дека во следната сезона проблемите кои ги има оваа ќе бидат надминати. Очигледно е дека уште од сам старт продуцентите биле свесни дека ќе им биде дозволена уште една сезона, ама тоа е не е изговор за крш финти и сомнителни експериментирања при раскажување. Втората сезона би требало да се појави во 2021. До тогаш можеш да си се почастиш со неколкуте The Witcher книги за читање и секако трите игри.

Види такоѓе:

July 20, 2019

Не сум убеден за The Witcher серијата

Прв сум ако треба да се брани Хенри Кавил. Особено од една толпа што не се труди да разбере дека неуспехот на неговиот Супермен не е целосно негов и го напаѓа затоа што другиот до него зел камења во раце да фрла. Океј е Кавил, олабави се. Можеби и не беше најдобриот избор за Гералт од Ривија, ама кога пред некоја недела се појавија првите асални слики од The Witcher серијата ми се створи трунка оптимизам. Мислам дека неговиот ограничен актерски капацитет е сосема доволен за да го истрча ликот доколку сценариото овозможи терен. 

Aко The Witcher се дистанцира од досадната меѓучовечка драма што ја истормози The Punisher серијата, тогаш Кавил нема гајле. Терај, мајсторе. Реално, ова ми беше најголемата грижа околу сето ова. Се надевам дека ќе сме поштедени од сапуница и напорни политички интриги до претпоследната епизода каде што ќе ни фрлат малку акција. Сакам пофреквентно присуство на мечови, магија и чудовишта и ги сакам во огромни количини. Да претекува.


Сепак, по првиот тизер трејлер имам повеќе секирации, а сега главната е дека воопшто не предизвика никаква возбуда кај мене. Напротив. Не барам адаптација на книгите страница по страница, ни целосно да биде пренесена естетиката на игрите, ама овие две минути ми изгледаат премногу генерички и евтино. Можам да ги ценам сите ситни референци и детали на кои не се штедело во трејлерот, ама и покрај тоа општиот тон е некако чудно раштиман. Освен со мрачниот мизерен Game of Thrones видео филтер, трејлеров со ништо друго не успева да го најави амбиентот на светот во кој се случува приказната или па да те наведе дека е воопшто приказна за некаков вичер. 

Сакам да испадне дека е само лошо уреден тизер со случајно нафрлани сцени и обична досадна музика, ама се плашам дека крајниот резултат нема да е ништо подобар. Веќе создавам некоја слика што не ми се свиѓа и ја базирам на предвидливоста на индустријата и третманот на Нетфликс кон адаптирање на туѓ материјал. Ако грешам, прв ќе си ги изедам лајната кога ќе искочи ова, опушти се. Првата епизода сигурно ќе почне интензивно, скоро секогаш е така. Веројатно со Гералт како си ја брка вичерската работа. Некој краток извадок од The Last Wish книгата кој истовремено ќе биде привлечен за публиката која првпат се среќава со материјалот и ќе послужи како јадица за фановите кои веќе се запознаени со франшизата. 

Потоа, приказната почнува да вергла во кал во неинтересни црно-бели паралелни случувања кои едвај им влијаат на ликовите. Паралелно на тоа, серијата се гуши во непотребно долго објаснување за минатото на ликовите и како се дојдени до точката во која се наоѓаат. Тука веќе се појавуваат и првите разочарувања на интернет од тие што приметиле дека Нетфликс сака да го замаскира темпото и промашената динамика на серијата со тоа што епизодите ти ги има скроено да ги гледаш една по друга. 

The Witcher ќе земе замав некаде при крајот на сезоната кога Гералт конечно ќе треба расчисти со второто чудовиште (ако имаат буџет може да и се повеќе) и чудовиштето кое е всушност некој корумпиран лик на власт кој до тогаш е пријател со главните ликови, но "изненаден" пресврт открива дека тој бил вистинскиот негативец цело време. Нема шанси серијата да пројде без такво предавство. Тоа е и мотивот на рекламите на серијата нели, "чудовиштата што сами ги создаваме". Некое такво површно срање.

Без разлика дали ќе го правдаш ова како адаптација на книгите, има уште ствари за кои мислам дека ќе се ткивото на оваа серија. Серијата нема да биде приказна само за Гералт и мислам дека овие две минути фино го нагласуваат тоа. Ако ја земеш моменталната кобна ситуација на поп културата и не е баш некое изненадување. Ова е најавено како приказна во кои главни ликови се Гералт, Сири и Јенефер. 

Па, како што е редот во 2019, очекувам "рамноправна" застапеност и епизоди во кои едвај ќе го има Гералт за да му се овозможи простор на диверзитетот во кастингот. Значи, не барав словенски кастинг во американска серија секако, ама сум сигурен дека изборот за Јен не е случаен и искрено се надевам дека актерката има некаков талент со кој може да ме убеди во спротивното. Меѓутоа ако разгледаш што и како се сервира денес во мејнстримот, мотивот е јасен. Често за жал се турка диверзитет само како таков - да е присутен.

Не се виновни актерите кои се инволвирани во овие глупости, гледај каква глупост се случи со азијатката од Star Wars: The Last Jedi, туку проблемот е кај сите тие што мислат дека ова продава повеќе, дека полесно е за рекламирање или па го прават за да се заштитат од бучавата на расплаканите борци за социјална правда. А, кога пробуваш да им пикнеш нешто на луѓе со сила, нормално е да наидеш на отпор. Кругот е толку проколнато маѓепсан што ни сите вичери од Каер Морен веќе не би можеле да помогнат.

Камо среќа да дојде ден кога ќе си го изедам напишаново. Ден кога The Witcher серијата ќе е стварно следната Game of Thrones како што се обидува да се наметне и ќе постави нови правила за како се адаптира ваков тип на фантастика. Ама, сѐ повеќе ми изгледа дека ова нема да е многу повеќе од Хенри Кавил со бела перика преправен во Кристофер Ламберт од Mortal Kombat филмот, актерска екипа неадекватна за улогите, споро, мачно и со едвај некаква вичерска акција. Една голема пропуштена прилика. Нешто што втората сезона ќе се обиде да го поправи, но ќе се сопне во процесот и ќе ја уништи шансата за трета сезона. The Witcher серијата треба да се појави до крајот на 2019.

January 5, 2016

Што се римува со Вичер?

Личен. Личен се римува. Барем на тоа ми текна откако гласно вриснав друго во мониторот, пред Гералт да го понуди "did itch her?" како одговор на Присила. Помагам да се напише и одигра театарска претстава во игра. Потсети ме каде на друго место си го правел ова? Веројатно никаде. Wild Hunt не прекина да ме воодушевува со секој следен квест и обемот на содржината и светот. Квестот со претставата е еден од најуникатните што сум ги видел до сега. Далеку од соодветен за ладнокрвен убиец како Гералт, но кога веќе си решил да бидеш дел светот на The Witcher, биди спремен и за вакви работи. Еј, ѕвонев со ѕвонче за непослушна коза да ме следи додека ја враќав кај сопственикот, па сега ти види. Не е секогаш убивање бандити, митски суштества и задачи што ти ги валкаат рацете со крв.


И, така тргнав низ Новиград да барам луѓе кои ќе ми помогнат околу претставата. Некаде по пат ме среќава Хатори, типот што треба да ми го искова најдобриот меч на светот, лик од квест кој би требало да го играм десетина левели подоцна. Краток муабет, што има ново, за времето, кој каде бил за Нова година и ме прибра со некои сомнителни фаци да преговараме околу некои ствари, кога одеднаш се случува заседа и сме нападнати од непријателски џуџиња. Јас, 15-ти левел и со идеја дека квестот што е преголем за мене ќе биде само муабет, одеднаш треба да преживеам нефер напад. Враќање назад нема, единствениот начин да се спасиш е да ги убиеш. Како некој што има лоша авто-сејв навика, последната зачувана точка ми беше пред некоја недела откако направив поголем прогрес. Се најдов во ситуација каде што ако сакам да продолжам да играм, ќе мора да се погрижам џуџињата никогаш повторно да не дишат.  

Прво изгинав неколку пати. Маваат силно, ако те погодат незгодно, отиде пола HP. Два пати така и отиде како [цензурирано] на [цензурирано]. Па, распалив со сè што имав на располагање. Бомби, самострел, силни удари, Aard/Axii, па малку бегање наоколу и трошење на пола залихи вода и пак отпочеток. Просторот за маневрирање е доволен за да не умреш инстатно, само треба трпение за да ги убиваш џуџињата едно по едно. Не сум единствен што се нашол во истата заседа, знае да е многу позаебано доколку си понеадекватен левел. Поуката од приказнава е, имај си посебен сејв на неколку саати. Ако нешто ми ја искорени навиката да правам само ауто-сејв тука, тоа е ова.

Претставата уште не ја гледав, а баш ме интересира што се случува со мојот мал перверзен пријател Данделион. Веќе престанав и да лутам наоколу само за да го завршам овој ланец на квестови. Сири ќе остари додека стигнам до неа.

December 29, 2015

Игра на годината: The Witcher 3

Ах, и онака не играв многу игри што излегоа оваа година, па дај само да го избереме ова и да продолжиме понатаму, океј? Како зошто? Сега се мислам дали е дојде тој ден кога ќе го згужвам и фрлам постот за Skyrim што го напишав неколку недели пред да почнам да го оплеменувам хербариумот на Гералт, со два мечoви на грб. Но, The Witcher 3: Wild Hunt e многу повеќе од симулатор за берење цвеќиња. Всушност, можеби е најдобрата RPG игра откако се измислени пиксели, па ако престанам да ја бранам Skyrim поради камерата од прво лице и можноста за креирање лик по свој терк наспроти предефинираниот Гералт, ќе го признаам тоа јавно и ќе го посведочиш. На крајот, тоа никако не го оспорува квалитетот на Skyrim. Леле, добро Бобо.


Па, до кај сум? Стигнав некако до Новиград. Најдеталниот град што сум го видел во RPG игра, вистински е, не е само неколку куќи намалени во размер, туку детално изработен и населен со жители кои дополнително создаваат чувство дека е жив. И, не, нема да ти се пуштат стражари ако си заклал кокошка, иако важиш за некаков митски јунак меѓу нив. Гледам во вас, глупаци од Ривен. Моментално во Новиград сум на заебана херојска задача, го барам пријателчето Данделион по разни курварници. Ми треба, зошто можеби знае нешто за Сири, со која патем изиграв неколку флешбеци по пат. 


Да, го пројдов и наградуваниот квест со Баронот, само што исходот не беше ист како вашиот, другари. Што направив за да не се обеси? Го одбив за неколку работи зошто веќе немав толеранција за неговите непрекинати барања (Вичер сум со договори на дело, не сум ебен дух од ламба), ама на крајот пак ја дозна судбината на тие што ги бараше. Веќе доволно спојлери му направив на Бојчо, сака да ја игра, ама нема време. Извини. 


Интересни беа и квестовите со Кеира. Не ја убив како повеќето зошто сепак имам срце, бездушни едни. Барем имав, додека не ми се стопи во таверната каде што го следев настапот на Присила. Емоциите беа пресилни, ама издржав машки за разлика од пијаните бараби околу Гералт. Сум слушал многу саундтреци од игри, ретко што успеало вака да ја предизвика мојата храброст. Секоја чест тиму одговорен за музиката, секоја чест. Одлично се вклопува во целиот амбиент, без разлика дали свири од некој пазар полн со лопови или на некоја зелена полјана каде што секој момент можеш да бидеш изненаден од мечка или некое суштество за кое не си сигурен како треба да го убиеш.

Ако некогаш ја завршам, ќе играм Fallout 4. Има премногу, премногу содржина, приказните се феноменални и покрај тоа што често структурата на квестовите е иста, а и онака немам желба за друго. Со оглед на времето што едвај го имам за играње, Wild Hunt ќе ме држи до пролет. Еј, да. Тие вештерките? Најгрозното нешто сум го видел во игра. Погрозно и од обидите на Blizzard да ја направат Cataclysm добра експанзија.

December 15, 2015

Први впечатоци од The Witcher 3: Wild Hunt

Ги чув сите убави зборови за The Witcher 3: Wild Hunt, мислам дека не ни постојат поинакви. Како некој што не беше нешто особено импресиониран од двојката (веројатно никогаш не посветив доволно време), ги третирав со резерва додека летоска не ми се пружи кратка прилика да ме воодушеви на PS4. Деновиве, конечно сум Касапот од Блавикен во домашна атмосфера. Во главно, трчам низ некои од најубавите места што сум сретнал во RPG, берам цвеќиња, ослободувам опседнати бунари, првам скриншоти секоја минута, сечам глави на дезертери, помогнав на несреќно село да се спаси од збеснат грифин и моментално се обидувам да дознаам што се случува со Сири.


Забавнa e. Последен пат вака добро во RPG игра си поминував во Skyrim. Уште е рано да го потврдам мислењето на другарите и критиката, дека е најдобрата игра со квестови во историјата на игрите, но дефинитивно е најдоброто во жанрот од Skyrim навака. Приказната е феноменална, а начинот на кој се раскажува те заробува во светот уште од самиот почеток. Дури и попрецизно раскажана, зошто уште во првата таверна имав појасна претстава за тоа што се случува околку мене во светот. И, веќе се грижам за некои ликови, а тек допрва треба да почнам со играње. Тоа ми е најбитното кај ваквите игри. Ако уште од старт не успеам да се внесам, ќе трчам безвезе додека зјапам во бои и бројки додека не најдам нешто друго за играње. Wild Hunt бесмилосно ти прети на слободното време од моментот кога Гералт ќе излезе од дрвеното корито. Биди спремен да се поздравиш со најблиските.


Она што ми ја прави попривлечна од претходните е флуидноста. Движењето е мазно и слободно, борбите се подинамични и аркадни, па целиот гејмплеј е некако позадоволителен. Не знам дали "упростено" е најадекватниот термин, еве ќе одиме со "подобрено" пред да тргнеш со сребрениот елитистички меч кон мене. Уште сум на почеток, па можеби играта допрва ќе треба да се претстави со некој посериозен предизивик. До сега не налетав на борба што е фрустрирачки непристојна, веројатно само сака да ме погали по белата коса пред грубо да ми го спопика.


Имам уште многу пред мене, само што зачекорив. Светот е огромен, па најмногу губам време за го истражам секое дрво и камен, некогаш и да поуживам во музиката. А, дизајнот е толку детален што имам чувство дека не видов ниедно исто до сега. Ќе се разгалам бе со ваква раскошна графика, утре WoW ќе ми изгледа 16-битно и ќе се чудам зошто растенијата не се мрдаат реалистично кога дува ветар. 

За помалку од десет саати, Wild Hunt веќе ми ги врати парите што ги дадов. Вреди за секој долар. Ако си пукнал стотици евра на нова машина, дваесетина долари за Стим клуч (на попуст, додуша) не се ништо. Не биди циција.