Showing posts with label Prison Break. Show all posts
Showing posts with label Prison Break. Show all posts

May 31, 2017

Хаха, новово Prison Break...

Еден мамурен викенд пред некоја недела ме закачи на новата сезона Prison Break или новиот мини-серијал или што и да е веќе овој дел од трендот на враќање стари, култни серии назад на телевизија. Не можеше да биде помалку гајле за продолжение на серија што не сум ја ни догледал до крај додека се прикажувала редовно, ама јеби га, некои денови не е ни битно што ти мрда на екран додека на смртна постела си даваш ветувања на себе кои знаеш дека нема да ги исполниш. Една епизода нема да боли, нели? Не може да е полошо од новото The X-Files, си мислев.

Последен пат кога гледав Prison Break беа во затвор во Панама. Изгубив интерес уште во втора сезона, па така трета ја баталив негде на пола и никогаш не се свртев назад. Од луѓе што догледаа дознав дека Мајкл Скофилд умира на крај и едно добри шест години никогаш не го слушнав името Prison Break, барем додека браќата не се појавија во првата сезона The Flash. Но, во петтата сезона, ајде да ги викаме овие девет епизоди петта сезона, Мајкл е прилично жив и се спрема за бегство од затвор во факинг Јемен. Секако дека да, инаку не би се викала серијата Prison Break!


Океј, овде навлегувам во спојлери, ама гајле ми е зошто и онака не верувам дека некој стигна со читање до тука или па ја гледал сезонава. Па, зошто е Мајкл пак во затвор, освен за FOX да можат да испродуцираат уште една сезона со ликови што публиката ги познава? Некаде кон крајот на четврта сезона или финалето на оргиналната серија, се разбира ова е тотално од газ извадено тука, извесен озогласен таен агент под кодното име Посејдон, кој решил да работи за сопствени цели, го регрутира Мајкл за да ослободи некој водич на ИСИЛ од затворот. Само што не е баш регрутиран, туку уценет, па затоа мора да си ја исценира смртта за да го заштити семејството и сите што ги познава. 

Првите две-три епизоди и не беа толку лоши. Се собра на кратко старата екипа да му помогне на Мајкл, истераа неколку комплетно нереални ситуации околу самото бегање од затворот, но она што ми беше најсмешно во цела сезона е "теоријата на заговор" што се оплеткуваше епизода по епизода. Имено, после наводната смрт на Мајкл, Сара се мажи за некој рендом лик кој испаѓа дека воопшто не е обичен суртук туку Посејдон. Еден од пресвртите што сезоната ги понуди е дека типот решил да го тргне Мајкл од сликата зошто едноставно се заљубил во неговата жена и дете. За да биде уште посмешно и Ти-Бег има син за кој не знае, но случајно тој син ќе се најде во истата ќелија во Јемен со Мајкл. 

Буквално сè што се случува во овие девет епизоди во однос на приказната е ликовите да се поместуваат од точка А до точка Б пропратено со некаков обид за илузија на тензија. Ништо возбудливо, ништо непредвидливо. Упорно сè се одвива во полза на главните ликови. Ситуациите се толку нереални што некогаш изгледа како да импровизирале по пат. Сезоната почнува еден куп работи во исто време, а не заокружува ни пола од нив. Тие што имаат некаков расплет само ја номинираат за најдобриот ситком за 2017. Ненамерно, секако. Се смеев. Едно добри пет епизоди само тоа правев.

Види, Prison Break никогаш не била серија со најпрецизната логика на светот. Ниту пак со најталентираните актери. Првата сезона успеа зошто беше оргинална и мистериозна, и се појави во период кога такви серии, со таков формат и жанр, беа прилично популарни. Можеби баш и тоа ги маскираше смешните глумачки способности на цела екипа со исклучок на Роберт Кнепер. Сериозно, никој друг не знае да глуми. Вентворт Милер има два различни изрази на лицето. Или е зачуден со подотворена уста или е резервиран со подзамижани очи. Таков и како Снарт во The Flash, подзамижан, дури и кога носи темни наочари. 

Не знам колку треба да си фан на Prison Break за да можеш ова да го сфатиш сериозно, а притоа да не се затекнеш навреден. Вака како некој што има океј сеќавање за првата сезона, си пројдов добро со смеење на глупостите што ги имаше тука, па некако не жалам за потрошеното време. Можеби петтата сезона немаше намера да ми понуди баш ваков тип на забава, а со оглед на тоа што сосема неплански и без очекувања решив да дадам шанса, на крајот некако испадна исплатливо. Фала FOX.

December 1, 2010

Prison Break: Втора сезона

Со Prison Break се случува она што најчесто се случува со серии кои непланирано продолжуваат со нови епизоди и сезони (многу сакам да кажам Lost во моментов, ама не). Серијата на почетокот била замислена како мини-серија, меѓутоа наидува на интерес кај публиката, па така е продолжена како цела една сезона. Бидејќи гледаноста е огромна, логично е да се продолжи и со втора сезона. За жал, сценаристите очигледно немале баш идеја за тоа како би терале понатаму.

Втората сезона ги раскажува настанати кои следат по бегството на крајот од првата сезона. Сега сите што успеаа да избегаат, ги бараат закопаните пари на Д.Б. Купер. Сите елементи кои ја правеа добра прва сезона, пред се, Фокс Ривер затворот, ги нема. Тетоважите на Скофилд се тука колку само да ги има и згора на се, по него тргнува и агент кој успева да ги дешифрира и да го предвиди патот на браќата до Панама. Мораа и Сара некако да ја пренесат во втора сезона, значи Сара ја изгуби работата во затворот и отиде во илегала заедно со останатите. Нормално, и Белек е отпуштен, па сега и он ги бара 500.000$ на Купер.

Ужасно напишани епизоди, глупи заплети и милион беспотребни ствари. Исфорсирано до максимум. Пола од епизодите ги заспивав и едвај ги догледував. Брканица низ цела Америка, упорно сите се наоѓаат на исто место во исто време, ликовите се сменети од корен и ретко кој се однесува барем слично како што му прилега на карактерот. Како да е скроз различна серија.

Да биде најсмешно, на крај сите се најдоа во Панама и завршија пак во затвор. Само што сега Мајкл е во затвор, а Линк ќе се обидува да го извади. Ја почнав и третава сезона, првите две епизоди се интересни, малку претерaни, ама во секој случај многу подобри од се што видов во втора сезона. Ме чуди како успеала серијата да опстои и четврта сезона.

November 12, 2010

Prison Break: Прва сезона

Не знам како сум успеал толку години да се држам настрана од серија каква што е Prison Break. Ете, некако се наместиле работите да ја пропуштам, па морав дури сега да надоместам за тоа. Хајпот одамна пројде, сите ја изгледаа и знам дека е исто како да пишувам за ланскиот снег, но тоа е тоа. Подолу следи нешто накратко за Prison Break, со спојлери сведени на минимум.

За неколку дена, ја изгледав првата сезона и можам да кажам дека е пример за совршено реализирана приказна, ретко добра, како првата сезона на Lost и Firefly. Моментално ја гледам втората сезона, уште сум на почеток, меѓутоа ни отприлика не успева да го достигне квалитетот на првата.

Иако сите веќе знаат што е целиот муабет околу Prison Break, ќе сумирам во кратки црти. Линколн Бароус, жртва на политички заговор, е наместен за убиство кое не го извршил и се наоѓа во затвор каде што чека да седне на електрична столица. Во затворот доаѓа брат му, Мајкл Скофилд, со план за бегство и целата мапа на затворот која е умешно истетовирана по неговото тело. Мајкл уште од првиот ден во Фокс Ривер затворот започнува да работи на реализиација на планот, ги наоѓа луѓето кои би му биле од корист и го спрема бегството кое ќе го спаси животот на неговиот брат. Мајкл успева да ги спроведе сите точки од планот, меѓутоа по пат се соочува со разни непланирани проблеми, како на пример затвореници кои случајно дознаваат за бегството и стануваат дел од тоа. Како што се шири кругот на луѓе, така и се комплицираат работите.

Prison Break постојано држи во неизвесност, напнати моменти и е прилично тешка за предвидуање. Затоа се гледа брзо и мило ми е што сум немал потреба да чекам нова епизода секоја недела. Многу е позгодно кога се гледа во еден здив. Всушност, приказната е многу едноставна, исто и планот на Скофилд, меѓутоа сценаристите се потрудиле да изгледа којзнае колку заплеткано. Втората сезона, за споредба, е премногу исфорсирана и нема никаква тензија, има милион досадни моменти, глупи претерувања и ситуации во кои ќе си помислиш дека сите ликови едноставно ги следи лоша среќа.

Настрана од браќата, сите ликови во првата сезона се одлично напишани, па затоа е лесно да се приврзеш и да се грижиш за нив. Тоа ми е најбитно кога гледам филм или серија, така што Prison Break комплетно го задоволи тој услов кај мене. Развој во секоја епизоди, без филери, без ништо, првата сезона е маестрална. Колку е да е лошо понатаму, серијава веќе влезе во мојата топ листа на омилени работи за гледање.

Вторава сезона ја гледам онака, од љубопитност, на моменти делува како сосема друга серија, меѓутоа ќе догледам и ќе пишам нешто повеќе.