November 16, 2010

Најава: Paul (2011)

Од дуото што успеа да го направи најдобриот зомби филм по серијалот на Ромеро, Shaun of the Dead, на почетокот на следната година, пристигнува Paul. Paul е комедија за двајца гикови (Ник Фрост и Сајмон Пег), кои патувајќи низ САД, налетуваат на Пол, вонземјанин од Area 51.

Со оглед на тоа на кои добри наслови се потпишани Пег и Фрост, очекувањата за добар филм ми се оправдани. Британциве се здружиле со актуелни имиња од холивудскиве комедии, па гласот на Пол го позајмува Сет Роген, а во филмот се појавува и Бил Хејдер. Покрај нив, тука е и Сигурни Вивер. Каде без Сигурни Вивер?

Верувам дека на сите ни е преку глава од Сет Роген, ама и покрај тоа ова ми личи на добра комедија. Двајцава британци знаат да напишат филм и нема шанси да промашат. Првиот трејлер за Paul е достапен на овој линк. Едвај чекам да излезе филмов.

Star Wars: The Force Unleashed Volume 2 (графичка новела)

За играта сеуште немам ништо да кажам, зошто уште дреме на хард-диск и чека да најдам време да ја инсталирам и конечно да видам што има да понуди. Dark Horse Comics неодамна го издаде новото продолжение на Star Wars: The Force Unleashed, сместено на осумдесетина страници.

Уште на почетокот се осеќа голема разлика меѓу првата и оваа графичка новела. Тогаш имаа солидна приказна и на убав начин го преточија тоа во стрип. Значи, беа запазени битните ликови, развојот на настаните и некако повеќе одеше во комплет со целата The Force Unleashed приказна. Овој пат, имаме оскудно раскажани глупости и некомплетна приказна која е непотребно сконцентрирана на Боба Фет. Да биде уште полошо, пробуваат да го демистифицираат Боба Фет со што се урива целиот негов мит. Мислам, сите знаеме дека Боба Фет е толку кул баш поради начинот на кој е претставен во оргиналната трилогија. Немаше потреба и тука да се чепка човекот под зар'ѓаниот шлем. А, да не спомнувам дека и Јода и Боба Фет се тука присутни само колку да ги има...

Цртањето е одлично, тука немам замерки. Сценариото е тоа што малку шашаво и делува пишувано онака, ден пред да оди на штампање. Зачудувачки, од истиот автор е. Се надевам дека се работи само за лоша адаптација...

Доколку графичкава новела требаше да биде некаков вовед во целата приказна, заринка уште пред да почне. Рано е уште да и пресудам на приказнава, треба прво да ја (почнам и) завршам играта и да ја прочитам книгата. Меѓутоа, после ова некако ќе испадне дека е поисфорсирана од што мислев. Играта е тоа што е, сме играле многу такви игри. Мене ме занима приказната.

November 14, 2010

Канџија!

Канџија е новото име на мојата листа на балкански хип-хоп што можам да го слушам, заедно со Бед Копи, Марчело и Едо Маајка.

Дечкото доаѓа од Хрватска, кине бољи и од Едо, и лани го избаци првиот албум, насловен како Narodnjaci. Закон флоу, одлични текстови и џам продукција. Кога не се заебава, е сериозен ко Марчело и знае како се сервираат политички свесни рими. Пред албумот има едно демо, JEA кај што има трака со Тимбе и Ајзак од Бед Копи.

Не следам рап, ама од време на време ми налетува нешто добро, па така и Канџија улета, со спотот за "U trendu". Narodnjaci е моќен албум, полн со емоции, заразен од прво слушање и достапен за даунлоуд на овој линк. (апдејт: мртов е линкот, снајди се)

November 12, 2010

Prison Break: Прва сезона

Не знам како сум успеал толку години да се држам настрана од серија каква што е Prison Break. Ете, некако се наместиле работите да ја пропуштам, па морав дури сега да надоместам за тоа. Хајпот одамна пројде, сите ја изгледаа и знам дека е исто како да пишувам за ланскиот снег, но тоа е тоа. Подолу следи нешто накратко за Prison Break, со спојлери сведени на минимум.

За неколку дена, ја изгледав првата сезона и можам да кажам дека е пример за совршено реализирана приказна, ретко добра, како првата сезона на Lost и Firefly. Моментално ја гледам втората сезона, уште сум на почеток, меѓутоа ни отприлика не успева да го достигне квалитетот на првата.

Иако сите веќе знаат што е целиот муабет околу Prison Break, ќе сумирам во кратки црти. Линколн Бароус, жртва на политички заговор, е наместен за убиство кое не го извршил и се наоѓа во затвор каде што чека да седне на електрична столица. Во затворот доаѓа брат му, Мајкл Скофилд, со план за бегство и целата мапа на затворот која е умешно истетовирана по неговото тело. Мајкл уште од првиот ден во Фокс Ривер затворот започнува да работи на реализиација на планот, ги наоѓа луѓето кои би му биле од корист и го спрема бегството кое ќе го спаси животот на неговиот брат. Мајкл успева да ги спроведе сите точки од планот, меѓутоа по пат се соочува со разни непланирани проблеми, како на пример затвореници кои случајно дознаваат за бегството и стануваат дел од тоа. Како што се шири кругот на луѓе, така и се комплицираат работите.

Prison Break постојано држи во неизвесност, напнати моменти и е прилично тешка за предвидуање. Затоа се гледа брзо и мило ми е што сум немал потреба да чекам нова епизода секоја недела. Многу е позгодно кога се гледа во еден здив. Всушност, приказната е многу едноставна, исто и планот на Скофилд, меѓутоа сценаристите се потрудиле да изгледа којзнае колку заплеткано. Втората сезона, за споредба, е премногу исфорсирана и нема никаква тензија, има милион досадни моменти, глупи претерувања и ситуации во кои ќе си помислиш дека сите ликови едноставно ги следи лоша среќа.

Настрана од браќата, сите ликови во првата сезона се одлично напишани, па затоа е лесно да се приврзеш и да се грижиш за нив. Тоа ми е најбитно кога гледам филм или серија, така што Prison Break комплетно го задоволи тој услов кај мене. Развој во секоја епизоди, без филери, без ништо, првата сезона е маестрална. Колку е да е лошо понатаму, серијава веќе влезе во мојата топ листа на омилени работи за гледање.

Вторава сезона ја гледам онака, од љубопитност, на моменти делува како сосема друга серија, меѓутоа ќе догледам и ќе пишам нешто повеќе.

November 8, 2010

Загревање за TRON: Legacy

Јебига, колку и да се држев настрана од новиов TRON: Legacy, хајпот некако ме стигна. Ваков маркетинг не сум осетил од The Dark Knight.

TRON: Legacy е тотално непотребно продолжение на култниот TRON, кој своевремено има направено револуција на поле компјутерска графика и специјални ефекти. Успехот на TRON се должи на до тогаш невидената реализација и огромниот раст на популарноста на игрите, додека денес навистина нема некоја поента таков филм. Меѓутоа, видовме се и сешто, продолженија кои најмалку требаше да се случат, така што Legacy нема проблем да пројде. Ајде, на WarGames имаше продолжение пред две-три години, wtf?

Дизни цеди пари од се за кое што ги има правата. Овој пат таргет група се старите фанови и новите деца, додека тогаш поголемиот дел од публиката биле гејмери. Игрите направија значителен напредок во изминативе дваесетина година, но сеуште немаме таква виртуелна реалност како што тогаш мислеле дека ќе има. Поради тоа, TRON: Legacy нема да понуди некаква визија за иднината на игри, туку повеќе ќе биде како омаж, или ако повеќе сакате, лесни пари.

На страна барањето поента во TRON: Legacy, јас верувам дека филмот ќе понуди супер забава за едно гледање. Подоле има неколку видеа:

Тизер трејлерот од Comic Con | Официјален трејлер | You're here

Очигледно, во САД денес е супер да си фан на филмов, зошто се отвара TRON продавница и ствари како ElecTRONica...

October 22, 2010

League of Legends Log #1

Едвај две недели пројдоа откако почнав со League of Legends и сум тотално навлечен на играва. Најзаразно нешто за играње по World of Warcraft во последниве години, а и многу подобра од DotA.

Неделава има нова ротација на херои. Ги пробав скоро сите, најинтересни ми беа Annie, Garen и Sivir. Сепак, собрав поени и си го купив Corki. Моментално, Corki е херој што најмногу ми одговара. Има најпрактични финти, бара повеќе од кликање, ефективен е и со attack damage и ability power... Единствена маана му е тоа што е малку спор, меѓутоа го регулирам и тоа некако. За нов херој, ќе почекам до следната недела. Иако имам развиено некој скил за вакви игри уште од DotA, некако потешко се навикнувам на нови херои во LoL.

Ми се свиѓа колку се посветени Riot Games околу играва и целата заедница на играчи. Баш неделава пуштија и нов херој, Lux, а гледам дека ја прилагодуваат и приказната на светот на League of Legends со некои настани и празници (Blizzard како што прават со WoW). Деновиве актуелен е Харовингот, случување во League кое е аналогно на Халовин. Напитоците за mana, health и слично, се заменети со бомбони и овојше кои одат во прилог со Харовинг, а и големата мапа си доби нов скин.

Следниот месец ќе има комплетно нова мапа, а најавени се и нови херои. Доколку некој игра на европските сервери, нека ме побара под ник Zearthex, за 3v3 или 5v5 тим. А, за регистрација на нов акаунт, клик тука.

October 19, 2010

Крај на првата сезона на Rubicon

Заврши првата сезона на Rubicon, со тринаесетата епизода. Сценаристите успеаа мајсторски да ја заокружат приказната околу заговорот кој се расплетуваше низ овие тринаесет епизоди, на тој начин, што дури и да ја укинат серијава, публиката да биде задоволена со одговори. Има спојлери подоле.

Вил успеа да го разоткрие политичкиот заговор кој всушност започнувал од неговото работно место, каде што на аналитичарите им се нуделе сомнителни разузнавачки информации, кои тие несвесно ги обработувале во погрешен правец. Се дозна за тајна организација во САД, која монтира "терористички напади" со цел да профитира од исходот на истите, додека на луѓето одговорни за откривање на "напаѓачите" им дава погрешни информации, за истрагата да добие сосема нов тек. Референците кон 9/11 секако дека не беа случајни, само што никогаш директно не се спомна.

Крајот на сезоната, доколку е крај на серијата (искрено се надевам дека не), ќе функционира одлично како таков. Вил се бореше да преживее додека го разоткриваше заговорот, сепак е еден човек, кој никако нема шанси да тргне против целиот тој систем, кој без никаков проблем елиминира луѓе кои пречат. Тракстон, на крај доби детелина со четири листа, но не видовме што се случи понатаму. Искрено, и да нема втора сезона, јас сум комплетно задоволен со ова што го гледав до сега. А, верувам дека ако Rubicon добие втора сезона, ќе гледаме уште подобри епизоди.

Одлична серија. Си го задржа спорото темпо и напнатата атмосфера уште од старт, а со секоја епизода стануваше се подобра и подобра. Ликовите беа сосема обични луѓе, со малку несекојдневна професија, но се однесуваа нормално и реагираа на одредени ствари како вистински луѓе. Без спектакли и фиктивен хероизам. Штета што американската публика одговорна за рејтинзите и судбината на сериите што се прикажуваат денес, не е навикната на вакви остварувања. Затоа серии како The Event и V добиваат втора сезона...

October 16, 2010

Truth Unleashed

Star Wars: The Force Unleashed II излегува месецов, поточно на 26-ти октомври. Лошата вест е тоа што нема да има верзија за PS2, додека добрата е што ќе излезе и за PC. Уште подобро е тоа што конечно имам добра конфигурација што ќе ја пречека играва како што треба.

Приказната во играта е сместена неколку месеци по настаните во првиот дел и една година пред настаните во A New Hope. Како резултат на она што се случуваше во кецот, Гејлен Марек тука се враќа како клон, кој по предавството на Вејдер бега од Камино. Нормално, Вејдер го најмува Боба Фет пошто вреди и е, барем теоретски, попрецизен од стотина Стормтрупери, а меѓу другото зошто и да го нема во играва. Така, Лукас? Исто и Јода. Страшно многу ме занима како Марек ќе заврши на Дегоба. Од останатите ликови од The Force Unleashed, ќе се појават тие што преживеаа, меѓу кои и Рам Кота. Приказната во продолжениево е така напишана, за да биде разбирлива и за оние кои не се запознаени со оргиналната.

Од тоа што може да се види од трејлерите, ова некако ми мириса на убаво продолжение. Со оглед на тоа што Лукас сеуште нема муда да направи филм од оваа феноменална приказна, далеку подобра од Episode I, II и III (и VI, пошто има Евокси), ќе мора да ги сркаме игрициве уште некое време. Верувам дека Џорџ не ни почнал да го молзе и овој дел од франшизата. Покрај добрата игра, очекувам и добра книга или графичка новела. Последново го симнав, само уште не најдов време да видам дали и колку е добро. Значи, рецензија наскоро.

За крај, еве ги видеата и трејлерите од играва: Boba Fett Trailer, Game Launch Trailer, Truth Unleashed и ТВ рекламите. За рецензијата на првата игра, клик тука.

Патем, ова е 400-тиот пост на Crapwerk. :)

October 13, 2010

Зараза на месецот: League of Legends

На кратко, League of Legends е клон на DotA, и тоа направен од луѓето директно инволвирани во оргиналната DotA кои се собрале во мала компанија позната како Riot Games. Играта е објавена минатиот октомври и е бесплатна за играње. Потребно е само да се направи акаунт и да се симне клиентот.

LoL нуди широка палета на херои, околу 60тина. Преку една недела ротираат само 10. За купување на херој кој ќе биде постојано достапен за време на ротациите, се користи кеш или influence points кои се добиваат со играње. Моментално собирам за да си го купам Corki. Спелови, оружја, напитоци и комбинации од истите се достапни во огромен број и што е подобро за разлика од DotA, сите се купуваат од еден вендор. Дури има и комбинации кои се препорачуваат за одреден херој, што е одлично за нови играчи.

Стратегијата и начинот за победа се исти како кај DotA. Мапата што е за 5v5 е идентична на DotA мапата. Има и помала мапа, 3v3, а се најавуваат и нови. Спојувањето на играчи по случаен избор се врши со еден клик со што се елиминра чекањето и собирањето на тим. Секако, постои опција играчите сами да си направат тим и како тим да стапнат на мапите.

Една од работите што ми се допаѓаат во LoL е тоа што со секоја партија се добива XP за левелирање, па со секој левел се добива поен за talent tree како во WoW, бидејќи покрај стандардните спелови уникатни за секој херој, има уште два други кои се на самиот акаунт и доаѓаат со било кој херој што играчот ќе го одбере. Со секој левел, се отвора можноста за нови вакви два спела. Покрај нив, постои и спел за телепортирање, па нема потреба од купување на Scroll of Town Portal или нешто слично.

Значи, играта е се она што е DotA, со неколку додадени ситници и подобрувања кои не се возможни во DotA, поради ограничувањата на Warcraft III. Деновиве сум тотално навлечен на играва и моментално сум во ситуација кога кажувам дека е подобра од DotA. Нови херои, нови спелови, нова мапа, некако делува освежувачки. Сепак, задржан е филингот на DotA, намерно е така нели, за да се привлечат и тие играчи. Графиката е убава, мапите се детални и шарени, хероите се супер изработени, ефектите на спеловите исто.

League of Legends прави напредок секојдневно. Колку што видов, играта има голем број играчи кои придонесуваат на заедницата со туторијали, водичи, стратегии и се останато. Сметам дека времето на играва допрва доаѓа. Не верувам дека лесно ќе ја истисне DotA, но барем нуди соодветна замена на оние на кои им е здосадено од таа мапа.

Уште една работа за крај. Регистрацијата на нови играчи се врши и преку препорака, со тоа што се добиваат некои бенефиции во играта, па ако некој се регистрира, не е лошо тоа да го направи преку овој линк. :)

October 10, 2010

Inception (2010)

Со оглед на тоа што Нолан до сега и да нема промашено филм од тие неколку, влегов во кино со големи очекувања за Inception. Гледав да не ме стигне хајпот околу филмов, отидов само со изгледан трејлер и без прочитана рецензија.

Плотот ми беше добро познат, идејата е генијална, а со такви актерски имиња нормално е да се очекува солиден филм. Леонардо Ди Каприо, преводи група на луѓе кои се способни да влегуваат во соновите на луѓето со цел да извлечат нешто или да всадат некаква идеја. Технологијата не е битна, бидејќи беше нормален дел од светот во кој што се случуваше филмот, така да нема воопшто да зборам за тоа - сосема е во ред. Првите дваесетина минути се супер, се запознаваме со ликовите, со нивната работа и приказната се развива интересно. За жал, на крај останав рамнодушен, без прашања околу филмот и со заклучок дека гледав само еден обичен блокбастер.

Искрено, очекував малку подлабок филм, со покомплеска приказна и некаква посериозна философија. Филмот има многу слична идеја како The Matrix, поставува некои прашања за реалноста и постоењето, но го прави тоа на многу површен начин, направен да биде лесно разбирлив за секаква публика. Значи, ништо интригантно, ништо комплицирано, со линеарна приказна завиена во неколку слоеви да изгледа дека е нешто којзнае колку замрсено, но воопшто не е така. Очекував филм што ќе треба да го гледам барем уште еднаш за да разберам што се случува...

Реализацијата е одлична, со исклучок на напорните акциони сцени. Тотално беа непотребни во толкаво изобилство. Приказната ќе беше подобро раскажана ако се обратеше повеќе внимание на дијалози отколку на долги и досадни брканици низ снежни предели. Како сценариото да не страдаше и без нив... Сериозно, немаше ниту една реплика која ми остана во глава, ме натера да се замислам или ако ништо друго, барем ќе звучеше кул. А, ликовите се еднодимензионални, во ниеден момент не се загрижив дали некој ќе изгине, ќе заврши во лимбо или ќе се разбуди. Филмот си го покажа потенцијалот уште на почетокот и за жал си го сруши заедно со зградине.

На крајот, Inception е само просечен филм, забавен и ништо повеќе од тоа. Веројатно хајпот и името на Нолан си го направија своето, па филмот затоа добива толку големо внимание. Споредбите сo The Matrix ми се неизбежни, бидејќи цело време додека го гледав имаше моменти каде што лесно можеше да се улови влијанието. Не дека и The Matrix е оргинален, но барем имаше многу повеќе да понуди од ова.