March 29, 2012

Крај на карневалот во RIFT и најава за Infernal Dawn

Денеска започна петтата фаза на Carnival of the Ascended ивентот во RIFT. Карневалот што речиси еден месец се случуваше низ Телара, денес е спакуван во кутии и кочии и спремен да замине до следната годишнина. Со новата фаза денес, се отвори и квестот кој го дава и петтиот токен за купување на маунтот достапен само на овој ивент. Ете го доле, Tindrel, механички пајак. Вториот маунт ќе го соберам со другиот карактер.


Ивентот не запира со карневалот. Преостануваат уште две фази во кои би требало да се разгори војната помеѓу двете фракции. Како Trion ќе го изведе ова, останува да се види во следниве две недели. Од ивентот, собрав се што можеше да се собере, сите маски, сите балони со змејови, а денес и маунтот. 

RIFT и понатаму продолжува со експресен развој. По последните две фази од овој ивент кои ќе завршат некаде кон средината на следниот месец, го пуштаат новиот рејд, Infernal Dawn. Дваесет и пет играчи ќе имаат можност да се спротистават на Богот на Огнот, Maelforge. Артот од новиот рејд може да се погледне на овој линк. До сега, ова е најдобриот дизајн што сум го видел во играта.


Деновиве почнав да играм Chloromancer билд, како активен healer во инстанци и PvP. Сосема различно искуство од DPS. Ете, една од најдобрите работи во RIFT е тоа што системот на "души" овозможува повеќе улоги во инстанци (и рејд и обичен данџн) на еден карактер. Со избор на една класа, потребно е само добра комбинација на три од понудените осум "души" и секој може да биде тенк, хилер или DPS. Затоа и не ме чуди што многу нови игри се решија да го "позајмат" овој систем. 

И добро, има ли некој од Македонија што игра RIFT освен мене? :)

March 27, 2012

Бесплатни MMORPG игри во 2012 (трет дел)

Без многу објаснување, трета тројка на бесплатни игри за оваа година. Две нив се веќе достапни за играње, додека третата бара познавање на кинески, корејски или јапонски јазик, барем додека не ја пуштат верзијата на јазик кој оние два-тројца што го читаат ова би го разбрале.


RODE, или Rise of Dragonian Era, е тазе игра чии сервери беа отворени овој месец. Шаблонски MMORPG наслов, со механика стандардна за актуелните гиганти од овој жанр. Но, сите клишеа што ги содржи, вешто се обидува да ги скрие со неколку фини додатоци. Меѓу нив е и поседувањето на сопствени змејови кои играчот ќе ги "одгледува" од јајце. Змејовите, освен придружници, слушат за превоз и за битки во воздухот. Второво е интересно, бидејќи е реткост во жанрот. RODE има две фракции, шест раси и четири класи, секоја со осум посебни спецификации, нешто како RIFT, доколку грубо споредам.

Vindictus оваа година конечно и во Европа. Играта е инспирирана од Келтска митологија и наместо класичните спелови и гејмплеј, нуди можност за буквален масакар со комбоа низ инстанцираните нивоа. Ете, нека збори видеово наместо мене околу тоа. Иако Vindictus на прв поглед изгледа совршено, има еден главен недостаток. Наместо можност за креирање на сопствен херој, нуди неколку ликови со предефинирани можности за чии измени треба да се плати. Во принцип е акционен RPG кој ете некако успеал да се избори како MMO. Има слични сингл-плеер игри кои верувам дека се многу подобри. 

Continent of the Ninth (скратено C9) нуди нешто измеѓу игрите што погоре ги спомнав. Борбите се слични на Vindictus, додека делот со подесување и креирање на карактери е како кај RODE и секоја друга "нормална" MMORPG игра. Од тоа што може да се види во видеата, C9 не изгледа воопшто лошо, а огромниот интерес за играта верувам дека ќе ја донесе побргу и во Европа. Месецов пројде и VIP тестот чии резултати би требало да го одредат датумот. Играта е веќе некое време достапна преку корејските, јапонските и кинеските верзии. 

Види такоѓе:

March 23, 2012

The Clone Wars: Одмаздата на Дарт Мол

Крајот на четвртата сезона и не можеше да биде подобар. Веќе е јасно дека The Clone Wars е една од најдобрите анимирани серии некогаш снимени, без оглед на тоа што првата сезона беше тапа и многумина не ја ни догледаа до крај. Од втора сезона, па до сега, серијата покажа квалитет на многу високо ниво, од приказните до самата анимација, не оставајќи простор за дискусија. Браво.

Последнава епизода (незнам зошто истрипав дека ќе има уште две) го врати Дарт Мол во полн сјај и на две нозе. Механички додуша, но подобри отколку осум. Баш како што треба, како што беше прикажан во Star Wars: Visionaries. Поткрепен од Саваж Опрес, воден е од една работа, да му се одмазди на Кеноби. Откако ќе го предизвика со убивање на недолжи жители на некоја небитна планета, Кеноби решава да замине и сам да се соочи со него. Нормално, наспроти советите на Мејс Винду кој покрај тоа што е единствен црнец во Советот, не гледа и никаква акција.

Паралелно со Кеноби, на планетата заминува и Вентрес да ја бара сопствената одмазда, зошто очигледно сите во Галаксијата и имаат нешто згрешено. И, нормално, има епско соочување меѓу Мол и Кеноби, нешто што милијарди фанови низ подрумите во светот чекаа да го видат пак. Кеноби, видно напнат од вербалните провокации на Дарт Мол, ја губи битката и со Вентрес бегаат од планетата. Далеку од карактерот на Кеноби, но како поинаку ќе се оставаше простор за Дарт Мол како главен негативец во петтата сезона? Штом остана жив, ќе видиме уште многу. А, како што зборуваше Лукас пред неколку години, серијата треба да има (најмалку) пет сезони, па јас би потпишал со две раце да се заврши со Дарт Мол. Само за тоа, ќе причекаме до есен.

Супер епизоди, и оваа и претходната. И целата сезона беше добра. Мило ми е што серијата (намерно или не) успева да ги прикрпи глупостите од приквел трилогијата, онака скроз елегантно. Со приказната и нема баш огромен простор, меѓутоа ликовите се движат кон тие кои ги знаеме од оргиналните филмови.

March 20, 2012

Новите DC: Batman #2 - #6

Се трудев редовно да пишувам за новите изданија на DC, но очигледно испадна дека не ги ни следам редовно. Поубаво е кога ќе се соберат повеќе за читање, а особено ако приказната е волку добра како во Batman. Последниве три броја летнаа сабајлево.

Скот Снајдер е луд. Храбар и луд. Храбар зошто се осмелува да истражи замрсени делови од минатото на Брус Вејн и Готам, до тој степен што никнуваат некои сомнителни прашања за судбината на неговите родители и предци. Луд е затоа што успеа да го остави Бетмен во лавиринт цела една недела, предизвикувајќи ги границите на самиот лик, и тоа онака, шампионски изведено. И порано сме го виделе Бетмен (скоро) скршен и во сериозно нарушена психичка состојба, но не на ваков начин. Интересното е што баш тој дел од приказната почнува онака наивно, нели, Бетмен во лавиринт? Ќе си речеш, како во цртан филм, што може тука да биде лошо за него? Сè додека не се запали бет-сигналот и не ја сфатиш сериозноста на ситуацијата.

Приказната во која откривме дека стои мистериозна организација наречена Court of Owls и "управува" со Готам со генерации наназад, ми личи како да е далеку од расплет. Со секој број се откриваат нови детали кои водат кон некоја поголема слика. Зошто е Бетмен потребен или стои на патот? Кој е Talon и дали некој друг е "кандидат" за неговата позиција? Која е приказната на Алан Вејн? Има толку многу работи кои треба да се разоткријат. Во Снајдер имам комплетна доверба сега. Типот ме изненади уште во првиот број, кој и највеќе го чекав кога беше најавен рибутот. Капуло е ѕвер, тоа мислам дека и нема потреба да го спомнувам. Докажано квалитетен, секаде каде што е потпишан.

Како што прочитав, Court of Owls ќе се (или веќе се, незнам, прекинав да следам редовно) дел и од другите нови наслови на DC, преку арк наречен Night of the Owls. A, време е да се грабнат и другите, има еден цел куп нови.

Види такоѓе:

March 18, 2012

#sixseasonsandamovie

Екипата од колеџот Гриндејл, после "зимскиот распуст" од неколку месеци, повторно е тука со нови епизоди. Иако судбината на Community беше предизвикана, серијата успеа да се избори за продолжување на сезоната и тоа побрзо него што очекував. Една недела пред прикажувањето на новата епизода, враќањето на Community беше соодветно поздравено со неколку кратки анимирани цртани, кои може да се погледнат на ЈуТјуб.

Супер епизода, но видела серијата и подобри моменти. Или јас очекував премногу. Во секој случај, мило ми е што еден од моите омилени ситкоми продолжува понатаму. Community си држи квалитет кој иако варира, сепак се одржува на некое задоволително ниво. Затоа и ме чуди зошто рејтингот не успева да ги исполни стандардите на NBC. За жал, тоа е пресудното за сите серии што ги гледаме, без разлика колку се добри или не. А, јас секако дека би гледал уште три сезони и филм, па и повеќе. Само нека се држи како до сега.

П.С. Пирс е сеуште најдобриот лик.

March 15, 2012

Diablo III на 15-ти Мај

Добри вести денес! Конечно датумот кој се чекаше со години! Blizzard најави дека Diablo III ќе биде објавена на 15-ти мај, за два месеци од сега. Играта веќе е достапна за нарачка од официјалниот сајт, а тие што ќе се претплатат на една година World of Warcraft ќе ја добијат бесплатно. Јас ќе ја чекам во кутија, зошто некако ми е подраго од дигитална копија.

Diablo III ќе има пет класи (Witch Doctor, Barbarian, Monk, Wizard и Demon Hunter), PvP арена, бројни сингл-плеер квестови и co-op. Купувањето и продавањето на предмети во играта ќе се одвива со вистински долари, што е можеби единствената негативна страна.

Ја играв бетата пред некој месец, пиратската бета да бидам прецизен, и беше супер, само што интерфејсот делуваше недоправен. Сигурен сум дека ќе има огромни подобрувања во финалната верзија. Позитивното е тоа што играта комплетно ја има задржано атмосферата од претходните и не се обидува да биде нешто ново. Иако освежена, Diablo III е Diablo игра во суштина, баш таква каква што треба да биде.

Во меѓувреме, се надевам дека и Torchlight II ќе добие датум. Ако почекаат уште малку, играта целосно ќе се изгуби во сенката на Diablo III.

March 10, 2012

The Clone Wars: Враќањето на Дарт Мол

Во период кога The Phantom Menace 3D е актуелен, враќањето на Дарт Мол во The Clone Wars е некако логичен маркетинг потег. А, кога и Чубака се појави, зошто не и Мол, нели?

Трет дел од приказната што ја следи одмазата на Вентрес, која беше отфрлена и предадена од Дуку. Со талисман од Nightsister, Саваж Опрес, воин од расата на Дарт Мол, трага по изгубениот брат. Потрагата го носи на Lotho Minor, планета во анусот на Галаксијата која е практично отпад. Во тунели од ѓубре и р'ѓа, Опрес ќе се соочи со огромен механички пајак, кој е секако Дарт Мол со бонус нозе од половина надоле. Максимално напнат (како и секој друг пресечен на два дела), решава да му се одмазди на Кеноби, уште во следната епизода која ќе биде прикажана за една недела.

Приказната е интересна, меѓутоа веќе има едно враќање на Дарт Мол кое беше многу подобро од ова. Барем самиот негов изглед и оправдувањето за долниот дел. Во Star Wars: Visionaries (една година се спремам да пишам за ова), има една фина средба помеѓу Кеноби и Мол, каде што накурчениот Сит има само две, наместо 18 механички нозе. Доколку следната епизода Дарт Мол не е комплетно разрешен, би сакал и 'понормален' да го видам во The Clone Wars. Дарт Мол е супер негативец кој мислам дека не си го доби заслуженото време во приквел трилогијата, па еве им шанса да се поправат. Има место и за него тука, многу повеќе отколку за тинејџерот Боба Фет.

Фина епизода, ќе видиме следната што ќе донесе. И зошто испукаа јаки приказни сезонава, ме занима како ќе ја завршат. Остануваат уште 4-5 епизоди до крај.

March 9, 2012

Game of Thrones: Трејлер за втора сезона и најава за MMORPG игра

За три недели, почнува втората сезона на Game of Thrones. Серијата базирана на книгите на Џорџ Р.Р. Мартин лани успеа да се наметне како една од најквалитетните прикажни во изминативе неколку години. Џам продукција, одличен кастинг и приказна, со пресврти кои ја натераа публиката (која ги нема читано книгите) да одбројува до следната епизода.

Трејлерот е втората сезона е тука и ветува многу. Измеѓу двеве сезони, планот ми беше да ги прочитам книгите, ама некако ми е поинтересно да гледам од епизода во епизода што ќе се случува. Веќе ми направија доволно спојлери за втората сезона, и онака. Значи, Зимата Доаѓа на први април. И, се надевам дека Џофри ќе биде растрнат од коњи.

Друга новост во врска со Game of Thrones е најавата за ММОRPG. Уште во прва сезона, се виде дека светот во кој е сместена приказната има огромен потенцијал да биде претворен во игра. За среќа, ова им текна и на BigPoint (компанијата која стои зад Battlestar Galactica Online). За несреќа, ќе биде browser-based. Играта ќе понуди три фракции и области кои се протегаат од Wall in the North, па до King's Landing. Куќи, гилдови, PvP, и разни скилови (за почеток, 60) кои ќе му овозможат на играчот сам да си ја изгради класата и улогата. Целиот дизајн на играта ќе биде директно инспириран од серијата. Според BigPoint, играта ќе биде објавена некаде кон крајот на оваа година. Ќе биде интересно да се види, само што она browser-based не ми звучи баш најдобро.

March 1, 2012

Една година RIFT!

Тешко ми е да поверувам дека толку бргу пројде една година откако Trion ги отворија серверите на RIFT. И, после една година, мојот муабет ќе остане ист - RIFT е најдобрата MMORPG игра која моментално е на пазарот. Иако привлече огромен број на играчи и успеаа да се спротистави на гигантот World of Warcraft, сепак не ја достигна таа популарност, а особено на овие простори. Верувам дека така и ќе остане, зошто не е баш лесно да одиш со глава против нешто што има 10 милиони играчи и долгогодишна историја.

Blizzard веројатно уште долго време ќе доминира на пазарот, но овде ќе зборуваме за квалитет. RIFT понуди многу повеќе од статичен свет, преку рифтови, инвазии и бројни ивенти за секоја зона, кои бараат од играчите меѓусебна соработка, за да се справат со нив. Уште на самиот почеток, MMO факторот во "MMORPG" беше сериозно запазен. Како што растеше играта, со секој нов апдејт (моментално е 1.7) се додаваа некои работи кои ги нема ниту една друга слична. За споредба, од сите работи кои може да се најдат во RIFT, WoW ги има само "стандардните" кои се составен дел од секоја MMORPG игра. Дури и тие што ги добиваме, во RIFT се бесплатни, додека Blizzard такви "новости" ги наплаќа како експанзии.

Да не испадне дека слепо ја бранам RIFT, ќе кажам што недостасува, a е нешто од најсилните страни на World of Warcraft. Прво, почетни зони за секоја раса. Во RIFT, двете фракции, без оглед на расата, почнуваат од исто место, што мене лично ми е пречка за левелирање на нов карактер од почеток. Во WoW, секоја (скоро секоја, океј) раса си има посебна почетна зона, со сопствена приказна, прикладна за расата. На ова ќе се надоврзам со тоа дека WoW има приказна создавана со години која е недостижна за било која друга слична игра. Секое местенце, секој град, па и повеќето ликови, си имаат своја историја и убаво поткрепена причина. На крај, патувањето меѓу зони кај WoW, каде што кога леташ, го прелетуваш целиот свет и го осеќаш неговото пространство и големина. Во повеќето игри за жал, тоа е изведено со портали и loading screen.

За споредбиве толку. Ќе се фатев за графиката, меѓутоа поминати се многу години за да би ги споредил двете игри така. Што се случува моментално во RIFT? Се слави, и тоа како се слави. Низ главните градови од вчера се отворени панаѓури каде што играчите можат да учествуваат во повеќе мали игри, од пукање на балони, до учество во историски битки низ Телара, кои довеле до обновување на овој мал свет. За секоја професија во играта има посебни квестови, чија цел е креирање на џиновски балони за парада која верувам ќе следи во некоја наредна фаза од ивентот. И за сите овие учества во панаѓурот има соодветни награди за играчите. Играта е бесплатна до 20-ти левел, па секој може да види што моментално се случува.

За една година, RIFT успеа да ги надмине моите очекувања. Честитки, Trion!