Се чудам како може компанија со неограничени финансиски средства да си дозволи ваков петпарачки продукт како сериичево Obi-Wan Kenobi. А, ќе си речеш дека The Book of Boba Fett беше волонтерски продуцирано во мувлосаните студија на МРТВ. Не знам како се одвивало создавањето на Kenobi серијава, озбилно. Дали се собрале група луѓе кои првпат се соочени со телевизиски проект, извадиле кој што има по џебови нешто ситно, па еден познавал дете што чепка компјутери, друг решил сам да се проба за кореографијата на акционите сцени, додека сценариото го смислувале нерасонети - не знам. Некој ги испил парите за Kenobi и стварно се гледа.
Мислам, и самата приказна е исклучително глупава. Не само што игнорира одредени детали од континуитетот на Star Wars, туку едвај има некаква логика и изговор да постои. Ќе дојдам и до самиот Оби-Ван Кеноби секако, ама прво да го разгледаме главниот лик во серијата која случајно се вика Obi-Wan Kenobi, Инквизиторката Рива. Рива била дете-џедај за време на Order 66 кога тазе инициран Дарт Вејдер ќе се погрижи малите џедајчиња во Храмот никогаш да не дочекаат полнолетство. Рива некако преживува и решава да му се одмазди на Вејдер со тоа што со години ќе работи за него, ќе отсекува раце на недолжни цивили и слични други воени злостроства во негово име.
Ова би функционирало да не беше ликот толку непривлечно напишан. Серијата прво се обидува да сервира како главниот негативец, ама треба ептен да си глуп да не приметиш уште во првите две минути каде оди таа приказна и дека ќе биде главната носечка сила. Идејата на Рива е некако да го донесе Кеноби до Вејдер и потоа некако магично да реши да му се одмази. Не додека Вејдер се кваси во тоа аквариумот што му ги ревитализира повредите или што и да е, туку прво ќе ја киднапира малата принцеза Леа, па ќе го намами Кеноби, па... искрено, не знам. Не сум планирал одмазда до сега, ама ова е дефинитивно прекомплициран план.
Толку многу чекори може да тргнат во непосакувана насока. Ако сакаш да го убиеш Вејдер, а си често во негова близина, сигурно има поефикасен начин од оној каде што прв чекор ти е да киднапираш мали деца. Замисли, некој земал пари да го напише ова како приказна, па друг земал пари за да го одобри и трет да го режира. Никој никогаш не реагирал дека е глупаво или сите едвај чекале да дојде пет саат и да си одат дома и не им било многу гајле. Серијата ќе ја има на стриминг сервисот на Дизни и онака, луѓе пак ќе платат да гледаат содржина што е примарно тазе и колку-толку ќе се сврти некоја пара. Веројатно вака функционира брендот денес, без многу грижа за квалитетот и корените врз кои е изграден. Ако може да се извлече и уште некое ново серииче со Рива во уште поглавна улога - супер.
Ако ти се побуни публиката за тоа колку лошо е напишан ликот или дека недолжната актерка нема професионален капацитет да го износи, само обвини ги за расизам и шовинизам низ неколку медиумски објави и свиркај си до другата серија што ќе ти излезе на стриминг сервисот следниот месец. Нема потреба да сме креативни тука, битно е само да се штанцаат разни Star Wars продукти. Фрли малку лајтсејбери, Кеноби и Вејдер нешто да се потепаат, да сронат носталгичните деца-мажи некоја солза, па да ми дојдат со коментари на блогов и тука да поплачат малку зошто не им го валидирам мислењето. Рива е плиток, досаден е предвидлив лик, а серијата упорно не знае како точно да ја позиционира за да можеш како публика да навиваш за неа.
Самиот Кеноби е споредна улога во сопствената серија. Не дека немаме доволно време со него, туку дека едвај нешто му се случува. Ликот нема никаков значителен развој од почетокот до крајот на серијата, само е случајно инволвиран во нешта што не би требало да се негова грижа. За жал, го добива третманот како и Лук Скајвокер во The Last Jedi. Наместо херојот што го знаеме, Кеноби е збунет, мизерен и огорчен, но некако серијата сака да ти каже дека и покрај тоа што едвај себе се држи на нозе, треба да внимава и на Лук. Затоа што на таа цел се посвети последниот пат кога го видовме во големата приказна, нели? Зошто сега тоа да не важи, особено кога придобивката од вакви драстични скршнувања е невидлива?
