Showing posts with label PlayStation 2. Show all posts
Showing posts with label PlayStation 2. Show all posts

December 31, 2009

PS2: Најиграни за 2009 (прв дел)

Ќе ја завршам годинава на Crapwerk со PS2 игрите од кои прстиве ми се доискривија... Пошто PS2 дојде малце покасно кај мене дома, уште играм стари игрици, а и ќе продолжам, додека не падне цената на PS3. 2009 и немаше којзнае колку многу игри за PS2 што ми го привлекоа вниманието, а догодина ќе има уште помалку. PS2 веќе некое време го гази новава генерација конзоли и најмногу за две години комплетно ќе го истиснат.

Се изнаиграв Black годинава. Пуцачина од 2006, меѓу најдобрите што воопшто сум ги играл, било на PC, било на конзола. Играчот е во улога на Jack Kellar, оперативец (black ops) на ЦИА кој м'кља терористи наоколу. Приказната не е којзнае колку битна, мене не ме внесе баш многу, ама добри се сцените измеѓу нивоата. Супер се реализирани, само што некако брзо ги заборавав. Black ме фураше на моменти како Call of Duty, но не до тој степен да се осеќам како воен ветеран и да имам флешови во наредните неколку месеци по завршувањето на играта. Во Black најмногу ме фасцинира околината и дизајнот на мапите. На моменти ме потсеќа на Half-Life 2, има такви пусти разрушени места, темно-жолта сатурација и сиви бои, многу слична атмосфера. Одлично и детално сработено. Мисиите се речиси слични како и во повеќето FPS игри, многу акција, некогаш бараат и тактички потези, значи ништо посебно и ново, туку баш тамански како што треба да е. Интересно е тоа што може да се носат само две оружја и неколку бомби. Ништо повеќе. Па така што некогаш ситуации кога дел од мисијата ќе зависи едно оружје, а некогаш ќе треба да се направи и избор помеѓу неколку. Да не го дрвам, Black е задолжителна игра за PS2.

God of War II ја играм месецов. Конечно ми дојде на ред, читав толку добри рецензии за играва и испадна се точно. Се гледа дека е искористен максимумот ресуси кои PS2 ги нуди графички и тоа ја прави играта уште толку поубава. Со оглед на тоа што сме 2009 и сме виделе што се може со графиката денес, ретко ме изненадуваат постари игри. God of War II е hack & slash какви што има многу за PS2, и сега ми е јасно зошто го сметаат најдобриот од својот вид. Приказната е одлична, инспирирана од грчката митологија каде што главен лик е Кратос, курназ што прави покољ низ Античка Грција, од штанцани војничиња до Колоси и Богови. God of War II има куп разни комбоа, фраерски оружја и одлични анимации. У која друга игра можеш да му откорнеш рака на некој и да го заколеш со неговата (откорната) рака у која држи меч? :)

Tony Hawk's Pro Skater 3 играв цела пролет, ко демек за размрдување. Возев скејт ко дете, а и од тогаш играм вакви игри. Интересни скејт-паркови и локации, финтици, комбоа, па и некои немогучи ствари што никако неможев да ги пројдам. Tony Hawk's Pro Skater и Fifa Street 2 се баш онака игри за одмарање мозок, после напорен ден или у напорен период. Добра музика у позадина, стискаш, леташ, пркосиш на гравитација...

Со ова и ќе го завршам првиот дел, другиот здравје догодина, за пет саата цепам на планиње и мора да легнам. Tekken 5 и Crash Nitro Kart нема потреба да ги спомнувам, знаеме дека се игри што најдобро функционираат во друштво.

П.С. 2009 да ја заборавиме.

September 12, 2009

Marvel: Ultimate Alliance 2 и за PS2

Сеуште има издавачи на игри кои не сакаат да го напуштат PS2 пазарот и ми е многу мило поради тоа. Activision на 15-ти септември го пушта во продажба второто продолжение на Marvel: Ultimate Alliance и за PS2. Играта можеби не е меѓу најдобрите што може да се најдат за PS2, но е единствената што дозволува играчот да си состави четворочлен тим од најдобрите херои на Marvel и да праи покољ наоколу. Брзо здосадува, но некако успеа да пројде кај мене, бар додека не ги пробав сите комбинации на херои што сакав.

Не очекувам вториов дел да биде многу поразличен, пред се затоа што знаеме кои се графичките перформанси на PS2 и до каде може да се оди. Од аспект на игривост, ова ми делува поинтересно за играње бидејќи Marvel Ultimate Alliance 2 делумно ќе биде базирана и на Civil War. Хероите се скоро истите од минатиот дел, го има Hulk, а сеуште го нема The Punisher. Ќе ја симнам кога ќе излезе, па ќе пишам рецензија.

