September 24, 2009

Почнаа сериите...

Септември е месецот кога поголемиот дел од сериите што ги следам редовно, почнуваат со новите сезони. Минатата недела започна The Office, а оваа ги донесе новите епизоди на The Big Bang Theory и How I Met Your Mother.

The Office имаше одличен почеток на сезонава, иако по просечната петта сезона немав којзнае колку големи очекувања. Хуморот спласна, ликовите некако се истрошија, но со последнава епизода успееа да ме убедат дека сепак серијава може да испорача свеж хумор. Отварањето на епизодата е веќе класика, веднаш си најде место меѓу најдобрите отварања на The Office епизода. Шест сезони до сега, не верувам дека Тhe Office ќе истрае уште долго, но очекувам многу подобра сезона од минатата. Првата епизода од новава сезона може да се симне преку овој линк.

The Big Bang Theory е релативно млада серија, сега започна третата сезона. Серијава ја следам од почетокот и веднаш успеа да ми го привлече вниманието. Не знам уште колку долго четирите физичари ќе се обидуваат да функционираат заедно со не толку интелегентната комшика, пред да стане досадно, но сега за сега серијата е феноменална. Последнава сезона почнаа премногу да го форсираат ликот на Шелдон, многу повеќе отколку што треба, па додека им снема материјал, Шелдон ќе заврши носејќи ја цела серија на негов грб, што воопшто не ми се допаѓа. Пред и Шелдон да стане досаден, се надевам дека ќе се посветат и на развој на другите ликови, зошто веќе почна да се осеќа сенката која тој ја фрла.

How I Met Your Mother ја избегнував долго време, за летово конечно да седнам и да изгледам четири сезони за една недела. Класичен ситком, ништо што веќе не сме виделе до сега. Но, некако ликовите ми се многу посимпатични од класичните ситком ликови, ситуациите ми се многу пореални, само што со самиот концепт на серијата, знаев дека нема How I Met Your Mother нема уште долго да трае. Петтава сезона се надевам дека ќе биде последна. Веќе немаат каде со приказната, станува монотоно, а Барни, кој што беше еден од движечките елементи во серијата, доживеа трансформација која не му прилега на ликот, меѓутоа наговестува правец кој е одличен за добар завршеток на серијава. Се надевам дека нема да има враќање назад, зошто на сите ни е здосадено да чекаме да се открие мајката на децата на Тед. :) How I Met Your Mother можеби и нема да ја следам секоја недела редновно, зошто ми е многу позгодно да изгледам неколку епизоди по ред.

Остана уште Family Guy наредната недела и вечерва Flashforward. The Clone Wars продолжува во октомври. South Park не следам веќе цела сезона. Толку од South Park, затупеа исто како The Simpsons. А, Lost, дури во јануари следната година...

September 18, 2009

Сите на куп: The Expendables

Пред година дена го поставив прашањето, Кој сега ќе го спаси светот? и одговорот е веќе во пост-продукција. Сталоне успеа да ги убеди Шварценегер, Долф Лундгрен, Брус Вилис, Џет Ли, Џејсон Статам, Мики Рурк заедно со Ерик Робертс и куп други, да се соберат на едно место и да го направат најдобриот акционен филм на сите времиња. Или најлошиот.

The Expendables
можеби е меч со две острици. Или ќе ги круниса кариерите на актерите кои немаат уште многу до пензија, или невозможната опција, да бидат исплукани и да го загубат угледот кај фановите, како што тоа му успеа на Брус Вилис со Live Free or Die Hard. Невозможна, бидејќи главниот адут на филмот се баш сите овие имиња на едно место, па не верувам дека некој ќе остане рамнодушен или разочаран. Барем сите знаеме што да очекуваме.

Приказната е едноставна. Тим на врвни платеници, се испратени на мисија во Јужна Америка да го убијат диктаторот што ја тероризира околината со години. Шварценегер и Брус Вилис ќе имаат помали улоги, Шварценегер верувам дека нема ни да го приметиме. Ми фалат Курт Расел (не бил заинтересиран за ол-стар филм), Жан Клод Ван Дам (одбил, ко да има други филмови за снимање), Дени Трехо (каде без него?!), Вин Дизел, а Стивен Сегал одбил бидејќи имал недоразбирања со продуцентот. Чак Норис никој не го ни прашал, зошто најверојатно и на Сталоне му е дојдено преку кур од Чак Норис.

Тоа што ме секира, се двете планирани продолженија. Пред се, пола од актерите горе се доволно зрели за пензија, а не се Харисон Форд за да бидат кул и на 90 години, плус сите имаат доволно пари и ќе направат уште многу со филмов. Беспотребни продолженија со пола постава или Кристијан Бејл, не фала.

The Expendables ќе излезе во август 2010. Има време. За продолженија, подобро да нема. Меѓутоа, Сталоне не се дава, во 2011 Rambo V: The Savage Hunt.