Ако Кеноби е неспособен да се грижи за себе, работи во некоја месара или што и да е тоа, во песок го закопал оружјето со кое треба да го брани Лук, како е тогаш соодветен за да оди на разни ризични авантури со малата Леа? Одговорот е не баш. Кеноби е напишан како кукавица што упорно прави грешки и ја загрозува безбедноста на сите кои наводно се обидува да ги заштити. Воглавно е бескорисен, постојано притрчуваат други ликови кои првпат ги гледаме да го извадат од непријатноста во која е втурнат. Некогаш е толку е неспособен што наместо да пооди два чекори и да заобиколи ограда, се обидува да ја уништи самата ограда.
Како може да се приврзеш за овој досаден неинспиративен плачко Кеноби? Јасно ни е дека е иструматизиран од настаните во Revenge of the Sith, ама како тоа ги одзема речиси сите својства на ликот што знаеме од претходните приказни распослани низ три филмови и неколку сезони The Clone Wars? Да, Анакин го нема веќе, ама сега имаш друга работа и одговорност, шефе. Нема време и простор да сме тажни и да не знаеме кај тераме.
Серијата ќе беше далеку пофункционална доколку фокусот беа Кеноби и Вејдер. Без многу нови ликови кои се обидуваат да си го најдат местото во серија што носи име на друг лик. Ќе беше и функционална со сценаристи што знаат да си ја работат работата за која се платени, ама да почнеме од најочигледното. Ликот можеше да функционира како опасен Џедај и покрај траумата, не можеш да ме убедиш дека и тој како Лук решил да крене раце. Не е својствено за лик кој е развиван со години низ разни медиуми. Замисли го Бетмен така еден ден да се унеспокои и да се откаже од борба со криминал.
После толку години можеби ќе очекуваш да го видиш Кеноби на опасни тајни џедајски мисии низ Татуин, како тајно ги неутрализира заканите што го демнат Лук или некои други несреќни жители, но не. Кеноби пакува паштети и заминува од Татуин да биде глуп на друго место, оставајќи го Лук сам на себе. Што ако му паднеше испарувач на влага врз глава на Лук? Кој ќе го спасеше? Вујна Беру? Кеноби што го знаеш никогаш нема да бега низ пустина од Вејдер. Вејдер што го знаеш никогаш нема магично да се телепортира до Кеноби што трча уплашен, можеби затоа што е спор полу-робот, еве како за почеток? Озбилно, кој ги смислувал овие кореографии на тепачки? Веројатно истите тие некадарни сценаристи што веруваат дека гранче од дрво може да попречи пат на возрасен маж што брка мало дете кое трча исклучително тромаво и споро.
Се трудев да најдам било што добро во овие шест епизоди и не успеав. Секоја е полоша од претходната. МекГрегор како актер, можеби? Единствено тој делува дека има некаков ентузијазам околу проектов, ама приказната упорно одбива да му даде нешто интересно за правење. Серијата освен што потфрла во раскажувачкиот дел, визуелно изгледа премногу евтино за проект од ваков калибар. Целата кореографија на акционите сцени е смешна, сетовите се тоа картонските карпи што останале од Боба Фет серијата, осветлувањето е често непостоечко, а дури некогаш и пропорциите на она што е во кадарот се промашени. Некои се апла ситници точно, меѓутоа кога се ставени со други шашави работи една до друга, многу повеќе штрчат.
Obi-Wan Kenobi е уште една пропуштена прилика за добра, функционална приказна. Ако ова е максимумот што можеле со МекГргор и Хајден Кристенсен, озбилно е срамота. Таман мислиш дека веќе си ги видел сите лоши Star Wars филмски и телевизиски производи (па и стриповски), пак нешто вака ќе те затекне да те потсети дека сега со брендот раководат луѓе кои не се баш многу упатени што функционира кај поголемиот дел од публиката. Затоа и зборам дека The Mandalorian е некаква аномалија во целото ова. Веројатно е полесно да третираш нови ликови, без товар и различни очекувања. Тука е таа креативна слобода кога си неоптеретен од задоволување повеќе групи на фанови. Или можеби само Фавро и Филони имаат искрена љубов за франшизата и елементарно познавање на истата.
Ако немаш гледано Kenobi, прескокни. Ете ги сите спојлери погоре. Не придонесува ништо ново и возбудливо, туку безобразно упропастува единствени прилики. Кеноби и Вејдер два пати ќе вкрстат лајтсејбери, ги имаш сцените исечени на интернет сигурно. Се може и без оваа Star Wars содржина. Има толку многу квалитетни Кеноби приказни во The Clone Wars анимираната серија што вредат повеќе од овие пет-шест саати чист аматеризам и ненамерна комедија.
Види такоѓе: