March 29, 2020

Филм на неделата: Vivarium (2019)

Откако лани премиерно се прикажа на Канскиот филмски фестивал, Vivarium деновиве е конечно достапен и за нашите домашни карантински гледачки маратони. Нетрпеливо го чекав уште од првиот трејлер и мило ми е што до сега успеав да се заштитам од други дополнителни детали и спојлери. Филмот ми понуди малку поразлично искуство од она за кое мислев дека ме подготвил, меѓутоа сум доволно задоволен за да го одвојам како највпечатливиот од тие што успеав да ги извртам во оваа долга недела. 

Vivarium е фино мало трилерче со научно-фантастична нота на ирскиот режисер на Лоркан Финеган кое според тоа за колку кратко постигна силен поларизирачки ефект кај публиката, очигледно не е за секого. Или ќе уживаш или ќе те остави да патиш по тие девеестина минути. Vivarium никогаш не смета дека ти должи повеќе од тоа што го нуди и како таков сосема можам го ценам. Донекаде можам да се сложам дека би бил пофункционален со покомпактно времетраење, како епизода од антологиска серија или краток филм, ама ако успее да те закачи нема ни да осетиш дека е саат и пол.


Млад пар (Џеси Ајзенберг и Имоџен Путс) се во потрага по нов заеднички дом и завршуваат кај еден крајно сомнителен агент за недвижнини кој ќе ги одведе во ново изолирано маало каде што сите куќи изгледаат идентично. Куќите имаат убави дворчиња, уредни тревници, големи соби, ѕидови и мебел во пастелни бои, баш онака за идилично домување. Како Вес Андерсон да ги проектирал. Додека потенцијалните купувачи разгледуваат наоколу агентот го снемува и кога решаваат да си заминат, сфаќаат дека не можат сами да го најдат излезот од огромната населба. 

Не само што куќите изгледаат исто, туку и броевите им се повторуваат, па така бајковитиот впечаток постепено почнува да се претвора во бескраен лавиринтски кошмар. За ситуацијата да биде дополнително усрана, кога после вртење кругови повторно завршуваат кај куќата што ја разгледуваат на почетокот, таму ги чека бебе со порака дека ако сакаат да излезат од ова, ќе мора да го израснат.

Филмот иако е сместен во огромна населба, успева да биде гадно клаустрофобичен и непријатен. Се стреми да ја одржи тензијата дури и во моментите кога некои работи стануваат очигледни и предвидливи, па затоа разбирам доколку некој прерано се разочара. Сепак, онаму каде што потфрла со инвентивноста, компензира со изразен визуелен стил и амбиент. Контрастот меѓу пастелната удобност и хоророт во приказната е дел од тој дозиран баланс. Затоа и некако не ми дозволува да ситничарам дури и за моментите каде што тежнее да протне "големи" теми за да се направи попаметен одошто навистина е.

Најважно е што се одржува како кохеретна целина без да се заплетка во сопствен наративен лавиринт и да ја крепи мистеријата со некои непотребни шпекулации. Внимателно оди таму каде што се обидува да стигне без оптеретеност дали било кој би имал замерки за дестинацијата. Успешно си игра со сите работи кои располага, без да осетиш дека нешто е вишок или па дека премногу недостасува.

Ако ти се гледа како некои несреќници се снаоѓаат во чудни надреални ситуации својствени за филмови како Cube или епизоди од The Twilight Zone, ова е тоа. Иницијалната идеја е супер-интригантна, актерите соодветно ја носат гротескната неприлика за постојано да сочуствуваш со нив и плус има опширна понуда на незаборавни моменти кои сигурно ќе ти се вдомат на подолго ако дозоволиш. 

Види такоѓе:

March 21, 2020

Карантинско кино

Какво време, а? Сите по дома напикани и зачмаени во овие бавни благо-дистописки денови, кои искрено се надевам дека што поскоро малку ќе ни се разведрат. До тогаш, важно е да си поседиме на безбедно без непотребни прошетки, како би си го зачувале сопственото здравје и здравјето на сите околу. Вишок слободни саати никогаш не се на одмет, секако. Така и се отвори приликата моето домашно кино да биде поредовно со проекциите.

Со оглед на тоа што не можам баш да се отштекам од тековната глобална ситуација, изборот на филмови овој период е ми некако "тематски", колку и да звучи тоа несоодветно. Првата недела карантинското кино "Крапверк" изврте неколку филмови со апокалиптичен набој од кои ги издвоив овие три подолу. Ќе се потрудам следнава недела селекцијата да биде малку попозитивна и шарена, зашто хоророт сега некако интензивно почна да доаѓа од пореални извори.

Од иднина каде што огромен дел од човештвото е збришано од вирусна пандемија, Брус Вилис е испратен во минатото да открие дополнителни информации за вирусот, ама ќе го стрпаат во ментална установа. Епа, очигледно не можеш туку така да тврдиш дека си од иднината и зошто си дојден. 12 Monkeys е базиран на францускиот експериментален краткометражен филм La Jetée, чија идеја Тери Гилијам ја канализира во засебно ремек-дело, обмотано во густи слоеви и детали кои ги откриваш со секое следно гледање.


Повремено сакам да си го освежам впечатокот од 12 Monkeys и секогаш успева да ме чачне со ист интензитет. Филмот стареее одлично и никогаш не те остава рамнодушен кон истакнатата визуелна естетика, неповторливите перформанси на Брус Вилис и Бред Пит или емотивната снага на приказната. 12 Monkeys е еден од моите најрани контакти со научна-фантастика која се занимава со патување низ време и мило ми е што толку години го имам на располагање. Од пред некоја година има и серија која никако да седнам да ја проверам, а упорно слушам добри коментари.


"Кога ќе нема повеќе место во Пеколот, мртвите ќе чекорат по Земјата". Безвременската класика на Џорџ Ромеро, таткото на модерната зомби фикција, продолжение на култниот Night of the Living Dead. Често имам внатрешни дебати за кој од овие два филмови, а и општо од целиот Dead серијал на Ромеро ми е омилен и денес како таков ќе го утврдам Dawn of the Dead. Филмот зомби инвазијата ја носи на поголемо ниво за разлика од претходникoт, каде што сега реанимираните мртовци гладни за живо човечко месо веќе се широко распространети низ САД, а веројатно и целиот свет.


Една мала група преживеани ќе се најде заглавена во шопинг мол од каде што се обидува да се заштити од орда немртви, а и банда моторџии кои се дојдени по тоалетна хартија, брашно, квасец и макарони. Како и другите вакви филмови на Ромеро (а тие што подоцна ги инспирира), Dawn of the Dead не се воздржува да распали со општествени критики кои му даваат специфичен тон на жанрот кој можеби на прв поглед изгледа како обичен насилен грозен хорор. Задолжителен зомби материјал чија вредност е дополнителна збогатена со присуството на хорор легендите Дарио Арџенто и Том Савини како дел од креативниот процес. Зек Снајдер сними Dawn of the Dead римејк од 2004 кој не е воопшто лош.


Филмот на Дени Бојл кој заедно со Resident Evil филмскиот серијал успеа да го размрда зомби хорор жанрот, иако технички не се занимава со класични зомбија кои претежно се "живи мртовци". Група активисти за правата на животните ќе провали во лабораторија во Кембриџ со цел да ослободи шимпанза врз кои се експериментира. Притоа, несакајќи ослободува и опасен вирус кој брзо се шири кај луѓето преку крв и плунка, претворајќи ги во ултра-насилници со едвај некаква примитивна свест.


28 денови покасно, Килијан Марфи се буди од кома во болница, затекнат во опустошен Лондон и пандемија со апокалиптични последици. Набргу се спојува со неколкумина преживеани незаразени луѓе кои се обидуваат да стигнат до импровизирана воена база од која се емитува сигнал. Филмот има инвентивен пристап кон стандардизираната жанровска формула, воглавно со брзите зомбиња кои се многу пофрапантна закана од оние во Ромеро класиците. Пореалистичниот тематски тон и некои извесни шокирачки сцени прават никогаш да не ти излезе од глава. 28 Days Later високо котира на мојата листа со омилени зомби остварувања и покрај комичниот Shaun of the Dead е дефинитивно најдобриот европски зомби филм. Има и втор дел, 28 Weeks Later.

March 5, 2020

Ретроспектива на Demolition Man

Прејако беше да си дете во девеести. Гледавме филмови нон-стоп, ако ништо друго. Палиш телевизор и во сред бел ден ти иде филм со Сталоне или Шварценегер. Секој втор ден така. Златното доба на тогашните скопски локални телевизии кои емитуваа пиратска содржина од подрум. Ако решиле да пуштат нешто друго, некој во маало обавезно располага со касети нецелосно преснимени Rambo III или True Lies од телевизија, па не си оставен без твоите акциони херои. Генерации растеа вака.

Сталоне во девеести има фасцинантна филмографија. Речиси сите жанрови ги опфаќа. Ништо не е со завидлив квалитет, а сè е ултра-забавно. Многу од тие денес имаат култен статус, дури и хумористичните излети како Oscar и Stop! Or My Mom Will Shoot. Можеби не како највпечатливи жанровски остварувања, ама сигурно како Сталоне филмови. Еден таков од оваа Сталоне ера е научно-фантастичниот акционен Demolition Man (1993), познат и како филмот поради кој Денис Родман си ја фарбаше косата шарена.


Сталоне е Џон Спартан, посветен заебан џандар, а Сајмон Феникс на Весли Снајпс е насилна будала со особен интерес за убивање недолжни. По еден инцидент каде што ќе загинат многу заложници на Сајмон, некако и двајцата завршуваат во затвор каде буквално се замрзнати на 70 години. Крајно дискутабилен правен систем во далечната 1996, подеднакво сомнителен како адвокатот на Спартан кој дозволил таков полицаец да добие иста казна со манијакален криминалец, но ок. Филмот подоцна треба да ги соочи двајцата во иднина каде што не припаѓаат и тоа е тоа. 

Сајмон се буди пред време, некои триесетина години подоцна, во свет комплетно различен од неговата 1996. Во Сан Анџелес е сè мирно, идилично и речиси утописки. Општеството толку многу напреднало за триесетина години што веќе нема криминал, графити, холестерол и пцуење. Сè се снима и лесно може да добиеш инстантна казна од соодветен апарат во близина. Целиот свет во Demolition Man има ужасно симпатична естетика, дури и фантазира за некоја технологија што денес е реалност. Граѓаните се исклучително примерни, па полицијата нема ни огнени оружја, туку се опремени со глупи палки кои се особено бескорисни против будали како Сајмон Феникс. Веќе погодуваш кој е единствениот човек во овој нов свет кој може ефективно да го сопре. 

Спартан е исто одмрзнат и инстантно вработен во полицијата со единствена мисија - да го улови Сајмон. Спартан е и од друго време, па филмот супер го користи тоа за повеќе пати да ја спроведува "риба на сувo" тропата. Има една прејака сцена кога Спартан се жали дека немало хартија во тоалетот и сите му се смеат, бидејќи нели ова е далечна иднина и хартијата е заменета со некакви "три морски школки". Па, Спартан пцуе неколку пати во автоматот што печати казни за вулгарен јазик и заминува назад во тоалет. Demolition Man не е филм на Верховен, ама некогаш се стреми да има таков сатиричен тон и воглавно е ефикасен. Освен кога безобразно рекламира ланци за брза храна, можеби.

Светот во кој е сместен некогаш е напукнат од нелогични детали. Иднината која би била многу поубедлива доколку е подалечна. Не може ликови кои се повозрасни и биле живи во времето пред Џон Спартан да ставен во суспендирана анимација, сега да се чудат на неговите манири и постапки или да ги осудуваат. Зарем такви радикални индивидуални промени за толку кратко време? Разбирам дека во полициски филмови сценарстите сакаат да имаат некој надреден серко што постојано ќе се конфликтира со главниот лик, ама тука во контекст на временскиот период не функционира баш. Контам дека не е филм што се третира себе пресериозно, ама сепак.

Општиот амбиент на филмот, досетливиот хумор, Денис Лири, музиката на Елиот Голдентал и по сите акциони стандарди феноменалните перформанси на Сталоне и Снајпс, не дозволуваат да биде демолиран дури и кога најсилно ќе се заклати. Demolition Man е презабавен и покрај тоа што располага со еден тон глупости, ама па од денешен аспект многу од таквите придонесуваат да изгледа така шармантно. Ова е филм од најдобрите денови на Сталоне. Кога можеше сам да износи било што само поради тоа што е Сталоне. Како таков, го сметам за еден од неговите најдобри. Нема денес веќе вакви филмови, ама за среќа минатото чува доволно.

March 2, 2020

Doctor Sleep, второкласното продолжение на The Shining

The Shining е еден од најдобрите филмови некогаш снимени во хорор жанрот и e мојата омилена адаптација на Стивен Кинг книга што не сум ја читал. Изворниот материјал е поразличен од филмот на Стенли Кјубрик, барем онолку доволно за да доживее страствен презир од самиот Кинг. Знам дека книгата повеќе се ослонува на натприродното отколку психолошкиот терор, па затоа и никогаш не сум имал желба да ја читам. Може и да не е вооопшто лоша, ама сум толку сврзан со филмот што не верувам дека било што друго би успеало така ефективно да ми ја раскаже приказната за фамилијата Торенс и нивниот престој во хотелот "Оверлук".

The Shining е сосема доволен и перфектно си ја исполнува намената, без оглед на тоа како се однесува кон книжевната основа. Оттаму, некако потешко загризав на идејата за продолжение, посебно вакво филмско кое се обидува истовремено да биде втор дел и на книгата и на филмот на Кјубрик. Ланскиот Doctor Sleep филм, базиран на истоимената книга од 2013, се занимава со возрасен Дени Торенс кој се труди да си го најде местото во светот додека срка алкохол за да се справи со "сјаењето", а и со траумите од последниот пат кога го видовме.


Концептот на "сјаење" е многу суптилно чепнат во The Shining филмот. Знаеме дека е некаква телепатска моќ и луѓето кои се обдарени со "сјаење" може да комуницираат без зборови, меѓутоа кај Кјубрик тоа не е примарната нишка. Не е како некој да беше професорот Чарлс Ксавиер или нешто таму. Doctor Sleep од друга страна, "сјаењето" го користи како главен мотив во филмот кој ги поврзува сите негови точки. Имено, Дени се обидува да заштити едно девојче од мистериозен култ кој практично се храни со животната енергија на луѓе кои можат да "сјаат".

Нафрлени се многу различни аспекти од оваа моќ кои верувам дека имаат некакво значење за оние кои се запознаени со книгите, ама за мене како љубител исклучиво на филмот на Кјубрик и неговата поприземјена природа, се малку преголем "Стивен Кинг од девеести" залак. Очекував дека ќе гледам нешто сосема различно од The Shining и ценам што филмот има сопствен глас дури и кога пулсира во сенката на неговиот предок, само што премногу време троши на некои ствари кои би функционирале многу подобро ако не ти се сервирани директно во фаца.

Со тоа што Doctor Sleep упорно соџвакува многу елементи, ја губи целата мистерија на која би можел одлично да извози. Вака, не само што е лишен од било каква тензија, туку и негативците во ниеден момент не изгледаат како сериозна закана. Никогаш не осетив дека главните ликови се било како загрозени, ни дека внатрешниот конфликт на Дени има некаков разорен потенцијал. Други некои сегменти толку многу непотребно ги развлекува и повторува што дури и заспав неколку пати. Баш ти фала, Докторе. И, The Shining согорува споро, ама па таму исходот е далеку поисплатлив.

Покрај култната положба на The Shining, веројатно е невозможно Doctor Sleep да опстои комплетно самостојно без повремено да упатува силни референци кон тој филм. Мислам, се разбира дека може, ама ќе претпоставам дека некој сметал дека е подобро да јавне малку и на таа препознатливост. Единствен човек на кој ова не би му било природно е Стивен Кинг, претпоставувам. И, овој дел од филмот одлично функционира, замисли. Огромен дел од времето Doctor Sleep изгледа фино отцепен, па во моментот кога почнува да ѝ удоволува на публиката дојдена од Кјубрик не делува онака пренападно.

Не знам, можеби ова е мал спојлер сега, ама во The Shining книгата, хотелот гори речиси до темел и таков е и во Doctor Sleep книгата. Меѓутоа, тука во филмот е направена одлука хотелот сепак да постои како во крајот од првиот филм за да може Дени таму го дочека големото финале. Режисеров Мајк Фланaган се потрудил да обезбеди скоро идентични сетови од ентериерот на хотелот "Оверлук" низ кои елегантно маневрира без тоа да стилски изгледа "кјубриковски". Ептен го испочитував овој момент. Изгледа познато, а не е евтина копија.

Иан МекГрегор е добар како возрасен Ден Торенс. Никогаш не сум помислувал што се случило понатаму со малиот Дени, и ете денес изгледа како неотрезнет Оби-Ван Кеноби. Сосема во ред. Не го гледам МекГрегор често последниве години и баш ми е мило за приликата да го видам пак во главна улога. Остатокот од главната екипа е исто солиден, ама најголемо изненадување ми се актерите кои глумат ликови од првиот филм. Не е воопшто лесно да емулираш такви актери во улоги како The Shining, а малава екипа тука одлично си ја завршила работата. Кратко, ама доволно убедливо и впечатливо.

Иако иницијалниот впечаток од Doctor Sleep не ми е најпозитивен, со тоа што ме буцна доволно за да се распишувам, ме кандиса за второ гледање. Веројатно ова го прави филмот подобен за моја препорака? Има и Director's Cut што трае триесетина минути подолго, па ете тоа ќе го гледам следен пат. Не верувам дека ги поправа нешто многу проблемите со темпото,  праволиниската приказна или недостатокот на вистински хорор, ама ме интересира што има во тој додатен материјал. Го мислам филмот предолго откако го гледав и очигледно ме закачи со нешто, а не ми е јасно во целост што. Не, не е поврзаноста со The Shining.