За повеќе информации, трејлери и скриншоти, трк на официјалниот сајт.

August 19, 2009

PS2: Indiana Jones and the Staff of Kings

Во новата Индијана Џонс игра на LucasArts што излезе пред два месеца, Инди го бара стапот на Мојсеј на самиот почеток на Втората светска војна. Колку и да е интересна приказната, кога е спакувана во лоша и крајно досадна игра, едноставно не функционира како што треба.

Поентата е комплетно промашена, бидејќи Indiana Jones and the Staff of Kings се базира на постојано млатење на идентични непријатели, пукање во возила кои не прикинуваат да доаѓаат и слични глупости кои не припаѓаат на игра од која се очекува да е преполна со трагање по артефакти, замки и се она што сме го гледале во филмовите. Наместо да заглавам со денови на блокирана врата од древен храм во џунгла со змии, се кријам позади буриња и убивам цела армија од непријатели со ист скин и бедeн AI.

Изиграв неколку нивоа, пројдов некаде четвртина од играта, се напнав и прекинав. Покрај огромната маана што ја спомнав погоре, има хинтови кои не се гасат и цело време ме нервираат. Ебате играта што на секој чекор ти вика "стисни ова", "ајде сега со камшикот за гранкана" и слично. Очекував нешто како Tomb Raider, а не игра за деца под 12 години. Ах, да. Има неколку "скриени"артефакти наоколу (пример, позади контејнер во кинески кварт во Сан Франциско!) кои отклучуваат додатни материјали и нови скинови, ете, не стигнав Хан Соло да го отклучам. Покрај Хан Соло, го има и Хенри Џонс Сениор и уште неколку облеки за Инди.

Значи, колку и да сум фан на Индијана Џонс, не успеав да продолжам да играм, колку и да се трудев. Прелазна оценка може да добие само поради тоа што е Индијана Џонс и за неколку интересни моменти на самиот почеток. Понатаму е ужасно.

June 22, 2009

Легендата за Tomb Raider: Legend

Очигледно некои игри никогаш нема да ги завршам и Tomb Raider: Legend е една од тие. Скоро година откако ја почнав и веќе некое време сум на две мисии пред крај. Обично ваквите добри игри намерно ги играм споро, за уживањето да ми трае подолго, бидејќи ретко кои игри сум ги играл втор пат од почеток до крај.

По година дена бавно "уживање" во Tomb Raider: Legend, мислењето за играва ми остана исто. Ова е најдобрата игра за PlayStation 2 и најдобрата во Tomb Raider серијалот. Legend успева да ги достигне сите нивоа на совршенство кај една игра, од графика, до игривост и приказна. Лара Крофт трага по Екскалибур, низ осум долги мисии насекаде во светот, од древни храмови во Боливија, преку покривите во Токио и Хималајските снегови, па се до гробницата на Кралот Артур каде што сум јас моментално заглавен од декември минатата година (немав играно 6 месеци). Преубави предели, одлично изработени со куп препреки на кои заглавував со саати, за да отворам една мочана врата. Низ мисиите Лара е во постојан контакт со помошникот од Британија, проследено со културен број на сцени кои ја збогатуваат приказната и дозволуваат да земеш здив од постојаното трчање и скокање.

Лара никогаш не изгледала подобро, Karima Adebibe е дефинитивно најдобриот модел за ликот, не ми е јасно зошто мораа да ја сменат за новиве игри. Не дека нешто и фали на девојката од Tomb Raider: Underworld (последната игра од серијалот, излезе минатата година), но Карима одговараше совршено и не изгледаше како ефтина порно ѕвезда.

Летово не ми останува ништо друго, освен конечно да ја завршам Legend за да можам да ги играм последниве две Tomb Raider игри што излегоа за PS2. Не знам каква е верзијата за PC, не се сомневам во квалитетот, но Tomb Raider најмногу ми го прави ќеифот на PS2. А, имам спомнато дека причината поради која купив PS на времето беше Tomb Raider III?

December 12, 2008

NBA Live 09: Where bullshit happens

Деновиве играм NBA Live 09 на PS2. Океј е тоа што решија да ја извадат и за конзола што наскоро ќе биде прегазена од новата генерација играчки конзоли, но за жал, воопшто не успеа да пројде кај мене. Пред се, затоа што е 95% NBA Live 08 завиткана во друга опаковка, со сменета позадина на менијата и ситни измени на составот на тимовите. Воопшто не се потрудиле да понудат нешто ново, освен неколку невпечатливи ситници кои не верувам дека му значат на некого.

Разбирам колку е снагата на PS2 и дека неможе подобра графика од таа што е, тоа воопшто не ми пречи. Ми пречи тоа што неможеле да почекаат за името и дресовите на Oklahoma City Thunder (за неупатените, новиот НБА тим), тимот во играва ниту име има, ни лого, ништо. Црни дресови со бели букви и бројки. Знам се што направиле е ситни измени на NBA Live 08, ама имаа цело лето за да поправање на вакви грешки. Кој дозволил вакво нешто да биде пуштено во продажба? EA Games ги сметав за посериозна компанија. Не се само Thunder, Пет Рајли е тренер на Мајами (си замина уште во април годинава), Ајверсон не е во Детроит, итн...

На NBA Live 08 не успеав да ја изиграм цела сезона. Прво ја играв на PC и тоа лошо кракнатата верзија (првата што излезе) кај што не работеше save-от, а на PS2 играв други игри. Сега почнав пак и дефинитивно ги носам Heat во плеј-оф. Веројатно ќе си го вратам и дебелиот Шек, некако ми фали. А, кога сум веќе кај Heat (вистинските, не во играта), да ги пофалам дека се подобри од претходната сезона и почнаа да ме убедуваат дека цврсто ќе шибаат кон плеј-оф. Зошто навистина сакам да окапувам со чипс и Пепси до сабајле во Вејд дресот. :)

За NBA Live 09, толку. Среќа што е без пари, да платев, никогаш немаше да ги прежалам парите. За XBOX и PS3 гледам има некои patch-ови, да си симнеш дресови и сл, ама требало на време да мислат за тоа. И онака плескам NBA на PS2, па ќе ми биде исто дали е 08 или 09.

September 28, 2008

Осврт на Star Wars: The Force Unleashed

Има веќе една недела откако почнав да ја играм Star Wars: The Force Unleashed на PS2. Бидејќи беше најавувана долго време, а и исхајпана максимално, очекував навистина добра игра. Приказната е генијална, за тоа веќе доволно зборував (остана да ја ислушам и аудио книгата), па следи мал осврт на играта.

Впечатокот што ми го остави при првото играње, секако дека е се уште присутен и стојам речиси зад се што кажав претходно. Иако, генерално тоа би било тоа, изиграв доволно од The Force Unleashed за да можам да ја критикувам играта како што сакам и мислам дека треба. Прво да кажам, имам обичај игрите што ми се допаѓаат да ги играм споро, со недели, па дури и со месеци (Tomb Raider: Legend ја играм од јули и уште не сум ја завршил). Сакам да уживам во игрите, да ги играм полека и без брзање. Не гледам задоволство во поминување игра за еден ден.

А, Star Wars: The Force Unleashed и покрај сите убавини што ги нуди, е досадна, репетитивна до тој степен што на моменти е крајно фрустрирачки да се игра. Ајде, ќе почнам со негативните особини. Како што кажав во претходниот текст, играта е клон на Devil May Cry. На моменти е како да играш Devil May Cry со Star Wars скинови. Но, тоа и не е некој минус, така да ќе продолжам понатаму. Која е формулата на The Force Unleashed? Кратко видео, неколку минути тепање на Стормтрупери или непријатели од сличен карактер (различен скин), собирање енергија/force points/кристали/некакви кутии и на крај на нивото има бос со лајт-сејбер кој се победува со иста финта како и другите босови. Потоа следи краток видео клип и одиме од почеток.

Токму поради ова (и поради лошата верзија во која не работи save-от на среде ниво) играм по едно-две нивоа дневно. А, исто така ми пречи и тоа што мора да се движиш по однапред зацртана патека, без никаква можност за шетање низ околината која изгледа навистина добро. И, како капак на се, играта е прелесна и не е којзнае каков предизвик. Одиш, тепаш со лајт-сејберот и Силата, босот го тепаш со "брзи/спретни прсти" финта и толку.

Тогаш, што е светлата страна? Можноста да одиш со лајт-сејбер во рака и да тепаш буквално се што ќе мрдне. Тоа е и главниот штос на играта и функционира одлично, и покрај мааните што ги набројав погоре. Има некои мали ситници што ја прават уште посимпатична, како на пример кристалите со кои можеш да си ја смениш бојата на лајт-сејберот, разните облеки што се добиваат со секое ново ниво, новите финти за користење на Силата, итн...

Генерално, играта е добра. Ако треба да ја оценам од 1 до 10, добрите и лошите страни ќе ги избалансирам со една солидна седумка. Не е тоа што очекував, но игрива е и успеа да ми го задржи вниманието. Уште да си најдам подобра верзија каде што ќе работи save-от. Најмоќната страна на играта е сепак приказната и кратките видеа што ги има измеѓу нивоата. Со оглед на тоа колку играта е популарна (за една недела се проададени 1,5 милиони копии), може да се надеваме барем на анимиран филм кој ќе ја прикаже приказната онака како што заслужува да биде видена.

За крај, графиката на PS2 е супер, го извадиле максимумот. Толку може денес PS2.

September 20, 2008

Први впечатоци од Star Wars: The Force Unleashed играта

Деновиве играм Star Wars: The Force Unleashed на PS2. По толку чекање, играта успеа да си го оправда хајпот, да ги задоволи играчите и да понуди одлична канонска приказна. Ја симнав еден ден откако излезе, за жал некоја лошо рипувана верзија, па неможам да ја сејвувам играта на сред ниво (иако има таква опција, на одредени делови од нивото) и со секое лоудување почнувам од почеток на нивото.

Прво да кажам, пред играње на играта, задолжително е читање на стрипот. Ете така. Значи, играта почнува со интро-текст како и во филмовите, по што следи кратко видео кое треба да се внесе во приказната (пак да кажам - стрипот!) и следното е Дарт Вејдер под контрола на играчот, праи растур со лајт-сејбер и Силата. Првата мисија е на Кашиик, планетата на Чубака и неговиот род Вукија и завршува со видео каде што Дарт Вејдер го наоѓа малиот Старкилер и го зема под негова закрила за да го тренира. Од тука, играта продолжува со Старкилер.

Инаку, има финта со последователно притискање на одредени копчиња за тепање на босовите. Прво мислев дека е до лошата верзија, зошто пола саат го тепав првиот бос и упорно си полнеше енергија на одреден дел од борбата. После прочитав по форумиве за финтата и видов дека има луѓе што дури и ја враќале играта во продавницата кај што купиле зошто мислеле дека се работи за лоша верзија. :)

Гејмплеј. Хм, играл некој Devil May Cry? The Force Unleashed е клон на Devil May Cry, само во Star Wars универзум, со лајт-сејбер и многу подобра камера. Камерата во Devil May Cry 3 страшно многу ме курчи. Значи тоа е. Идеш и праиш партал со лајт-сејбер, собираш force points за пимпање на моќи и лајт-сејбер, на крај на нивото има бос и тоа е тоа. Нема којзнае какви мисии, се движиш по однапред одредена патека, значи нема забегување и шетање што за мене е голем минус. Но, и покрај ова, играта е навистина интересна, фино изледа и има доволно видеа измеѓу нивоата за подобро да се интерпретира приказната. И по трет пат, читнете го и стрипот.

За сега, тоа е тоа. Ќе играм уште, пројдов само две нивоа, имам време викендов за повеќе, само ме курчи фрката со сејвот, ако треба да исклучам, ќе мора пак отпочеток... Ќе си симнам подобра верзија.

May 20, 2008

Resident Evil 4 на PS2

Најдобро потрошените пари оваа година ми се на PlayStation 2. А, сигурно, една од најдобрите причини за да се поседува PS2 е Resident Evil 4. Како заколнат фан на Resident Evil 3: Nemesis, мислев дека веќе ништо нема да успее да ја долови атмосферата која ја создаваше таа игра. И, ете, згрешив како и обично.

Вчера конечно, по скоро четири години од издавањето, ја купив Resident Evil 4. Уште по првите 10 минути, го осетив истото чувство што го предизвикува Nemesis! Истата атмосфера, адреналинот шиба на ист начин, само што на друго место и во друго време. Приказната е сместена некаде во Европа, каде што Leon S. Kennedy е на задача да ја најде исчезнатата ќерка на Претседателот на САД.

Иако се случува далеку од Raccoon City, амбиентот во малото (претпоставувам шпанско, зошто на шпански зборат) селце е речиси ист. Дејствието се одвива прекрасно, а има и огромен број на кратки видеа што го прават уште поинтересно. За графиката немам скоро никакви замерки, освен тоа што има премалку различни зомбија. И, камерата малце ми беше чудна на почеток, ама ја навикнав. Ах, да. Мислев дека Jill ќе ми фали, ама Leon супер го пополнува местото.

Тоа е отрпилика, уште сум на почеток, а сум тотално воодушевен. Не сакам да брзам, а освен тоа и немам многу време за играње. Сега за сега, изгледа совршено и сеуште е најдобриот survival horror серијал на игри!

П.С. Ако веќе прават уште Resident Evil филмови, би сакал да видам некој направен баш според играва.