September 15, 2009

Се спрема Индијана Џонс 5

Ги обожавам сите Индијана Џонс филмови, па дури и Kingdom of the Crystal Skull. Филмот беше исплукан и од критиката и од фановите, најмногу поради крајот, што верувам дека никој не очекуваше да отиде во таа насока. Но, како да заборавиле дека Индијана Џонс филмовите секогаш содржеле голема доза на фантанзија и имале такви, нереални краеви. Приказната беше одлична, реализацијата совршена како за Индијана Џонс филм, со оглед на годините на Харисон Форд и недостатокот на некои ликови од минатите филмови.

Деновиве кружи изјавата на Харисон Форд кај што спомнува дека приказната веќе завзема некаква форма и се чека на сценарио. Верувам дека Лукас и Спилберг ќе ги имаат негативните критики во предвид и дека нема да се занесат со толку екстремни експериментации, туку ќе понудат приказна која би била прифатлива за старите фанови. Јас лично би сакал да го видам Инди во потрага на Атлантида.

Е, сега. Иако би гледал било што со Харисон Форд како Индијана Џонс, па макар и да управува mecha роботи во село во Јапонија, петтово продолжение некако ме плаши. Не поради годините на Форд, туку поради Шаја ЛаБаф. Имаше неколку моменти во Kingdom of the Crystal Skull каде што можеше да се превиди црна иднина за серијалот и искрено се надевам дека нема да доживеам да видам како друг го носи шеширот на Индијана Џонс. А, најмалку му стои на ЛаБаф. Дури, ако се доволно паметни, ќе има мала улога во следново продолжение, бидејќи и неговиот лик имаше удел во создавањето на лошата слика за претходниот филм. Да сум јас Лукас или Спилберг, ќе го вратам Џон Рис-Дејвис.

За филмов, ќе мора да почекаме до 2012. Се надевам дека работите ќе одат во добар правец и дека ќе го видиме филмов.

September 12, 2009

Marvel: Ultimate Alliance 2 и за PS2

Сеуште има издавачи на игри кои не сакаат да го напуштат PS2 пазарот и ми е многу мило поради тоа. Activision на 15-ти септември го пушта во продажба второто продолжение на Marvel: Ultimate Alliance и за PS2. Играта можеби не е меѓу најдобрите што може да се најдат за PS2, но е единствената што дозволува играчот да си состави четворочлен тим од најдобрите херои на Marvel и да праи покољ наоколу. Брзо здосадува, но некако успеа да пројде кај мене, бар додека не ги пробав сите комбинации на херои што сакав.

Не очекувам вториов дел да биде многу поразличен, пред се затоа што знаеме кои се графичките перформанси на PS2 и до каде може да се оди. Од аспект на игривост, ова ми делува поинтересно за играње бидејќи Marvel Ultimate Alliance 2 делумно ќе биде базирана и на Civil War. Хероите се скоро истите од минатиот дел, го има Hulk, а сеуште го нема The Punisher. Ќе ја симнам кога ќе излезе, па ќе пишам рецензија.

За повеќе информации, трејлери и скриншоти, трк на официјалниот сајт.

September 11, 2009

District 9 (2009)

Изминативе години ретко се налетува на оргинален СФ филм, кој излегува од досадните клишеа кои сме навикнати да ги гледаме. Откако The Matrix ја измени дефиницијата на жанрот и внесе свежина во Холивуд, ги видовме неправедно потценетиот K-Pax и генијалниот The Man From Earth, два филма кои ми се омилени СФ драми, кои се доказ дека филмовите од овој жанр можат да бидат многу повеќе од скапи специјални ефекти. За несреќа, К-Pax некако се заборави, а The Man From Earth помина речиси незабележан, без разлика што двата филма имаат неоспорлив квалитет.

District 9 ќе остане запамтен, моментално го добива секое внимание од критиката и публиката, се надевам дека култниот статус кој го доби дури прерано, нема да биде нарушен со лоши продолженија.

Филмот можеби и нема оргинален пристап на раскажување (има и други вакви филмови, да), но е убедлив, реалистичен и неговиот квалитет се базира токму на тоа. Браво за феноменалната режија. За приказната, освен малиот вовед, нема што да кажам, а да не биде спојлер. Вонземски брод доаѓа на Земјата (лебди расипан на Јоханесбург) и вонземјаните се приморани да го продолжат животот во областа наречена District 9, каде што владее општ хаос поради дивјачката природа на не толку интелегентните посетитли. Дел од мештаните на Јоханесбург се приморани да живеат со војземјаните, со што работите се дополнително искомплицирани. Ми се допаѓа тоа што во филмов режисерот Бломкамп р'же и на бесконечната себичност и животинското однесување на луѓето, како што тоа мајсторски го прави Ромеро во неговите зомби филмови. Треба само повеќе да се обрне повеќе внимание за да се видат сите овие пораки кои ги има во изобилие, некаде и толку директно што е изненадувачки.

Ефектите нема да ги коментирам, бидејќи одамна прекинаа да ме фасцинираат. Денес, буквално се е можно со CGI и ништо веќе не ме изненадува. Значи, тука правиме муабет за исклучително добар филм, со муда и силна поента. Додека не го гледам Inglorious Basterds, District 9 е филмот на годината, а нешто ми кажува дека така и ќе остане...

September 7, 2009

Rambo 5: Како да закопаш мртов серијал?

Веќе е официјално дека новиот Рамбо (Rambo V: The Savage Hunt) ќе биде СФ. Се шпекулираше дека во новото продолжение, Рамбо ќе млати мексички дилери и ќе разбива трговија за луѓе, за конечно деновиве тие гласини да бидат заменети со официјалната вест, дека Рамбо ќе се соочи со хибриден мутант, продукт на генетички експерименти. Изгледа дека Сталоне го стигнале годините (сега има 63) и веќе не знае што прави, па ќе лови експериментални суштества. Темата сама по себе можеби и не е толку лоша (иако веќе сто пати обработена), но спакувана во Рамбо филм е претерано одбивна и ми звучи како заебанција.

Минатото продолжение, колку и да сакам да одрекувам, беше лошо. На прво гледање, филмот е интересен, но со секое наредно, станува неподнослив. Паметно ќе му беше да ја заврши кариерата со The Expendables. Имам некаква верба во филмот, бар ќе го памтевме Сталоне по добро.

September 6, 2009

FlashForward: Замена за Lost?

Крајот на Lost се наближува, а ABC веќе има нова серија, која би требало да биде некаква замена, бидејќи жанрот е сличен, а верувам дека ќе пробаат да ја одржуваат на телевизија со слични финти како Lost.

FlashForward почнува со мистериозен глобален феномен кој трае 2:17 минути, каде што сите луѓе истовремено ја губат свеста и се гледаат себе шест месеци во иднината. Ова резултира со бројни сообраќајки и слични несреќи, многу мртви и повредени, по што настанува општ хаос. Главниот лик е ФБИ агентот Марк Бенфорд кој се обидува да дознае што навистина се случило.


Ова звучи ептен интересно, само да не испадне како со The 4400. Пилотот феноменален, а останатото ѓубре што сме го виделе милион пати претходно. Дека ќе биде Lost, тешко. Дека ќе проба да се извади со сличен концепт, да. Барем така делува.

Серијата почнува со прикажување на 24-ти септември и за првава сезона се планирани тринаесет епизоди. Трејлерот може да се погледне тука.

September 3, 2009

Dharma Initiation Kit - колекционерско издание на петтата сезона на Lost

Уште неколку месеци до почетокот на последната сезона на Lost. Очекувам да видам квалитетни епизоди, каде конечно ќе се разрешат мистерииве што никнуваа изминативе пет години. Петтата сезона можеби имаше лош почеток и за малку ќе се откажев, но понатаму епизодите стануваа се подобри и подобри и имаше интересно финале што отвори еден куп нови прашања. Правецот го знаеме, сега останува да видиме како ќе се одвиваат работите.

Кон крајот на годинава, ABC ќе издаде специјален колекторски сет со цела петта сезона, лимитирана едиција и веќе може да се нарача од Амазон. Вреди за парите, само незнам како е со достава кај нас. Сеуште нема листа на работите што се вклучени во сетот, освен ова што се гледа на сликата. Покрај ДВД-јата со епизодите, има Dharma VHS ориентационо видео, мапи, документи, налепници...

August 30, 2009

World of Warcraft викенд: Temple of Ahn'Qiraj

Интересна рејд инстанца во Силитус, инспирирана од египетска митологија. Ја игравме денес со луѓево од гилдов, се додека не падна серверот, а после и мојата конекција. Денес не се левелирав во Нортренд, зошто повеќето квестови што даваат добра опрема се багувани, па ќе гледам да кренам уште некој левел во Аутленд. Ahn'Qiraj е супер, ќе се оди пак, нема којзнае какви ајтеми што ми се моментално потребни, па ќе гледам да ги шитнам за злато.

Еве скиншоти:


August 29, 2009

World of Warcraft викенд: Конечно во Northrend

Ноќеска кренав 70-ти левел на за конечно да можам да ја осетам Wrath of the Lich King на blizzlike сервер. Со цепелините од Orgrimmar и Undercity, стигнав Borean Tundra и Howling Fjord зоните на новиот континент Northrend. Двете зони се полни со квестови за напредување после 70-ти левел, изиграв неколку квестови и таму и таму и решив да продолжам во Howling Fjord, зошто регионот ми изгледа многу поубаво од Borean Tundra.

Northrend е огромно место (поголемо од Outland), речиси целосно под снег/мраз. Ќе ми треба долго време да го прошетам, не се брзам со кревање левели, повеќе ми треба злато за flying mount. Викендов ќе го потршам на WoW, па ќе ставам скриншоти од интересни локации. Еве нешто од Northrend: