Showing posts with label Pacific Rim. Show all posts
Showing posts with label Pacific Rim. Show all posts

March 7, 2021

Можевме и без Pacific Rim: The Black

Првиот Pacific Rim ми беше еден од најпривлечните блокбастери минатата декада. Како може да не сакаш филм каде што човештвото војува против џиновски чудовишта од друга димензија користејќи mecha роботи со сличен таков џиновски габарит? Концепт што можеби е посвојствен за аниме, профункционира одлично на филм. Вториот дел, Pacific Rim: Uprising, не беше ни малку лош, ама некако не го достигна ефектот на првиот од 2013, па не успеа да ја отпочне мултимедијалната франшиза на која толку се надевав. 

Баш поради Uprising нема да видиме трет филм во скоро време. Самиот Дел Торо пред некој месец изјави дека нема никакви планови да го гура ова понатаму, а ниту приметив дека некој друг има волја или доверба да инвестира во ново продолжение. Штета. Сепак, Pacific Rim конечно реши да пркне малку и на друг медиум. Викендов излезе аниме серија со седум епизоди - Pacific Rim: The Black. Пукнат за нов материјал сместен во овој универзум, ја сркнав во две седнувања. Два и кусур саати, отприлика колку еден долгометражен филм.

Но, за разлика од првите два филма, Pacific Rim: The Black малку неефикасно се справува со концептот. Pacific Rim аниме звучи како супер идеја, тематски таму и припаѓа приказната. Меѓутоа, филмовите функционираа баш поради тоа што успешно го извлекоа тој специфичен аниме шарм надвор од неговиот матичен медиум. За сега тие ствари да се добри и како аниме, треба приказната да е малку повешто склопена. Pacific Rim: The Black има океј основа за интересна приказна, само што неуспешно трупа глупости една врз друга со надеж дека нема да се занишаат и распаднат насекаде. Што и се случува неколку пати, за жал. 

Две генерични аниме деца на Јегер пилоти се оставени од родителите во некоја австралиска вукојебина, навидум во безбедно засолниште. Еден ден децата туку-така наоѓаат неактивен Јегер наменет за тренирање пилоти и откако ќе го активираат, нив ги наоѓа каиџу кое сака да ги дигне на клоци и нив, и Јегерот и сè што преживеало тие пет години во пустината откако Јегерите заминале на друг фронт. Па, така децата некако ќе успеат да куртулат од разбеснетото каиџу и го фаќаат патот накај Сиднеј каде што се надеваат дека ќе ги најдат нивните родители. 

Премисата не е толку лоша, ама Pacific Rim: The Black прави многу малку со неа, што ме тера да помислам дека можеби ова требало да биде долгометражен аниме филм што некој решил да го искасапи и развлече во седум епизоди. Отсуствува чувството на опасност и очај од каиџу заканата карактеристично за филмовите, а човечките негативци имаат глупави и неиздржани мотиви кои никако не може да се порамнат со ситуацијата во која се наоѓаат. Оттаму, никогаш не можеш да осетиш дека протагонистите се навистина загрозени. 

Не бев стигнат ни до пола кога почна да станува напорно. Седум епизоди се премал простор за ваква нефокусирана приказна. Упорно се стреми и да ја надополни митологијата со некои нови фазони, ама времето за убаво да ги испегла и вклопи во веќе постоечкиот наратив е прекратко, a придонесот кон Pacific Rim универзумот е едвај забележлив и безначаен. Можеби замислувале и втора сезона за да градат врз овие концепти, можеби и ќе ја има во иднина, меѓутоа како да заборавиле дека и ова што го имаат тука треба да опстане самостојно. 

Не знам дали би можел да го препорачам ова. Ако си фан на Pacific Rim, веројатно е океј за едно гледање. Како аниме е едноставно досадно. Не се ни труди да те воведе во големата слика, па така што ако немаш предзнаење од филмовите, веројатно е уште подосадно. Pacific Rim гледаш за тепачките пред сè, не за драматичната фамилијарна динамика. Има еден куп подобри mecha аниме серијали кои може да ти ги задоволат потребите и за едното и за другото. Единственото стварно позитивно за Pacfic Rim: The Black е анимацијата, ама тоа е далеку од доволно за прелазна оценка.

Види такоѓе:

April 2, 2018

Pacific Rim: Uprising е вториот најдобар филм на сите времиња

Порталот што ги донесе чудовиштата од дното на океанот и запретија со истребување на човештвото, немаше шанси да остане затворен. Неговата неактивност дури и некако долго потраја. Првиот Pacific Rim од 2013 го сметам за најоргиналниот блокбастер во последните десетина години. Не е адаптација на стрип, книга, линија играчки, не е ни римејк, ниту дел од голема франшиза, туку само својствено ги користи елементите од 'mecha/kaiju' жанрот.

Можеби поради непрепознатливоста на марката, Pacific Rim не успеа да завземе поцврста позиција кај публиката, меѓутоа сепак заработи солидно за да го обезбеди продолжението кое пред некоја недела конечно изби во кино-салите. Од сите овие "големи" филмови годинава Uprising е единствениот околу кој бев и сум уште возбуден. Ме интересираше во кој правец ќе ја тера приказната, како ќе гради врз фолклорната основа од кецот, дали ќе успее да го повтори шармантниот настап, но пред сè сакав да видам како џиновски роботи управувани од луѓе ќе се тепаат со интердимензионални монструми слични по размер.


Тоа е всушност р'бетот на овие два филмови, спектакуларните битки помеѓу две колосални сили се средството со кое Pacific Rim цели да ти го освои вниманието. Тоа и очекував да го гледам во Uprising, порталот пак да се отвори и да ја трансформира Земјата во поле каде што уште еднаш две цивилизации ќе си докажуваат чија големина е побитна. Uprising не отскокнува многу од оваа поставка, но додека стаса до таму се обидува да биде инвентивен со малку поразлични идеи кои претежно супер функционираат. 

Не само што нуди поблизок поглед на свет кој пред десет години бил разорен од чудовишта и роботи, туку заканата ја освежува со нови методи и мотиви. Хронолошкото поместување на приказната носи и нови ликови. Дел од нив се можеби неколку нијанси послаби од оние од првиот дел, но бидејќи филмот почесто гравитира околу комични ситуации нивната функција е соодветна. Да, Uprising е некако поблаг и повесел. Не можеш од ваков тип филмови да очекуваш да се доживуваат себеси премногу сериозно, но овде нивото е спуштено подолу.

Можеби отсуството на Гилермо Дел Торо е причината за малата промена на тонот, но Стивен ДеНајт надоместува со најаниме сцената што сум ја видел на филм која нема да ја спомнам поради спојлери. Во тој момент заборавив на сите невешти ситници, неконзистентната логика и начините за да се победи вакво каиџу и секој пат кога успевав да предвидам сцена. Некои пресврти тука и таму воспоставуваа баланс, меѓутоа таа сцена ме потстана од седиште.

Иако Uprising во моментов ја поларизира западната публика и критика, фетишот на кинезите за џиновски роботи сигурно ќе успее финансиски да го поткрепи следното продолжение. Мислам дека како филмски серијал има уште снага пред да го изгуби мирисот на ново или да почне да се пародира себе. Крајот на Uprising веќе го наговести следното продолжение, па верувам дека ќе сум повторно таму. Забавата е речиси беспрекорна.

June 19, 2016

На светот му се потребни уште Pacific Rim филмови

Веројатно не на сите, сакам малку непотребно да генерализирам, меѓутоа мене ми треба нов Pacific Rim филм. Можеби светот и не беше спремен за Pacific Rim пред три години, не знам. Некако не паѓаме доволно во несвест околу филм каде што џиновски роботи се борат против џиновски чудовишта кои на Земјата доаѓаат преку портал кој се наоѓа на дното на Тихиот Океан. Не ми е јасно како ова не е културолошки феномен денес и зошто е дозволиво Transformers филмски серијал да им поголемо глобално влијание. Дали е тоа само прашање на поинтензивен маркетинг или вниманието на публиката полесно се добива со брендирани моторни возила кои се преобликуваат во џиновски роботи?


Не можам да им кажам на луѓето што да сакаат, ама барем можам да се обидам да разберам зошто не ги сакаат истите ствари како мене, така? Колку и да е желбата за разбирање погрешна. Дали навистина побрутален маркетинг ќе го обединеше светот во љубов кон Pacific Rim како тоа што го направи Star Wars или некои суперхеројски адаптации? Дали доколку беше базиран на веќе постоечки материјал ќе беше поуспешен? Што не успевам да видам тука? Една работа, сигурно. Мааните на Pacific Rim. Барем оние што би можеле да го проколнат филмот надвор од сеќавањата на широката публика.

Бев толку скептичен околу Pacific Rim и способноста на Дел Торо да го изведе правилно пред три години, а сега ми станува подобар со секое гледање. Како што поминува времето, веројатно ќе ми стане и стандардниот филм за преживување мамурни денови. Има ебени џиновски роботи што удираат боксови на интердимензионални диносауруси! А, кога ќе згусти, истите тие роботи со најкул имиња на светот пукаат ракети и вадат ебани џиновски мечови. И, како ова не е најкул ствар што се има случено во историјата на блокбастерите после лајтсејбери, машини пратени од идинината да убијат десет годишни деца и археолози со камшик и шешир кои се тепаат со нацисти? 

Гледај го внимателно филмот, преубаво изгледа. Визуелниот момент што се одвива пред тебе е маестрален. Ако не ти се насолзат очите од бесмислосна битка помеѓу машини и клонирано тврдо месо на дното на океанот, ќе се изгубиш на дождливата неонска сајберпанк атмосфера која Дел Торо ја креира во Хонг Конг. Секој кадар преполн, цело време се случува нешто во позадина. Тоа е таа режисерска мајсторија. Баш тој визуелен аспект има огромно улога во градењето и обликувањето на светот кој е на раб на уништување од тие подводни гомнари. Брилијантно е. Затоа и толку добро се вклопуваат тие ликови излезени како од аниме што толку многу им пречат на сите.

Со години, продолжението беше неизвесно. Или целата франшиза, што во моментов и не е баш ...најпостоечка. Пред некој месец продукцијата продолжи да се одвива и вториот дел веќе има работен наслов, Maelstorm. Дел Торо ќе биде заменет со Стивен ДеНајт од Spartacus, но останува како продуцент. Деновиве има вест дека Џон Бојега ќе биде во главна улога. Датумот за премиерата на новиот Pacific Rim е 4-ти август 2017 23-ти февруари 2018. Студиото има амбиции и за трет дел, па можеби во меѓувреме светот ќе види што навистина е ова ремек дело.

October 5, 2013

Pacific Rim (2013)

Спуштените очекувања и големата доза на скептицизам ми го направија Pacific Rim посебно доживување. Сакам кога во вакви случаи сум пријатно изненаден. Сега можам да се каам зошто го пропуштив во кино. Филмот е таков визуелен спектакл што само во кино може да се осети како што треба. Така е кога е изгубена довербата во денешните блокбастери, за жал. А, Pacific Rim е пример за како треба да изгледа еден таков блокбастер. Големо, но не и претенциозно. Гилермо Дел Торо си ја задржа почитта од мене, иако се посомневав кога видов каков филм ќе режира. Барем му покажа на Мајкл Беј како се прават вакви филмови. Ова е тоа што три дела на Transformers не можеа ни пола да го доловат. 

Приказната е прилично едноставна, без непотребно комплицирање и тегнење, но полна со фини детали кои ја прават сликата повпечатлива. Влијанието од јапонската tokusatsu школа и аниме се осеќаат во сите компоненти на Pacific Rim. Дури и чудовиштата кои ја напаѓаат Земјата се наречени kaiju, што во буквален превод на јапонски значи баш тоа - чудовиште. Џиновските mecha робот кои луѓето ги користат за да се борат против чудовиштата се како излезени од некое аниме. Дури и ликовите се такви, имињата на роботите, костимографијата и добар дел од дизајнот на целиот филм. Можеби и затоа и имаше таков ефект врз мене. Единствено нешто што недостасува е саундтрек. Барем нешто покарактеристично и впечатливо.

Ги разбирам лошите критики упатени конкретно кон самата приказна. Но, доколку ја прифатиш таа "аниме логика" која е присутна, прашањата сами ќе се одговорат. Токму и тоа е убавината на филмот, светот во кој е сместен си има други правила. Има и фин приказ на тоа што се случува со светот додека го роварат интергалатички ѕверови стигнати тука преку портал на дното на Тихиот Океан. Можеби на некои им фали сериозноста присутна кај слични аниме инкарнации, пример Neon Genesis Evangelion, меѓутоа како што и самиот Дел Торо си кажува, сакал да направи "полесна" варијанта на тоа.

Она што е импресивно во Pacific Rim е убавата употреба на CGI. Во споредба со слични филмови, дури и со некои комплетно различни, ова е мајсторски изведено. Не е воопшто хаотично како Transformers. Локациите на битките се внимателно избрани, за Дел Торо да може да го потенцира спектарот на бои со кој умешно си игра во добар дел од неговите претходни остварувања. Осветлувањето на сцените е мајсторско и за разлика од (ете споредбата е некако неизбежна) Автоботите и Десептиконите, тука можеш да видиш кој џиновски монструм му удира бокс на другиот. 

Кога два саата ќе ти летнат како дваесет минути, знаеш дека формулата е успешна. Pacific Rim дефитивно не е за секој, иако е понуден на најшироката можна публика. Ако сакаш mecha роботи и аниме, шансите да ти се свиѓа се многу поголеми. Продолженијата се неизбежни, а до тогаш може да се пролиста стрипот кој служи како вовед во приказната.